Старец Пајсиј Светогорец

Кога се молите, не говорете многу како незнабошците... оти вашиот Отец небесен знае од што имате потреба уште пред да сте Го помолиле (Мат. 6, 7-8).

„Треба постојано и без престан да ја повторуваме Исусовата молитва. Во нашите срца мора да остане само Исусовото име. Кога ќе ја запоставиме нашата молитва, односно, општењето со Бога, тогаш ѓаволот наоѓа начин да нѐ помрачи со лоши помисли. Така веќе нема да знаеме што сакаме, правиме или зборуваме“.

„Душата мора постојано да биде подготвена и будна, и секогаш мора да биде во контакт со духовната „главна команда“, односно, со Бога. Само тогаш ќе се чувствува сигурна, исполнета со надеж и радост.

Додека бев во војска за време на војната, служев како радиооператор. Забележав дека се чувствувавме безбедно само кога контактиравме со штабот на армијата секој час. Кога нашата комуникација беше ограничена само на секои два часа, се чувствувавме малку несигурни, а понекогаш, кога со нив можевме да контактираме само наутро и навечер, се чувствувавме нерасположени, осамени и изгубени. Исто се случува и со молитвата. Колку повеќе се молиме, толку посигурни се чувствуваме, се разбира, во духовна смисла“.

„Доколку некој се занимава со ракоделие, многу ќе му помогне ако истовремено ја изговара и Исусовата молитва. Кога човек се занимава со работа која бара концентрација, на пример, ако вози автомобил или ако оперира пациенти, исто така треба да ја изговара Исусовата молитва, за да му помогне Бог и да го просветли. Меѓутоа, тогаш треба да се моли во срцето, а со умот ќе се сосредоточи на работата и така ќе избегне било каква грешка“.

„Кога страдаме од тесноградост, треба да ја побараме Божјата помош. Ако тогаш не Му се обратиме, кога другпат?“ „Колку повеќе умот се сосредоточува на молитва и се смирува, дотолку го озарува благодатта Божја. Меѓутоа, ако поради нашата горделивост стане расеан и збунет, тогаш станува и вознемирен; па така„ нашиот ум, по природа чист, се исполнува со нечисти помисли“.

„За другите луѓе треба да се молиме со каење и болка во душата. Тоа можеме да го постигнеме единствено ако, поради своето смиреноумие себеси се сметаме виновни за сите проблеми во светот“.

- Зарем вие, отче, можете да прифатите одговорност за развод на некој брачен пар во Атина?

- Еве како можам тоа да го направам. Ќе си речам на самиот себе: кога би бил светител, какви што биле светителите од старите времиња, би Го молел Бога да направи тие повторно да се засакаат. Бидејќи не сум светител, Бог не ме слуша. Значи, јас сум виновен што тоа семејство се распаѓа, како и за сето друго зло во светот. Затоа никогаш никого не осудувам, туку за се се обвинувам себеси и тогаш Бог помага“.

„Не смееме да се однесуваме како деца и постојано да бараме од Бога некои неважни работи. Кога бараме нешто што може да се постигне со обични човечки напори, треба да се потрудиме самите да го извршиме. Кон Бога треба да се обраќаме само тогаш, кога немаме сили да го постигнеме она што сакаме“. „Исусовата молитва мора со благодарност да извира од нашето срце; истовремено размислувајќи за сите добра што Бог ни ги дарува“.

„Каде и да сме, треба постојано да ја изговараме Исусовата молитва, а не само наутро и навечер. Кога шетаме да не губиме време, туку да ја искористиме поволната прилика и да ја повторуваме молитвата. Кога работиме на некое бучно место и кога ни е тешко да се сосредоточиме на молитва, можеме тивко да ја кажуваме за да не ги вознемируваме другите“.

***

„Ако некој се моли правилно, Бог го слуша cѐ додека она за што се моли е од полза на личноста за која се моли“.

„Кога сакам да се одморам, јас се молам. Сфатив дека човек единствено во текот на молитвата може вистински да се одмори. Па според тоа, молете се и учете“.

„Кога се подготвуваш за молитва, прво прочитај извадок од Светото Писмо или од Отечникот. Така ќе го прибереш умот и ќе го стоплиш срцето. Потоа почни да се молиш“.

