Старец Пајсиј Светогорец

Кажи го главното, кажи многу со малку зборови (Мудр; Cиp. 32, 10).  

Зборовите од уста на мудрец се благодат...(Проп.10, 12).

***

Пред света причест мораме да се исповедаме кај својот духовен отец, бидејќи за наше заедничарење со Бога неопходно е пред Него да ја признаеме својата немоќ.

***

Кога со болка се молиме за ближните, нашиот добар Бог преизобилно нѐ наградува со благодат.

***

Кога некој прославува именден, посакајте му го следново; Да живееш многу и богоугодни години.

***

Дури и кога не е добродетелен човек, свештеникот поседува благодат на свештенство, преку неа станува способен да ги врши светите таинства. Кога, пак, монах не поседува добродетели, тој е сосема ништожен.

***

Кога се обидуваме да се ослободиме од страстите и никако не успеваме во тоа, тогаш тоа се случува или поради нашиот егоизам и гордост или, пак, затоа што ги критикуваме и осудуваме ближните.

***

Доказ за вистинска духовна состојба на исповедникот е да биде многу строг кон себеси, но снисходлив кон другите и да не ги користи црковните канони како бојно оружје, за да нѐ стрела со нив!

***

Треба да се подвизувате додека сте млади, зашто кога ќе остарете, ништо веќе не можете да направите. На постарите луѓе им смета дури и провевот кој навлегува низ клучарката.

***

Некогашните монаси непрестајно размислувале за смртта. Според тоа, кога би го промениле местото на живеење, тие таму, нај прво, би ископале сопствен гроб. Денес и најмалото крварење од носот ги наведува сегашните монаси на помисла да отидат на лекарски преглед.

***

Во наше време младите имаат чуден став: тие сакаат да учат, а да не посетуваат училиште (често учествуваат во училишни штрајкови и сл.), да имаат високи титули без напорно учење и сакаат своите факултетски дипломи да ги добиваат во кафеаните во кои седат и се забавуваат.

***

Денес младите имаат добри и нови машини. За жал, маслото во тие машини е замрзнато. Кога ќе се загрее сѐ добро функционира.

***

Кога свештеник има мноштво духовни деца и кога некои од нив се истакнуваат со својата побожност, треба да поминува повеќе време со нив, за да бидат во состојба да им помогнат и на други.

***

Почеток на распаѓањето на христијанското семејство и почеток на отстапништвото е тогаш, кога жената ќе го задржи своето моминско презиме. Исчезнува единоначалието кое Бог го поставил во семејството и во него настанува хаос; Едното дете го зема мајчиното, а другото, татковото презиме и семејството почнува да се распаѓа.

***

Неопходно е мажот и жената, ако сакаат да се венчаат, да најдат добар духовник на кого и обајцата ќе ја потчинат својата волја. Духовниот отец ќе одигра улога на арбитер и со тоа ќе ги спречи кавгите во семејството. Кога ќе дојде до недоразбирање, тие ќе разговараат со својот духовник кој ќе им покаже каква е Божјата волја. Доколку не биде така, бракот ќе се распадне, зашто ќе се замешаат и нејзините родители, кои ќе се обидат да ја наметнат својата волја. Но ако се согласат да имаат заеднички духовен отец кој ќе ги раководи, лесно ќе избегнат секакво несогласување во семејството.

***

Едно момче постојано се жалело дека го фаќаат „уроци“ и одел кај некоја жена која, наводно, знаела како од тоа да го заштити.

„Како може таа да ти помогне?“

„Не знам, зашто сѐ што кажува, го кажува во тајност и не можам да чујам“.

Старецот Пајсиј рекол:

„Црквата ништо не прави во тајност!“

Потоа му дал крст и го посоветувал:

„Носи го овој крст и никој не ќе може да те погледне со „урокливо око“. Отиди на исповед и причести се. Само на луѓето, на кои им се далечни овие две работи, подложни се на „урокливо око“.

***

„Отче, сакам да најдам добра девојка и да се оженам“. Старецот одговорил:

„Ако сите бараат само убави девојки, што ќе правиме со другите? Ке ги фрлиме ли на буниште?“

***

Се обидувам да не се уморам многу во текот на утрената, за да можам да стојам додека свештеникот ја служи Божествената Литургија.

