Практичен прирачник за Покајание и Исповед

 

Подготовка за Исповед според десетте Божји Заповеди

Се собравме, драги браќа и сестри, на ова свето место, за повторно да му го принесеме своето покајание на Господа. Би сакал да ја проследам вашата исповед и за неа да ве подготвам со неколку зборови. Секој од нас, онолку колку што му дозволуваат силата и можностите, се труди во секојдневниот живот да ја чува чистотата на својот дом и уредноста на својата облека. Има и такви луѓе кои во ова се исклучително ревносни, кои многу сила и енергија вложуваат за одржувањето на редот и чистотата. И секој таков човек ќе се загрижи, штом заради нешто оваа чистота и поредок се нарушат. Исто така човекот, кој навикнал да ја чува чистотата на своето срце и поредокот во својата душа, не може без покајание. Таквиот човек со душа чека и копнее за секоја работа да се исповеда, како што и сувата земја копнее за животворниот дожд. Како што вели Псалмопевецот: "Душата моја е како земја сува пред Тебе". Обидете се да замислите човек којшто цел живот не го измил своето тело од нечистотија! Исто така и душата наша копнее за чистота, па што би било со неа ако не постои Светата Тајна Покајание, тоа исцелително и очистително "второ Крштевање"!

Сите вие веројатно сте виделе, а можеби и од детството се сеќавате што се случува кога на зима децата валаат топки по снегот. Децата земаат малечка топка, како тупаница и ја пуштаат надолу по ридот: за миг, таа ќе се претвори во голема и нечиста топка од мокар снег! Истото се случува и со нашата душа кога ќе потоне во гревовна состојба. Затоа пазете на себе!

Ако искрено и со солзи сте се покајале, причестувајќи се со Светите Христови Тајни, каква ли само благодат, небесен мир и спокојство ќе зацаруваат во вашето срце! Но, враќајќи се од храмот, можеби некого сте сретнале и во разговор случајно сте фрлиле грутка осуда... Готово! Лавината се придвижува! Погледнете сега со каква брзина ќе расне оваа грутка на гревот... Но, ние имаме и домашно покајание: навечер, на молитва, сетете се на сето она со што сте згрешиле пред Господа во текот на денот и покајте се. Искусните духовници советуваат покајанието и исповедта да не се одложуваат, туку штом ќе почувствувате дека сте згрешиле и дека сте ја извалкале својата совест, веднаш осудете се и молете му се на Господа за прошка. А Господ ќе ви прости, затоа што "срцето смирено и понизно Бог нема да го отфрли“.

Тежината на таа гревовна лавина ќе ја притиска нашата душа, сè додека над главата на грешникот кој искрено се покајал, свештеникот, кој по благодатта на свештенството има власт да ги разрешува гревовите, не прочита разрешителна молитва. Ова сме во состојба да го почувствуваме ние, грешните и недостојни луѓе. А еве со какви виденија се удостоиле некои Божји угодници. Кај Последниот Оптински Старец Нектариј, пред неговиот блажен крај пристигнала една негова духовна ќерка. Штом му пристапила, Старецот ја благословил, велејќи ѝ: „Ќерко, покај се и исповедај се поскоро, затоа што гледам над тебе облак од зли духови!““, Ете кого го привлекува нашата душевна нечистотија!

Ќе го спомнеме и ова: по завршетокот на Светата Тајна исповед, пред да ја прочита разрешителната молитва, свештеникот чита молитва за покајникот. Обрнете внимание на зборовите од оваа молитва: „Помири го и соедини го со Твојата Света Црква во Христа Исуса нашиот Господ...“

Како е можно да се помириме и соединиме со Црквата? Ние одиме во Божјиот храм, се молиме, читаме акатисти и молебни, го слушаме црковниот хор [тоа се однесува на оние кои учествуваат во вршењето на богослужбата]. Но, се покажува дека со своите гревови одамна сме се оддалечиле од Бога, од благодатното внатрешно општење [заедничарење] со Црквата. Сме ја исекле таа духовна врска, таа папочна врвца, преку која нашата душа и нашиот дух се хранат со благодатта на Светиот Дух. Затоа, свештеникот кој исповеда, се моли за наше присоединување кон Црквата, на нас кои од неа сме се одвоиле со својот грешен живот. И воопшто, на исповедта сме должни да ѝ пристапиме само кога добро ќе размислиме за своите постапки, кога ќе го исплачеме пред Господа својот грешен живот. Секој од нас е должен да го принесе своето покајание пред Чесниот Крст и Христовото Евангелие. А пред да почнеме да принесуваме покајание, должни сме на сите сè да им простиме! Да простиме без одложување, во овој миг! Да простиме со сето срце, сета душа, со сиот ум, чисто и искрено, а не како што некои тоа го прават: „Ги простувам, но не сакам повеќе да те видам, ниту збор со тебе да проговорам!“ "Треба на сите да им се прости и навистина сè, како никогаш да не сториле никакви навреди, никакви непријатности, раздори и омраза! Само тогаш и само така можеме да се надеваме на простување на нашите гревови од Господа Семилостивиот. “Помогни ни Господи, да им простиме се на сите во истиот овој миг!“

Еднаш, за време на земниот живот на нашиот Господ Исус Христос му пришол нему, на Себлагиот учител, некој книжевник, велејќи:

„Учителу, што да направам за да наследам вечен живот?“ А Господ му рече: „Љуби Го Господа Својот Бог со сето срце и ближниот твој сакај го како самиот себеси“, Тоа се двете најголеми заповеди: љубовта кон Бога и кон својот ближен.

Но, затоа што нашите должности кон Бога и кон нашите ближни се разновидни и многубројни, Господ им дал на луѓето десет заповеди, и тоа во таков ред, што првите четири заповеди се врзани за нашиот однос кон Бога, а преостанатите шест за нашиот однос кон ближните. Да се обидеме сега да размислиме и да согледаме со што се оглушуваме од Законот Божји? Господи, прими го нашето покајание од се срце!

Прва Божја Заповед

„Јас сум Господ, Бог твој, немој да имаш други богови освен Мене“

Какви се нашите обврски во поглед на оваа Божја заповед? Прва обврска: Должни сме да стекнеме правилно познавање!

