Старец Пајсиј Светогорец

По ѓаволската бура ќе се појави Божествената животворна светлина.

Зад световниот дух на денешнава „слобода“, зад недостигот на почит кон Црквата Божја, кон постарите луѓе, родителите и учителите кои имаат страв Божји, се крие духовно ропство, немир и анархија која го води светот кон безизлез, кон разурнување на човековата душа и тело.

Според тоа, зад совршениот систем на компјутеризираните картички се крие универзална диктатура, поробување антихристово... И ќе направи на сите мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови да им се стави белег на десната рака или нa челата нивни, та никој да не може ни да купува, ниту да продава, освен оние, што го имаат тој белег, или името на зверот, или бројот на името негово. Тука е мудроста. Кој има ум, нека го пресмета бројот на зверот, бидејќи е број на човек, и бројот му е шестотини шеесет и шест. (Откр.13,16-18).

Свети Андреј Кесариски го пишува следното: „Времето и опитот ќе нѐ научи за сѐ што е напишано за скверното име на антихристот и значењето на броевите. Божјата благодат не дозволила тоа погубно име да биде запишано во Божествените книги. Но преку испитување може да се откријат многу нешта...“

Чудно е тоа што некои духовни луѓе, иако даваат сопствено (а не православно) толкување, имаат светски страв од електронските досиеја. Меѓутоа, тие би требало да се загрижат за духовната страна, да им помогнат на христијаните, да побудат во нив внимание и будност, да им ја засилат нивната вера, за да почувствуваат Божествена утеха.

Се прашувам, дали тие се вознемируваат од она што се случува (електронски лични крати итн.)? Зошто покрај своите толкувања не стават знак за прашање? Што ако и тие му помагаат на антихристот да обележи со својот печат што повеќе луѓе? Што ако ги поттикнуваат овие луѓе да ги изгубат своите души, за да ги прелажат, ако e можно, и избраните (Марко 13, 22).

Ќе бидат прелажани оние, кои даваат сопствено толкување (а не според Христа и Евангелието).

„Знаците на времињата“ се сосема јасни. „Ѕверот“ (така е наречен огромниот компјутер во Брисел од страна на неговите творци) со код 666 во меморијата ги внесол речиси сите земји. Што значат сите тие картички, (кредитни, телефонски), личните карти и поставувањето на бројот, којшто е само премин кон печатот на антихристот? За жал, радио слушаме само тогаш кога сакаме да ја слушнеме временската прогноза.

Што ни рече Христос? Лицемери, изгледот на небото можете да го распознавате, а знаците на времињата не можете? (Мат. 16, 3).

По воведувањето на картичките, електронските картички за идентификација и електронските досиеја, за да напредуваат кон поставување на печатот, тие злонамерно ќе изјавуваат на телевизија, дека некој ја украл картичката на некој друг и му ги зел сите пари од сметката во банка. Од друга страна, пак, ќе рекламираат „совршен систем“ со поставување ласерски печат на десната рака и челото, што нема да се гледа, а ќе го содржи името на антихрнстот, бројот 666.

За жал, некои духовници, кои себеси се сметаат за учени, ќе ги „повиваат“ своите духовни чеда како да се бебиња и ќе ги утешуваат велејќи им: „Тоа не е ништо, не е важно, доволно е во себе да имате вера“. Но гледаме дека и постапката на свети Петар, кој надворешно се одрече од Христа, исто така се смета за одрекување. А тие се одрекуваат од светиот Христов печат, кој ни се дарува во Светото Крштение, „печатот на царот на Светиот Дух“, го примаат печатот на антихристот и по ова тие сѐ уште тврдат дека во себе Го имаат Христа!

Многу учени луѓе ја следеле истата логика и во времето на гонењата против светите маченици, обидувајќи се да ги расколебаат, како што пишува свети Василиј Велики во својата беседа за маченикот Гордиј: „Многу луѓе се обидуваа да ги убедат мачениците да се одречат од Христа велејќи им: одречи се само со зборови, а во душата верувај како што сакаш. Зашто Бог не гледа на зборовите, туку на мислите и намерите на верниците. Меѓутоа, маченикот Гордиј бил непоколеблив во својата вера и одговорил: „Јазикот, кој е создаден од Христа, не може да поднесе да изговори нешто против својот Создател... Немојте да се залажувате, Бог не може да биде измамен, Он нѐ оправдува според нашите зборови, и Он нѐ суди според нашите зборови“.

Декиј донел декрет во кој на христијаните им наредил јавно да ја исповедаат паганската религија. Оние кои го сториле тоа и им принеле жртва на идолите биле наградени со писмени потврди и така биле спасени од мачење. Но не била само нивната постапка сметана за одрекување, туку и оние кои на паганската комисија ѝ дале пари и добиле потврда (сертификат), без јавно да се одречатод Христа (т. н. „ливелофори“), Црквата ги сметала за отстапници и отпадници од верата.

Друг пример е чудото на светиот Теодор Тирон, кое го прославуваме секоја година во саботата од првата седмица на Великиот пост. Знаејќи дека христијаните се очистуваат со строг пост особено во текот на првата седмица од Великиот пост, која поради тоа и ја нарекуваме Чиста седмица, Јулијан Апостат („Отстапник“) избрал токму тогаш да ги оскверни. Затоа издал тајна наредба, храната која во тие денови ќе се продава на пазарите, да биде попрскана со крв од идолските жртви. На Архиепископот Константинополски Евдокиј во сон му се јавил светиот маченик Теодор и му ја открил тајната заповед и му рекол во понеделник наутро да ги собере верните и ги предупреди да не јадат од таа храна, туку да се хранат со коливо (варена пченица со мед). Така била осустена намерата на отстапникот, a побожниот народ бил заштитен од осквернување.

Воздржувањето од „идолски жртви“ е апостолска заповед: Апостолите и старешините се собраа... и заповедаа да се воздржуваат од идолски жртви, од блудство, од удавено и од крв (Дела 15, 23, 29).

Наспроти она што ви го кажав, денес можеме да чуеме мноштво бесмислици од луѓе, кои се сметаат за авторитети. Еден вели: „ќе ја прифатам картичката со бројот 666, но, покрај неа ќе го ставам и знакот на крстот“. Друг вели: „ќе дозволам на челото да ми се стави бројот 666, но, потоа, до него ќе ставам крст“. Тие мислат дека на тој начин ќе се осветат, но тоа е самоизмама.

Може да се освети само она што прима осветување. На пример, водата може да биде благословена и ќе стане света вода, но урината не може да се осветува. Каменот преку чудо може да се претвори во леб. Меѓутоа, она што е нечисто не може да се осветува. Според тоа, ако символот на ѓаволот, на антихристот 666 е на нашата лична картичка, или е отпечатен на нашето чело или на нашата рака, тој не може да биде осветен ако до него го ставиме знакот на крстот.

Ние ја имаме силата на Чесниот Крст, на светиот символ, на божествената благодат Христова само доколку го носиме светиот печат на Светото Крштение, при кое сме се одрекле од сатаната, сме се соединиле со Христа и сме го примиле светиот печат печат на царот на Светиот Дух.

Бог нека нѐ просветли. Амин.

Света Гора, ќелија Панагуда при манастирот Кутлумуш. Прва сабота од Великиот пост 1987г.

Со голема болка и љубов во Христа, Монах Пајсиј.

***

За време на антихристот, кога тој ќе завладее со светот, едноставната, искрена молитва дури и само на еден христијанин ќе направи да затреперат отстапниците, зашто христијаните имаат голема сила.

***

- Старче, некои луѓе велат дека, кога ќе дојде антихристот, христијаните ќе гладуваат, зашто нема да можат да купат храна.

- Христијаните ќе можат да живеат со малку, со леб и маслинки. Но ќе гладуваат оние што се навикнале на нивните трпези да има по десет разни видови сирење.

***

- Отче, велат дека по чернобилската катастрофа сѐ е загадено. Што да правиме?

