Покајаниети - Пат во Царството Божјо

 

Архимандрит Рафаил Карелин

Прва беседа за покајанието

Светиот пророк Божји Малахија објавува: „Ете, јас го испраќам Мојот Ангел пред лицето Твое, Тој ќе го приготви патот твој пред Тебе“ [Мт. 11, 10]. И свети пророк Исаија говори: „Пригответе Му пат на Господа, прави направете ги во пустињата патеките за нашиот Бог. Секој дол да се исполни, секоја планина и рид да се снизат, кривините да се исправат, и нерамните патишта да бидат израмнети. И ќе се јави славата Господова, и секоја плот ќе го види [спасението Божјо] “ [Иса. 40, 3-5].

Што значат овие таинствени зборови, изречени за најголемиот роден меѓу жените - светиот Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован? Ангел. Зборот „Ангел“ значи „весник“. Ангелите ги откривале на луѓето Божјите тајни, додека пак Јован Крстител ја објавил на светот најголемата тајна, дека Месијата дошол на земјата. Патот на човекот кон Бога и патот на Бога кон човекот поминува низ човековото срце. Планините и ридиштата на нашиот пат се нашата гордост и суета. Гордоста како бедем, како стрмна карпа го преградува патот на благодата до човечкото срце. Долините, бездните, рововите и олуците на овој пат, се нашите гревови. Кривините се: лагата, лицемерието и други тајни гревови и пороци.

Во далечните времиња, кога царот сакал да го обиколи своето царство, долго пред тоа неговите поданици ги чистеле и проширувале патиштата, пресекувале нови патишта, подигнувале мостови, за да може царот да ги прегледа сите краишта на својата држава.

А Царството Божјо е во човечката душа. Како да го израмниме патот за да може благодата да дојде до срцето? Само со едно - покајание.

Св. Јован Крстител рекол: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ [Мт. 3, 2]. Друг пат кон Царството Небесно освен покајанието нема и нема ни да има. На тој начин, тој ги повикувал кон покајание. Тогаш секој кој сакал да прими од него крштевање, одел во реките Јордански. Такво беше влегувањето во реката заедно со нив. И овде, оној кој пристапил кон крштението ги исповедал кон свети Јован Крстител своите гревови, додека Пророкот се молел во тоа време на Бога да им прости. Тогаш, по завршетокот на исповедта, свети Јован говорел: „Те крштевам во име на Месијата кој доаѓа,“ и го потопувал човекот во водите на Јордан.

Браќа и сестри! Ерма во книгата „Пастир“ пишува: „Ако Господ нам не ни дава покајание, ниеден човек нема да се спаси“. Светите Отци говорат: „Вистинскиот дар на благодатта, вистинскиот дар на Светиот Дух е познавањето на своите гревови“.

Кога благодатта ќе допре до човековото срце, човекот чувствува дека е далеку од Бога. Преподобниот Антониј Велики пред смртта говорел: „Целиот мој долг живот не беше ништо друго туку постојано покајание за моите гревови!“ Понекогаш световните луѓе ги прашувале подвижниците: „Зошто вие целиот ваш живот го поминувате во плач и покајание, додека многу во светот прават тешки гревови, но себеси воопшто не се смеатаат за грешници?“

Кај Светите Отци има вакви примери: кога водата е матна, во неа ништо не се гледа, а кога ќе се разбистри, во неа многу се разликуваат камените зрна песок. Во мрачен подрум не се гледа нечистотијата, но штом зрак на светлина ќе продре, низ неа ќе видиме многу илјади мали прашинки. Колку повеќе е чиста човековата душа, толку појасно таа и ќе ги види своите гревови.

Браќа и сестри? Што е тоа покајание? Покајанието е осудување на човекот на самиот себеси пред Страшниот Суд. На судовите на овој свет, што посурово судијата го обвинува престапникот, толку повеќе нему му се изрекува тешка пресуда. Додека овде е обратно. Што построго совеста го разобликува човекот, на тој начин и потполно добива прошка и поблиску е до неговото спасение. Во што се состои покајанието? За да биде тоа вистинско, потребни се неколку услови:

Како прво, жалење поради своите гревови.

Како второ, искрена исповед пред свештеник човекот кому му е дадено особено право да простува и разрешува гревови.

Но како што ви реков, исповедта не треба да биде само разговор и не е само разговор за своите гревови, бидејќи луѓето честопати зборуваат за своите гревови без никакво покајание, дури некогаш и се гордеат со нив.