Не, Господи, ние немаме правилна претстава за Бога, за православното учење на нашата вера, за Црквата чии Членови сме со Светото Крштевање. Господи, прости ни нам грешните! И дури се осмелуваме и да се оправдуваме како немаме од каде да ја црпиме таа правилна претстава за Бога, дека за тоа никој не не поучувал, ниту сега не учи, но стремејќи се да се оправдаме, ние само ја зголемуваме својата вина затоа што тоа не е вистина! Живееме премногу расеано, премногу невнимателно не сакаме да ја зафатима чистата вода на богопознанието од источниците кои насекаде нè опкружуваат.

а] Прашај ја својата совест, брату: Дали се придржуваш до секоја богослужба во храмот, дали внимателно се внесуваш во сите оние молитвословија и песнопеења кои ги вознесува Светата Црква? Еве ни го училиштето, еве ни го најпотребното и највистинското богословие, најпокајните молитви, највдахновеното славословие пред Господа. А го храниме ли со ова нашиот разум и нашата душа?

Не, Господи, прости ни нам неразумните!

Честопати не доаѓаме во храмот на самиот почеток од богослужбата, постојано се туркаме за време на службата, сметајќи им на другите, гласно разговарајќи додека купуваме свеќи, непрестајно преоѓаме од едно место на друго. Така и самите не слушаме што се чита за време на службата, а им пречиме и на другите, одејќи далеку од чистото и вистинско богословие. Господи, прости ни нам грешните!

А некои од нас, самите себеси се сметаат за многу начитани и речиси сезнајни! Таквите службата ја слушаат раздразнето и со осуда, мислејќи: „Што е тоа што зборува тој постојано едно те исто“, потполно заборавајќи дека свештенослужителот кој проповеда од амвонот, стои на каменот отчепен од Гробот Господов, и не може да биде без душевна корист зборот на благовеста Христова од светото место. И најскромната, да речеме, проповед од амвонот, постојано не учи на вистините на светата православна вера! Господи, прости ни нам кои се одвојуваме од светите зборови Твои!

б] Не читаме душекорисни книги, постојано давајќи изговор дека не можемеда ги набавиме, и повторно етоа лошо оправдување! А, ја читаме ли Книгата над Книгите, Светото Евангелие? Евангелието го има речиси секој од нас, но доколку уште не го набавил, тоа е знак на негова крајна немарност. Се поучуваме ли од зборовите на оваа Книга на Животот? Светата Црква установила секој ден задолжително да се чита Евангелието и Посланието на Светите Апостоли. Можеби секој од нас не може во храмот да го ислуша она што е предвидено за читање, но може ли било што да ни попречи во секојдневното домашно читање, барем по една глава? Колку од нас овде присутни кои го изнеле своето покајание пред Лицето Господово, барем еднаш внимателно го прочитале Евангелието, Делата Апостолски и Посланпијата? Прости ни, Господи! Не само што дома не го читаме Евангелието, туку и во храмот не слушаме со доследно внимание! Ние христијаните, должни сме постојано во Божјиот Храм да имаме страв Божји, а додека се чита Светото Евангелие, должни сме со најголемо спокојство, наведнувајќи ја главата, внимателно да го слушаме Божјото слово.

А како ние се однесуваме во овој најсветол момент? Добро е дури ако и не се туркаме во тој момент. Добро е доколку во тој момент не палиме свеќи и не проаѓаме низ храмот, одвлекувајќи го вниманието на другите. Добро е доколку за тоа време, кога сме божем „слободни“, не најдеме за потребно да ги местиме свеќите или палиме кандилата [а и тоа ни се случува, Господи, прости ни!] И добро е доколку тогаш не ги замараме другите со непотребни празни разговори, во што исто се состои нашиот грев, Господи! Покајте се пред Господа вие кои така постапувате!

Но, ако формално не го нарушуваме богослужбениот ред, и со своето недостојно однесување не го обесветуваме светото Божјо слово, кој од нас може да се пофали дека со искрено внимание и почит го слуша Светото Писмо? Зарем зборовите не ни проаѓаат по површината на слухот, зарем не остануваат далеку, не само од срцето, туку и од нашиот ум кој за тоа време талка кој знае каде?

Господи, прости ни поради невниманието наше, поради нашата дрскост, лекомисленост и студенило кои не обземаат за време на богослужбата. Да се покаеме денес пред Господа и штом свештеникот ќе почне да чита од Евангелието, да престанеме со сите споредни работи, сите разговори и движења по храмот, да ги приклониме своите глави и со најголемо внимание да го слушаме Евангелскиот збор. А за такво нешто не е потребно да имаме голем ум, ниту е тоа некој посебен подвиг.

Но, ако покрај вас застане некој брат, кој денес не ја слушал проповедта пред исповед и не знае како треба да се однесува во храмот, немојте да негувате злоба во своите срца кон него. Подобро е, ако го запаметите, да му пријдете по службата со љубов и благонаклонетост и да се обидете да му објасните како му доликува на еден христијанин да се однесува за време на читањето на Евангелието. Така прават вистинските христијани.

в] Не се трудиме да читаме книги со религиозно-морална содржина. Најчесто, такви книги не поседува секој од нас и често не се набавуваат лесно. Но, има меѓу нас и такви, кај кои овие душекорисни книги фаќаат прашина на полиците, а тие не ги читаат поради мрзливост или немарност, оправдувајќи се: „Подобро малку да отспијам“. А оние пообразованите меѓу нас, попрво би зеле в раце весник отколку сериозно духовно четиво. Постојат и такви кои и сами не читаат, и не им даваат и на другите кои би сакале: „А што ако не ми ја вратат книгата?“ Доколку било кој од нас грешел со вакво дело, веднаш, штом му се укаже можност, нека ги врати книгите на оние на кои им припаѓаат! Господи, прости ни ја неразумноста и бесчестието наше!