- Кога би биле загадени само некои области, јас би ви советувал да ги избегнувате. Меѓутоа, бидејќи е сѐ загадено, осенете се со крсниот знак и јадете сѐ. Ништо нема да ви наштети. Јас го правам истото.

***

Кога луѓето престанаа да дискутираат за новите лични карти и кога владата ја замрзна оваа тема, старецот Пајсиј, исто така, престана да зборува за тоа. Меѓутоа, некои луѓе продолжија да расправаат за ова и да пишуваат против владата и воведувањето на новиот систем. Го посетуваа старецот и го прашуваа:

„Зошто и вие молчите?“

Тој на ова им одговараше:

„Кога тие ќе престанат, треба и ние да престанеме, инаку ќе речат: „Нешто не е во ред со овие луѓе, креваат врева без било каква причина“. Затоа и ние треба да замолчиме кога тие ќе престанат; а кога ќе почнат пак, ќе почнеме и ние. Добро куче чувар лае кога ќе види дека доаѓа крадец. Но, кога ќе види дека крадецот заминува, тоа престанува да лае. Ако, пак, продолжи, тогаш нешто не е во ред со кучето“.

Објавувањето на Твоите зборови ги просветува и вразумува младите (Псал. 118, 130).

Слушајте ја, деца, татковата поука и внимавајте, та да се научите да ја разбирате (Изрек. 4, 1).

Еден човек од Касторија (северна Грција), кој многу го почитуваше старецот, еднаш му испрати скап крзнен капут. По неколку дена, допатува на Света Гора и отиде да го посети старецот.

„Старче, го добивте ли капутот што ви го испратив“, го запраша.

„Се разбира, го добив и веќе го подарив на друг“, одговори старецот насмевнувајќи се.

„Зошто го поклонивте, отче? Јас ви го испратив вам, за да ви биде топло во текот на зимата“.

„Го поклонив, зашто помислив: вие ќе бидете наградени со Божјата благодат, зашто ми го испративте. Тогаш, зошто јас да го задржам капутот и да бидам лишен од таа благодат? Затоа го подарив и се надевам дека, како и вие, ќе бидам духовно награден“.

***

Еднаш старецот Пајсиј го посетија четири момчиња, рамнодушни кон духовните нешта. Љубезно ги пречека и ги замоли да седнат во градината, додека тој самиот отиде во ќелијата за да им донесе вода, грчки слатки и локум (што e вообичаено послужување на Света Гора). По ова, седна покрај нив за да разбере зошто дошле. Потоа момчињата дрско го запрашале:

„Отче, зошто не ни донесете уште локум?“

Старецот станал и отишол да ја донесе кутијата со слатките. Тогаш повторно го запрашале:

„Зошто не ни донесете уште вода?“

Станал и отишол да донесе четири чаши со вода. Ги ставил на послужавник и застанал пред нив, а потоа ги зел тие чаши една по една и ја истурил водата пред нивните нозе, обраќајќи им се добродушно и со насмевка:

„Отидов да ви донесам вода, зашто вие побаравте и за да ви покажам дека не ми e тешко да ве послушам. Меѓутоа, не ви ја дадов, зашто така, само би ја зголемил вашата мрзливост“.

***

Едно попладне старецот Пајсиј излегол од својата оградена ќелија да поткастри гранка од маслинка. Пристигнала една група поклоници, кои за првпат го посетиле и запрашале:

„Опростете, отче, дали старецот Пајсиј е во својата ќелија?“

Старецот одговорил:

„Зошто го барате?“

„Сакаме да земеме благослов од него“.

Тогаш старецот, омаловажувајќи се самиот себеси, одговорил:

„А дали тој самиот, воопшто, има благослов, за да може да ви го даде и вам?“

***

Околу ќелијата на старецот Пајсиј три момчиња оделе ваму-таму обидувајќи се да го видат. Третиот ден го сретнале на реката која се наоѓала недалеку од неговата ќелија. Правел мост за да можат да ја преминат реката, а притоа, да не се натопат. Момчињата го запрашале:

„Отче, дали отец Пајсиј е во својата ќелија? Веќе два дена се обидуваме да го видиме“.

Старецот им одговорил:

„Зошто го барате? Ако нешто ви треба, можете да ми кажете мене и јас ќе му ја пренесам пораката кога ќе го видам вечерва. Вие не ќе можете да го видите“.

„Не можеме да ви кажеме, зашто се работи за духовни прашања и лични проблеми. Го посетивме и отецот Порфириј за да го чуеме неговиот совет, но сакаме совет и од старецот Пајсиј“.

Тогаш старецот им рекол:

„Доколку сте го посетиле отец-Порфириј, тогаш нема потреба да го барате старецот Пајсиј. Отец Порфириј е во состојба сѐ да види, тој е како духовна телевизија!“

***

Градината на старецот беше преполна со посетители кои многу внимателно го слушаа што зборува. Во еден момент, некој од нив го прекина:

„Отче, зарем не е подобро да сте во светот, поблизу до луѓето, каде што многу повеќе би им помагале?“

Старецот им одговори:

„Војската има многу дивизии и секоја од нив се бори од своја позиција: морнарицата се бори на море, авијацијата во воздух, а пешадијата на земја. Многу поинаква е позицијата на радиооператорот. Негова главна задача е поврзување на сите армиски дивизии со штабот кој им помага во непредвидена опасност.

Тој не може да биде во непосредна близина на бојното поле, туку на мирно место, од кое непречено може да пренесува пораки.

Кога војниците се наоѓаат во опасност, тие не му велат на радиооператорот: „Што правиш гope? Дојди и бори се со нас!“ Негова должност е да остане таму каде што е и да прима наредби од штабот, како и да ги чува податоците за битката. Ако ситуацијата се влоши, тој им испраќа сигнал на авионите да дојдат и да ги нападнат непријателите.

Се сеќавам како за време на војната нѐ заобиколија непријателски трупи. Бев задолжен за радиостаница која не беше сосема исправна и очајнички се обидував да испратам сигнал до штабот. Тогаш еден офицер ми рече:

„Фрли го тоа, земи пушка и брани се!“

Ја оставив радиостаницата и се обидов да најдам засолниште во блиската грмушка. Изгубивме секаква надеж и не очекувавме никаква помош. Додека го очекувавме последниот удар, одлучив тајно да ја пронајдам радиостаницата и уште еднаш да се обидам да го добијам штабот. Го направив тоа и, со Божја помош, овојпат успеав. Гo известив штабот за нашата состојба и офицерот ми одговори:

„Бидете трпеливи. Веднаш нспраќам бомбардери да го нападнат непријателот“.

По некое време, пристигнаа авионите и ги бомбардираа непријателските позиции, така што нашите животи беа спасени.

Понекогаш, еден радиооператор, со тоа што cе наоѓа високо во планините, може да постигне повеќе, отколку цела армија.

***

Еднаш кај старецот Пајсиј дојде некој човек кој немаше некое конкретно прашање и започна разговор за површни, световни работи. Сфаќајќи дека неговата посета не е со духовна цел, старецот љубезно рече:

„Додека бев во војска, бев радиооператор и должност ми беше да испраќам пораки во штабот, т. е. да јавам ако е потребен санитет или ако непријателот премногу ни се доближил. Еднаш, бев сосредоточен на радиото и на пораките кои ги примав и испраќав, кога пријде еден војник и ми рече:

„Арсениј (тоа беше моето световно име), зошто не ги смениш брановите, па да послушаме малку музика и да се опуштиме?“

„Имаш ли ти, памет?“, одговорив. „Животите на голем број луѓе зависат од моите радиопораки, а ти сакаш да слушаш музика и да се опушташ!“

Кога го слушна ова раскажување, посетителот веднаш го смени своето однесување.

***

Старецот го посети една група момчиња кои не беа упатени во верата. Слушнале за старецот Пајсиј и сакале да го запознаат. Откако им го понуди вообичаеното атонско послужување (локум и вода), седна покрај нив за да слушне што имаат да кажат.

„Отче, би сакале во наше присуство да направите некое чудо, зa да поверуваме во Бога“. „Почекајте малку“, им одговори.

