Христос по руските робијашници (pdf)

 

Архимандрит Спиридон Киевски

ПО     ЗАТВОРИТЕ

Тој беше муслиман, а никогаш не се случи да отсуствува од духовно – поучна беседа, нити од црквена служба. Во црквата, на почетокот се молеше по свое, но потоа, постепено, премина на нашиот христијански начин на молење. Секогаш се молеше искрено и пламено. Еднаш посака да се види со мене и од душа, како што кажуваше, да поразговара со мене. Се викаше Али. Почна да зборува за тоа колку му се допаѓало кога во беседите би почнал да им кажувам дека освен ова наше земно, мизерно светче, постојат уште бескрајно мноштво на светови, со нивните Сонца, и тие светови се капат во бескрајно мноштво на нијанси и различни бои.

-Кога би било можно – им зборував – да се испрати таква експедиција која би преминувала од една планета на друга со брзината на светлината, и ако таа експедиција би патувала со брзината на светлината сто милиони години, таа, всушност, би тапкала во место, бидејќи пред неа би биле и илјади и илјади неоткриени делови на вселената! И ако сите тие светови би биле населени со разумни битија како нас, тие жители на бесконечните светови, не би можеле да имаат религија почиста и посовршена по светоста и по своето морално совршенство од христијанството.

Алија го заинтересираа моите зборови и ме праша:

-Ако христијанството е така возвишена вера во Христа, ако е најсвета и најсовршена во целата вселена, дали, кога ќе умреме, сите ќе веруваме по христијански? А каде тогаш ќе биде нашиот пророк Мухамед?

-Добар мој Али, и вашиот Мухамед ќе добие спрема своите дела. Бог, како Вистинит Отец на луѓето и Творец на вселената, сите ги сака, ги милува и за сите промислува и се грижи, сите ги раѓа, храни, одгледува, и на сите им возвраќа според делата.

-Баќушка, а нашиот мула вели дека само муслиманите ќе се спасат и по смртта ќе отидат кај Бога, а дека останатите – христијани, евреи, кинези – ќе отидат кај ѓаволот.

-Мил мој алија, дали си оженет?

-Да, имам три жени.

-Па речи ми, ако од сите три жени би имал деца и две или три деца би биле слепи, дали сите би ги сметал за свои деца, или не?

-Секако, сите се мои деца и јас, како татко, би ги сакал сите, а слепите уште повеќе.

-Така Али, и Бог сите нас, не отфрлајќи ниеден народ, нѐ сака со таква љубов, што нашата најсилна љубов, во споредба со Неговата, личи на парче мраз во однос на сонцето!

При овие зборови, Али, молитвено ги подигна рацете и принесувајќи ги кон лицето, полека прозбори:

Алах! Така ли учи христијанството?

- Да – му одговоорив.

- Чекајте, чекајте, баќушка, сакам уште нешто да ве прашам.Зошто вие христијаните не живеете подобар живот од нас? Ние не пиеме вотка, а кај вас и жените се пијаници. Ние сме поверни и попоштени од вас, а вие сите сте станале сурови, неверни, лажговци и измамници. Нашите жени не живеат така развратно како вашите. Кај вас сите, особено во градовите, имаат мажи, а одат кај други и грешат без грижа на совеста. Нашите мули не се опиваат, не пцујат мајка, а вашите попови, извинете, баќушка, се опиваат како свињи. Зошто вие живеете така? Зошто вие не жевеете по вашата христијанска вера?

Не можев ништо да му одговорам.

-Знаеш, Али, секој има своја волја и слобода, и секој живее онака како што сака.

-Не баќушка, така можат да живеат само ѕверовитте, животните и птиците. На човека, Бог треба да му е на првото место. – Јас мислам – продолжи муслиманот – дека Бог има повеќе волја и слобода, па Он не греши, знае дека е Бог. Така и христијанинот не треба да греши, знаејќи дека е христијанин. Баќушка, набави ми го вашето Евангелие на татарски или турски јазик, ако постои?

