Христос по руските робијашници (pdf)

 

Архимандрит Спиридон Киевски

ПО     ЗАТВОРИТЕ

Ќе го започнам своето кажување со Читинскиот затвор. Овдека, по моето ракоположување, речиси ме сметаа за затворски свештеник. Овој затвор беше последното место за преместување, од каде затворениците ги праќаа на робија.

Кога се зближив со затворениците, веднаш сфатив дека е неопходно кон овие луѓе да покажам вонредна љубов. Љубов која мораше да биде искрена и дејствителна. Ако ја нема неа, подобро е да не се запознава овој свет. Овој свет има многу несреќен живот и огорченост кон сите и кон сѐ, и, за да го изведе од таквата состојба, свештеникот мора цврсто, со двете нозе да стои на тлото на дејствителната љубов према него. Тешко на оној свештеник кој повеќе ја претпочита затворската управа од затворениците.

А кога се зближив со овој свет, кога го засакав до самозаборав, о, тогаш добив увид дека и тој свет мене широко ми ја отвори својата душа и ми даде потполна слобода, во секое време да можам да гледам во најскриените катчиња на неговиот интимен живот. Треба да се знае дека светот на осудениците, по мое лично искуство, стекнато низ затворската пракса, е многу поидеален, поморален и, дури порелигиозен од нашиот свет, светот на слободните граѓани. Низ моите раце поминаа околу дваесет и пет илјади луѓе кои не еднаш сум ги исповедувал, причестувал, убедувал со своите проповеди да си го изменат животот, да станат верни синови на Евангелието и т.н. Меѓу нив имаше извонредни ликови. За нив и сакам сега да ви кажувам вам, кои се интересирате за психологијата на престапниците.

Во Читинскиот затвор сретнав еден затвореник кој беше осуден на десет години затвор.

-Јас – раскажуваше затвореникот – завршив богословија и сакав да се запишам на универзитет. Но, моите родители беа категорично против тоа. Сакаа да се оженам и што побрзо да одам на парохија, бидејќи татко ми, освен мене имаше уште деца кои требаше да се подигнат на нозе. Долго им се противев, но на крај одлучив да ѝ се покорам на нивната волја. Се оженив со ќерката на еден протоереј. Мојата жена беше чиста, невина гулабица. Еднаш таа како на шега ми рече:

-Јас не те сакам и не знам како воопшто се омажив за тебе.

Го прифатив тоа како шега, и ние се насмеавме на тоа, не сомневајќи се воопшто еден во друг. Се случи, да биде кај нас и да го слушне разговорот едно осумгодишно девојче, ќерка на нашиот општински писар. Кога се вратила дома, таа, ова ѝ го раскажала на мајка си, а оваа на својот маж, општинскиот писар. Два дена по овој разговор појдов кај својот архиереј да го замолам да ми одреди парохија и ден, кога ќе бидам ракоположен во чин ѓакон. Кога се вратив дома, таму не ја најдов жена ми. Отидов во градината – ни таму ја нема. Појдов до црквата, претпоставувајќи дека таму ќе ја најдам. Навистина, ја најдов кај црквата, каде во градинката седи на клупа со братот на тој наш писар. Кога им пријдов, таа се збуни, ми пружи рака, но не ми појде во пресрет. Срцето ми задрхти. Зборовите кои пред три дена ги изрече во шега ми прострујаа низ целото битие и заискрија во целата своја сила. По пет минути ја повикав да појде со мене дома. Таа крена, но некако неволно.

