Старец Пајсиј Светогорец

Он има милост и милосрдност за своите избраници (Мудр. Сол. 3, 9)

Отец Пајсиј секогаш сакаше Божјата благодат да дејствува во неговиот живот и затоа ги смируваше сите свои желби, па дури и најмалите. Поради ова, божествената благодат, која во душа на старецот дејствуваше уште од денот на неговото Крштение, се разгоруваше сѐ повеќе и правеше чуда.

Старецот секогаш настојуваше да ја скрие од луѓето силата на божествената благодат која беше во него.

Кога божествената благодат ќе се покажеше и кога некои луѓе ќе го забележеа ова, старецот смирено признаваше дека тој не прави ништо, зашто уште во раното детство сфатил дека e невозможно од самиот човек да потекне било каква вистинска духовна сила.

Во повеќе случаи, старецот го прикриваше дејствувањето на божествената благодат од луѓето. Меѓутоа, се случуваше, на некои луѓе да не им е доволна човечка помош и им беше потребен „божествен поттик“ за да поверуваат во Бога и да се поправат: тогаш тој беше принуден да го открие пред нив дејствувањето на божествената благодат.

Многупати мојата покајничка душа не можеше да ги разбере Божјите вистини, така што го доведував старецот во непријатна ситуација. Бидејќи не можев да прифатам никаква човечка помош, тој беше принуден да ми открие некои од своите духовни опити, за да ме поправи и да ми ја смири душата. Ми зборуваше за разнообразни дејства на божествената благодат и понекогаш го покажуваше нејзиното присуство. Бидејќи не можеше да ми помогне со човечки методи, го правеше тоа со Божјата благодат.

Бидејќи вашата љубов е исполнета со вера и смирение, верувам дека не е ви потребно да слушате за дејствувањето на божествената благодат и да добиете духовна полза, зашто божествената благодат им помага само на оние, на кои, како и мене, им e неопходен „божествен поттик“. Бидејќи не сакав да го задржам само за себе она што го видов или чув, ќе ви раскажам некои чудесни настани. Меѓутоа, невозможно е се да биде опфатено во оваа книга. Потребни би биле барем неколку томови, за да се опише она што преизлегуваше од духовното делање на старецот, чијшто внатрешен мистичен живот сосема е непознат.

Некои наши пријатели смирено изразија желба да дознаат колку што е можно повеќе за пројавувањето на божествената благодат кај старецот Пајсиј и ме замолија да напишам одделна книга за тоа. Значи, доколку некој се согласува со ова и има лично искуство, или, пак, бил сведок на чудесен настан или дејствување на божествената благодат и сака да помогне, нека ги запише и нека ми го испрати она што решил да го раскаже за старецот. Не е важно кој ќе пишува, туку фактот дека тоа ќе биде забележано, зашто единствено, со кое во наше време можеме да cе гордееме, е нашиот милостив Бог и делата на нашите Отци.

јеромонах Христодулос од Света Гора

***

Едно попладне, отидов да го посетам старецот Пајсиј. Тие денови ме обземаше извесна возгордеаноет, што произлегуваше од засилената молитва во тој период. Кога почнав да ги проверувам своите мисли, почнав појасно да ги согледувам работите. Меѓутоа, бидејќи немав смирение, мислев дека сум стигнал до одредена духовна состојба и затоа се гордеев.

Отидов да го посетам старецот и да му ги исповедам своите надмени помисли. Отец Пајсиј ме сослуша и, не велејќи ништо посебно, почна да ми го раскажува следното:

Вчера ме посети еден монах и рече нешто, што ме потсети на настан што сега ќе ти го раскажам.

Една ноќ бев во својата ќелија во Катунаќи и ја кажував Исусовата молитва, кога постепено почна да ме опфаќа чувство на небесна радост. Во истиот миг мојата ќелија, во која дотогаш темнината ја нарушуваше единствено треперливата светлина на свеќата, беше осветлена со преубава синкаво-бела светлина. Во почетокот, светлината беше многу силна и чувствував дека и моите очи „стануваат посилни“ за да можат да ја поднесат таа светлина. Беше тоа несоздадена светлина! Неколку часа стоев во ќелијата, губејќи чувство за овоземско и престојувајќн во духовен свет, многу различен од овој.

Додека бев во таа состојба на несоздадена светлина и небесни доживувања, изгубив секакво чувство за време. Во еден момент несоздадената светлина почна да избледува и се вратив во претходната состојба. Почувствував глад, па зедов парче леб. Тогаш ожеднев и се напив малку вода. Бев уморен, па седнав малку да се одморам. Се чувствував како животно и се оплакував себеси поради тоа. Промената од една сосотојба во друга роди во мене природно смирение. Кога ја искусив разликата помеѓу духовната состојба во која се наоѓав и своите земски потреби, не ми преостана ништо друго, освен да се презирам и обвинувам самиот себеси за cѐ.

Малку понатаму од мојата ќелија живееше уште еден монах. Погледнав надвор и имав впечаток дека уште е ноќ со полна месечина. Излегов и го запрашав:

- Колку е часот? Изгледа дека уште не осамнало.

Монахот изгледаше вчудовидено и ме запраша:

- Што рековте, отче Пајсиј? Не ве разбрав.

Дури тогаш сфатив што се случило. Беше десет часот наутро и „полната месечина“ која ја видов всушност беше сонцето. Несоздадената светлина беше толку силна што направи дневната светлина и сонцето да ми изгледаат како ноќ со полна месечина. Разликата помеѓу дневната и несоздадената светлина беше како разлика помеѓу ноќ и ден.

Кога старецот го заврши ова раскажување, ми рече да заминам, зашто го чекаат и други луѓе. Се вратив во својата ќелија, само незначително сфаќајќи ја состојбата во која се наоѓав.

***

По турската инвазија на Кипар, еден монах-јероѓакон дојде да го посети старецот, зашто се чувствуваше многу натажен поради страшните разурнувања и големите човечки загуби (и самиот тој изгубил некои блиски).

Отец Пајсиј му беше многу наклонет, зашто беше многу побожен и добар и го покани ноќта да ја помине во неговата ќелија.

- Наутро ќе дојде свештеник да служи Божествена Литургија. Јас рано ќе те разбудам, за да можеме да ја прочитаме утрената служба и молитвеното правило пред света Причест.

Монахот отиде во својата ќелија, а отец Пајсиј во својата, каде што цела ноќ се молеше. Неколку пати одеше до вратата на монахот и шеговито говореше:

- Отче, случајно да не си имал некое видение? Да не виде ангел? .

Околу два часот наутро, старецот Пајсиј го рабуди за да служат утрена. Во еден миг, старецот започна да го чита молитвеното правило пред света Причест. Монахот го набљудуваше начинот на кој чита о. Пајсиј и како неговото лице зрачи со покајание и побожност.