Отиде во ќелијата, извади нож и шеговито рече:

„Застанете во редица! Јас ќе ви ги отсечам главите и потоа повторно чудесно ќе ви ги вратам на свое место. Само ве молам да не стоите еден до друг зашто би можел да ги измешам!“

Момчињата веднаш изреагирале:

„Не, не, ние сакаме да видиме поинакво чудо!“

Тогаш старецот седна покрај нив и го кажа следново:

„Доколку Бог би посакал, многу лесно би ги натерал луѓето да поверуваат во Него, само ако им покаже чуда. Co својата натприродна сила, видлива за секого од нас, би направил сите луѓе да поверуваат во Него. Меѓутоа, Бог не сака луѓето да веруваат во Него, од восхит кон Неговата натприродна сила. Напротив, Он сака да веруваме во Него и да Го сакаме поради Неговата бескрајна добрина.

Бог никогаш нема да прави чудо, за да ја покаже Својата сила и така да придобие повеќе верници. Он прави чуда за да ја прикрие човечката слабост. Ќе ви дадам еден пример, за да разберете подобро што мислам.

Ако сме во пустина и ако треба да скршиме еден камен, би побарале друг камен со кој ќе го скршиме оној првиот. Ако не можеме да најдеме друг камен, тогаш ќе се помолиме на Бога и Он ќе направи чудо. Треба да имаме на ум, дека смирено мораме да направиме сѐ што може да се постигне со човечки и природни сили. Божјата помош треба да ја бараме за она, што, како човечки битија не сме во состојба да го извршиме“.

Ако сме се разболеле и сакаме да оздравиме, најпрвин треба да посетиме лекар. Ако лекарот не е во состојба да нѐ  излекува, тогаш треба да се молиме на Бога да направи чудо.

***

Еднаш со старецот Пајсиј расправавме за музика и тој ми рече:

„Добар музичар е оној, кој е посветен на музиката и ужива во неа. Не ми се допаѓа ни брзото ни бавното пеење. Ми се допаѓа бавен и истовремено краток стил на пеење. Секако, кога во манастир се прославува некој празник, некои псалми треба да се пеат бавно.

Сметам дека вообичаените бденија не би требало долго да траат, бидејќи тогаш на монасите им се случува во текот нa целиот нареден ден да бидат поспани. Во текот на бдението, мораме да обратиме внимание и на младите монаси кои сѐ уште се слаби, како и на оние веќе остарените. Поради тоа не треба да применуваме долготрајни служби, од кои повеќето монаси ќе задремат на своите стасидии и ќе се чувствуваат растроени. Кога бдението трае 6-7 часа, тогаш и младите и старите монаси се способни да издржат во текот на целото бдение. Монасите кои се посилни и сакаат да го продолжат свој от духовен подвиг, тоа нека го направат во своите ќелии. Сѐ треба да се прави разумно.

Понекогаш, некои монаси сакаат повеќе, а понекогаш помалку сеноќни бденија. Тие мислат само на себе и не го почитуваат преданието на светите Отци, кои секогаш мудро постапувале. Напротив, тие веруваат дека се подуховни од отците на Црквата.

Сите монаси треба да изучуваат музика. Меѓутоа, тие не треба да бидат себични, зашто во тој случај сите нивни напори ќе бидат празни. Често пеењето на некои хорови се карактеризира со мноштво на музички варијации, кои можат да бидат исклучително пријатни за слушање. Па така, наместо нашите срца да ги наслaдуваат со зборовите од псалмите, тие со вештината на својата музика го задоволуваат нашиот слух. Јас лично повеќе сакам пеење кое нема премногу да го одвлекува моето внимание со музичките варијации. Византиското пеење не допушта никакво украсување или надворешни ефекти. Музиката на оној кој пее природно и без истакнување има природна убавина. Таква музика потсетува на жена, на која Бог ѝ подарил природна убавина. Кога, пак, псалтот ќе се обиде да ве импресионира додавајќи разни музички украси, потсетува на грда жена која користи многу шминка и накит обидувајќи се да биде убава. Значи, единственото што таквиот псалт ќе го постигне е да не им се допаѓа на другите“.

***

„Многу луѓе бараат да се молам за нивните блиски кои страдаат. Јас се молам, трогнат и возбуден од чувствата на луѓето кои бараат да го сторам тоа. Гледам дека тој или таа страдаат поради своите ближни кои се во неволја. На тој начин, можам да направам нивната болка да стане и моја. Меѓутоа, понекогаш знаат да ме разочараат и тогаш немам никаква желба да се молам за нив. Ќе ви наведам еден пример.

Еден ден ме посети пензиониран директор на училиште кој, за жал, бил професор по теологија. Ми се обрати со следните зборови:

„Отче, мојата жена боледува од рак и лекарите велат дека ѝ е неопходна операција, но, не се сигурни дека резултатите ќе бидат позитивни. Дојдов да ве посетам и да ми кажете дали таа ќе преживее или ќе умре. Операцијата отприлика ќе чини два милиони драхми. Доколку таа остане жива по операцијата, тогаш вреди да се потрошат толку пари. Меѓутоа, ако умре, мене ќе ми требаат тие пари за да можам да живеам. Значи, јас не сакам напразно да потрошам толку пари и на крајот да имам тешкотии и да трпам сиромаштија!“

Старецот се замисли:

„Што да му одговорам? Што и да му кажам, ќе мисли дека без причина го укорувам, зашто не ќе може да ме разбере“.

Еден човек отишол кај Старецот сакајќи да разговара со него за проблемите што ги имал со неговите деца. Неосновано се жалел дека децата несправедливо се однесуваат кон него, Старецот се обидел да го увери дека проблемот треба да го гледа од духовен аспект и му рекол:

„Тоа што неправедно се однесуваат кон тебе, е за твое добро, зашто по смртта ќе бидеш награден“.

Човекот на тоа одговорил:

„Отче, јас не верувам дека пеколот, рајот и животот по смртта воопшто постојат. Освен тоа, никој по смртта не се вратил да ни каже дека постои живот по смртта. Единствено верувам во постоењето на некоја натприродна сила“.

Старецот со насмевка му одговорил:

„Добро, и тоа e подобро отколку ништо. Доколку Христос и животот по смртта не постојат, зар ти мислиш дека се луди сите овие монаси и монахињи кои се откажале од светот и живеат на осамени места? Бидејќи ти никогаш не си се интересирал за духовен живот, не си ни свесен за неговото постоење. Освен тоа, и пеколот и рајот постојат. Нашата душа го доживува и едното и другото, зашто тие се духовни состојби, а не некои места на кои пламти оган или, пак, пеат птици. Ќе ти дадам еден пример:

Замисли си дека спиеш и сонуваш како се подготвуваш нешто да украдеш. Одеднаш, во твојата душа се вовлекува страв, зашто мислиш дека некој би можел да те види. И навистина, луѓето те виделе и се обидуваат да те фатат. Почнуваш да бегаш, зашто стравуваш дека би можел да бидеш фатен и погубен. Такви помисли предизвикуваат чувство на мака и страв. Твојата душа е исполнета со очај, разочарување и страв поради она што би можело да ти се случи. Во сон почнуваш да се потиш и да се превртуваш по креветот, а тогаш, сосема ненадејно се будиш. Сфаќаш дека тоа бил само грозен сон, ноќен кошмар, и постепено се смируваш. Она што твојата душа го доживувала во текот на тие неколку моменти бил пеколот, односно доживување на душевно мачење. Твојата душа била опфатена со страв, ужас, страдање, трепет, очај и разочарување.

Пеколот не е место на кое душите се варат во котли, туку состојба во која душата може да се најде откако ќе го напушти телото. Тогаш ќе ја сфатиш вистината и ќе страдаш зашто не си поверувал во Христа и Неговата проповед за животот по смртта. Душата тогаш ќе биде далеку посвесна за вината поради своите постапки и ќе доживува непријатни чувства на страв, ужас, трепет, очај итн.