г] На крај, богопознанието може да се стекне и во разговори со начитани и благочестиви луѓе. А што правиме ние? Сакаме да одиме на посета кај соседите, пријателите и познаниците, сакаме да разговараме со луѓето, но не за Бога, за душата и за спасението. Срамно е и тешко сознанието дека ние, христијаните, често се собираме да ги осудуваме ближните, да играме карти или да пиеме. И така, одиме на гости празни, а се враќаме потполно разорени. Господи, прости ни нам грешните! И тоа често го правиме по исповедта или на денот кога сме се удостоиле со Причест со Светите и бесмртни Христови Тајни.

Друга обврска која произлегува од првата заповед Божја е да имаме вистинска вера во Бога, на Него да ја полагаме сета своја кадеж и да Го љубиме со сета своја душа.

а] Најстариот грев против оваа свештена должност на секој човек е “нечестивост" или безбожие, а тоа е всушност онаа состојба во која денес се наоѓа големо мнозинство од нашите сонародници, нашите роднини, познаници, пријатели. А колку е тоа болно, особено за оние родители чиишто деца се безбожни, не е потребно ни да се зборува!

Но, дали ние кои доаѓаме на исповед имаме навистина цврста и непоколеблива вера? Веруваме ли во бесмртноста на душата, во вечниот живот и праведната плата за нашите земни дела? Колку ли ни е страшно да го признаеме тоа, но живата вера, која би продирала низ сета наша свест, која би управувала со сите наши постапки во сите дела и зборови, е далеку од нас. Господи, не лути ни се нам кои се сомневаме во Твоето постоење, во бесмртноста на својата душа, во идниот Страшен Суд!

б] Можеби меѓу нас има и такви кои не веруваат во постоењето на Небесните Ангелски Војски и легионите на злите духови. Ова последното особено зеде замав кај „образованите“ луѓе, кои некако се срамат да веруваат дека во нашиов век постојат реални суштества демони. А токму тоа му треба на непријателот на нашето спасение! Ако не постои душегубното дејствие на злите духови, тогаш од што и зошто се штитиме со Животворниот Господов Крст, со светата вода, со Исусовата молитва? Можеби некои меѓу нас не ги почитуваат Мајката Божја, светите Маченици, Божјите Угодници?

Покајте се пред лицето Господово! Господи, прости ни нам грешните!

в] Уште еден вид страшен грев против првата Божја заповед е богоотстапништвото. Господи, колку ни е блиска таквата состојба! Можеби повремено сме запаѓале во гревот на богоотстапништвото, не поради стравот од мачењето на кое би биле изложени, како што тоа некогаш се случувало во историјата на Христијанството, за време на прогонот на Црквата, туку поради стравот дека ќе изгубиме некоја од удобностите на земниот живот. Се случува ние луѓето, верувајќи дека Господ ќе ни дарува некакво добро, на пример поголем стан, подобра работа, повисока социјална позиција, и затоа ги молиме сите да не спомнуваат во своите молитви, а за сето ова време ги криеме иконите во ормарите, плашејќи се дека доколку ја видат нашата вера во Бога, ќе бидеме лишени од овие добра. Еве какво безумие нè обзема! Поради својата малодушност, одејќи на лекар го симнуваме крстот, плашејќи се дека лекарот може нешто да ни дофрли или да ни го скрати боледувањето. Господи, прости ни го отстапништвото и малодушноста наша!

А доколку на работа се започне разговор за верата и за Бога, малодушниот несреќник ќе пропадне во земја, плашејќи се да не насети некој по изразот на неговото лице дека е христијанин...

Дури и зборови на одрекување од Господ Исус Христос, веќе му се на врвот од јазикот... Принесете покајание пред Господа сите вие кои се препознавате во овој опис!

Тешко е да се знае и уште поболно да се каже што уште сè има меѓу нас. Не само младите, туку и старите луѓе кои се ослободиле од сите општествени обрврски, кои заслужиле одмор и пензија, неретко се случува да се срамат да постават свети икони во своите домови.

Поради стравот отворено да ја покажеме својата вера, честопати запаѓаме во гревот на духовно убиство на своите роднини кои лежат на смртна постела, затоа што, срамејќи се од соседот, не повикуваме свештеник да дојде и со Светите Дарови да го причести болниот.

Господи! Не сметај ни го овој грев и немој да се посрамотиш од нас грешните пред Твоите Ангели на денот на Страшниот Суд, поради одрекувањето наше од Тебе овде, на земјава.

г] Вистинска, жива вера, има толку малку во нас, но затоа многумина од нас им робуваат на секојдневните суеверија. Суеверието е суета, празна, лажна вера. И со што ли веќе не, ја заменуваме вистинската вера во Себлагата Проповед Божја. Настојуваме да веруваме во „среќни“ и „несреќни“, „тешки“ и „лесни“ денови, поволни и неповолни периоди. Дури и се колебаме дали да почнеме добро богоугодно дело во некој од „тешките“ денови, не мислејќи дека може да ни се случи утрешниот ден да не го доживееме. Веруваме во секакви соништа, ги толкуваме, гатаме, преплашувајќи се од сновиденијата, во некои од нив гледаме и божемна „пророчка“ смисла, што неретко не води во помрачување на умот и во болест... Не верувајте им на пустите сонови, за да не паднете во прелест страшна болест на духот!

Од суеверието не се раздвојуваме ниту во храмот, држејќи се до него повеќе отколку до вистинското благочестие. И често со своите непотребни коментари го реметиме молитвеното спокојство на луѓето присутни во храмот. Така, на пример, некој измислил дека свеќите смеат да се палат и да се додаваат на друг само со десната рака. [Не би сакал просто ни да го оптеретувам своето памтење со сите подробности поврзани со ваквите верувања]. Се разбира, свеќите треба да се палат и додаваат така што да не се скршат, да не го турнеме човекот кој стои покрај нас и кој во тој момент се осенува со крсниот знак. Исто така, да се воздржиме од палење и додавање свеќи и во најсветлите моменти на богослужбата: да почекаме малку, да ги придржиме за момент во рацете, а потоа тивко да ги запалиме без било какви предрасуди.

