Архимандрит Спиридон Киевски

На земјата се појавив во 1875 година.  Родителите ми беа сиромашни селани. Првите три години од мојот живот не ги памтам. Потоа, во себе почувствував желба, во осаменост да размислувам за Бога и за природата. Колку што се сеќавам, соседите уште од најрана возраст ме сметаа за чудно момче. Уште од петтата година започнав да се одвојувам од моите другари; одев во шумата, се маткав по полињата, долго седев на ливадите и размислував: дали постои Бог, дали има жена, деца, што јаде, што пие, од каде дошол, кои се Неговите родители, зошто е Тој, Бог, а не некој друг, зошто јас не сум Бог, што сум јас, зошто одам, климам со главата, зборувам, јадам, пијам, седам, лежам и т.н; а дрвјата, тревата и цвеќето не можат да го прават тоа. А најсилниот впечаток на мене го оставија Сонцето, и во ноќните часови – ѕвездите! Никако не можев да разберам како се движи Сонцето.

Имаше денови кога бев толку обземен со Сонцето, што навечер, одејќи на спиење, мислев: утре, кога ќе станам, секако ќе појдам таму каде што тоа се појавува; само треба да понесам парче леб и да внимавам да не ме види мајка ми. Не помалку од Сонцето ме интересираа и ѕвездите. Никако не можев да разберам зошто се појавуаат само ноќе. Што се тие? Дали живеат како луѓето или се како запалени ламби? Особено ме привлекуваше Млечниот пат. Еднаш, од еден другар слушнав дека неговиот учител, кој бил потстанар кај нив, во нивната куќа, им кажувал на неговите родители дека Сонцето е многу пати поголемо од целата земја и дека ѕвездите се исто толку големи како и нашата Земја; дека тие имаат дури и поголеми Сонца, но нам тие не ни се чинат толку големи, затоа што се многу, многу далеку од нас. Тоа момче, толку ме заинтересира со својата приказна, што од возбуда цела ноќ око не склопив. Рано наутро, како што Сонцето се роди, појдов кај тој учител. Учителот ме прими, и кога разбра зошто сум дошол кај него, веднаш почна да ми раскажува за Земјата, за Сонцето, за ѕвездите и т.н.

Како сега се сеќавам како без здив го слушав, а повремено и ќе заплачев од восхит, лиејќи солзи радосници. Кога учителот го заврши своето кажување за природата, јас, под впечатокот на неговите зборови, отидов во нашата градина каде што растеше коноп, зајдов длабоко во посевот, и паѓајќи на колена, почнав да му се молам на Бога ... Се молев толку срдечно, и со такви солзи, што лицето ми се поду, а очите ми закрвавеа. Неколку дена по овој разговор, се разболев и паднав во постела. После оваа болест, мајка ми почна да ме гледа со некое неспокојство.

Не знам колку време помина од тогаш, а јас почнав да учам да читам молитви. Прва молитва ми беше „Оче нашˮ, па „Богородице Девоˮ, „Достојно јестˮ и т.н. Морам да кажам дека уште како дете сакав да се молам без да ги читам молитвите, и тоа чувство ми остана до ден – денес.

Имаше во нашето село побожни селани, и мајка ми често ме водеше кај нив. Тие луѓе ѝ беа од голема, голема корист на мојата детска душа.

Еднаш слушнав, не знам од кого, дека на Троица во Ерусалим апостолите примиле огнени јазици од небото и дека веднаш започнале јасно да зборуваат на различни јазици. Таа вест толку ме возбуди, што уште пред да се роди Сонцето се упатив да го барам Ерусалим.

Се бев оддалечил околу пет врсти од моето село, кога ме сретна една жена со дете во рацете и ме запраша:

- Момче, каде си кренал?

Застанав, и, наместо да ѝ одговорам на прашањето, почнав да се распрашувам каде се наоѓа Ерусалим и на која страна треба да појдам за да стигнам во Ерусалим. Ме гледа жената и се смешка, а ја гледам и јас неа и чекам да ми каже каде е Ерусалим и по кој пат најбрзо ќе стигнам до него. Жената ми рече:

- Сум слушнала дека Ерусалим се наоѓа таму каде што заоѓа Сонцето.

Јас ѝ се поклонив и појдов на таа страна. Одев најмногу по полињата. Стигнав до една шумичка. Вечерта започна силен дожд, та се симнав од патот и се сокрив под една грмушка.

Падна ноќ. Немам леб, а гладен сум како волк. Следното утро станувам и тргнувам по истиот пат да го барам Ерусалим. Токму да стигнам до шумата, кога слушам некој да вика по мене:

- Застани, каде те носи ѓаволот?

Се свртувам и, да паднам на тилот. Беше тоа татко ми. Јава на бел коњ, со бич во десната рака, и во полн галоп јури кон мене. Кога стигна до мене, се симна од коњот, запали цигара, ме подигна на коњот, па и тој јавна и полека тргнавме кон дома. До вечерта веќе стигнавме, и мајка ми нѐ дочека со солзи во очите. Татко ми го врза коњот на плетот, со бичот во рацете влезе дома и така ме наплави со него по целото тело, што две недели не можев да се свртам од една на друга страна.

Таа година започнав да учам да читам и да пишувам.Прво ме учеше еден благочестив сосед, селанецот Сергеј Тимофјејевич Тимошкин. Бев лош ученик. Мислам дека причина за тоа беше истата таа природа, со која тогаш бев наполно опседнат. Почнав да го читам Псалтирот, Евангелието и други книги.

На школо тргнав во осмата година од животот. Училиштето за мене беше кошмар. Мене, дивјакот, ме насадија со исти такви деца. На сите страни цикот и викот, слушам за мене некој непознат говор, сите викаат и вреват, така што јас меѓу моите другари - врсници се чувствував многу, многу лошо.

Две години одев на школо. Во тоа време многу ме интересираа житијата на Светиите. Од сите светии, најсилен впечаток ми оставија мачениците и пустиножителите, но исто така, многу размислував и за Ориген. Не можам сега да се сетам зошто Ориген толку длабоко се врежа во мојот детски ум. Во тоа време дури еднаш и го видов во сон. Со торба на грбот, со долгнавесто лице, без брада, босоног и со стап во рака ми се јави на сон.