„Со молитва се осветувате и себеси и својата работа. Кога на вашето работно место ќе се појават нови луѓе, најпрвин научете ги како духовно да се преродат, па дури тогаш покажете им ја практичната страна на работата. Ќе ви наведам еден пример, за да ви биде од полза и вам и на вашите соработници.

Замислете дека некој има кројачка работилница. Вработените во таа работилница, бидејќи безбожни, хулат додека работат. Поради тоа луѓето, кои носат облека сошиена во таа работилница, ќе бидат под ѓаволско влијание. Постепено ќе сфатат дека нешто не е во ред со таа работиштица и ќе почнат да бараат друга. Божјата благодат ке ја напушти оваа работилница и на крајот ќе биде затворена.

Сосема спротивното се случува ако сопственикот вработи побожни работници и најпрво се погрижи за нивното духовно воспитување, па дури тогаш да ги воведе во суштината на занаетот.

Во денешно време, луѓето сакаат иконите и слични предмети да ги набавуваат од манастирите, бидејќи знаат дека монасите и монахињите ја изговараат Исусовата молитва додека работат и затоа сѐ што прават е благословено. Кога луѓето ќе посетат манастир и ќе јадат храна подготвена без масло, гледаат дека е многу вкусна и велат:

Ваква вкусна храна не сме јаделе дури ни во најдобрите ресторани. Како може да биде толку вкусна кога е подготвена без масло?

Како може храната да биде благословена, ако куварите во рестораните непрестајно пцујат и никогаш не одат во црква? Напротив, монахот се моли додека ја подготвува храната и неговото срце е исполнето со добри помисли, и тој мисли дека подготвува храна која ќе ја јадат земски ангели. Освен тоа, монасите, кога пристапуваат кон трпезата, кажуваат молитва со која се благословува храната. Како тогаш може таа храна да не биде вкусна?

Значи, кога некој ќе дојде кај вас да работи, најпрво, погрижете се за неговата духовна преродба, па, дури тогаш воведете го во работата. Па така, вашата работа ќе биде од Бога благословена и ќе имате успех“.

Старецот Пајсиј секогаш се молеше за целиот свет. Денот го посветуваше на луѓето, а ноќта на Бога. Се одмараше само неколку часа, рано наутро, за да собере сила по ноќните молитва и да може во текот на денот да им помага на лугето.

Свети Арсениј Кападокиски, како свештеник, секогаш читаше многу молитви, различни за секоја прилика. Бидејќи бројот на молитви во требникот е ограничен и се случуваше во некои ситуации да не може да најде соодветна молитва. Тогаш свети Арсениј го користеше Псалтирот, одбирајќи псалм зa секоја ситуација.

И отецот Пајсиј, исто така, го користеше Псалтирот и секојдневно цел го исчитуваше. Понекогаш ги делеше ноќните часови вака: од 9 до 10 часот Го молеше Бога да ги заштити оние кои доцна се враќаат од работа; од 11 до 12, за оние кои патуваат, a од полноќ до 1 часот, се молеше на Бога да им помогне на луѓето и ги задржи од одење во злогласните ноќни клубови, каде што обично ја поминуваат ноќта. Главно, тој се молеше за секоја ситуација: за болните во болниците, за скараните сопружници, за Бог да ги утеши нивните деца...

„Псалми“

Поуки од светиот Арсениј Кападокиски за тоа во кои прилики треба да се читаат одделни Псалми, а кои старецот Пајсиј ги чувал во својот Псалтир:

1. За време на садење на стебла или лоза, за да донесат плодови.

2. За да ги просветли Господ оние кои одат на собири.

3. Злото да се оттргне од луѓето, за да не ги мачат несправедливо своите ближни.

4. Господ да ги исцели чувствителните луѓе кои страдаат од мака предизвикана од однесувањето на гневните луѓе.

5. Господ да ги исцели очите кои ги раниле и повредиле зли луѓе.

6. Господ да го ослободи маѓепсаниот човек.  

7. За оние кои пострадале од страв предизвикан со заплашување и закани од злите луѓе.

8. За оние кои претрпеле зло од демонот или од лукавите луѓе.

9. Демоните да престанат да заплашуваат во сон или преку дневни фантазирања. 

11. За опфатените од лудило или злоба и оние кои им прават зло на луѓето.

