Покајаниети - Пат во Царството Божјо

 

Схиигумен Сава Псково-Печерски

Подготовка за исповед

Кога ќе почнеш да се подготвуваш за исповед, пред сè, испитај ја својата совест, погледни длабоко во своето срце. Погледни до која мерка е извалкано од гревови. Со Божја помош, потсети се на сите гревови кои си ги направил после последната исповед, а оној којшто се подготвува за монашки потстриг, се потсетува на своите гревови од седмогодишна возраст.

Провери се себеси: да не има во тебе недостаток на вера, надеж и љубов кон луѓето; да не има самоувереност, закоравеност, раздразливост, стомакоугодување, малодушност, роптање, униние и други гревови.

Доколку овој момент на покајание го оствариш со должно внимание, во тебе неизбежно ќе се појави и скрушеност на срцето, а ако нема скрушеност, тоа зборува за скаменета бесчувствителност, за мртовечко студенило, значи, за душа која е во опасност.

Во тој случај, треба да ги читаш и да се присетуваш на Житијата на Светиите и нивните поуки. Тие себеси се сметале за најголеми грешници и со искрено убедување извикувале кон Господа: „Никој на земјава од памтивек не згрешил како јас, бедниот и блуден““. Доколку се рамниш со нив и се огледуваш на нив, сигурно ќе се појави и кај тебе скрушеност на срцето, и ти ќе заплачеш над себеси.

Искреното покајание е почетен степен на светоста, а ладнокрвноста и рамнодушноста претставуваат оддалечување од светоста, умирање надвор од Бога. Кога благодатта ќе го допре срцето и ќе го осветли со сета своја светлина, се покажува хаос во душата и тогаш искрено ги сознаваме своите гревови, чирови и душевни рани. Луѓето кои не се стремат кон благодат се натажени во гревовен мрак и не гледаат ништо во своите срца, а ако нешто гледаат, не се ужаснуваат, затоа што не се споредуваат со Светиите, туку со сличните на себе.

Провери се себеси и според Божјите заповеди: да не нарушуваш можеби некоја од нив, а исто така и според некои молитви [на пример 3-та вечерна и 4-та пред Причест].

Основни и второстепени гревови

Добро е ако умееш да ги разликуваш основните гревови од второстепените. Доколку не умееш, научи. Тоа е многу важно. Мораме да знаеме поради што треба највеќе да чувствуваме скрушеност и што да поправиме. Еве, на пример, ако сме расеани на молитва, доколку во црквата не напаѓа дремеж и ако сме невнимателни, ако не не интересира дури ни читањето на Светото Писмо, тоа се случува или поради маловерие и недостаток на љубов кон Бога или заради мрзливост и безгрижност.

Доколку во Црквата за време на богослужбата шетаме, разговараме и се туркаме, ако на миропомазанието, крстот и плаштаницата им приоѓаме без свештен страв, задржувајќи ги оние кои стојат зад нас, и ако се туркаме пред оние кои стојат пред нас, доколку чекајќи да земеме богојавленска водичка и водичка од мало осветување, на молебените не стоиме во ред, туку се туркаме, такаречено, преку туѓите глави, тоа значи дека во нас нема страв Божји и љубов кон ближните.

Доколку многу се грижиме за својата надворешност и уредувањето на домот, тоа значи дека сме суетни.

Доколку премногу ги примаме при срце неуспесите во секојдневниот живот, ако тешко поднесуваме разделување, неутешно плачеме по починатите, тоа говори дека не веруваме во Божјата Промисла и така натаму. Во нас има самооправдување, нетрпење на прекори, суетност, тврдоглавост, но уште поважно е да се увиди нивната врска со себењубието, самољубието, вообразеноста и гордоста и токму кон овие основни гревови треба да го свртиме целото свое внимание.

Постои добро средство кое нè доведува до познавање на сопствените гревови - треба да се сетиме за што нè обвинуваат луѓето, особено оние кои живеат покрај нас, ближните. Нивните обвинувања, прекори и напади, речиси секогаш се основани.

