Старец Пајсиј Светогорец

Промислата е Божјата грижа за нас. Cѐ што е направено по Божја промисла, направено е на најдобар можен начин. Фактот дека Бог се грижи дека навистина многу се грижи, зa човечкиот род, можеме да го изведеме од следното логично размислување:

Бог е добар. Според тоа, Он се грижи и се труди за своите деца; во човековата природа, како и во природата на животните, е да се грижат за своите деца. Човек кој не покажува таква грижа се смета за зол. Бидејќи Бог е сезнаен, Он Својата промисла ја покажува нa најсовршен начин, во однос нa целокупната творба. Кога лично ќе ја почувствуваме и доживееме Божјата промисла, да се поклониме пред Неговата добрина. Ние мораме да Го прославуваме и без испитување да ги прифатиме сите дела на Неговата промисла, дури и кога ќе ни изгледаат неправедни и неразбирливи.

Отец Пajсиј ми го раскажа следниов настан:

Еднаш требаше да заминам од Света Гора и ми беа потребни околу илјада драхми за патните трошоци, а токму тогаш немав воопшто пари. На поштарот му бев рекол, секој чек, кој ќе биде испратен до мене, веднаш да му го врати на испраќачот. Додека се наоѓав во таква тешка ситуација, еден од монасите, заедно со поштата, ми донесе чек од 1.000 драхми. На местото каде што треба да стои адресата на испраќачот пишуваше ПАНТАНАСА (едно од имињата кои ѝ се припишуваат на Богородица, Царица на сите). Кога сфатив дека тоа е знак на Божјата промисла, заплакав и Му заблагодарив на Бога и на Неговата Мајка.

Многу нешта видов во животот и тоа е чудесно. Ако не се грижиш за себе, Бог нема да допушти ниту да помислиш дека нешто ти е потребно. Гледаш, овој чек ми го испратиле и пред да знам дека ми се погребни илјада драхми. Бог, нашиот добар Отец, промислува за сѐ што ни е потребно и уште пред да сфатиме и да се молиме за Неговата помош. Неговата промисла се грижи за сѐ. Меѓутоа, Он мора да види дека се надеваме на Него. Потоа старецот ги наведе Евангелските зборови: Па затоа не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме? Зашто сето тоа го бараат незнабошците, а вашиот Отец небесен знае дека за сето ова имате потреба. Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде... Вашиот Отец небесен знае од што имате потреба уште пред да сте Го помолиле (Мат. 6, 31-33 и 6, 8).

Наша должност и интерес треба да биде угодувањето на Бога и на ближните; не смееме да бидеме преокупирани од сопствените потреби, зашто Бог за нив ќе се погрижи. Постои премолчен духовен договор помеѓу Бога и човекот. Он ќе се грижи за нас, додека ние, од своја страна, ќе се трудиме да живееме според Неговата волја. Сите ваши грижи оставете ги на Него, зашто Он се грижи за вас (1. Петр. 5, 7).

Еден ден ме посети г-н И. Ф. од Германија. Тукушто го беше завршил проектот за изградба на рибник во Комотини (град во северна Грција) и побара од мене да се помолам, за да добие одобрение за таа работа од државата. Од љубопитност го прашав за размножувањето на рибите и нивното одгледување во рибникот. Ми одговори:

- Малите риби, отче, откако ќе се родат, во абдоменот имаат едно меурче, наречено лецитонова торбичка, во кое се наоѓаат сите неопходни витамини и состојки потребни за да преживеат во тие први, критични денови од животот. Кога меурчињата ќе се испразнат, абдоменот на рибата е веќе доволно развиен и таа може да зема храна од морето.

Бев многу трогнат кога го слушнав тоа. Неколку дена непрестајно Го прославував Бога и си мислев: Бог е толку добар што дури и за малите риби кои ги создал за наша исхрана, се грижи премудро, та да можат без грижи да растат. Жално е тоа што сме постојано загрижени и немаме доверба во Него за сѐ. Тоа е страшно! Бог детално се грижи и за Неговите најситни созданија. Колку, пак, тогаш се грижи за нас, создадени според Неговиот образ, поради кои и сето тоа го направил! Меѓутоа ние, бидејќи слепи, не сме во состојба да ја видиме Неговата промисла која го покрива секој аспект од нашиот живот“.

„Кога човек живее едноставен живот, смирено се гледа себеси и чувствува потреба од родителската десница на Бога, тогаш ги отфрла сите свои немири и грижи и има доверба во Него. Кога Бог ќе види дека таа душа му се доверува во сѐ, Он ја покрива со Неговата грижа и промисла и тогаш душата јасно ја гледа Божјата помош и се радува.