-Постои – одговорив.

Простувајќи се со муслиманот, отидов во градот, во библиското друштво купив Евангелие на татарски јазик, и истиот ден му го пратив по еден ученик на мисионерската школа.

По доаѓањето во затворот, пак организирав беседи со затворениците. Барам, мојот Али го нема. По два дена служам литургија, но мојот Али ни тука го нема. Се загрижив за него, но ништо не го прашав затворскиот чувар. Следната недела пак доаѓам во затворот и го поведувам Ивана, свештеник, по род бурјат. Погледнувам по храмот и пак не го гледам Алија. Дури по еден месец доаѓа Али кај мене во црква и се моли по муслимански. По завршувањето на службата, муслиманот ми приоѓа и ме прашува:

-Баќушка, може ли да се исповедам кај вас?

-Можеш – одговорив.

-Добро, сакам да се исповедам.

Затвореникот низ врели солзи ги кажуваше своите гревови. На крајот воздивна и рече:

-Мене Христовото учење многу ми се допаѓа. Веројатно наскоро ќе станам христијанин.

-Не, Али, драги мој, причекај со крштението; потруди се барем еден месец да живееш меѓу затворениците онака како што учи евангелието.

-Добро – одговори Али, ќе живеам така: нека ме грдат и пцујат, јас за нив ќе се молам, сѐ ќе им носам и однесувам, нема да се гневам, сите ќе ги сакам и ќе се смирам со моите затвореници. Еве има два месеци како сум се скарал со нив. Значи не треба сега да се крстам?

-Да, сочекај уште малку, мил Али.

Али излезе од црквата и си отиде во собата. Помина еден месец, два месеци, но Али го нема. Еднаш служам вечерна и гледам: Али стои во црквата. Заврши вечерната и Али ме чека:

-Баќушка, - замрморе Али – сакам пак да се исповедам.

-Во ред – му одговорив.

На таа исповед Али си ги исповеда сите гревови од самото детство. Кога заврши исповедта, Али стана и рече:

-Наскоро ќе бидам христијанин. Кога овој месец започнав да живеам по Евангелието, сета мака и сиот чемер исчезнаа, би сакал сите да ги сакам и на сите само добро да им правам.

По месец дена го крстив.

#

Тој затвореник беше извонредно личен и интелигентен човек. Неговата неволја – клептоманија:

- Не можам, - зборуваше затвореникот – не можам да живеам, а да не украдам нешто. Имаше денови во мојот живот кога, како дете, паѓав во очајание и долго плачев. Што да правам? Се обраќав кај многу лекари, и советите на мнозина се обидував да ги применам на себе, но залудно. И што да правам сега?

- Му се молите ли вие на Бога? – го прашав јас.

- Не, ете има повеќе од десет години како немам отидено во црква, се немам исповедано ниту причестено со Светите Тајни, а ниту некогаш, за тоа време, се имам помолено на Бога!

- Мил мој, замолете го управникот на затворот да Ви дозволи извесно време да бидете во самица, а јас секој ден ќе доаѓам кај Вас, па таму заедно ќе се молиме.

- Мене ми е некако непријатно, срам ми е да го молам управникот за тоа, бидејќи тој нема да ме разбере, па уште и ќе ме исмева.

- Зошто исмевање? Па затворот е по своето назначение поправна установа.

- Да, тоа е така, но...

Сфатив, дека лажен срам, како интелигентен човек, го спречува да му се обрати на управникот за одобрение да престојува во самица заради молитва. Му предложив друго решение:

-Добро, му кажав, тогаш вие, за време на богослужењето, дојдете во олтарот, застанете некаде во агол и принудете се на молитва.

