Старец Пајсиј Светогорец

Добриот Бог ги создал ангелите, но некои од нив со својата гордост станале демони. Потоа, Бог го создал човекот за да го потполни бројот на паднатите ангели. А и демоните ги оставил слободни до извесен степен и време, со своето зло да ни помогнат во полагањето на испитот на земјата, за да преминеме во вечниот небесен живот. Сѐ додека живее, човекот има право на духовни испити. Меѓусостојба не постои.

Значи, да се потрудиме, да создадеме барем духовна основа за премин во рајот.

***

Секој, кој духовно се бори, војува против непријателот ѓаволот и нормално е да биде вознемируван од него. Човекот, кој ќе го победи умниот непријател ќе биде овенчан од Христа.

***

Искуството се стекнува од огнот на демонот, кое го трпи војникот Христов во духовната борба. Пред да ја започне борбата, непријателот започнува бомбардирање со помисли. Молитвата Исусова e најдоброто оружје против помислите на непријателот.

***

Духовниот напредок на подвижникот не зависи од тоа дали има добар духовен отец, туку од чистите помисли на послушникот.

***

Послушникот кој усвојува нечисти помисли во своето срце, ја губи довербата и се разрушува себеси, како што се руши и сводот без главниот столб на кој се потпира.

***

3a да се очисти умот и срцето, човекот мора не само да ги отфрли лукавите помисли, туку, воопшто, не смее да помислува зло, а да дејствува едноставно и смирено, и ревносно да се бори.

***

За сите оние, кои се трудат да ја зачуваат душевната и телесната чистота, најголема духовна моќ имаат чистите помисли; кои се поголеми од секоја вежба, пост, бдеење и др.

***

Природната војна на телото отстапува пред постот, бдеењето, молитвата, доколку не постои гордост.

***

Ако лукавата помисла влезе во соработка со стариот човек, ѝ прави двојно зло на душата; како и самиот ѓавол, доколку соработува со човекот, му прави двојно повеќе зло на светот.

***

Сите богохулни помисли се од ѓаволоѓ а не од човекот.

***

Обично, ѓаволот со богохулни помисли ги мачи чувствителните луѓе, за да ги разжалости и да ги доведе до очајание.

***

Богохулните помисли се како авиони кои нѐ вознемируваат со сојата врева, иако тоа не го сакаме, но не можеме да ги спречиме. Пеењето псалми е противавионска артилерија, зашто, воедно, тоа e и молитва кон Христа и отстранување на ѓаволот.

***

Во почетокот на духовниот живот подвижникот ги одбива злите помисли со духовни занимања, со непрестајна молитва и со подвизување. По ова, доаѓаат само добри помисли. Потоа, престануваат и добрите помисли, a следи чувството на празнина. На крајот, во човекот се јавува божественото просветлување.

***

Човекот Божји гo познава лукавиот, додека лукавиот не ги знае добрите помисли на луѓето.

***

Најголема болест на нашево време се суетните помисли на луѓето во светот, кои донесуваат само мачење. А излекувањето душевниот мир во вечноста може да го даде само Христос. Доволно е човек да се покае и да се насочи кон Христа.

***

Големиот грешник има и изобилна граѓа за смирение, а вистинското смирение ја привлекува божествената благодат. За да ја сочува, доволно е човекот непрекинато да ги избегнува поводите и причините кои водат кон губење на благодатта.

***

Пустината многу помага во уништувањето на душевните страсти, бидејќи и плевелот во пустина се исушува, a во мочуриште расте како трска.

***

Не восхитувајте им се на оние што стигнуваат до месечината, туку на оние кои го избегнуваат световниот начин нa размислување и радосно се приближуваат кон Бога.

***

Човек кој се оддалечува од Бога не наоѓа душевен мир дури ни во овој привремен живот, ниту во вечниот. Зашто, кој не верува во Бога и животот вечен, останува неутешен и во овој живот, осудувајќи ја својата душа засекогаш.

***

Онолку, колку што се оддалечуваат луѓето од едноставното, природно живеење и заминуваат во раскош, толку го умножуваат незадоволството. И колку што напредува сјајот на овој свет, толку се губи радоста и природната човечка насмевка.

Бог е безграничен ум, а човекот со умот е сроден на Бога и со умот кон Бога пристапува. Бог е безгранична љубов и човекот Го доживува Бога со чисто срце. Бог е едноставен и човекот со скромност верува, и смирено се бори и постојано ги живее тајните Божји.

