Старец Пајсиј Светогорец

Некогаш Отците прво заминувале во пустина и подвизувајќи се ги смирувале своите страсти. Тоа го правеле без некој свој план и програма, препуштајќи се себеси во рацете Божји. Избегнувале чест и власт дури и тогаш кога ја достигнувале мерката на светоста. Тоа го пренебрегнувале единствено кога мајката Црква имала потреба од нив; тогаш се покорувале на волјата Божја и со својот свет живот го прославувале името Божјо, односно, станувале духовни дарители на крв, бидејќи во пустината со добра духовна храна постигнале добро духовно здравје.

Во нашево време, многумина од нас, под влијание на овој свет, сакаме да направиме некое добро, да дадеме крв, а нашата крв [духовна] е полна со духовни микроби и со ова само уште повеќе наштетуваме.

Но, ако живееме светоотечки, ќе имаме духовно здравје, кое би го посакале и иноверните, и тогаш тие би ги оставиле своите заблуди и без нашата проповед. Зашто, никој не се залетува по нашето светоотечко предание, туку од нас бара да имаме отечка доследност и вистинска сродност со нашите светители.

Во нашево време се намножија зборовите и книгите, а се намалија напорите, зашто човештвото потпадна под влијание на овој свет кој ги избегнува тешкотиите и оди по полесниот пат. Значи, многумина од нас се занимаваат со читање, а малку, или воопшто, со примена на она што го ќе прочитаме. Се воодушевуваме од нашите свети трудбеници без да го разбереме нивниот труд, бидејќи самите ние не се трудиме. Оттука и не ги разбираме, ниту имаме желба да ги подражаваме.

Оние, кои во Црквата копнеат по власт, а се наоѓаат под власта на страстите и своите лични интереси ги прогласуваат за духовни, па прибегнуваат дури и кон државните власти за да им ги решат црковните проблеми, и затоа таквите немаат Божја благодат.

Да не допуштиме лукавиот да нѐ заведе со библиските зборови „ќесарев суд сакам“ [Дела 25, 11], зашто апостол Павле веќе бил предаден на царската власт и бидејќи од Бога бил известен дека ќе Го проповеда Христа и во Рим, барал царски суд, за така да стигне во Рим.

Кога некој ќе се обиде црковните проблеми да ги реши на православен начин, со цел да се згрижи себеси, како очекува од Бога на биде благословен?

Не треба да тргнува по оние, кои добро ги поставуваат црковните проблеми, доколку и самите не се добро поставени [втемелени] во Црквата.

Две крајности отсекогаш ја мачат Црквата, а и оние кои ги држат овие крајности, исто така, се мачат. Тоа е исто, како едниот крај да го држи опседнат и духовно безобзирен човек, кој сѐ запоставува, а другиот крај да го држи луд човек со детска ревност и тврдоглавост, и тогаш Бог да чува овие два краја можат да се судрат, а крајот на ова подобро да не го гледаме.

Оние, кои ќе успеат да ги намалат овие две крајности и да ги усогласат, од Христа ќе бидат овенчани со неведливи венци.

Не треба да се отвораат непотребни проблеми во Црквата, ниту од малите човечки палавости да се прави поголемо зло, зашто тогаш лукавиот најмногу ќе се радува.

За жал, во наше време ги има многу од оние кои прават безредие во Црквата. Оние, образованите меѓу нив, ги примиле догматите со разумот, без светоотечки дух. А други, неписмените, пак, ги стегнале со забите и затоа, кога зборуваат за црковните проблеми, крцкаат со забите. Сето ова на Црквата ѝ создава многу поголеми проблеми, отколку нејзините отворени противници.

Многу непромислени служители на Црквата им оставаат широк простор на секташите. Па така се случува, Јеховините сведоци да заземаат цели градови и да го умножуваат своето измамничко дело.

Обично, секташите успеваат со тоа што укажуваат на лошите примери од свештениците, за разлика од нас, кои, не сме способни, укажувајќи на лошите страни на секташите, да одвратиме некого од некоја секта.

А добриот Бог и понатаму, нѐ трпи со голема љубов, иако како срцепознавач добро ја познава нашата душа.

Не е искрен, ниту праведен е оној, кој ја зборува вистината во лице, ниту оној, кој ја објавува пред светот, туку оној, кој има љубов и вистинит живот и кога треба да зборува, зборува со разбирање.

Оние, кои брзаат да станат духовници, а уште во себе имаат многу отров, личат на незрели дуњи на кои во недоглед може да им се додава шеќер и пак ќе бидат горчливи; дури и да станат слатки, брзо скиснуваат. Слатките зборови и големите вистини имаат вредност само кога произлегуваат од вистинскиот дух, а го добиваат своето место само кај оние луѓе со добра волја и чист ум.

Внатрешната чистота на убавата душа на вистинскиот човек, го разубавува и надворешниот човек, бидејќи сладоста на љубовта Божја има влијание и врз нашиот изглед. Така, божествената благодат нѐ прави поубави.

Поголема вредност има еден збор на смирен човек, кој произлегува од длабочината на срцето, отколку цела низа убави зборови од надворешен човек, која доаѓа од извежбаност и која не ги учи луѓето, зашто е телесна, а не е како огнениот јазик на Педесетница.

Старец Пајсиј Светогорец