Истото се однесува и на рајот. Замисли дека имаш син кого многу го сакаш и дека тој во текот на многу години работел на бродови. Додека спиеш, сонуваш дека твојот син се вратил. Длабоко си трогнат и исполнет со неизмерна радост. Трчаш кон него, го прегрнуваш и бакнуваш. И додека твоето срце е преплавено со среќа, ненадејно се будиш и сфаќаш дека тоа бил само сон. Разочаран си и се враќаш во реалноста. Твојата душа на неколку моменти го чувствувала вкусот на рајот, односно, била исполнета со радост и љубов.

Давајќи ти ги овие два примера, сакам да ти покажам дека постојат и пеколот и рајот. Ние можеме делумно да ги доживееме уште во овој живот, но, потполно и целосно ќе ги почувствуваме дури по смртта. Слични состојби постојат во нашата душа, зависно од нејзината природа. Доколку душата има нечиста совест и ако е опфатена со страв, ужас, трепет, очај, љубомора или клевета, таа станува пеколно место. Меѓутоа, ако душата чувствува љубов, радост, добрина, надеж, вера, умереност и смирение, тогаш станува рајско место“.

Човекот на тоа одговорил:

„Врз основа на она што го рековте, сега верувам дека рајот и пеколот постојат. Сум слушал дека Бог е Пресвета Троица, но Бог е само еден и единствен. Како е можно тоа? Не разбирам како можеме да имаме три Бога, Отец, Син и Свети Дух кои всушност се еден Бог?“

Старецот со благ глас рекол:

„Излези од мојата ќелија, застани пред вратата и погледни на десната страна. Ќе видиш чемпрес кој е оддалечен само еден метар одовде. Погледни го внимателно и кажи ми, дали тука се наоѓа еден чемпрес или, можеби, три? Ова, на некој начин ќе ти помогне да ја сфатиш тајната на Пресветата Троица“.

...Тука се наоѓаше само еден чемпрес, што, старецот Пајсиј го беше одделил од сите останати чемпреси, така што го заградил со камења распоредени во форма на круг.

***

За време на литијата со иконата „Покров на Пресвета Богородица“, кога стигнавме до нивата на патријархот Матеј, ги прочитавме молитвите на свети Трифун. Во тие молитви свети Трифун ѝ се обрќа на света Богородица и на Света Троица за да нѐ избават од секакви инсекти кои ги напаѓаат растенијата. Откако ги ислуша тие молитви, отец Пајсиј со насмевка рече: Малку се претерало со молитвите на свети Трифун. Недостојно е да се молиме на Света Троица за уништување на инсектите, божем од нив зависи нешто. Со тоа им даваме големо значење и Гo потценуваме Бога.

***

Старецот Пајсиј го посетил човек кој го запознал со сериозната здравствена состојба на една личност и го замолил за мислење:

Старецот му го дал следниот совет:

„Постојат две решенија. Првото е да имаш потполна доверба во Бога, да оставиш сѐ во Негови раце и да веруваш дека Божјата љубов ќе дејствува во негова полза. Тогаш, Бог ќе се погрижи за сѐ, бидејќи нема нешто што Он не може да го направи, за Него сѐ е лесно. Меѓутоа, на човекот тешко му е да одлучи да се смири себеси и сѐ да препушти на Божјата љубов и Промисла.

Второто решение, во случај да не може да се довери на Бога, е да постапи на човечки начин: да побара добар лекар и во cѐ да му биде послушен“.

***

Старецот го посетил еден човек сакајќи со него да се посоветува во врска со својот парализиран брат, бидејќи овој, по една несреќа, со години бил неподвижен. Меѓутоа, тој не бил во ситуација својата парализираност да ја прифати со смирение и скрушеност, поради што, секогаш бил нерасположен, проколнувајќи и обвинувајќи сѐ и секого, поради сѐ што се случувало.

Отец Пајсиј му рекол:

„Кажете му на својот брат да се исповеда. Нагласете му, исто така, дека се повредува себеси со своето спротивставување и покажува дека не сака да биде исцелен“.

Човекот на ова му одговорил:

„Отче, јас веќе му зборував да отиде на исповед, но тој ме праша: „Што да исповедам? Пак ќе ги направам истите гревови и пак ќе почнам да проколнувам...“

„Не е важно“, рекол старецот, „пак ќе се исповеда“.

***

Додека бев архондарис во манастирот Кутлумуш, старецот Пајсиј една вечер дојде на сеноќно бдение; Кога пристигна, го однесов во неговата ќелија. Му доделив најдобра ќелија, која се наоѓа непосредно покрај собата за епископот. Штом ја отворив вратата и штом старецот виде уредна и чиста соба со тепих, рече:

„Зарем немаш некоја друга соба која не е олку убава и во која би можел да се сместам? Овде не се чувствувам удобно“.

Бидејќи навистина сакав добро да го згрижам, па го излажав и реков:

„Не, отче, ова е единствената соба која ја имаме на располагање“.

Тој на ова ми рече:

„Еднаш патував за Атина и отседнав во домот на мојот пријател. Ми дадоа прекрасна соба, со чиста, бела постелнина. Се мачев цела ноќ во таа соба“.

„Зошто“, запрашав.

„Ми беше тешко да легнам во така чиста постелнина, зашто се плашев дека ќе ја извалкам. Поради тоа цела ноќ спиев седејќи на стол. Беше тоа многу напорно за мене, а ги разжалости и моите пријатели кога утредента видоа дека креветот е недопрен. Па затоа, можеш ли да ми понудиш некоја друга соба.“

„Во ред, отче, појдете со мене“.

Го одведов во едноставна, скромна соба во која се чувствуваше пријатно.

***

Сфатив дека причините за човековата деструктивност се наоѓаат во изобилството од материјални добра, зашто тие го спречуваат човекот да го почувствува присуството Божјо и да ја почитува Неговата добрина. Доколку сакате некого да го оддалечите од Бога, дајте му изобилство од материјални добра и тој, во истиот миг, засекогаш ќе Го заборави.

Тоа го сфатив уште кога бев млад. Додека престојував на гората Синај, живеев на место, каде што немаше вода. Морав да пешачам по два часа за да стигнам до карпата од која течеше вода. Под неа ставав бокал и чекав околу еден час да се наполни. Недостатокот од вода во мене предизвикуваше различни чувства.

Стравував секој ден: „Ќе капе ли вода од карпата?“ Се молев на Бога за водата и понатаму да капе од карпата. Додека чекорев кон карпата, се плашев дали ќе затекнам вода и се молев. Кога оддалеку ќе ја здогледав водата како болскоти додека сончевите зраци паѓаа на карпата, почнував да Го прославувам Бога. Додека се враќав, не престанував да Му благодарам и да Го прославувам Бога поради водата која ми ја дал. Како прво, малата количина вода ме поттикнуваше да се молам на Бога водата и понатаму да истекува од карпата а како второ, да Му се заблагодарувам и да Го прославувам како Дародавец на сите добра.

Кога го напуштив Синај, отидов во Ивиронскиот скит во кој немавме недостиг од вода. Располагавме со изобилство од вода која понекогаш ја трошевме и остававме да тече без никаква причина. Во еден момент, сфатив дека во мојата душа се утврдил сосема поинаков став. Сфатив дека за сето време од мојот престој во скитот ниту еднаш не реков: „Слава на Бога“.

Малата количина вода беше причина да се молам и да Гo прославувам Бога, додека, пак, нејзиното изобилие направи да заборавам дека водата навистина е дар Божји и дека треба да Му бидам благодарен. Истото може да важи и за материјалните добра. ”

Ќе ви дадам уште еден пример. Никогаш не почувствував потреба да Му се заблагодарам на Бога што ми дал прилика да седнам и да се одморам, зашто мислев дека е сосема природно тоа да го правам. Сега боледувам од хернија и не ми е удобно додека седам. Во моментот кога ќе најдам соодветна положба, Му заблагодарувам на Бога, што ми овозможил да се почувствувам удобно. Тоа ме доведува до заклучок дека и седењето е дар Божји и дека и за ова треба да Му благодариме.

Ова се однесува на било која работа. Доколку се најдеме во тешка ситуација, не треба да бидеме вознемирени. Напротив, треба да сфатиме дека тоа е Божји начин да Му се приближиме и да станеме свесни дека Он е Дародавец на секое добро во нашиот живот“.