Тие суеверија сме ги наследиле од нашите далечни предци многубошци. Да погледнеме на што личат нашите гробови на денот на Света Троица! Да ги погледнеме тие гробови, тие крстови! О, навистина, тоа е црн ден за нашите покојни! Наместо молитва, наместо свеќа и кадење темјан, на гробовите нивни, на тој ден ќе видиме незнабожечки трпези. А нашите покојни на оној свет се мачат во оган од тага и жалост, исто како богатиот од Евангелието кој го молеше Господ да им открие на неговите браќа, кои сè уште се во живот, што ги чека по смртта. Доколку некој од вас на гробовите приредувал гозби, нека појде на гробовите од своите предци и да ги замоли за прошка поради сите оние ужасни страдања кои сме им ги нанеле со нашите неразумни постапки. Никогаш повеќе не правете такво нешто на светите празници, кога целата Црква на колена моли за упокојување на нашите ближни заспани во Господа. Не правете го тој ден мачен за нивните души и не валкајте го. А сега, замолете го Господ за прошка поради својата неразумност. Господи, прости ни нам, грешните!

Се поведуваме по секакви празноверија и сметаме дека во таквите божемни знаци човек не може да не верува, зашто тие се обистинуваат. Преподобниот Серафим Саровски во такви случаи одговарал: „А ти немој да веруваш, па нема да се обистинат“. Господи, прости ни нам грешните!

д] Многу од нас грешат против првата Божја заповед така што од сè извлекуваат разни „значајни“ заклучоци, во сè гледајќи небесни знаци. Тешко грешат пред Господа и оние кои шират секакви гласини: за гладот, поплавите, а некои дури си даваат за право да го проречуваат и точниот датум на крајот на светот. Кој се осмелува да го претскажува она што ни на Ангелите Божји не им е познато, туку само на Небесниот Отец! А доколку ги слушаме тие дрски зборови и претскажувања, и нам ни е тоа грев. Господи, прости ни нам грешните!

ѓ] Против првата заповед тешко грешат и сите оние кои се занимаваат со гатање, баење, сите ѕвездочитачи [астролози] и самонаречени исцелители - сите кои ја напуштиле верата во Божјата сила и кои поверувале во тајните сили на созданијата, особено злите духови, дејствувајќи во сојуз со нив и погубувајќи им ја душата на другите. Ако меѓу нас има и такви грешници, нека се покајат без двоумење, со врели солзи пред лицето Господово!

Оние кои учествуваат во баењето и гатањето, Црквата ги казнува со забрана на општење со Неа [ги одлачува од Причест] во времетраење од дваесет години. Толку им се забранува причестување и на убијците. А оние закоравени, оние кои не сакаат да се обратат на патот на покајанието, Светата Црква и формално ги исклучува од заедницата. Немојте да ја тешите својата совест со тоа што денес сите можат да дојдат во Господовиот храм и да ја примат Чашата на Спасението. Бог не можете да го измамите, иако тоа е можно со луѓето и свештениците. Во почетокот на исповедта, зборувавме за тоа како е можно да се разрешиш себеси од Црквата со своите постапки, макар формално и ден и ноќ да не излегуваш од храмот, затоа што Божјата благодат ќе отстапи од нас. А најстрашниот пример на причестување со Светите Христови Тајни за осуда е причестувањето на предавникот Јуда.

Покајте се пред Лицето Божјо, додека имате време, додека се уште не ве затекнала смртта и додека душата ваша не достигнала меѓу злите демони на коишто им се обраќала и со кои општела во земниот живот. О, колку е тоа страшно! Помислете само: христијанин кој на светото Крштевање се одрекол од сатаната и од сите дела негови, да општи со него! И уште се осмелува да се соединува со Христос, и без должното покајание да и пристапи на Светата Чаша со Пречистата Крв и Светото Тело Христово! О, Господи, до кога ќе не трпиш?

А вие другите немојте да мислите, постојат таму некои грешници, а ние, слава му на Господа, не се занимаваме со баење и гатање?! Ако некој од вас гатал или бил кај бајачи, надрилекари, биоенергетичари, самонаречени исцелители, се лечел кај нив или советувал други да ги посетуваат, а можеби и сам прибегнувал кон баење, настојувајќи некого да „исцели““, не е ништо помалку грешен од самите бајачи и гатачи, зашто ја оставил верата и силата Божја и поверувал во заштита од такви луѓе.

Можеби ќе речете: „Но тој маѓепсник чита молитви и ги осенува болните со крсени знаци!“ Слушнете што рекол св. Јован Златоуст: „Ако таков којшто и Името на Света Троица го повикува, и прибегнува кон застапништво на Светите, и Крстни знаци создава, него треба да го избегнуваме“. Светата Црква таквите луѓе ги разрешува од Причест на пет-шест години. Господи, прости ни нам грешните!

Ние, членовите на Православната Црква, членови на Богочовечкото Тело Христово, можеме да веруваме во Светата Тајна елеосвештение [осветување на елеј, таканаречено масло], кое што црквата го установила токму поради исцелувањето и изгонувањето на секоја болест и немоќ; или во големата светиња - Крстовденска и Богојавленска Вода и во артосот [пасхален леб]. Особено пак во Светата Тајна Причест, во која се соединуваме со Самиот Бог! Но, во тоа слабо веруваме, додека одењето кај гатачи ни се чини посигурно и повредно средство. О, Господи, колку сме безумни, колку сме изгубиле претстава за тоа каде е светлоста, а каде мракот, што е вистина, а што лага! Господи, прости ни нам грешните!

е] Господи, толку сме безумни што се осмелуваме да гатаме и прорекуваме на Светото Евангелие, на Светото Писмо [очекувајќи од отворањето на Светата Книга на среќа да ни донесе одговори на прашањата кои не интересираат], наместо да ги читаме и да учиме од нив за вистините на нашата вера. Наклонети сме кон гледање на карти, во талог од кафе, а можеби некој од нас се занимава и со спиритизам, повикувајќи некакви духови [но очигледно не Светиот Дух] и прашувајќи ги за разни случувања и толкување на судбината. Кајте се пред лицето Господово! Господи, прости ни нам неразумните! Сето ова е неверување во благата Проповед Божја, дрска љубопитност, немање надеж во Господа!