При испрашувањето на себеси, треба да внимаваме да не паднеме во претерана сомнителност кон секое движење на срцето. Доколку тргнеме по тој пат, можеме да го изгубиме чувството за разликата помеѓу битното и небитното. Во тој случај, треба да го оставиме себеиспрашувањето и со молитва и добри дела да измолиме прошка и да ја просветлиме душата.

Подготовката за исповед не се состои само во тоа што е можно подетално да се присетиме, или дури и да ги запишеме своите гревови, туку, пред сè, во тоа искрено да станеме свесни за својата вина, па своето покајание да го доведеме до скрушеност на срцето, и доколку е можно, да пролиеме солзи на покајание.

Скрушеност на срцето

Да се познаваат своите гревови сè уште не значи дека се каеме за нив. Тагата за направените зли дела, плачот поради гревовите еве што е најважно во делото на покајанието. А ако нема солзи? Што да се прави тогаш?

Не треба да се очајува! Во тој случај, сеедно треба да се каеме, каеме, каеме, па колку и да сме ладнокрвни и бесчувствителни, надевајќи се само на Божјата милост. До ладнокрвност и бесчувствителност обично доаѓа кога во срцето нема Страв Божји, поради маловерие или скриено неверие.

Понекогаш човекот на исповедта крие дека не верува во животот по телесната смрт или дека се сомнева во неговото постоење, и поради тоа Господ го казнува со ладнокрвност. Господ како да му говори на човекот во душата: “Ти не си Христијанин, ти си незнабожец. Стани свесен дека немаш вера, покај се и тогаш ќе те утешам, ќе ти ги простам гревовите и ќе ти испратам радост. “

Навистина, какви христијани сме ние, ако не веруваме во бесмртноста на душата? Ако не веруваме дека вечно ќе го славиме Господа кога ќе нè удостои со таква милост? Во тој случај, се губи целата смисла на верата во Бога, бидејќи има многу такви христијани незнабошци. Тешко нам! Провери се себеси, Д.! Да не си и ти, можеби, таков незнабожец?

Исповед

Едно од главните дејства на покајанието е исповедта. Откако грешникот ќе се освести, како евангелскиот блуден син, ќе ги испита зборовите и совеста, ќе ги спознае своите гревови, ќе се обрати кон Бога со скрушено и смирено срце, ќе се прекори, осуди и оплаче себеси пред Него, тој мора искрено да ги исповеда своите гревови пред свештеникот, да ја открие својата гревовна состојба.

При пристапувањето на исповед треба да се исполнат три услови:

Треба да се помириш со сите на кои им претставуваш товар. Ако не си стигнал лично да се помириш, тогаш во мислите прости им од се срце, оправдај ги, а себеси обвини се. Кога ќе се сретнеш со нив, замоли ги за прошка и однесувај се во согласност со своето покајничко чувство.

Треба да се има скрушено срце и смирение. Оној што се кае, треба и со својата надворешност да го искаже своето смирение, да клекне на колена.

Моли се нерасеано.

Значи, пред сè, мораш да се помириш со сите кои ти се тешки и на кои им тежиш. Можеби ќе речеш: „Зошто да одам јас да се помирам, па јас никому не му се лутам. Кој ми се лути мене, нека моли за прошка“. А зошто ти се лутат тебе? Значи, со нешто си ги повредил! Ајде, провери ја својата совест! Доколку се испостави дека совеста ти е навистина чиста, дека никого со ништо не си навредил, сепак, заради љубовта кон ближниот, пријди и замоли ги за прошка сите оние кои се гневат на тебе поради завист, љубомора или поради некоја друга причина. Затоа што тие се во голема опасност. Во Евангелието се вели: „Секој кој се гневи на својот брат за ништо, ќе биде виновен пред судот“ [Мт. 5, 22]. И ако не вложиш напор да се помират со тебе, ќе се испостави дека и ти си ја нарушил Божјата заповед за љубовта. Како ќе ѝ пријдеш на Чашата на Животот?