***

Никогаш не ја оставај книгата на свети Исаак Сириски. Чувај ја под перница и постојано изучувај ја.

***

Треба да бараме не човечка утеха, туку Божествена.

***

Ние монасите се радуваме на Божјиот дар да припаѓаме на Неговото големо семејство, а не кон некое мало. На тој начин сме во сродство со целиот свет. Оној кој е приврзан за родителите и роднините не може духовно да се развие.

***

Бог на животните им дал онолку ум, колку што им е потребно за да се одржат во живот, додека на човекот му дал жива душа! Бог животните ги создал со зборовите: „И рече Бог... и би така“. додека човекот го создал со Своите раце.

***

„Отче Пајсиј, каде заминува душата кога ќе го напушти телото?“

„Кога часовникот ќе се скрши, тој заминува во рацете на часовничарот. На истиот начин и таа заминува во рацете Вожји“.

***

Оној човек што ќе ја осознае својата грешка, веќе поминал половина пат. Меѓутоа, многу е важно да стане свесен и за својата слабост. Многу е подобро да бидеме свесни за својата слабост, отколку упорно да се подвизуваме, без да бидеме свесни за неа.

***

Нашите светители го добиле венецот на светоста. Меѓутоа, само мачениците добиле и втор, т.е. венец на мачеништвото.

***

Кога ѓаволот ќе му наштети на некој од нашите ближни, семејството или манастирот, мораме да се обидеме да ги поправиме нивните негативни мисли. Кога ѓаволот ќе направи дупка, мораме да се потрудиме да ja затнеме, за да не се сруши оградата. Бог ќе ни суди, ако не го сториме тоа. Дури и да не сме се обидувале да ја срушиме градбата, не сме се обиделе ниту да ги зацврстиме нејзините темели, туку сме гледале како се руши.

***

Кога ќе се разбудиме за ноќна молитва, треба да Му заблагодариме на Бога за сонот и да се помолиме да им го подари и на оние кои страдаат од несоница и земаат таблети за спиење.

***

Од голема полза за брачниот пар е да има заеднички духовен отец. Тој постапува како дрводелецот кој се обидува да спои две парчиња дрво: ги делка нерамнините за да можат овие две парчиња да се залепат едно со друго.

Најдобро е ако сите членови на семејството имаат еден и ист духовен отец, зашто тој ќе биде запознаен со сите нивни проблеми и ќе може да понуди соодветен совет за секого од нив.

Секогаш мораме да бидеме снисходливи кон ближните, та и Бог да биде таков кон нас.

***

Светителите нѐ потикнуват на целосно покајание и не допуштаат да паднеме во очај.

***

Кога некој се наоѓа на почеток на духовен живот, треба малку да чита, а многу да стражари над себеси и да пази на сопствените помисли.

***

Здрав е оној кој добро џвака, а не оној кој многу јаде (ова се однесува на духовното учење).

***

Понекогаш стотина демони може да го нападнат нашиот ближен кој храбро се бори. Сепак, се случува Бог да допушти тој да падне. Бидејќи скрушен по природа, тој се кае и вели: „Никогаш нема да се поправам и ќе умрам во грев“.

Неговиот пад станува причина за неговото смирение и тој уште повеќе се смирува и тогаш Божјата благодат почнува изобилно да се излева врз него. Ние го гледаме само неговиот пад и почнуваме да го осудуваме, поради што и самите стануваме осудени, и затоа благодатта Божја отстапува од нас.

***

Ние треба да направиме сѐ што е во човечките можности. Она, што ја надминува нашата сила, треба да го оставиме во раце Божји.

***

Внимавајте да не постапувате неправедно кон другите.

Во денешно време, луѓето не се ставаат на местото на другите односно, не сочувствуваат во нивните проблеми и таги.

***

Не извлекувајте заклучоци од случајни настани.

***

„Урочувањето“ потекнува од завидливи и злорадосни луѓе.