ж] Многу од нас грешат против првата заповед од Божјиот Закон доколку било кого од луѓето го сакаат повеќе од Бога. Некои од нас дури и ќе речат дека „ако тој и тој умре, немам зошто да живеам, сиот мој живот беше негов!“ Во тој човек, значи, а не во Господ, којшто својот живот Го положи за нас! Господи, прости ни нам грешните! А понекогаш можете да чуете и такви зборови: „Повеќе ги сакаш животните отколку луѓето.“ О, какво безумие! Додуша, напишано е: „блажен, иже скоти милујет“, но да се врзуваме со сето свое срце за животните е грев. Кој има таков грев, нека се кае пред Господа!

з] Во грев против првата заповед од Законот Божји спаѓа и човекоугодништвото и полагањето на сета своја надеж на луѓето. Толку е страшно и гнасно пред Бога човекоугодништвото, притворството, ласкањето, што во Светото Писмо се вели дека од човековото ласкање му се гади на Самиот Господ. Имено, „со своите зборови ние ги доведуваме во заблуда оние на кои им ласкаме и со своите пофалби навлекуваме проклетство на оние кои ги величиме, станувајќи виновници за нивната вечна осуда, поради заблудата во која сме ги вовеле лековерните луѓе, наклонети да поверуваат на нашето ласкање“, -напишал свети Василиј Велики.

Можеби некој од вас толку му угодува на човекот што од него создава Бог. Денес, дури и мајките се наклонети да ползат пред своите деца и безмерно да им угодуваат, занемарувајќи го својот долг пред Бога. Во неделниот ден, должни сме да појдеме во храмот, но се случува во посета да ни дојдат веќе пораснатите деца, и мајката, за да ги задоволи, би останала дома, иако не би постоеле некакви лоши последици во семејните односи доколку на два часа би отишла на богослужба. Вразумете се, доколу тоа се случува ретко или во некоја исклучителна пригода, тогаш, од љубов кон нив, тоа никако не би било грев. Но, тоа се повторува од недела во недела и нашите храмови, особено по селата, остануваат празни во неделниот ден, но не затоа што наоколу се населени безбожници, туку затоа што не умееме да живееме како христијани! Зар нема мајката да биде достојна за уште поголемо внимание и уважување, ако децата знаат дека таа за нив се би сторила, но во неделниот ден и таа има право два-три часа да отиде до Црквата. О, Господи, прости ни!

Гревот на надевање во луѓето се состои и во тоа што сме наклонети да се потпираме на себе и на своите сили, т.е. на своите молитви, пости, различни подвизи, своите добри дела, бил тие да се реални или замислени, потполно заборавајќи дека само по благодатта Божја можеме да се спасиме. Или полагаме повеќе надеж во некој од луѓето отколку во Господ; со тоа ние всушност го отфрламе Бога и прибегнуваме кон Неговата помош само доколку сме ги испробале сите други средства. Не сме кадарни ни да претпоставиме колку е тежок тој грев и каков гнев Божји наведува врз нас.

„Проклет да е секој“, говореше Господ преку пророкот Јеремија, -„кој се надева на човек!“ Господи, прости ни, зашто не бевме свесни дека со ова врз себе го навлековме Твоето проклетство! Да се покаеме пред лицето Господово!

На крај, нашата трета обврска која произлегува од првата заповед на Божјиот Закон, е постојано да Му угодуваме на Бога, да Му служиме со молитва во храмот и во домот, уредно да си ги извршуваме христијанските обврски и да настојуваме да ги исполнуваме сите Негови заповеди.

Господи! Згрешивме сите до еден пред Тебе, со тоа што го оставивме нашето домашно молитвено правило, што бевме невнимателни и немарни кон својот живот. О, смееме ли да се соочиме со себе!

Кој од вас, станувајќи наутро, си поставува себеси за цел, целиот тој ден да Му угодува на Господ, исполнувајќи ги Неговите заповеди? Колку е тоа далеку од нас, Господи! И доколку застанеме да прочитаме молитви, нашите мисли се далеку од нив, потполно сме натажени во секојдневни грижи, и малкумина од нас би помислиле: “Јас сум христијанин; денес можат да ми се случат вакви или онакви околности, и нека ми даде Господ со Негова помош да го проживеам денешниот ден свето, мирно и безгрешно! Имаме ли такви благочестиви мисли"! О, не. Само што ќе ги отвориме очите, сè не раздразнува и гневи: од рано утро викаме на мајка си, која станала еден час пред нас за да ни помогне да се подготвиме за на работа; или одиме по собата како рисови, криејќи го погледот од соседот, или го цедиме поздравот низ забите, или трескаме врати, викаме на децата кои можеби и сакаат нешто иако знаеме дека сме ги разбудиле во раните зори за да ги одведеме во градинка или на училиште, а на нив толку многу им се спие! Потоа, ако живееме во голем град, влегуваме во преполн автобус или трамвај каде што сосема го губиме својот човечки лик и достоинство! Овде така ќе се гневиме, ќе се туркаме како побеснети, ќе изговараме секакви пцости, грди и непристојни зборови, како околу нас сите да се наши смртни непријатели. Не сме подготвени да ја издржиме и најмалата непријатност и неудобност. Ете како, Себлаг Господи, го започнуваме секој ден кој си ни го подарил. Господи, смилувај ни се нам грешните!

Втора Божја Заповед

“Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог Твој“.

Ова значи: не прави за себе идол, немој да го резбариш во дрво ниту да го делкаш во камен, излеваш во бронза, железо, сребро или злато, и од ништо не прави за себе идол и немој да му се поклонуваш како на Бога. Слава му на Бога, меѓу нас христијаните, такво нешто не може да се сретне, и би се рекло дека на прв поглед никој не греши против втората заповед од Законот Божји. Но, дали е тоа навистина така? Зарем нашите страсти не се исто така идоли на кои им се поклонуваме сиот живот? Слушнете што за ова вели Апостол Павле:

„Нивниот Бог е стомакот“ [Филип. 4, 19]. Зарем не се однесуваат на нас овие зборови од Божествениот Апостол? Да, точно за нас е напишано вака! Наклонети сме да му служиме на стомакот и воопшто на телото повеќе отколку на Бога. И премногу време и енергија трошиме на грижата околу храната, но не за лебот насушен, туку за она со што би можеле да си го почестиме својот стомак, да му причиниме задоволство на своето тело.