Чекам, можеби ќе праша што стана кај архиерејот, но таа не изусти ни збор. Ете, си мислам, отидов кај архиерејот за некако, за себе, да свијам гнездо, да обезбедам парче леб за себе и за неа, а потоа можеби за деца, да ги одгледам и воспитам, кога тоа, започнувам да се сомневам на нешто што може потполно да го разори целиот мој живот. Тој ден ми беше тегобно. Вечерта легнав да спијам. Таа легна одвоено од мене. Ми дојде помисла: погледај ѝ ги алиштата. Како крадец се приближив до нејзиниот кревет, и, на мој ужас, се уверив дека моите сомневања биле оправдани. Можете да замислите како се разбеснив. Отидов до куќата на оној писар, го заклав неговиот брат, го искасапив, ја зедов секирата, ѝ ја отсеков главата на мојата жена и удирав по неа сѐ додека не се претвори во некаква страшна крвава маса. Но, со какво задоволство го направив сето тоа! Уште никогаш не сум почувствувал таква радост каква што почувствував кога ја убивав својата мила. Кога престанав да ја касапам својата жена, се свртев и ја здогледав покрај себе како клечи во молитвена положба на крвавиот под на нашата спална соба. Како збудален истрчав на улица и викав дека сум убиец, дека заклав двајца. Ме фатија, ме осудија и ете одам на десет години робија. Мојот живот е непрекинато морално мачење. Јас сум морално осакатен. Понекогаш не можам да поверувам дека тоа токму јас го сторив. Се обидував да се молам, но молитвата од душа на злочинец не тече чиста и прозрачна. Кога вие, баќушка, би можеле да ми помогнете.

-Сине мој мил, со солзи те молам, исповеди се, и тоа така, на душата да не ти остане ниеден грев, од самото твое детство. Особено, задржи се на оние, најсрамните гревови што си ги направил, и кажи ги на свештеник. А причините за твојот грев пренеси ги лично на себе, како нешто што ти самиот свесно си го предизвикал. И ти, драг мој, ќе почувствуваш олеснување од таквата исповед. Потоа, освен оваа исповед, топло те молам, предај се на пламена срдечна молитва. Помини така две недели и ќе видиш што ќе биде со тебе.

Затвореникот вети дека две седмици безусловно ќе се придржува до мојот совет. По пет дена посакав да го видам. Отидов во затворот и таму го сретнав.

-Драг мој, што чувствуваш? – го прашав.

-Добро е, сладосно е, да се исполнува вашиот совет, но многу е тешко.

Почнав да го целивам, да го молам, да го замолувам да продолжи со својот подвиг, и тој прифати. Следната недела забележав дека на моите проповеди, тој рида посилно од другите. Ми беше жал за него. Кога заврши литургијата го повикав во олтарот. Тој најпрво одби да влезе во олтарот сметајќи се за голем грешник. Најпосле, на мое инсистирање, тој влезе во олтарот и тука, правејќи поклони, силно зарида. Јас го прегрнав, го целивав и го тешев со Божјото милосрдие. Затвореникот ми се фрли околу вратот и, лиејќи солзи, рече:

-Ах, баќушка, колку добро се чувствувам, колку ми е лесно на душата. Допуштете ми, следната недела да се исповедам и да се причестам со Светите Тајни. Уште, ве молам, да ми дадете Свето Евангелие.

Следната недела овој затвореник ми се јави толку весел и разнежнет, што во првиот момент не можев ни да го препознам. На исповеста, низ солзи исповеда, дека на сон му се јавила неговата жена и му рекла:

-Ти простувам, но едно те молам: верувај во нашиот Господ Исус Христос и љуби Го.

Поради Божјата љубов кон грешниците кои се каат, го причестив во олтарот, и тој од преголема радост и душевен восхит два дена плачеше. По тоа, затворениците почнаа многу да го почитуваат, сметајќи го за свој високоморален другар. И јас се радував со него, се радував искрено, како за човек кој Му се вратил на Господа.

#

Тој беше староверец   [староверци, старообредници се православни Руси кои не ги прифатиле реформите кои ги вовел патријархот Никон во 1653 год, на пр. да се крстат со три прсти наместо со два... Така настанал раскол].

Порано им се потсмеваше на останатите затвореници кои ме сакаа и доаѓаа на проповедите кои ги држев, освен во празнични денови, уште два пати неделно. Често им зборуваше:

-Еве, ви доаѓа спасителот, трчајте да го слушате.

Еднаш го сретнав и нешто го прашав, а тој плукна, се сврте од мене и ми упати таков „пријатенˮ збор, што ми беше многу срам. Но јас се заинтересирав и помислив:

-Да видиме, што е појако - злото или доброто, омразата или љубовта.

Пo две недели, тој жалниот, се разболе. Јас почнав да го посетувам, а тој се чудеше што јас посетувам затвореник – расколник.

-Зошто ти мене, баќушка, ме посетуваш, во никоновската вера ли сакаш да ме обратиш?