***

Во текот на овие малку години од нашиот живот, мораме тивко и смирено да твориме добри дела.

***

Причините за богохулните помисли се:

1) гордоста и подвигот кој е над нашите сили,

2) занимавање со догматски теми за кои не сме овластени.

***

Колку ќе беше среќен Бог, ако ѓаволот се покаеше!

***

Белези на вистинското покајание:

1) чувство на покајание,

2) силно чувство на утеха и надеж во милоста Божја и

3) отсуство на немир.

***

Христијаните мора да се одликуваат со својата духовна благородност и достоинство.

***

Секогаш се молам Божјата љубов да промислува за нас и да нѐ спаси.

***

Koгa сме тажни, мораме непрестајно да се молиме, да учиме колку што можеме и да пееме духовни химни.

***

Грција не ја одржуваат „учените“, туку добрите христијани кои тоа го прават со своите позитивни мисли.

***

Немањето благодарност е сериозен грев, особено кога немаме благодарност кон својот духовен отец, когошто Бог ни го подарил за да нѐ раководи и да ни помага со своите молитви.

***

Додека не сме Го спознале Христа и додека сме далеку од Него, се осмелуваме да се грижиме за спасението на други луѓе. Меѓутоа, треба да се грижиме за сопственото покајание.

Бидејќи не сме доволно духовно зрели, да оставиме на Бога да се грижи за другите, зашто неговата промисла се грижи за целото создание.

***

Кога кон некого се однесуваат неправедно и кога тој не се правда, кога неговите ближни поради недостиг на љубов не зборуваат за неправдата која му е направена, тогаш ќе проговори Самиот Бог.  

***

Крстените деца доживуваат небесни таинства, и бидејќи се чисти, нивните светли ангели, кои непрестајно го гледаат лицето Божјо, ги поврзуваат со Него.

***

Маѓепсниците не поседуваат моќ и нивната магија и демонски дејствија не можат да им наштетат на христијаните. Може да им успее само во случај на:

1) неискрена исповед и

2) неправедна постапка кон другите.

Овие два случаја на демоните им даваат моќ да дејствуваат.

***

Многумина ја мешаат благодатта Божја со непознати стихии.

***

Мораме да ги отвориме своите срца пред искусен и внимателен духовен отец и да слушаме што ни вели. Така ќе стекнеме внатрешен мир.

***

Бог е трпелив кон сите луѓе. Поради тоа и ние мораме да бидеме трпеливи кон другите.

***

Многу е себично да мислиме дека сме способни да ги поправиме другите луѓе.

***

„Отче, како да се исцелам од неверие?“

„Господ допушта околностите да нѐ наведат да поверуваме“.

***

Нашите ближни кои се упокоиле копнеат по нашите молитви, како што затворениците копнеат за посетите на своите роднини.

***

Божјо чудо или посредување на светителите треба да бараме дури тогаш кога сме потполно немоќни.

***

Многу грешници се спасиле само затоа што не ги осудувале другите и што биле свесни за сопствената грешност.

***

Предуслови за духовен напредок се смиреноумието, ревност по Бога и подвижнички дух.

***

Наша должност e, болката на нашите ближни да ја направиме своја.

***

Кога правиме добро, го правиме затоа што тоа го сакаме и што му даваме предност пред злото, а не затоа што бараме некоја награда. Така стануваме деца Божји, а не Негови наемници.

***

Секој, што и да работи, треба да работи на своето осветување и за осветување на своите дела.

***

Децата треба секогаш да покажуваат почит кон своите родители. Кога им противречат и кога не ги почитуваат, благодатта Божја ги напушта и тие стануваат подложни на демонско влијание и сила.

***

Срцето има огромна сила. Сета сила на неговата волја мора да биде насочена кон духовниот живот. Треба да знаеме дека тоа станува преплавено од радост поради сѐ што прави, но, само ако тоа го прави од љубов и ревност, а не поради должност или принуда.

***

Доброто е добро само тогаш, кога е направено на добар начин.

***

Секогаш се трудам да не бидам опседнат со својата болка. Ја имам на ум болката на другите луѓе и ја правам своја. Па така должни сме себеси да се ставаме на местото на другите луѓе.