Кога стигна до петтата песна, во која се вели: „Марија, Мајко Божја, чесно живеалиште на благоуханието, по молитвите Твои направи ме избран сад, да се причестам со светињите на Синот Твој“, се случи нешто неверојатно: малата црквичка се беше исполнила си синкаво-бела светлина и светлината од кандидата, чии пламенчиња, исто така, стана синкаво-бели, почна да се движи во бавен ритам. Истовремено капелата се исполни со небесен миомирис којшто не може да се опише:

Монахот беше вчудовиден и не сфаќаше што се случува. Го прекина старецот шепнувајќи му:

- Отче, што се случува?

Му даде знак да молчи и рече:

- Кажувај ја Исусовата молитва и немој да кажуваш, зашто не посети Пресвета Богородица.

Старецот и овој монах останаа со главите ничкум, сѐ додека синкаво-белата светлина не исчезна, носејќи ја со себе и сета болка и сето страдање од срцето на монахот. Наместо нив, се појави радост, надеж, вера и љубов кон Бога, но, исто така и благодарност кон старецот како приемник на Божјата благодат.

Подоцна дојде свештеникот да служи Божествена Литургија. Утрото, монахот замина, со длабоко чувство на стравопочит кон духовната смелост која старецот Пајсиј ja имаше пред Бога.

***

Старецот Пајсиј поминуваше низ многу тежок период. Се појави проблем во Црквата и многу епископи доаѓаа кај него за совет. Меѓутоа, тоа беше многу сложен проблем така што, тој, иако сакаше, не можеше да помогне. Како што велеше, без разлика од која страна да се соочиш со проблемот, секогаш ќе се најдеш во духовен ќорсокак. Затоа одлучи своите обиди за решавање на овој проблем да ги претвори во молитва. За време на овој период, отец Пајсиј постојано се молеше на Бога да се најде решение за црковниот проблем, а посебно се молеше на света Ефимија:

Света Ефимија, ти, која некогаш си решила сериозен проблем со каков Црквата се соочи, изведи ја и сега Црквата од овој безизлез!

Едно утро, во девет часот, додека ја читал службата од третиот час, старецот Пајсиј слушнал како некој внимателно тропа на вратата од неговата ќелија и запрашал;

- Кој e?

Слушнал женски глас како одговора:

- Тоа сум јас, отче, Ефимија!

- Која Ефимија, повторно прашал.

- Немало одговор. Тогаш повторно слушнал тропање и запрашал:

- Кој e?

Чул како оној ист глас вели:

- Ефимија е, отче.

Потоа и по трет пат слушнал тропање и почувствувал дека некој влегува во неговата ќелија и чекори низ ходникот. Дошол до вратата и ја видел света Ефимија, која и покрај затворената врата чудесно влегла во неговата ќелија; ја видел како се поклонува на иконата на Пресвета Троица што старецот ја поставил на ѕидот од својот ходник.

Тогаш старецот се обратил кон светителката:

- Кажи „Слава на Отца и Сина и Светиот Дух“.

Светителката разбирливо ги повторила тие зборови и старецот Пајсиј во истиот миг паднал на колена и ѝ се поклонил.

По ова, накратко седеле и разговарале; не знаел со сигурност да каже колку долго, зашто за време на посетата на света Ефимнја, изгубил секакво чувство за време. Таа нашла решение за сите три проблеми, за кои тој се молел, и на крајот ја прашал:

- Би сакал да знам како си го поднела своето мачеништво?

Светителката му одговорила:

- Отче, да знаев тогаш каков е вечниот живот и каква е небесната радост во која уживаат душите, бидејќи се во близина Божја, ќе се молев моето мачеништво да трае подолго, зашто тие се ништо во споредба со даровите од Божјата благодат!

***

За време на престојот на отец Пајсиј во ќелијата на Светиот Крст, една ноќ, додека ја изговарал молитвата Исусова, Покривот од неговата ќелија ненадејно се поместил и на неговото Место јасно Го видел Господ. Неговото лице било толку светло што не можел да поднесе непосредно да Го гледа и се чудел како е можно, некои луѓе да хулат на Него.

По овој настан, старецот Пајсиј ги посоветувал монахињите од манастирот свети Јован Богослов, да го насликаат образот на Господа токму онака, како што го видел во таа ноќ. За сето време додека ја сликале иконата, тој бил покрај нив и ги насочувал.

Отец Пајсиј велеше дека ликовите на Господа и на Богородица имаат боја на зрело жито.

***

Старецот Пајсиј веќе си беше ископал гроб покрај својата ќелија Панагуда и неговите мисли секогаш биле насочени кон оној ден кога ќе го напушти овој преоден свет. Благодарение на своето длабоко смирение, постојано се чувствувал неподготвен за ова последно патување. Меѓутоа, едно видение го исполнила со радост.

Додека се молел, видел дека cе наоѓа на место кое личи на аеродром, од каде луѓето патуваат кон небото. Таму имало многу луѓе и некои меѓу нив биле одредени да проверат дали патниците имаат пасоши и карти, за да можат да патуваат, а ако нешто недостасувало, патникот останувал позади. Кога дошол редот на старецот Пајсиј, сфатил дека ги нема потребните документи. Одненадеж се појавила Пресвета Богородица, облечена во злато како кралица. Изгледала токму онака, како на иконата Пресвета Богородица Ерусалимска. Се свртела кон контролорите и им рекла:

- Тој е мој слуга, пуштете го да помине, зашто јас ги имам сите потребни документи.

Потоа ги извадила документите од својата наметка, им ги покажала, и ги вратила на своето место. Така старецот Пајсиј можел да помине.

Старец Пајсиј еднаш ми рече:

- Богородица Марија многу личи на оној лик изобразен на иконата Пресвета Богородица Ерусалимска. Таа е иста таква. Сум ја видел многупати и не знам ниедна друга икона која толку многу личи на неа.

***

Еднаш, додека се молел со бројаницата, отец Пајсиј имал божествена посета. Одеднаш слушнал чекори кои доаѓале од ходникот кон неговата ќелија. Отишол до вратата и погледнал кон ходникот кој води кон вратата на параклисот. Таму ја вилел Пресвета Богородица, која чекорела како царица. Кога стигнала до вратата на параклисот, влегла внатре. Ја придружувал свети Јован Богослов. Откако влегле во параклисот, исчезнале оставајќи зад себе бело-сина светлина, несоздадена светлина, која по малку време исто така исчезнала. Душата на отец Пајсиј била преполнета со благодарност и смирение. Плачел, бидејќи го посетила Пресвета Богородица, и покрај тоа што се чувствувал како најгрешен човек на светот.

***

Во текот на февруари 1979 година, старецот се соочил со многу тешки искушенија. Еден од монасите, кој често бил со него, ја забележал неговата тага.

Еден ден отишол кај отец Пајсиј, очекувајќи да го види тажен, каков што бил во тие денови. На негово изненадување, лицето на старецот изгледало сосема поинаку и блескало од радост. Тој му рекол на монахот:

„Бог ја виде мојата тага и ми го испрати мојот ангел-чувар за да ја оддалечи од мене. Ангелот изгледаше како момче облечено во блескава облека и штом го видов, мојата тага исчезна. Ми кажа неколку работи за кои сега не можам ништо да ти кажам“.