12. За оние кои страдаат од заболување на црниот дроб.

13. Во случај на страв од демон, 3 пати во текот на 3 дена едноподруго.

14. Разбојниците да го променат начинот на размислување и да се вратат кон мирен живот и покајание.

15. Да се пронајдат изгубени клучеви.

16. Во случај на голема клевета, 3 пати во текот на три дена едноподруго.

17. Во случај на земјотрес, елементарни непогоди (гнев Божји), поплави или грмежи.

18. Мајките за време на породувањето полесно да се ослободат од плодот.

19. За (бездетни) сопружници, неспособни да раѓаат, Господ да ги исцели и да не се разведат.

20. Господ да ги омекне срцата на богатите и да им прават милосрдни дела на сиромашните.

21. Бог да спречи пожар за да не предизвика зло.

22. Господ да ги смири недисциплинираните и непослушни деца кои ги жалостат своите родители.

23. Вратата да се отвори кога клучевите се изгубени.

24. За луѓе на кои искушувачот многу им завидува, непрестајно предизвикувајќи ги нивните неуспеси, та овие да не се жалат...

25. Кога човек бара некое добро од Бога, Господ да му го подари и тоа да не му биде на (духовна) штета.

26. Господ да го заштити народот од непријателска војска за да не им направи зло на луѓето и да ги опљачка селаните.

27. Господ да ги исцели нервно заболените.

28. За оние на кои им штети морето и стравуваат од голема бура.

29. За оние кои во туѓина се изложени на опасност, меѓу варварски и неверни народи, Господ да ги запази, та и тие народи да ги просветли и помири и да дојдат до богопознание.

30. Господ да подари изобилна жетва и плодни стебла тогаш, кога временските прилики не се поволни.

31. Изгубените и истоштените патници да го пронајдат патот.

32. Господ да им ја покаже вистината на неправедно затворените и да бидат ослободени.

33. За оние кои се разделуваат со душата, кога на смртниот час ги мачат демони, или во случај кога се заканува непријателска војска, што ја преминува границата (на земјата) и прави зло.

34. Господ да ги ослободи добронамерните и добродушни луѓе од стапиците на лукавите кои угнетуваат луѓе Божји.

35. Целосно да се искорени непријателството предизвикано со прекорување или недоразбирање.

36. За луѓе тешко ранети од насилство на беззаконици.

37. 3a оние што страдаат од забоболка.

38. Несреќните и отфрлени луѓе да пронајдат вработување и да престанат да тагуваат.

39. По судир, да се врати љубовта меѓу господарите и потчинетите.

40. Мајките да се спасат од предвремено раѓање.

41. За млади кои страдаат поради љубов, кога некоја личност ќе ги повреди и разжалости.

42. Заробениците да се ослободат од стражари во непријателски народ.

43. Господ да им ја покаже вистината на скараните сопружници и да се помират.

44. За луѓе кои страдаат од болест на срцето или бубрегот.

45. За момчиња на кои демонот од завист им поставува пречки зa оформување семејство (за женидба).

46. Да се смири работник или слуга што избегал, зашто газдата го повредил и да најде служба.

47. Кога ќе се случат големи катастрофи и разбојништва на варварски банди пирати да се чита 40 денови едноподруго.

48. За оние кои се занимаваат со опасна работа.

49. Заблудените луѓе да се покајат и вратат кон Бога, па, така да се спасат.

50. Кога нашите гревови го предизвикуваат гневот Божји кој нѐ учи на покајание (т.е. во случај на епидемија, умирање на луѓе или добиток).

51. Да се покајат жестоките господари, да станат сочувствени и да престанат да го мачат народот.

52. Бог да ги благослови мрежите и овие да се наполнат со риби.

53. Господ да ги просветли богатите кои имаат купено многу слуги и да ги ослободат.

54. Да се обнови почитувањето кон презрената фамилија која била наклеветена.

55. За чувствителните луѓе кои душевно ги повредиле нивните ближни.

56. За луѓе кои страдаат од главоболка и голема душевна безволност.

57. Секакво добро да им се случи на оние кои прават добри дела и Господ да спречи секакво зло дејство на демонот или непријателот врз нив.

58. За немите, Бог да им подари говор.

59. Господ да ја покаже вистината кога луѓето едни со други се клеветат.

