Архимандрит Спиридон Киевски

Книгата на архимандритот е страшен суд над совеста на секој православен христијанин. Таа во најстрога форма го поставува прашањето за „достоинството на христијанството и недостојноста на христијанитеˮ [Берѓаев]. Кога човек ќе ја чита беседата на будистичкиот лама кој, знаејќи ја величината на христијанската вера, сепак одбива да ја прими поради оние кои конфесионално се православни, а живеат полошо од животните; кога ги чита зборовите на Али и на персијанецот, кои исто така укажуваат на длабочината на падот и пропаднатоста на православните верници; кога го стрела болниот поглед на Бурјатите кои формално се крстени, а се ненаучени на православната вера – му останува само да се сети на громогласните зборови на св Јован Златоустиот: „Кога ние би биле христијани како што треба, не би имало ниеден незнабожец [...]. Незнабошците судат за догмата, не по догмата, ами по делата на живототˮ.

Се прашуваме ли ти и јас, читателе, зошто толку малку луѓе Му се обраќаат на Христа, иако сега, повеќе од било кога, постојат можности да се чуе Речта Божја? Не вредат книгите, весниците, медиумите; не вредат приказните на учените и дипломираните; не вредат словата без Духот. На луѓето им е поребно живо, сострадално, човечно срце, срце кое умее да страда и да се радува заедно со оној кој му се обраќа. А тоа е, еее, сѐ помалку... Само фарисејски образишта наместо светите лица на покајаните и причестените слуги Божји...

Архимандритот Спиридон својата пастирска должност ја обавувал во тешки затворски услови, каде што престануваат да важат законите на секојдневниот живот на слобода. Нему робијашите му пристапувале прво како на љубечко Божјо битие, потоа како на свештеник на Православната Црква. Затоа од него совет и можност за исповед бараат и расколници, и лутерани, и муслимани. Почитувајќи ја нивната слобода, тој мнозина прима, но никого без негова волја. Никому отец Спиридон не му вели: „Премини во православието!ˮ Секому, пак, му кажува: „Љуби Го Бога и ближните така, како на светот да нема никој друг освен Бога и ближнитеˮ. А тоа е најдлабокото православно сфаќање. Тој никаде не барал форма, ами самата суштина. И тоа било сосема во склад со зборовите на св. Јован Златоуст: „И чуда да правиш, и мртви да воскреснуваш, и било што друго да правиш, никогаш незнабошците нема така да ти се восхитуваат, како кога ќе видат дека си милостив и кроток и дека имаш благо однесување. Ни тоа не е мал успех бидејќи многумина ќе се ослободат од злото. Та ништо не може толку силно да привлече како љубовта! [...]  Така, значи, и ние да постапуваме со незнабошците – снисходливо и со љубов, бидејќи, таа голема учителка е кадра и од заблуда да избави и обичаите да ги преобрази и да приведе кон христијанство и од камења – луѓе да направиˮ.

Архимандритот Спиридон од камења правел луѓе, со силата на Христа распнатиот и Воскреснатиот. Така многумина робијаши станале православни.

Меѓутоа, треба да се обрне внимание на моментот дека, непристапувањето кон Православието поради тоа што православните не се достојни садови на благодатта, не е нешто што може да се прифати. Благодатта Божја дејствува и преку глинени садови, слаби и немоќни луѓе и оној кој сака да се спаси, сигурно е дека спасението ќе го најде на Господовата Лаѓа, која е Црквата. Додуша, психолошки, ова непристапување може да се објасни; но, суштински Црквата не е само земна установа, туку, пред сѐ, е свештен простор на среќавање на Синот Божји со луѓето.

Можноста, православните да се критикуваат самите себе, и да ја изнесуваат вистината за своите слабости, исто така е голем доказ за благодатната сила која почива во луѓето кои се причестени со Христа. Како што Евангелието не го премолчува Петровото одрекување [а и покајанието], така и белешките на отец Спиридон не престануваат да го опоменуваат читателот  на опасноста од било каков површен однос кон спасението, како своето, така и на ближните.

Архимандрит Спиридон Киевски