Во тоа време, во нашата куќа започнаа да доаѓаат монаси и монахињи кои ги беа праќале да собираат прилози. Со тие монаси, иако ретко, кај нас навраќаше и еден селанец од нашето село. Тој повремено јуродствуваше, а после извесно време пак беше сосема нормален. Тој полујуродив селанец со својата извонредно симпатична личност почна силно да влијае на мене. Една летна вечер ги вратив овците од пасење дома.  Влегувам во куќата, а внатре седи тој, полујуродивиот. Јас му се поклонувам, а тој ми приоѓа и ми вели:

-Да одиме во манастир да се помолиме.

Прифаќам. Утредента, рано наутро тргнавме за манастирот, а вечерта веќе бевме во манастирската црква. Право говорејќи, тој манастир не остави на мене некој посебен впечаток, но затоа многу силен впечаток на мене остави шумата која го опкружуваше.

Игуменот на тој манастир ме убедуваше да останам и јас прифатив. За прво послушание ми одредија да бидам клисар. Ревносно го исполнував послушанието. Но иако секој ден бев во црквата, сепак, за да си ја смирам душата, поаѓав во шумата и таму се молев. Така, во манастирот проживеав две години. Во еден од моите последни денови таму, седев навечер на трпезата и слушав како го читаат житието на светиот Стефан Пермски. Кога отецот почна да чита за неговата мисионерска дејност, во душата ми букна желба да станам мисионер. Обедот заврши. Одам во ќелијата, но не можам да заспијам, никако не иде сон на очите. Излегувам од ќелијата и одам во градината. Во градината почнувам огнено да се молам. Не знам дали Му се молев на Бога за нешто одредено, или просто ги изливав своите чувства пред Него. Утрото појдов право во црквата, а не во ќелијата. Што се случи со мене, тешко можам да се сетам, но знам дека бос, без капа, само во подрасник го напуштив манастирот и дотрчав дома.

Дома, родителите ме дочекаа ужаснати. Никако не можеа да разберат зошто бос, без капа, се вратив од манастирот дома. По два дена игуменот дозна дека сум во родителскиот дом, и неколку пати прати по мене, но јас заради нешто не се вратив во  манастирот, ами останав дома.

... Во тоа време, во нашето село живееше човек по име Семјон Самсонович. Кога ќе се сретнеше со некого тој секогаш прв ја симнуваше капата и, длабоко поклонувајќи се , поздравуваше:

-Царство ти небесно, слуго Божји.

Тој Семјон живееше многу сиромашно. Кога ја мажеше ќерката, гостите ги послужи само со леб и со осветена водичка наместо со вотка. Тој никогаш никого не навреди. Кога некој би го прекорувал или навредувал, тој на сите за сѐ им возвраќаше:

- Царство ти небесно, слуго Божји.

... Еднаш сврати кај нас дома. Разговаравме со него за многу нешта, и на крај тој ми се обрати мене со овој повик:

- Ајде, слуго Божји, да отидеме до Тихон Задонски, можеби тој ќе ти го покаже патот.

Родителите се согласија да ме пуштат со него, и за два дена ние тргнавме на пат. Во тек беше Великиот пост.  Одевме четири [...] до Тихон Задонски и кај него се исповедав и се причестив. Во тој манастир беше проѕорливиот јеромонах Јосиф. Отидов кај него. Тој, Семјона го прими многу, многу убаво, а мене ми рече дека за година дена ќе бидам на стариот Атон.

Кога се вративме дома, Семјон по една недела, криејќи од својата жена, пак појде на поклоничко патување во Киев. Тоа му беше единаесетти пат да оди на поклонение во Киев. Имаше и вакви случки во неговиот живот: Некој му позајмува коњ и рало да го изора она мало парче земја што ја има. Наидуваат старици кои се упатиле на поклонение во Киев. Тој ги запира, ги прашува каде одат, па кога ќе чуе дека одат во Киев кај отец Јона, тој во тој час го остава туѓиот коњ на нивата и поаѓа со нив за Киев, без торбичка, без ништо.

... Чудно нешто, таа година силно ме привлече едно девојче, но таа желба беше чиста и за мене наполно непозната. Тогаш имав тринаесет години. Освен таа желба, ме нападнаа и богохулни помисли и тоа во истата таа година. Љубовта кон девојката не можеше долго да гори во мојата душа, и набргу се угаси, но богохулните помисли начисто ме сотреа. Од нив ги загубив апетитот и сонот и почнав да копнеам, не од ден во ден, ами од час во час, за на крајот да паднам во постела.

Почна Великиот пост. Поради овие помисли се плашев да постам, и затоа и не постев. Дојде и Пасха. На вториот ден од Пасха дојде кај мене оној Семјон и ми вели:  

- Слуго Божји Јагорие, Христос воскресе! Царство ти небесно!

Јас му одговорив:

-Ваистина воскресе.

-Што си се разболел – продолжи Семјон – ајде што побрзо кај светите угодници; тие очекуваат да им појдеме на гости.

-Ајде – одговорив јас.

Мајка ми заплака. Татко ми тој ден не беше дома.

-Слушкињо Божја Пелагијо - ѝ се обрати на мајка ми Семјон Самсонович - го пушташ ли син ти да оди кај светите угодници Христови, или не го пушташ? Зошто плачеш? Треба да се радуваш што твојот син оди на поклонички пат во Киев.

-Немам јас ништо против тоа, но тој ми е чуден; каква ми е користа ако тој побегне некаде, па после довека да го оплакувам. Сега ќе дојде татко му, па ќе видиме.

-Слушкињо Божја Пелагијо – почна Семјон, сите ние имаме еден Бог Отец, Нему единиот треба да му служиме, и тоа без никакво премислување.

По еден - два часа татко ми дојде дома малку поднапиен. Мајка ми му рече дека сакам да тргнам на патување до Киев со Семјон и дека за тоа е потребно да ми се извади пасош. Татко ми се замисли, а потоа, обраќајќи ми се мене, рече:

-Не знам што ќе биде со тебе: едни многу те фалат, а други те сметаат за забегана будала. Не знам што да правам со тебе. Колку пати те тепав, те оставав без јадење, те казнував, но ти постојано тераш по свое... Ако сакаш да одиш во Киев, тргни.

Јас се израдував.

По два дена тргнав со Семјон за Киев. Треба да се каже и тоа дека Семјон Самсонович одеше со мене за Киев без стап и без торбичка. Тогаш имаше близу шеесетина години.

Првиот ден од патувањето малку разговаравме. Забележав дека тој ден на душата имаше некаква тешка мисла. Утредента беше наполно друг човек, се развесели.

-Слуго Божји - прв започна Семјон – сега, колку години имаш?

-Четиринаесет- му одговорив.