***

На 13. мај 1979 година, старецот се преселил од ќелијата на Светиот Крст која му припаѓа на манастирот Ставроникита во ќелијата на Светиот Крст при манастирот Кутлумуш, таканаречена Панагуда.

Беше 3. јуни и старецот само што се преселил во својата нова ќелија. Се уште не ги беше распакувал сите работи, книгите и минеите сѐ уште се наоѓале во кутиите и тој не знаел кој датум е, ниту кој светител се прославува во тој ден. Додека се молел со бројницата и ги повторувал зборовите „Светителу на овој ден, помилуј ме“, се запрашал кој светител се прославува тој ден. Одеднаш во параклисот се појавиле два светитела. Едниот стоел напред и не му бил познат на старецот Пајсиј. А светителот кој стоел позади бил свети Пантелејмон. Старецот секогаш велел дека свети Пантелејмон најмногу личи на неговата икона од скитот свети Пантелејмон. Непознатиот светител му рекол на старецот:

„Отче, јас сум Лукилијан“.

Старецот не обрнал вниманиена името, па запрашал:

„Како рече дека се викаш, Лукијан?“

„Не“, одговорил светителот, „јас сум Лукилијан“.

Двајцата светители по ова чудесно исчезнале. Тогаш старецот отишол до една од кутиите да го побара Минејот и открил дека на 3. јуни се слави денот на свети Лукилијан. Од тоа време, станал посебно приврзан кон овој светител и ставил негова икона во олтарот, веднаш над тронот.

***

Старецот Пајсиј на многу интересен начин ни соопштуваше какво ќе биде времето.

Отец Давид беше вратар во манастирот Кутлумуш.

Кога некој монах или искушеник ќе се враќаше во манастирот од кај старецот Пајсиј, овој обично ќе му речеше:

„Кажи му на отец Давид да слезе од бадемовото дрво, зашто ќе заврне снег“.

(Го велеше ова поради тоа што свети Давид Солунски се подвизувал живеејќи на бадемово дрво и така добил светост).

По некое време, навистина ќе заврнеше снег. Значи, знаевме кога да очекуваме снег и за него да се подготвиме.

Во декември 1992 година, отец Пajсиј му испрати порака на отец Давид да „слезе од бадемовото дрво“ и „повторно да се качи на него после Божиќ“. Правниците беа во тек кога му испрати друга порака велејќи: „уште да не се качува на бадемовото дрво“, туку да го почека неговото известување. На празникот на свети Антониј (17. јануари) времето беше многу лошо и паѓаше снег. По неколку денови, му порача дека може „да се качи на бадемовото дрво“.

Така, благодарение на отец Давид, знаевме кога ќе врне снег, зашто старецот Пајсиј секогаш навреме го информираше.

***

Едно неделно утро, старецот Пајсиј лежел болен во креветот, во времето кога престојувал во ќелијата на Светиот Крст при манастирот Ставроникита и се чувствувал многу исцрпено од болеста и строгиот пост. Станал од креветот и излегол во градината. Бил многу тажен, зашто немал ништо зa јадење, со што малку би закрепнал.

Во тој момент погледнал кон морето и видел како некоја птица лета право кон неговата ќелија. Личела на орел, кој во клунот носел голема риба. Кога ја надлетувала неговата ќелија, ја пуштила рибата, која паднала точно пред старецот.

Старецот отишол право во параклисот и се помолил, за да разбере ова чудо да не е дело на ѓаволот, а потоа ѝ заблагодарил на Пресвета Богородица заради нејзината грижа и промисла. Подоцна излегол во градината каде што ја подготвил рибата, ja изел и така си ја вратил силата.

***

Ова се случило во периодот кога старецот Пајсиј престојувал во Ивиронскиот скит, на 15 август, значи за време на постот. Поминале осум дена и за сето ова време старецот ништо не јадел. Во текот на деветтиот ден од постот, еден постар монах го замолил да му помогне да ги пресели своите работи во манастирот. И покрај тоа што веќе неколку денови ништо не јадел и бил ослабнат, отишол да му помогне.

На враќање во својата ќелија почувствувал исцрпеност и вртоглавица. Одеднаш пред него се појавил младич во светла облека, носејќи во рацете кошничка со свежо овошје. Старецот му се заблагодарил, а потоа се прекрстил, вкусил малку овошје и веднаш се почувствувал подобро. Младичот во меѓувреме исчезнал. Кога старецот Пajсиј забележал дека овошјето е свежо, иако не му е времето и дека овој младич исчезнал, сфатил дека тоа бил ангел.

***

Еден млад човек кој со години не се исповедал, отишол кај отец Атанасиј, кој тогаш живеел во кутлумушката ќелија Дионисиу. Додека разговарале, отец Атанасиј му кажал дека треба да се исповеда, зашто тоа ќе му помогне да ги реши своите проблеми. Меѓутоа, младичот не бил убеден во тоа, иако отец Атанасиј упорно го убедувал да се исповеда. Потоа отец Атанасиј му кажал за старецот Пајсиј дека е современ светител и дека треба да го посетат и да чујат што ќе каже тој.

Тргнале да го посетат старецот. Кога стигнале до неговата ќелија, го здогледале како копа во градината, со намера да посее некој зеленчук.

Отец Атанасиј го поздравил и запрашал:

„Што правиш, отче?“ .

Старецот, со радосен израз на лицето му одговорил:

„Еве, решив да ја 'исповедам' својата градина“.

Отец Атанасиј го запрашал:

„Зарем и на градините име потребна исповед?“

„Сфатив дека мојата градина ќе изобилен плод кога ќе ја исповедам и ќе отстранам од неа се што е непотребно, како камења, конзерви, корења и трње, а потоа ќе додадам малку хумус. Така сфатив дека и мојата градина одвреме-навреме треба да се исповеда“.

Откако ја оставил мотиката, ги поканил во ќелијата и ги послужил со слатко.

Кога младичот и отец Атанасиј го напуштиле старецот Пајсиј, биле многу задоволни со одговорот на старецот на нивното прашање за исповедта, иако пред тоа ништо не му кажале. Нема потреба да кажеме дека младичот по овој настан веднаш отишол да се исповеда.

***

Заедно со уште шестмина отци седев на тревникот пред ќелијата на отец Пајсиј. Сите внимателно слушавме што зборува старецот. Одеднаш се појави момче кое со својата долга коса и марама околу вратот изгледаше како анархист.

„Каде е тој Пајсиј“, грубо запраша.

Старецот стана, му се доближи и рече:

„Зошто ти треба, момче?“ „Сакам да го видам“, одговори.

