Старец Пајсиј Светогорец

„Чесен крст“, април 1974 година

Недела на мироносиците

На тихувателното Сестринство

на евангелистот Јован Богослов

Сестри во Христа, Христос воскресе!

Денес, во Неделата на мироносиците, одејќи во манастирот Ставроникита на Божествена Литургија, размислував за големата љубов на мироносиците која ја победила и апостолската машкост.

Подоцна се присетив и за мироносиците од нашево време, па мислев за добро да го напишам она за што размислував во овој свет ден, во Неделата на мироносиците, и тоа да им го испратам на моите сестри. Не се некои важни работи, туку пред сѐ, тоа е грст искуства, семе од тиква испечено на огнот на искушенијата. Понекогаш и сувата храна помага да се измами гладот, додека не дојде изобилен ручек.

Овде има поуки и за световните луѓе, кои имаат некоја врска со монаштвото, и тоа, некои работи да ги имаат предвид, за да се чуваат од разни световни правци, кои се закануваат да го „обложат“ изворниот монашки дух и да го направат световен. Меѓутоа, световните луѓе треба да се угледаат на монаштвото и тие, колку што можат, да живеат подуховно. Зашто, исти се заповедите и за световните луѓе и за монасите, а и рајот е ист.

Сфатив дека љубовта, освен подвигот, во себе ги има и сите други добродетели. Така, љубовта се покажува како нежна мајка на сите добродетели.

Оние, кои сета своја љубов ја насочуваат кон Бога, од Бога ја добиваат сета љубов и така им ја даваат на луѓето.

Оние, кои ги сакаат луѓето повеќе отколку Бога, бидејќи им е поважна телесната љубов, било во добра или лоша смисла на тие зборови, не престануваат да бидат телесни, исто како и оние, кои повеќе ги сакаат земните добра од небесните.

Храбрите луѓе не се плашат од смртта, затоа усрдно се подвизуваат, запоставувајќи се себеси и бидејќи смртта постојано ја поставуваат пред себе и за неа секојдневно размислуваат, подготвувајќи се на тој начин за неа и така стануваат похрабри.

Да не очекуваме светот на суетата лесно да излезе од нас, сѐ додека ние се наоѓаме во него.

Кога ќе станеме туѓи за светот и нашиот ум многу брзо ќе се ослободи од овој свет и ќе биде во близина на Бога.

Кога умот ќе се навикне на близината Божја, заборава на својата телесна куќа и на живеењето во тело.

Луѓето кои се оддалечуваат од Бога, сосема нормално, не наоѓаат мир никаде. Затоа и се вознемирени, бидејќи сета наша планета не е доволна да ги задоволи нивните скитања.

Сето зло произлегува од умот, кој само се занимава со докази и наука, а сосема е оддалечен од Бога. Луѓето со таков ум не наоѓаат ни внатрешен мир, ни рамнотежа. Но, ако умот барем малку повеќе им се движи околу Бога, би ја искористиле и самата наука за подобрување на својата внатрешност и за доброто на целиот свет. Во тој случај, ќе можеме да зборуваме за осветен ум.

За жал, надворешното [световното] образование често ги изобличува луѓето, па и творбата Божја воопшто. Така, човечкиот живот го прави неприроден, па, вообичаено е што луѓето одат кај психијатри на психоанализи, а психијатрите, пак, повеќето од нив, дури и не го прифаќаат постоењето на душата. Тогаш, како таквите можат да ѝ помогнат на душата кога не веруваат во нејзиното постоење?

Оние, кои му даваат предност на своето внатрешно образование [образување на душата], а покрај ова, го користат и надворешното образование, таквите, многу брзо, духовно се преобразуваат. Можеби овие Божји луѓе имаат помалку дипломи, но помагаат многу повеќе од другите, зашто имаат повеќе благодат Божја, а помалку хартии [дипломи].

Поголема благодат има едно цветче Божјо, од цел куп лажни, пластични цветови. Истото важи и со духовното и материјалното.

Луѓето со световно образование полни се со себичност и гордост, и личат на сателити кои кружат на небото и оставаат впечаток дека се звезди. Но, ако повнимателно ги разгледаме, ќе видиме дека станува збор за обична човечка измама.

Луѓето кои поседуваат внатрешен мир се вистински ѕвезди кои се вртат и се движат кон сонцето, само што се нечујни и смирени, па поради тоа не ги забележуваме и не гледаме дека се големи планети. Се кријат во длабочината на небото и кај луѓето оставаат впечаток дека се запалени кандила со скромна светлина.

Од луѓето кои не веруваат во Бога, да не очекуваме никакво разбирање. Да се помолиме Бог да им прости и да ги просветли.

Да не очекуваме ништо добро ни од луѓето кои се егоисти и злобни [дури и да тврдат дека се христијани].

Кога таквите христијани, кои се христијани само по име, бараат да им помогнеме во решавање на нивните проблеми, треба да сфатат дека таквите проблеми може да се решат само со Евангелието [односно со усвојување на евангелските пораки]. Секое друго решение е продолжение на главоболката која се замачкува со аспирини.

Луѓето кои меѓусебно се караат, поаѓаат од тоа, дека секој од нив има право, само што присвојуваат за себе повеќе права, отколку што им припаѓа. Затоа и се караат.

Евангелието е најдобар лек и најмногу давање.

Гордите луѓе имаат многу егоизам во себе и затоа не излегуваат од себе. Бидејќи се лишени од божественото просветлување, сите луѓе ги гледаат како мравки и затоа не ги земаат сериозно. А ако понекогаш и имаат потреба од луѓе, ги бараат само како работници за остварување на својот план, а не за соработници.

