Старец Пајсиј Светогорец

Светителите својата светост ја прекалиле преку огнот на искушенијата. Тоа искуство ни го оставиле и нам за да се сочуваме од мрежата на човекоубиецот.

Оној, кој ги почитува светителите, несомнено, уште повеќе ќе ја почитува Богородица. Како што и оној кој ја почитува Богородица, ја почитува и Света Троица.

Нормално, светителите имаат човечка светост, а не божествено совршенство кое го има Христос. Затоа, не треба да се соблазнуваме кога гледаме некој мал недостаток помеѓу многуте нивни добродетели, ниту, пак, да земаме за пример некој недостаток кој го имале во почетокот на својата духовна борба, та со ова да ги оправдуваме своите слабости. Зашто во почетокот на нивниот духовен подвиг, Бог понекогаш ја повлекувал благодатта од нив за да стекнат смирение. Така добивале двојна радост, а ние поучен пример.

А од друга страна, од каде знаеме дека некои од нивните мани не биле преправања, кои светителите ги правеле за да ја прикријат својата светост? Зашто, светителите да „продавале“ светост, ниту би ја имале, ниту би биле светители.

Поради тоа, им должиме голема благодарност, дури и на ”анонимните“ светители, кои, незнајно ни помагаат со своите молитви. Тие постојано Го молеле Бога по мое мислење да останат анонимни, да не бидат прославувани од луѓето, но продолжиле да им помагаат на луѓето на ист начин, „во тајност“ [Мат. 6, 4].

Нормално, секој од светителите се подвизувал на свој начин, а и сега, пак, ни помагаат секој на свој начин. На секоја душа ѝ го зборуваат оној јазик, кој, таа може да го разбере и кој за неа ќе биде за спасение.

Затоа нашите светители кои cе прославиле, било со прелевање крв, било со пот и солзи, мораме да ги славиме со побожност така што, ќе си помогнеме на самите себе. И денес кога ќе чуеме дека се врши спомен на светител... треба да стоиме исправено, како што стојат и војниците во став мирно, кога се спомнуваат имињата на нивните паднати другари.

Расудување

Умереното подвизување, проследено со смирение и љубов, многу брзо и со малку телесен труд го осветува човекот. Колку човекот напредува во духовниот живот, внимавајќи над себеси, толку се отвораат очите на неговата душа и тогаш подобро расудува за своите грешки. А тогаш, нормално, доаѓа и благодатта Божја, божественото просветлување и човекот станува уште повнимателен.

Она што најмногу ќе Го трогне Господа на страшниот суд, е нашиот труд за отстранување на стариот човек.

Поголема вредност има оној кој достигнал добродетели со труд, отколку оној кој се родил со природни добродетели. Овој, вториот, ќе мора да ги удвои, за да слушне: „Убаво, добри и верни слуго...“ [Мат. 25, 21].

Се разбира, разликување и расудување имаме сите. Но, не го употребуваме за себе, туку за другите. И оваа добродетел ја користиме за поправање на другите, наместо да ја користиме за да се поправиме самите себеси.

Умниот и разбран човек ги вреднува не само даровите кои Господ му ги дарувал, туку и неправдите на своите ближни кои му ги припишува на човекоубиецот, а го сожалува и бара милост Божја дури и за човекоубиецот.

Самоукорувањето и самокритиката многу помагаат во отстранување на гордоста.

Чувствителните луѓе треба посебно да пазат на самоукорувањето, зашто лукавиот се обидува од него да направи безнадежност. Самоукорувањето секогаш треба да биде пропратено со надеж во Бога.

Кога некој е пречувствителен за својата грешност и се надева на Бога, бива утешен од Бога.

Секое наше дело и секоја наша добродетел има потреба од смирение, љубов и расудување. А расудувањето е coл нa добродетелите. Затоа Христос ни вели во Евангелието: „Секоја жртва со сол ќе се осоли“ [Марко 9, 49].

Расудувањето многу помага во освојувањето на внатрешниот мир на душата. Овој мир многу придонесува во подвигот, зашто ги храни душата и телото со нови сили.

Умот за да не ни скита, мораме да го навикнеме да се занимава со името Исусово [Исусовата молитва]. Зашто, кога умот е отсутен, тоа е исто како, кога домаќинот е отсутен од куќата.

Оние кои имаат расудување, имаат возвишена љубов и смирение, а и горчливата вистина со својата добрина ја претвораат во сладост. 

Облагодатен човек ги менува плотските луѓе и ги ослободува од ропството на страстите, и на тој начин ги приближува кон Бога и така се спасуваат.

Потребно е големо внимание за да ги одбиеме телефонските повици на лукавиот [лошите помисли], за да не го осквернат „храмот на Светиот Дух“ [1.Кор. 6,19].

Добриот Бог нека ни подари покајание, така што, како Негови деца, да го наследиме рајот, што ни го  подготвил како нежен Отец. Амин.

Старец Пајсиј Светогорец