Практичен прирачник за Покајание и Исповед

 

Архимандрит Јован Крестјанкин

Некој од големите духовници бил прашан:

Како ќе се удостојат со спасение Христијаните во последно време, кога веќе нема да постојат бојните полиња на отворено Мачеништво, кога веќе исповедниците на Христовата вера нема да бидат набивани на колец, туркани во темници, распнувани на крстови, предавани на зверовите за да ги растргнат, растегнувани со тркала, посипувани со врело масло или калај, фрлани во врели котли, печени на оган? Зашто веќе никој не е во состојба да ги поднесе оние болки и оние подвизи на покајание и чистење на својата душа, како што тоа го правеле подвижниците од првите векови на Христијанството, чиишто житија, кои ни се чинат скоро неверојатни, дојдоа и до нас.

Одговорот беше:

-Тие ќе бидат спасени преку трпење на душевни неволји! И оние коишто храбро и со сето трпение ќе ги поднесат тие душевни неволји, ќе се удостојат со пославни венци од оние коишто спијат на земја, кои храна земаат еднаш неделно или стојат на столбовите во молитвен подвиг целиот живот.