Некои велат: срамота е и понижување да се моли за прошка. Срамота е да се става раката во туѓ џеб, а добро дело никогаш не е срамно да се направи. Со ова човекот го покажува своето смирение, а смирението и љубовта се најголеми добродетели. Кај оној којшто се срами од тоа, значи сè уште не исчезнала страста на гордоста, и тој токму од неа треба да се излечи, треба насила да се примора себеси да се моли за прошка. Понекогаш луѓето го поставуваат прашањето: “Отец, што треба да правам кога не сакаат да се помират?"

Луѓето не сакаат да се помират само со оние, кои молат за прошка а истовремено се правдаат себеси.

Човечките души меѓусебно се разбираат, така да речам, без зборови, срце му зборува на срцето, така што ако искрено простуваме, ако не се навредуваме и ако за сè се обвинуваме само себеси, а другите ги оправдуваме, сигурно со нас ќе се помират дури и најнепомирливите непријатели.

Меѓутоа, ако дури ни во такви услови не сакаат да се помират, тогаш „правете им добро на оние кои ве мразат “ [Мт. 5, 44]. Ако им правиме добро на оние кои нè навредуваат, таа милост најмногу од сите други добродетели ќе нè заштити на митарствата и на Страшниот Суд.

Немој, пријателу мој, никого да понижуваш, пред никого да не се вознесуваме, да се присетуваме дека сме најлоши од сите и затоа на секој прекорен збор искрено да речеме: “Прости." Овој збор ја истерува мачнината од душата, го гуши гневот, ги уништува кавгите, прави да завладее мир, така што зла сила нема можност да му наштети на оној кој од срце вели: „Виновен сум, прости ми“.

На исповедта човекот не треба да чека духовникот да му поставува прашања, туку сам треба да ги исповеда своите гревови, не срамејќи се, не криејќи и не намалувајќи ја нивната важност. Зборот „грешен сум“ треба да го изговараме со чувство на длабоко покајание, а не махинално.

Исповедта е подвиг на самопринудување. Многу луѓе не можат да ја избегнат соблазната на самооправдувањето, и на исповедта често говорат пред духовникот: „Е тоа дека сум згрешил сум згрешил, но тој и тој ме примора на грев...“ Особено кога луѓето се каат за кавга, гнев или раздразливост, задолжително ги осудуваат другите. Нив ги обвинуваат, а себеси се оправдуваат. Ваквото покајание е погрешно, лажно, лукаво, лицемерно, гнасно пред Бога. Тоа е знак за самољубие и отсуство на лично длабоко покајание.

Понекогаш луѓето велат:

„Отец, имам слабо памтење, па не можам да се сетам на гревот.“

Гледаш, млад, здрав човек, а се жали на заборавност.

„Не“, велам, „не е работата во памтењето.“

„Навистина, отец, ништо не се сеќавам.“

„Верувам, верувам! Но, тоа не е затоа што имаш лошо памтење, туку затоа што живееш невнимателно и расеано и не им придаваш на гревовите сериозно значење. Не го задржуваш вниманието на гревовите кои имаат сериозно значење. Не го задржуваш своето внимание на гревовите, не ги фиксираш во сеќавањето, затоа и ги забораваш.“

„Ете, и ти Д., треба на тоа сериозно да обрнеш внимание, кај тебе исто така постои недостаток во тој поглед.“

Не забораваме да седнеме на маса затоа што сакаме да јадеме.... Ако силно би копнееле и по небесна храна, исто така не би ги заборавале и нашите гревови. Човек не седи на маса со вреќа на грб, во кожув и ракавици. Прво го фрла теретот, се ослобудува од него, затоа што тој му смета да јаде. Така, ќе нема да можеме да се насладиме и од небесната трпеза, ако со покајание не го отфрлиме од себе гревовниот товар. Душата секојдневно се оптеретува со гревовен товар, секој ден треба и да го отфрла со покајание.