***

Годините поминуваат и луѓето стареат, затоа не седете на крстосница. Одберете крст според вашата совест и излезете на еден од двата пата на нашата Црква и следете Го Христа во распнувањето, ако сакате воскресно да се израдувате.

***

Човечките крстови се скоро крстчиња кои помагаат во спасението на душите. Христовиот крст бил многу потежок, зашто Господ Својата божествена моќ не ја употребил за Себе.

***

Најдобар лек за секое искушение се големите искушенија на нашите ближни, доволно е само да ги ставиме пред нас.

***

Исус е најсладок, и кога некој ќе ја пренесе горчината на својата болка на Христа, горчината се претвора во слатка напивка.

***

Сакаш твојата молитва да стане молитва на срцето и од Бога да биде примена? Направи болката на твојот ближен да стане твоја болка. И една воздишка на срцето за ближниот донесува благопријатни резултати. Божествено потврдување за примената молитва е божествената утеха, која човекот ја чувствува по молитвата.

***

Тивката ноќна молитва многу помага со својот мир и придонесува во нашето духовно растење, како што и благиот вечерен дожд е најполезе за развој на растенијата.

***

Сонот по зајдисонце е многу благопријатен за телото. Ho и бдението по зајдисонце, заедно со ноќната молитва, многу е корисно за душата.

***

Непрестајно свртувајте ги бројниците, сѐ додека не се одмрзне духовното масло и не се стави во движење духовната машина, та срцето само да се моли.

***

Сообразно на жртвите и молитвите кои човек ги принесува за себе или за својот ближен, ќе добие и соодветна божествена помош.

***

Довербата во Бога, дека ништо не се случува по човечка волја и мерка, е една трајна мистична молитва со добар резултат.

***

Оној, кој има доверба во Бога сее славословие и ја прима божествената радост и вечниот благослов. Оној, кој сее неблагодарност, неблагодарност и ќе пожнее, а уште си наметнува и товар на душата.

***

Задоволство од животот чувствуваат не оние, кои го доживуваат според критериумите на светот, туку оние, кои духовно го живеат, радосно прифаќајќи ја и горчината како лековита билка за здравје на својата душа, и тие се хранат само за да го одржуваат своето тело.

***

Ако е гладен твојот ближен, подај му ја својата храна. А ако нема гладен човек, дај им храна на гладните животни. Така, со пост духовно ќе се офајдиш за во рајот, додека кутрите животни немаат рај, иако тука има и добро, бидејќи немаат ни пекол.

***

Радоста која човекот ја чувствува кога материјално напредува е радост човечка. Додека радоста која човекот ја чувствува кога дава е радост божествена. Божествената радост настапува со давање.

***

Духовната промена која ја зафаќа нашата душа заедно со радоста на срцето и заради некоја мала милостина или добро дело кон ближниот, не може да ни ја подари ни најдобриот кардиолог, па дури и да му дадеме вреќа со долари.

***

Оној, кој од чиста љубов се уморува за својот ближен, се одмора со овој умор. Додека самољубивиот и мрзливот се уморува и ако седи.

***

Правдољубивиот човек, без разлика каков живот живее, било како монах или како лаик, духовно ќе напредува, зашто усрдно ќе се труди. Додека човекот, кој не се стреми кон никакво од Бога дарувано усрдие, нема да напредува ни во едниот ни во другиот живот.

***

Кутрите животни се подобри во однесувањето од бесчувствените луѓе, зашто се сопствеништво и на добрите и на немилостивите, непристрасно се подложуваат на тешки работи и трпат без мрморења и без награди. Тоа значи дека нѐ надминале во сиромаштвото, трпението и послушанието.

***

Поголема е љубовта на оној кој смирено ги поднесува гревовите на својот ближен, отколку на оној кој го носи тешкиот багаж на својот сопатник.

***

Прифати ја неправдата како голем благослов, зашто така добиваш небесен благослов. Сепак, не ја посакувај неправдата, зашто тоа може да биде прикриена 'благородна' злоба.

***

Кога си обесправен, не вели: „Бог нека го казни“, зашто тогаш вистински ‘благородно' паѓаш [а всушност, несвесно се проколнуваш себеси].