***

Едно момче било пред заминување во војска но не сакало да оди, зашто тоа значело раскинување со неговиот удобен и безгрижен живот. Се исповедал кај старецот, а тој му рекол:

„Во текот на војната 1940 г., Грците се карале околу тоа кој прв ќе појде на првата борбена линија. Помладите обично им велеле на постарите: „Вие останете во позадина, зашто имате фамилии и деца кои ве чекаат. Ние ќе отидеме на фронт“. Како сега можеш да кажеш дека ти е тешко да отидеш во војска?“ Кога момчето ги слушнало зборовите на старецот Пајсиј, не само што ветило дека ќе појде во војска, туку се запишало во најтешкиот род, во извидничкиот одред“.

***

„Отец Пајсиј советувал еден од своите посетители да се исповеда, а тој одговорил:

- Отче, зошто да се исповедам, кога повторно ќе ги направам истите гревови?

Старецот на ова рекол:

- За време на војна, кога некој војник ќе биде ранет во ногата, тој оди кај лекарот за да му ја исцели раната, за да може повторно да се бори. Меѓутоа, ако војникот рече: „Зошто докторот да се грижи за мојата рана, кога пак ќе бидам ранет“, тогаш таа рана ќе остане отворена и изложена на бактерии; ќе се инфицнра и тој на крајот ќе умре од крварење. Истото се случува и со исповедта. Мораш да одиш да се исповедаш; ако повторно ги направиш истите гревови, ти, уште еднаш ќе ги исповедаш, сѐ додека не научиш да не паѓаш и цврсто да стоиш на своите нозе.

***

Некој го прашал отецот Пајсиј:

Отче, зошто постојано го забораваме она што го читаме?

Затоа што нашите срца не учествуваат. Истото важи и за молитвата. Пред да се помолиме на Бога, треба за тоа да се подготвиме; болката на нашите ближни треба да стане наша болка, треба да се ставиме на нивно место. На тој начин, нашето срце омекнува и Бог ги слуша молитвите кои се изливаат од него. Нашето срце мора да учествува во сѐ што правиме, во секое наше дело и така никогаш нема да ги заборавиме.

***

Еднаш отецот Пајсиј му го рекол следново на еден свештеник, кој дошол да го посети:

- Додека ги подготвуваш Светите дарови, имињата мораш да ги споменуваш со цело срце, а не само механички да ги кажуваш. Ако некој се разведува, помисли на децата кои страдаат и на ожалостените роднини; ако некој е во болница, мисли на неговата болка, на неговото страдање. Најпрво во своето срце стави го секој човек и неговото страдање, па дури тогаш моли Гo Бога да му помогне. Бог сигурно ќе помогне, зашто ја гледа твојата вистинска и срдечна љубов.

***

Старецот со неколкумина поклоници седел во својата градина и разговарале за духовни теми. Недалеку од нив, стоело едно дете удирајќи по земјата со парче дрво и правело голема врева за да го привлече вниманието на поклониците. Бидејќи поседувал едноставен и интересен начин со кој им укажувал на луѓето како да ги поправат своите грешки, а притоа, да не ги повреди нивите чувства, старецот се свртел кон детето и шеговито рекол:

Георгиј, немој да удираш толку силно, зашто во Америка која се наоѓа долу, под нас, сега е ноќ, на би можел да ги разбудиш Американците.

Детето во истиот миг послушало, a роднините се насмејале на чудниот начин со кој старецот Пајсиј му рекол на детето да престане.

***

Старецот Пајсиј велеше, дека постои многу ограничен број на монаси кои целосно се посветени на молитвата и поради тоа нема потреба да се занимаваат со други работи. Оние кои тврдат дека нема потреба да работат, го велат тоа од мрзливост, не поради својата духовност. „Додека престојував на Синај, cе занимавав со рачна работа дванаесет часа дневно и cѐ што ќе заработев, го давав на Бедуините. Освен тоа, во Ивиронскиот скит, во вид на духовни вежби, исеков толку дрва, колку што беше доволно за цела година. Душата на мрзливиот посакува, но напразно; а душата на работливиот ќе се насити (Изрек. 13, 4).

***

Старецот секогаш говорел дека зло не постои во овој свет. Бог сѐ создал и Он видел дека е „многу добро“ (1.Мојс.1, 31).

Злото постои тогаш, кога ги злоупотребуваме нештата кои Бог ни ги дал за наша полза.

Не е лошо некој да има пари, но лошо е да се биде алчен. Дрогите не се лоши кога се користат за ублажување на болките на оние што боледуваат. Тие се лоши тогаш, кога се користат со поинаква цел. Ножот е корисен предмет кога го употребуваме за сечење на леб, но, кога го користиме за да избодеме некого, тогаш тој станува смртоносно оружје. Во тој случај, ножот не е нешто лошо, туку лошо е внатрешното расположение на убиецот.

Сѐ мораме да користиме на вистински, природен начин, наместо да ги злоупотребуваме и да одиме против природата.

Ho бидејќи сме слаби по природа и склони сме кон одредени страсти, треба да избегнуваме сѐ што нѐ повредува. Треба да ги избегнуваме нештата, кои се поврзани со страстите, не зашто тие самите по себе се лоши, туку зашто нашето внатрешно расположение кон злото не ни дозволува да ги исползуваме правилно.

Бидејќи не можеме од нив да добиеме полза, подобро е да ги избегнуваме, за да не можат да ни наштетат. Истовремено треба да Го прославуваме Бога за Неговите дарови, и да се обвинуваме себеси, зашто ги злоупотребуваме тие дарови и така предизвикуваме зло.

Старецот го посетил еден свештеник и му се покажал дека со години страда од страшни главоболки. Бидејќи од тоа не можел да најде мир, постојано се молел на Бога да го ослободи од тоа мачење. Еднаш, отишол во манастир за да се поклони на чудотворната икона на пресвета Богородица. Застанал пред иконата и со целото срце се молел да го ослободи од оваа неволја.

Веднаш бил исцелен и ја прославил пресвета Богородица поради ова чудо. Бидејќи бил многу среќен, отишол кај старецот Пајсиј да му раскаже за своето чудотворно исцелување. Тогаш старецот му рекол:

„Не можам да го сфатам твојот начин на размислување. Си ја молел пресвета Богородица да те ослободи од единствената ”штедна книшка“ на која постојано си можел да ставаш духовен влог и ти си среќен поради тоа!“ .

* * *

Кога старецот Пајсиј се разболел од хеморагија, на посетителите не им ja отворал вратата од својата ќелија. Наместо тоа, излегувал на главната капија за да ги праша што сакаат. На тој начин, посетителите биле принудени побрзо да си одат. Но ако старецот им ја отворел врата, тие се задржувале некое време, додека нему, поради слабото здравје, му станувало тешко да одговори на нивните барања.

Еден ден кај старецот дошло едно момче и тој го запрашал што сака.

„Само вашиот благослов, старче“.

„Зарем минатиот пат не зеде благослов?“

„Да, но како што се приближува Велигден,  сакам повторно да земам Ваш благослов за да имам повеќе радост за празникот“.

Старецот со насмевка му одговорил:

„Овој пат ти препорачувам да не земаш благослов, зашто, можеби ќе ти биде подобро без него!“

***

Неколку монаси од Света Гора, кои биле посебно чувствителни, мислеле да престанат со спомнување на името на патријархот Димитриј на литургија, зашто тој јавно изразил позитивен став кон Ватикан. Отишле кај старецот Пајсиј да му го соопштат своето непопустливо мислење за тоа прашање. Притоа, го „бомбардирале“ со разни аргументи за тој да ја поддржи нивната решеност да престанат да го спомнуваат името на патријархот. Кога го запрашале за мислење, тој им рекол:

„Што да ви кажам? Јас сум разочаран од однесувањето на нашиот премиер. Ја уништи Грција донесувајќи многу антицрковни закони, иако грчкиот Устав е напишан во името на Пресвета Троица. Не можам повеќе да ја поднесам таквата ситуација, па одлучив да ја напуштам Грција и Света Гора и да отидам на Синај“.