Затвореникот се согласи. По три служби, тој пријде да се исповеда и да се причести со Светите Тајни. По пет дена, пак го здогледав во зтворот. Кога виде дека влегувам во црквата, тој појде по мене. Туку што влегов во олтарот и почнав да Го откривам Престолот, одеднаш, нешто се спростре пред моите нозе; и, го гледам младиот убавец како лежи и низ солзи ми благодари: од оној ден нему му станало полесно, исто како да му паднал камен од срце. Го прегрнав и го целивав. Толку ми беше мило за него. Кога стана, поцрвене во лицето, а солзите по тоа лице ги оставаа своите тенки траги. Ах, колку беше убав тогаш. Како да слетал некој ангел од небото. Така тогаш ми изгледаше.

Другиот затвореник беше руски секташ. За целото време на мојот престој во тој затвор, тој доаѓаше на моите духовно – морални беседи и не пропушти ниту една од моите црковни служби. Многу му се допаѓало кога на затворениците им зборував дека нивниот живот треба да биде во согласност со Евангелското учење. Се фатил за оваа моја мисла кога во проповедта сум кажал:

-Погледнете, сироти мои, како Христос, заради нашето спасение, им се потчинил на сите закони на човечкиот живот, освен на еден – законот на гревот, со цел, со тоа, колку што е можно појасно, да ја покаже Својата љубов кон нас. Ако Законодавецот привремено, во Својот живот на земјата, толку се понижил Себе си, така што Бог, овоплотувајќи се во нашата човечка природа и потчинувајќи ѝ се потполно – повторувам, освен во гревот – бил еден од најсиромашните човечки синови, не ли сме ние должни, гледајќи ја таа Негова безгранична љубов кон нас, заради таа љубов да се откажеме не само од родителите, жените, децата, богатствата на овој свет, туку и од сопствениот живот, да би биле со Христа? Сироти мои! Ве повикувам, своите жалости, своите страдања, своите маки да ги потопите во брановите на вашата љубов кон Христа. Заради Христос можно е човек да се одрекне од сѐ, дури и од самиот себе. Он е нашата утеха, нашето воскресение, во Него ние се наоѓаме самите себе си.

            Овие зборови го трогнале затвореникот-секташ и, тој ме замоли да дојдам кај него во самица. Кога стигнав, тој се израдува на мојата посета. Затвореникот-секташ ме замоли да седнам покрај него на подот на неговаат малечка ќелија. Јас седнав. Тој, од својот пренатрупан џеб извади свето Евангелие и отворувајќи го, го најде четвртото поглавие од Јована и ми укажа на 24-тиот стих. Јас го прочитав.

- Баќушка, заради Христа, објасни ми го. Што значи: „Бог е дух и оние, што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и со вистинаˮ. Што е тоа: „да се поклонуваат со дух и со вистинаˮ?

            - Сине мој мил, одговорив јас, тоа значи дека целиот живот на христијанинот кој верува треба да биде духовен, налик на животот на Христа Бога. Животот на христијанинот треба во толкава мера да биде целосен и богоподобен, што во него да не може да продре никаква измама, никаква лага, никаков привид, ни соблазна. Животот на христијанинот треба да биде животот на Синот Божји, по образ на Единородниот Божји Син Христос, Кој и е, во вистински смисол, Вистина. Кога тој божествен Христов живот ќе го овоплотиме во својот живот, тогаш сите ние ќе се клањаме во вистина, ќе се восовршуваме во восиновувањето на себеси во Бога. Нашата вистина е непрестајното восиновување на себеси во Бога.

            Додека тоа го зборував, погледнав на секташот, а на него крупни солзи, една по друга, паѓаат на страницата на Евангелието.