Момчето во левиот џеб од својата кошула имаше кутија цигари. Старецот покажа на неа и го запраша:

„Што е ова? Евангелие?“

„Не, цигари“, одговори и го понуди:

„Сакаш ли цигара?“

„Не“

Бидејќи сите со смешка гледавме во старецот, момчето најпосле сфати дека тоа е отец Пајсиј. Откако и ние ова му го потврдивме, се заврте кон старецот и рече:

„Сакам да ми кажеш како се викам“.

Старецот се почеша по главата преправајќи се дека е збунет и рече:

„Како се викаш. .. да видиме. Како ги нарекувате светлата на семафорот, црвено и зелено, со кои се регулира сообраќајот? (Грците на црвеното и зеленото светло од семафорот им дале човечки имиња и ги нарекуваат Григорис и Стаматис).

„Мислите Григорис и Стаматис“, запрашавме.

„Да, токму тоа. Така ти се викаш“.

Момчето навистина се викало Григорис и кога го слушна ова, беше вчудовидено. Истиот час побара насамо да разговара со старецот. Отец Пајсиј го одведе на страна, за да можат непречено да разговараат.

По шест месеци, момчето повторно дојде на Света Гора. Гo сретнав пред манастирот Кутлумуш. Веќе не личеше на анархист. Промената беше толку драматична така што, не бев сигурен дали тоа е истата личност, па го запрашав:

„Извинете, ме потсетувате на некого. Дали сте вие она момче кое отприлика пред шест месеци го посети старецот Пајсиј?“

„Дали личноста на која ве потсетувам беше груба кон старецот?“

„Да, на некој начин...“

„Да, отче, тоа бев јас, будала. Молете се за мене, за да можам да се поправам...“

***

Еден монах од манастирот Кутлумуш и јас бевме во ќелијата на старецот. Седевме во гостинската соба кога одеднаш некој посетител заѕвони на вратата. Старецот стана и отиде до прозорецот за да види кој би можел да биле. Ние станавме заедно со него и тој рече:

„Некој ѕвони на вратата, но јас не го познавам. Висок е и носи очила. Изгледа како градежен инженер“.

Старецот ја отвори вратата и човекот влезе внатре. Седевме сите заеднo додека старецот отиде да подготви послужување.

„Од каде сте?“, го запрашавме.

„Од Јанина“ (град во северозападна Грција).

„Со што се занимавате?“

„Јас сум градежен инженер“.

„Дали порано сте доаѓале овде?“

„Не, овде доаѓам првпат“.

Во меѓувреме дојде старец Пајсиј со послужувањето и ние се поздравивме и си заминавме.

***

Старецот Пајсиј седел во градината на својата ќелија. Co него бил отец Арсениј, кому му даваше совети за монашкиот живот. Неколку поклоници оделе по патеката која води до ќелијата на старецот. Отец Пајсиј ги здогледал оддалеку и му рекол на отец Арсениј:

„Изгледаат како да се од Крф“.

Кога cе доближиле, старецот ги запрашал:

„Од каде доаѓате, браќа?“

„Од островот Крф, отче“.

„Дојдете, седнете овде и дозволете да ве послужам“.

***

Старецот седел пред ќелијата и разговарал со група поклоници. Отец Е. го гледал како зборува и со восхит се прашувал:

„Како e неговата душа поврзана со божествената благодат и колку е чиста, за благодатта Божја да дејствува преку неа?“

Додека во мислел тоа, старецот ѓо прекинал разговорот кој го водел со останатите посетители и му рекол:

„Се прашуваш каква е душата однатре? Полна e co нечистотија и смрдеа“

Потоа продолжил да зборува. Поклоницнте не сфатиле што сакал да каже старецот со овие зборови, но отец Е. бил восхитен.

***

Д. К. е роден во Самарина (град во северозападна Грција). Кога имал една година, неговите родители се преселиле во северна Грција, во градот Козани, каде за трајно се населиле. Д. К. живеел во Козани повеќе од четириесет години и кога луѓето ќе го прашале од каде е, секогаш одговорал дека е од Козани, сосема заборавајќи на Самарина.

Тој имал семејни проблеми, и пријателите му советувале да отице на Света Гора, кај старецот Пајсиј и да побара негов совет. Така и сторил. Кога дошол до неговата ќелија, старецот разговарал со некои посетители.

„Влези внатре“, му рекол.

Д. К. Влегол низ портата и, не знаејќи ништо за манастирскиот начин на поздравување, рекол:

„Здраво, отче“.

„Здраво и тебе. Од каде доаѓаш?“

„Од Козани, отче“.

„Седи овде и послужи се со локум, има неколку видови“.

Преправајќи се дека заборавил од каде e неговиот посетител, старецот повторно го запрашал:

„Што рече, од каде си? Од Самарина?“

„Не старче, од Коз...“

Ненадејно, Д. К. се сетил на местото на своето раѓање и, восхитувајќи се на прозорливоста на старецот, смеејќи се рекол:

„Да, старче... јас сум од Самарина, како што рековте, но сосема заборавив на тоа!“

***

Еден монах и отец Давид од манастирот Кутлумуш отишле да го посетат старецот. Откако ги послужил со слатки, седнале во градината. Додека разговарале, старецот дробел сув леб за да ги нахрани птиците. Дланката му била отворена, така што птиците слетувале и ги колвале трошките. Откако ќе собереле неколку трошки, погледнувале лево-десно и одлетувале кон дрвото. Отец Пајсиј нежно им велел:

„Не плашете се, овие луѓе се наши пријатели“, притоа покажувајки на двајцата монаси.

Птиците повторно слетувале на неговата дланка за да ги изедат останатите трошки. Отец Пајсиј длабоко ги сакал не само своите ближни, туку и животните и птиците. Во текот на зима, пред ќелијата дробел сув леб и шеќер за да имаат птиците што да јадат. Неговата градина била полна со најразлични птици, големи и мали, диви и питоми.

***

На вториот ден по Велигден, светогорските монаси служеле молебен и ја прославувале чудотворната икона „Достојно ест“, правејќи литија. Старецот Пајсиј тој ден останал во својата ќелија и се молел. Одеднаш почувствувал дека ќелијата се исполнила со благоухание, но не можел да открие од каде доаѓа. Откако ги поминал сите соби, сфатил дека мирисот доаѓа однадвор.

Излегол во градината, каде што мирисот бил уште посилен. Го слушнал звукот на камбаната. Тогаш покрај неговата ќелија поминувала литијата со иконата „Достој но ест“ и мирисот се ширел од оваа чудотворна икона.

Како што се оддалечувала иконата, така и благоуханнето почнало да исчезнува, а се намалувало и биењето на камбаните. Истиот тој ден, попладнето, отец Пајсиј му го раскажал на отец Атанасиј овој чудесен настан.

***

Г-н Константинос ме замоли да мy кажам нa старецот да се моли за едно дете кое го познавал, и кое веќе со години било парализирано. Кога отидов кај старецот да му ја пренесам пораката, го запрашав: .