-Не пријателе мој, не ми е тоа целта. Мене ми е важно што си ти син Божји и образ и подобие Божјо.

-Баќушка, вистината ли ти тоа ја зборуваш?

-Да, пријателе мој, чистата вистина ти ја зборувам.

-О, Боже мој, јас сум затвореник, пропаднат човек, од злоба понекогаш дури и Бога Го пцуев, а ти, баќушка, зборуваш дека сум јас син Божји.

Кажувајќи го ова, затвореникот ја зари главата во перницата и заплака како дете. Јас го фатив за главата, почнав да го целивам, и заедно со него плачев како и тој.

-Мили баќушка, - ги слушнав неговите зборови – прости ми заради Христа. Јас цело време така ве грдев, што не можете ниту да замислите. Кога ќе оздравам, ќе доаѓам на вашите проповеди, и на другите ќе им раскажувам за вас. Боже мој, јас – син Божји! Кој знае, можеби и ќе бидам кога ќе се покаам, а сега сум страшен грешник. Знаете, баќушка, јас убив осуммина, со сопствената мајка живеев, се предавав на скотолоштво, со сопствената сестра живеев, од една ваша црква Светите Дарови им ги фрлив на кучињата, крадев коњи, запалив две цркви, силував жени и деца – ете каков грешник сум јас.

-Ете и покрај својата волја ви се открив себеси. Ме погодивте со тоа што, во мене, во така голем грешник и последниот осуденик, пронајдовте човек, и тоа каков – син Божји! Тоа ми ја трогна душата! Сите нѐ презираат, нѐ сметаат за човечки отпад, па и ние понекогаш сами се мразиме себе си, а ете, вие нѐ сметате за сосема поинакви. Знаете, баќушка, колку убаво се чувствуваме кога нѐ сметаат за луѓе. Всушност, ѕверови ли сме, луѓе сме и, зошто нѐ презираат? Ах, баќушка, кога сите би се однесувале така кон нас, кога сите би го љубеле светот на престапниците како вие, верувајте, не би имало злочинци на земјата. Бидејќи, злото се победува само со добро. Ќе се земам себе си за пример: од детството, јас речиси од никого немам чуено убав збор; татко ми беше тежок пијаница, а мајка ми се предадваше на развратен живот. Јас, од сожаление према неа, по смртта на татко ми, почнав да го заменувам него во односот кон мајка ми и толку ниско паднав што почнав да грешам дури и со животни. Еднаш, ми беше толку тешко, што земав ортома во рацете и појдов да се обесам, но еден пријател ме спаси од таа ужасна смрт. Потоа, сретнав еден мој благочестив истоверец и во разговор со него, ја свртев приказната кон гревови и покајание, а тој ми вели: кога ние би имале свештенство, тогаш покајанието како света тајна би имало сила. Ми се појави мисла: ќе појдам, си велам, во некој од нашите најблиски манастири, ќе се покаам и, кој знае, можеби Бог ќе ми прости. Пo една недела појдов кон манастирот на Сергиевата пустина. Почнав да се исповедам пред свештеникот и му кажувам дека ете јас, баќушка, расколник, кога тој мене во црквата почна да ме грди да ме навредува, да ме нарекува Христов непријател, развратник и така натаму. А јас стегнав заби и го треснав по главата! Уф колку бев бесен тогаш! Од тој ден, што се вели, станав спремен на сѐ. Поминаа, еве веќе петнаесет години, а јас не излегувам од човечка крв. Што да се прави, ќе одлежам овде и можеби ќе излезам некако на слобода, па пак ќе кренам по истиот пат.

Осуденикот заќути. Ќутам и јас. По подолга пауза тој ме погледна и ме праша:

-Баќушка, можете ли да ме исповедите и да ме причестите со Светите Тајни? Но така, без никакво присоединување [кон православната црква].

- Кога сакаш сине мој – одговорив јас. – Секогаш сум спремен да го направам тоа за тебе. Затвореникот го зари лицето во перницата и целиот се затресе од ридање.

По неколку дена го исповедав и го причестив со Светите Тајни. Можете да си замислите како тој затвореник ликуваше! По две недели посака повторно да се исповеда и да се причести со Светите Тајни. Многу се радував гледајќи го како секогаш се моли со солзи.

