Христос по руските робијашници (pdf)

 

Архимандрит Спиридон Киевски

Со инородните почнав да се запознавам уште додека бев псалт во Иргењското средиште. Во поблиските села одев пешки, а кога требаше да одам во подалеките, тогаш, како што мисионерите тоа обично го прават, ќе земев 3-4 пуди двопек (1 пуд=16,38 кг), ќе ја префрлев вреќата преку коњот, ќе јавнев и ќе патував по селата. Така одев во Бурјат, Тунгуз и во Орочен. Понекогаш морав со себе да водам и преведувач. Во почетокот на мојата мисионерска дејност имав желба да крстам што повеќе луѓе. Но, подоцна во мене настана голема промена. А тоа се случи вака. Навратив еднаш кај некој бурјатин во јуртата за да преноќам [јурта – дрвена конструкција обложена и заштитена со покривки, служи за живеалиште на номадите]. Гледам, во неговата јурта, меѓу многуте кипови, има и икона на Мајката Божја со младенецот во рацете.

-Ти си крстен? – го прашувам

-Да – одговори тој – крстен сум.

- Па зошто тогаш во јуртата имаш толку кипови? Треба да чуваш само икони и да му се молиш на вистинитиот Бог Исус Христос.

-Баќушка, порано, јас така и чинeв, му се молев само на вашиот руски Бог. Но потоа ми умреа жената и синот, и ми пропаднаа многу коњи. Ми рекоа дека, тоа, нашиот стар бурјатски бог брзо се налутил на мене и ете што ми направи: жената ми ја усмрти, син ми исто, коњите ми ги испоуби. Сега почнав да се молам на него и на вашиот руски Бог. Знаеш, баќушка, сега ми е тешко што го променив својот бог за вашиот нов.

Кажувајќи го тоа бурјатинот заплака. Мене до бол ми беше жал за него и за сите слични на него. Некако, во моментот сфатив што значи духовно да го поткрадеш човека, да го лишиш од она што му е најдрагоцено, да му ја истргнеш светињата над светињите, неговиот природен религиозен поглед на светот, а во замена да не му дадеш ништо освен ново име и крст на градите. Тој Бурјат со кого разговарав, ми се виде како најнесреќниот и најбедниот човек на светот: без претходната религија и оставен на милост и немилост на судбината. Од тој ден се зареков дека иноплемениците нема да ги крштевам, туку само ќе им го проповедам Христа и Евангелието. По мое мислење, да се преобратуваат луѓето кон Христа така како што го правеа тоа нашите мисионери со Бурјатите, повеќе значеше да се биде џелат на човечките души отколку Христов апостол.

Многу маки имав и при проповедањето на Евангелието на будистите. Еднаш свратив во еден будистички манастир. Старешината ме прими многу љубезно. Но, бидејќи веќе беше доцна, старешината го одложи нашиот разговор за утредента. Следното утро, во придружба на самиот старешина се упатив во нивното идолиште. Монасите – лами веќе беа на своите места.

Седна поред мене. Ја почнав својата благовест со тоа како Бог го створил светот и како го испратил својот единороден син заради спасение на човечкиот род. Како Господ бил смирен и послушен на волјата на својот небесен Отец, како страдал, воскреснал, се вознел на небото и како пак ќе дојде да им суди на живите и на мртвите. Потоа преминав на неговото свето учење, а особено се задржав на Христовата беседа на Гората. Ми се чинеше дека ламите многу внимателно ме слушаат. Завршувајќи ја беседата, по куса пауза веќе сакав да тргнам, но гледам, стана еден од нив и откако ми се поклони, застана помеѓу своите истоверци и почна да говори, покажувајќи многу поголемо знаење отколку што межев да претпоставам. Не можам во потполност да ги пренесам неговите зборови, бидејќи неговиот говор беше долг, а јас бев доста потресен и вознемирен. Но приближно го рече ова:

