Старец Пајсиј Светогорец

Ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете во царството небесно (Мат. 5, 20).

Секогаш се прашував, како може некој да стане светител и која е таа карактеристика поради која Бог им ја дава Својата благодат.

Еден ден отидов кај старецот Пајсиј и го запрашав:

- Со што светителите се разликуваат од нас, и поради што ја примаат Божјата благодат?

- Нашите светители имале божествена правда, наместо човечка, ми одговори.

- А што е тоа божествена правда, запрашав повторно.

Ми објасни преку приказна:

- Замисли двајца луѓе како седат на маса и пред нив се наоѓа сад со десет праски. Доколку еден од нив лакомо изеде седум плодови, а на братот му остави само три, тогаш прави неправда. Наместо тоа, може да каже: „Овде има десет праски, а ние сме двајца, значи, дека на секого од нас му следуваат по пет праски“, а потоа ќе изеде пет праски оставајќи му пет на својот пријател, тогаш тој применува човечка правда. Па така ние често трчаме по судови барајќи ја човечката правда. Меѓутоа, ако човекот знае дека неговиот пријател многу сака праски, може да се преправа дека не му се допаѓаат, ќе изеде само една, велејќи: „Те молам, изеди ги сите праски, јас не ги сакам многу, ме боли стомакот од нив и не можам повеќе да јадам“. Таквиот човек cе раководи според божествената правда и повеќе сака, според човечки мерила, да биде оштетен, и за својата жртва ќе биде награден со Божјата благодат која изобилно ќе се излее врз него.

Ќе ти раскажам уште една приказна, за подобро да ме разбереш:

Замисли си, некој да ми рече: „Отче, морате да ја напуштите својата ќелија, зашто таа ми припаѓа мене. Излезете и отидете под чемпресот во дворот“. Јас, доколку се раководам според Божествената правда, со радост би прифатил, ќе му заблагодарам за предлогот па дури и ќе бидам задоволен што ми го понудил својот чемпрес; ако, пак, постапам според човечката правда, би ја одбил неговата понуда и ќе почнам да се расправам со него, а можеби би стигнале и до полиција и суд.

Вистинскиот христијанин никогаш не смее да суди или да дава некого на суд, или да изнесува обвиненија против своите ближни, дури и ако некој насила му ја одземе облеката. Во тоа е и разликата помеѓу оние луѓе кои веруваат во Христа и оние кои не веруваат. Верниците се придржуваат кон божествената, а неверниците, кон човечката правда.

Човечката правда е ништожна во споредба со божествената. Нашиот Господ прв ја применил Божествената правда. Не се правдал кога го обвинувале, ниту се бунел кога Го плукале, ниту, пак, се заканувал кога страдал. Он молкум и трпеливо сѐ поднесувал, не давајќи ни нај мал отпор, дозволувајќи им дури да му ја соблечат и облеката, и така Господ бил исмеан, зашто застанал гол во присуство на своите созданија. Нај важно е тоа, што Христос, не само што не барал помош од аспект на човечката правда туку, наместо тоа ги оправдувал своите мачители и Го молел Својот Отец да им опрости: „Отче, прости им, оти не знаат што прават“ (Лука 23, 34).

За жал, ние не го следиме пример на нашиот Господ, туку постојано се судиме со другите, на пример, за да ни ги вратат парите кои ни ги должат, а понекогаш дури и со камата.

Како последица од ова, нашата правда набргу се претвора во неправда.

Некои луѓе велат дека не треба да им дозволиме на други, па ни на христијани, да го присвојат нашиот имот, зашто нашето снисходење ќе ги наведе да вршат неправда. Тоа е бесмислено оправдување и со него само докажуваме дека своето материјално богатство го сакаме повеќе, отколку својата душа. Кога ќе ги запоставиме молитвата и духовните дела и, наместо тоа, почнеме да се судиме со луѓето кои ни направиле неправда, станува очигледно дека своето материјално богатство го сметаме за повредно од своето спасение. Ја презираме и евангелската заповед која вели: Секому, кој ти бара, подај; а од оној, што зема од тебе нешто, не сакај да ти врати (Лука 6, 30) доколку, согласно со зборовите на апостолот Павле, со радост не ја поднесуваме кражбата на нашиот имот, имајќи на ум, дека поднесување на тужба или враќање на имотот нема да го избрише гревот на лакомиот крадец?

Значи, за нас е подобро да ја поднесуваме грубоста на оние што нѐ жалостат и да се молиме за нив, така што, преку покајание да се ослободат од својата алчност. Не треба да бараме да ни биде вратено она што ни било одземено. Единственото нешто кое го бара Божјата правда e да го вратиме не посакуваното богатство, туку гладниот за богатство човек, ослободен од гревот преку покајание.