***

Човекот кој ти бара искрена прошка кога ќе згреши, секогаш со радост прости му и секогаш сакај го. А лукавиот, кој божем ти бара прошка за да ги оствари своите намери, а потоа и тебе да те вовлече во своите злодела кои им штетат и на душите на другите луѓе, прости му седумдесет и седум пати, а понатаму да го сакаш на дистанца и да се молиш за него.

***

Радосно прифати ја неправдата, ако не ѝ штети на душата. Колку човекот е подуховен, толку помалку права има во овој живот, зашто предметите на правдата ги чува Христос во небесниот живот.

***

Колку повеќе телото се труди за Христа, дотолку и душата се радува поради близината Христова, и помошта од човекот на своите ближни ќе биде поплодна, зашто тогаш е подуховна.

***

Сострадалниот човек се поставува на местото на болниот, се моли, утешува и самиот бива награден од Христа со божествена утеха според својата болка. Додека, немилосрдниот, кој се обидува да го заземе местото на другиот, по заземањето станува и самиот обземен со душевна мака, преживувајќи дел од пеколот во својот живот.

***

Во нашата љубов кон ближниот се крие нашата голема љубов кон Христа. Во нашето побожно почитување на Богородица и светиите се крие нашата голема бојазливост кон Христа и Троичниот Бог.

***

За да може човекот духовно да лета како ангел, мора да ги отфрли сите свои душевни страсти, а материјалното богатство да го раздели на сиромасите, зашто, онаму каде што е материјалното богатство, таму е и духовната сиромаштија.

***

Сиромавиот човек го сожалува и сочувствува со него дури и разбојникот, додека богатиот, бива осиромашен од страна на разбојникот на непријатен начин. Добро е што човекот кој се раководи со Евангелието Христово, самиот се лишува од богатството за да го наследи Неговото небесно Царство.

***

И бидејќи небесниот живот на луѓето ќе биде ангелски, некои ревносни момчиња тој живот го започнуваат овде, станувајќи монаси и живеејќи девствено, сиромашно и покорно.

***

Една e ангелската схима на монасите и монахињите. „Нема машки пол, ни женски“ [Гал. 3, 28]

***

За да развиеме монашки начин на размислување во нашето срце, претходно мора нашиот световен начин на размислување да умре и да стане земја. A за да умрат страстите треба да размислуваме за смртта и судот. Треба ревносно да сострадуваме со Христа, Кој страдал до смрт за да нѐ искупи.

***

Добро е монахот да умре во покајание, и да умира во коленопреклонувањето.

***

Оној, кој ја познава големата вредност на ангелската схима не се стреми кон други вредности. Ако бидеш вистински монах, ангелски ќе се радуваш и на земјата и на небото. Во спротивно, луѓето од светот ќе те исмејат, а ангелите ќе се разжалостат.

***

Монахот, кој живее световно е страдалник и несреќник во животот. А и за Христа ќе биде тешкотија каде да го стави во другиот живот, со монасите или со световните луѓе?

***

Монахот е блескање на светилник на планина, невидлив за овој свет.

***

Кога монахот заради Христа не ги забележува луѓето, тогаш гледа многу луѓе и богоподобно помага со молитва во нешта, кои не се по човечка мерка.

***

Монасите се безжична врска во устројството на нашата Црква и тоа е причина за нивното оддалечување од световната врева, за да имаат подобра врска со Христа во молитвата и така да му помагаат на светот.

***

Ако монахот надмено се споредува себеси со световните луѓе и самиот ќе стане световен. Ако смирено ја проси милоста Божја и се бори и ги смета сите луѓе за добри и свети, тогаш им се уподобува на светителите.

***

За душата духовно да се обнови, човекот мора да се распне и да ги умртви страстите, пред сѐ егоизмот, кој е беззаконо дете на гордоста, што ја спречува божествената благодат и го изобличува човековиот лик.

***

Монахот, за да напредува духовно, треба да ја запостави логиката, да се понижи и да служи со срце. А за да напредува монахињата, треба да ја отстрани зависта итн., духовно да стане како маж, и напред да оди со здрав разум [разумност] за да го контролира срцето.

***

Не сметајте ја за изгубено време духовната работа над  себеси, зашто тоа е предуслов за вашата духовност и вистинска помош на ближните.

