Старец Пајсиј Светогорец

Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог:„Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ. Затоа...не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам! И Јас ќе ви бидам Отец, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки“, вели Господ Седржителот. И така, имајќи вакви ветувања, да се очистиме од секаква скверност на телото и на духот, па да твориме дела свети и со страв Божји. (2. Кор. 6, 16-18 и 7, 1).

„Секојдневно треба да се грижите за очистување на вашата душа. Занимавајте се со духовни дела и изговарајте ја молитвата Исусова. Вашите мисли, желби и копнежи се онаму каде што е вашиот ум. Покорувањето на нашиот дух е од првенствено значење. Трудејќи се да придобиеме добродетел, мораме да бидеме смиреноумни и внимателни, за да го откриеме порокот кој ѝ е спротивен, а потоа да се молиме, Христос да нѐ ослободи од него. Не би требало многу да се грижиме за тоа како, кога и на кој начин нашето срце ќе биде во состојба да ја стекне таа добродетел“.

- „Отче, читајќи ги списите на Светите Отци, го откриваме следново: некои свештени велат дека молитвата е најзначајна, други, пак, зборуваат за послушноста и доброволната сиромаштија. Понекогаш е тешко да сфатиме што точно бара од нас Христос. Кога ќе помислиме дека сите тие добродетели треба да ги исполниме, истовремено паѓаме во очај, зашто невозможно е одеднаш да се бориме за секоја од нив. Но кога ќе сфатиме дека стекнувањето на тие добродетели е резултат на борба за секоја од нив, нашиот напор станува многу полесен. Можете ли да ми помогнете да сфатам што точно треба да сторам за да стапам на патот Христов?

Старецот ми рече:

- Очистувањето, божествената правда, смиреноумието, љубовта, послушноста, доброволната сиромаштија и сите останати добродетели, се една голема добродетел. Христос сака својата волја кон нашето јас да ја сведеме на нула. Доколку придобиеш некоја од тие добродетели, во неа ќе ги најдеме и сите останати; истото важи и за страстите, зашто една страст ги вклучува и сите останати. Очистувањето бара душата да биде очистена од нашата зла волја; божествена правда е оставање на нашата волја заради волјата Божја“; смиреноумие е понижување на својата волја и издигнување на волјата Божја; послушноста е да немаш своја волја и да се покоруваш на другите луѓе; молитвата е ослободување на умот од својата волја и желби и да се сосредоточиме на Бога. Гледаш ли, значи, која добродетел и да ја земете доведува до ист резултат: отфрлање и очистување на сопствената волја. Човек може духовно да расте и да има полза само ако успее својата волја да ја сведе на нула. Кога американците сакаат да испратат ракета во вселената, тие го прават истото: бројат од десет до нула. Штом ќе стигнат до нула ја истрелуваат ракетата и таа полетува нагоре. Истото важи и за нашата душа: кога нашата волја е сведена на нула и нашата душа е очистена, таа се вознесува кон Бога!

„Благодатта Христова се вселува во душата преку Светото Крштение; таа е дар кој е еден и ист за сите. Понекогаш мислиме, дека Бог на светителите им дава повеќе дарови, отколку на останатите, но тоа не е точно. Христос подеднакво ги сака сите свои деца, но тие немаат еднаква љубов кон Него. Кога човек чувствува благодарност и верува дека, по Светото Крштение, Божјата благодат пребива во него, тој ја смирува сопствената волја и се очистува за да ѝ дозволи (на благодатта) да се покаже. Кога Божјата благодат дејствува во некоја душа, тоа нѐ поттикнува да мислиме дека Господ го надарил тој човек повеќе отколку другите. Меѓутоа, вистината е, дека таа душа повеќе Го засакала Христа и со своето смиреноумие допуштила Бог да дејствува во неа и за неа.

Ние не сме ништо подолу од апостолите. Апостолите биле физички поблиску до Христа и Он им помогнал; но, и ние преку благодатта на Светото Крштение од најрано детство Го носиме Христа во својата душа.

Треба да ја ослободиме душата од страстите и да ѝ дозволиме на божествената благодат да пребива во нас. Колку повеќе се очистуваме, толку повеќе ѝ дозволуваме нa божествената благодат да дејствува во нас. Кога душата целосно ќе се очисти од сопствената волја и потполно ќе се смири, Тогаш таа ќе ја види благодатта Христова и исполнување на сите Негови ветувања“.

Бидејќи изразот „очистување на душата“ некако не ми беше познат, често го молев Старецот подетално да ми го објасни. Тој ми даваше да прочитам некои извадоци од Светото Писмо кои ќе ми помогнат да погледнам во себе и да ја видам гнасотијата на мојата душа, и така постепено да започне нејзиното очистување. Ова се дел од тие цитати:

2.Тим. 2, 20-21: Во голем дом има не само златни и сребрени садови, туку и дрвени, и земјани; и едните се за почесна употреба, а другите за нечиста. И така, ако некој ce очисти од тоа, тој ќе биде сад за почест, осветен, приспособен за употреба на господарот и приготвен за секое добро дело.

2.Кор. 7, 1: И така, возљубени, имајќи вакви ветувања, да се очистиме од секаква скверност на телото и на духот, па да твориме дела свети и со страв Божји.

2.Кор. 10, 3-5: Зашто, иако во тело одиме, телесно не се бориме. Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја е силно да разрушува тврдини; со него ние уништуваме мудрувања, и секое превознесување, што се крева против познавањето на Бога, и поробуваме секој разум, за да Му биде покорен на Христа.

Филип. 2, 59: Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос, Кој, иако беше во обличје Божјо, сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога; но Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето; и по вид се покажа како човек; Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст. Па затоа и Бог високо Го издигна и Му даде име, што е над секое име.

Мат. 5, 8: Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога.

Мат. 23, 26: Слепи фарисеју, очисти ја чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор.

Лука 11, 39: Ете, вие фарисеите ја миете чашата и чинијата однадвор, а пак внатрешноста ви е полна со грабеж и лукавство.

 Старец Пајсиј Светогорец