Христос по руските робијашници (pdf)

 

Архимандрит Спиридон Киевски

ПО ЗАТВОРИТЕ 

Во Њерчинскиот затвор беше еден затвореник кој заслужуваше особено внимание. Тој затвореник беше свет човек. Еве што ми раскажа:

            -Јас, баќушка, бев богат човек. Рано ги изгубив родителите и останав сам со сестра ми. Но, таа во четрнаесеттата година умре од дамчест тифус и јас останав наполно сам. По природа бев чувствителен на човечките страдања и не можев рамнодушно да гледам нечија неволја или солзи. Еднаш, се будам и слушам како тетка ми со некого разговара и малку-малку заплакува. Јас обрнувам внимание на приказната. До уши ми допира нечиј глас, кој исто така е прекинуван од плач. Тоа страшно ме заинтересира. По неколку минути замолчеа. Станав, се облеков, се измив, и дојдов кај тетка. Таа се поздрави со мене. Не издржав, туку ја прашав:

            - Тетко, а со кого вие и за што, пред малку разговаравте?

            -Знаеш, Вања, госпоѓицата со која сакаше да се запознаеш се удавила, и денес, рано утрото ја извлекле од градскиот рибник.

            -Како? Тето, што зборуваш? Тоа ли е онаа госпоѓица која сакаше да дојде кај мене? – ја прашав.

            -Да, - одговори тетка – баш таа.

            - Јас веднаш отидов на местото каде што ја извадиле од водата и ја положиле на земја. Навистина, таа сѐ уште лежеше таму, а во близината стоеше џандар. Се поздравив со него бидејќи се познававме. Несреќната девојка не можев ни да ја погледнам, ми беше многу жал за неа. А џандарот рече:

- Знаете, Иване Петровичу, сега во нејзиниот џеб најдов писменце во кое го проколнува целиот свет кој ја натерал, поради глад, да се фрли во рибникот; таа била проститутка, и колку што јас знам, скренала од патот пред околу една година.

Не издржав, солзите ми се собраа во грлото и заплакав. Ми беше многу жал. Решив, од тој ден да им помагам на тие несреќни луѓе. Одев по гостилници, им давав пари, други извлекував од тој жив песок, некои ги облекував, хранев, лечев... Наскоро ме запознаа, и, на десетици од нив нагрнаа кај мене дома. Бог ми е сведок, не се гнасев од нив, ми беше многу жал за нив. Девеесет и две од тие несреќни жени, со мал мираз, омажив, лекував околу тристотини од нив, хранев неколку десетици, и сето тоа со сопствени пари. Сакав, со свои пари, да соѕидам болница, прифатилиште и старечки дом за стари и болни, но, ме снајде беда. Ни ден денешен не знам кој го направи тоа. Знаете [затвореникот заплака], се враќав во десет навечер од театар, и одеднаш гледам на мојот кревет како, со распорена утроба, лежи една од тие несреќни жени. Толку бев ужаснат што не можев ни да се помрднам од местото. Полицијата не гледаше благонаклоно на таа моја љубов према тие несреќници. Многу од сопствениците на такви домови ѝ се радуваа на мојата несреќа. Ми судеа и, судот најде дека сум крив за тоа убиство. Осуден сум на дванаесет години робија. Знаете ли, драги мој баќушка, дека нема толку несреќни луѓе, а достојни за Божјо и човечко сожаление, како што се тие сироти жени. Ако и настрадав заради нив, Му благодарам на мојот Господ што настрадав баш заради нив. А на таа радост дојде нова радост – тетка ми го продала мојот имот, и сите пари ги потрошила на спасување на тие несреќници. Мил баќушка, тие скршени жени се најнесреќните човечки суштества и ним им е најпотребна дејствителна христијанска љубов. Јас сум повеќе од убеден дека тие се маченички-страдалнички и дека Христос ќе им прости пред другите. Знаете ли вие дека тие понекогаш гладуваат по неколку дена, дека немаат ни кошула, ни сукња, дека повеќето од нив се сиромашни, дека на улица ги истерала беда, или можеби макеа, и ете тие неволни за парче леб го продаваат своето тело и својата душа. Ако ги видите да бидат груби, зли, безобразни, да се тешки циници, тоа е затоа што тие на мажите гледаат како на свои тирани, како на крволочни ѕверови кои ги растргнуваат со своите страсти, баш како некои животни! Често мажите, откако ќе се задоволат, ги тепаат, им се потсмеваат и т.н. Но кога само би знаеле, колку меѓу нив има кротки, смирени и покорни на својата судбина, кои како некои сироти овцички одат на колење; и тоа такво колење, каде самиот нивен живот се претвара во тап нож и со тој тап нож животот понекогаш ги сече со десетини години. Ете, мил мој баќушка, што значи да се биде проститутка.

Затвореникот заврши со своето кажување. Молчам јас, молчи и тој. По неколку минути воздивнав и фрлив поглед кон него, кога – неговото лице светли со некоја внатрешна радост. Го целивав и му реков:

-Мил мој пријателе, носи го својот тежок крст до крај. Ќе дојде ден кога пред Праведниот Судија таа девојка ќе те оправда, и не само што ќе те оправда, туку на твојата светла глава ќе стави венец на негниежноста. Затвореникот ми се поклони и јас излегов од кај него со душа оптеретена со тешки, а сепак лесни впечатоци кои ми ги остави неговото кажување.

#

Кога почнав да ја вршам вечерната служба во затворот, ми пријде затвореникот-клисар и рече дека еден затвореник сака по службата да ме види. Што да одговорам? Му кажав дека се согласувам да го примам. Службата заврши, и гледам, тој затвоеник стои во црквата и ме чека. Го повикав во олтарот.

Затвореникот започна?

-Ете, баќушка, вчера ве слушав, а денес дојдов да ве замолам да ме исповедате. Јас сум лутеранец и сакам пред Бога да се покаам за сите мои гровови, ништо да не затаам пред Бога, за ниеден грев да не остане на мене.

-Добро, пријателе – одговорив јас – ете, доаѓај на црква уште овие четири дена, моли Му се на Господа Бога и потоа исповеди се кај мене.

-Јас сум лутеранец, но верувам во Христа и Него го сметам за Бог.

-Тоа е добро пријателе, верата во Христа е нашиот живот.

-Би ве замолил баќушка, со вас да зборувам сосема отворено.

-Повелете, ќе ми биде многу драго.

