Старец Пајсиј Светогорец

Бог се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат (Јак. 4, 6).

Отец Пајсиј обично велеше:

„Кога трпеливо ги поднесуваме своите тешкотии и се обраќаме кон Бога за помош, забележуваме дека Он ни го дава најдоброто можно решение. За жал, во нашево време луѓето се многу нетрпеливи. Ние не покажуваме ни најмалку склоност кон трпение. Меѓутоа, Христос нѐ уверува дека само трпеливите ќе го наследат Царството Божјо: Тие се оние што го слушаат словото и го пазат во добро и чисто срце, и принесуваат плод со трпение (Лука 8, 15) ...Кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен (Мат. 24, 13) и Со трпение спасувајте си ги душите (Лука 21, 19).

„Бог понекогаш допушта роднините или соработниците да ни задаваат неволји, за да го искуша нашето трпение и смирение. Меѓутоа, ние негодуваме и одбиваме да бидеме благодарни поради можноста која Бог ни ја дава. Тоа е исто како да одбиваме да му платиме на лекарот кој ни дава инјекција кога сме болни“.

„Бог не сака ние, Неговите деца, да бидеме вознемирувани. Он ни дава искушенија и неволји сакајќи да бидеме совршени. Искушенијата ќе престанат да постојат во нашите животи тогаш, кога ќе достигнеме совршенство“.

„Ние, христијаните, треба да ја прифатиме жалоста, а не да се обидуваме од неа да се ослободиме. Жалоста е неопходна како начин кој ќе нѐ доведе до совршенство“.

„Кога луѓето се неправедни кон нас, мораме да се радуваме на тоа, зашто ќе нѐ заштити Божјата правда која е посупериорна од човечката. Ние, пак, или ќе ја бараме човечката правда или трпеливо ќе ја очекуваме правдата Божја. Меѓутоа, мораме да бидеме внимателни и самите да не постапиме неправедно, зашто тоа би било нечесно од наша страна и би покажало дека имаме недостиг на љубов кон ближните“.

„Кога некој нечесно постапи кон нас, многу повеќе ќе ни користи надежта во божествената правда, отколку да се бунтуваме против неправдата која ни е сторена. Од ова нема да имаме полза само ние, туку, подоцна полза ќе имаат и нашите деца. Меѓутоа, се случува нешто сосема спротивно ако луѓето нѐ проколнуваат и кога таа клетва е праведна“.

„Кога Бог ќе види дека сме горди и надмени, Он допушта во нашиот живот да се појават искушенија. Он ќе ги отстрани дури тогаш кога ќе види дека сме се смириле“.

***

Доаѓајќи во манастир, често се прашував: „Дали, како искушеник, треба да се смирам и да бидам послушен само на старецот или и на сите останати монаси?“

Додека еден ден разговарав со старецот Пајсиј за таа тема, тој ми рече:

„Мислам дека дури и животните се подобри од нас, така што и пред нив се смирувам и послушен сум им. Утрово, во рана зора, бев уморен, зашто се молев во текот на целата ноќ. Освен тоа, бев и исцрпен поради болеста, така што решив да отидам да се одморам. Набргу потоа пред вратата ја чув мачката како мјаука, како да ѝ треба нешто. Навистина сакав да се одморам, па се смирив и постапив спротивно на својата волја. Ѝ бев послушен на мачката и одговорив на нејзиниот повик. Отидов да ја отворам вратата. Почна да врне и јас ја пуштив внатре да не накисне. Што мислиш сега? Дали имаше потреба да му бидам послушен на животното? Јас мислам да“.

„Старче, дали послушност треба да применуваме со претпазливост или со потполна доверба, без било какво потпрашување?“

Ми одговори:

„Откако доброволно ќе се потчиниме на добар духовен отец кој поседува смиреноумие, тогаш треба да му бидеме послушни, без било какви потпрашувања. Ќе ти дадам еден пример, за да можеш да сфатиш на кој начин Бог дејствува во нашите животи. Претпостави си, игуменот да ти каже да отидеш во Ивиронскиот манастир и од таму да појдеш со чамец во Лаврата за да завршиш некои работи. Ти му одговораш според својата логика: „Отче, зар не мислите дека духовно повеќе би ми користело да отидам пеш преку планина, со оглед на тоа што ќе бидам сам? Чамецот обично е преполн со луѓе и би можел да бидам вклучен во бескорисни разговори кои духовно ќе ми наштетат?“ Можеби игуменот ќе ти каже да постапиш како што сакаш, зашто не ќе сака да те вознемирува. Меѓутоа, ти треба да сфатиш дека постапуваш во согласност со својата волја и дека не си му бил поспушен. Поради тоа, Бог би можел да допушти да ти се случи некоја незгода додека одиш преку планината, на пример, да те касне змија, да паднеш и да ја повредиш ногата или да се изгубиш. Така ќе научиш да бидеш послушен и да престанеш себично да се грижиш за сопственото добро, наместо да Му допуштиш Нему тоа да го стори. Од друга страна, доколку не ја изразиш сопствената волја и го послушаш својот игумен, така што до Лаврата ќе отидеш со чамец, Бог ќе те сочува и средбата со другите луѓе во чамецот нема духовно да ти наштети.