-Летат годините – започна да говори Семјон Самсонович – животот од ден на ден сѐ повеќе се скратува, и не забележуваме дека се приближил крајот на земниот живот, а таму е навистина Судот Божји. Еднаш слушнав од писмени селани, кои го читале светото Евангелие, дека таму пишува дека праведниците ќе светнат во Царството Божје како сонце. Ах, јаболче мое, треба само да размислиме за нивната слава, каква ќе биде таа. Овде на земјата, јас би бил спремен земја да гризам, да пуштам црвите да ме јадат, запрежен коњ да бидам, само да се најдам меѓу тие праведници. А луѓето тоа не го сфаќаат. Потоа, исто слушав дека грешниците вечно ќе се мачат во оган. Но, и колку тешки да бидат тие маки, тоа не е најголемата казна. Најголемата казна е тоа, што Бог за навек ќе се тргне од грешниците!

Семјон заплака.

-За мене маките не се толку страшни, срашно е само тоа што Бог ќе ги остави грешниците без својата милост. Кога ќе помислам на тоа, ми иде тешко на душата. Спремен сум да го молам Бога не само за сите христијани, ами и за оние кои не се крстени. Страшно жалам за сите нив. Ги жалам евреите, татарите, удавените, самоубијците, ми е жал за децата кои умреле некрстени; сите ги жалам, дури и за ѓаволот ми е жал. Ете, слуго Божји, што чувствувам во срцето. Дали е тоа добро или не, јас не знам, но моето срце е такво.

Семјоновите зборови го преобрнаа целото мое битие. Ми стана некако лесно и светло во душата, и повремено плачев. Срцето ми се наполни со некаква прекрасна, неизречива радост.

- Семјоне Самсоновичу - го запрашав – како да живеам за да му угодам на Бога?

- Па, мислам, така како што живееш сега, и, ако така го поминеш целиот свој живот, ќе се спасиш - ми одговори Семјон.

- Знаеш што, чичко Семјон, јас од Бога ништо не барам, дури и не сакам да бидам праведник кој сјае како сонце. Само би сакал да го љубам со целото свое битие, така што никој да не може да го сака повеќе од мене. Би сакал сѐ да заборавам: да ги заборавам родителите, домот, целиот свет, да се заборавам и самиот себе и да се претворам во суштата љубов кон Него. Нека и не го наследам Царството Божјо, нека никогаш не го видам Христа на оној свет, само би сакал да не бидам човек, ами чиста љубов према Него. Еднаш, Семјоне Самсоновичу, на една ливада Му се молев на Бога и од таа молитва за малку не умрев. Срцето силно ми чукаше, и паднав на земјата. Во тој момент, јас не бев јас, но цел бев една прекрасна, како огин, љубов. Ете, таква љубов би сакал да бидам.

Семјон ме слушаше. Најпосле, сонцето почна да се смирува и денот да преминува кон ноќ, та замоливме еден селанец, не знам кое село беше, да преноќиме кај него. Тој нас љубезно нѐ прими и нѐ нахрани, а ние, под впечатоците од разговорот што го водевме, долго не можевме да заспиеме.

... Чичко Семјон стана рано и ме разбуди и мене. Домаќинот нѐ нахрани со млеко и јајца, па тргнавме понатаму. Семјон пак го спомна нашиот вчерашен разговор...

- Ете, Слуго Божји Јегорие, ти вчера зборуваше за љубовта према Бога и тоа ми се допадна; ако молиш од Бога таква љубов, Тој е семоќен, може и да ти ја дарува. Ти само моли Го Бога. А дали си имал некакво видение?

- Не – одговорив.

- А многу свети имале виденија – рече Семјон.

- Чичко Семјоне! Ама мене ништо не ми треба, само би сакал да се претворам во чиста љубов према Бога. Повеќе од сѐ, кон таквата љубов  ме привлекува тоа што самиот Бог го сака Своето создание, повеќе од Себе си. Само кога ќе помислам колку ѕвезди има на небото, а на нив исто така некој живее, и кога ќе ја погледнам земјата, а тоа сѐ се зеленее, цвета, птичките се радуваат, пеат, штурците црцорат! Па како да не Го сакаме! Ете зошто би сакал да се претворам во љубов кон Бога.

- Да, дете, да би го сакал човек Бога треба да се откаже од себе. Велат дека на стариот Атон има големи Божји угодници. Кога би дал Бог да отидам еднаш таму, потоа би можел и да умрам.

Веднаш се фатив за тие зборови. Многу ме занимаше каде се наоѓа тој Атон, но не можев да го прашам, зашто сѐ уште добро не ги разбирав тие негови зборови. Постојано мислев на љубовта према Бога. Моето детско срце, во тоа време, од такви сладосни разговори гореше со силна љубов према Бога.

Беше околу пладне. Семјон беше нешто замислен. Одевме низ шумата. Семјон ме погледна, воздивна и рече:

-Ајде да се тргнеме од патот и малку да приседнеме, се уморив.

Скршнавме од патот и седнавме под еден даб.

- Јагорие, да се помолиме на Бога, Он е наш Отец – рече Семјон.

Семјон се молеше стоејќи, а јас клекнав. Кога ја запеа „Оче нашˮ со својот старечки глас и падна на колена, во моето срце, во истиот час запламте некоја необична љубов, исто онака како првиот пат на ливадата: солзи ми потекоа од очите, целиот се препотев, така што не можев да сокријам од Семјона што ми се случува во душата. Колку подолго Семјон пееше, мојата душа сѐ повеќе се исполнуваше со пламенот на неискажливата љубов према Бога... Кога Семјон ја заврши „Оче нашˮ, јас лежев на земјата, потполно исцрпен и малаксан од огнот кој пламтеше во мојата душа.

По еден час станавме и појдовме понатаму. Одевме молчејќи, но во душите ни владееше спокој. Сонцето веќе започна да заоѓа, а најблиското село беше доста далеку.

- Семјоне Самсоновичу - го прашав – вчера ми зборуваше за стариот Атон; ако знаеш, кажи ми нешто за него.

- На Атон живеат само свети, избрани слуги Христови – почна да кажува Семјон. – Некои од нив ја виделе Божјата мајка, а некои до самата своја смрт ја гледаат и разговараат со неа. Така ми кажаа оние кои биле на таа Света гора. Би било добро, јаболко моја, да отидеш таму! Мислам дека ти ќе бидеш таму.

- Чичко Семјоне, пасошот ми важи само три месеци, а од пари, имам само една рубља - одговорив јас.