Кога некој еднаш ја применува човечката а другпат божествената правда, личи на човек што еднаш се поклонува на Бога, а другпат на идол.

Божествената правда е спротивна на човечкото право. Човечкото право означува еднаква мерка за сите, зашто никогаш не отстапува и секому му го дава она што му следува, бидејќи повеќе ѝ значат правилата отколку човекот. Меѓутоа, божествената правда, понекогаш отстапува од правилата и сочувствува кон сите, таа не ги казнува кои заслужуваат и изобилно ги наградува достојните за пофалба.

Значи, божествената правда и милосрдие се израз на Божјата љубов кон човечкиот род, додека човечката правда и суд се израз на повредената човечка волја. Човечката правда постои за да ги спречи злоделата на лошите луѓе. Како што сувото дрво не може да расте онаму каде што гори оган, така ни божествената правда не може да постои со непристрасноста. Човек кој има доверба во божествената правда, никогаш нема да биде онеправдан, кога кон него несправедливо се постапува, ниту ќе бара некоја своја правда; туку напротив, тој ќе ги прифати лажните обвиненија како вистински, не обидувајќи ce да ги убеди другите дека бил наклеветен, туку ќе побара прошка.

 Некои од нашите светители за себе велеле дека се невоздржливи, иако, се разбира, не биле такви, бидејќи се надевале на божествената правда и имале доверба во неа. Други претрпувале обвиненија за прељуба, грев што го мразеле, а тие ги прифаќале последиците од таквите обвиненија. Ги поднесувале, зашто цврсто верувале во божествената правда, која никогаш не греши, ниту заборава, туку на божествен начин, во вистинско време го оправдува човекот.

Правдата е како плута колку и да ја туркаме кон морското дно, таа секогаш ќе испливува на површината. Ете зошто треба во името на Христа со радост да поднесеме секаква неправда, извршена кон нас, и затоа Он секогаш нѐ повикува да го бараме Божјото царство и Божјата правда (Мат. 6, 33). Невозможно е да не бидеме оправдани кога во својот живот ја применуваме Божествената правда.

Еднаш, еден од поклониците ми го кажа следново:

Отче, постојано ги читам Псалмите и забележав дека Псалмите Давидови се однесуваат на две категории луѓе: праведници кои Бог ќе ги награди: „Праведникот процути како палма, ќе се издигне како кедар ливански (Псал. 91 , 12), „Зашто Господ е праведен, ја сака правдата“ (Псал. 10, 7), Зашто Господ го знае патот на праведниците (Псал. 1, 6), „Радувајте се, праведници, во Господа: на праведниците им прилега похвала“ (Псал. 32, 1), „Повикаа праведниците, и Господ ги услиши и ги спаси од сите маки нивни“ (Псал. 33, 18), „никогаш нема да се разниша; праведниот останува во вечен спомен. Од лоши гласови нема да се уплаши; срцето му е спремно, зашто се надева во Господа“ (Псал. 111, 6-7), „...Господ ги сака праведните... а патот на грешниците го разурнува“ (Псал. 145, 8-9), „Господ го испитува праведникот, а безбожникот, и оној што сака неправда, ја мрази душата своја“ (Псал. 10, 5) „Како што димот исчезнува, така да исчезнат; како што восокот се топи од оган, така да загинат грешниците од лицето Божјо. А праведниците да се развеселат, да се зарадуваат пред Бога и ќе го прославуваат во радоста“ (Псал. 67, 2-3).

Јас тоа лично го доживеав, рече гостинот и би сакал да ви раскажам нешто:

Потекнувам од сиромашно семејство. Мојот татко поседуваше малку земја која ја обработуваше за да преживееме. Еден ден татко ми ненадејно умре и останавме сами со мајка ми. Моите пет браќа решија да седнеме и да се договориме што ќе правиме со татковото наследство, зашто тој немаше време да напише тестамент. Почнаа да се расправаат околу тоа, кој ќе го наследи пајплодното парче земја.

Бидејќи бев најмлад и прилично срамежлив, седев во аголот и чекав да слушнам кој дел од земјата ќе ми го доделат. Откако секој од нив го зеде својот дел, мене ми дадоа песоклива и необработлива земја на пусто и ненаселено место. Им се заблагодарив, без да се жалам поради нивниот несправедлив однос кон мене.