Монасите извикале:

„Заради Бога, отче Пајсиј, немојте тоа да го направите! Немојте да заминете поради премиерот кој и онака наскоро ќе падне и ние повторно ќе го најдеме својот мир“.

Старецот на ова со насмевка додал:

„Тогаш вие, направете го истото тоа, што мене ми го советувате. Бидете трпеливи, зашто не е добро да се одделувате од Црквата Христова. Мораме да се молиме на Бога да ги просветли црковните старешини, за правилно да го проповедаат словото на вистината“.

***

Еден епископ му се обратил на старецот:

„Отче, најновиот развој на односите помеѓу Патријаршијата и Ватикан во мене побуди желба да престанам да го спомнувам патријархот. Вие што ми советувате?“

„Би сакал јас вам да ви поставам едно прашање: дали патријархот верува во тоа што го прави, или така постапува од што мора, наоѓајќи се под притисок однадвор?“

„Отче, јас навистина не знам што да ви одговорам на ова прашање“.

„Токму тоа, Владико, е од суштинско значење за нас“.

***

За време на патријархот Атинагора некои луѓе доаѓале кај старецот и прашувале:

„Отче, не разгневија постапките на патријархот и ние се молиме тој да умре, за повторно да стекнеме душевен мир“.

Старецот на ова им рекол:

„Тоа не е во ред. И јас се молам за него. Го преколнувам Бога да скрати денови од мојот сопствен живот и да му ги подари на патријархот, за да има доволно време да се покае“.

***

Отец Пајсиј во една прилика поради лични причини дошол во Атина. Во недела отишол во црква. Момчињата, кои во текот на богослужението им прислужувале на свештениците во Светиот олтар, биле многу гласни. Како што дознал подоцна, во црквата имало и еден римокатолик и го соблазнила вревата која децата ја правеле во текот на Божествената Литургија. Откако завршила службата, му рекол на старецот:

Отче, дали забележавте колку беа бучни децата додека им прислужуваа на свештениците во олтарот? Во нашата црква за време на служба е толку тивко, што можете да ги чуете луѓето како дишаат.

На децата овде им е пријатно и се чувствуваат опуштено и слободно, зашто знаат дека се во куќата на Отецот, а не во куќата на некој туѓинец.

Доаѓајќи во манастир, еден искушеник се соочувал со извесни тешкотии. Не сакал да се врати во светот, но уште не се чувствувал подготвен да се замонаши. Дури и облеката што ја носел го покажувала неговиот проблем. Не сакал да носи световна облека, но не сакал ни мантија. Бил многу вознемирен поради својот проблем и дошол да се посоветува со старецот. Кога пристигнал, отец Пајсиј му рекол:

„Влези, имам убава јакна за тебе. Не е згодна ни за мирјани ни за монаси, така што во неа ќе се чувствуваш сосема удобно“.

На момчето длабок впечаток му оставил фактот дека на старецот му бил познат неговиот проблем, што, само по себе, било доволно да ја растера неговата тага. Тогаш старецот го посоветувал како да ги надмине тешкотиите со кои се соочувал.

„Отче, луѓето понекогаш нѐ прашуваат зошто сме станале монаси, наместо да се ожениме. Што да им одговорам?“ „Тоа зависи од секој монах посебно. Можеш да им го наведеш она што е запишано во Евангелието: Синовите од овој век се женат и мажат но оние, што ќе се удостојат да го добијат оној свет и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, и да умрат веќе не можат, оти се еднакви со ангелите и, бидејќи се синови нa воскресението, тие се синови Божји (Лука 20, 34-3 6). 3ap тоа не е корисно веќе сега да го започнеме? Бидејќи сите ние копнееме за вечен живот и го посакуваме, зошто да не се стремиме кон него уште во овој живот?

Пред да се впуштат во тешки духовни напори и строго подвижништво, нашите светители се утврдувале во смирението. Така ги штитела благодатта Божја и строгите подвизи не им штетеле на нивните тела. Во нашево време има многу монаси кои прифаќаат тешки подвизи со добра волја и ревност, но, без смирение. Затоа, од една страна, нивните тела слабеат и ваквата физичка исцрпеност предизвикува поматување на нивниот ум. Од друга страна, пак, стануваат горди поради своите достигнувања и постепено застрануваат поради недостиг на смирение“.

***

Еден ден, додека старецот Пајсиј седел во градината и разговарал со некои посетители, покрај нив поминале двајца монаси без мантии. Наместо вообичаената облека, имале чизми и реденици околу половината, додека во рацете носеле пушки. Еден од посетителите зачудено го запрашал старецот:

„Отче, кои се овие луѓе?“

Бидејќи неговата љубов знаела на кој начин да ја прикрие човечката слабост, старецот одговорил: „Тоа се стражари кои Советот на старци ги одреди да ја чуваат Света Гора“ Еден од посетителите, кој ги препознал монасите, пеумесно забележал: „Што зборувате, отче? Тоа се отците тој и тој (ги навел нивните имиња) и тргнале во лов на диви свињи!“ Старецот се растажил кога ги чул овие зборови, но сепак, се обидел да се насмее!“

***

Некои луѓе со помрачен и изопачен ум почнале да шират гласови за тоа, дека старецот во својата ќелија одгледува змии. Секој од нив раскажувал сопствена верзија, па дури го обвинувале и за поврзаност со луѓе кои почитуваат култ кон змии и припаѓаат на некои источни религии. .

Биле во право само во поглед на една работа: Старецот не се однесувал на начин кој е карактеристичен за нас. Кога ќе здогледал змија, не се обидувал да ја убие, што значи, не бил сфатен поради своето добро срце. Еднаш некој го запрашал:

„Старче, зарем змиите не се опасни?“

„Во текот на зимата, змиите живеат под земјата, во темна и влажна средина, каде што чекаат да се стопли и да излезат на сонце. Кога, пак, ќе излезат и нѐ видат како држиме стапови со кои се обидуваме да ги убиеме, што, воопшто, можат да направат? Зарем нема да станат опасни, бидејќи и самите се соочуваат со опасност?“

Друг човек го запрашал:

„Отче, чув дека имате змии во својата ќелија. Дали е точно тоа?“

„Секако дека имам змии, но само овде и нигде на друго место“, одговорил покажувајќи кон своите гради.

Некој, пак, го запрашал дали е вистина дека одгледува змии, а старецот рекол:

„И вие поминавте цел пат од Атина до Света Гора за да ме прашате дали одгледувам змии? Напразно сте потрошиле толку пари за карта. Да имав малку млеко, зарем мислите дека би го давал на змиите, наместо на остарените отци, кои живеат секаде наоколу?“

Старецот Пајсиј имал посебен однос кон животните, птиците, дрвјата и змиите. Имал ист онаков однос кон природата каков што имале Адам и Ева пред првородниот грев. Разликата помеѓу старецот и нас е начинот на кој дејствувало неговото срце преисполнето со љубов.

Кога ќе здогледаме птици, ние помислуваме колку се вкусни кога ќе се зготват со ориз. Кога старецот ќе здогледаше птица, тој ќе поиташе да донесе малку леб и да ја нахрани. Кога се шетаме по шумските патеки, ги пружаме раце лево и десно за да набереме цвеќе или листови од гранките и обично завршуваме, така што од случајна немарност ќе откинеме некоја гранка. Кога старецот ќе здогледате некоја скршена гранка, донесуваше штичка за да ја прицврсти. Слични примери на љубов кон природата и животните можеше да се видат насекаде во околината во која живееше.

***

He обидувајте се да користите логика за да сфатите некои места од Библијата. Нема место за вообичаената логика кога станува збор за Библијата. Само читајте ја. Бог ќе ви открие сѐ што е за ваше добро. Понекогаш не го разбирам она што го читам, но, чувствувам дека во тоа постои нешто добро. Меѓутоа, изгледа дека за мене не е вистинско време да го прифатам тоа добро и јас го оставам настрана.