Бог сака нашите души да бидат едноставни, без многу помисли и големи знаења, да бидат како дете кое сѐ очекува од своите родители. Затоа Господ вели: Ако не станете како деца нема да влезете во Царството небесно. Мораме со голема простодушност да се молиме на Бога и да ја признаваме нашата немоќ и на тој начин ќе успееме да се ослободиме од своите грижи и немири; како што нашата сенка го следи нашето тело, така и Божјата милост ќе го следи нашето смиреноумие и вера“.

„Кога веруваме во Бога и имаме доверба во Неговата татковска промисла и грижа, ние не размислуваме за себе; напротив, знаеме дека Бог е свесен за сите наши потреби и ги надгледува нашите проблеми, од оние најмалите до најголемите. Единствено што треба да направиме е да допуштиме Божјата љубов и промисла да дејствуваат во нашите животи тогаш, кога Он тоа ќе го посака и на начин за кој Он мисли дека е најдобар за нас. Кога имаме таква вера и внатрешно расположение, ќе можеме да ги видиме чудата Божји, па и самиот Бог, Кој секогаш и во сите ситуации се наоѓа во наша близина. За да се случи тоа, мораме да ја отфрлиме секоја овоземска помош, и да не се надеваме на луѓе, туку со чисто срце, непоколебливо и со доверба да го препуштиме својот ум на Бога.„Само тогаш Божјата благодат ќе ни ја исполни душата“.

„Божјата промисла ќе се погрижи за сѐ во нашиот живот, само доколку отфрлиме сѐ друго и потполно и без расејување го прилепиме нашиот ум кон Неговата љубов. Тогаш Бог ќе ни служи преку Својата промисла (како што прави секогаш за Своите слуги) и ќе видиме дека ништо не ни недостасува, зашто Самиот Он рекол: „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“ (Мат. 6, 33).

Кога некој има за единствена цел во животот да го бара Божјото царство и да ја добие Божјата правда, тогаш Бог, Кој никогаш не e несправедлив и во Кого нема измама на нашата душа ќе ѝ даде се што ѝ треба.

Но некои имаат погрешна претстава за Божјата промисла: мислат дека ако се грижат за световни нешта и се приврзуваат кон нив, дека истовремено можат да очекуваат и помош од Бога. Божјата помош кон луѓето, коишто мислат така, би била деструктивна за нив, бидејќи би продолжила нивната приврзаност кон земните нешта. Бог им помага, со тоа што им допушта искушенија и тешкотии во нивните животи, за да ги натера да ги замразат световните нешта и целосно да ја насочат љубовта на срцето кон Него.

Бог се грижи за сите, и праведните и грешните: Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните (Мат. 5, 45). Но сепак постои разлика. Божјата промисла секогаш е очигледна во животите на побожните луѓе, додека во животите на грешните едвај се гледа, а понекогаш како воопшто и да ја нема. Бог понекогаш ги напушта грешните, за да им ги смири душите преку животни тешкотии и привременото и привидно „отсуство“ на Неговата промисла, и така да ја разбуди нивната вера и љубов кон Него.

Тоа е сосема точно, зашто човек кој верува во божествената правда, сака Бог да раководи со неговиот живот и да биде негов заштитник, додека, пак, оној човек, кој се надева на човечката правда, сака сам да се раководи во животот, врз основа на своите знаења, без да ја осознава својата немоќ, односно, дека не може ништо да направи без Бога. „Без Мене не можете да направите ништо“ (Јован 15, 5) и така, кога ни најмалото нешто не можете да го направите, зошто се грижите за друго? (Лука 12, 26). Така, тој со право ќе биде напуштен од Бога, та да може добро да ја разбере својата немоќ и со сето срце да побара помош од небесата“.

***

Старецот Пајсиј кажуваше и за следниот настан:

„Никогаш немав пари но еднаш ми затребаа илјада драхми. Додека го чистев дворот, погледот ми сопре врз шуплините на тулата што ја ставив под даската, за да можат моите посетители да седнат. Во една од тие шуплини забележав свиткана хартија и со помош на едно стапче ја извлеков оттаму. Ја одмотав оваа хартија и во неа најдов чек од илјада драхми, заедно со список од имиња за спомнување на божествената Литургија.