„Што мислите, старче, постои ли некоја можност ова дете да оздрави?“

Како одговор на моето прашање, ми го раскажа следниов настан:

„Еднаш, едно девојче од Тесалија (централна Грција), доживеало сообраќајна несреќа и нејзиниот мозок бил сериозно оштетен. Бидејќи повеќе не чувствувало ништо, паднало во кома и лекарите рекле дека не постои можност да закрепне и дека родителите единствено можат да ја очекуваат нејзината смрт.

Бидејќи повеќе немало човечка надеж дека девојчето ќе оздрави, некои луѓе им раскажале на родителите за старецот и ги посоветувале брзо да отидат кај него. Таткото одлучил да отиде на Света Гора и да поразговара со него за својата ќерка. Откако му раскажал cѐ, co чудење го запрашал:

„Отче, сите лекари заклучија дека мојата ќерка никогаш нема да оздрави и дека можеме да ја очекуваме нејзината смрт. Што мислите вие, постои ли надеж, Бог да направи нешто?“ „Никогаш повеќе немојте да да го велите тоа, зашто тоа е богохулство. Бог го создал човекот и Он може дури и камењата да ги претвори во човечки битија, а ти прашуваш дали може да направи нешто и за вашата ќерка. За Бога ништо не е ниту тешко, ниту невозможно, бидејќи за Него „сѐ е возможно“. Нам ни е тешко да го надминеме своето неверие и да поверуваме во Него, без да се сомневаме. Затоа, молете се на Христа со вера и без какво и да било сомневање. Не губете ја својата надеж во Него. Бог допушта да се разочараме од луѓето, за да ја положиме сета надеж во Него. Никогаш нема да нѐ изневери нашата надеж во Бога. Јас те уверувам дека твојата ќерка ќе оздрави!“ Таткото заминал и го послушал советот на старецот Пајсиј. По некое време, го известиле дека здравствената состојба на неговата ќерка се подобрува, додека еден ден сосема оздравела. Денес таа е сосема добро и работи. Лекарите се чуделе, како девојчето се спасило, бидејќи нејзината смрт ја сметале за неизбежна.

„Па така, кажи му на г-н Константинос да верува во Бога и детето ќе оздрави“.

Потоа старецот продолжил да раскажува уште еден настан.

Во воената болница се наоѓале петмина офицери и сите боледувале од рак. Состојбата на четворица од нив, според лекарите, не била загрижувачка и доколку се оперирале, имало можност да живеат уште многу. Меѓутоа, петтиот офицер бил неизлечиво болен и му кажале дека му преостануваат само уште неколку седмици.

Кога болниот дознал за тоа, се натажил и паднал во очај. Еден од лекарите, кој бил побожен човек, се обидел да го утеши и му рекол:

„Не очајувај. Лекарите можат да кажат дека нема надеж, но не заборавај дека постои Бог. Моли се и не заборавај, дека во случаи, како што е твојот, се случуваат чуда“.

Пациентот се охрабрил и побарал духовник. Откако се исповедал, непрестајно се молел на Бога и се надевал на Неговата милост.

И така, оние четворица офицери, кои не биле тешко болни, набрзо починале, додека, пак, оној петтиот, за кого тврделе дека му преостануваат само уште неколку седмици, денес добро се чувствува и ја обработува својата градина“.

***

Старецот го посетил еден татко чија ќерка имала тумор на мозокот. Според мислењето на лекарите, и преостанале само уште неколку месеци за живеење. Таткото понел некои нејзини блузи кај старецот Пајсиј, за да ги благослови и да се моли за неговото девојче.

Старецот му рекол:

„Јас ќе се молам за вашето дете, но и ти како татко мораш нешто да жртвуваш нешто поради својата ќерка, зашто Бог секогаш e милостив кога ќе види дека луѓето се жртвуваат за оние кои ги сакаат“.

„Што да жртвувам, старче“, прашал таткото.

„Имаш ли некоја страст? Жртвувај некоја од нив“,

Бидејќи духовно неупатен, човекот одговорил:

„Не знам дали имам некоја страст“.

„Пушиш ли?“

„Да“, одговорил.

„Добро, тогаш жртвувај ги цигарите заради љубовта кон твоето дете и Бог ќе ја исцели“.

Таткото ветил дека така ќе направи и го одржал своето ветување. Здарвствената состојба на неговата ќерка постепено се подобрувала, додека не била потполно исцелена. Лекарите потврдиле дека нејзината здравствена состојба повторно е нормална.

Но, таткото заборавил, или, подобро кажано, го прекршил ветувањето кое Му го дал на Бога и повторно почнал да пуши. Истовремено, на мозокот на неговата ќерка пошорно се појавил тумор и нејзината здравствена состојба се влошила како и порано.

Таткото пак отишол кај старецот Пајсиј, барајќи да се моли за неговата ќерка.

Старецот тогаш му рекол:

„Ако ти како татко не можеш да го одржиш ветувањето кое си го дал заради своето дете и да ја жртвуваш страста која го разорува твоето здравје, тогаш ни јас не можам да ти помогнам“.

***

Во текот на 1993 година, некои луѓе почнале да шират гласови дека старецот ќе се упокои во август истата година. Поради тоа, многу монаси се вознемириле. Еден ден, отец Давид решил да го запраша старецот дали e тоа вистина и дали тој самиот го кажал тоа. Кога пристигнал, старецот и пред поздравот му се обратил со следните зборови:

„Ти знаеш дека се зборува оти ќе умрам во август. Во јануари еден од моите посетители ми рече: Отче, вие ќе умрете, зашто боледувате од сериозна хеморагија!  Јас на ова шеговито му возвратив:

„Не мислам дека е така. Сега не е вистинско време некој да умре, многу е студено. Август е позгоден, зашто тогаш е потопло“. Му го кажав тоа како шега, а тој раширил гласини дека ќе умрам во август. Не смеам дури ни да се пошегувам!“

***

Еден монах, кој наскоро требало да стане ѓакон, а потоа и свештеник, дошол кај старецот да земе благослов од него и да го праша дали е Божја волја да стане свештеник.

Тој му одговорил дека тоа е Божја волја, но, треба малку да почека. Притоа, му кажал точно колку време.

Монахот му исповедал на старецот дека тој лично не сака да стане свештеник, но, игуменот на манастирот и останатите монаси инсистирале на тоа.

Старецот Пајсиј му рекол да им биле послушен и потоа му го кажал следниот настан: „Кога бев во манастирот Стомио во Коница, додека се молев во текот на ноќта, пред мене се појави Господ, облечен како епископ и ми рече: „Моја волја е да станеш свештеник, истото се однесува и на тоа и тоа момче, од тоа и тоа село“.