#

Тука сретнав еден затвореник – расколник кој се насмевнуваше скоро при секоја средба со мене и, вадејќи распарталено Евангелие од џебот, ме прашуваше што треба да прави за да Го наследи Царството Божјо. Јас секогаш му одговарав:

-Во Бога и во ближниот ќе го добиеш сето свето, низ дејствителна љубов кон нив, Ти, мил мој, љуби Го Бога и човекот така, како ти и да не живееш, туку да живее само Бог и твојот ближен.

-Баќушка, јас еве веќе седумнаесет години живеам во затвор, а сега ме праќаат на робија. Би сакал, баќушка, да поразговарам со вас. Ве молам, дојдете кај мене.

За две недели, затвореникот-расколник со Евангелието во рацете пак наврати кај мене и, земајќи благослов, ме извести дека тие денови го замолил управникот на затворот да го смести во самица. И навистина, затворската управа му ја прифатила молбата. Кога по неколку дена пак дојдов во затворот, затворскиот чувар ми рече дека сака да ме види затвореникот сместен во таа - и - таа самица. Отидов кај него. Пресреќен, затвореникот - расколник ме прими кај себе на гости. Обајцата седнавме на подот.

-Баќушка, предосеќам дека нема да живеам уште долго. Сакам да се доверам, и само вие ќе ја знаете мојата приказна, и никој повеќе.

Роден сум во Москва. Бев богат човек. Се оженив, но немавме деца. Се запознав со староверниот епископ Методиј, кого, властите, баќушка го отераа на робија некаде на Сибир. Иако сум беспоповец [без свештенство], тој епископ остави силен впечаток врз мене. Кога се разделив од него, решив непрекинато во себе да изговарам „Оче нашˮ. Во почетокот ми беше тешко, но по два месеци така се навикнав на „Оче нашˮ, што и на сон ја изговарав оваа прекрасна молитва. Ја заразив и жена ми со оваа молитва. Ни беше и лесно и радосно на душата.

Во тоа време Лав Николаевич Толстој стана славен и јас отодов кај него. Тој ме прими и јас му го раскажав својот живот, а тој се насмевна, па ми рече: „Нека никој, освен Христос, не ти биде учител; купи свето Евангелие и учи од негоˮ. Си отидов од него целиот радосен. По месец дена рано наутро кренав во Тул кај еден пријател. Кога се вратив дома, сѐ беше во најдобар ред. Три дена подоцна, се враќам дома од кај еден пријател и слушам во куќата некое викање. Притрчувам, слушам викот во спалната соба. Гледам, мојата жена прободена во срцето, а покрај неа стои мој познаник, кој постојано ѝ се додворуваше на жена ми. Тој сакал да се ожени со неа, но таа не го сакала, и не се омажила за него. А тој, иако беше оженет и имаше четири деца, постојано ѝ се додворуваше на мојата жена.

... Кога ја видов таа крвава драма, се ужаснав. Убиецот ми падна пред нозете и молеше за прошка. Прво сакав да го убијам, но кога се сетив на Христа, му реков: „Оди и тоа повеќе не прави гоˮ, а самиот отидов во полицијата и изјавив дека јас ја убив жена ми. Потоа  ме осудија и ме пратија во затвор. Во московскиот затвор бев кратко, па ме преместија во Тјумењ. Таму одлежав четири години. Од Тјумењ ме преместија во Краснојарск. Во затворот се случи убиство и јас го презедов на себе. Сега преку вашиот Читински затвор ме префрлаат на робија. Знаете, баќушка, Бог ми е сведок, колку јас ги сакам своите браќа – затворениците. Сите тие се како ангели Божји и, Христос сигурно ќе ги спаси. Кога ќе биде страшниот суд, Христос ќе им рече на сите затвореници: „Трпеливци Мои, страдалници Мои, најмали Мои браќа, дојдете кај  Мене, јас за вас особено пребивалиште кај мојот Отец припремив; тоа е создадено од вашите страдања и од врелите солзи; засветете како сонце во небесното Царство на Мојот Отец!ˮ И сите, сите осуденици ќе се израдуваат и вечно ќе слават во Царството на Јагнето Божјо! [затвореникот го затскри лицето со Евангелието и заплака].

-А каква состојба ти владее во душата?