-Верата во Христа е, како што кажавте, нашиот живот; ако се пренесе тоа на практичната страна од нашиот живот, тој [животот] ќе го тврди сосем спротивното; тој ќе рече дека верата во Христа е смрт – ете зошто луѓето не живеат со тој живот. Ако би почнал светот да живее со Христовата вера, таков живот би го осудил нашиот сегашен живот со сите негови културни вредности, бидејќи во очите на нашиот живот, Христос е носител на смрт. Затоа воопшто не е чудно што во денешно време целиот свет го распнува Христа. Нема да зборувам за другите, ќе зборувам за себе. Припаѓав на средната класа, стекнав осредно образование – би се кажало ми остануваше само да Го прославувам Бога, но јас кренав по „широкиот патˮ. Иако се оженив и имав добра сопруга,почнав да живеам развратно. Во почетокот своите престапи ги криев од жена ми, подоцна веќе не можев да ги кријам, така што на крајот мојата жена дозна за нив. И не само што дозна, ами и ме затекна на место на престапот. Во почетокот се лутеше на мене и ме грдеше, а подоцна се помири со мене и со мојот развратен начин на живот. Но од оној ден кога ме затекна во прељуба, веќе не живееше со мене. Дојде до таму, баќушка, ми се згади од сѐ и почнав да ги мразам жените. Еден ден сретнав една познаничка и таа ми рече дека е бремена, и тоа од мене. Јас се запрепастив. Ете, помислив, сега ќе ми се закачи и ми нема спас! Четири дена подоцна, ја сретнав на брегот од реката и шетавме до два часот по полноќ. Тука пак паднав во грев со неа, а по тоа, толку ми омзрна, што ја турнав долу од гребенот. Утрото, слушам, сите зборуваат за тоа како некоја девојка се испокршила од карпите. Не стигнав ни чајот да го испијам, а полицијата веќе дојде по мене, работ Божји, и ме пикна во затвор. Во затворот одлежав два месеци, по што ми судеа и ме осудија на осум години робија. Ете што значи развратот! Сега кога размислувам за својот претходен живот, тој ми се чини како вистиска баруштина и просто не можам да верувам дека живеев така. Не можам да верувам дека, мојот живот беже најцрн кошмар. Зарем по својата природа нашиот живот е толку одвратен, особено мојот, што на човека му е срам и да се потсети на минатото?

-А дали, пријателе мој, забележувавте дека има некој контраст во самите ваши стремења? – го запрашав јас.

-Да, често – одговори затвореникот.

- Кога на идејната, на христијанската страна на вашите стремења, би им дале предност во однос на вообичаените, спротивни стремења, вашиот живот би имал одредена вредност – реков јас.

- Ете, баќушка, кога ме фрлија во окови, јас погледнав на себе и видов дека претходниот мој живот не само што за навек ме упропасти, ме одвои од жената и децата и ми ја одзеде слободата, ами и потполно ме обезличи – и, дури тогаш крикнав кон Бога! Дури тогаш сфатив дека животот без Бога е – чисто лудило, сопкање на пијаните, кошмар на болните, ловење магла, играње жмурки. Од тогаш започнав срдечно да се молам, да го читам светото Евангелие и, да знаете, од тој ден мојот живот стана пореален, многу позначаен од колку што беше порано. Ако даде Бог, одлучив, откако ќе ја издржам казната, да живеам по Христовото учење, спроведувајќи го во дело.

Така зборуваше затвореникот. Дојде денот на неговата исповед. Траеше околу половина час. О, колку ми беше мило да го набљудувам! Местото на кое клечеше беше влажно од врелите солзи. Неговото ридање го потресуваше целото негово битие. Пред него да лежеше неговиот покоен татко, или саканиот син, тој не би плакал така горко, несреќниот, како што плачеше за време на исповедта! Ми беше така светло на душата за него, се радував што заробениците, окованите во синџири, одат пред нас свештенослужителите и слободните мирјани, одат по патот на покајанието кон Христос, право меѓу Неговите свети. Во Царството Божје може и во окови слободно да се влезе и никој таму нема да каже: зошто ваму дошол престапник во окови? Никој таму нема да рече  дека си ти затвореник, дека си ти оној кој е лишен од сите граѓански права. Царството Божјо е отворено за сите, но во него се влегува со покајание, а не на основа на општествена или класна припадност. Кога го напуштав овој затвор, тој затвореник, низ прозорот на својаа ќелија, со поклон на главата, со солзи во очите, се простуваше од мене.

#

Со тој човек се запознав во следниве околности. Во еден дел од Њерчинскиот затвор избила побуна меѓу затворениците. Затворениците се поделиле во два табора и многу сурово се судриле. Бев одреден итно да отидам во тој затвор, во тој дел. Така и  направив. Затворот беше опколен со војници. Затворениците, поделени на две страни, стоеја во затворското двориште. Кога влегов во двориштето и им се обратив на затворениците, дел од нив, заобиколувајќи ме, со внимание почнаа да ја слушаат мојата проповед. Кога видов дека дојдоа во состојба на трогнатост, ја повикав и другата група затвореници, која беше непријателски расположена према првата, за и таа да ја послуша Божјата реч, та да го прекинат секое непријателство меѓу себе и да се помират. На тоа, водачот на втората група, Сахалинец, ми возврати со грозна руска пцовка и ми се закани со тупаница. Јас се симнав од местото од кое проповедав, појдов право кон него и со целата своја свештеничка одежда, припаднав кон неговите нозе, и така клечејќи пред него му реков:

-Сине мој мили! На колена клечам пред тебе и те молам, послушај ме, исполни ја мојата солзна молба, измени го својот живот, стани друг човек! О, кога во овој час би те видела твојата мила мајка, како клечам пред тебе на колена, и таа би паднала на колена; а ако е веќе умрена, таа, од страшна тага за твојата душа, неклку пати би се превртела во гробот!

Измолувајќи го така затвореникот, ја постигнав целта; тој ме подигна, и ние двајцата, следени од многумина кои стоеја покрај него, тргнавме кон местото од кое на сите почнав да им проповедам. По проповедта, истиот тој затвореник ми даде цврст затворенички збор дека веќе нема да биде водач во никаква побуна.

После сѐ, истата таа вечер, откако одржавме опело за неколку затвореници, отпочнавме сеноќно богослужење. За време на службата, проповедав уште двапати. По завршувањето на богослужењето затворениците посакаа да се исповедаат и утредента да се причестат со Светите Тајни. И овој затвореник го посака истото. Идниот ден, во девет часот наутро влегов во црквата, кога – види, го сретнав баш Сахалинец. Кога ме здогледа, ми пријде и ми прошепна:

            -Баќушка, јас не можам да се исповедам и да се причестам, срам ми е пред затворениците.

            -Роден мој, послушај ме денеска како што ме послуша вчера. Зошто го менуваш Христа за лажен страв? Послушај ме, радост моја, исповеди се и причести се.

            Тој го симна погледот и некако неволно одговори:

-Ќе ја исполнам вашата молба. Јас еве триесет и седум години се немам исповедано, уште од гимназиските денови, кога последен пат и се причестив.

