Старец Пајсиј Светогорец

Ќелија на Чесниот крст 13. 01. 1971 год.

Сестри во Христа, благословете!

Ги добив вашите писма пред неколку дена, па одлучив да ви испратам некоја духовна билка. Секако, своја немам, но ја има доволно во Богородичната градина. На ум имам еден искусен монах, кој многу добро ми е познат и кој многу ѝ помогна на мојата душа. За ова ќе зборувам, за да сфатите подобро кој вид билка ја давам на секоја страст. Можеби оваа билка сега не ви е потребна, но, нека се најде, луѓе сме.

***

Гордоста е најголема болест која од рајот нѐ преместила на земјата, а од земјата се обидува да нѐ одведе во пеколот. Затоа почнувам од неа.

Споменатиот монах некој го запрашал:

- Како е можно, старче, да не се гордеам, додека на ум ми паѓаат мудри мисли и кога гледам дека поради тоа ме ценат моите пријатели?

Тој му одговорил: Оние мисли, брате, кои од висина ти доаѓаат на ум, од Бога се, a кога нашиот ум ги произнесува - тие се наши.

***

Друг го запрашал:

- Зошто кога се молам за друг, или за ослободување од некоја страст, Бог понекогаш ме услушува, а некогаш не, a токму тогаш, повеќе се трудам во молитвата?

Му одговорил:

- Бог повеќе го гледа нашето смирение, отколку трудот што сме го вложиле. Ако сме полни со гордост, која ни носи падови, а се молиме да ни се исцелат падовите и Бог нѐ послуша, каква полза имаме тогаш? Токму затоа милостивиот Бог не нѐ услишува, така што многуте падови би придонеле за смирение. Затоа, кога не ни ги исцелува страстите, треба да знаеме дека постои гордост и дека треба да Гo замолиме да нѐ исцели од неа, а сето останато ќе исчезне само по себе.

***

Еден монах го запрашал:

- Старче, кога бев во светот, бев подобар, а сега, кога дојдов во манастир, зошто сум полош?

Му одговорил:

- Тоа е вистина, брате, зашто во светот си се споредувал со световните луѓе, а во манастирот се споредуваш со светителите.

***

Другпат бил запрашан:

- Старче, што да правам, кога ми се случува да им се радувам на грешките на понапредните монаси?

Одговорил:

- Во такви случаи да кажеш: „Те молам Господи, да им помогнеш на моите браќа да достигнат во мерата на растот на светителот чие име го носат, а мене до мерата од растот на моите браќа“. Направи така и ќе ја видиш силата Божја.

***

Еднаш бил запрашан од собратот:

- Сакам да заминам од манастирот, зашто немам мир во себе; добро ли е да го сторам тоа?

Старецот го прашал:

- Монах ли си ти?

- Не, старче, искушеник.

- Се разбира дека можеш да заминеш, само кажи ми, колку долго си искушеник.

- Отприлика три години.

- Ако размислуваш за живот во пустина, тогаш е уште рано. За живот во светот е доцна. Си заборавил колку си се измачил за да се ослободиш од светот. Ако на ова се сетиш, тогаш твојот ум брзо ќе се вознесе кон небото.

***

Еден од посовршените монаси го прашал:

- Старче, мојот ум постојано пребива во молитва. Не само преку денот, туку и во ноќта понекогаш се разбудувам и забележувам дека тој продолжува со молитва. Дали тоа, можеби, е самоизмама?

Му одговорил:

Не е самоизмама, брате, но не е ни твое. Тоа е дар Божји и треба да Му заблагодариш, но и да се помолиш тој дар да им го пружи и на други кои се подобри од тебе. Во молитва да кажеш: „Боже, Ти Кој не си ме отфрлил, туку си ми дал божествен дар, подари им го овој дар и на другите Твои созданија, кои се подобри од мене“.

***

Друг монах го прашал:

-Кога бдеам долго, тогаш ми доаѓаат лоши помисли кои ме обесхрабруваат, бидејќи некогаш не можам да ги истерам. Што да правам?

Му одговорил:

- Твоето бдеење, брате, во себе има или гордост, или се трудиш повеќе, отколку што се твоите можности, а тоа, пак не е добро. Обиди се со подвиг кој нема да биде толку суров, зашто ваков суров подвиг ќе те одведе во прелест, а ќе ги излаже и оние околу тебе.

Колку часа е допуштено да се спие? Свети Арсениј вели еден час.