- Јаболко моја, ако му е угодно на Бога, Он сѐ ќе ти даде, и ти ќе отидеш на Атон. Се сеќаваш ли што ти рече отец Јосиф во Задонск? Ти прорече дека ќе бидеш на Атон. Атон ѝ припаѓа на Мајката Божја. Ти ќе бидеш на Атон, и тоа наскоро, така ми кажува моето срце. Понатаму не можев да го слушам, му паднав пред нозете и почнав плалмено да го молам да ѝ се помоли  Небесната Царица. Гледајќи ме како лежам кај неговите нозе, Семјон заплака како дете и, подигајќи ме , кажа:

-Верувам дека уште годинава ќе бидеш на Атон, но од таму пак ќе се вратиш во Русија.

...Дваесет и првиот ден стигнавме во Киев. Таму особено ме воодушеви манастирското пеење. Ми се чинеше, во мојата детска наивност, дека кога ѓаволот само еднаш би ѕирнал во Успенскиот храм на Лаврата, дека, слушнувајќи  го манастиското пеење, и он би се покајал!

... Обиколувајќи ги светињите на градот Киев, Семјон се прости со мене и тргна назад, дома. Јас останав во Киев. Поминувајќи неколку дена во Лаврата, пламено му се помолив на Господ Бог и намислив пешки да одам за Одеса, а од таму на светиот Атон. Тоа беше во почетокот на јуни. Воглавно одев по железничката линија од страв да не залутам. Се чувствував уште повеќе нурнат во бескрајниот океан на Божјата љубов кон мене. Треба да се каже и тоа дека, Божјата љубов се чувствува само со љубовта на срцето кон Бога. О, колку е убаво да се љуби Бога! Никогаш нема да ги заборавам тие златни денови на мојот живот! Пред зората, пред изгрејсонцето, тргнував на пат. Слатко му е на човека на душата! Пченица, овес, рʽж, како море се брануваат ваму-таму, чучулигите пеат, ластовичките како огномет пролетуваат околу тебе, а ти одиш, како властелин, нога пред нога по прекрасниот, распослан пред тебе разнобоен килим на чудесно, мирисно, меко зеленило. Ох, прекрасни се делата Божји! Имаше денови и ноќи кога буквално умирав од љубов кон Бога. Секое делче на мојата душа и на моето тело беа зафатени со пламенот на љубовта према мојот Христос. И самиот збор „Христосˮ, „Богˮ создаваа нов човек од мене.

Во тоа време го имав Евангелието на руски јазик... Читајќи ја таа книга, доаѓав до толку восхитена состојба, што го тргав Евангелието и ѝ се предавав на молитвата. Еее, колку тогаш Христос ми беше близок! Го чувствував во себе, во сите облици на животот. Сѐ стануваше Негов храм, Негов дом.

... Имаше денови кога од силна љубов кон Бога го губев апетитот и не сакав ништо ни да јадам, ни да пијам.

Тие денови кога патував за Одеса беа денови на најголемо восхитување во мојот живот. Во тоа време и ноќите беа светли. Често, по цели ноќи проведував во восхитување на духот. Спиев воглавно надвор,

Но, во едно мало место наидов на полиција. Полицискиот офицер ме испитуваше кој сум, од каде сум, какви планови имам. Кога слушна дека одам пешки на Атон, се загрцна од смев. Потоа ме поведе кај себе во станот. Таму повторно ме испраша за истото од пред тоа. Но, веќе не се смееше. Ме почести со чај, ми даде дваесет копејки и, јас кренав понатаму. Се сеќавам дека сѐ до Одеса повеќе не спиев по куќи, туку секогаш надвор. Треба да го кажам и тоа дека, тие денови, поради нешто, започнав да ги одбегнувам луѓето. По два - три дена ништо не вкусував, а се чувствував сосема здраво и добро.

По петнаесеттиот ден, најпосле стигнав во Одеса. Кога ѝ приоѓав и кога го здогледав морето [никогаш до тогаш не бев го видел], душата пак ми се исполни со радост. Го гледав морето целиот во солзи, и цело време шептев: „Господи, Ти можеш сѐ, одведи ме на Атонˮ.

Кога влегов во градот, најпрво, започнав да се распрашувам за Пантелејмоновското подворје. Ми покажаа каде се наоѓа. Кога стигнав во таа улица, еден сиромав виде дека сум дете од село, ми ја зеде мојата последна бундичка и побегна. Не му реков ништо, иако ми беше жал за бундичката. Дојдов на подворјето. Кога ме видоа онака извалкан, почнаа да се интересираат за мене и да ме распрашуваат за сѐ. Кога дознаа дека сакам да одам на Атон, едни ми се смееа, други ме сметаа за брливо детиште, а само еден меѓу нив беше љубезен со мене и сериозно ми рече дека затоа што сум многу млад и што побегнав од родителите, иако имам документи и пари, не би можел да отидам на Атон. Кога ги чув зборовите на тој монах, како да ме удри гром. Заплакав. Се спушти и ноќта. Од жал, не можев ниту да јадам, ниту да пијам. Кога сите поклоници легнаа да спијат, излегов од собата и почнав во молитва да ја изливам мојата тага. Во зората се вратив на своето место, меѓу поклониците. На сон ја видов иконата на светиот маченик Пантелејмон. Утрото станав и појдов во градот да најдам некаква работа.  На кого и да се обратев, сите ми се потсмеваа, а солзите, само ми течеа по образите. Во една улица, ми пријде некој господин, и гледајќи како ридам, ме праша:

-Малечок, зошто ти така плачеш?

Јас детално му раскажав сѐ: како отидов од родителите, како дојдов до тоа место и дека сакам да бидам на Атон. Откако ме ислуша, господинот ме воведе во својот дом и ми напиша молба упатена на градоначалникот Зјељон; ми рече да ги земам моите документи, да ги приложам кон молбата и веднаш да појдам кај градоначалникот. Така и направив.

Дојдов кај градоначалникот. Кога ме виде, се насмеа и веднаш ја зеде молбата од мене и почна да чита. Потоа му телефонира на настојателот на Пантелејмоновското подворје. Кога се јави настојателот на подворјето, градоначалникот му наложи, на сметка на манастирот да ме испрати на Атон.

Боже мој, каква радост го преплави моето срце. Просто не знаев како да му заблагодарам на Господа Бога за Неговата голема милост кон мене. А поклониците љубопитно ме запрашуваа и ѝ се чудеа на Божјата промисла која се исполни на мене.

Утредента, заедно со поклониците тргнав за Цариград.