Истиот час го поведов во олтарот и таму го исповедав. Неговата исповед навистина беше потресна!

Треба да се каже и тоа, дека тој затвореник стекнал вишо образование и дека првиот пат во затвор се нашол наполно невин. По три месеци излегол од таму така осуровен, што за него веќе ништо не било свето. Порано бил испратен на Сахалин заради убиство. По извесно време побегнал од таму. Седум или осум пати бегал од затвор, и сите тие бегства биле залиени со човечка крв. Не штедел ни стари, ни млади. Во многу затвори бил „Иван Грозниˮ, т. е. затворски цар. Нему беспоговорно му се покорувале сите затвореници во затворите во кои робувал. На Сахалин, со свои раце издавил многу затвореници, како муви. Сите се плашеле од него и го почитувале како свој неограничен владетел. Во еден сахалински затвор им изрекол смртна пресуда на шестмина затвореници, и тие во точно одреден час извршиле самоубиство.

Кога по него, со општа исповед исповедав уште неколку осуденици (кои синоќа не се појавија на исповед, а кои ги познавав од порано од многубројни исповеди) почнав да служам Света Литургија. По читањето на св. Евангелие одржав проповед за сепростувачката Христова љубов према грешниците кои се каат. По причеста, кога излегов со Чашата Господова, на дверите одржав десетминутна проповед. Почнав да ги причестувам затворениците. На ред дојде и тој Сахалинец. Ја отвори устата, и кога во неа ја ставив лажичката со Светите Дарови, тој наеднаш се занесе, очите му се исполнија со солзи и во тој час почна да се тресе. Само што се оддалечи од Чашата Христова и погледна на иконата на Спасителот, ги подигна во воздух своите џиновски раце и громко, за сите да чујат, извика:

-Христе! Христе! Зар ми прости? О, Боже! Зар мене, на таков страшен убиец и разбојник ми прости? Па јас сум како грчки сунгер натопен со човечка крв; јас убив околу стотина невини души. Колку пати пустошев цркви! О, Господи! И Ти ми прости? О, милосрден Господи! Јас ја силував својата мајка, сестра ми, децата, се предавав на скотолоштво! О, кој може со мене да се спореди по гревовите! И Ти, Господи, Ти ми прости?! Слушаш ли, Господи, па јас целиот свој живот хулев на Тебе, Те преколнував, а Ти, Христе, мене сѐ, баш сѐ ми прости? О, колкава е твојата љубов према мене, Господи! Нема да можам да ја поднесам, нема да го преживеам денешниот ден, ќе умрам, таа ќе ме убие!

При ваква невозможна сцена, не можев понатаму да причестувам, влегов во олтарот и таму, наслонувајќи ја главата на Светата Трпеза, горко заплакав. Затворениците почнаа така да плачат и ридаат, што ми се причини дека целиот храм се претвара во една неподнослива бука кој го раздираше секое срце. Таму стоеја и некои богомолници и неколку од нив паднаа во занес.

Службата заврши и во дворот зачув некакво чудно вртложење. Кога пријдов до прозорецот, имав и што да видам. Оној Сахалинец, на колена ползеше пред другите затвореници, молејќи ги да му простат за сѐ што им причинил. А околу него се собрало толкаво мноштво затвореници, што целото двориште изгледаше како некоја густа жива маса на луѓе, кои како ластовички околу своето гнездо се туркаа околу овој осуденик. Едни го целиваа, други, и самите заразени со неговото покајание, се каеја за своите гревови и го проколнуваа својот престапнички живот, а некои пак, ги подигаа своите очи кон небесата, молејќи Го Бога да им ги прости гревовите.

Додека обедував кај началникот на овој затвор, овој затвореник му се јави на началникот и го замоли за дозвола, извесно време да проведе во самица. Овој заточеник ми пишуваше многу писма, а во последното ми напиша дека, откако ќе ја издржи казната, ќе отиде во Валаамскиот манастир.

#

Мула. Овој мула, како што ми раскажуваше, бил испратен на робија поради некоја побуна во Терганската област. Чудесен е тој мула! Колку во него има добрина, духовност и невообичаена кротост. Ме сретна во робијашницата.

-Баќушка, би сакал да ви зборувам.

-Добро, драги мула, како можам да ви помогнам?

-Морам да си одам дома, има жена, има деца, има лозје, морам да си одам.

Додека го зборуваше тоа, мулата плачеше. Ми беше жал за него од длабочината на душата, особено кога видов како низ старечкото лице, украсено со седа брада, му се слеваат солзи.

-Јас – продолжи мулата – седум години робија. Во нашата Терганска област живеел. На Бога се молел мула. Наша побуна беше, мене осудија на робија.

Со него беше уште еден татарин и тој ми раскажа како и зошто е мулата осуден. Ми беше жал за мулата. Тој, навистина, со некоја внатрешна духовност ме привлекуваше, како со магнет, ме привлекуваше кон себе. Бев восхитен од него во длабочината на душата. Одлучив да го прашам, зошто е тој така симпатичен, добар.

Тој ми одговори:

-Утро молам Бога, ручек молам Бога, вечер молам Бога, ноќ молам Бога, така навикнал. Два пати, Алах мој видел!

Кажувајќи го тоа, мулата ги покри очите со дланките и заплака. Разбрав дека молитвата го направила така добар. Го бакнав. А кога мулата излезе од затвор и со читинскиот мула ме посети во Чита, го дочекав како роден татко, Бог ми е сведок, и ние се прегрнавме, проливајќи врели солзи. Доаѓаше тој неколку пати кај мене на посета. А кога се враќаше во својот дом, ми праќаше четири писма годишно, и со секое писмо, во пликото ставаше и фино свилено марамче. Во секое писмо ми благодареше и секој пат ме канеше да појдам кај него на гости. Ми пишуваше дури и во Камјењец – Падољски. Поминаа, еве, веќе три години, а од него немам никакви вести: најверојатно ја предал душата своја во рацете на „Алахˮ. Прекрасен мула. Неговото лице, неговото движење, неговиот поглед сведочеа дека тој навистина беше голем Божји молитвеник.  Се случуваше, кога доаѓаше во посета, двајцата само да се гледаме и заедно да плачеме. Неговото лице беше толку продуховено, што го упивав со поглед и сакав постојано без престанок да го гледам. Господ да не го лиши од својата богата милост. Тој мула беше втор Корнилие Капетан, само што тој беше војник, а овој – мула, муслимански свештеник.