Му одговорил:

- Свети Арсениј вели еден час ако си подвижник. А јас ти велам еден час ако си свети Арсениј. Мислам, ако почетник не е длабоко навлезен во подвигот, треба умерено да спие и умерено да јаде, за да не биде како изгубено пиле кое станува плен на јастребот. Зашто, кога почетник се подвизува повеќе отколку што може да издржи и со ова станува опседнат, а притоа, уште нема никаква духовна основа, нема да го разбере ни она што го чита, ниту она што го зборува во молитва, и како тогаш ќе се развива и ќе донесува плодови? Кога ќе почне борбата, тогаш почетникот уште пред да почне немилосрдно да се удира по телото, треба добро да се преиспита себеси, зашто можеби телото и не е виновно, туку гордоста, осудувањето на ближните итн. Ако го сфатиме ова кога ќе направиме некој мал подвиг, на пример, затворање и бдеење, и ако се помолиме на Господа да ни помогне, а Он не ни помага, тогаш тоа е доказ дека „проблемот е некаде на друго место“.

***

Бил запрашан:

- Старче, не ми е јасно, откако светите отци ќе го соблечеле стариот човек од себе, зошто пак продолжувале со суровиот подвиг?

Одговорил:

- Брате мој, ме прашуваш за земни ангели, а не за луѓе. Кога човек ќе го соблече од себе стариот човек станува богоносец. Наоѓајќи се во таква состојба, може ли да посака материјални работи? Понекогаш јаделе, а понекогаш и заборавале на храна; а исто било и со сонот. Непосредното присуство на Бога ги хранело со рајски сладости и бидејќи се наоѓале во оваа дематеријализирана состојба немале, како нас, голема потреба од храна и сон, а имале сила, зашто во нив живеел Христос.

***

Го прашале:

- Колку пати е потребно да се сврти бројаницата?

Одговорил:

- Еден земјоделец од еден хектар жнее пет илјади килограми пченица, а друг од пет хектари не жнее ни онолку колку што посеал, а уште ги уморува и рацете од сеење.

***

Еднаш бил запрашан:

Отче, кога одев на факултет, можев да го следам моето напредување преку оценките што ги добивав. Овде, во духовниот живот не знам каде се наоѓам.

Одговорил:

И овде можеш да го следиш својот напредок преку своите помисли. Ако преку тебе постојано поминуваат нечисти помисли, а ти ги одбиваш и тие пак доаѓаат, тогаш знај дека си навлегол во сферата на покајание и борба. Ако понекогаш наидуваат нечисти помисли и ти ги отфрлуваш, и ако понекогаш наидуваат добри помисли, а и едните и другите ги обележиш со броеви од нула до десет, можеш врз основа на нумерирањето да дојдеш до оценка. На пример, кога ќе видиш дека лошите помисли се намалиле, а добрите се умножиле, знај, дека нулите донекаде исчезнале, а се зголемиле десетките, што значи, дека твојот просек се подобрил. А кога лошите помисли ќе престанат воопшто да доаѓаат и ќе доаѓаат само добри, знај, дека се случило очистување, дека твоето срце се очистило и од дувло станало Витлеемска пештера.

***

Еднаш некој брат го прашал:

Старче, дали е зло што понекогаш реагирам со детски инает, дури и пред својот духовник.

Одговорил:

Типикот, како што знаеш, ни вели „Господи помилуј“ понекогаш да го изговориме трипати, понекогаш дванаесет пати, а понекогаш четириесет пати. Односно, страстите не престануваат да бидат зло во сите возрасти и според својата возраст секој има свое „Господи помилуј“. Она што не можам да го разберам е, како тоа возрасен, а имаш детски инает! Ако сепак остануваш на она што е детско, тогаш треба да дозволиш да те тегнат за уши, а понекогаш да ти удрат и некоја шлаканица.

***

Бил запрашан од друг брат:

Старче, јас имам многу дарови и таланти, и мислам дека сум обесправен и запоставен, и тоа убедување сѐ повеќе ме обзема. Што да правам?

Одговорил:

Кога на почетокот од твојот говор чув „јас имам“, сфатив дека немаш ништо, освен својот егоизам. Тоа твое „јас“ те мачело, те мачи и ќе те мачи. Само кога ќе го отфрлиш тоа твое „јас“, ќе се скрши чеканот на твојот непријател и ќе престане со помисли да те удира по главата.

***

Еднаш го запрашал братот:

Што да правам со својот избувлив карактер, кој понекогаш ги повредува другите?

Одговорил:

Твојот избувлив карактер, за да има некоја смисла, насочи го кон својот стар човек. Треба да се знае дека во едно братство постојат и ранливи души, кои имаат потреба ако не од терапија, тогаш барем од утеха, но никако од уште поголемо ранување. Тие се ангелски души кон кои треба да се однесуваме со почит, зашто, мислам дека во Божјите очи поголема вредност имаат ангелите во тело отколку бестслесните ангели. Меѓутоа, ѓаволот многупати нѐ исмева на овој начин: од една страна, со големо почитување да се поклониме пред иконата на бестелесните ангели, а од друга страна, пак, телесниот ангел, нашиот ближен, кој е икона Божја, да го рануваме и навредуваме итн.

***

Еднаш бил запрашан:

Колку часови треба да посветиме на читање?