Многу е важно во својот живот да го примениме она што го сфаќаме. Во денешно време искажуваме тенденција да учиме, но не и да разбираме. Во своите куќи имаме многу книги, речиси, напамет го знаеме Добротољубието, но, она што ќе го прочитаме не го применуваме во животот.

Еден муслиман од Тракија (североисточна Грција) го читал Евангелието кое на него оставило длабок впечаток. Неговиот позитивен став му помогнал во истиот миг да поверува во евангелските зборови, односно, дека Христос с вистинскиот Бог. Тој од целото Евангелие сфатил само три работи, т. е. дека мора:

1) да Го сака Бога и непрестајно да Го моли за помош,

2) да ги сака своите ближни,

3) трпепиво да поднесува сѐ што ќе му се случи, зашто, на тој начин ќе ја спаси душата.

Ги разбрал само овие три работи и наскоро се крстил, обидувајќи се да ги примени во живот.

Кога оџата и останатите муслимани дознале дека станал христијанин, почнале непријателски да се однесуваат кон него, не допуштајќи му ни за момент мир. Меѓутоа, тој ги применувал овие три работи кои ги научил од Светото писмо. Постојано се молел, ги сакал ближните и бил трпелив. Тоа влијаело на муслиманите да го променат својот став кон него. Се восхитувале на неговата добрина и постепено почнале да веруваат во Христа, па, посакале и самите тие да бидат крстени. Значи, тој завршил така, што не си помогнал само на себеси, туку и на ближните.

Она што го разбираме не го применуваме во живот. Напротив, ги исполнуваме своите души со знаење кое нѐ збунува и спречува да си помогнеме самите на себе ослободувајќи се од бескорисните помисли. Ние, дури не сме во состојба ниту својата „муслиманска“ мисла да ја преобразиме во „христијанска“.

***

Едно момче дојде да го посети старецот. Бев стигнал во моментот кога тоа зазвони на вратата и застанав позади него. По извесно време, старецот Пајсиј ја отвори вратата и дојде до оградата.

„Што се случува, момче, што сакаш“, запраша старецот.

„Отче, би сакал да Ве видам и со вас да се посоветувам за нешто“.

„Се, исповедаше ли? Имаш ли духовен отец?“

„Не, отче, немам духовен отец, не сум се исповедал“.

„Во тој случај, ќе биде подобро првин да се исповедаш, па дури тогаш да дојдеш кај мене“.

„А зошто не можам сега да ве видам?“

„Ќе ти објаснам, па ќе разбереш. Твојот ум е збунет и вознемирен поради гревовите кои си ги направил и не можеш да ја сфатиш ситуацијата во која се наоѓаш. Поради тоа, не ќе бидеш во состојба да ми предочиш јасна слика на својот проблем. Ако, пак, ги исповедаш своите гревови, твојот ум ќе се очисти и работите ќе ги гледаш во поинакво светло“.

„Отче, можеби сум збунет и вознемирен, можеби и не сум во ситуација да ви предочам што поточно ме мачи, но, вие и самите можете да ја сфатите природата на мојот проблем и да ми кажете што да направам“.

„Слушај, дури и кога би можел јасно да видам што те мачи, тој проблем и понатаму ќе биде во тебе. Cѐ додека твојот ум е вознемирен, нема ни да го разбереш ниту да го запамтиш она што ќе ти го кажам. Ако се исповедаш, твојот ум ќе се најде на иста духовна фреквенција на која е и нашиот, па ќе бидеме во состојба да разговараме. Според тоа, отиди кај духовниот отец да се исповедаш, а јас ќе го очекувам твоето доаѓање“.

***

Момче кое ослепело на едното око и на кое му се заканувала опасност да ослепи и на другото, дошло да го посети старецот. Лекарите му рекле дека треба да оди на операција, но не му гарантирале дека нејзиниот исход ќе биде позитивен. Му го раскажал својот проблем на отец Пајсиј и побарал негов совет, а тој му рекол да ги послуша лекарите и да отиде на операција. Меѓутоа, момчето било уплашено и уште еднаш го запрашало старецот:

Отче, што ако го изгубам и другото око?

Не грижи се. Со Божја помош сѐ ќе биде добро. Зборувајќи човечки, ти велам, ако го изгубиш окото, јас ќе ти го дадам моето, па, обајцата ќе можеме да гледаме со помош на едно око. Ho, ти повторувам дека сѐ ќе биде добро.

Најпосле, момчето било оперирано и навистина сѐ било добро. Имено, на лекарот му рекло, дека во текот на операцијата чувствувало дека некој го држи за рака и го води!

***

Старецот му рекол на еден од посетителите:

„Би требало да ги плаќаме сите даноци кои државата ни ги наметнала, инаку ќе бидеме причинители на две големи зла. Како прво, доколку тоа не го правиме, нашата држава ќе банкротира. Ние ќе западнеме во финансиска зависност од други земји и тие на крајот ќе завладеат со нашиот народ.

Како второ, доколку голем број луѓе одбиваат да ги плаќаат, тогаш тоа, наместо нив, ќе мораат да го прават оние совесните и чесни. Со други зборови, тие ќе бидат принудени да платат и за оние кои одбиваат тоа да го направат, бидејќи на државата ѝ е неопходна одредена количина пари за нејзините расходи. Доколку некои луѓе одбиваат да платат данок, тогаш оние чесните ќе мораат да го поднесат товарот на нивните долгови.

Нашиот Господ сакал да ни покаже дека мораме да ги платиме своите даноци, со тоа што го платил својот данок во Ерусалим, иако е Он Самиот Бог: А кога пристигнаа во Капернаум, се приближија до Петра оние, што собираа дидрахми и му рекоа: „Учителот ваш не плаќа ли дидрахми?“ Тој одговори: „Плаќа“. И кога влезе дома, Исус го испревари и рече: „Како ти се чини, Симоне? Земните цареви од кого земаат царина или данок? Од своите синови или од туѓи?“ Петар му одговори: „Од туѓите“. Исус му рече: „Значи, синовите не плаќаат; но, за да не ги соблазниме, отиди до морето, фрли јадица и првата риба, што ќе се улови, земи ја; и, кога ќе ѝ ја отвориш устата, ќе најдеш статир; земи го и подај им го за Мене и за себе!“ (Мат. 17, 24-27).

Свети Павле вели во посланието до Римјаните: Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти, зашто нема власт, што не е дадена од Бога. Затоа, оној што се противи На власта, тој се противи на Божјата наредба. А оние, што се противат, тие ќе паднат под осуда... Затоа треба да се покорувате, и тоа не само поради страв, туку и поради совеста своја. Затоа и даноќ плаќате, оти тие се Божји служители, и со тоа постојано се занимаваат. И така, дајте секому, што сте му должни: кому данок-данок; кому давачка-давачка; кому страв-страв; кому чест-чест. И не должете никому ништо освен да се сакате еден со друг. (Рим. 13, 1-2 и 5-8).

***

Старецот во една прилика во градината разговарал со посетителите. Во еден момент му се придружила и група од петмина луѓе. Старецот станал и ги запрашал:

„Од каде доаѓате?“

„Доаѓаме од Јанина, отче“. (Јанина е град во северна Грција)

„Од што живеете?“

„Ние сме даночници“.

„Вие сите луѓе ги натеравте да крадат. Во минатото постоеја само неколкумина од оние кои избегнуваа да плаќаат данок. Во денешно време, вашето однесување постепено сите луѓе ги направи крадци. Кога го испитувате даночниот обврзник и тој ви вели дека неговиот приход е два милиони драхми, не оданочувајте го на износ од дваесет милиони. Секако, постојат некои луѓе кои крадат, но не обидувајте се да ги фатите на овој начин, зашто на крајот тоа мораат да го платат оние чесните.

Еден мој пријател неодамна морал да се соочи со сличен проблем. Тој е чесен човек и често доаѓа на исповед. Кога даночниците дошле да ги проверат неговите даночни обрасци, виделе дека тој годишно остварува чист приход од пет милиони драхми. Тие не му поверувале и го оданочиле на износ од дваесет милиони. Кога се побунил, му рекле:

„Добро, ќе те оданочиме на износ од петнаесет милиони“.

