Покајанието и  исповедта - единствен пат кон спасението

 

Старец Филотеј Зервакос

Исповедта, односно Светата Тајна Исповед и Покајание, е спасоносна Света Тајна и е една од седумте Свети Тајни на нашата Црква, втора по Светото Крштение. Светото Крштение им ја дава благодатта на отпуштање на првородниот грев, (кој наследно то носат сите луѓе родени по Адам), на оние што се крштеваат во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Затоа, оние што се крстени во Името на Света Троица добиваат отпуштање на своите минати гревови. Слично се случува и преку Светата Тајна Исповед и Покајание. Човекот преку Светата Тајна Исповед прима „второ крштевање“ и се исчистува од гревовите направени по Светото Крштение. Кога човекот ќе се покае и ќе ги исповеда своите гревови, и ќе одлучи повеќе да не ги прави, туку да ги мрази, нему веднаш му се простуваат сите негови гревови и падови. Тој истиот миг станува праведен, како што и распнатиот, десен разбојник на крстот веднаш го доби Рајот, зашто се покаја.

Господ му ги прости гревовите на покајаниот разбојник и го воведе во Рајот, зашто го виде неговото покајание; тоа покајание не било како кај повеќето луѓе, особено денешните луѓе, кои не се кајат искрено, туку лицемерно и лажно, бидејќи не сакаат да се покајат со сето свое срце, туку само со усните и јазикот. Господ и ги прости гревовите и на прењубницата која се покаја. Истото се случува и со секој човек кој вистински ќе се покае и ќе ги исповеда своите гревови: тој од Бога, преку духовникот, добива простување на гревовите и повторно духовно се раѓа. Св. Григориј Богослов вели: „Леењето на (покајнички) солзи е еднакво на крштелната бања (на новото раѓање) и искрените (покајни) повици повторно ја привлекуваат благодатта на Светиот Дух, која човекот претходно ја загубил“.

Гревот ја оддалечува благодатта Божја од човекот. Кога прави грев, грешникот се оддалечува од Бога и му пристапува на ѓаволот, кој го дочекува со „отворени“ раце и веднаш се „спријателува“ со него. Човекот тогаш престанува да биде пријател и ученик Христов и станува пријател, ученик, слуга и роб на ѓаволот. Човекот кој се одрекува од ветувањето кое го дал на Крштението (дека засекогаш ќе остане соединет со Христа), со тоа станува пријател на ѓаволот, на кого плукнал на Крштението, кога се зиветувал дека ќе ги мрази сите негови дела. Но, кога таквиот грешник - кој, иако (на Крштението) преку Светата Крв Христова примил искупување од вечното проклетство и станал дете Божјо, со гревовите го отфрлил Бога и Неговите добрини - ќе се покае, ќе ги исповеда своите гревови и со покајни повици ќе пролее солзи на покајание, тој од Бога прима осветување и спасение, без оглед на тоа какви гревови претходно направил. Тој преку покајанието станува наследник на Царството Небесно.

Божествениот Златоуст, големиот  проповедник на покајанието, по св. Јован Лествичник и св. Јован Крстител, и утешител на грешниците, се воодушевува и се чуди како Бог веднаш го прави праведен грешникот кој ги исповедува своите гревови и кој донесува одлука повеќе да не ги прави. Божествениот Златоуст воскликнува:

„О, какво изобилие на човекољубието Божјо! О Какво излевање на добрината Божја! Штом грешникот ги исповеда своите гревови и ја покаже својата надеж во Бога, Бог во истиот миг го претвора во праведник!“

Бог моментно го преобразува грешникот во праведник, истиот оној миг кога тој вистински ќе се покае. Ќе ви раскажам за едно чудо за кое се сеќавам: тоа се случи со една грешна жена, и тоа токму на Велика Среда, на денот кога Христос И прости на жената фатена во прељуба.

Жената која многу години грешела, токму како и онаа прељубница од Евангелието, еден ден станала свесна за својот грев. Била многу богата, но наместо да се користи со своето богатство за свое духовно добро, односно да им помага на сиромашните и за тоа да прими награда на Небесата, таа сето свое богатство го потрошила на погубни уживања, забава, игри, театри и ниски телесни похоти.