Ho jac сакав да се убедам, дека видението што го имав е вистинито. Отидов во селото кое Господ ми го кажа и прашав каде се наоѓа домот на тоа момче. Кога отидов таму, им реков, дека сум само на поминување, се направив дека сум уморен, за да ме поканат да влезам. Беа изненадени, но и радосни од мојата посета. Ги прашав дали имаат деца и ми одговорија дека имаат син, кој бил студент. Прашав што сака да стане, а тие ми одговорија дека во последно време размислува да стане свештеник. Им реков да му дозволат да направи како што сака, зашто Божја волја е тој да стане свештеник. По некое време момчето беше ракоположено за свештеник. Така се уверив дека видението кое го имав беше вистинско“.

***

Старецот Пајсиј еднаш раскажуваше:

Неодамна ме посети еден епископ и ми рече: „Мораш да станеш свештеник и духовник“.

Му реков дека имам една голема пречка.

„Каква е таа пречка?“

Му одговорив: „За време на војната бев радио-оператор и предизвикав смрт на многу луѓе. Јас го известував генералот каде да ги испрати авионите да го бомбардираат непријателот, кога беше неопходно“.

„Во тој случај“, додал епископот, „имаат пречки и готвачите, зашто подготвувале храна за оние кои се бореле и убивале луѓе“.

„Не знам дали постојат пречки за готвачите. Единствено што знам е, дека не можам да бидам свештеник“.

Старецот Пајсиј продолжил: „Постои уште една причина поради која не сакав да станам свештеник. Сакав монашкиот живот да го преживеам онака како што сметав дека е најдобро! Ако станеш духовен отец, веќе немаш избор и мораш да го примиш секого, кој ќе те посети. Меѓутоа, кога си прост монах, можеш да го уредуваш сопствениот живот. Сепак, работите сега се променија, зашто сум принуден својот живот да го приспособам според потребите на моите посетители“.

***

Во текот на 1986 година, Теодор А. се наоѓаше во многу лоша духовна состојба и постојано се молел на Бога да му открие некое видение, со што би ја засилил својата вера и би ги растерал „облаците“ на неверието кои го мачеле.

Една ноќ, додека лежел на креветот и се молел, се нашол во ситуација, која не можел да ја опише. Дали тоа бил сон, видение или илузија? Не можел со сигурност да каже.

Се видел себеси на скеле на една висока градба, а тројца соселани на друго скеле. Одеднаш, скелето почнало да се ниша и тој паднал заедно со него. Тогаш здогледал убаво, русокосо момче кое го набљудувало. Момчето личеле на Господа. Со него бил еден монах кој успеал да го фати Теодора додека паѓал и безбедно да го спушти на земјата.

Монахот отишол да го зацврсти скелето и да го поправи, а потоа му рекол на Теодор:

„Твоето скеле сега е прицврстено, и немој да се плашиш. Но, кажи им на твоите соселани да ги зацврстат своите скелиња, зашто се во опасност“.

Во тој миг Теодор се разбудил, прашувајќи се што може да значи видението што го имал. Оттогаш, ликот на тој монах длабоко се врежал во неговото сеќавање.

Поминале пет месеци од денот кога Теодор имал видение. Селскиот свештеник, отец Јоанис, објавил во црквата дека оди на Света Гора и дека многу би се израдувал ако уште некој од селото отиде со него. Неколкумина сакале да учествуваат во поклоничкото патување. Теодор чул многу за Света Гора, па одлучил и тој да му се придружи на отец Јоанис.

Кога стигнале на Света Гора, најпрвин го посетиле манастирот Кутлумуш, а тогаш свештеникот им рекол да отидат во манастирот Ивирон. Ги советувале да запрат на патот и да го посетат старецот Пајсиј, подвижник кој престојувал во близина и да земат благослов од него.

Кога стигнале до старчевата ќелија, заѕвониле и старецот тргнал да ја отвори вратата, за посетителите да можат да влезат. Кога го здогледал, Теодор не можел да им поверува на сопствените очи. Го препознал ликот на монахот кој го запаметил од своето видение.

Старецот Пајсиј се поздравил со секој посетител посебно. Кога повеќето посетители поминале низ капијата, отец Пајсиј се поклонил малку и погледнал кон Теодор кој стоел последен во редот и чекал да се поздрави со него.

„Како си, Теодоре? Јас често те гледам!“

Кога ги слушнал зборовите на старецот, Теодор во истиот момент се уверил дека тоа бил истиот оној монах, кого го видел во своето видение, и му одговорил:

„И јас, старче, добро те познавам, но сега првпат те гледам одблизу“.

Старецот се насмевнал и продолжил да се поздравува со останатите посетители.

Благодарејќи на помошта која Бог му ја укажал преку старецот Пајсиј, во Теодор се засилила верата, и се обидувал колку што може повеќе да се приближи кон Бога преку Црквата и нејзините свети таинства. Често го посетувал старецот за да се посоветува со него и да земе благослов. Откако ќе ги наполнел своите духовни „батерии“, се враќал во светот.

***

Отец Х., духовник од Агринио, отишол кај старецот Пајсиј заедно со г-н Димитриј М. Свештеникот го замолил старецот да му подари нешто од своите лични работи како благослов. Старецот му го подарил своето расо. Тогаш и г-н Димитриј замолил за подарок и старецот му ја дал волнената поткошула. .

Сопругата на г-н Димитриј имала еден здравствен проблем. Целото нејзино тело било покриено со чирови кои предизвикувале неподнослив јадеж и болка. Била многу загрижена поради својата здравствена состојба. Мажот ја водел кај многу лекари, но ниеден не можел да ја открие причината на болеста и да ја излечи. Нејзината состојба се влошувала и г-н Димитриј бил многу вознемирен гледајќи како неговата сакана сопруга страда, додека тој самиот не можел да ѝ помогне.

Еден ден, кога се чувствувала многу лошо поради неподносливиот јадеж, Димитриј се сетил на поткошулата која ја добил од старецот и ѝ ја дал на жена си да ја облече. Побожната жена ја облекла поткошулата и, за чудо, веднаш заспала. Спиела со многу длабок сон. Кога се разбудила, мажот забележал дека сите чирови исчезнале, заедно со јадежот и болките. Од тој ден, оваа жена никогаш повеќе не страдала од оваа болест.

***

На патеката која води до ќелијата на старецот Пajсиј, отец А. сретнал еден инвалид. Накривнувал и одел со патерици. Кога отец А. го прашал каде оди, тој му одговорил дека оди кај старецот Пајсиј. Потоа, отец А. го запрашал за причината на неговиот инвалидитет, а човекот одговорил:

„Пред некое време го посетив отец Пајсиј. Ми зборуваше дека треба да се поправам во многу нешта. Но јас бев тврдоглав и не го послушав, па дури и грубо му возвратив. Тој ме советуваше со добро, но, кога виде дека воопшто немам желба да го слушам, ми рече:

„Требало да знаеш, дека Бог ќе дозволи да ти се случи сообраќајна несреќа, која ќе те научи на смирение и ќе ти помогне да се поправиш, инаку никогаш нема да се вразумиш“.