Бев длабоко потресен од две причини: како прво, бев восхитен од начинот на кој Божјата промисла се погрижи за моите потреби и пред да бидам свесен за нив, и второ, ме восхити верата на еден од посетителите кој оставил свиткана хартија во шуплините па тулата, верувајќи дека некако ќе ја пронајдам (мора да знаел дека никогаш не примам пари, на пронашол свој начин да ми ги подари)“.

„Понекогаш ми се случува одеднаш да ми се појави некоја мисла, на пример, да помислам дека нема да имам доволно вино за причест, но веднаш ја отрфлам од умот. Треба да истакнам дека уште во истиот тој ден или утредента ќе се случи некој да ми донесе вино за причест. Уште позачудувачки е фактот што личноста, која ќе го донесе вино, обично доаѓа оддалеку, од островот Крит или од јужна Грција, така што, виното било купено многу порано, уште пред да сфатам дека би можело да ми недостига.

Па така, јас гледам дека Бог се грижи за сѐ уште пред да помислиме дека ни треба и да Му се обратиме за помош: зашто вашиот Отец небесен знае дека за сето ова имате потреба... И така, немојте да се грижите за утре (Мат. 6, 32-34)“.

„Мораме целосно да се потпреме на Божјата промисла зашто тоа е единствениот начин да се ослободиме од секој страв и грижа, и од секоја злоба. Зошто човекот да се грижи кога чувствува дека Бог се грижи за сѐ?

За да може да се довери на Божјата промисла, човекот треба да се ослободи од приврзаноста кон земските нешта и од секоја животна грижа и да очекува Бог да се погрижи за него. На пример, ако човек штеди пари за да има со што да преживее во „црни денови“, или за сите свои потреби, тогаш тој се потпира на себеси и на парите, но не и на Бога. Тој, првин, треба да ја надмине својата приврзаност кон парите и надежда во нив и сета своја надеж да ја положи во Бога, зашто не може да се мешаат и двете нешта. Не велам дека човек не треба да ги троши своите пари, но сметам дека не е добро да се потпира само на нив и да им го предава своето срце“.

Сакајќи со пример да ни покаже како Бог се грижи за своите созданија, иако ние честопати не Го сакаме, па дури и се гневиме па Него, старецот Пајсиј ни го раскажа следниов настан:

„Еден подвижник, гледајќи ги неправдите во светот, се молел Бог да му открие зошто благочестиви и верни луѓе се често сиромашни и неправедно страдаат, додека грешните и неправедните се богати и задоволни. Додека се молел на Бога да му ја открие оваа тајна, слушнал глас кој му рекол:

Немој да бараш да го сфатиш она што твојот ум и знаење не можат да го опфатат и немој да ги испитуваш тајните Божји, зашто Неговите судови се бездна. Но сепак, ако сакаш да дознаеш нешто, оди во светот и внимателно набљудувај што се случува и ќе ти биде дадено да разбереш еден дел од Божјите судови. Тогаш ќе дознаеш дека Божјата промисла која раководи со животот е неиспитлива и недостижна.

Кога подвижникот го чул сето ова, отишол во светот. Откако пешачел извесно време, стигнал до една ливада. Тука се наоѓала една чешма, покрај едно старо издлабено дрво. Се сокрил во таа вдлабнатина и почнал да ги набљудува луѓето кои поминувале покрај ливадата. По извесно време, поминал еден богаташ јавајќи на коњ. Седнал на ливадата за да се напие вода и да се одмори, па од џебот го извадил торбето, во кое имало 100 златници и почнал да ги брои. Кога завршил, наместо да го врати во џебот, торбето го оставил на тревата. Откако се најал и се одморил, се качил на коњот и заминал, не забележувајќи дека торбето му останало во тревата.

По извесно време, се појавил уште еден минувач. Застанал покрај чешмата и кога го видел торбето со златниците, го грабнал и потрчал низ полето. По неколку минути, се појавил еден сиромав. Бидејќи бил уморен, се напил малку вода и седнал да касне едно парче леб. Додека јадел сиромавиот, се вратил богаташот сиот гневен за да го побара своето торбе, го погледнал сурово и се фрлил врз него барајќи да му го врати торбето. Сиромавиот, пак, кој ништо не знаел ниту за торбето ниту за златниците, го убедувал и се колнел дека ништо не видел, но богаташот почнал да го тепа и нај после го убил. Тогаш богаташот почнал да ја пребарува неговата облека но, откако не нашол ништо станал многу огорчен.