- Драги баќушка – низ солзи проговори секташот – зошто свештениците не ни го зборат тоа? Кога тие би нѐ учеле правилно да го сфаќаме светото Еваангелие, нашиот живот би се изменил. Многу пати ве слушав и многу пати останував восхитен од вашиот однос кон затворениците. Вие, баќушка, не правите разлика меѓу луѓето, дали е некој затвореник или управник на затвор – вие према сите се однесувате на ист начин. До солзи се радувам кога ќе видам дека вас ве слуша и со вас слободно разговара рус, бурјат, кинез, муслиман, расколник, православен, лутеранец, евреин, римокатолик – за вас сите тие се исти и вие према сите се однесувате како да ви се родени браќа. Тоа, ете и ме радува. А сега нешто ќе ве прашам, а вие одговорете ми.

- Добро – реков јас.

- Кажете ми, заради Христа, дали е грешно да се војува?

- Да, мислам дека е грешно.

- Дали е грешно да се судиш?

- Да, по Христовото учење, војна и судење не би требало да има во животот на христијанинот.

- А развод? – запраша затвореникот.

- Ниту развод, по учењето на Спасителот, не би требало да има во животот на христијанинот.

- А држави?

- За природен човек, не за христијанинот, таа е повеќе облик на друштвен живот; за христијанинот таа е сиров материјал, од кој Христовите ученици, со проповедта и со својот личен живот, треба, тука на земјата да створат материјал за Христовото Царство!

- Ете, баќушка – започна да зборува секташот-затвореник – јас од најраната младост Го барам Бога; гледам, набљудувам и никаде не Го гледам.

Јас му велам:

- Мил мој пријателе, ако Него Го нема во самиот тебе, тогаш никаде нема да Го најдеш. Него, пред сѐ, треба да го бараме во самите себе. Ако тука Го нема, тогаш треба во себе да се разруши стариот живот и да се започне таков во кој би бил присутен Бог. Бог е вон нас, но за Себе, знаењето ни го дава одвнатре, од нас самите. Друго познание на Бога нема.

- Колку е тоа добро. Значи, да се познае и да се знае Бога, можно е само тогаш кога се живее со Христовиот живот?

- Точно.

- Но, зошто, баќушка, речиси никој не го живее животот на Христос? Дали е навистина тешко, или е можеби речиси и невозможно да се живее таков живот? – запраша затвореникот.

- Нашиот живот треба во потполност да е проткаен со Христос, а за тоа, пред сѐ, е неопходно човекот доброволно и непоколебливо да реши да оди по Христа. Што и да ви прави светот, вие сте должни, еднаш за секогаш, без размислување и самосожалување, непоколебливо да го исполнувате Христовото учење. Ви се заканува ли, заради тоа учење затвор, робија, бесилка, смрт – тоа за вас се само минливи етапи. Синедриони, Ани, Пилати, Кајафи кои се распоредени насекаде и кои, стоејќи на стража на своите овоземни интереси ги прогонуваат Христовите ученици, не треба да бидат страв и трепет, ами причина да се радуваме и да Го прославиме нашиот Господ.

Затвореникот заплака:

- Да знаете, од вашите зборови, душа ми се исполни со радост. Затоа сега, баќушка, дозволете ми да бидам отворен со вас. Порано, јас бев православен, а потоа го напуштив православието. Живеев во своето гратче и бев, да не речам богат, но ете, добро ситуиран човек. Бев и ктитор при нашата црква, околу седум години. Во нашата црква имаше двајца свештеници, еден ѓекон и двајца псалти. Псалтите беа, рака на срце, трезвени луѓе и водеа благочестив живот. Постариот свештеник беше голем скржавец и многу ги сакаше парите. Другиот пиеше неумерено и, бидејќи беше вдовец, често се врткаше околу жените. А ѓаконот се фалеше и се правеше важен со својот глас и, особено пред богослужењето, испиваше по цело шише за секоја литургија. Речиси за секој празник, тие во црквата или зад црквата се караа, меѓусебно се препираа, а имаше случаи кога во куќата и се тепаа. Ѓаконот имаше големо семејство. Се случуваше, ѓаконицата да дојде кај нас и горко да плаче. Јас, безмалку ги хранев неговите деца. Им давав дрва, леб, сол и сѐ што им беше потребно. И што? Ѓаконот, на доброто ми врати со зло; а тоа зло свештениците ми го натоварија на вратот. Знаете ли, баќушка, што направија? Го наговорија ѓаконот да ме убие. И тоа зошто? Затоа што јас, божем нему му правам добро, а живеам со неговата жена. А знаете ли, баќушка, мојата жена беше толку убава, што јас немав ниту лоши помисли. Но ѓаконот така го нахушкаа против мене, што јас почнав да се плашам од него. Еднаш, ѓаконот се напил како земја и почна ноќе да ми тропа на прозорците. Излегов и го поттурнав, а тој некако незгодно се преврте и падна право во бунарот. Кога го извлекоа, веќе беше мртов. Мене ме осудија на осум години робија. А свештениците наместо да ме заштитат, сведочеа против мене. Тогаш се одреков од православната вера. Да продолжам со приказната?