Како трето, човекот треба да одлучи повеќе да не ги повторува овие гревови. Треба да има одлучност попрво да умре, отколку повторно да згреши. Постои една стара поговорка: „Мудриот не паѓа два пати на исто место“.

И на крај, четвртиот услов човекот треба да се труди во својот живот да извршува добродетели кои се во спротивност со поранешните направени гревови.

Тогаш, браќа и сестри, Бог ќе го прими нашето покајание. Покајанието е здрава основа на духовниот Христијански живот. Поради што сме ние студени во срцата на големите празници? Зошто причестувајќи се, не чувствуваме како оган и светлина слегуваат во нашето срце? Само затоа што не сме будни, не сме омекнати, не сме ја исчистиле душата со покајание. А непокајаното срце е тврдо како камен. Непокајаното срце е затворена капија пред Исус Христос.

Постои стара приказна за тоа како Господ ги испратил Своите Ангели да го донесат најдоброто што ќе го најдат на земјата. И секој од Ангелите донел од земјата дар пред Бога. Не дошол само еден од нив. Но, се појавил и тој и му рекол на Господа:

„Ти донесов дар, солзите на грешниците. Видов како ноќе грешникот, кого сиот свет го презираше, во самотија горко плачеше поради своите гревови и молеше за прошка. Земав од неговите солзи и Ти донесов од нив“.

И Господ рече: “Ова е најубавиот подарок. Солзите на грешникот кој се кае, за Мене се скапоцен дар.

Понатаму, браќа и сестри, како што сеќавањето на смртта, кога ќе се вкорени во човечкото срце, му дава на човекот храброст да ги преживее сите пресврти во животот и му пружа длабок мир, така и покајанието завршува со небесно спокојство и со чиста радост.

Нека Светиот Јован Претеча, покровителот на покајанието, нè научи нас на вистинско покајание со кое би сме заедничареле со благодатта на Светиот Дух, пред сè, на големиот празник Господов Крштението. Амин.

Втора беседа за покајанието

Во Евангелието кое се чита пред празникот Воздвижение на Чесниот Крст, кратко по обем, но бесконечно длабоко по содржина, по својата внатрешна мистичка смисла, Господ говори: Никој не се искачи на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото и Кој пребива на небото [Јн. 3, 13]. Синот Божји, кој се овоплоти од Марија Дева, постана Син Човечки. Слегувајќи на земјата, Он со Својата божествена природа и понатаму продолжи да биде со Отецот и со Духот. Многу философи сакале да ја откријат тајната за создавањето на светот, многу религии ветувале дека ќе ја откријат тајната за вечноста и спасението. Но, едно Господ јасно кажал: Никој не се искачи на Небото...само Синот Човечки. Значи, единствено вистинско учење е учењето на Христа Спасителот. Останатите религии и философски системи се само мечтаење на човечкиот ум, само сенка на вистината, а не и вистина. Господ говори: Никој не се искачи на небото... Значи, основачите на другите религии -Буда, Заратустра и многу други, не се издигнале на небото, туку слегле со душата надолу, во длабокиот пекол и оттаму црпеле инспирација и откровение. Од зборовите на Спасителот согледуваме дека сите останати религии кои претендираат кон вистината, всушност се лага и дух на лагата. Има луѓе кои велат: „Сите религии се исти, верувај во што сакаш, само прави добро и ќе бидеш спасен.“ Но Христос рекол: „Сите, колку што дојдоа пред Мене, ајдуци се и разбојници“ [Јн. 10, 8]. Разбојниците и убијците го одземаат животот на човекот, а лажното учење му го одзема вечното спасение. Има луѓе кои говорат: „Ние сме Христијани, но истовремено го признаваме присуството на вистината и во другите учења, се занимаваме со јога, одиме кај кришнатите, итн. Така на извесен начин ја продлабочуваме својата вера.“ Браќа и сестри, ако лекот се помеша со отров, тој ќе се претвори во отров. Вистината, помешана со лага, постанува лага.