Морето не остави силен впечаток на мене. Но третиот ден, рано наутро, го видов градот со необична убавина – Цариград. Особено ми се допадна неговата положба и неброеното мноштво минариња. Во Цариград останавме пет дена, и за тоа време ги посетивме речиси сите свети места. Неискажливо силен впечаток ми остави храмот на света Софија. Таму плачев, но не од страв, туку поради величенственоста на светилиштето на Господа.

Најпосле дојде и денот на нашето заминување од Цариград за светиот Атон. Патувавме неколку дена. Кога почнавме да му се приближуваме на Атон, јас не можев рамнодушно да го набљудувам тоа свето место: нозете ми се тресеа, а срцето ми потскокнуваше...

-Боже мој- си зборував на самиот себе – ете каде живеат светите!  Ете каде Царицата Небесна им се јавува на своите праведници, ете каде почива Божјата благодат!

Атонските монаси се качија на нашиот пароброд, почнаа да нѐ повикуваат кај себе и јас со другите поклоници појдов во манастирот на св. Пантелејмон. Таму не ми се допадна, однесувањето меѓу монасите беше некако студено... Од тој манастир отидов во Андреевскиот манастир, и таму многу ми се допадна.

Андреевските монаси, поради нешто, обратија внимание кон мене, особено јеромонахот Мартинијан, потоа Езекиљ, Варнава, а и самиот настојател, великиот Теоктист. Тој Теоктист беше најголем монах во својата света обител. Тој и ме прими во обителта.

... Кога, вброен во искушениците на оваа света обител, почнав да го исполнувам своето послушание на певницата, душата како да почна да ми се исполнува со нешто светло, добро и свето. Секој ден одев кај отец Мартинијан и му ги откривав сите мои мисли и сите мои чувства. Молитвата во тоа време ми беше многу силна. Како да се развивав ден во ден, растев, се усовршував, се ширев.

Набргу добив ангина и неколку пати за време на болеста ме посети и самиот настојател Теоктист. Се опоравив по две недели. По болеста ме испратија во Цариград. Таму извесно време бев готвач и во тоа време го учев грчкиот јазик.

Во Цариград монасите исто ме сакаа, и тоа од срце. Таму често посетував разни свети места. Еднаш отидов во св. Софија и таму сретнав една група мули. Тие мули ме обиколија, а двајца меѓу нив добро зборуваа руски. Стапив со нив во пријателски разговор. Тие ми рекоа дека тука, во тој храм, некогаш грмеле зборовите на св. Јован Златоуст. Тие зборови на турскиот мула оставија на мене толку силен впечаток, што од тој момент почувствував некаква наклонетост кон проповедништвото. Пламено Го молев Господа Бога и Царицата Небесна да станам проповедник.

Од тоа време почнав да го читам Светото Писмо и светоотечките книги, дела на светите Оци на Црквата. Повеќе од останатите оци ги сакав Ориген и Василиј Велики.

Во Цариград проживеав неколку години. Потоа пак се вратив на Атон и започнав да живеам подвижнички живот. Еднаш, на Троица, по долга црковна сужба сонував многу вистинит сон. Пред очите ми се распростре некаква прекрасна градина, цела во леи, и тие леи се надоврзуваат една на друга како бранови. Во нив растат преубави цвекиња, а низ нив одат маж и жена, му приоѓаат на секој цвет и наведнувајќи се над него, пеат: „Рају мој, рају мојˮ. Се разбудив и имав чувство како некаде да сум бил. Од тој час, три дена ниту јадев, ниту пиев, ами само, од некоја внатрешна радост, непрестано плачев. Гледајќи ме во таквата состојба на духот, отец Мартинијан се радуваше.

... Така проживеав некое време на Атон. Потоа, настојателот одлучи да ме испрати во Петроград , исто на подворје. Во Петроград се запознав со постариот келијник на митрополитот Паладие. Тој ме претстави на митрополитот, а овој ме испрати на Сибир, во Томск, кај епископот Макарие. Епископот Макарие ме упати кај водачот на Алтајската духовна мисија.

Од Петроград не тргнав веднаш за Сибир, туку прво ги посетив родителите, потоа се вратив во Петроград, и дури тогаш тргнав за Томск.

Родителите многу ми се израдуваа. Воопшто не знаеја што е со мене. Кога го добиле првото писмо од  мене, од Атон, не можеле, велат, да поверуваат дека се наоѓам на Атон. Не верувал дури ни свештеникот во нашето село. И ете, Бог им даде да се уверат...

Мајка ми многу сакаше да отидам кај „чичко Максимˮ, како што го нарекуваа еден селанец, кого сите во крајот го сметале за свет и проѕорлив човек. Кај него во П. доаѓал многу народ, а тој не замал пари од никого. Бев некако неповерлив кон предлогот на мајка ми, но сепак се заинтересирав, и утредента, со еден човек, кренав кон тој преубав Максим. Како што влегов во неговата куќичка, видов вчудовидувачки призор. Максим клечи на колената и, подигајќи ги рацете кон небото, вика:

-Од каде сибирски мисионер да дојде кај мене! Ах Боже мој, сибирски мисионер!  Перкрасни се делата Господови! Стефан, Стефан Пермски дошол кај мене!

Максим стана, крена према мене и почна да ме целива...

... – Слушај, бачушка – ми се обрати Максим – во она време, кога Господ ќе почне да ги твори прекрасните Свои дела, тогаш помени ме и мене грешниот. Знаеш, овде ќе се прослави Христовото име, овде ќе биде свето место. Ах, Боже мој, Боже мој. Неволја е што денес нема христијани; скоро сите станаа Христови непријатели [плаче]. А ти бачушка, ќе бидеш мисионер и ќе бидеш во Сибир. Таму ќе го одведеш и родителите. Ах, прекрасни се делата Господови! Зборуваат дека сум луд, ама без лудост нема во Царството Божје. Јас, бачушка, [паѓа на колена и се моли] во шумата ја видов Света Троица во облик на тројца, као сонце сјајни војници, опашани со сончеви зраци. Перкрасни се делата Твои Господи! [плаче ридајќи]. Вчера ги видов Петар и Павле, апостолите Христови. Тие, тие, бачушка ми открија за тебе, и ете, ти бачушка нивното дело ќе го продолжиш. Господи, Господи, Господи! Божје дело му се врачува на човек.

Максим падна на колена пред мене, и јас паднав пред него, и двајцата почнавме така да плачеме, како да оплакуваме некој штотуку упокоен пријател. А народот, кој беше дошол кај Максим, гледајќи нѐ како плачеме, и самиот започна силно да плаче.