60. За оние кои имаат тешкотии на работа, било поради мрзливост, било поради плашливост.

61. Господ да ги избави од искушенија малодушните луѓе, кои не се трпеливи и поради тоа се жалат.

62. Нивите и стеблата да бидат плодоносни кога нема доволно вода.

63. Во случај човек да го касне бесен волк или куче (и кога му се дава да пие осветена вода).

64. Трговците да бидат благословени, за да не мамат и обвинуваат прости луѓе.

65. Лукави луѓе да не внесат метеж во домот и така да го унесреќат семејството.

66. За благослов на домашните птици.

67. Да се избават мајките кои со големи тешкотии ја одржуваат бременоста.

68. Во случај на елементарни непогоди, кога реките се излеваат и однесуваат куќи и луѓе.

69. За добродушни луѓе кои и поради најмал повод тагуваат и паѓаат во очај, Бог да ги закрепне.

70. За отфрлени луѓе, кои станале нерасположени поради завист ѓаволска и паднале во очај, да ја пронајдат милоста Божја и Неговата помош.

71. Од Бога да биде благословена новата реколта која земјоделецот ја внесол во својот дом.

72. Да се покајат луѓето кои прават зло.

73. Бог да ги заштити земјоделците кои работат на своите ниви, кога непријатели ќе го опколат селото.

74. Да се смири суров господар, за да не ги мачи ближните, своите потчинети.

75. За мајка која стравува поради своето породување, Бог да ја охрабри и заштити.

76. Кога не постои разбирање помеѓу родители и деца, Господ да ги просветли, децата да ги слушаат родителите и родителите да ја покажат својата љубов.

77. Бог да ги просветли заемодавците, за да не ги угнетуваат своите ближни поради долг и да им подари сожалување.

78. Бог да го запази селото од разбојништва и разорувања од непријателските војски.

79. Бог да исцели човек кога ќе му натегнат образите и кога ќе го боли целата глава.

80. Бог да се погрижи за сиромаси кои се во немаштија, кои страдаат и тагуваат поради тоа.

81 . Луѓето да ги купуваат плодовите од земјоделците, за селаните да не очајуваат и тагуваат.

82. Господ да ги спречи лошите луѓе кои сакаат да извршат убиство.

83. Господ да го поддржи секое добро кое постои во куќата, добитокот и плодовите од трудот.

84. Господ да ги исцели луѓето кои биле повредени од разбојници и кои страдаат од страв.

85. Бог да го спаси светот кога колерата ќе почне да ги соборува и убива луѓето.

86. Бог да ги одржи во живот татковците на семејствата сѐ додека имаат семејни обврски.

87. Бог да ги заштити сите незаштитени, кои страдаат поради суровост на своите ближни.

88. Бог да ги засили болежливите и слаби луѓе, за да можат да работат.

89. Бог да испрати дожд во време на суша или кога ќе пресушат бунарите, за да имаат вода.

90. Да биде истеран ѓаволот кога ќе се покаже во човекот и кога го заплашува.

91. Бог да им подари на луѓето разумност за да напредуваат духовно.

92. Бог да го запази бродот кога му се заканува силна бура на морето (четири места на бродот треба да се напрскаат со осветена вода).

93. Бог да ги просветли неспокојните луѓе кои предизвикуваат неволји во народот, прават метеж помеѓу луѓето и ги мачат со нереди и со расправии.

94. На сопружниците да не им се приближат маѓии (баења) кои ќе создадат неволји и несогласувања.

95. Бог да им подари слух на глувите.

96. Маѓиите да се отргнат од луѓето.

97. Бог на очајните да им подари утеха и да престанат да тагуваат.

98. Бог да ги благослови и облагодати младите кои сакаат да се посветат на Господа.

99. Бог да им ги исполни на луѓето побожните желби.

100. Бог да ги облагодати благочестивите луѓе.

101. Бог да ги благослови луѓето кои имаат високи функции, за да му помогнат на светот со добрина и разбирање.

102. 3a нормализирање на женскиот циклус.

103. Бог да го благослови имотот на човекот за да не падне во немаштија и да се жали, туку да Гo прославува Бога.

104. Луѓето да се покајат и да ги исповедаат своите гревови.