#

Тој човек беше длабоко проникнат со чувството на сопствената гревовна кривица. Секој пат кога доаѓав во затворот, тој не зборуваше за ништо друго, освен за своите гревови. Страхуваше, неговите гревови да не го надминат Божјото милосрдие према него. Обелен, со бели влакна, по карактер беше како дете. Најверојатно, престојот во затворот го довел до оваа детинеста состојба на духот. Еве што ми раскажа:

-Знаете, баќушка, Бог ме казни заради мојот гаден развратен живот. Ах каков душегубник сум јас, баш душегубник! Со еден доктор полни дваесет и седум години вршев абортуси. Најпрво, ми беше страв од Бога и од сопствената совест да се бавам со таа работа, па често разговарав со жена ми со намера да го напуштам тоа занимање. Но мојата жена не беше русинка, ами покрстена еврејка и не сакаше ни да чуе за тоа. Кога и да ѝ спомнам нешто такво, таа започнува да зборува за децата, за нивното школување, за тоа како станот ни е мал, дека треба да си купиме куќа, како треба некаде во градот да отвориме дуќанче, па ќе почне да јадикува. А ти слушаш, слушаш, па ќе плукнеш и ќе продолжиш да го работиш истото што и до тогаш. За сите тие години бавење со таа работа, кај мене се собраа илјада и триесет, а кај докторот, илјада и двеста. Ете колку се трудевме ние во нашата работа.

Имаше и такви пациентки кои ни плаќаа петстотини и повеќе рубљи. Еднаш паднав во постела и за малку не умрев од стомачен тифус. Тогаш ми се пробуди совеста и почнав со солзи да го молам Бога да ме подигне и, ако оздравам, повеќе да не се бавам со таа работа. По три месеци оздравев и застанав на нозе. Но жена ми и докторот ме принудија пак да се зафатам со истото занимање. Еднаш, кај една богата жена вршевме шестмесечен абортус. Кога докторот го стави во „карлицатаˮ, јас целиот се наежив, ми беше жал за тоа живо детенце и ми потекоа солзи од очите. Подоцна, кога докторот и јас ја прекинавме таа срамна работа, не издржав, а да не го прашам:

-К.В., кажете ми, ве молам, зошто ме мачи совеста во врска со абортусите? Знаете ли колку дечиња испративме на оној свет.

Докторот грлено се насмеа кога го слушна од мене она што, по негово мислење, беше најобично суеверие.

-Прашајте ја вие својата жена и ќе видите дека таа ќе ви го рече истото што и јас. Вие сте, би се рекло,  образуван – продолжи докторот – а не сфаќате некои најосновни вистини. Земете само микроскоп и погледнете ја таа маса на сперматозоиди кои на илјади, и без нас, по самата природа, се исфрлуваат на слобода. Освен тоа, колку ти и самиот си исфрлил такви мали душички и дечиња? Што ја мешаш тука совеста? Човекот е грутка на материјални стихии кои се споиле и ја образувале оваа или онаа форма према своите составни елементи. Ете, тоа е сѐ.

Но, колку и да се трудеше докторот да ме увери дека вршењето на абортуси за добри пари е добро дело, јас во душата не му верував. Не му верував затоа што сите интелектуалци, а особено лекарите, потполно ја отфрлиле верата во Бога како Творец на природата. Поседев кај докторот два часа, па отидов кај една пациентка и потоа се вратив дома. Не стигнав ниту да влезам во станот, а жена ми беше толку бесна на мене што го зеде нокширот и го фрли на мене, пцуејќи ме на цел глас. Не издржав, туку земав шише и ја удрив со него право во слепоочницата. По десет минути издивна. Размислував, размислував и го убив и мојот петгодишен син. Мислев вака: мене ќе ме испратат на робија, мајка нема, ќе остане сам... и одлучив да го убијам. Мене, не знам зошто, ме осудија на само осумнаесет години робија. Знаете, баќушка, кога ќе легнам да спијам, пред очи ми излегува голема надолнина, налик на езеро, и нејзиното дно се подига нагоре, а тоа дно се – сѐ само деца. Некои се уште заметоци, други веќе имаат некој облик, трети се потполно вообличени... а меѓу нив се наоѓа мојата жена и мојот петгодишен син и, сите тие, своите јазици ги исплазуваат на мене и со своите рачиња ми се закануваат. Ах, каков кошмар ме следи по цела ноќ. Пропадна мојата душа, пропадна!

Затвореникот заплака. Го убедив да се исповеда и да се причести со Светите Тајни и што почесто да Му се моли на Бога. Шест месеци по тоа умре. Убеден сум дека Бог ќе го прими неговото покајание.

#

Тоа беше затвореник на средни години, со силна телесна градба. За време на исповедта на затворениците, слушам бука од синџири. Се вртам и гледам: стражарите стојат со еден затвореник. Уште не стигнав да прашам зошто стражарите со затвореникот дошле во црквата, кога слушам:

-Баќушка, ееј, баќушка! Сакам да се исповедам. Јас сум муслиман, сакам да ги кажам своите гревови – рече персијанецот.

-Добро, пријателе мој, ќе те исповедам.

-Ајде веднаш, срцето ме боли, тешко ми е – застенка затвореникот.

Го доведов до налоњот и сакав да го исповедам не ставајќи го епитрахилот на него. Но, тој го забележа тоа и рече:

-Префрли ја кецељата на мене.

Јас го ставив епитрахилот на него. Персијанецот падна на колена и почна така срдечно да се исповеда, што посакав пред смртта самиот да се исповедам, така како што тој се исповеда. Кога ја завршив исповедта, тој стана, го бакна крстот и светото Евангелие и рече:

-Сега ми е полесно на душата. Баќушка, вие утре или денес дојдете кај мене, јас во ќелијата сум сам.

Утедента навистина појдов кај него. Персијанецот ме замоли да седнам на столчето, а тој стоејќи почна да раскажува:

-Баќушка, јас многу пати го читав Коранот и вашето Евангелие. Нашиот Коран заповеда луѓето-неверници да се убиваат,а вашето Евангелие не заповеда да се убива народ со друга вера. Размислував и размислував и си реков дека сепак, Христос почесно и повеќе ги сака луѓето од нашиот пророк Мухамед. Мир му. Вака мислев: кога моите деца би живееле лошо, јас би се лутел, а ако по тоа би се поправиле, би ме засакале и би го правеле она што јас ќе им го кажам, јас би им простил и пак би ги сакал. Така зборува и Христос: нужно е да се покаеме и Бог ќе прости. Тогаш сфатив дека Евангелието е повистинито од Коранот. Сега му ги кажав сите свои гревови на Христос и Тој ме слушна, зар не?

-Да, одговорив, Он знае сѐ и слуша сѐ.

-Тоа за мене е уште подобро – рече муслиманот – нека знае дека му реков сѐ и сега верувам дека Он ќе ми прости. Самиот Он кажува дека е Син Божји; тоа е важно за мене, се исповедав пред Синот Божји. Веќе такво нешто нема да правам. На душата од тоа е многу тешко. Самиот на себе сакав да си го прережам грлото, толку ми беше тешко.