Во денешното Евангелие слушнавме за сведоштвото на Самиот Христос, Синот Божји, дека никој не бил на Небото, туку само Синот Човечки, само Он Единствениот Бог, Кој прими човечко тело. Останатите религии кои проповедаат за вистината, за откривање на некакви непознати тајни - сето тоа е сатанска прелест. А таму каде што е лагата, таму е и таткото на лагата -ѓаволот. Во Евангелието кое денес го слушнавме, понатаму се говори: „И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки“ [Јн. 3, 14]. Кога израилскиот народ се наоѓал во пустината, на едно место каде што застанале, имало многу отровни змии. Овие змии се криеле во песокот, во пукнатите камења и ги напаѓале луѓето. Нивните каснувања биле смртоносни, илјадници луѓе умирале. Израилскиот логор, преполн со трупови, почнал да личи на гробница. Мојсеј направил змија од бакар и ја подигнал на стапот. Како што говорат Светите Отци, овој стап бил со облик на крст. Мојсеј заповедал тој стап-крст да се подигне над логорот, за да може сиот народ да го види обликот на змијата, и оној кој по каснувањето ќе успеел да погледне на бакарниот крст со змијата, не умирал, бил излекуван. Светите Отци објаснуваат дека тоа всушност било пророштво за Крстот Господов, предзнамение на Крстот Христов, а змијата е ѓаволот и гревот кои се победени на Крстот.

Земниот живот е налик на патување. И ние, навистина, на тоа патување чекориме меѓу духовни змии и скорпии. Змиите се демоните, отровот е гревот. Ако успееме да го погледнеме Крстот Христов, а „погледнете и видете“ значи -покајте се од длабочината на душата, нема да умреме, ќе бидеме спасени, само ако нашето покајание е искрено.

Господ говори дека секој што верува во Него има живот вечен. Ние веруваме во Исуса Христа, се нарекуваме себеси Христијани, но дали сите ќе се спасиме? Господ говори за една друга длабока вера, за вера која треба да постане правило на нашиот живот, внатрешена содржина на нашата душа. Тоа е онаа вера, која од прочитаното Евангелие секој збор го доживуваме како светлост и вистина. Кога таквото прочитано Евангелие и она што е напишано во него, го доживееме како самиот збор Христов да ни е упатен нам, спасен ќе биде оној верник кој живее според верата.

Во Евангелието, кое денес го слушнавме, е речено: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ [Јн. 2, 16]. Бог е Љубов. Создавањето на светот е чин на Божествената Љубов. И самото создавањето на човекот е голема милост, браќа и сестри! Господ ни дал нам способност да се молиме, да разговараме со Него. Господ не го остави човечкиот род кој падна во грев. Господ нам ни ја откри бесконечната висина на духовното совршенство, ни го откри нам, Небесното Царство! А она главното, најголемата љубов Господова е Неговиот Крст. Крстот е сонце, спасителна љубов.

Крстот и распетието Христово се основа на нашата вера, основа на нашиот Христијаснки живот. Ако не се жртвуваме заради другите во својот секојдневен живот, нашата вера гасне, пропаѓа нашата надеж, умира нашата љубов. За да бидеме вистински верници, секогаш треба да се трудиме да се жртвуваме за другите, да помагаме на другите, да го носиме нивниот крст и бреме.

Кога се стремиме исклучиво кон својата среќа, но притоа забораваме на другите, ние всушност не достигнуваме среќа и нашата душа останува празна и студена. Па дури и ако сме ги искусиле сите земни наслади, сепак ние и понатаму ќе чувствуваме незадоволство, ќе чувствуваме тежина и мртвило, како одвнатре нас да нè покрива некаков црн покров. Оние кои сиот свој живот го полагаат за другите, се најсреќни луѓе, а особено оние кои го понесуваат маченичкиот крст на страдањата за Христа. Во житието на света маченичка Перпетуа, римска аристрокатка, запишана е приказна за нејзиниот христољубив живот. Таа била фрлена во подземна темнина, заедно со умрени трупови кои веќе се распаѓале.  Римската патрицијка, чиишто нозе не достигнувале до земјата, која робовите порано ја носеле по улиците на носилка, сега лежела во нечиста, смрдлива темница меѓу трупови и пишувала: „Никогаш не сум била толку среќна како сега, кога страдам за Христа во оваа темница која ми изгледа како самиот Рај!“