Одговорил:

Тоа не го разбирам брате. Здравје имаат не оние кои многу јадат и не џвакаат, туку оние кои малку јадат а добро соџвакуваат. Она што ќе се прочита треба добро да се свари и да се моли Господ, со божественото просветлување да ја отстрани стерилноста на умот за да ја сфатиме божествената смисла. Тогаш умот во себе го прима огнениот јазик на Педесетница. Што се однесува до поинакво читање, учење напамет, стекнувања на знаења и „продавање на памет“ без да се принудиме себеси тоа и да го примениме, не само што со ова не им помагаме на другите, туку уште сееме и безверие, зашто ќе се покаже дека она што го зборуваме нема никаква врска со нас.

Затоа, целта на читањето е негова примена на нас самите, не за да учиме напамет, туку да апсорбираме во себе; не да се вежбаме во јазикот, туку да се подготвиме за да го примиме во себе огнениот јазик, за да ги искусиме тајните Божји. Да се учи многу поради стекнување на знаења и станување учител на другите, а истовремено да не се применува на себе она што е научено, не е ништо друго, туку полнење на главата со воздух. Најголемиот успех на таквото знаење е машината која може да однесе до месечината, а цел на христијанинот е да се вознесе до Бога без машина.

***

Еднаш бил запрашан:

Старче, што да правам, бидејќи постојано ми доаѓаат лоши помисли? Јас, секако, не ги прифаќам, но ме загрижуваат?

Одговорил:

Брате мој, и кај мене, на покривот од мојата колиба, често прелетуваат авиони и ми го нарушуваат мирот. Зло е кога еден дел од срцето ќе се почне да ги прима тие летала. Ако ова се слуша, треба веднаш да се исповеда и да се поправи аеродромот, и да се посади некое плодно дрво, за повторно да се врати рајот.

***

Бил запрашан:

Старче, ако помислите се такви што не е можно да се искажат, што да правам?

Знам кои помисли ги имаш предвид: оние за Бога, божествените работи, духовниот отец итн. Овие богохулни помисли се од ѓаволот, зашто секое светогрдие и секој грев е од ѓаволот. Затоа не е добро да се грижиме за гревовите на ѓаволот. Кажи му на својот духовник: „Ми доаѓаат нечисти помисли за Бога, Христа, Духот Свет или за Богородица, светителите и за тебе, мојот духовник“, и тоа е сосема доволно. Не треба ништо повеќе да кажеш, ниту, пак, духовникот понатаму ќе те испитува.

Злобниот ѓавол, за да нѐ вовлече во својата мрежа, ни вметнува помисли за Пресветот Дух и потоа ни кажува дека тие нe се простуваат. Што сака да ни каже? Познато ни е. Нека го чуе ова самиот [ѓаволот] тој, кој хули на Пресветиот Дух, а не ние кои Го почитуваме. Дека овие помисли се од ѓаволот, можеме да забележиме по тоа што тој ги вметнува во најпобожните и најчувствителните со одредена цел, па ако успее успеал. Ако не успее да го одведе човекот во очај до самоубиство, тогаш, барем, да го излудува, а ако не го може дури и тоа, се задоволува да го направи меланхоличен. На ѓаволот му е доволно да го онеспособи Божјото создание.

Верувам дека сакате да знаете што е тоа хула на Духот Свет и кога човекот е виновен, ќе ви го кажам накратко она што го мислам.

Хула е општо запоставување на божествените работи, секако, доколку човекот е при здрав разум. Тогаш е виновен. Според тоа, на еден побожен човек не може да му се случи хула. На првиот стадиум на кулата на Светиот Дух се наоѓаат бесрамните луѓе, а на вториот, оние кои Го запоставуваат Бога и божественото. На третиот се наоѓа ѓаволот.

Затоа треба да обратиме внимание на срамот, да имаме грижа не само за божествените работи, туку и за ближниот, бидејќи тој е икона Божја, и да не им даваме преголемо значење на хулните помисли, кои ни ги вметнува ѓаволот против нашата волја.

***

Еднаш бил запрашан:

- Треба ли да им веруваме на соништата и да ги толкуваме?

Одговорил:

- Братe, ако си стигнал до степенот на Јосифовото совршенство, тогаш во ред; а ако не си, тогаш немој.

***

Засега, мислам дека ова се доволно билки и морам да ги завиткам во ќесе [плико] за да ги испратам. Потребни ми беа два часа да ги спакувам и за ова сакам да ме наградите со по некоја молитва. Имам голема потреба за вашите молитви, но сега, да не ве заморувам.

Негувајте духовност, онолку колку што зависи од вас. Не дозволувајте зависта да навлезе во вас, зашто ќе ја расипе сета ваша добрина како пцовисан глушец, што расипува цела бочва зејтин. Женската добрина по природа е голема, но бочвата на добрината, за жал, жените [мислам на мнозинството] ја покриваат со еден мантил и паѓаат во неа како и глувците. Затоа е потребно големо внимание.

Христос и Богородица нека бидат со вас,

вашиот брат монах Пајсиј

Старец Пајсиј Светогорец