-Можеби би сакал да бидеш христијанин? – го прашав.

-Јас сум сега малку христијанин; ќе му се молам на Бога, па ќе видам: ако биде сѐ добро, ако на срцето ми биде светло, нема да се крстам, но ќе живеам по Христовото учење. А ако биде тешко, ќе се крстам. Се чудам, христијаните имаат таква вера, а живеат така нечисто... Нашата муслиманска вера е полоша, а муслиманите живеат многу почестито од вас. Кога сите персијанци би станале христијани! Тие тогаш не би живееле така како што живеете вие. Вие русите имате толку голем Бог, Христа, а живеете како да немате никаков Бог. Кај вас е пијанството, крадењето, луѓето ги тепаат, жените бегаат, мажите одат кај други жени, мали деца исфрлуваат на улица, децата не ги слушаат родителите, родителите ги колнат децата... Кај вас луѓето се молат малку, поповите се расправаат со селаните. Што е тоа? Тоа не се христијани! Зошто е тоа така? Слушнав, баќушка, дека скоро сите нехристијани ќе станат христијани, а христијаните, Христос ќе ги отфрли од себе. Дали е тоа вистина?

            -Не знам, пријателе мој – одговорив јас.

Откако се поздравив со него, отидов во мојата соба. Душата ми ја беше обзел некаков јад. Ете, и незнабошците нѐ прекоруваат дека не живееме христијански. Не е ли тоа самиот крај? Понатаму се нема каде. Размислуваш, размислуваш и ти иде некако тешко на душата. Во што всушност се претвори нашиот живот? По целата наша руска земја се посеани манастири, цркви, разни капели и параклиси; но ако погледнеш на нашиот живот, колку и да се оправдуваме, треба да се признае дека не само што не сме христијани, туку тоа никогаш и не сме биле и ниту знаеме што е христијанство! Но не треба сѐ уште да очајуваме, има време, и Христовата пченица ќе наиде на нивата на рускиот живот. Наполно сум уверен дека Бог ја сака Русија и дека нема да допушти таа да пропадне.

#

            Затвореник – крадец на светињи. Слушајќи го мојот повик на покајание, затворениците плачеа и кога ја завршив проповедта, еден затвореник стоеше неподвижно на своето место додека останатите затвореници ја напуштија црквата. Кога виде дека во црквата веќе нема никого освен мене и еден чувар, ми пријде, зеде благослов од мене и ме праша дали можам утре да одвојам малку време за него. Прифатив. Управникот на затворот беше хуман човек и му допушти да дојде во неговиот кабинет, каде што бев привремено сместен. Тој затвореник, во разговорот со мене се однесуваше многу отворено и слободно, и еве што ми раскажа:

-По вашите беседи и проповеди, во себе почувствував грижа на совеста. Некако совеста ми се разбранува. А сѐ до сега бев потполно спокоен. Знаете, баќушка – продолжи затвореникот – јас уште од младоста почнав да ги дебнам чудотворните икони, сакав да се збогатам на брзина. Со таа намера живеев како послушник во многу манастири. Живеев и во Киевската лавра, во Почаевската, во Одеса, на атонските подворја, во Курскиот манастир и во другите манастири, каде што се наоѓаа чудотворни икони. Неколку пати се обидов да ја украдам Курската чудотворна икона, два пати Казањската; во лаврите, тоа беше наполно невозможно, сакав во Киевската лавра да се вовлечам во ризницата каде што се чувани големи драгоцености. Знам дека таму се наоѓаат златните дарови на руските кнезови, но сето тоа беше тешко и неизводливо. Сметав дека не е големо зло да се украдат тие нешта. Всушност, каков грев е тоа? Тие драгоцености воопшто не му се потребни на Бога. Ако сакаш од своето богатство да одвоиш нешто за свето дело, тогаш подај го тоа на сиромашните кои се мачат за корка леб.  Тоа на Бога ќе му  биде поугодно, отколку со злато и со брилијанти да ги украсуваш омилените икони. И да ги запрашате, баќушка, зошто тие тоа го прават? Од тие скапоцени дарови, иконата нема да стане посвета и почудотворна, само со својот сјај ќе ги доведува богатите во заблуда, а сиримашните во искушение.

-Зошто мислите така?

-Па ете, богаташите, со своите богати прилози, сакаат да ја придобијат  Божјата Мајка, да ја задолжат со тоа, па таа, мислат, поради нивниот посебен однос према Неа во поглед на материјалните нешта, би била должна да им направи ова или она, бидејќи тие Нејзе ѝ давале скапи подароци. А сиромашните кои немаат ни корка леб да јадат, се соблазнуваат поради тие богати украси на иконите и, не само што  мислат, ами и на глас зборуваат: „Ама пушти ги тие чудотворни икони, тие се – Мајчички, со чисто злато и драги камења накитени. Тие нас сиромашните не нѐ знаат и не можат да ја разберат нашата горка судбинаˮ. Во ова се состои двојниот грев. Јас смислев дека е тоа идолопоклонство. Евангелието зборува дека треба да ја украсуваме душата, а не иконите.  Освен тоа, баќушка, во Русија ќе имаше многу малку чудотворни икони, кога со нивна помош нашите свештеници не би се богателе. Размислувајќи така, неколку пати решив да ги украдам тие скапи украси од иконите и дел од тоа богатство да го подарам на сиромашни.

Се насмевнав. Затвореникот сфати што помислив, па се исправи:

-Не би им дал само мал дел од тие драгоцености, ами, можеби, би им дал сѐ. Христовите апостоли немале никакви чудотворни икони, ниту богати храмови, туку на молитва се собирале во најобични собички. А кај нас – злато, сребро, скапоцен брокат, митри накитени со дијаманти и, мислат со тоа богатство и со тој раскош да Му угодат на Бога и да си отворат пат во Царството Небесно. Знаете, баќушка, од монах може да се украде сѐ, тие немаат личен имот; па тие се откажале од сѐ земско и не би тебало да имаат ништо свое. Еден светител дури и своето единствено Евангелие си го продал и парите што ги добил за него, му ги подарил на некој сиромав.

Затвореникот замолче.

            -Ех, гревови наши – простенка тој – Јас навистина сум грешник, голем грешник, но за тие икони не се сметам себеси за многу грешен. Можеби и затоа што не успеав да украдам ниту еден драг камен од нив. Што се однесува до други црквени предмети, како што се садови, црквени дискоси, од нив многу искрадов. Затоа и  ме осудија, што опљачкав два храма. Но тоа со храмовите не е ништо; да земев дијамантче од чудотворна икона, е тоа би било нешто. Но, сепак би сакал да се исповедам и да се причестам со Светите Тајни.