- Продолжете – го замолив.

- Баќушка, морам да го кажам и тоа дека секташите се поревносни богобаратели. Тие сакаат сѐ да искусат низ личен опит, сакаат да го истражат и да го испитаат христијанскиот живот. Додуша, секташите немаат Евхаристија и свештенство, но, рака на срце, и поред Евхаристијата и законитото свештенство, православните, во поглед на религијата, живеат неспоредливо полошо од секташите. Во православието нема живот, нема движење напред. И колку секташите да се оддалечат од православната црква, тие не преминуваат во паганство, на ја напуштаат областа на христијанската религија. Но, затоа пак, православните одлутаа, и тоа речиси сите, или во некаков спиритизам, или во теозофија, или во груб научен материјализам. Христијанството толку им досадило, што во црквата веднаш се прозеваат кога ќе почне да се чита Евангелието, а за време на црквената проповед, сите излегуваат надвор. Ех, баќушка, на што и да погледне човек, не му преостанува ништо друго освен да слегне со рамењата. Ако некој самиот реши да бара спасение, ако реши да живее по учењето Христово, само таквиот и живее (по учењето Христово), а Православната Црква во тоа малку му помага, бидејќи живите примери исчезнаа. Ете, пред три години се откриени моштите на св. Серафим. Сите за тоа пишуваат, сите зборуваат, сите извикуваат:

- Ете, во Православната Црква, и само во Православната се јавуваат свети мошти! Ете, се јави Серафим Саровски [моштите на св. Серафим Саровски се откриени во 1903 год]!

- Сите благочестиви православни христијани се израдуваа на ова јавување и илјадници богомолци се упатија кај него во Саровската пустина. Тогаш јас сѐ уште бев на слобода и ете, сега се сетив колку пишуваа за неговите чуда, исцеленија и т.н. Но ниеден архиереј, ниеден проповедник, ниеден духовен писател не рече дека моштите на св. Серафим се открија, не затоа, да би ги лечиле нашите телесни немоќи и болести, туку за и ние - исто така да живееме, исто да Го сакаме Христа, исто да Му се молиме и да ги сакаме своите ближни и непријателите, како што живеел, Го сакал Христа и своите непријатели, светиот Серафим Саровски. Нити некој рече дека раката на овој светец не допира пари, тие несреќни пари. Нека моштите навистина се мошти, но зошто околу светињата да се отвара продавница и да се тргува со светињата!

Целиот свој живот тој светец го поминал во крајна сиромаштија, во пост, милосрдие и т.н. А кога умрел и лежел неколку години во земјата, веднаш станал извор на метеријално богатство, предмет на трговија од страна на свештенството, а на тоа место се подигаат велелепни зданија – манастири и разни гостоприемници кои по богатство можат да се мерат со царските палати. Може ли во тие дворци со крстови и камбани да се живее со живот духовен, отшелнички? Така е и во сето останато: и во вашата црковна служба и во вашата православна црква. Ете, така мене ми изгледа животот на современите православни верници.