Силни со часови стоиме во редови за да купиме нешто слатко, а особено некаква облека или обувки, за потоа да се жалиме како не ни останува време ниту сила за молитва и за читање на Христовото Евангелие. Господи, прости ни нам грешните!

Колку овде присутни браќа и сестри можат да кажат дека постот го дочекуваат со радост? А можеби некои од нас воопшто и не почитуваат пости, немајќи волја, макар и на кратко, да го скротат својот стомак? Кајте се пред лицето Господово! Господи, смилувај се на нас!

Друг страшен идол под чиишто нозе се фрлени толку човечки души, поради кои пропаднале безброј многу таленти и способности, поради кој се пролеани и непрестајно се леат горки солзи на мајките, татковците, браќата, сестрите и децата е пијанството. Тука нема да зборуваме за сите безбројни несреќи кои се последица на пијанствата. Веројатно многу од вас не се пијаници, но не ви се случило ли кога сте на гости, на некоја прослава или во било која друга пригода да се напиете повеќе отколку што доликува?

Господи, прости ни нам грешните! Покајте се пред Господа!

И уште пострашно е ако некого сме наговориле да пие или сме му помогнале во пијанството. Можеби на некој од нас му се случило, на човек кој е наклонет кон пиење да му донесе вино или ракија, криејќи од неговите роднини или од началникот. Можеби сте му позајмувале на пијаница пари скришно од неговото семејство. Денес често може да се слушне дека шише виски или шише ракија ги отвара сите врати. Но зар на нас, христијаните, на нас кои знаеме какво зло му донесува на пијаницата тоа шише виски или ракија, совеста никогаш не ни кажала дека правиме грев? Господи, смилувај се на нас грешните! Речиси сите сме ги наведувале своите ближни на овој страшен грев!

Така сме му донеле на човек ракија, тој ќе ја испие, и губејќи го разумот, ќе хули на Бога, ќе ја претепа својата жена, ќе удира по децата, можеби и ќе убие некого, а неговиот грев ќе лежи и на нас како соучесници во злосторството.

Третиот идол на кој му служиме е страста на стекнувањето, односно ненаситната желба да имаме се во што поголемо изобилство. Господи! Од оваа страст боледуваме сите. Нашето срце е разбранувано и збунето поради страста на стекнување и тоа не само за неопходните нешта. Мебелот ни е се уште добар, ама нам ни текнало да купиме нов модерен регал, ормар, кауч. Или имаме сосем доволно облека, но ние наголемуваме нови нешта, ги полниме со нив своите ормари и куфери, заборавајќи ги Христовите зборови дека кој има две кошули, треба едната да му ја даде на својот брат. Господи, прости ни нам грешните!

Можеби некој од нас собира пари заради парите, или, сомневајќи се во Себлагата Божја Промисла, остава пари за „црни денови“? Покајте се пред Господа! Побрзајте тој идол, таа наша заштеда да ја употребиме за добри дела. Поради тоа што тој зол идол на стекнување ја изгонува молитвата -сетете се колку пати додека стоите во храмот ви се случувало, дури и кога Црквата повикува за време на Светата Литургија да ги оставиме сите животни грижи, да мислите на различни суетни планови за достигнување на минливи житејски цели. Прости ни нам, Господи!

Користољубивоста ги приковала нашите срца за земјата. Во нашите домови внесуваме секакви непотребни предмети, се тресеме и трепериме над секое крпче, не можеме дури и да го наброиме сето она за што сме приврзани! Тоа е и облеката, и мебелот, и садовите, и обувките, и книгите и цвеќињата, И залихите на прехрамбени производи [потоа сето тоа иструлува, го напаѓаат молци, мувлосува и станува сосема неупотребливо и бескорисно]. Таа страст се појавува дури и во односот на свештените нешта како што се просфори, антидор, артос, светена вода, многу од нас ги собираат овие светињи како сувенири, наместо да ги употребат со страв Божји и да се вознесат во молитва кон Господа. А потоа тоа се ужегнува и црвјосува, па сме принудени да ја запалиме светињата, а некои од нас се дрзнуваат дури и да ја исфрлат. Господи, прости ни нам грешните! И така, опкружувајќи се со сета таа силесија на нештата, им стануваме нивни робови. Размислете колку време ви поминува во бришење на прашина, па во преместување на сите тие нешта што се сосема непотребни за еден христијанин. Зарем може да ни е до молитва кон вистинскиот Бог, кога така сме се натажиле во служењето на идолот на стекнување? Четвртиот идол на когошто му служиме, исто така со голема усрдност, е гордоста. Гордиот човек сам од себе прави идол, вознесувајќи се и обожавајќи се себеси над сè. Сите ние христијаните, кои често одиме во Божјите храмови, мислиме дека оваа душегубна страст е далеку од нас. Наклонети сме за себе да мислиме дека сме смирени и кротки луѓе. Да се обидеме сега да ја испитаме својата совест пред Крстот и Евангелието. Како што дрвото се познава по плодовите, така и гордоста се познава по нашите дела. Нели се стреми секој од нас кон чест, слава и пофалба? Веројатно сега многу од вас мислат: „Не, мене не ми е ниту до почести, ниту до слава, ниту пак човечките пофалби ми значат нешто...“. А зошто тогаш не сте во состојба мирно да примите, да истрпите, да не се навредите и разгневите ако било кој ве прекори или ви замери за било што?! Тоа доаѓа оттаму, што секој од нас во душата смета дека е некој и нешто, и тоа дека не е „некој без значење“, како што тоа го кажал свети Теофан Затворник. Колку сме смирени на збор! Ние ништо не знаеме, ништо не умееме, сиромашни сме духовно и не умееме да се молиме. А ако некој, дури и во најдобра намера, на наша корист, ни укаже на нашето незнаење или неспособност, па и ако уште ни одземе некоја работа затоа што за неа не сме способни, тогаш маската на нашето смирение паѓа, и ние се навредуваме, мрмориме, негодуваме, се гневиме: „Во што сум јас полош од другите? Мене никој не ме разбира, сите без повод ме презираат и навредуваат, па јас такво нешто не заслужувам!“ Еве така се покажува нашата безмерна гордост. Господи, прости ни нам грешните!