Ако сакаме нешто да обелодениме, треба да повикаме некој површен човек и да му го кажеме тоа божем како тајна, и да му нагласиме дека таа тајна треба да остане меѓу нас. И тоа е сосема доволно, зашто тој, ќе го пренесе на многумина и ќе “рече“: „нека остане меѓу нас“.

Блажени се оние, кои себеси се сметаат за бронза во очите на светот, кога се обезвреднети од лоши луѓе. Всушност, тие се чисто дваесет и четирикаратно злато.

Тешко на оние, кои бронзата ја претставуваат како злато [во таквите припаѓам и јас, бедниот Пајсиј, помолете се за мене].

Кога срцето со помош на љубовта Божја ќе стане камин, тоа е во состојба да ја изгори суетата. Само тогаш доаѓа внатрешниот мир.

Чистотата има својство да ги истера мувите и микробите и така да му дарува здравје на човекот. Така и чистотата на душата ги одбива демоните.

Повеќето искушенија се моментални и ако во истиот момент ги избегнеме, демоните отстапуваат и така се избавуваме.

Лажното и суетно однесување на родителите не ја исполнува внатрешноста на детската душа, затоа и не им се покоруваат, дури ни со заплашување.

Светоста на родителскиот живот ги исполнува децата и тогаш доброволно се потчинуваат без душевни трауми. Тогаш родителите ќе им се радуваат на децата и децата на родителите, и таа радост ќе продолжи и во идниот век.

Игумените кои се духовни мајки и имаат голема мисија на преродување на своите духовни деца, би било добро на своите деца да не им пристапуваат со авторитетот на игуманија, туку со благодатта која извира од нивниот свет живот. И не треба да бидат старици, ако никогаш не биле послушнички. Не треба да имаме послушници, доколку и самите не сме послушници. А за да ги воспитаме своите поспушници, мораме да имаме многу љубов и внимание. Како што богатите световни луѓе ги обезбедуваат своите деца со материјално богатство, така и духовниците треба да ги обезбедат своите духовни деца со изобилство на духовна сила.

За да бидеме добри духовници мораме и самите да се збогатиме, a тоа значи, да се ослободиме од страстите, Затоа, да не го сметаме за изгубено време работењето врз себе. Зашто, таинственото работење врз себе ја има таа особина на душите таинствено [незабележливо] да им го проповеда Божјото слово.

Добродетелта е таква, што го ʽиздаваʹ [покажува] човекот, па колку и да ја прикрива тој човек. А ако се прикрие дури и под вид на јуродивост, пак ќе се покаже, можеби со задоцнување - но ќе се покаже.

Довербата во Бога е една непрестајна молитва, која нечујно ја подарува благодатта Божја онаму каде што е потребно.

Како монаси треба да ги ослободиме нашите ќелии од секое материјално богатство и душата од секоја страст. Така, нашиот монашки живот ќе има смисла и како монаси ќе ја оствариме својата мисија во светот. Зашто, онаму каде што има материјалното богатство, таму има и духовната сиромаштија.

Богатството ја задушува душата со својата ненаситност. И кога ќе видиме човек кој има сѐ, а истовремено со нешто е оптоварен, знаеме дека му недостига Бог.

Онаму каде што не постои лажна човечка суета таму царува Бог.

Љубовта која се негува во пустина, немајќи во себе ништо од овој свет, нема место во овој свет. А нема место ни во умот на многу луѓе [кои размислуваат световно] и затоа може погрешно да биде сфатена.

Кога монах, со љубовта Божја, ќе стане далечен за светот, тогаш во своето срце може да ги прими сите луѓе. И не само луѓето, туку и животните и севкупната природа, и тогаш сета твар ќе ја гледа како убава и добра.

Така, жртвената љубов ја сфаќа дури и змијата и ја зема за пријател. А материјалното изобилие од човекот прави змија, која каснува други луѓе. Таквата човечка состојба е икона на пеколот. Луѓето кои имаат љубов и добрина личат на ангели, и каде и да се појават пројавуваат љубов и радост.

Жените, бидејќи по својата природа имаат повеќе нежност и љубов, ѓаволот најмногу ги напаѓа и се обидува да ја отруе нивната љубов со подмолна љубомора. Ако успее во тоа, жената може да биде позлобна и од самиот демон.

Монасите треба да бидат светлина и поради тоа неизбежно е да бидат како негуватели, т е. како духовници да припазуваат на овој свет.

Никогаш да не настапуваме војнички, туку ангелски.

Ако сте се нашле во позиција на игуманија, мирно служете Му на Христа во рамките на вашата служба, онака како што Христос им служел на Своите ученици.

Секогаш спомнувајте си за Мојсеја, што сѐ пропатил, додека не го однел народот Божји во ветената земја. Ако ова го имате секогаш на ум, ќе имате и изобилна храброст.

Оние, кои монашката схима ја примаат во младоста, особено Го радуваат Господа и добиваат посебна благодат од Него.

Блазе им на оние кои примиле ангелска схима и усрдно и смирено се подвизуваат, и живеат на земјата како ангели и со својот пример го просветлуваат светот. Мислам дека нивниот свет живот е најголем парастос на нивните упокоени роднини. По нивните молитви Бог ги упокојува нивните претци.

Помолете се, милостивиот Бог да нѐ просветли и да ни подари спасоносно покајание од кое сите имаме потреба [јас најмногу од сите]; смртта така да нѐ најде во добра духовна состојба и така, да го наследиме Небесното царство Божјо. Амин! Амин! Амин! Бог нека даде.

Со љубов Божја, вашиот брат, монах Пајсиј.

Старец Пајсиј Светогорец