Господ рекол: „Јас не дојдов да му судам на светот, туку светот да го спасам “ [Јн. 12, 47]. Првото доаѓање на Исус Христос било самото доаѓање на Спасителот и во Него нам ни се објавило спасението. Милосрдието Божјо е неискажливо, неразбирливо за нас злобните и грешните. Нашите грешки пред милосрдието Божјо се како каменчиња пред морската шир која ќе ги проголта. Љубовта Божја е оној оган во кој согоруваат човечките грешки, во кој самата душа ќе стане чиста како злато. Треба да имаме само волја за спасение. Господ ветувал живот вечен на оние кои ќе поверуваат во Него. Во книгата “Духовна градина" се раскажува за тоа како требало да биде извршено погубување на еден разбојник и како некој монах тргнал заедно со толпата луѓе кон местото на погубувањето. Осуденикот го погледнал и го прашал монахот: „Оче, зошто не седиш во ќелијата, туку си дошол овде?“ Монахот одговорил: „Брате мој, страдам од бесчувствителност и затоа дојдов на плоштадот да видам кога ќе те погубат, дали срцето ќе ми затрепери, за да почувствувам дека смртта го чека секој од нас.“ Разбојникот рекол: „Отче, а зарем не знаеш дека откако Христос дојде повеќе никој не умира? Да, грешниците кои се каат добиваат живот вечен!“ Значи, овој разбојник принел такво покајание во својот последен ден, така што Господ му дал пред погубувањето да почувствува дека му е простено и дека пред него се отворени дверите на вечниот живот.

Но, браќа и сестри, Господ при Своето Второ Доаѓање ќе дојде како Судија! Во Патерикот се зборува за еден игумен кој го молел Бога сите негови браќа од манастирот, кои ги сакал повеќе од што таткото ги сака своите деца, да бидат секогаш заедно со него. И еве, во соседниот манастир се празнувала манастирска слава. По традиционален обичај, таму се упатиле монасите од обителта, во која старешина бил овој игумен. Браќата појдоа порано, а тој сам се задржа тргнувајќи последен од манастирот. Успеа да помине еден дел од патот кога виде: на патот лежи еден човек кој крвари и плаче молејќи за помош, зашто го гризнало диво животно. Игуменот се зачудил: „Зарем неодамна не поминаа одовде монасите, и зарем тие не го видеа ова?“ Виделе, но му рекле да оди пеш и дека никако не можат да му помогнат. Тогаш старецот-игумен го подигнал ранетиот на рамена -човекот воопшто не можел да оди и го понел накај селото, кадешто можела да му биде укажана помош. Товарот бил тежок, но тој чувствувал како тежината се намалува со секој нареден чекор. А потоа, тежината потполно исчезнала и човекот кого го носел постанал без никаква тежина, невидлив. Тогаш игуменот во недоумица слушнал глас од небото: „Ти секогаш се молиш за своите ученици да се удостојат со вечен живот, но делата твои се едно, а нивните дела друго. Ако сакаш твојата молба да биде исполнета, убеди ги да постапуваат така како што постапуваш ти. Јас сум Праведен Судија: секому давам според делата негови“.

Браќа и сестри, свети апостол Павле говори: „Еве, сега е денот на спасението “ [2. Кор. 6, 2], односно, денес веднаш треба да почнеме со покајание. Кога човек ќе се допре до благодатта Божја, тој мора веднаш да започне со своето покајание и со промената на својот живот, никако не одложувајќи ја за наредниот ден. Еве пример како се покајала блудницата, која била позната по својот неморален живот во Александрија. Таа одлучила да продаде сè што имала и да ги раздаде парите на сиромашните. Но, нејзиното покајание било толку силно, што не можела да го поднесе ни самиот изглед на куќата во којашто живеела и грешела. Таа ја остави куќата и сè што имало во неа, така што и вратата не ја затворила зад себе, и пошла во манастир за да води монашки живот. Дошла до самата капија на манастирот, затропала на капијата и паднала мртва. А игуманијата на манастирот имала вакво видение: демони и Ангели и пријдоа на оваа мртва жена. Демоните говореле: „Таа нам ни служеше сиот живот, толку ја упропасти својата душа, што не стори ништо добро!“ Ангелите одговориле: „Оваа грешница се покаја со сето свое срце, а времето на смртта не зависи од човекот, туку од Бога“. Така Господ го прими нејзиното покајание, иако таа не стигна да изврши никаков подвиг и добро дело. Но тоа веќе не зависело од неа, особено таква била Промислата Божја, и можеби тука Господ сакал да го покаже сето Свое милосрдие. Со силата на своето пламено и искрено покајание, таа за многу кратко време стекнала Царство Небесно. А што би се случило да го одложела покајанието за неколку дена? Можно е дека би се поколебала со нејзината одлучност и нејзината душа засекогаш би умрела.

Браќа и сестри, не заборавајте: Господ нам ни вети дека ќе ни прости ако се покаеме денес, во овој час. Но, нам Господ не ни вети дека ќе го доживееме утрешниот ден! Амин.