И овде треба да признам дека затвореникот-секташ во многу нешта беше во право и, немав што да му приговорам. Поразговаравме, се жалостевме што чисто христијанство веќе нема на земјата, и, решив, заедно со него, да поработам на сопствениот живот и од широкиот пат да го приведам на тесниот, Христовиот пат. Колку и скептично да се однесуваше секташот кон православната црква, сепак посака кај мене да се исповеда и да се причести со Светите Тајни. Не еднаш, тој ми призна дека христијанинот не би требало да живее без оваа Света Тајна. Треба да се каже вистината, дека овој секташ беше еден од најискрено верувачките затвореници во целиот Читински затвор.

Работев многу со затворениците. Пред мене поминаа многу затвореници, а имав и повеќе среќа од другите затворенички свештеници, што овие затверени луѓе посебно ме сакаа. Треба да се каже и тоа дека ретко кој затвореник во потполност ја открива својата душа. Меѓутоа, мене затворениците ме сакаа и затоа ми ги откриваа своите тајни.

#

Свештеник, П.Г. Овој баќушка беше градски свештеник, а неговиот месен епископ го сакаше. Беше вдовец. Се школувал на мисионерските курсови во Казањ. Би се рекло дека како мисионер не бил особен, но како редовен свештеник бил прилично добар. Често водел литии, и често бил преместуван таму-ваму. Сакал да живее во раскош, бил многу гостопримлив и сакал по малку да се фали. Кога кочијашот би го одвел некаде во градот, секогаш наместо триесет копејки тој му давал по рубља или две; живеел секогаш кај евреи, никогаш кај руси, а наградите ги сакал повеќе од самиот себе.

За време на руско – јапонската војна му пристапил на некаков Црвен крст и таму работел како писар. Често го гледав кај некои членови на духовниот конзисториум, во болницата. Не беше со силен ум, но знаеше да се снајде: пофалуваше, се додворуваше, а ако требаше да се напие, и тоа го правеше. За време на револуцијата [се мисли на револуцијата од 1905 г.] секогаш се трудел да се прилагоди на околностите: денес е изразит десничар, утре, краен левичар, а задутре благочестив, аполитичен баќушка...

Епархиската управа го наименувала за секретар на епархиското сиротопиталиште. Кога ревизорите доаѓале кај него, тој добро би ги нагостил и, - проблеми нема.

Така поминале околу осум месеци. Еднаш претседателот на тоа сиротопиталиште случајно поминал покрај благајната и го сретнал благајникот. Овој му рекол дека Синодот им испратил пари, неколку илјади и дека тој, како благајник, тоа сигурно го знае. Претседателот го изненадиле и го збуниле овие зборови на благајникот, бидејќи тој, како претседател не знаел ништо за тоа.

-Што? – уплашено викнал благајникот - Па вие од мене веќе примивте неколку десетини илјади!

Претседателот го фатил ужас:

-А кој ги примил тие пари? – прашал тој.

Вашиот писар, со овластение добиено од вас.

-Господине благајниче, јас немам поим за што зборувате вие – престрашено порекнувал претседателот.

Благајникот го вовел во својот кабинет и му ги покажал сите овластувања за превземање на пари со негов потпис и со барања со кои тие пари се бараат, со потписи на сите членови на управата, и на самиот претседател. Кога претседателот сето тоа го видел и се уверил дека неговиот секретар ги фалсификувал документите, само офнал, и веднаш побрзал за тоа да го извести месниот епископ. Овој го известил државниот тужител, и отпочнал процес...

Кога го апселе овој баќушка, тој, дали од страв, или од желба со своето покајание да ја одоброволи судската администрација, му напишал покајничко писмо на тужителот, во кое, освен овој престап, открил и нешто ново: признал дека украл дванаесет илјади од болницата во која бил секретар.