-Баќушка, јас сите би ги сакал, на сите сѐ би им простувал и за сите луѓе вечно би страдал. Мислам, оче, дека молитвата ме препороди, оти порано не бев таков.

-А дали понекогаш срцето ти го обзема тага?

-Не, никогаш. Кога совеста е чиста пред Бога, тогаш светлоста и радоста во душата не се гаси. Сега освен „Оче нашˮ секоја седмица, во вторник, во себе изговарам: „Ти си мој, јас сум Твој, спаси ме!ˮ Баќушка, јас не би ти се доверил потполно, да не ме допреше до срцето со твоите проповеди. Тие силно дејствуваат на нашите срца... Осудениците би пошле по вас каде и да сакате, дури и во оган. Ве засакав, баќушка, па нешто би ве замолил: да ме исповедате и да ме причестите. Никогаш во животот се немам причестено.

- А може би, сине мој, би сакал и да те миропомазам [по одредба на Црквата, руските староверци, во заедницата на православните се примани со миропомазание].

-Добро, би ти бил многу благодарен за тоа.

Во таа самица го миропамазав, а утредента го исповедав и го причестив со Светите Тајни. По една недела повторно го причестив. Тој со солзи ме молеше уште некогаш да го причестам со Светите Тајни, и јас му ја исполнив молбата. Потоа го изгубив од вид.

По една година, посетувајќи ја Нерчинската робијашница, го најдов како лежи болен во Аљгачинскиот затворски стационар. Тука два часа разговарав со него, и тој беше многу задоволен што го посетив. По шест месеци повторно го посетив овој затвор, и третиот ден од мојот престој во него, затворениците ме повикаа да дојдам кај овој блажен трпеливец кој беше пред умирање. Кога стигнав, тој од радост малку се придигна и, осенувајќше се со крсниот знак, рече:

-Ете, баќушка, јас за еден час ќе ја напуштам земјата.

По пет миинути веќе не можеше да седи, легна на постелата и нешто шепотеше. Потоа го подигна погледот нагоре и рече:

-Се отворија небесата и кон мене се симнува Мајката Божја и мноштво свети со Неа. Гледаш ли, баќушка? – ме праша затвореникот на умирање.

-Не, чедо мое – му одговорив.

-Еве, и Христос, Царот на славата, се појави на облаците и се симнува кон нас.

Додека го зборуваше ова, секое делче од неговото тело поигруваше. Нејасно гледаше на десната страна. Мене ме поминаа трпки.

-Господи – извика умирачкиот – би сакал сѐ уште, заради другите христијани да страдам на земјата, но нека биде онака како што сакаш Ти Господи! Овој баќушка, спаси го.

Уште една минута и него го снема од лицето на земјата. О, како затворениците плачеа за него! Никогаш тоа нема да можам да го заборавам [тој имаше уште две виденија во текот на животот, за што ми зборуваше на исповедите]. Нека Господ и по смртта му го подари оној дар кој го имаше на земјата, за и сега да ни помага на нас грешните да го носиме тешкиот крст на земјата.

Во мојата затворска пракса сретнав, всушност, многу малку вакви типични христијани. Овие луѓе се навистина особени Божји избраници! За нив нема друг живот, освен во Христос. Колку разни маки, страдања од секој вид и угнетувања поднесоа, а во сето тоа не гледаа ништо друго освен утеха, радост и некаква духовна наслада.

#

Затвореничка:

-Баќушка, јас се мачам до избезуменост, ми страда душата, целиот мој живот се преврте на глава. Ве преколнував и ве пцуев и вас и вашите проповеди. Што направивте од мене? Зошто ми ја разбранувавте душата? О, јас сум голема грешничка! Господи помогни ми, олесни ми го страдањето! Смрт моја, каде си? Господи спаси ме мене грешната.

Ја замолив да се смири. Кога се прибра, започна да ми го раскажува својот живот.

-Моите родители – започна да раскажува – беа имотни луѓе. Живеевме добро. Нѐ имаа нас пет деца: три сина и две ќерки, а јас бев најмладата. Бог ме надарил со ум и со убавина. Веќе во шести клас гимназија бев верена за еден студент на медицина. Убаво живеевме две години, а потоа се разделивме. Тој беше многу љубоморен, иако понекогаш со причина. Машките ласкања брзо ме одвлекоа од патот на чесниот живот. Кога се разијдовме, не тргнав отворено во проституција, ами одлучив под друга форма да ја задоволувам својата страст. Во Москва изградив гостилница каде што врбував млади момчиња и девојки и ги подведував. Во почетокот ги сожалував, ме печеше совеста за нив, но, со годините огрубев и сосема спокојно, до гуша се потопив во таа работа...