Сите ние сакаме да ги поучуваме другите, да им укажуваме како треба да постапуваат, да се мешаме во туѓи работи, вообразувајќи се дека сме далеку попаметни и поразумни од другите. А некои без срам се фалат:

„Направив тоа и тоа, постапив така и така, и тоа никој не е кадар да го направи како јас“. Господи, прости ни го безумието наше!

Исто така, поради гордоста не сме подготвени никому да му се потчиниме, никого да послушаме, дури ни оние кон кои имаме таква обврска: не ги слушаме родителите кои нè воспитале, не ги извршуваме налозите на началникот, тешко ги усвојуваме дури и основните норми на граѓанско однесување. Што за нас значи било кој авторитет, кога ние држиме само до своето мислење, кога секогаш инсистираме на она што сме го кажале. А ако некој ја повреди нашата суета, не сме кадарни да премолчиме, да се воздржиме, макар заради надворешното смирение, туку ќе ја докажуваме својата исправност се додека нашиот збор не остане последен! Дури и после тоа нема така лесно да се помириме, туку се ќе ни биде криво што уште тоа не сме го рекле, требаше уште многу нешта да му се кажат на оној кој се осмелил да ни приговори. Еве, тоа е нашата гордост, нашиот идол. А советите и прекорите, дури и доколку ни ги упатил нашиот духовен отец или некој од нашите најблиски и роднини, тешко ги поднесуваме. За ова би можело бескрајно многу да се говори. Сите страдаме од големиот грев на гордоста, градиме идол од самите себе, заборавајќи дека се што е добро во нас не е наше, туку Божјо. „Не е наша славата и пофалбата, туку на Името Твое, Господи!“ Мораме да си признаеме дека размислуваме и постапуваме на сосема друг начин: „Слава и фала на мене, на мојот господин, јас!“ Тешко е и страшно сето тоа, затоа што ,,Бог им се противи на гордите, а на смирените им дарува благодат“.

Господи, прости ни нам грешните!

Господи! Потчинети сме и на суетата, на штетната, празнаи и ненадејна слава. Суетниот човек, иако тоа сам не го забележува, во својата душа непрестајно “труби пред себе", Свети Јован Лествичник секој суетен христијанин го нарекува идолопоклоник, Суетата е толку одвратен и перфиден облик на духовна гордост, што е присутна кај речиси секое добро дело. Да слушнеме што за тој грев вели свети Јован Лествичник, за да се покаеме пред Господа, препознавајќи се за себе и своета суета во неговите описи. Кога, да речеме, држам пост, ме обзема суета, и кога го сокривам постот од другите, се разрешувам од употребата на мрсна храна, пак сум потчинет на суетата на благоразумието. Облекувајќи се во светла облека, повторно сум суетен, честољубив, а кога ќе се облечам во скромна облека, еве ја пак суетата. Ја отворам ли устата да кажам било што, ме победува суетата. „Ќе посакам ли да молчам, таа повторно ме победува. Како и да ја поставам оваа бодликава страст, нејзините убоди се секогаш вперени кон мене!“ Господи, прости ни нам, зашто сите сме потчинети на оваа страст! А што е храната на гордоста? Човечката пофалба! О, колку ни е мило кога не фалат луѓето, и доколку и малку се посрамиме кога нè фалат во очи, сепак на нашето самоубие му е толку пријатно да нè фалат зад грб и за нас да мислат сè најдобро.

На темелот на самољубието израснува уште една страст лицемерието, односно стремежот да се претставиме како благочестиви луѓе, иако во суштина не сме такви. Можеби од користољубие сме правеле добри дела за да не фалат луѓето -таквите дела не само што не донесуваат никаква корист, туку ни навлекуваат и нам гнев и Божја осуда: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери“ - еве како говореше Господ со Своите Пречисти Усни за таквите луѓе. Можеме да облечеме црна облека, можеме да правиме метании додека не се препотиме, можеме сето свое богатство да им го раздадеме на сиромасите, но ако тоа го правиме за да не фалат луѓето или дури и самите да се насладуваме во мислите за својата благочестивост, за својата душа нема да придобиеме ни најмала корист Подобра е и најмала жртва, најскромна милостина, или прилог да дадеме заради исполнување на Христовата заповед.

„Кој проси од тебе, не одрекувај му““, и во тајност, подобри се кратките молитви кои ги принесуваме на Господа од срце, отколку оние кои ги правиме за да ие видат луѓето, подобра е една солза на покајание која ќе ја види само нашиот Небесен Отец, отколку лицемерното милосрдие и други „подвизи“.

Има уште еден идол на кого му служиме повеќе отколку ва Вистинскиот Бог, на кого му се поклонуваме, простувајќи си го тој грев и оправдувајќи се себеси тоа е соживување со духот на времето. Често ги нарушуваме Божјите заповеди и се оглушуваме од заповедите на Црквата, оправдувајќи се дека „денес сите така прават“. Испитајте ја својата совест, нели е оптеретена и со овој грев? Господи, смилувај ни се нам грешните и прости ни!

Трета Божја Заповед

“Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог"

1. Господи, сите сме згрешиле против оваа заповед, а не сме ни свесни какви сè страшни злодела сме направиле! Секој од нас би бил ужаснат ако му кажат дека е богохулен. Во нашата претстава богохулниците се тешки неверници. Ние, луѓето верници, редовно одиме во Црква, на Бога му се молиме, им пристапуваме на Светите Тајни... Но сепак, сите сме богохулници, затоа што:

а] Во несреќите и болестите му плачеме на Бога, осудувајќи ја неговата Божја Промисла и Неговата волја.