-Го молев Бога и светите апостоли да те чуваат, да, да те сочуваат. На тебе, бачушка, сатаната ја дига сета своја војска и сака да те погуби, но јас се молев, а и твојата мајка исто така Му се моли на Христа. Потоа, бачушка мој, ѓаволот, као што ми е речено, целиот живот ќе те прогонува. Ќе дојдат денови, бачушка, кога ќе биде страшна војна, целиот свет ќе војува, а ти од Сибир ќе појдеш таму и ќе бидеш во војната. Војната е – суд Божји. Тоа сѐ уште не е последниот суд Божји. А тоа е суд над христијаните, оти го погазија светото Евангелие [плаче ридајќи]. А што, бачушка ќе биде по војната, тоа, бачушка, сѐ уште нема да ти го кажам...

По овие зборови Максим се натажи и се повлече во себе. Дваесет минути не прозборе ни збор, а јас целото тоа време го набљудував. По ова мочење, Максим му се обрати на народот, зборувајќи во некакви нејасни афоризми.

Вечерта тргнав кон дома. Максим произведе толку силен, неодолив впечаток, што од него си отидов како сосема друг човек. Кога стигнав дома и раскажав што сѐ слушнав и видев, мајка ми отвоено рече дека Максим ја претскажува „чистата вистинаˮ.

По осум дена појдов сам во шумата наречена Висоцка. На самиот западен крај од шумата седнав да се одморам. Слушам чекори. Се свртувам, кога тоа – Максим.

-Пријателе мој, барав овде печурки, а ете те најдов тебе. Знаеш, те засакав. Ајде во соседната шума.

Тргнавме.

Погледни, бачушка, сите дела Божји се прекрасни, о, прекрасни! Еве шума, поточињата жуборат, цвеќињата цветат, тревата зеленее, пилињата пеат и сето тоа се - дела Божји!

Кога завлеговме длабоко во шумата, Мксим клекна на земјата, ги подигна рацете кон небото и запеа: „Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни, помилуј насˮ. Кога запеа и по трет пат, јас паднав на земјата и ја изгубив свеста. Не знам колку долго сум се наоѓал во таа состојба, но кога си дојдов на себе си, видов дека Максим стои на истото она место, со раце подигнати кон небото и дека нешто шепоти. Почнав да се молам со него. О, тие моменти засекогаш ќе останат во моето сеќавање!

Кога ја завршивме молитвата, Максим ме погледна и пак направи неколку поклонувања. По тоа седнавме, ќутевме, па Максим пошна да зборува:

-Денес нема молитва во животот на христијаните, а ако и ја има, таа нема живот во себе. Самиот Христос се молел најчесто на гори и на планински врвови, каде немало никого освен Него. Христијанинот, пријателе, е човек на молитвата. Неговиот татко, неговата мајка, неговата жена, неговите деца, неговиот живот – е само Христос. Христовиот ученик мора да живее единствено со Христа. Кога така ќе го засака Христа, тогаш неизоставно ќе ја сака и целата Божја творба. Луѓето мислат дека најпрво треба да се сакаат луѓето, а потоа и Бога. И јас правев така, но сѐ беше безуспешно. А кога почнав да го љубам прво Бога, тогаш, во таа љубов, го пронајдов и својот ближен, и во таа иста љубов према Бога секој мој непријател стана мој пријател и Божји човек. А молитвата е најосновниот облик на љубовта према Бога. Во денешно време, христијаните на секаде подигнаа мноштво на храмови, станаа писмени и учени, а жива молитва нема. Во тоа и е несреќата. Молитвата, човека го прави евангелски човек, Христов човек. Кога христијаните би ја знаеле силата на молитвата, тие би се препородиле. Јас сум слабо писмен, но молитвата ме учи како да мислам, како да зборувам и да работам. Ти пријателе го познаваше Семјона Самсоновича. Него молитвата го препороди, и тој стана голем човек. Често со него Му се молев на Бога во шумата. Но молитвата не е доволна. Треба секој ден да се умира за Христос. Во тоа умирање е животот на христијанинот. Така духот мој ми говори: за Христа треба да се умира. Ние уште живееме, и нашиот живот е детинеста состојба на душата. Нејзината зрелост е – смртта, и тоа смрт заради Христа. Кога учениците умираа за Христа, тогаш го вкусија вистинскиот живот, и тој живот им бил толку сладосен, што ги забораваа страдањата, па и самата смрт. Јас сум јуродивиот Максим, и ти велам, без јуродивост Царството Божјо не може да се здобие.

-  Чичко Максим, помоли Го Бога за мене, да го љубам Бога повеќе од самиот себе. Би сакал целиот да се претворам во чиста љубов према мојот Христос. Не барам ништо друго од Бога, само непрестајно да Го љубам до потполно самозаборавање.

Така го молев Максима.

... Се замркнуваше и требаше да појдеме дома.

-Кажи ми, чичко Максиме – му се обратив на разделбата – што да правам за да се претворам во љубов према Христос?

-Беќе ти кажав, а ќе ти го кажам уште и ова: ќе биде време, кога Самиот Бог ќе ти укаже на она што треба да го чиниш. Така духот во мене зборува: заради Христа биди спремен на сѐ. Кој е во Христос, за него нема страдање и смрт.

По ова, Максим се прости од мене и појде уште подлабоко во шумата, а јас тргнав накај дома. [...]

... Се приближи времето да си одам од дома. Појдов кон најблиската железничка станица. Само што излегов од првото село, го здогледав Максима кој ме чекаше. Максим веќе јуродствуваше во полното значење на зборот. И во движењата, и во говорот, тоа веќе воопшто не беше човекот кого пред неколку недели го сретнав во шумата. Зборуваше отсечно, облекувајќи го говорот повременово стихови, и беше многу тешко да се следи.

Плачев по целиот пат. Иако беа неразбиливи, неговите зборови имаа некоја острина и со необична сила продираа во мојата душа. А кога се приближив до железничката станица, Максим, не простувајки се од мене, зајде во полето, па во шумата...

Откако се разделив со родителите, пак се упатив во Петроград. Во петроград се населив во Андреевското подврорје на Пјесках. Таму беше тешко да се живее бидејќи пеачите ме навредуваа, но трпев. Случајно ме запозна ќелијникот на Митрополитот Пладије и, не знам зошто, ме запраша дали сакам да бидам мисионер во Сибир. На денот на Андреј Првоповиканиот, 30. ноември рано наутро, ме викаат кај Митрополитот. Се јавувам. Митрополитот се распрашуваше за многу нешта, и на крајот ми предложи да отпатувам во Сибир, кај томскиот епископ Макарие. Јас се согласив. Тогаш митрополитот ми даде писмо за Макарие и пари за пат. – Тоа, значи, ми го претскажа Максим – воздивнав... Со железница можев да патувам само до Омск, а од таму со коњи, затоа што сибирската линија беше во изградба.