Навиката е втора човечка природа. Таа, како што се вели, влегува во неговото тело и крв и станува неразделна од човекот, и кај него се развива таканаречен рефлекс. Човекот многу нешта ги прави од навика не размислувајќи: трепка, прави ритмични движења и сл.

Човековата навика да трепка ја чува рожницата да не се исуши, навиката да мафта со рацете при одењето му помага на човекот да ја сочува рамнотежата; така е и во духовниот живот. На пример, преподобен Макариј Египетски стекнал побожна навика сите нешта да ги прекрстува и пред почетокот на секоја работа да се крсти, т.е. ништо да не започнува без благослов. Еднаш демонот смислил како да го искуша. „Ќе се скријам“, си помислил, „во умивалникот и ќе го натерам да заборави, тој ќе заборави да го прекрсти умивалникот и тогаш... ех, како ќе се пошегувам со него!“ Така и направил. Преподобен Макариј дошол до умивалникот, од навика го прекрстил со крсниот знак и го запечатил демонот во умивалникот. Крсниот знак го подгорел демонот и тој почнал да го преколнува Преп. Макариј да го пушти.

Гледаш, Д., колку е за нас скапоцена побожната навика, и воопштено говорејќи, човекот треба така да биде расположен, да смета дека е подобро да не греши, отколку да ги исповеда гревовите поради тоа што згрешил.

Колку и да е потполна и искрена исповедта, сепак на душата ќе бидат воочливи траги од гревовни дамки. Тие конечно ќе се исчистат, кога со радост од Бога ќе примиме и епитимија [казна] за своите гревови. Меѓутоа, кој од нас се радува на страдања и болести? Ретко кој! Значи, од ден во ден, од година во година, гревовите се таложат во душата и од таквата тежина им е тешко не само на човекот, туку и на духовниот отец. Демоните обично ни сугерираат воопшто да не ги исповедаме, како тоа да му се случило на некој друг или да ја фрламе вината врз другите, на пример: „Еве, се скарав и изговорив многу непотребни зборови, затоа што М. и П. ме извадија од такт, ме наведоа на тоа“.

Исповедта со самооправдување е одвратна и мрска пред Бога! Каде е скрушеноста поради гревот, каде е самопонижувањето? Наместо нив, присутно е осудување! На поранешните гревови сме им додале нов грев... Сме ја помешале кашата со скршено стакло [тајната на очистување со гревот на осудување] и наместо оздравување, сме добиле нови чирови и душевни болести: помрачување на совеста, срам и прекор, тежина на душата.

Не! Тоа не е исповед. Тоа е изопачување на Светата Тајна. За човекот во ниту еден случај не е корисно да се оправдува: доколку му е чиста совеста, зошто да се грижи, порано или подоцна Господ ќе му ја покаже вистината, ќе нè оправда, а ако совеста не разобличува, не смееме веќе да се правдаме, затоа што на тој грев се додава нов грев лага. Доколку совеста или духовниот отец нè разобличуваат, треба внимателно да се поправиме. Треба да се заинтересираме за спасението и тогаш, без дополнителни помагала, ќе ги памтиме своите гревови. Човекот не го заборава она што го интересира.

Доколку патуваш со воз и гледаш низ прозорот, ништо нема да пропуштиш. Секоја ситница, секоја црта ќе остане во твоето сеќавање и сè ќе можеш да им раскажеш на другите детално. Ако гледаш низ прозорот незаинтересирано, со очи кои ништо не гледаат, доколку си зафатен со твоите мисли, твојот расказ за патувањето ќе биде сувопарен и здодевен, краток и во општи црти, без детали. Дури можеби и ќе кажеш: “Ништо не се сеќавам! Се сум заборавила!" Ете, така станува и на исповедта.