***

Обраќајќи им cе на лекарите, старецот рекол:

„Помогнете им на болните, покажувајќи им ја најдлабоката смисла на животот. Немојте да ги исцелувате само нивните тела“.

Многу луѓе го доживуваат пеколот уште во овој живот, зашто срцата им се преполни со страсти.

***

Кога децата се непослушни, најдобро е да ги искарате наутро, зашто така преку денот ќе се насочат на повеќе работи и нема да мислат на тоа. Кога ги карате навечер, нивниот ум се помрачува и тоа може да ги натера на полоши работи.

***

Колку повеќе човекот се соединува со Христа, толку помал страв чувствува.

***

Денес световниот дух преовладува насекаде. Бог изобилно ни ги дава Своите богатства за да нѐ поттикне на милостиња кон сиромашните. А ние, наместо тоа, купуваме сѐ поголеми и поголеми фрижидери за да не ни се расипе храната и ги прошируваме своите складови за да складираме што поголеми количини храна. Денес насекаде е раширен духот на алчноста. (Овој вирус нѐ зарази дури и нас монасите).

***

Слава на Бога! Кога ќе кажете „слава на Бога“, сите демони бегаат.

***

Би требало гинеколозите да бидат жени, зашто мажите се склони да направат збрка и компликации. Бремена жена би можела дури и да абортира, поради срам од гинеколог-маж. Треба христијанките да стануваат гинеколози.

***

Во многу случаи борбата на телото против духот произлегува од страдањето. Кога човек не може да ја победи својата болка, демонот го наведува кон тој вид на „утехи“, но, чувствителните луѓе по ова уште повеќе страдаат.

***

Секогаш се трудам целосно да им се предадам на луѓето, дури и кога некого го познавам малку време, се чувствувам приврзан кон него и бдеам над него.

***

Еколошката катастрофа добива големи размери. Оние кои можат, нека говорат и пишуваат за ова.

***

Голема радост е кога луѓето имаат желба за самопожртвуваност.

***

Некои луѓе ништо не прават и зборуваат дека Бог cѐ ќе направи наместо нив. Така ќе стигнат до рамнодушност и стагнација.

***

Многу е важно својот духовен живот да го водиме со радост и љубов, а не поради должност. Треба да го ползуваме краткото време кое ни е дадено.

***

Треба да бидеме многу внимателни, зашто тагата му нанесува штета на духовниот живот. Таа ги тера луѓето да бараат материјални и човечки утехи и наслади.

***

Вредноста на материјалните нешта постојано расте, додека луѓето cѐ повеќе ја губат својата вредност.

***

Ние, христијаните, не треба никогаш да колнеме. Многу луѓе тоа го прават од наивност, велеќи: „Нека крши глава“ итн. Но, тие треба да внимаваат ова да не го прават повеќе, бидејќи Бог понекогаш допушта клетвите да го извршат своето злодејство, особено ако ги изговорат родители, поради праведна огорченост.

***

Родителите треба да им посветуваат на децата што повеќе од своето време, дури и на штета на своите студии или, како што често се случува, на штета на својата работа.

***

Абортусот е ужасен грев. Еден доктор и сестра убиле 250 деца. Мене ми е жал дури и за мачиња. Кога во мојата градина ќе дојде некоја мачка за да се омачи, нејзините мачиња ги задржувам 6-7 месеци додека да попораснат, а потоа ги испраќам во другите манастири.

***

Клетвата може да cе оствари, доколку оној, кого го проколнуваат направил некаква неправда. Ако, пак, не е направена неправда, клетвата ќе се врати на оној кој ја изрекол и тој ќе ги сноси последиците. Истото може да се каже и за заклетвите. Доколку зборовите се праведни и духовни, тие се обистинуваат, а ако се неправедни и бесмислени, личноста која ги изговорила почнува да страда.

***

Кога клетвата доаѓа од срцето на човек на кого му е сторена неправда, таа се обистинува. Тоа е страшно! Кога бев млад, видов една жена која умре, зашто некој ја проколнал да се задуши. Беше толку подуена што по неколку часа умре.