Да, баќушка, како Бог ги трпи моите гревови? Јас развратив повеќе од двеста момчиња, им го упропастив животот, растурив триесет бракови, отрув две девојки и една ја истормозив до смрт. Што сѐ не правев – тешко е дури и да се помисли. Најпосле одлучив да направам уште еден ужасен зличин: да го убијам својот љубовник за да не му припаѓа повеќе никому. Тогаш љубовник ми беше еден седумнаесетгодишен гимназијалец. Поради него и заглавив на робија. Бев спокојна сѐ до овој Читински затвор. Но, откако ги сушнав вашите проповеди, не можам да се смирам. Совеста оживе во мене, се појавија како духови, сите девојки кои ги убив и ме гледаат. А погледите им се такви напатени и тажни, што неподносливо болно ме прободуваат како тенка усвитена жица. Мил баќушка, што требада правам за, барем малку, да си ја олеснам духовната состојба?

-Еве што, гулабице. Покајте се од сето срце, така, да се сетите на сѐ, уште од најраното детство; а потоа, сѐ што ви е на душата треба да го кажете пред Бога, и тоа до последниот грев. И колку и да ви е тоа болно и нелагодно, сепак тоа треба да го направите. Потоа, на оние гревови кои ви изгледаат потешки, посрамни и погадни од другите, треба повеќе и повнимателно да се задржите, за да му станат сосема јасни на духовникот. Тоа е првиот лек за вас. Вториот е: прочитајте го два пати целото свето Евангелие, и третиот е – наутро и навечер молете се вака: „Господи, спаси ме мене грешнатаˮ. Молете се не многу, но пламено, па ќе видиме.

По две недели свратив кај неа. Таа се чувствуваше малку подобро. Ги прифатила моите совети. Се исповеда, но сѐ уште не ѝ дадов да се причести. И не затоа што ја сметав за недостојна, туку затоа, за да го задржи нејзиното духовно настроение. Душата на жената не е толку длабока како душата на маж и затоа решив да ја зацврстам во неа свеста за гревовноста. Потоа ѝ купив Евангелие и ја замолив да го прочита два пати, а исто така и да се моли на Бога.

По две недели пак свратив кај неа. Беше весела, спокојна, но нешто уште ѝ беше останато на душата. Осамна неделата. Особено за неа го одбрав евангелието за блудницата која Му ги измила нозете на Христа. Ѝ пратив порака да дојде тој ден на црква. Таа дојде. Јас го прочитав евангелието. Бог ми помогна да одржам силна проповед за сепростувачката љубов на Христа. Осудениците плачеа, а и таа со нив. На крајот од беседата побарав од затворениците да клекнат. Клекнав и јас, се свртев кон иконата на Спасителот и извикнав:

-Господи! Еве, и помеѓу овие робови има такви каква што беше онаа блудница; додека не се појави Ти, таа грешеше, му ги продаваше душата и телото на овој свет, се предаваше на разврат, но сѐ додека не Те виде и не Те запозна Тебе, Спасителот Кој ги љуби паднатите грешници. А откако Ти ѝ се јави, таа лежи до твоите нозе и со врели солзи моли од Тебе прошка. Господи! Погледни и на овие робови, и тие проливаат солзи на Твоите, за нас невидливи нозе, биди милостив, отвори ја Твојата сепростувачка уста и кажи им на сите: „Чеда мои, ви се простуваат гревовите поради вашата љубов кон Менеˮ.

Црквата ридаше, а бедната затвореничка лежеше како мтртва, без свест. Литургијата заврши. Затвореничката никако не можеше да се смири.

По три дена пак отидов кај неа. Таа ме сретна со солзи и ми рече дека додека го чита Евангелието, чувствува како нешто ја влече кон Бога пред Кого би сакала да се излие во солзи на покајанието.