Старецот, кој седел во вдлабнатината и набљудувал што се случува, бил натажен заради несправедливата смрт на сиромашниот и со солзи се молел на Бога:

- Господи, што значи оваа Твоја волја? Кажи ми, како може Твојата добрина Да поднесе толкава неправда? Еден човек ги губи парите, втор ги наоѓа, а трет поради тоа неправедно е убиен!

Додека се модел и липал, пред него се појавил ангел Господов и му рекол:

Немој да жалиш поради злосторството и немој да мислиш дека ова не се случило по Божја волја. Имај на ум, дека сѐ што се случува е затоа што Бог така допушта, за да ги поучи луѓето или, пак, поради нивна полза. А сега слушај: човекот кој ги изгуби парите е сосед на оној што ги најде. Овој вториот имал имот вреден сто златници а богаташот, инаку многу алчен, го присилил да му го продаде имотот за само педесет златници. Чувствувајќи се беспомошно, сиромавиот се молел на Бога да му врати справедливо, и Бог двојно му вратил. Другиот човек, оној сиромавиот, кој неправедно беше убиен, некогаш и самиот извршил убиство, но искрено се покајал и остатокот од животот го поминал живеејќи според Божјата волја. Постојано се молел на Бога да му прости и велел: „Боже, дозволи ми да умрам со иста смрт како што и јас сум убил друг“. Се разбира, нашиот Бог му простил веднаш откако се покајал. Освен тоа, Он бил трогнат од побожноста и чувствителноста на овој човек, кој не само што се трудел да живее според Неговите заповеди, туку сакал и да плати за својот грев. Така Бог му ја исполнил неговата желба и допуштил да умре со насилна смрт како што и самиот барал а потоа го зел на небото, давајќи му венец на слава, поради неговото длабоко и искрено покајание.

Третиот човек, оној алчен богаташ што ги изгубил златниците и извршил убиство, ќе отишол во пеколот поради своите два грева лакомост и скржавост. Но, Бог допуштил да изврши убиство зa да може да доживее болка која на крајот ќе го доведе до покајание. Па така, извршеното убиство станало причина тој да го напушти светот и да се замонаши.

Значи, каде и во какви околности гледаш дека Бог бил неправеден, немилосрден и суров? Не треба да ги испитуваш Божјите судови, зашто само тие се секогаш правилни и познати Му се само Нему. Додека, пак, ние судиме неправилно и Божјите судови ни се чинат несправедливи. Треба да знаеш, дека многу нешта се случуваат по Божја волја и од причини кои не ни се познати. Ете зошто треба да кажеме: Праведен си Ти, Господи, и праведни се Твоите пресуди (Псал. 118, 137).

Отец Пајсиј ни го раскажа и следниов настан:

- Додека бев млад и се уште живеев во манастир, отците ме испратија да се обидам да убедам еден стар монах да дојде во манастир, којшто живееше во блиската ќелија за да се грижиме за него. Отидов кај него и му реков:

- Отче, сигурно ти е многу тешко да се грижиш сам за себе. Зошто не дојдеш во манастирот? Ние ќе се грижиме за тебе.

Ми одговори:

- Отче, Бог се грижи и за малите црви и им дава храна за да преживеат. Та, нема ли да се погрижи за мене, големиот стар црв?

***

Поклониците, кои доаѓаа кај старецот Пajсиј, секогаш му носеа храна. На почетокот тој одбиваше да ги прими сите тие дарови и им велеше да си ги земат назад. Луѓето се чувствува несреќни и си мислеа дека отецот Пајсиј не ги прима нивните подароци поради нивната грешност. Па затоа, на некој начин се чувствуваше должен да ги прими, а кога ќе си заминеа поклониците им ги даваше подароците на следната група поклоници, замолувајќи ги, да ги подарат на некои сиромашни стари монаси, кои живееја наоколу.

Така, една група поклоници, на кои им беше дал подароци и ги замолил да му ги однесат на еден стар монах, кој живееше наспроти скитот на свети Пантелејмон, го запрашаа:

- Отче, зошто не задржите некои од даровите што ви ги носат поклониците?

- Една од причините е, што ако ги задржувам сите подароци ќе треба да отворам супермаркет. Втората е, што постојано мислам на Бога, Кој на Евреите во пустината секој ден им дарувал небесна мана; меѓутоа, оние кои оставале од оваа храна и за наредниот ден, секогаш ја наоѓале расипана.

Така Бог сакал да ги научи луѓето потполно да се потпрат на Неговата промисла и грижа и да се ослободат од нивната болна загриженост.

Старец Пајсиј Светогорец