***

Внимавајте да не се грижите за угледот, зашто тој може да стане најголем непријател на вашето тихување. Она што му е потребно на монахот е да внимава да не рашири добар глас за својот духовен живот, зашто така, поради пофалбите од светот, ќе ги загуби плодовите од својот труд. А дури и од невнимателен живот [бидејќи паднал во очите на светот], може да се изчисти и по некој грев.

***

Кога човек ќе направи добро и тоа ќе го разгласи и ќе се погордее со ова, веднаш го обезвреднува и без причина се заморува и се мачи.

***

Монахот кој размислува световно, изгледа дека го погрешил патот, зашто тргнал по Христа, а душата му е уште во светот.

***

Монасите кои се занимаваат со раскошна градба и световно градителство, покажуваат дека се овоземски. Тула - пила и воопшто облагодатеност со божествениот ум.

***

Простите згради и скромните нешта го одведуваат монахот со умот во пештерите и бедните испосници на нашите свети отци, што е духовна полза. Додека раскошните згради потсетуваат на светот и ги прават монасите световни во душата.

***

Атонските светители биле луѓе како нас. Атос бил стрмна планина како и другите планини. Ревносно подвизувајќи се, нашите отци станале свети и ја осветиле оваа планина, која затоа е наречена Света Гора, и ние сега сме горди што сме светогорци.

***

Нашите отци ја осветиле пустината и ја претвориле во духовна држава, а ние за жал, ја претвораме во световна држава.

***

Било кое световно устројство во монаштвото е едно големо духовно безредие.

***

Брате, не се обидувај мирната пустина да ја приспособиш на себе световниот, туку почитувај ја пустината за да ти помогне со својот мир, и ти да се смириш од своите страсти и да се зарадуваш во Христа.

***

Ако сакаш да станеш исихаст за да живееш во мир [тихување], пред сѐ со помош на добри помисли здобиј се со внатрешен спокој [мир] среде надворешната врева.

***

Почетникот кој се оддалечува од братството за да стане исихаст, приличи на незрела смоква, која отпаѓа од стеблото и пушта млеко; очигледно уште има потреба од млеко.

***

Некогаш кога имало повеќе старци и помладите подобро напредувале. Во наше време, кога ние повеќе сме старчиња, а не старци, што би правеле младите?

***

Некогаш нашите отци имале повеќе борбен дух. Повеќе постеле и јаделе само сув и натопен леб, и затоа биле посвети и телесно поздрави. Во наше време ја избегнуваме аскезата и сувиот леб, но затоа стануваме и самите сурови. И кокошката да не буричка и да ја запостави својата угоеност, ќе лета и нема да биде плен на јастребот.

***

Кога сме натоварени со полна торба се прашуваме кога ќе се растовариме. Колку тогаш, со прејадување придонесуваме на постојаното носење на товар, кој се вика непотребна тежина, а која е штетна и за здравјето.

***

Аскетот [подвижникот] на своето испосничко тело гледа како на пријател на душата, кој ѝ помага во нејзиното осветување; додека, пак, згоениот човек од телото прави непријател на душата, кој војува против неа. Тогаш лукавиот само чека прилика да му вметне блудни помисли.

***

По постот сладок е лебот. По бдение сладок е сонот. По умор и тврдиот камен подобро нѐ одмора и од фотелја.

***

Колку повеќе се избегнува човечката утеха, дотолку повеќе се доближува божествената утеха.

***

Кога луѓето би живееле скромно, евангелски, во Христа, духовно би се насладувале со Христа, и тогаш не би ги гушел немирот на овој свет, па да се трујат со лекови и да станат бесловесни.

***

Комфорот во човечкиот живот ја пречекори границата и стана тешкотија. Се намножија машините, се намножи расеаноста и самиот човек стана машина. И сега, машините и железото господарат со човекот, затоа и човечките срца станаа студени и железни.

***

Развојот на светот со оваа грешна слобода донесе духовно ропство. Духовната послушност на волјата Божја е слобода за душата, а духовната истрајност донесува божествена сигурност.

***

Духовниот отец е одговорен за својот послушник, сѐ додека овој му е послушен.

***

Почетникот е како празна магнетофонска лента; одговорност ќе се бара и од духовникот.

***

Послушноста не е во надворешното потчинување на послушникот, туку и кога својата мисла доброволно ќе ја потчини на духовникот.