По неколку години јас се оженив и поради финансиски причини одлучив заедно со жената да отидам во Германија. Со Божја помош, успеав да најдам работа, така што, мојата фамилија и јас живеевме сосема удобно. Во Германија останавме дваесет години. За сето време јас работев напорно и успеав да ја проширам работата. Потоа одлучивме да се вратиме во Грција и да продолжиме да ја работиме истата работа тука. Потполно заборавивме на она парче земја кое го наследив од татко ми, но очигледно Бог не го заборавил. За време на нашиот престој во Германија, во оваа „пуста и ненаселена“ област биле изградени многу хотели и туристички комплекси, поради што цената на земјата во тој крај беше многу зголемена. Бидејќи беше во тој дел и сите сопственици го бара тоа парче земја за огромни суми, одлучив да организирам аукција и неговата цена достигна неколку милиони драхми. Го продадов на оној што ми понуди најмногу пари. Откако заработивме доволно за удобен живот, јас и семејството сакаме еден дел од тие пари да ги подариме како милостина и затоа дојдов да ме посоветувате.

- Што работат вашите браќа? го прашав.

- Ја обработуваат земјата за да преживеат.

- Вие, првин, треба да им помогнете на своите браќа, за да немаат ништо против вас, а остатокот можете да го подарите кому сакате.

Божјата правда секогаш победува," продолжи отец Пајсиј. Таа, понекогаш, може да биде бавна, но сепак ќе се покаже во текот на човековиот живот. Господ вели дека нашата правда мора да биде поголема од фарисејската правда, зашто нивната единствена цел е човечката правда. Тие поради тоа биле вплеткани во судења, расправии, апсења и кавги; се обидувале да ги заштитат своите права, не простувајќи го крадењето на материјалните добра, ниту неправдата која им била направена. Меѓутоа, Христос, секого од нас го уверува дека, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете во царството небесно. Сте слушале дека им било речено на старите (во старо време, кога старозаветниот закон се обидувал човекот да го ослободи од неправда применувајќи ја човечката правда и на тој начин подготвувајќи го да ја прифати божествената правда: око за око, заб за заб - тоа, на пример, е човечка правда); Јас, пак, ви велам: да не се противите на злото. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот; А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и горната облека. И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две. На оној што бара од тебе, дај му, и не го одбивај оној што ти сака нешто на заем.  Оти, ако ги љубите оние што ве милуваат вас, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и митниците?... Но бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен (Мат. 5, 20-48).

Завршувајќи ја темата за божествената правда, отец Пајсиј рече:

Монахот во својот живот мора да ја применува божествената правда. Тој може на други да им допушти да му ја одземат ќелијата и сѐ што поседува, доколку тие сакаат тоа да го направат. Но, не верувам дека семеен човек може да ја примени божествената правда, зашто со тоа ќе ги вознемири останатите од семејството. Ако некој е монах, тој ќелијата може да ја препушти на други, додека самиот ќе скита наоколу единствено имајќи ја својата мантија; општо говорејќи, на монахот му е многу полесно да претрпи секаква неправда или лишување. Меѓутоа, кога од вас зависат и други, секогаш морате да ги земете предвид, за да не страдаат или да не бидат незадоволни.

На ден 19. јуни, односно на денот свети Пајсиј, старецот ме замоли да му се придружам во 1.30 пo полноќ и да отслужиме Божествена Литургија (Бевме присутни само ние двајцата; старецот не примаше никој друг, зашто не сакаше на неговиот именден да му се дава каква било посебна важност). Кога службата беше завршена, седнавме и се послуживме со слатки. Додека ме служеше со бонбони, зборуваше за божествената правда.

Рече, дека Бог не ги слуша нашите молитви, зашто не сме праведни и неправедно постапуваме кон ближните. Нашите сеноќни бденија ќе бидат залудни и Бог нема да нѐ слуша сѐ додека не се поправиме.

Секој од нас се грижи само за себе, а другите ги запоставува. Поради тоа, ни Бог нема да се грижи за нас. Ако ја придобиеме божествената правда, ние ќе се запоставиме себеси, а ќе Го засакаме Бога и ближниот; тогаш Бог ќе се потруди за нас и ќе сфатиме оти имаме сѐ.

Кога се борев во војната, непријателот непопустливо нѐ напаѓаше, па побарав засолниште во еден базен. По неколку минути, ми се обрати еден од војниците:

Арсениј, можам ли и јас со тебе да се сокријам во тој базен и јас сум во опасност.

Му реков да влезе. Меѓутоа, базенот беше премногу мал и не можеше да не заштити обајцата. Кога влезе, го зазеде сиот простор за да ги избегне куршумите и ме истурка надвор. Дојде уште еден војник, па и тој побара да влезе. Се согласив и излегов, така што, од сите страни бев изложен на куршуми. Ненадејно, еден куршум пролета толку близу што ми отсече перче коса но, за среќа, воопшто не ми ја повреди главата. Гледаш, кога не си во состојба да се сочуваш самиот себеси, тогаш Бог те пази.

Старец Пајсиј Светогорец