Христијаните не треба да проколнуваат, зашто клетвите се обистинуваат кога доаѓаат од срцето на човекот, врз кого е сторена неправда. Меѓутоа,таа го очистува оној, кој (неправдата) ја направил и на крајот го спасува, додека оној кој проколнува ќе биде казнет за тоа.

***

Секогаш треба да бидеме будни и да внимаваме да не ги осудуваме другите луѓе, или, пак, да бидеме љубопитни, туку, секогаш да се сосредоточиме на тоа, како да се поправиме и да излеземе од својата изопачена состојба, во која се наоѓаме.

***

Не треба да ги обвинуваме Адам и Ева, зашто тие поради својата непослушност многу години страдале на земјата, како и во адот, а ние секој ден имаме можност да ја добиеме Божјата прошка. Колку е човекољубив нашиот Бог! Он знаел дека човекот ќе падне во грев, но не сакал да го направи Свој роб, и наместо тоа, му дал слобода да стане Негово дете.

***

Еднаш, еден свештеник ме праша дали треба свештениците да возат автомобили. Му одговорив дека подобро е да не ги користат, зашто поради некоја несреќа ќе мораат да го закачат епитрахилот на закачалка (да бидат расчинети).

***

Ги задржувам само оние предмети, кои ми се потребни.

***

Бидејќи сме слаби, треба да ги избегнуваме сите извори на страсти. На пример, ако многу сакам слатки, не треба да стојам пред излогот на слаткарницата. Ако сум пушач, не треба да влегувам во продавници, во кои се продаваат цигари. Човек кој се обидува да биде „воздржан“ мора добро да ги чува „влезовите“ на сите страсти, а тоа се очите.

***

Младите луѓе треба да учат. Денес, за да успеат во животот, треба да имаат по две универзитетски дипломи и да зборуваат по два странски јазика. Откако ќе ги завршат своите студии, можат да размислуваат на формирање семејство.

***

Мрзливоста и распуштеноста на младите луѓе претставуваат основни причини за психосоматски растројства.

***

Живејте колку што е можно на поедноставен начин. Не си го комплицирајте сопствениот живот. Многуте удобност луѓето ги претвараат во робови.

***

Деца кои се упокоиле во Господа уште мали, одат право во рајот, како ангели. Кога ќе се упокојат нивните родители, тие ги дочекуваат на небото со запалени свеќи. Родители кои имаат деца ангели стануваат духовно наградени. Но кога ќе се случи спротивното, односно, кога децата растат и застрануваат, тоа им штети и на нивите родители.

***

Родители кои имаат деца со пречки во развојот не треба да тагуваат поради тоа, зашто нивните души веќе се спасени. Напротив, треба да се радуваат, зашто нивните деца ќе отидат во рајот без никаков напор. Што повеќе би можел родителот да посака за своите деца? Ако успеат недостатокот на своето дете да го гледаат од духовен аспект, тогаш и тие ќе билат духовно наградени од Бога.

***

Кога гледам дека христијаните плачат бидејќи родителите им се упокоиле, се натажувам, зашто тие или не веруваат или не разбираат дека смртта е само патување од овој во другиот живот.

***

Кога монах ќе се разболи и не ја поднесува трпеливо својата болест, туку се моли на Бога да оздрави, тој ја губи наградата за трпението. Бог тогаш ќе му рече: „На другите луѓе ќе им биде простено, но не и тебе, кој знаеш за духовен живот, а сепак бараш да оздравиш“. Нам сигурно ќе бидеме судени поради слични ситуации.

***

Не треба кон сите да бидеме поспушни без расудување. Кај мене доаѓаат многу епископи и ми велат: „Со силата на својот епископски чин, ве задолжувам да ја посетите мојата епархија кога доаѓате во светот“. Ако им бев послушен на сите, никогаш повеќе немаше да се вратам на Света Гора!

***

Еден човек, дошол кај старецот, за да разговара за својот тешко болен брат. Старецот му советувал: „Кажете му да се исповеда, да се причест и свесно да се присоедини кон Црквата и набргу ќе се чувствува многу подобро“.