-Господине мисионере, вие ни ја изложивте вашата христијанскка религија, и ние ве слушавме со голема љубов и внимание. Сега молиме и вие да нѐ сослушате нас незнабошците, некултурните луѓе. Да, господине мисионере, христијанскате вера е навистина највозвишена, тоа е вселенска религија. Кога и на другите планети би живееле битија како нас, ниту тие не би можеле да имаат религија подобра од христијанската, затоа што христијанската религија не е од овој свет, туку е Божјо откровение. Во христијанската религија нема ништо човечко, материјално, таа е како солза, или како кристал чиста Божја мисла. Таа мисла е Оној Логос, за кого Јован богослов зборува дека Тој постанал тело и овоплотување на Бога. Христос и е Овоплотениот Логос. Неговото учење на светот му ги покажа новите патишта на живот на човечкиот род и претставува откровение на Божјата волја на луѓето. А Неговата волја и е, христијаните да живеат како што живеел Христос. Христовото учење било одраз на Неговото живеење. Но, погледнете сами, господине мисионере, погледнете непристрасно и речете – дали светот живее онака како што учел Христос? Христос проповедал љубов према Бога и луѓето, мир, кротост, смирение, простување. Тој заповедал на зло да се враќа со добро, да не се собира богатство на земјата, не само да не се убива, ами и да не се гневи, брачниот живот да се држи во чистота, а Бога да се сака повеќе од татко, син, мајка, жена, дури повеќе и од самиот себе. Така учел Христос, но вие христијаните не сте такви. Вие живеете како некакви крволочни ѕверови. Би требало да се срамите и да се сетите на Христос, бидејќи устите ви се полни со крв. Меѓу нас, по начинот на живот, нема полоши од христијаните. Кој тука најмногу мами, блудничи, краде, лаже, убива, војува? Христијаните – тие се најголемите богоотстапници. Вие доаѓате да ни проповедате за Христос, а ни носите ужас и несреќа. Нема да зборувам за инквизицијата, нити за тоа како постапуваа христијаните со дивјаците. Ќе спомнам што се случи неодамна. Почна изградбата на Големата сибирска железница. Таа, како што знаете, поминува покрај нас. И ние се радувавме дека Русите, можеби, во нашиот див некултурен живот ќе внесат светлост и љубов на христијанскиот живот. И ја дочекавме, на наша несреќа. Вашите работници, веќе пијани доаѓаа во нашите јурти, ги опиваа Бурјатите, ги силуваа нашите жени... И, кај нас се појавија: пијанство, кражби, убиства, тепачки, кавги, болести. Кај нас до тогаш немаше брави, бидејќи немаше крадци, а камо ли убијци. А сега, кога нашите Бурјати ја вкусија вашата култура и кога дознаа што е, по вас, вистински живот, ние веќе не знаеме што да правиме со него. Абида и Мојдари да нѐ сочуваат од такви христијани! Такви се и вашите мисионери. Тие и самите не веруваат во она што го проповедаат. Кога би верувале во тоа и, кога би живееле онака како што учел Христос, не би морале никому ниту да му проповедаат: сите би го примиле христијанството. Оти делото е посилно од зборот. Како би останале во темнина, ако околу себе гледаме светлост? Вие, господине мисионере, неосновано мислите дека ние сме такви непознавачи, та да не знаеме што е добро, а што зло. Но, се плашиме дека од вашето христијанство би ни било уште полошо, дека сосема би подивееле. Видовме ваши мисионери кои ги сакаат парите, кои пушат, пијат и живеат неморално како и нашите расипани бурјати. А такви мисионери, кои вистински би Го љубеле Христа повеќе од себе, ние немаме видено. Вашите свештеници зборуваат дека тие од самиот Христос ја добиле власта да ги простуваат гревовите, да ги очистуваат душите, да изгонуваат нечисти духови и да исцелуваат секаква болест кај луѓето. А вие христијаните, не само што не ни ја покажувате таа своја власт, за сето зло, нечистотија и грозотија да ги отсекувате, ами со својот начин на живот само ги заразувате назнабошците. Не господине мисионере, прво нека самите христијани поверуваат во својот Бог и нека ни покажат дека Го сакаат. Тогаш, можеби и ние ќе ве примиме вас мисионерите како ангели Божји и ќе го прифатиме христијанството.