Кога го ставиле во затвор, останатите затвореници дознале за неговата кривица и одлучиле да му напакостат. Слушнав дека врз него истуриле цел казан со помии. Осуден е на затвор во Јенисејската губернија.

Се испоставило дека тој се заљубил во некоја млада еврејка кај која станувал и со неа сакал да отпатува за Америка. Јас, од моја страна, не можам да го осудам. Сметам дека се заљубил затоа што останал вдовец и дека, како млад свештеник, би требало да го сожалиме. Млад свештеник, убав, здрав, зошто да не стапи во втор брак? Кој знае, можеби тој би станал најпримерниот баќушка? Да размислиме – кој меѓу нас е без грев, дури и меѓу оние кои живеат во монаштво? Ми беше жал за отец Петар.

#

Вања Бочаров беше прекрасен гимназијалец, имаше 17 години. Татко му исто така беше во затвор, но беше благочестив и побожен човек. Имал многу деца. Благодарејќи на својата необична способност во различни занаети, тој имал своја работилница во која вработувал работници. Неговата омилена дејност му бил златарскиот занает. А јунакот на нашата приказна е неговиот најмлад син, гимназијалецот Вања. Кога во 1905 год. избила револуцијата, таа се проширила и до источниот Сибир, каде веднаш, по речиси сите сибирски градови, како печурки, почнале да никнуваат С.Д. комитети, да се организираат демонстрации и политички митинзи и т.н. Вања беше многу чувствително, нервозно и по малку раздразливо момче.

Еднаш тој ме сретна и, позадравувајќи се со мене, ме праша:

-Оче Спиридоне, што мислите, дали би било добро да пристапам во револуционерна партија?

-Не знам мој Вања, но би те замолил да не го правиш тоа.

-Зошто?

-Па ете, едноставно чувствувам дека тоа нема да биде добро.

Често и долго разговарав со Вања во врска со тоа. Поминаа три месеци од нашиот последен разговор, кога, слушам дека тој Вања со пиштол пукал на началникот на полицијата на градот Чита и го убил на место. Кога војниците го гонеле, тој побегнал во работилницата на татко му и фрлил бомба на војниците. Шрапнел од таа бомба му ја разнел, мислам, левата рака на Вања. Неколку месеци лежел во болница, а кога се опоравил, го ставиле во затвор. Таму поминал извесно време, а судот во меѓувреме го осудил на смрт со бесење.

Рано наутро, во четири часот, го повикале таткото, мајката, сестрите и неговите мали браќа да се простат со него, а таму бил и јеромонахот о. Јаков од читинскиот архиерејски дом. Родителите на Вања горко плачеле, а тој целивајќи ги своите најблиски и простувајќи се од нив, рекол:

-Драги родители, браќа и сестри! Вие гледате дека не пуштив ниедна солза. Верувам дека од овој овоземен живот ќе преминеме во другиот. Ако на оној свет ми судат како на убиец, јас смело ќе се бранам и ќе докажувам дека го убив најголемиот од сите провокатори. Кој знае уште колку луѓе би отерал тој на робија, а вака, јас последен страдам од неговата рака. Јас го убив, тој мене ме беси, но затоа многумина се спасија од него. Ве молам не плачете.

О. Јаков му предложи да се исповеда и да се причести со Светите Тајни, но тој тоа одлучно го одбил и, погледнувајќи лутито на свештеникот, рекол:

-Не ремети ги моите последни свечени моменти.

Изговорувајќи го тоа, застанал на коклица, си ја ставил јамката на вратот, со нозете ја поттурнал коклицата, се свртел неколку пати час на едната, час на другата страна, и веќе во следните неколку минути се нашол на запрежната кола. Било строго забрането да му се служи опело, но сепак се нашол свештеник кој ноќе го опеал.

Архимандрит Спиридон Киевски