По тоа ме пратија во робијашницата. Кога по еден месец се вратив, ја најдов многу снуждена. Мислела дека веќе нема да се вратам во Чита. Следната недела уште еднаш ја исповедав, а потоа ја причестив со Светите Тајни.

... Таа толку се радуваше, што потоа често ми зборуваше:

-Такво нешто не сум почувствувала во животот.

За време на мојата духовна беседа, од група на затвореници одеднаш слушам:

-Лесно ви е да ни морализирате така сити и облечени во бунди од ракун. Што не се обратите на затворската управа и да побарате подобро да нѐ храни?

Не се обѕрнав на тоа и ја продолжив проповедта. Кога завршив, слушам како затворениците го обиколиле тој несреќник и веќе мавтаат со тупаниците кон него.

-Пријатели, што правите? – извикнав.

-Како смееше да ве навреди, Баќушка?! – ми одговорија. – Сега ќе го научиме да му дојде паметта!

-Драги мои, ако нешто и ме навредил, тој од неодамна дојде во нашиот затвор, мене малку ме познава, а може би, во животот доаѓал во судир со свештеници.

-Поради нив и сум осуден на робија – со солзи одговори затвореникот, кој ме прекоруваше за време на беседата.

Му пријдов и пред сите го целивав и му се заблагодарив на отвореноста.

Кога ја видоа мојата постапка према оној, кој по нивно мислење, ме навредил, затворениците беа сосема разоружани против него, а мене ме сметаа за глупак. Осудениците отидоа во своите ќелии, а јас појдов дома. Тој затвореник ме заинтересира.

Утредента дојдов во затворот и сакав да го видам, но тој не дојде на моите духовно – морални беседи, а ниту таа ноќ на сеноќно бдение. По три недели, случајно го среќавам во затворскиот двор. Го запирам.

-Пријателе, како е, како живееш?

-Онака, добро – безволно одговори затвореникот.

-Би сакал со тебе искрено да поразговарам.

-Па и јас би сакал да поразговарам со вас , баќушка, но некако ми е незгодно.

Се договоривме да се најдеме во црквата. Осамна празничен ден, им отслужувам литургија, а потоа го повикувам тој затвореник во олтарот. Тој влезе и ние започнавме разговор.

-Кажи ми, пријателе, зошто си осуден.

Ах, баќушка, тешко ми е да зборувам за тоа – почна затвореникот. – Бев учител. Воспитан сум како православен христијанин. Од најрана возраст бев религиозен. Се заинтересирав за социјалистичката идеја и се запознав со некои германски социјалисти. Треба да се знае дека на денешниот социјализам му недостасува нешто суштинско. Во него ја нема, така да кажам, христијанската душа. Секогаш ме запрепастуваше тоа што современиот социјализам претендира да го замени христијанството. Делумно, тоа ме одваќаше од него. Знаете дека сите водачи и гласноговорници на социјализмот се лути противници на христијанството. Кога отпатував во Германија и живеев таму извесно време, се вратив со многу непријатно чувство во поглед на државното и црковното устројство. Во Страсната седмица на Великиот пост, отидов во црквата со желба, на Велики петок, да се исповедам и да се причестам со Светите Тајни. Кај нас имаше двајца свештеници. Му пријдов на протојерејот. Не сомневајќи се во ништо, започнав да се исповедам. Во текот на исповедта реков дека не верувам во светоста на Александар Невски, Светиот Владимир, принцот Димитрие и Борис и Глеб: последните паднале од острицата на мечот поради политички причини, а првите, својата светост не ја оправдале со својот живот.

-Да не се верува во нивната светост, тоа е врв на безбожништвото! – ми одговори протојерејот.

-Да, баќушка, не им верувам, а не им верувам уште и затоа што од нив доаѓаат војни и насилства.

-Тој ме разреши од моите гревови, на Велика сабота ме причести, а следниот ден, на основа на негова пријава, ме уапсија, ме осудија, ми го конфискуваа целиот имот и ме испратија на робија како политички затвореник. Знаете, баќушка, по судењето се одреков од Црквата и од целокупното христијанство.

Затвореникот заплака.