Епископот Макарие ме прими необично срдечно и љубезно. Кај него проведов две недели и ги понесов најдобрите впечатоци. Вториот ден на Божиќ кренав за Бијск кај епископот Методие.

Патот до Бијск, долг 700 врсти беше многу напорен, не толку поради тешкотиите на патот, колку поради моралните соблазни.  Но, Бог ме чуваше, мислам, по молитвите на епископот Макарие.

Епископот Методие ме дочека многу, многу, срдечно. Кај него, без одредено послушание, останав до 17. мај, а потоа ме одреди да бидам пеач кој секоја година оди со иконата на маченикот Пантелејмон по околните села и градови на Бијскиот округ. Тогаш литијата, како свештеник ја предводеше прекрасниот и благочестивиот прост бачушка, отец Иван Тамаркин, по потекло Модвин. Со него тргнав.

Пред Троица сонував сон кој ми остави силен впечаток во душата. Сонував дека се наоѓам во Петроградскиот Исакиевски храм. Кај левата певница ми приоѓа апостол Петар и ми шепти на уво: „Од сега ќе говориш само Божественоˮ. А апостол Павле, со монашка камилавка на главата, тивко се осмевнува и ме благословува, но ништо не ми вели. Кога утрото станав од кревет, почувствував необична радост во душата.

И точно тој ден почнав да проповедам. Тие мои проповеди така делуваа на слушателите што дури и староверни свештеници од околните места доаѓаа да слушаат. Им бев некако загадочен. Многумина ме прашуваа каде учев школо. Бог ми е сведок дека од тој ден илјадници луѓе врвеа по мене. Се случуваше и тоа, народот од рано утро да прекрие некоја падинка на некоја гора и да чека од мене да ја чуе Речта Божја. Имаше и такви случаи, мноштво од народот, во вечерните часови, да очекува да се појавам и по три-четири проповеди да почне така да рида, та и јас да се наежам. Многу жени пред целиот народ ги кажуваа своите гревови, а народот го следеше нивниот пример. Месниот свештеник веднаш би им ги разрешувал гревовите, а утредента би ги причествал со Светите тајни. Се случуваше на такви места да градат капели па дури и храмови.

Три години, од ден во ден, од месец мај до почетокот на октомври, држев пропрведи во томската губернија. Некои свештеници беа незадоволни, но повеќето од нив ме сакаа. Во тоа време епископот Методие беше мој раководител, учител и добротвор. Многу му должам...

Освен тоа што учествував во литијата, со отец Михајло патував на Алтај. Алтај ме воодушеви. Тука имав можност да го слушам славниот мисионер и да учам од него.

Третата година епископите ми дадоа овластување секаде да држам проповеди. Но јас едно време сосема го загубив дарот на проповедање.

Се случи да отидеме  во некое мало село, и ми дадоа да отседнам во домот на еден трговец. Тој имаша ќерка, млада девојка, прекрасна, како ангел. Тука ѓаволот ме фрли под своите нозе. Паднав со таа девојка. Не знам како се случи тоа. Таа многу плачеше за својата невиност, а јас за малку не умрев. Ми изгледаше дека сѐ пропадна, дека неа ја упропастив, и дека сум и самиот уништен. Родителите дознаа, но ништо не ми рекоа. И, колку силно да беше моето покајание, страста беше уште посилна. Можеби и грешам, но сега нешто мислам: не беше ли тоа дело на нејзините родители? Решив да се оженам со неа. Но, Бог судеше поинаку: таа настина и почина од воспаление на белите дробови. Од тој период моите проповеди ја изгубија силата, и мене ми остана само молитвата и љубовта кон Бога. Многу страдав и тажев поради тоа, се молев, но, претходната духовна сила исчезна. Тогаш решив да отидам на поклоничко патување во Светата земја.

На  патот кон Палестина, свратив кај родителите, кои веќе се подготвуваа да се преселат во Сибир, во Барнауљскиот срез. Попатно ги посетив и своите пријатели во Цариград и на Атон, и отидов да му се поклонам на св Спиридон Тримитунтски во градот Керено. Срдечно се молев пред моштите на Божјиот угодник. Настојателот ми го покажа неговото лице, ја држев неговата рака. Раката му беше мека и подвижна, брадата му беше речиси целата отпадната, устата беше малку подотворена, а бојата на лицето му беше – земјена. Тука проведов две недели во преубава природа. Најпосле стигнав во Палестина и точно два месеци поминав во Ерусалим; неколку пати ги посетив Господовиот гроб и гробот на Мајката божја, а патував и по другите Господови светињи во околината. Кај гробот Господов се чувствував многу потиштено. Прв пат во животот видов таква ужасна трговија со Христовата светиња.  Парите на поклониците, им ги земаат на секој чекор. Грците им зборуваат на поклониците дека ако на некого му умрело некрстено дете, или роднините му се тешки грешници, убијци, тогаш за избавување на нивните души неопходно е овде, кај Господовиот гроб, да се отслужи Божествена литургија, таканаречена „разрешителнаˮ.

-Оваа литургија и од сите други гревови разрешува - им зборуваат грчките монаси на нашите руски поклоници.

А овие веруваат и плаќаат по 25 рубљи за име. Тогаш, некој епископ ја служи литургијата и, за време на Великиот Вход, ги спомнува тие покојници и чита разрешителна молитва. Тоа на мене ми остави многу мачен впечаток, како и онаа ужасна трговија со свештени предмети. Тоа се цели каци полни со мали шишенца со миро на св Никола, крстови и икони од мамвриски даб и т.н. и т.н. Манастирите со сите нивни светињи се издаваат под закуп. Грците тргуваат со сѐ: со гробот Господов, со светите тајни на црквата, со светите мошти, тргуваат со самиот Христос...

Но, ако кај Господовиот гроб силно ме одбиваше таа трговија со Христовите светињи и неморалниот живот на монасите, голема радост и утеха ми донесе поклонението на оние свети места кои се спомнуваат во Евангелието. Ја посетив Елеонската гора, Витлеем, го видов Јордан, Мртвото море, Генисаретското езеро; бев и во Назарет, го видов Тавор, бев на оној рид на кој, по преданието, Христос ја изговорил Својата велика Беседа на гората.