***

Бог нѐ трпи како народ, не зашто сме убави, туку поради нашата права вера (православието). Дури и ако сите нѐ мразат, Бог нема да дозволи да ни наштетат.

***

„Отче, има еден старец кој на младите, кога го посетуваат поради совет, им вели дека е во состојба да ја претскажува иднината. Правилно ли е ова да им го вели?“

„Види вака, Бог тоа ни го допушта за полза на младите, зашто тие се подложни на влијанието на маѓепсниците, источните религии и сл. Кога ќе видат дека и еден православен монах поседува таков дар, почнуваат да шират гласови за ова и на тој начин им помагаат на се поголем и поголем број млади луѓе, да ги напуштаат разните религиозни секти и се враќаат во Црквата. Со тоа што раскажува за овој дар, таквиот монах ќе стане причина, што поголем број на млади да се присоединат кон Православието“.

***

На луѓето кои страдаат од физички болести секогаши советувам да одат кај лекари-христијани. Дури и да не се многу образовани, тие секогаш се богопросветлени, бидејќи во сѐ се надеваат на Него. Секако, уште подобро ако се специјалисти во својата област.

***

Вие, лекарите, треба добро да се грижите за своите пациенти, за да ги избегнете непријатните ситуации. Треба да имате практичен ум. Општо говорејќи, секој од нас треба да го искористи својот ум, кој е дар од Бога.

***

Лажењето е грев. Ако, пак, некој лаже со добра причина, на пример, за да спаси некого, тогаш лагата е половина грев, зашто таа му носи полза на ближниот, а не на оној што лаже. Но и тогаш се смета за грев. Треба да внимаваме, да не се навикнуваме да лажеме за безначајни нешта.

***

Некои бизнисмени до толку го рашируваат својот бизнис, така што губат контрола над него. Луѓе им должат пари или, во други случаи, тие банкротираат. Подобро е да имаат сосредоточен бизнис, стабилен и профитабилен, та да не мораат премногу да го оптоваруваат својот ум и да можат мирно да спијат.

***

Не постои ништо полошо од монах кој не ги извршува уредно своите духовни задачи. Луѓето во светот го сакаат сегашниот живот и, учествувајќи во неговите наслади, се залажуваат и уживаат во него. Оној кој ќе го отфрли световниот живот и неговите задоволства поради духовниот живот, доживува вистинска радост и божествени наслади, кои со ништо не можат да се споредат.

Меѓутоа, оние монаси кои го напуштиле светот поради духовен живот и поради него ги положиле своите монашки завети, а потоа ги запоставиле своите духовни задачи, се најбедни луѓе на светот. Тие не уживаат во световните задоволства, па дури и да копнеат по нив, страда нивната совест, зашто ги газат своите завети. Дури и ако се случи да пројават склоност кон нив и да ги вкусат, нема да можат да ја почувствуваат лажната среќа на другите луѓе, зашто нивната совест ги осудува и не им дозволува да се насладуваат. Бидејќи не ги извршуваат споите духовни задачи, не можат да доживеат ниту духовна радост. Поради тоа живеат еден мизерен живот, неспособни да ги почувствуваат радостите на овоземниот живот, како што ги чувствуваат мирјаните, но и да доживеат духовна радост, која ja доживуваат духовните монаси.

***

Луѓето денес се занимаваат со фалсификување на сѐ. Но сепак, не смеат да ги фалсификуваат прехранбените производи, зашто тоа може да му наштети на човековото здравје. Измамата е зло, но кога се применува во изработката на облека не е толку страшна, како што е во случај, кога се применува на прехранбени производи.

***

Постојат добри и лоши, чесни и нечесни трговци. Чесните ја зборуваат вистината, користат квалитетни материјали и цените им се разумни. Останатите лажат и незаконски се богатат. На почетокот, луѓето го запоставуваат чесниот трговец и неговата продавница ризикува да биде затворена. Меѓутоа, подоцна Бог ја открива измамата на нечесннте и ги благословува чесните трговци.