105. Бог да ги просветли луѓето за да не отстапат од патот на спасението.

106. Бог да ја разреши женската неплодност.

107. Бог да ги помири непријателите и да го променат своето лошо расположение (едни кон други).

108. Бог да ги исцели месечарите.

109. Помладите да покажуваат почитување кон постарите.

110. Да се покајат неправедните судии и праведно да судат на народот Божји.

111. Бог да ги заштити војниците кога одат во борба.

112. Бог да ја благослови сиромашната вдовица, да ги исплати нејзините долгови и да ја избави од затвор.

113. Бог да ги исцели заостанатите во развој и монголоидни деца.

114. Бог да им подари благослов и утеха на несреќните, сиромашни деца, да не ги презираат и жалостат децата на богатите.

115. Бог да ја исцели страшната страст на лажговците.

116. Семејството да сочува љубов и еднодушие, за да Го прославува Бога.

117. Бог да ги смири суровите непријатели кога ќе ја опколат земјата и ќе почнат да се закануваат и да ги одврати од нивните лоши намери.

118. Господ да ги запре свирепите непријатели и да ги заузда нивните дејства кога ќе почнат да убиваат недолжни жени и деца.

119. Господ да им подари трпеливост и смирение на оние кои се принудени да бидат меѓу неверни и неправедни луѓе.

120. Бог да ги запази заробениците од непријателски раце и да не им биде направено никакво зло додека се во ропство.

121. Бог да ги исцели луѓето кои страдаат од уроци.

122. Бог да им подари светлина на слепите и да ги исцели заболените очи.

123. Бог да го запази човекот од змиско каснување.

124. Бог да го заштити имотот на добрите луѓе од злонамерни.

125. Бог да ги исцели луѓето кои страдаат од постојана главоболка.

126. Да се помири скараното семејство.

127. Непријателската злоба никогаш да не се доближи до куќата и во семејството да завладее мир и благослов Божји.

128. Бог да ги исцели луѓето кои страдаат од мигрена и главоболка и да ги помилува жестоките и неправедни луѓе кои ги мачат добродушните.

129. Бог да им подари на почетниците храброст и надеж за да немаат тешкотии во својата служба.

130. Бог да им подари на луѓето покајание, утеха и надеж за да се спасат.

131. Бог да се смилува на светот кога поради нашите гревови ќе дојде до војни.

132. Бог да го просветли народот за луѓето да се смират и успокојат.

133. Бог да ги сочува луѓето од секаква опасност.

134. Луѓето да се соберат во часот на молитва и нивните умови да се соединат со Бога.

135. Бог да ги заштити бегалците, кога ќе ги напуштат своите куќи и ќе побегнат и да ги избави од суровите непријатели.

136. Бог да го смири човекот со избувлив карактер.

137. Бог да ги просветли локалните старешини и луѓето кои им упатуваат молби да наидат на разбирање.

138. Да престане ѓаволот да ги вознемирува добронамерните луѓе со богохулни помисли.

139. Бог да ја ублажи тврдоглавоста на татковците на семејствата кои ги мачат сите свои домашни.

140. Бог да го омекне суровиот старешина кој ги малтретира своите ближни.

141. Бог да го смири бунтот кој предизвикува зло.

142. Бог да ја сочува мајката за време на нејзината бременост, за да не пометне.

143. Бог да го смири разбунтуваниот народ за да не дојде до граѓанска војна.

144. Господ да ги благослови богоугодните човекови дела.

145. Бог да го запре крварењето во човечкото тело.

146. Бог да ги исцели претепаните луѓе и оние на кои злобните им ја повредиле вилицата,

147. Бог да ги смири дивите зверови во планината, за да не им направат зло на луѓето и да не им нанесат штета на посевите.

148. Господ да подари поволно време за луѓето да имаат изобилна жетва и да Го прослават Бога.

(Крај на препораките на блажениот Арсениј)

149. Во знак на благодарност на Бога поради сите големи добрини, поради преизобилната љубов која нема граници и поради Неговата долготрпеливост.

(Препорака на старецот)

150. Господ да им подари радост и утеха на нашите натажени браќа кои се во туѓина, како и на нашите упокоени браќа, кои се наоѓаат во уште поголема туѓина. Амин.

(Препорака на старецот)

Старец Пајсиј Светогорец