Еден ден, слушајќи една проповед и прочитувајќи ја книгата која ѝ ја дал некој христојубив познаник, таа станала свесна за својот грев и се покајала. Но, таа не се покајала онака како што повеќето од нас се каат, зашто ние во еден миг се каеме, а веќе во идниот повторно го правиме истиот грев. Таа се покајала со сето свое срце и со сета своја сила и веднаш заминала кај еден духовник - игумен, и му ги исповедала своите гревови со големо покајание. Таа доживеала такво покајание, што сета треперела од покајничките воздишки, сето време плачејќи и леејќи изобилно солзи.

Кога духовникот го видел нејзиното покајание, ја охрабрид и ѝ рекол да не се плаши, да не се жалости и да не очајува, зашто Бог и ги простил нејзините гревови. Во моментот кога и била прочитана разрешителната молитва, таа почувствувала големо духовно олеснување од своето гревовно бреме. Таа потоа побарала благослов од својот духовник и заминала дома. Враќајќи се од манастирот, по некое време здогледала колиба и по раководителското просветлување и Промисла Божја, влегла во таа колиба. Таму затекнала еден лепрозен монах и многу се сожалила над него.

Го прашала:

„Што правиш ти овде?“

Тој ѝ одговорил:

„Не можам да влезам ниту во еден манастир, зашто монасите би можеле да се заразат од мене, бидејќи мојата болест е заразна (во тоа време уште се мислело за лепрата дека се пренесува со допир).

Таа веќе тргнала да си оди, кога си рекла во себеси:

„Бог го казнува светиот човек со лепра, додека на мене, блудницата, нечистата и осквернета жена ми дал добро? Господи, дај ми ја и мене оваа казна и оваа болест!“

Потоа го прашала лепрозниот:

„Можам ли да те одведам во својата куќа и да ти помогнам?“

Лепрозниот ѝ одговорил:

„Ако ми го направиш тоа добро, ќе се молам Бог да ти ги подари рајските населби, да влезеш во Царството Небесно. Ти благодарам и те молам да ми го направиш тоа душекорисно дело, зашто страшно страдам: како што гледаш сите ме напуштија и никој не сака да ми помогне“.

Потоа таа заминала да пронајде кола со која би го однела до својот дом. Кога го донела дома, го избањала и му ја испрала облеката, а потоа го ставила во чиста соба, каде што некое време сама го чувала и негувала.

Бидејќи слушнала дека на Велика Среда се чита Евангелието, во кое се говори за чудото што се случило со прељубницата, заминала на Велика Среда во црква и оттаму донела дома осветен елеј. Потоа дошла до лепрозниот монах и го прашала:

„Што уште можам да направам за тебе?“

Тој и одговорил:

Што повеќе можеш да направиш, а веќе тоа да не си го направила?“

Тогаш таа го отвори шишенцето со осветен елеј и почна со него да ги помазува неговите лепрозни нозе и да ги трие со својата коса, пролевајќи сето време горки солзи на покајание.

Кога Бог го виде нејзиното покајание, нејзината куќа куќа на бивша блудница ја потресе силен земјотрес и се слушна невидлив глас, кој рече:

„Поради твоето големо смирение и твоето големо покајание, простени ти се сите твои гревови!“

Собата заблеска со светлина и тој момент лепрозниот монах чудесно оздраве и на неговото тело повеќе немало ниту трага од лошата болест!

Ете каква е моќта на вистинското покајание и што може да направи големото смирение. И ние, исто така, мораме да бидеме смирени, зашто сме грешни, и мора искрено да се каеме. Нашето покајание мора да биде проследено со смирение или пак, нема да ни биде од никаква духовна корист. Според тоа, мораме да се каеме искрено како блудницата од Евангелието, како св. Марија Египетска, како св. Пелагија, како евангелскиот цариник, како крадците и многу други грешници: и тогаш Бог ќе не исцели и душевно и телесно, а уште повеќе духовно. Зашто и не е толку голема работа да се исцели телото, кое ќе умре утре или некој ден потоа, туку да се исцели душата, која е вечна. А кога душата ќе биде подготвена за заминување од овој свет, одовде ќе ја испратат светлите Ангели и ќе ја вознесат на Небесата: тогаш таа ќе го чуе блажениот Господов глас како ѝ вели:

„Дојдете благословени... наследете го Царството, приготвено за вас од почетокот на светот “ (Мат. 25, 34).

Господ нека ни дарува вистинско покајание и добродетел, за преку покајанието и добрите дела да станеме учесници во Небесното Царство на Отецот и Синот и Светиот Дух, Амин.