Ние мораме да имаме безусловна доверба во својот духовен отец. Доколку она што тој ќе ни го каже, го испитуваме и истражуваме со својата логика, во тој случај мораме да знаеме дека не сме послушни на својот духовник, туку на своето мислење и расудување. Мораме секогаш да имаме на ум дека благодатта Божја ја привлекуваат простодушни луѓе кои смирено му веруваат на својот духовник, а не на своите помисли.

Целта на целосното и доверливо послушание на монахот кон неговиот старец е, совршено очистување на умот и апсолутно потчинување на човековата волја на божествената благодат. Кога монахот ќе го придобие тој дар, целта на послушанието е исполнета, зашто против таквите нема закон (Гал. 5, 23)“.

***

Отец Пајсиј велеше дека духовното дејствување на христијаните мора да биде сосредоточено на придобивање на смиреноумие:

„Бог безгранично го љуби човекот. Нему многу добро му се познати проблемите на секого од нас и сака да ни помогне и пред да Го замолиме за тоа. Бидејќи е семоќен, нема тешкотии кои Бог не може да ги надмине, со исклучок на една. Тешкотија со која Бог се соочува и јас тоа го повторувам, е само една, т. е. Он „не може“ да ни помогне, доколку нашата душа не е смирена. Бог „тагува“, зашто го гледа Своето создание како страда, а „не може“ да му понуди било каква помош. Дури и да му понуди нешто, со тоа ќе му наштети на човекот, бидејќи неговиот ум не е смирен.

Cѐ што му се случува на човекот, потполно зависи од неговото смиреноумие. Ние, на пример, гледаме како човекот се бори и на крајот се случува да биде потчинет на некоја своја страст. Бог допушта тоа да се случи само од една причина, односно, затоа што неговата душа е исполнета со суетни помисли и гордост. Човекот можеби ја мрази таа страст и напорно се труди да се ослободи од неа. Меѓутоа, тој ништо нема да постигне, зашто Бог не му помага и нема да му помогне сѐ додека не стекне смиреноумие. Иако човекот ја мрази таа посебна страст, потчинет е на својата гордост, а тоа е страст која го вовлекува во сите останати страсти. „Гордоста е причина за секоја страст“, вели свети Јован Лествичник.

Човекот би сакал духовно да напредува и Го моли Бога да му подари љубов, молитва, послушание и други добродетели. Мораме да бидеме свесни дека, без оглед на тоа колку се трудиме, Бог нема да ни го подари она за што Гo молиме, сѐ додека не придобиеме смиреноумие. Доколку смиреноумието е наша единствена цел, Бог сето останато ќе ни го даде „бесплатно“.

Бог од нас сака и бара само едно, а тоа е нашето смирение. Он не сака ништо друго, освен да се смириме, зашто така, навистина, ќе нѐ направи причесници на Својата божествена благодат, која ни е дарувана на Светото Крштение. Иако тогаш се уште не сме Гo сакале Бога, иако не сме се подвизувале за да ја стекнеме Неговата благодат, Он ни ја подарил поради Својата бескрајна добрина. Он од нас бара само да се смириме и да одговориме со благодарност и почитување на Неговата љубов. Така, божествената благодат која пребива во нас ќе биде активирана и ќе дејствува на соодветен начин. Таа ќе направи да Го сакаме и спознаеме Бога. Таа за нас ќе направи cѐ, доколку придобиеме смиреноумие и ѝ допуштиме да дејствува. Единствена пречка за дејствување на Божјата благодат е нашата гордост и недостиг на смиреноумие.

Bo 5. глава од своето Послание, светиот апостол Петар ни помага јасно да ја согледаме својата грешка и ни кажува што треба да направиме: Исто така и вие, помладите, покорувајте им се на свештениците; а сите, пак, покорувајте се еден на друг и здобивајте се со понизност, бидејќи Бог им се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат. Смирете се под крепката рака Божја, за да ве воздигне, кога ќе дојде времето (1.Петр. 5, 5-6).

Доколку се сосредоточиме единствено на својот подвиг за постигнување на смиреноумие, од Бога сѐ ќе ни биде дарувано како благослов. Кога, пак, се грижиме за сѐ, освен за смиреноумието, тогаш нема да здобиеме ништо добро, па дури и ако успееме да добиеме, тогаш нема да успееме да го задржиме за долго. Само едно ни е неопходно: смирение на срцето кое во нас ќе го всели Царството на Божјата благодат“.

Старец Пајсиј Светогорец