***

Оној, кој држи до својата волја, ја одбива волјата Божја и ја спречува божествената благодат.

***

Смирениот човек, бидејќи нема своја волја и егоизам, прима божествено просветлување. И бидејќи смирено прима и совети, станува философ.

***

За некој да се потчинува, треба или да почитува, или да се плаши од друг. Потчинувањето од почит е духовност, а од страв, војничка дисциплина.

***

Ако секој од нас не се поправи себеси, за доброто да се намножи, како тогаш доброто ќе опстане на добар начин?

***

Не се присилувајте себеси самољубиво повеќе од вашата сила, зашто тоа оптоварува. Христос e нежен отец, а не тиранин, и се радува на нашиот внимателен труд.

***

Ако не можеме да се бориме многу или воопшто, тогаш барем можеме смирено да го признаеме ова и да ја испросиме милоста Божја. Да немавме полза од признавањето, ни Христос немаше да го бара ова од нас.

***

За да ја чуе некој божествената порака на Божјото Слово, со цел да се промени, треба и самиот да го стави копчето на таа бранова должина, која преку Евангелието ја испраќа Христос и со богобојазливост да ги применува Неговите заповеди.

***

Едно е побожност, а друго религиозност, како што и источната побожност се разликува од Западната европска религиозност. Зашто, побожноста е од благодатта, а религиозноста од човечкиот ум.

***

Во нашево време, кога постои хаос во човековиот ум, ги запоставивме светоотечките списи и ги прифативме списанијата, кои уште повеќе нѐ збунуваат. Го запоставивме и светото Евангелие и почнавме да се труеме со Номоканонот, и искусни и неискусни. Затоа и се навалува светиот кораб, нашата Црква.

***

Добро е монах да чита духовни книги, но подобро е да применува, односно, духовно да живее.

***

Вистински човек не е оној кој води вистински разговори, туку оној кој правилно, евангелски живее.

***

Некогаш луѓето во својот живот имале исправност, искреност, чест итн., а материјалните работи биле евтини. За жал, во нашево време, се изгуби исправноста, а поскапеа материјалната работи.

***

Некогаш христијаните пред почетокот на секоја работа се прекрстувапе со знакот на крстот, а при сериозни работи и се молеле. А сега, повеќето од нас не само што не се молиме за важни работи, туку не ни помислуваме на ова и така другите страдаат од нашата непромисленост.

***

Ceкоja добра помисла што доаѓа во човековиот ум е одозгора, од Бога. А наше е само она што со кивање излегува од нашиот нос.

***

Човекот било да е огледало или капак од конзерва, без сончеви зраци нема да заблеска.

***

Не жалете се ако имате некои наследни недостатоци, но, немојте да се гордеете со наследените добрини, зашто Бог ќе го испита делото кое го направил човекот за поправање на својот стар човек.

***

Ако попустливиот карактер еднаш помогне во духовниот напредок, гневниот карактер помага многу повеќе. Доволно е само енергијата на гневот да се насочи против злото и душевните страсти.

***

Како што за изработка на окото на иконата во резба има многу работа, така и окото на човековата душа има бескрајно многу труд, сѐ додека очите на душата не се очистат и станат телескопи.

***

Ако понекогаш не наоѓаш човек во кого духовно би се огледал, оддалечи се малку од ќелијата и погледни се себеси од таа дистанца како друга личност и ќе видиш доволно недостатоци.

***

Ако човек не го познае својот стар човек за природно да се смири, во тој случај, неговото смирение нема да биде трајна состојба во која ќе се задржи божествената благодат.

***

Не цели да станеш духовник, зашто тоа и како помисла е промашување, ниту да бидеш игумен, ако не си бил послушник.

***

Ако самиот себеси се направиш капетан на брод, а претходно не си бил обичен морнар, барем посоветувај се со искусни морепловци, за да не потонеш со својата посада.

***

Оној, кој се стреми кон титули, ќе се бори сам целиот свој живот. Оној, кого луѓето го унапредуваат, луѓето и ќе му помогнат. Оној, кого Бог го посведочува, Бог и ќе му помогне.

***

Не брзајте со доаѓање во манастир, пред да ги отстраните своите световни грижи, ако сакате правилно да функционирате вo братството.