Кога и понатаму се бунтувал, даночниците додале:

„Ние не ти веруваме и сметаме дека доволно го намаливме твојот приход“. Даночникот се завртел кон својот колега и му рекол:

„Запишете десет милиони како конечен приход“.

Во тој момент, мојот пријател ги прекинал:

„Ве молам, почекајте малку. Не запишувајте ништо, зашто сакам нешто да ви кажам. Приходот кој го остварив изнесува онолку, колку што ви реков првиот пат и ниедна драхма преку тоа. Јас плаќам данок, зашто не сакам да ја поткрадувам својата земја. Меѓутоа, однапред ви велам дека, доколку ме оданочите на поголема сума, ќе бидам принуден да крадам за да дојдам до пари со кои ќе го платам данокот. Имајте на ум дека вие ќе билете причина за мојата кражба и дека вие за тоа сте одговорни, зашто ме принудивте на таква постапка“.

***

Непосредно пред избори, кај старецот Пајсиј дошла една група луѓе за да го прашаат за кого да гласаат, а тој им рекол:

„Кој е поблизу до Црквата, кој се бори за неа и за нашата земја, кој го држи својот збор? Гласајте за оној кој е посветен на Црквата. Не мислам дека треба да гласате за оние политички партии кои се нарекуваат демохристијански, зашто тоа би било сосема погрешно.

Ние не смееме да припаѓаме на политички партии. Прво треба да ја сакаме Црквата, а потоа татковината и да гласаме за оние, кои се борат за нив. Гледате, сите грчки херои се бореле за Црквата и татковината и за нив ја пролевале својата крв. Според тоа, мораме да им бидеме благодарни затоа што Грција денес е слободна земја и што не се наоѓа под турска власт. Обидете се да гласате за оние, кои се подготвени да пролеат крв, првин за Православието, а потоа и за татковината. За жал, денес за членови на парламентот избираме луѓе со мрачно и сомнително минато“.

***

За време на националните избори, многу поклоници доаѓале кај старецот Пајсиј за да го прашаат за кој кандидат да гласаат. Тој обично ќе им одговорел:

„Гласајте за оној, за кој верувате дека е најдобар, за оној кој Го сака Бога и татковината“.

Тие секогаш му одговорале со исти зборови:

„Сите тие се исти, отче“.

Тогаш старецот ќе додадел:

„Видете, и сите маслини се исти, сите ги погодува иста болест која се вика „дакос“. Меѓутоа, некои се погодени 100%, некои 80%, a некои 50%. Бидејќи маслинките ни се неопходни, мораме да обрнеме внимание на оние кои најмалку заболеле. Кога ќе одиме на гласање, мораме да имаме на ум две работи:

1) колку кандидатот Го сака Бога, т. е. во која мера тој е свесен член на Црквата и 2) колку ја сака својата татковина и се грижи за нејзините, наместо за своите лични интереси. Доколку некој за време на гласањето се придржува до поинакви критериуми, тоа значи дека се раководи од лични интереси и дека не постапува како вистински христијанин. Подоцна, Божјата правда ќе допушти да плати за својата грешка“.

***

Монахот треба да ја запостави својата ќелија и својот живот воопшто и во потполност да се посвети на луѓето кои го опкружуваат. Меѓутоа, доколку некој има фамилија, тој не може да го стори истото, зашто мора да се грижи за жената и децата. Согласно со Божјата волја, тој, првин треба да се погрижи за својот дом, a тогаш, ако околностите му допуштат, дел од своето време може да го посвети и на други луѓе.

И таткото и мајката подеднакво се одговорни за негрижата за децата и невнимателност во поглед на нивната иднина. Во никој случај не можат да се сметаат за грешни, доколку обајцата работат за да заработат што повеќе пари и да бидат во состојба на децата да им платат за студии или на ќерката да ѝ изградат куќа. Напротив, тие се должни така да постапат. Родители кои не се грижат за децата, не се добри родители и пред Бога ќе мораат да ги оправдаат своите постапки. Грешно е заработувањето пари, заради своите себични интереси и отсуство на доверба во промислата Божја.

Грижата за детската иднина за родителите е заповед. Секако, доколку кон децата неправедно се постапува и ако никој не им помага, тие имаат право на Божја помош. Напротив, на родителите ќе им биде судено поради тоа што ги запоставувале.

***

Родителите мораат да живеат како вистински христијани и да бидат многу внимателни во своите постапки. Децата се слични на компјутерите: уште додека се сосема мали, во своите глави регистрираат сѐ што ќе видат или чујат во нивниот дом. Ако видат дека таткото и мајката се караат, проколнуваат и пцујат, тоа и ќе го регистрираат во лентата на својот ум. Кога еден ден ќе пораснат, почнуваат да проколнуваат, пцујат и да се караат, користејќи го јазикот на своите родители. Се однесуваат на ист начин, иако тоа всушност не го сакаат, бидејќи наследиле лошо однесување од своите родители. Кога подоцна ќе ги согледаат своите грешки, тешко име е да ги поправат.

Најголема помош и најголемо наследство кое родителите можат да понудат на своите деца е пријатност за нивната (родителска) добрина. Тоа не бара некој посебен напор. Лентата на детскиот ум не е исполнета ни со добро ни со зло и лесно може да го прифати однесувањето од своето непосредно опкружување, односно своите родители. Доколку детето види дека неговите родители се љубезни, дека се сакаат, дека со благост се обраќаат еден кон друг и скрушено се молат, тогаш и душата на детето, како индиго, ќе го копира соодветно однесувањето на родителите.

Многу родители кои мислат дека најмногу ги сакаат своите деца, со тоа ги уништуваат, без да бидат свесни. Да земеме за пример мајка која премногу ја сака својата ќерка. Таа ја држи во својата прегратка, ја бакнува и вели: „Колку убаво дете имам“, или „имам најдобро дете на светот“. Според тоа, уште од најрана возраст (кога не е во состојба тоа да го сфати и да се побуни), детето станува вообразено и верува дека навистина е прекрасна личност. Оттука следи дека тоа девојче нема да чувствува недостиг на Божјото присуство и Неговите благонаклони сили во својот живот, па со самото тоа, нема ни да Го бара Бога. Таа ќе изгради самодоверба која ќе биле цврста како камен. Таа најчесто никаде нема да ја одведе и кога ќе порасне тешко ќе ѝ биде да се ослободи од неа.

За жал, со таквата гордост најпрво ќе ги повреди своите родители. Како децата ќе ги слушаат родителите, кога мислат дека се полни со добродетели и дека сѐ најдобро знаат?

Ете зошто родителите најпрво мораат да се погрижат за својот духовен живот зашто, освен за себе самите, одговорни се и за децата. Се разбира, тие можат да се оправдаат, дека негативните особини ги наследиле од своите родители. Меѓутоа, не можат да се оправдаат, ако не се обидат да се ослободат од нив во моментот кога ќе станат свесни за нивното постоење.

Истото може да се каже и за децата. Децата наследуваат некои слабости за кои не се одговорни, но за тоа не треба да ги обвинуваат своите родители. Тие поседуваат слободна и независна волја и можат да го отфрлат своето „наследство“, доколку одлучат дека не го сакаат во себе.

Според мое мислење, позаслужен за пофалба е човекот, кој спротивно на својата волја наследил зло и настојува да се ослободи од него, отколку оној кој од родителите наследил добри особини и никогаш не морал да се труди да ги придобие. Првиот за нив се бори, додека другиот ги затекнал подготвени, Правдата Божја ќе го земе предвид овој факт. На пример, кога едно дете има татко кој е крадец, тоа, исто така, ќе научи да краде и, ако му недостига добра волја, на крајот ќе го прифати татковото наследство. Бог ќе биде многу благ судејќи му на ова дете, зашто склоноста за крадење ја наследило од татка си уште додека било сосема мало и не било во состојба да направи разлика помеѓу доброто и злото.

Старец Пајсиј Светогорец