Потоа ламата седна, а јас цело време седев како парализиран, како удрен од гром. И да не ми предложеше да станам, не би се помрднал од местото. Во животот не сум доживеал таков срам и такво срамотење на христијанството, како за време на тој разговор и по него. Се опростив од старешината, седнав на мојот коњ и безглаво побегнав. Во тоа време сѐ уште бев човек од овој свет. Отидов со најмачните мисли за себе, за мојот живот, за современите христијани воопшто. И колку тоа да беше болно и тешко, морав да признам дека будистичкиот лама во многу нешта беше во право...

-Што е тоа – мислев – зар непријатели на проповедите за Христос станаа самите христијани? Зарем нашиот живот го срамоти христијанството пред светот?

Тогаш, јасно почувствував дека и мојот живот не е во склад со Евангелието.

... Еднаш отидов на реката Витим, каде што освен Бурјати сретнав и Орочени. Орочените се уште позаостанати од Бурјатите. Изгледа дека тие не се бават со ништо друго освен со лов. Живеат номадски живот.Порано имале и елени, но во времето кога јас бев кај нив, елените веќе беа изгинале. Орочените немаат дури ни јурти, туку некакви вреќи, сошиени не со конец, ами со жилите на тие исти животни. Порано тие имале кременки (пушки чиј барут се палел со искра од кремен камен), а сега воглавно имаат вистински пушки. Се зборува дека тие пушки ги добиле кога ја напуштиле својата стара шаманска вера и го примиле христијанството. Сите орочени кои ги сретнав беа крстени и тоа најмногу во ремето на епископот Мелетие. Се вели дека овие деца на природата ги привлекле во Црквата не само со проповеди за Христа, туку и со материјални добра. Кога лично ги сретнав орочените, се уверив дека тие и по крштението останале исти такви безбожници како и пред тоа. По мое мислење, криви за тоа, на прво место се нашите мисионери. Нивната главна цел не е тоа, овие бедни, несреќни луѓе да ги просветат со светлоста на Христовото учење и со својот пастирски подвиг да ги утврдат во христијански живот, но да крстат што повеќе луѓе и, преку бројот на крстените да се воздигнат пред својата епархиска управа и да ја задобијат нејзината благонаклоност.

Многу ме интересираа и учителите на будизмот на нашиот север. По случајот кој ви го раскажав, многу пати среќавав лами и тие често ме восхитуваа со оригиналноста на своите религиозни погледи и со ширината на образованието. Некои меѓу нив имаа завршено и факултет. Се сеќавам на разговорот со еден учен лама. Тој лама добро се запозна се мене кога веќе две години бев јеромонах. Еднаш тој ме праша:

-Зошто сите генијалци на човештвото се пантеисти и поблиски до нас будистите, отколку до христијанската теистичка религија? Такви се старогрчките и новите германски филозофи.

Јас му одговорив дека, по мое мислење, човек не може да живее без религија и, дека ако не го познае вистинскиот Бог, единствено што му преостанува е да ја обоготворува природата. А кај генијалниот човек особено е големо искушението да ги создава и религијата и самиот себе, за да го нема Бога наспроти себе, па да мора да Му се поклонува.

            -А вие, драг ламо, што мислите вие за Христа?

            -Јас мислам – одговори тој – дека Христос и Буда се двајца браќа, само што Христос е посветол и поширок од Буда. Кога сите луѓе би биле чисти будисти – продолжи ламата – тие би спиеле спокојно; а кога сите луѓе би биле чисти христијани, тие воопшто не би спиеле, туку вечно би бдееле во неискажлива радост и, тогаш земјата би била небо.

-О, - извикнав – како расудувате, мој пријателе! Зошто не се крстивте?

-Не е работата во крштелната бања, туку во промената на животот. Каква корист има од тоа што вие русите се сметате за христијани? Извинете, но вие русите не Го знаете Христа и не верувате во Него и живеете таков живот, што ние дивјаците ве избегнуваме и се плашиме од вас како од чума...

Архимандрит Спиридон Киевски