Христос по руските робијашници (pdf)

 

Архимандрит Спиридон Киевски

Потписникот на овие редови се сеќава на првата средба со критиката на Набоков [Владимир Набоков, контроверзен руски писател, емигрант, од дваесттиот век], кон Достоевски. За познатиот американски писател со руско потекло, делата на Фјодор Михајлович се крајно нереалистички и претенциозни. Лишени од било каков опис на надворешните околности на животот на јунаците, сведени на „морален пејсажˮ, тие не би можеле да им се допаѓаат на љубителите на Лав Николаевич Толстој и на неговиот стил „пожив од живототˮ. Набоков истакна дека сите јунаци на Достоевски, сите по ред, се душевно болни и неприродни. Истовремено, тврдеше писателот на „Лолитаˮ, Фјодор Михајлович бил склон кон претенциозни, со ништо не оправдани сцени, каква што е сликата од „Злочин и казнаˮ, кога проститутката Соња Мармеладова, на убиецот Радион Раскољников му го чита евангелското четиво за Лазаревото воскресение.

Морам да признам дека аргументацијата на Набоков по малку ме поколеба. Навистина, да не претерува Достоевски? Такви сцени во животот сепак не се возможни.  Дали неговиот „реализам во виш смисолˮ е сепак нешто слично на папер-маше-то (лепило за хартија) на сентиментално-трогателните Ежен Сиј и Жорж Санд?

По читањето на архимандритот Спиридон се засрамив заради моите сомневања во Достоевски. Бидејќи, исповедникот на сибирските заробеници ни понуди живи луѓе, пофантастични од ликовите на писателот на „Браќа Карамазовиˮ: од расколникот-родоскрвник кој со силата на љубовта Божја се преобразува во човек на Небото, преку блудницата-трујачка која станува евангелска покајничка, до „Иван Грозниˮ кој со голи раце ги дави робијашите за да, по покајанието и Причестието, се реши на монашење. А светите луѓе? Смерниот крстоносец, со две туѓи убиства на грб, и покровител и заштитник на проститутките кој ги изведува на прав пат, како некогаш св. Виталиј [22-ри април]... Сето тоа сведочи дека Достоевски не измислил ништо – ни Зосим, ни Аљоша, ни Раскољников, ни Соња, ни Грушењка; никого, никого не измислил големиот писател на големиот Христов народ; кој на самото дно на човечките души можел да го здогледа неизвалканиот лик на првосоздадената чистота...

Кон светот на Достоевски, кај архимандритот Спиридон припаѓа и ликот на христијанинот-револуционер, кој по исповедта заработил робија; тука е и младиот атентатор кој, со изопачено религиозен жар, решува да умре без утехите на христијанството. Рајот и пеколот на руската душа, најслаткјиот рај и најстрашниот пекол (како што говореше отец Јустин), често взаемно се проникнуваат и испреплетуваат и, русите кон Бога одат по острицата на ножот.

Многумина од толкувачите на делото на Достоевски, неспремни сериозно да ги прифатат неговите христијански уверувања, тврдеа дека писателот зборувал за своето заточеништво, како за училиште на крсно-воскресно страдање, убедувајќи се себеси и другите во, за малку да кажеме, лага [кај нас оваа теза ја застапуваше Никола Милошевиќ]. Сепак, по читањето на спомените на исповедниците - сибирски робијаши гледаме дека и тоа е возможно – во тешки услови на затвор и прогонство, кога исчезнува сето надворешно и кога човекот ќе остане насамо со својата душа, Христос му е поблизок од било кога. „Зошто, и пеколот е твој, и [...]ˮ, говореше нашиот поет Момчило Настасијевиќ, и додаваше „Дното на душата е подлабоко од страдањетоˮ[„Молитваˮ]. Достоевски целиот живот го носел Евангелието кое му го подариле жените декабристи [единствената книга допуштена на казнениците]; секогаш кога му било тешко, ја отварал Речта Божја и барал одговор на своите недоумици. Таа Благовест, до него била и на смртната постела. Откако за последен пат се исповедал и се причестил, го повикал своето семејство, и на најстариот син му ја предал Книгата на животот, за да, не многу по тоа, заспие во Господа.

„Преширок е човекот, господо. Јас би го стеснил...ˮ, говореше, јадикувајќи на своето срце, Димитриј Карамазов. Преширок е човекот, страшен во своето лудило предизвикано од грев и, ангелски светол во својата свртеност кон Христос.

Архимандритот Спиридон ја почувствувал таа широчина, и ни ја ставил на увид, некаде дури и попотресно од Достоевски. Го гледавме живото срце на стварноста, дрхтечко и разголено, во него, како во срцето на светиот Игнатиј Богоносец, кого го растргнаа ѕверовите во Колосеумот, со залтни букви испишано: ИСУС ХРИСТОС.

Архимандрит Спиридон Киевски