***

Пред да се оддалечиш од светот, направи една срдечна молитва кон Христа, а родителите и браќата довери ги на Бога, и понатаму не помислувај повеќе на нив, зашто од тој миг Христос се обврзал да се грижи за нив.

***

Почетникот кој се сеќава на родителите и браќата ја спречува божествената помош. Уште и ако се сеќава на светот, многу брзо ќе ги заборави сите маки кои ги претрпел за да се оддели од него.

***

Ако не можеш да се одделиш од светот, барем потруди се да го отфрлиш од себе световниот начин на мислења.

***

Тешко е да се исклучи светот од нас, ако ние не се исклучиме од светот и неговите соблазни.

***

Тешко e да се стекне божествената љубов, ако не се отстрани љубовта кон малото семејство, за да може да се влезе во големото заедничко семејство на Адама, т. е. Бога.

***

За почетник во монаштвото е непожелно да го внесува во себе световниот начин на размислување, зашто ќе прска како свеќа која има влажен фитил.

***

Жизнерадостно и гордо момче старецот не треба веднаш да го смирува, бидејќи од него ќе избие смола како од младо дрво, кое лачи многу сок, кога премногу се зарежува.

***

Иако твоето духовно дрво е мало и неговите гранки ниски, со радост прими ја духовната ограда и уздите на ограничувањата за козите да не те избрстат и да не станеш бесполезен. Биди трпелив за да растеш духовно и да се храниш со своите плодови и да се освежуваш со својата сенка.

***

Младото дрво нежно се приврзува со бршлен, а не со жица, за да не се повреди кората и да не се исуши. Така и ограничувањето на почетник треба да е нежно и благо, за да не се исуши духовно.

***

Духовното чедо не треба да му дава духовни права никому, освен на својот старец, ниту на световните луѓе да им зборува за своите помисли, за на тој начин да се смирува, затоа што може душевно да биде повреден од луѓе, кои не ја познаваат големата добродетел на смирението.

***

Телесната борба не е пречка за младиот човек кој сака да стане монах, доволно е да не размислува за брак. Со малку подвиг, пост, бдеење и молитва, телото се покорува на духот, се разбира, доколку постои смирение. Истовремено, почетникот со својата борба добива и небесна плата.

***

Не се залетувајте во монаштво, ако со сето срце не сте загреани за него, зашто обидот ќе биде неуспешен.

***

Млад човек, кој сето свое срце го предава на Христа и со доверба се предава на искусен духовен старец, брзо од себе го соблекува стариот човек, како што млад компир лесно се лупи. Додека човек во години, ако не е скромен и смирен, личи на стар компир кој тешко се лупи. Па и кога ќе се свари, мора да се лупи додека е жежок.

***

Најчиста е схимата кога ќе се облече во младоста, па дури ако со време паднало врз неа и малку прав, отколку на возрасен, кој купил чиста и испеглана схима од шивач дури на крајот од животот.

***

Најголем парастос [молитви] за светот и за нашите претци е нашиот духовен напредок, зашто тогаш, стекнуваат права на божествена помош, додека од нашиот нечесен живот трипати повеќе страдаат.

***

Најголем и најдобар родител е оној човек, кој духовно се преродил и им помага за духовна преродба на децата, за да ги утврдат своите души за рајот.

***

Оние кои се родиле како инвалиди или тоа станале од други, или од свое невнимание, ако не роптаат, туку смирено Го слават Бога и живеат во Христа, од Бога ќе бидат причислени кон исповедниците.

***

Добриот Бог е целиот Великодушност и Него Го трогнува секој наш дар и принос, дури и најмалиот. Додека ние јадеме сладок мед, на Бога Му принесуваме восок и Бог се радува на нашиот принос!

***

И додека Бог со отпадоци и ѓубре го храни дрвото кое ни дава убави миризливи плодови, и во изобилие ни го дава Својот благослов, ние, бедните луѓе, со својата неблагодарност додека се храниме со убави плодови и од нив правиме ѓубре, за жал, уште и се гордееме.

***

Сите луѓе ги уживаат обилните благослови Божји, но, малкумина од нив Му се благодарни на Бога и се задоволни и радосни во Христа.

***

Многу луѓе имаат cѐ, но имаат и тага, зашто им недостига Христос.

Рождество на Пресвета Богородица 08.09.1980 год.

Кутлумушка ќелија „Панагуда“

Света Гора

 Монах Пајсиј