Се согласив со тоа. Треба да се каже вистината, дека со тој затвореник многу треба да се работи за неговото срце наполно да се приведе кон искрено покајание. Само, се чудам на тоа што затвореникот, некогашниот манастирски послушник, е некако слабо способен за поискрено покајание.

Со тој затвоеник се сретнав исто така во робијашницата.  Имаше шеесет и седум години. Тој веќе беше такаречи затвореник-слободен и се наоѓаше надвор од ќелиите. Затворот во кој се наоѓаше тој затвоеник го посетив во јуни и појдов да ги видам затвреничките земуници [подземни простории].  Така влегов и во земуницата во која живееше овој сирот. Тој, како и останатите, ме примија со голема љубов. Потоа излеговме од земуницата и седнавме недалеку од неа, на зелена трева , под отворено небо. Затвореникот почна да ми раскажува како живеел во Кора и како Разгиљџаев речиси го убил, пуштајќи ги на него ловечките пси. Ни пријдоа и други затвореници и затворенички, нивните соседки и жени, и седнаа околу нас. Најпрво го слушаа деденцето, а потоа по ред, секој затвореник и секоја затвореничка раскажаа по нешто од својот живот.

Деденцето кажуваше:

-Имав дваесет и пет години, уште не бев оженет. Отидовме на свадба и таму се напивме и се степавме. Јас не сакајќи го удрив својот сват по глава и на место го убив. За тоа ме испратија на Кора. До Кора, речиси целиот пат, околу година дена, одев окован. Многу малку се возев со коњска кола. Кога стигнав во затворот, во истото време стигна и новиот управник, Разгиљџаев. Тој беше ѕвер, а не човек. Јас бев неговиот кочијаш. Баќушка, јас му бев миленик, а знаете што: три пати ме бичуваше и еднаш ги насаска кучињата да ме растргнат [затвореникот заплака].

-Зошто постапуваше така со тебе? – го прашав јас.

-Еднаш не ги нахранив неговите кучиња во одреденото време, а вториот пат тргнав со него во Њерчинскиот завод, а не потковав еден коњ. Ете затоа. Се колнам во Бога – ја продолжи својата приказна затвореникот – неколку пати се договаравме да го убиеме и да го запалиме делот од зградата во која се наоѓаше тој. Погледајте, баќушка, што правеше со нас. Се случуваше да им нареди на затворениците да копаат ров. И само наредува: тие и тие затвореници живи да се закопаат во онаа јама. И го закопуваа нашиот брат [затворениците плачат]. Секој ден, тој нас или нѐ бесеше, или живи нѐ закопуваше, или ги пушташе на нас псите да нѐ растргнат. Знаете, баќушка, Коринските населби лежат на гробовите на несреќните затвореници кои ги уби тој човек-ѕвер. Му плативме на еден свештеник секој ден да му служи парастос, зашто некој ни рече дека, ако на жив човек му се служи парастос, тој не поживува долго. Се случуваше да ни нареди да завршиме некоја работа до толку и толку часот. Ако се случеше, макар и мал дел од таа работа да не се заврши на време, веднаш тие затвореници ги камшикуваа, и тоа толку сурово, што од шупата ги изнесуваа на раце, или веднаш ги закопуваа. Пробиваше тој еден пат низ шумата и, можете ли да замислите, цел тој пат беше залиен со крвта на затворениците и насипани со нивните коски. Тоа не беше човек, ами ѕвер, вистински ѕвер! Кора, тоа е местото каде што се само маченици. Воопшто не нѐ штедеше. Да речеме, некој од чуварите, или неговата домаќинка да му шепне на увото име на некој затвореник и, додека се свртиш, него веќе го тепаат, веќе кучиња го расттргнуваат, таму пак десет, дванаесет затвореници живи ги закопуваат во земјата, а таму пет или седум луѓе ги носат на носила. О, Боже! Каде се родил тој ѕвер, и кој го родил, како ли сиротата мајка земја го држала на овој свет! Тој погуби на десетини илјади наши браќа. Додуша, има меѓу нас такви кои треба да се казнуваат, но не и да се убиваат. А он, и тие што се криви и тие што не се, ги убиваше како инсекти. Знаете ли, баќушка, колку невини души има меѓу нас, а и тие пострадаа од неговата рака, исто како и оние, престапничките. Јас, баќушка, мислам дека Кора е – втор Киев. Во Киев се наоѓаат свети мошти, и на Кора почиваат мошти на невини затвореници – маченици.

Затвореникот заплака, а и другите плачеа со него. Поред мене седеше млад, строен затвореник. Бришејќи ги солзите, тој почна да зборува:

-Ете, за такви ѕверови нема закон. Ако затвореникот нешто погреши, веднаш го казнуваат, а ако некој управник сто и повеќе пати згреши, нему тогаш уште попокорно му се клањаат! Ех! Често се сетувам на Фјодор Кузмич, нешто читав за него. Ете, тој се одрекол од царскиот престол и тргнал од Таганрог со торба на рамето, како странец да врви по земјата. Кога сите, макар и на кратко, би живееле на тој начин, со сопствени очи би виделе како живее Русија, зошто поднесува толку маки, па не би нѐ казнувале така.

-Не – рече трет затвореник – не очекувајте, другари, ништо добро од овој живот. Кога земните власти Го распнаа Синот Божји, тогаш ние не треба да очекуваме, од овој свет, никакво сожалување. Светот лежи во зло. Мене ме сметаат за анархист, а јас воопшто не сум анархист. Јас целиот свој живот страдам затоа што сметам дека сите луѓе меѓу себе се рамноправни. А сега, баќушка, во нашиот живот го нема Христа. Јас, пред пет години започнав да го следам Евангелието и се чувствувам многу добро.

Жена:

-Но, Андреј, тешко е да се живее така како што живееш ти. Ти си сам, и сѐ што заработуваш, ни го даваш нам бедните, а ти имаш само една кошула и едни панталони. Но, на семејните луѓе им е невозможно да живеат така.

Друга осуденичка:

-Ама, би можело да се живее онака како што живее Андреј. Но, знаеме сите – потребно е потполно одрекување и љубов кон сите, а човек на сите страни гледа само неправда, и тоа каква неправда. Ете, доволно е да се погледа како живееме ние, затворениците. Еднаш бев во некој транзитен затвор и сите кажуваа дека управникот на тој затвор ги мачи затворениците со глад и дека на тој начин се збогатил. И тоа како се збогатил! Кажуваат дека во тој затвор бил седум години и дека за тоа време здиплил илјада и сто рубљи. Ете, да кажеме, види го него.