***

За светоста нема формула. Секој од нас поседува сопствен пат со кој е осветуван. Ако некој се спасил со живеење на бадемово дрво, тоа не значи дека и ти мораш да го правиш истото. Ако некој правел до пет илјади метании, ти не мораш да го правиш она што тој го правел. Ако, пак, некој од светителите пазел на дишењето додека ја кажувал Исусовата молитва, тоа не значи дека ти треба да го имитираш.

***

Додека се мали, децата се како ангели. Кога, пак, ќе дојдат во тинејџерски години и ќе ги познаат телесните задоволства, се претвораат во мали ѕверови.

***

Смирениот човек не се стреми да им биде учител на другите. Тој само слуша. А кога ќе го побараат негово мислење, тој ќе го каже со смирение.

***

Степенот на љубов кон нашите ближни го одредува степенот на нашата љубов кон Христа. На пример, некој сиромав да отиде кај некого за да побара кошула и тој човек да му ја даде најдобрата кошула што ја има. Тоа покажува дека тој силно Го сака Христа, зашто на сиромавиот брат му ја дал најдобрата кошула.

***

„Отче, доаѓам да ви се пожалам. Мене не ми го кажавте истото, што му го кажавте на мојот пријател, кој го има истиот проблем“

Чедо мое, благословено, секому му го давам оној витамин, што му недостасува“.

***

„Старче Пајсиј, ние сакаме да се венчаме. Вие што мислите?“

„Ако имате духовник и се покорувате на сѐ што тој ќе ви каже зашто тоа е начинот да ги надминете своите разлики тогаш, венчајте се, што е можно поскоро и потрудете се да немате телесни односи пред венчавањето“.

***

Кога некој трпеливо ги поднесува искушенијата, тешките  ситуации и проблеми, Бог му го дава најдоброто решение. Според тоа, ние, секогаш мораме да бидеме послушни и смирени, зашто така ќе ѝ допуштиме на Божјата благодат да дејствува во нашите животи. Токму поради тоа, наместо нешто да преземаме, ќе чекаме Бог да направи нешто за нас.

***

Постојат луѓе кои страдаат. Меѓутоа, Бог не постапува неправедно со оние кои се со смирено срце. Кога ќе види дека сме смирени, не нѐ напушта, туку набргу ни ја дава Својата помош.

***

Денес световниот дух преовладува насекаде, дури и меѓу монасите. Тие го заостануваат своето духовно дејствување и се занимаваат со световни работи. И што е уште полошо, тие со ова се гордеат. Едни се шетаат со мобилните телефони, други градат палати, а трети, кои во светот студирале теологија, сега го запоставуваат и своето духовно делање и богословие, и се занимаваат со автомобили. Станавме сосема рамнодушни кон духовните работи, кои беа причина да го напуштиме светот и да дојдеме овде. Во нашево време психијатриските клиники и затвори се полнат и преполнуваат, токму затоа што нема добри духовни раководители.

***

Ние сме одговорни за духовниот мир на другите луѓе.

***

„Отче, зошто денешните луѓе се толку несигурни?“

„Затоа што сме духовно несигурни. Ги осигуруваме своите автомобили, своите куќи, па дури и својот живот. Бидејќи световно осигурани, духовно се чувствуваме сосема несигурно“.

***

„Отче, стравуваме дека би можело да настане војна“.

„Ако стравувате, тогаш тоа нема да cе случи. Не треба да се плашите, зашто најголем непријател во војната е токму стравот кој ја парализира војската. Кога во текот на борбата добрите офицери ќе забележат дека некои војници се уплашени, ќе побараат од нив да се повлечат, за да не влијаат на останатите.

Освен тоа, треба да знаете дека обично се плаши оној кој води офанзивна војна, бидејќи знае дека не е во право. Напротив, оној кој се брани знае дека правдата е на негова страна и не се плаши. Ќе ви наведам еден пример:

Ако едно кутре чува стадо овци и почне да лае кога ќе забележи дека на стадото му се приближува волк, неговото лаење ќе направи волкот да застане, па дури и да побегне. Волкот чувствува дека она што има намера да го направи е погрешно и се плаши дека некој би можел да го чуе кучешкото лаење и да го нападне.