Од сите свети места, повеќе и од самата Голгота, на мене најсилен впечаток остави она место на кое, по преданието, Христос се молел во Гетсиманија. Таму горчливо плачев! Слава Му на Бога, барем тука се помолив како што треба. А јад и чемер имав на душата...

Во Палестина сретнав еден евреин кој го примил христијанството. Со него многу разговарав за Христос. Ѝ немаше крај на неговата радост по крштението. По потекло беше од Русија, а овде дошол да Му се поклони на Господа. Беше од занаетчиско семејство. Тој евреин до солзи ме восхити со својата љубов према Христос. Никогаш не поминал покрај палестински евреи, а да не застане и да не им Го проповеда Христа. Евреите го пцуеле, му плукале во лицето, го туркале, а тој како кротко јагне, би го бришел лицето со ракавот и би продолжувал да им го благовести Спасителот. Неговата вера беше жива, заразна, тој дишеше со Христа, Христос за него беше сѐ. Но, неговиот Христос не беше вселенски, туку беше израелски. Да ја кажам вистината, по малку му бев љубоморен на тој евреин поради Христа. Тој толку го љубеше Христа, што ја љубеше земјата која се наоѓаше во близина на оваа или онаа светиња. Во последните денови на мојот престој во Ерусалим, јас речиси и не се разделував од него.

-Знаете, господине, - ми зборуваше - јас го најдов Бога и повеќе ништо не ми треба. Многу ми е жал за евреите кои не го познаа Христа. А тој е вистинскиот Месија! О, слеп Израиле! [плаче]. Подобро е сосема да исчезне од лицето на земјата отколку да не добие спасение во Христос. Откако поверував, веќе ништо не ми треба. Само ќе отидам дома и родителите на жена ми задолжително ќе ги приведам кон Христос. Знаете, -продолжи тој - сега се чувствувам како сосема друг човек. Од смртта не се плашам, и моето срце чука само за Христос. Оф, зошто евреите не веруват во Хритос. Нас од раѓање нѐ учат да го мразиме Христа како најлут непријател на нашиот народ.

Тој евреин беше неверојатен христијанин. Забележав дека кај него има соединети две чувства кон Христа: религиозно – љубов према Него како Господ и Спасител, и национално – љубов према Него како Син на Девојка - Еврејка. Во Палестина, тој евреин многу влијаеше на мене. Во моето срце пак се распламти љубовта према Христос и желбата да го сакам, и тоа бескрајно.

Од Палестина се вратив во Киев и решив да отпатувам во Хив и во Бухар. Мечтаев за тоа да го проповедам христијанството во тие муслимански краишта. Но, во Хив поминав неколу дена, а во Бухар еден месец. Во Бухар се запознав со еден англиски мисионер, кој таму живееше веќе неколку години. Тој англичанец ми се жалеше дека муслиманите, се слабо приемчиви за евангелска проповед. Решив да се вратам во Сибир, и наскоро, во Чита ме пречека епископот Методие со својата широка, татковска прегратка.

Во Чита останав неколку недели, а потоа владиката Методие ме одреди за псалт во мисионерското средиште Иргењ. По една година, владиката пак ме префрли во литијата, каде што ја обновив својата проповедничка дејност. Со таа литија за прв пат стапив во зандана. Од тогаш почнав во секоја година да ги посетувам затворите и без литија. И не само занданата, туку и другите затвори во задбајкалската област. Мојата година се делеше на три периоди: учество во литија, на мисионарење и на посетување на затвори. Иако и таа година моите проповеди привлекуваа мноштво на народ, сепак, овие задбајкалски проповеди, по мое лично мислење, никако не можеа да се споредат со оние, томските. Во себе веќе не ја чувствував онаа претходна сила...

Овде, во задбајкалската област, јас, повеќе од било кога, работев на себе со помош на епископот Методие и под негово раководство. На тој човек му должам многу, речиси сѐ. Но баш овде, живеејќи најпрво во Иргењ, јасно согледав дека ми се заканува опасност да се одвојам од Бога и да заглибам во светската суета. Исклучително суровата природа му помагаше на тоа мое тажно расположение и ми ја исполнуваше душата со тешки мисли. Мојата душа често изнемоштуваше и ридаше во мене. Еднаш, во Иргењ се молев на брегот на езерото, а потоа заспав. На сон ми се појави отец Јован Кронштатски и ме исповеда. По тоа ми стана полесно на душата. Но, сепак, во душата не ми владееше потполен мир. Внатрешно, најмногу ме мачеше учеството во литијата. Не зборувам сега за многуте соблазненија за време на тие патувања со кои тешко се излегуваше на крај. Главното беше, што мојата религиозна совест беше неспокојна.

...Две години врвев со литијата по светот и душата ми снеможе. При крајот на втората година повторно решив да се оженам, со една осумнаесетгодишна гимназијалка. Морам да признаам дека не ја сакав премногу, но ми се допаѓаше. Му кажав на владиката за намерата, и тој се согласи. Но владиката имаше прекрасна мајка – старица, и таа измоли од својот син да не ми даде благослов за брак.. Така и беше. Утрото владиката Методие се согласи со тоа да стапам во брак, а истиот ден вечерта ми рече дека тој не ме подготвувал за тоа, ами за Црквата Христова.

-Чуј и запамти - рече владиката Методие - дека јас никогаш нема да ти дадам благослов да стапиш во брак.

Му се потчинив на епископот, но станав уште потажен отколку што бев.

... Сега, кога ќе се сетам колку беше тешка таа година од мојот живот, разбирам со целото мое срце колку сум бил блиску до бездната на крајното очајание...

Во дваесеттиот ден од моето очајување се обидов да се отрујам. Слава Му на Бога, се испостави дека труењето не било смртоносно. Кога си дојдов на себе, кога се освестив и го сфатив целосниот ужас на мојот грев, совеста започна страшно да ме мачи, и тогаш решив да ја исполнам волјата на мојот епископ. Наскоро по тоа, во Читинскиот архиерејски дом, ме потстригна во монашки чин. И се случи тоа, епископот да ме потстригне, не во мал, туку во чин на голема схима. И тоа по грешка, а не затоа што тој така сакаше: како што ѓаконот го отвори требникот пред владиката, така овој почна да ги чита милитвите кои, се испостави, се молитви за потстриг во чин на голема схима. Набргу по тоа ме ракоположија во ѓакон, а по неколку дена во јеромонах...

Архимандрит Спиридон Киевски