Андреј:

-Не, пријатели, ние не треба да ја бараме правдата надвор од себе. За нас постои само еден пат: сами да се потрудиме за таа правда и, кога ќе ја овоплотиме во својот живот, тогаш ќе ни биде добро.

Затворениците замолчеа.

Јас:

-Кажете ми, чеда мои, има ли светли моменти во вашите животи?

Деденцето:

-Многу малку. Некој чезнее за родниот крај и постојано мисли само на него, некој ја проколнува својата судбина и се гади самиот од себе; некој се врзал за жена и се грижи за своето семејство, така што ретко кој од нас се чувствува убаво.

Андреј:

-Баќушка, светли моменти во животот има оној чија совест е чиста. А чија совест не е чиста, тој во животот никогаш нема да има светли мигови.
            Млада:

-Јас во Русија имам синче и ќеркичка со својот законит маж, а и овде имам еден малечок, така што не ми е до светли моменти. Имам чемер во душата за нив, а и за овој ми е жал.

Василиј:

-Мојата жена и деца се во Русија, а и овде најдов една. Баш ми е до светли мисли! Понекогаш не ми е ни до животот: плачеш, плачеш, а потоа пак, сѐ едно и исто.

Јас:

-Кажи ми искрено: се молиш ли на Бога?

Деденцето:

-Да, баќушка, има меѓу нас такви кои се молат, има и такви кои сосема Го заборавија Бога, а има и такви кои на полна уста Го пцујат Бога, што е страшно и да се помисли. Ете, откако сте вие кај нас, тие малку помалку Го пцујат Бога.

Андреј:

-Мили баќушка, вие внесувате многу спасение и утеха во нашиот затворенички живот. Ете, пред четири дена сите бевме восхитени: овдека, во нашите земуници, двајца затвореници така се раскараа, што сите мислевме: вечерва меѓусебно ќе се исколат. Гледаме, еден од нив [порано, тој беше таков крвник, што во нашиот затвор ја обавуваше должноста на џелат] чука на вратата на оној другиот, а овој земал една железна шипка, му тргнал во пресрет и, токму да го удри, кога – раката му се спушта. Оној, крвникот, паднал на колена пред него и говори: баќушка ни нареди, на сите да им простуваме сѐ, и ете, пред зајдисонцето, јас ти простувам. Прости ми и ти мене. А ние со нашите жени се изнаплакавме до ситост, гледајќи го тој призор. Ете, баќушка, тоа е плодот на вашето учење. Затоа ве молиме – не оставјте нѐ нас несреќниците.

Приказната на Андреј ме потерсе. Најпосле станав и пред поаѓањето им заблагодарив за разговорот, а деденцето појде да ме испрати.

-Да, мил мој деденце, реков, ти си преживеал многу маки и неволји.

-Да, тој Разгиљџаев многу од нас испрати на оној свет, и тоа за ништо. Но тој заслужи само проклетство, ништо друго: Нема ниедна затвореничка песна во која затворениците не го проколнуваат.

Простувајќи се така со деденцето, јас отидов во своите одаи.

#

Тој затвореник беше Молдавец, човек свиреп и див, но на крајот се покаја. Беше на средни години, со низок раст, со широки рамења и стамен. Еве што ми раскажа за себе:

-Од најрана младост бегав од работа и сакав да безделничам. Неработењето ме научи да талкам по туѓи градини, лозја и пчеларници. Често одев на забави и речиси секој ден одев по крчми. Се случуваше, татко ми да почне да ме колне. Колне тој така, колне, а јас уште повеќе го предизвикувам, па на крајот да ги раскопчам панталоните и да му кажам: „Еве ти на, старче џукелче.. еве ти гаду! Нема уште долго да ме преколнуваш, ѓаволе старче, наскоро ќе те испратам на оној светˮ. Се случуваше да почне да ме грди, да ми се заканува со Бога, а јас за тоа време да викам и да Го пцујам Бога, и крстот, и причестата, а него сѐ во мајчината. Така си течеше животот со својот ток, а јас од ден на ден станував сѐ полош и полош, од развратен, поразвратен. Почнав да се оддавам и на скотолоштво. Почнав да крадам и да се опивам. Животот почна да ме фрла од еден порок во друг и тоа така што сам од себе си се згадив. Една ноќ си дојдов на себе и тргнав кај мојот свештеник да се исповедам пред него, и да го напуштам таквиот живот. Тргнав кон него со искрена намера да го направам тоа.

Меѓутоа, кога стигнав до неговата куќа, гледам дека баќушка го доведуваат од некаде мртов пијан. Кога го видов во таа состојба, само опцув, одмавнав со раката и отидов право во меана. Таму, од мака, почнав да пијам и пиев од вечерта до утрото. Таа ноќ ми беше многу жал за самиот себе: ете, сакав да се поправам. Појдов кај баќушка свесен дека го упропастив сопствениот живот и по целиот пат размислував: не, ова е лош живот, така повеќе не смеам да живеам,треба да се покаам, треба да се изменам и тоа од корен. Кога – се случи тоа нешто! Не, сега засекогаш пропаднав, душата ја погубив и ми нема враќање. Почнав да испивам една чаша по друга. Утрото едвај се дотетеравив до дома. Старецот, татко ми, нешто ми кажа, а јас го фатив за гуша и почнав да го давам. За пет минути, татко ми ја предаде душата на Бога. Јас се дадов во бег. Третиот ден стигнав во Кишињев. Таму останав три дена, а спиев во преноќишта за сироти. По советот на некој скитник, ја преминав границата и отидов во Австрија. Но, во Австрија не можев долго да живеам, ме спопадна некоја тага, и се вратив во Русија. Ме уапсија на околу пет километри до градот Сорак. Нормално, ми судеа и ме испратија на робија. Знаете, беќушка, овде ме намачија блудни желби. А кога сето тоа стивнува во мене и станувам наполно слободен од таа страшна бура, тогаш, како од некој вулкан, како лава, од мојата душа избива одвратно очајание, омраза према самиот себе, безнадежна желба да се ослободам од таа ужасна состојба на духот. Што да правам, страшно страдам и страшно се мачам.

-Радост моја, треба до таа мера себе да се замразите и толку да се смирите, што да се чувствувате како најголемиот грешник на светот. И тогаш, со такви самопонижувачки чувства да се покаете, и тоа така да се покаете, да не преќутите, нити прикриете, ниеден единствен грев. Ако тоа не помогне, еве кое е најбрзото и најрадикално средство: ако сакате во потполност да се ослободите од своите гревовни навики, неопходно е, за сите свои гревови јавно да се покаете пред сите затвореници. Тоа за вас ќе биде најрадикално и најсигурно средство.

Затвореникот се замисли, па рече:

-Тоа е тешко... тоа е невозможно.

-Друго радикално средство против закоравени гревови нема.

-Верувајте ми, баќушка, тоа е тешко.