Причестување со Светите Тајни

Во Светата Тајна Причест ние во вид на леб и вино го вкусуваме вистинското Тело и Крв Христова и така со Него се соединуваме. За Светата Тајна Причест треба да се подготвуваме со молитва, пост и покајание. Оваа тајна се врши во храмот за време на Светата Литургија. Болните можат да се причестуваат и дома. Свештеникот ги донесува Светите Дарови во дарохранилница. За време на причестувањето со Светите Тајни треба да имаме побожни чувства: трепет и страв Божји. Меѓутоа, понекогаш сме ладни и расеани и многумина поради тоа паѓаат во униние. Не треба да се паѓа во униние и малодушност. Човек треба да се смири и да смета дека заслужил ваква состојба. Речи си на себеси: “Што сум заслужила, тоа и добив! Поради моите гревови Господ не ми дава радост, слава Му на Бога за сè! Издржи го тоа со трпение и не очајувај, туку труди се да се поправиш.

Некои луѓе, кои се побожни и ревносни во духовниот живот, Господ ги испитува: не им дава радост - и за тоа треба да Му благодариме на Бога. Господ подобро од нас знае што ни е нам корисно: на едни им праќа сладост и утеха за да ги укрепи и охрабри, а на други тоа не им го дава, зашто тие во секоја состојба треба да Го љубат подеднакво и Он со тоа проверува дали се тие такви. Трети ги лишува од утеха поради гревовите. Во секој случај, не треба да се паѓа во униние.

Немој да сметаш дека Бог те отфрлил, дури и ако не чувствуваш желба да Му служиш, но секогаш труди се да Му угодиш со подеднаква сила. Не занимавај се со себе повеќе отколку со Божјите дела, препушти Му се, и во тоа ќе најдеш радост и блаженство.

Кога човекот немарно се однесува кон делото на своето спасение, кога во себе остава удобно местенце за себе, од причестувањето со Светите Тајни добива повеќе слабости отколку оздравување. Ако по причестувањето бдееш над себеси, над своите наклоности и ако ги употребуваш за да му угодиш на Бога, ќе се сочуваш во побожност и радосно чувство, кое си го добил причестувајќи се.

За да му служи човек на Господа, треба да има чисто срце, совршено и покорно кон сите Негови дела. Затоа, немој да се чудиш кога Он те испитува, поучува и учи да бидеш посовршен.

Некои се гадат да се причестат после болни и стари луѓе, се плашат да не се разболат. Внимавај Д., чувај се од оваа гадливост, тоа е многу голем грев. Свештениците во парохиите каде што нема ѓакони и ѓаконите во другите парохии и манастири, ги употребуваат останатите Свети Дарови на крајот од Литургијата и живеат во добро здравје до длабока старост. Гадливоста покажува дека човекот има слаба вера. Треба да му се моли на Бога, Господ во него да ја умножи и да ја укрепи верата.

Тешко му е на човека да гледа како некои болни стари жени и душевни болни, со сета сила се трудат заедно со децата први да пријдат кон Чашата на Животот. Се туркаат без светштен страв, се причестуваат без страв Божји.....

Душевните болни честопати претставуваат соблазна за другите. Тие ги плашат некои од луѓето и има случаи кога човек се подготвувал да се причести, но поради нив не пришол кон Чашата. Ова се однесува и на другите болни, посебно на многу старите. Благоразумните и благочестиви старци и старици, ако чувствуваат дека им е лошо, седат мирно некаде од страна, се молат со свештенички страв, а на Чашата ѝ приоѓаат последни, кога во црквата може слободно да се пројде. Еве, тоа е побожност. И самиот стекнува голема корист за душата и телото, а и другите не ги збркува. Така прави и ти, чедо мое, така се стекнува смирение, Божји страв и благочестивост.

Плодови на покајанието

Во една пригода доаѓа кај мене едно духовно чедо и вели: „Оче, дали можам да го молам Бога да ми даде смрт?“

„Што се случило?“- прашувам.