Човекот му раскажал на отец А. дека старецот уште нешто му рекол што не може да му го открие, бидејќи било многу лично.

И така, продолжил човекот, пред извесно време доживеав сообраќајна несреќа. За жал, мојата жена и детето загинаа, а јас останав инвалид. Сега, по сето тоа, одлучив повторно да отидам кај старецот Пајсиј“.

По неколку дена, отец А. повторно дошол кај старецот Пајсиј за да ја поправи чешмата од која старецот земаше вода. Искористил прилика да го праша што точно се случило со оној човек и како старецот предвидел дека тој ќе преживее сообраќајна несреќа. Старецот одговорил онака, како што и обично одговорал во слични ситуации:

„Тоа се работи за кои не можам да зборувам, ниту, пак, можам да ги објаснам“.

***

Еден од монасите сакал да го напушти манастирот во кој примил постриг и да премине во ќелијата Преображение, сместена близу до старчевата ќелија. И пред да ја исповеда на било кого својата помисла, отишол кај старецот Пајсиј. Кога пристигнал, старецот му посакал добредојде, му донел послужување и, монахот, уште пред да му ја соопшти причина зa своето доаѓање, слушнал од старецот:

„Во наше време, Бог повеќе отколку некогаш, дејствува во нашите животи на многу и зачудувачки начини. Поради тоа не е потребно нешто посебно да барам или сакам за себе, зашто Бог можеби има други планови. Он, на пример, можеби сака утре да појдам во Кина и таму да изградам манастир.

Во денешно време сѐ e можно и затоа се трудам целосно да се ослободам од својата волја“.

***

Старецот Пајсиј обично се молел во текот на цела ноќ. Еднаш, во 1 часот по полноќ, Божјата благодат го „известила“ дека некој во светот, по име Јанис, се наоѓа во вистинска опасност. Веднаш запалил свеќа и почнал да се моли само за Јанис. По половина час, пак бил „известен“ дека Јанис сега е на сигурно. Но, старецот не знаел што се случува.

Утредента го посетило едно момче и му го раскажало остатокот од приказната која божествената благодат ја оставила недовршена. Му раскажал дека се соочил со многу сериозни проблеми и, доаѓајќи во безизлезна ситуација, одлучил да се убие. Околу 12.30 часот по полноќ го зел својот мотор и го напуштил градот. Возел кон една провалија за да се фрли во неа и да загине. Некаде околу 12.50 часот, одеднаш низ главата му поминала една помисла:

„Толку раскажуваат за тој старец Пајсиј од Света Гора. Зошто да не го посетам, па, ако ни тој не може да ми помогне, тогаш ќе се самоубијам“.

Тоа момче бил Јанис, за кого Божјата благодат го „известила“ старецот Пајсиј и за кого тој се молел во текот на минатата ноќ, во исто време кога момчето се подготвувала да се фрли во провалијата. Враќајќи се од Света Гора, момчето не отишло пак кај провалијата, туку, напротив, отишло кај духовник и се исповедало. Благодарение на молитвите од старецот, се вратило во Црквата.

***

Кога малиот Теодор имал само една година, добил висока температура која му ги парализирала нозете, рацете, гласот и целото тело. Не можел ниту да оди, ниту нешто да држи во рацете, ниту, пак, да зборува. Лекарите не можеле да сторат ништо за да му помогнат.

Неговиот дедо, Христос Т., чул за старецот Пајсиј. Во 1991 година го повел Теодор на Света Гора. Носејќи го на раце, се упатил во ќелијата на старецот и побарал да се моли за ова дете. Старецот го благословил Теодор и му рекол на дедото да не се грижи, зашто детето ќе биде излекувано.

Од тој момент, здравствената состојба на детето постепено се подобрувала. Почнал да оди, да држи предмети во рацете и да зборува, но сѐ уште не бил сосема излекуван.

По една година, на 30 мај 1992 год., сабота, Христос Т. повторно тргнал на Света Гора со малиот Теодор. Престојувапе во манастирот Кутлумуш, каде што го оставил Теодор, а самиот отишол кај старецот Пајсиј. Детето не го повел со себе, бидејќи не можело да оди по стрмната патека која водела до ќелијата на старецот. Освен тоа, повеќе не можел да го носи на раце, зашто детето било многу тешко.

Старецот, кога го здогледал дека доаѓа, веднаш го запрашал:

„Како е Теодор?“

Г-н Христос Т. одговорил дека детето сега е малку подобро, но, бидејќи пораснало не можел да го носи на раце и затоа го оставил во манастирот. Но, ако некој му помогне да го донесе, би го довел.

„Не, не мачете се да го носите тука“, рекол старецот Пајсиј. „Кога ќе ги испратам своите посетители, ќе дојдам до манастирот да ве посетам вас и детето“.

Г-н Христос Т. се вратил во манастирот Кутлумуш. Доаѓајќи до портата, го известил отец Давид, вратарот, дека

старецот Пајсиј ќе дојде подоцна да го посети.

Монасите многу се зачудиле кога го слушнале ова, зашто старецот ретко одел во посети, но, истовремено и многу се израдувале, зашто ќе го видат.

Времето поминувало, сонцето заоѓало, а старецот Пајсиј сѐ уште не пристигнал. Монасите ја заклучиле големата железна манастирска порта, низ која единствено можел да влезе отец Пајсиј. И монасите и посетителите биле многу натажени бидејќи старецот Пајсиј не успеал да дојде.

Следното утро, во недела, г-н Христос и неговиот внук тргнале во манастирската гостоприемна соба, и без да бидат свесни, пријатно ги изненадиле гостите.

Отец Давид му рекол на дедото: „Значи, старецот Пајсиј не успеа да дојде и да го посети малиот Теодор?“ Г-н Христос, и самиот не знаејќи што всушност случило, одговорил во присуство на сите гости:

„Старец Пајсиј дојде околу полноќ. Теодор лошо се чувствуваше и не можеше да заспие, а јас седев до него. Точно на полноќ слушнавме како некој тропа на вратата и јас прашав кој е?“

„Јас сум, отец Пајсиј. Дојдов да го посетам Теодор“.

Станав и му реков:

„Влезете, oчe“. Вратата се отвори, старецот влезе и седна покрај Теодор. Го прекрсти и го бакна по челото, а потоа му даде икона на Пресвета Богородица (таа икона Теодор ја држеше во рацете). Откако му рече дека ќе оздрави, старецот замина“.

Сите кои биле во собата биле вчудовидени. Единствените кои уште не можеле да сфатат што се случило, биле Теодор и неговиот дедо.

Дедото сфатил што всушност се случило, дури откако отец Давид и останатите му го објаснипе следното:

а) Манастирската порта и прозорец се затвораат по зајдисонце и повторно се отвораат дури на изгрејсонце.

б) Не може да се влезе низ прозорците, зашто на нив се наоѓаат железни решетки.

в) Сите гостински соби биле преполни со гости и, ако некој би сакал да влезе на друг начин, би морал да праша некого каде е собата на Теодор.

