Пораснав во новобелградскиот блок 33. Во нашиот крај имаше едно пасиште. Таму сега е храмот на св. Димитриj. Кога бевме деца често одевме таму да си играме, а понекогаш меѓусебните проблеми ги решававме со тепачка. Ни се допаѓаше во летните ноќи таму да запалиме логорски оган и да останеме долго, заедно околу него. Така еднаш седевме и зборувавме за тешки поими како што се убиства, злочини. Со нас беше и еден наш познаник од околината. Во еден момент, тој одеднаш стана и пред сите мене ми рече утредента да отидам кај него по некоја книга. Беше тоа комплетното дело на Фјодор Михајлович Достоевски. Тој познаник, за нивното читање не ми даде никаков рок, ниту ми постави услов. Не ми беше јасна неговата намера, но книгите ги однесов дома.

Едно време тие си стоеја и собираа прашина, а потоа почнав, една по една, да ги читам. Мислам дека тогаш имав околу петнаесет години. Понижени и навредени, Бели ноќи, Кротка, Записи од мртвиот дом, сето тоа ми беше досадно. Им реков на другарите дека е тоа преубав стил на пишување, но дека темите на тие книги не ме привлекоа. Сепак, по извесно време, продолжив да се дружам со делата на Достоевски: Записи од подземјето, Вечниот маж, Младич... И, една по една, вратите на дворецот на Достоевски почнаа да ми се отвараат.

Во тинејџерските години Коцкар остави силен впечаток на мене. Покрај Зли духови ја слушав, тогаш мојата омилена, психоделична рок музика. Кога како матурант ја запознавав Злочин и казна, имав потеба да самувам во прошетки покрај Сава и Дунав, и да размислувам. Веројатно, воопшто не е оригинално да кажам дека во многу идеи се соживеав со Раскољников. Но тој книжевен лик имаше многу повеќе одлучност од мене. Единствено, приказната за неговото покајание тогаш не ми беше наполно јасна и блиска. Дури и ме нервираше.

Како студент на книжевност морав низ сите овие, и другите дела на Достоевски, да минам уште еднаш. Чувството, секако, не беше исто, но тогаш го сфатив, да кажеме, Родиновото покајание. Тој збор најмногу ме преокупираше при читањето на Браќа Карамазови. Покајанија и преобразби на толку ликови во една книга, си мислев дека тоа е, сепак, претерано и нереално. Ми пречеше големата замрсеност, невтемеленост, па и нејаснотии – и тоа само во една книга. Имав впечаток дека Достоевски рафинирано, цинично го исмева разумот на своите читатели.

Тој став го задржав сѐ додека не се сретнав со некои книги од духовната литература, како што е текстот за отец Спиридон Киевски. Тоа четиво е неговата вистинска биографија и, тука нема ништо што не се случило. А кој бил архимандритот Спиридон Киевски?

                                                                             Растко