Кога плашливи војници ќе се соочат со непријателот, тие го фрлаат оружјето и се сокриваат за да си го спасат сопствениот живот. Меѓутоа, оние храбрите, нишанат кон непријателот и го гаѓаат, најчесто во нозете и смело му се доближуваат“.

***

„Човекот кој е опседнат од ѓаволот, или е под дејство на магии, роднините не треба да го водат од црква до црква со цел да му помогнат. Напротив, треба да најдат просветлен духовник кој, со Божјата благодат, ќе открие која е причината за опседнувањето на таа личност. Кога ќе им каже каква е волјата Божја, тие треба да постапат согласно со тоа.

Еднаш, додека бев во Суроти еден брачен пар ја доведе својата ќерка чии гради биле ненормално големи. Ја воделе кај многу духовни отци кои над неа вршеле егзорцизми. Меѓутоа, јас увидов дека една жлезда излачува одреден хормон повеќе од нормалното и дека тоа е причина за овој проблем. Ги испратив кај ендокринолог кој и препиша лек за регулирање работата на оваа жлезда и девојчето сега сосема добро се чувствува“.

***

Најдобар „бизнис“ е отворање на фабрики, кои произведуваат позитивни мисли.

***

„Отче, јас воопшто немам трпение. Како да го стекнам?“

Старецот отишол во својата ќелија и му донел кесе со бонбони. Му го дал и му рекол:

„Земај по две дневно, по немој да ги џвакаш. Биди трпелив и почекај да ти се растопат во устата“.

***

Кога котелот е на оган и врие, мувите бегаат од него. Кога, пак, не врие, тие влегуваат внатре. Истото се случува и со душата. Ако е близу до својот духовник, Црквата и нејзините таинства, ѓаволот бега од неа.

***

„Отче, кога се враќам од работа дома се чувствувам многу поспано и не сакам ништо да работам, па дури ни да го прочитам вечерното правило. Што да правам?“

„Кога ќе се уморат, војниците испукуваат по неколку куршуми, за непријателот да биде свесен дека се тука и дури тогаш заспиваат. Ти можеш да го правиш истото: прочитај неколку страни од некоја побожна книга, изговори ја неколку пати молитвата Исусова и тогаш оди да спиеш“.

***

„Отче, мене постојано ми се спие. Што се случува со мене?“

„Ништо. Колку повеќе спиеш, толку помалку помисли и гревови ќе имаш!“

***

Откако духовно ќе се очистиме, во нашето срце и ум останува само молитвата Исусова и Неговото најсвето Име.

***

Постојано изговарај ја молитвата Исусова и труди се за своето духовно делање.

***

Што да ви кажам, деца мои? Денес, вие сте навикнати само да слушате и да учите, но не се обидувате нешто од тоа да примените во својот живот.

***

Само твојот духовен отец, кој е покрај тебе, може да ги реши твоите проблеми. Бидејќи јас сум далеку, од мене можеш да бараш само да се молам.

***

Најди добар духовен отец, исповедај се пред него и ќе можеш да стапиш на Црквата. Тогаш сѐ ќе ти оди добро.

***

Многу луѓе бараат да се молам за решавање на нивните проблеми, и јас, се разбира, се молам со целото срце, правејќи нивниот проблем да стане мој. Ho, ништо не може да ги натера да поверуваат и да сфатат дека основниот услов, за Бог да ги услиша нивните молитви е нивното смирение. Бог дури тогаш ќе ги услиша. Во спротивно, дури и сите ангели и сите светители да се молат за Неговата милост, Он нема да одговори на нивните молби, зашто самиот Негов одговор би им нанел штета на луѓето со горд ум.

***

„Отче, овој човек хули на Христа и на Пресвета Богородица“.

Старецот на ова шеговито одговорил:

„Се чини дека не ги исполниле неговите желби и затоа е вознемирен“.

***

„Имајте трпение, зашто денес не можеме поинаку да живееме. Бидете трпеливи и не земајте cѐ премногу сериозно. Појдете супермаркет и купете си малку рамнодушност!“

Старец Пајсиј Светогорец