г) Никој не го видел старецот, освен Теодор и неговиот дедо.

***

Еден ден отидов кај старецот и го прашав:

„Отче, би сакал да ми го објасните следното: ако еден светител е во Солун и луѓето таму го гледаат, дали тој во исто време може да биде и во Атина, во болница да посети болен кој го молел за помош, а притоа, за останатите луѓе во болницата да биде невидлив?“

„Се разбира дека може! Тој на духовен начин оди да го види болниот и да го допре по главата. Понекогаш ниту самиот болен не е свесен за присуството на светителот. Дури кога ќе излезе од болницата и ќе отиде да го види, светителот му вели: „Те посетив во болницата, додека беше во таа и таа соба, а ти воопшто не обрна внимание, па, дури не ме ни почести!“

***

Старецот ни раскажуваше за еден необичен настан кој се случил за времето додека престојувал во Коница:

„Бог е верен и ако душата смирено Го моли за помош и искрено верува во Него, Он ќе направи сѐ што ќе ѝ биде од полза на таквата душа.

Додека бев во манастирот во Коница, се молев во текот на ноќта, кога Бог на духовен начин ме „извести“ дека морам да појдам до еден голем град во Грција... Ништо повеќе не ми кажа. Отидов до тој град и, не знаејќи што да направам, отидов кај еден пријател. Кога ја напуштив неговата куќа, почнав да скитам по улиците, бидејќи Бог не ми кажа што треба да правам. Додека поминував покрај една куќа, помислив дека треба да заѕвонам на нејзината врата. Ho се колебав, како да зазвонам на врата на непозната куќа, а притоа, ни самиот не знам што барам од нејзините домаќини. Меѓутоа, мојата помисла, која ми велеше да заѕвонам, беше многу упорна.

Па така, заѕвонив и бев многу изненаден кога по неколку минути видов една стара монахиња како излегува од куќата. И пред да успеам да кажам било што, ми се обрати со следните зборови:

„Благословете, отче. Сигурно Бог Ве испратил, зашто сум многу грешна. Ве молам, влезете“.

Влегов, а таа продолжи да зборува: „Долго време се молам на Господа да ми испрати некого од Неговите луѓе, за да ми каже што да правам“.

Тогаш ми раскажа зошто живее во светот. Откако поразговаравме за проблемот и најдовме решение според волјата Божја, ми рече дека има уште една монахиња со истиот проблем. Ме замоли да ја пронајдам и да ѝ помогнам, како што и направив. По овој настан, се вратив во манастирот исполнет со длабоко воодушевување од Божјата промисла за овие души и од нивните добродетели, односно, од тоа, дека живеат толку силен духовен живот во светот, а во исто време се скриени од очите на светот“.

***

Во една прилика отец Пајсиј престојувал во манастирот Коница. Било зима и имало многу снег наоколу. Еден ден, в зори, одел низ шумата, за да му помогне на еден свештеник при служење: на Светата Литургија. Додека чекорел по завејаната тесна патека, видел една мечка која одела кон него.

Кога мечката сосема му се доближила, отец Пајсиј од својата торба извадил една од двете просфори и ѝ ја понудил на мечката. Мечката ја зела просфората, се поклонила и заминала!

Кога отшол да живее во ќелијата Панагуда при манастирот Кутлумуш, некој, кој слушнал за овој настан, го прашал дали е тоа вистина. Старецот одговорил:

„Како да се сетам на нешто што се случило додека бев во Коница!“

„Зарем е можно да се заборави таков настан“, прашал поклоникот.

„Па добро, чедо мое благословено, ако мечката била гладна, зошто тогаш да не ја земе просфората и да ја изеде?“

***

Отец Пајсиј ни раскажуваше како еднаш, додека бил млад, се искачувал на врвот на Светата Гора и се изгубил наоколу за неколку дена.

Не знаел ниту кој ден е, ни кој датум, ниту како да го најде патот до својата ќелија. Одеднаш пред него се појавил некој монах, кој сосема се разликувал од останатите монаси. Лицето му било чисто и светло и целата негова фигура била необично убава. Бил облечен во старо расо со многу крпеници, и кое наместо копчиња, имало парчиња од дрво. Околу вратот носел мала торба, која исто така, била целата со крпеници.

Старецот го поздравил и прашал дали знае кој ден и кој датум e. Подвижникот ја зел торбата и од неа извадил парчиња од дрво со чија помош ги обележувал датумот и денот. Така

пресметал кој ден и дата е, и му кажал на старецот. Потоа старецот го замолил да му покаже по која патека да стигне до својата ќелија и подвижникот го упатил. Старецот му се заблагодарил, зел благослов од него и бил подготвен да тргне. Додека уште разговарал со старецот, подвижникот одеднаш исчезнал. Потоа, старецот ни кажа дека ова бил еден од „невидливите подвижници“, кои, според древното предание, живеат на врвот на Света Гора.

***

На 17 јануари 1991 год., во 3 часот наутро, еден од монасите дошол да го извести отец Пајсиј дека тукушто започнала војна во Ирак. Доаѓајќи до неговата ќелија, ја свртел ламбата кон прозорецот на капелата, зашто знаел дека старецот во тоа време е внатре и се моли и потоа затропал на вратата. Набргу потоа, старецот дошол да ја отвори вратата и запрашал:

„Кој е?“

Монахот му го кажал своето име и, пред да успее било што да каже, старецот му рекол:

„Пред 45 минути, додека се молев, бев известен дека започнала војна во Ирак и дека ќе има страшна катастрофа“

Монахот на ова додал: .

„Отче, јас штотуку стигнав за да ви ја соопштам таа вест, по изгледа дека вашиот „телевизор“ е од најмодерен тип и немате потреба да ги гледате збиднувањата!“

***

Во вторник од Светлата седмица, во 1984 година, старец Пајсиј на полноќ имал ужасно видение. Пред него се простирала една нива и на неа имало жито кое тукушто почнало да проникнува, Тој стоел надвор од оградата што ја опкружувала ливадата и палел свеќи. (Старецот имал обичај да пали свеќи и да ги става во лимени кутии; го правел ова за сиот страдален свет, и за живи и за умрени).

Од левата страна на таа долина се наоѓале диви, непристапни карпи. Тие постојано се клателе како од земјотрес и од тоа се разнесувало силно ехо, во кое старецот забележал илјадници трогателни липања. Не можел да сфати од каде доаѓаат, но во нивниот звук чувствувал остра, мачна болка.

Додека страдал и во исто време се чудел што би можело да значи ова видение, слушнал некој глас кој му објаснил дека таа нива со тукушто никнатото жито, кое не созреало, ги означува душите на мртвите што ќе бидат воскреснати, додека, пак, страшното место од левата страна, се душите на оние деца, кои биле убиени при абортус.

Ова видение му предизвикало толку силна болка така што, кога завршило, долго време не можел да заспие.

Старец Пајсиј Светогорец