-На земјата нема друг лек против такви навики. Тие можат да се искорнат од длабочините на човечката душа само со помошта на најдлабокото смирение пред Бога.

-Не, јас не го можам тоа.

-Ни јас не можам да ве натерам тоа да го направите, но морам да ви кажам дека не постои друг начин потполно да се ослободите од хроничното зло. Размислете, што ќе биде со вас потоа? Порано или подоцна, вие ќе морате да ја испиете до дното и последната капка на вашиот толку затруен живот.

-Јас тоа го сфаќам, но немам храброст да го разрешам тоа нешто.

-Тогаш, ајде вака: утре, само заради вас, лично заради вас, ќе направам општа исповед, а вие во тоа време, може да одлучите да го извршите тоа големо дело.

Следниот ден, пред почетокот на Литургијата направив општа исповед. Страшно ме погоди тоа што тој затвоеник не го видов на општата исповед, Почнав да ја служам Литургијата. За време на причасната одржав проповед. Забележав, кон крајот на проповедта, дека затворениците многу внимателно го слушаат словото Божјо.

Завршувајќи ја проповедта, им реков на затворениците да клекнат, а клекнав и јас, и тогаш молитвено, како и секогаш, ја довршив беседата со овие зборови:

-Христе, Царе наш! Погледни на овие несреќни осуденици, и во овој час на нивното пламено покајание, отвори им ги, Милосрден Господи, отвори им ги дверите на Својата сепростувачка љубов. Кој, Господи, од смртните е чист пред Тебе? Но Ти, Владетелу на небото и на земјата, Своето праведно правосудие со кое ги кориш душите и срцата на грешниците, замени го со пламенот на Твојата Света љубов спрема нив.

Уште не бев станал, а оној затвореник се појави на амвонот, и застанувајќи на него, почна јавно да се кае за своите гревови. Додека тој ги исповедаше своите гревови, сите затвореници плачеа. Кога тој ја заврши својата исповед, јас му се обратив со овие зборови:

-Сине мој, мил мој сине! Во оној момент кога се каеше, кога со своето јавно покајание ги потстрекна и другите затвореници да стапат на патот на покајанието, тогаш, Другарот и Спасителот на грешниците кои се каат, Христос, со Својата десница ги уништи сите твои гревови и беззаконија на хартијата на Неговото Божествено правосудие. Он, по дадената ми власт, ги става во мојата грешна уста оние зборови кои и Тој некогаш, во исклучителните мигови на Својот живот на земјата, Ги изговараше: Ти се простува мноштвото на твоите гревови, оти сега многу Го засака.

Затвореникот ридаше, а потоа, кога се смири, им пристапи на Светите Тајни.

Утредента ми кажа дека некако сосема се препородил. Во душата чувствувал голема радост и веселие и тој ден, вели, станал ден на ново појавување на светот, и тоа веќе не на оној свет кој до вчера го познавал, туку на некој друг свет, обновен и преобразен. Му благодарев на Христа затоа што е толку реално близок до грешниците.

#

Него го сметаа за политички затвореник, но за мене, тој ѝ припаѓаше на групата на „обичнитеˮ криминалци. Бил офицер во генерал-штабот. Ги продал плановите на варшавската тврдина на германскиот генерал-штаб. Еве што ми раскажа:

-Имам убава жена. Нема што, таа е добра и честита жена и добра сопруга. Додека бев момче, сакав да им се додворувам на жените, но не во онаа мерка како и другите. Кога се оженив, неколку години живеев со неа чесно и поштено. Но, кога по неколку месеци преминав во генерал-штабот, започнав да живеам на висока нога. И тука, по ѓаволите, почнаа да ме опседнуваат жени. Се сплеткав со една девојка. Таа беше од свештеничко семејство. Им удоволував на сите нејзини каприци и сите нејзини пожелби ги исполнував слепо и беспоговорно. Сите пари ги трошев на тој мил идол. Еднаш ми рече дека нема повеќе да ме сака ако одбијам било што да ѝ исполнам. Една вечер забележав дека почна многу студено да се однесува кон мене, а освен тоа, на вечерата, како никогаш до тогаш, на особен начин загледуваше еден млад поручник. Заради тоа цело време бев страшно лут. Најпосле ја наговорив да појде со мене во собата. Таму ја поминав ноќта со неа и ја убедив дека за неколку месеци ќе имам многу пари, и дека, нејверојатно, ќе побарам развод од жена ми за да се оженам со неа. Таа се согласи со тоа.

-А каде да најдам многу пари? Знам: Ќе им ги продадам на германците плановите на варшавската тврдина. И навистина, ги продадов за голема сума на пари. Треба да го кажам и тоа дека јас лично внесов нова шема во тие планови. Сакав, откривајќи ги новите утврдувања, за кои апсолутно никој не знаеше, уште повеќе да го заинтересирам германскиот генерал-штаб. Се запрепастив кога видов дека германците потполно, до најситните детали, се запознаени со нашите воени тајни. Морав полни два дена да го убедувам германскиот генерал-штаб дека се изградени две нови фортификации , кои пред тоа не постоеја. Тогаш тие ми го открија својот план на таа тврдина и почнаа да ми покажуваат каде се, какви се, колкави се утврдувањата, кога се изградени, кој ги градел, кога се вршени поправки... Зинав од чудо: германците подобро ги знаеја од нас сите наши воени тајни кои ние така строго ги чувавме.

Офицерот ја заврши својата приказна. По долга пауза, повторно проговори:

-Таа ме издаде. Ете што ти е жена. На жената ѝ се потребни три нешта: пари, незаситна машка похот и кинџурење. Тоа е нејзината среќа, нејзиниот Бог, нејзиниот живот. Кажуваат дека некаде под небото се наоѓаат ѓаволи. Можеби тоа е точно, но дека жената е ѓавол на земјата – тоа е вон од секое сомневање. Жените се ковачници во кои женските раце коваат окови за мажите. Така бидна и со мене. Колку пати бев во нејзините огнени прегратки, со какви само зборови ме уверуваше во својата љубов, колку само пати нејзините љубовни солзи го натопуваа моето лице, со какви бакнежи ми ја докажуваше својата верност и, на крајот, еве во што се претвори нејзината љубов према мене! Во ледени окови, во прогонство на робија, во неутешна осаменичка смрт.

Тука, поред него беше и неговата сопруга, со братучеда ѝ. Таа жена беше толку племенита кон него, што неколку пати патуваше во Петроград да би издејствувала нешто за него. Умре во Чита во 1916 година. Три пати го исповедував и го причествував со Светите Тајни. По неговата смрт, неговата племенита жена, Параскева Матвејевна, ја напушти Чита и отиде во Саратов.

Архимандрит Спиридон Киевски