„Страшно ми е тешко да живеам... За сè ќе морам да одговарам, за секој чекор, за секој поглед, за секој збор. Подобро ми е сега да умрам, затоа што до староста ќе насоберам многу гревови.“

„А ти немој да ги ставаш во куфер. Чекор, поглед, празен збор - не се смртни гревови. Тие се страшни само за оние кои на нив не обрнуваат внимание, кои не ги признаваат како гревови, не се каат и не се поправаат, а ти веднаш моли Го Бога за прошка пред крстот што го носиш околу вратот, како што тоа го правела Преподобна Марија Египетска, а потоа покај се пред духовниот отец и потруди се да се поправиш, па од овие гревови нема да остане ни трага. Сега за тебе би било пострашно да умреш отколку да живееш, затоа што си дошла до покајание, но во тебе уште нема плодови на покајание. А за човек да не се плаши да умре, треба да стекне плодови на покајание.

Лесно е да се умре. Малодушните луѓе дури и животот го завршуваат со самоубиство. Тоа се оние кои не сакаат да се борат со тешкотиите, но ваквите се достојни за сожалување, па дури и презир. За таквите Светата Црква не се моли. Кој ни дал право да располагаме со својата судбина? Не сме се родиле по своја волја и не треба ни да умреме по своја волја! Дрскост е да Го молиме Бога за смрт! Тоа е очигледен доказ дека не сакаме да живееме според Божјата волја. Дали ти е јасно?“

„Јасно ми е отец, а што се тоа плодови достојни за покајание.“

„Плодови достојни за покајание се христијанските добродетели. Во Евангелието пишува многу за плодовите на покајанието. Еве, на пример, апостолот и евангелист Лука пишува: „Родете, значи, плодови достојни за покајание “ [Лука 3, 8], а потоа објаснува: „Кој има две кошули нека му даде на оној што нема; и кој има храна нека го прави истото “ [Лука 3, 11]“

А еве уште духовни плодови: „Облечете се значи, како избраници Божји, свети и сакани, во милосрдие, доброта, смиреноумие, кроткост, долготрпеливост“ [Кол. 3, 12-14]. „Основниот плод на покајанието е љубовта“ [Јн. 15, 2-16].

Апостолот Павле вели: Ако го раздадам сиот свој имот, и ако го предадам своето тело да изгори, а љубов немам, ништо не ми користи. [1. Кор. 13,3-8].

„Така правете [те. донесувајте достојни плодови на покајание], затоа што го знаете времето, дека е веќе часот да станеме од сон“ [Рим. 13, 11].

Плодовите на покајанието произлегуваат од вистинското покајание. А вистинското покајание значи искрена нелицемерна скрушеност поради гревовите. Во Светото Писмо се наведуваат конкретни примери на вистинско покајание кое донесува достојни плодови. Еве на пример, каков плод на покајание донел Закхеј, неправедниот собирач на данок? Го раздал половина од имотот И уште повеќе вратил на оние на кои им земал повеќе.

Преподобна Марија Египетска во младоста водела порочен живот. Каков плод на покајание донела? Отишла во пустината и почнала да живее целомудрено.

Така и ние треба да правиме. На пример, не обзема гордост и суета. Да Го молиме Бога да ни подари смирение. А како практично да ја преработиме својата гревовна природа? Треба да бидеме претопени во огнот на клеветата, сплетките, потсмевот, разноразните понижувања и навреди од страна на сите луѓе, па дури и од најблиските роднини Господ ни го праќа она за што Го молиме, затоа што кога молиме од Бога смирение, тоа значи дека молиме и да ни испрати луѓе кои ќе не смират. И ако добродушно, без роптање, без озлобеност и раздразливост тоа го примаме и ако радосно му благодариме на Бога за сето тоа, ако се молиме за оние кои не навредиле и ако не го менуваме своето добро расположение кон нив тоа значи дека донесуваме плодови на вистинско покајание.