-Ми беше многу жал за христијанството; но, она христијанство во кое свештенослужителите преку исповед ги лишуваат покајниците од своите права и имот – него јас го преколнувам и не сакам за него ниту да мислам. Што е тоа? Во што ја претворија, свештенослужителите, Светата Тајна на Црквата Христова?! Зарем Христос ја востанови светата Тајна Покајание за со неа да ги штити царевите и кралевите и да ги предава на ужасни страдања и на затворски живот луѓето кои во оваа света Тајна сакаат за себе да најдат очистување од гревовите и помирување со Бога? Ах, Боже мој, страшно е тоа и да се помисли! Какво е тоа христијанство кое им служи на најлошите, најнечовечните насилници на овој свет и на нивните доушници? Повеќе не можам, мил мој баќушка, да одам во црква и да го слушам она: „Благочестив самодржецˮ, „светиот синодˮ, „христољубивата војскаˮ, „покори го под неговите нозе секој непријател и противникˮ и т.н. Повеќе би сакал, во олтарот да има пцовисано куче, отколку да ја слушам таа обоготворувачка подлост.

Затвореникот заќути. Му беше тешко. Потоа воздивна и започна пак да зборува:

-Јас себе си не се сметам за анархист. Нека постојат власт и управа, против тоа немам ништо, но зошто да се спушта Христос на ниво на беден слуга кој мора да ги опслужува тие насилници, крвопии, и тирани на човечкиот род. А на архиереите само дај им пари, одликувај ги со ордени, дај им власт и тогаш кажи им: христијанство, идеалистичко утопијо, прости им ги глупоста и незнаењето на галилејските рибари! Па сепак ме пече совеста оти се одреков од христијанството.

-Сине мој мил, не треба да се биде малодушен; имај трпеливост, сети се на Христа: Тој не го проколнуваше светот кој Го распна, туку се молеше за него. Кога ги проколнуваме луѓето, тоа е знак дека сме беспомошни и крајно слаби во однос кон другите. Христос би можел со самата своја Мисла да ги уништи, не само своите непријатели, ами и целиот свет да го претвори во потполно небитие. А што стана? Тој се молеше за своите непријатели, и на злото не му се спротивстави со зло. Ете во што е непобедливата сила!

-Да, го сфаќам јас тоа, но душата ми е цела смлитавена и унакажана, иако ја сфаќам својата кривица пред Христа.

-Освен тоа, пријателе мој, вие не страдате за своите политички уверувања, туку за својата верба во светата Тајна Покајание! Затоа пријателе, вие страдате за својата религиозна слобода, дарувана ви од самиот Христос.

-Зарем јас, посредно, страдам за Христа?

-Да пријателе, за Него страдате.

Затвореникот ја наведна главата и јас се израдував гледајќи како течат солзи од неговите очи и паѓаат долу.

-Некако ми е лесно и светло на душата; зарем е можно јас навистина да страдам за религијата?

-Да пријателе, ти за неа страдаш.

Пет дена по нашиот разговор, затвореникот сам ме сретна и ми го покажа писмото кое му го напишал на истиот тој протојереј – на својот непријател и чувар на државните интереси. Содржината на писмото беше високо морална. Во него, затвореникот, со најубедливи зборови му благодари на отецот протојереј за неговата љубов према затвореникот. Го прочитав писмото. Тоа беше вчудувачки силно. Затвореникот ми го предаде за да го испратам на означената адреса. Точно по една недела тој затвореник посака да се исповеда и да се причести со Светите Тајни. Потоа бев многу радосен кога го видов неговото лице како од ден на ден станува сѐ посветло и посветло. Повеќе не пропушташе ниедна беседа, ниедна проповед. На секој празник беше во црква.

Освен тоа, освен црквената, заедничка молитва, започна да практикува и лична молитва. Се сеќавам дека во текот на Великиот пост, три пати се причести. Почна да зборува многу малку. Му купив евангелие на руски јазик, а тој намногу ја читаше прошталната Христова проповед. Многу од затворениците почнаа да чувствуваат некакво особено уважение кон него. Еднаш ме сретна и ме запраша како јас го разбирам Толстој? Му одговорив дека кога светот така би го разбирал Светото Евангелие, би бил напола христијански.

Затвореникот се насмевна, и не возвраќајќи ми ништо, ми се поклони и замина на обедување.

Поради нешто, овој лик длабоко ми се врежа во паметењето. Го почитував и го сакав како роден брат.

Архимандрит Спиридон Киевски