б] Има меѓу нас, малодушните христијани, и такви кои без дозвола, немајќи доволно смирение и трпеливост да поднесат некоја неволја, отворено ќе кажат дека нема Бог, а ако тоа не го кажат, можно е така да помислат. Покајте се со горки солзи поради своите богохулни зборови!

в] Можеби некој од вас имал смелост да го обвинува Бога, затоа што Он на луѓето им допушта гревови. „Зарем сум јас виновна што имам таков карактер, па јас така се однесувам од раѓање...“ или „кога би постоел Бог, зарем Он ќе допушти војни, грабежи, убиства, смрт на деца и млади луѓе“ и слично. И зарем е можно такви зборови и мисли да ги обземаат христијаните? Господи, прости ни нам, на jавните богохулници!

2. Има меѓу нас и такви маловерни христијани, кои, искушувајќи го Господ, зборуваат во своето безумие: „Ако постоиш, Господи, ако Те има, Боже, исполни ја таа и таа моја желба, а ако тоа не се случи, значи дека Те нема!“ И сето тоа може да се слушне од устата не само на луѓето кои штотуку ѝ пристапуваат на верата, туку и од оние кои за себе сметаат дека се големи христијани! Господи, прости ни нам грешните!

Така ние почнуваме да наликуваме на оние хулници, кои на Голготата го нагрдувале Распнатиот на Крст Христос Господ. Потсетете се на оној неразумен разбојник кој беше распнат заедно со Христос: „Ако си ти навистина Христос, спаси се Себеси и нас“, Ако било кој меѓу вас се осмелил така дрско да Му се обрати на Господа, нека се покае со горки солзи, плачејќи: „Господи, прости ни нам богохулните!“

3. Господи, ние постојано грешиме употребувајќи го Твоето име во празни разговори, речиси како фраза без потреба и без стравопочит, во шега, во непристојни игри и песни, па и во пцости. Во слични моменти се осмелуваме да го употребуваме и името на Пресветата Владичица наша Богородица, на Ангелите, Светителите и Божјите Угодници.

Стушнете еден мал безбожнички разговор. Тој е полн со спомнување на Бога или злите сили. Но тие се безбожници, ним тоа навистина им служи како фраза. А по што нашиот говор се разликува од безбожничкото празнословие? Ние исто така без стравоночит секој час го земаме во устата Името Божјо, на Пречистата Негова Мајка и светите Божуји Угодници. И да е тоа сè! Се осмелуваме и да се колнеме во Името Господово или дури заколнувајќи се, да прикриеме безочна лага. И како само без страв смееме да правиме такво нешто пред Севидливото Око Божјо! Господи, помилуј не, грешните!

Ако досега не нè стигнала казната Божја, тоа е само поради долготрпението Божјо. Покајте се сите кои сте се колнеле со својот живот, здравје или во своите деца. Покајте се и вие кои со упорно неповерение сте принудиле некого да се заколне или пак, не дај Боже, сте барале од некого таква заклетва? Некои од нас, исто така, честопати употребувале зборови од молитвите, од Светото Евангелие, од Апостолските Посланија во шеги. Можеби некој ги исмејувал свештениците или ги предизвикувал - тоа исто така е богохулство.

Вие кои читате или пеете во храмот за време на богослужбата, дали секогаш сте биле внимателни? Понекогаш се случува само еден збор да се прочита или отпее неправилно, а смислата на реченицата и молитвословието до таа мера да се искриви, што наместо славословие добиваме хулење, па иако се случило случајно, сепак е страшно, поради тоа што хулењето е изговорено гласно во храмот, на богослужба. Господи, прости ни нам злобните и празнословните богохулници!

4. Сите ние, без исклучок, сме грешеле против третата заповед со невнимателна молитва. Можно е да отстоиме во храмот за време на сите богослужби во текот на денот, можно е да се прочитаат сите молитви од утринското и вечерното правило, а сепак да не се помолиме искрено, туку само да згрешиме изговарајќи го напразно името на Господ Бог. Секако, срдечната молитва, односно молитва во која се нажалуваме со својата душа е дар од Господа на оној кој се труди во молитвениот подвиг. Должни сме да пазиме и стражариме над себеси и со најголемо внимание да се концентрираме на молитвата, да се принудуваме на тоа, а мислите кои се расејуваат да ги враќаме кон зборовите од молитвата.

Кога ќе дојдеме во Манастир или Црква, непрестајно пребиваме во храмот, се замислуваме себеси како големи молитвеници. А можеби домашната молитва, во храмовите на нашите срца, некој акатист што полека ќе го прочитаме, побргу ќе дојде до Господа. Внимавајте на себе! И покајте се пред Господа за својата немарност и несовршеност во молитвата. Господи, прости ни нам грешните!

5. Господи, оглушувајќи се на Твојата заповед, стануваме и заклетво-престапници. Колку пати сме заборавале на заклетвите и заветите кои сме ги дале пред Крстот и Евангелието. Така, во моментот на Крштевањето сме се одрекле од сатаната и сите негови дела и сме ветиле, соединувајќи се со Христос, дека ќе Му служиме со сиот свој живот. Колку пати сме се оглушиле на тоа ветување?! Господи, прости ни нам грешните! Приоѓајќи му на Крстот и Евангелието за време на Исповедта, колку ли само пати сме давале ветувања пред Господа дека ќе ги прекинеме своите грешни навики? И еве не сега повторно, со раце и нозе оковани од страстите и гревовните навики?! Сфаќаме ли ние воопшто дека сме ја нарушиле заклетвата која сме му ја дале на Господа во светата Тајна Покајание? Навистина, „исполнет со страсти, Ти ветив, о Исусе мој, дека ќе се покајам со сета душа, но невистина изговорив јас, сејадниот“ [Седма песна од Канонот на Исус Најслаткиот]. Прости ни нам, Господи!

Дали вие монасите, кои положивте завети пред Чесниот Крст и Христовото Евангелие, го одржавте во чистота сето она со што му се заколнавте на Господа? Каде и да живее човек и во какви и да е околности, доколку дал монашки завети, должен е да им се придржува. Доколку ги наруши, тој е заклетвопрестапник. Господи, прости ни нам грешните!

И ние, свештенослужителите, примајќи духовен чин, се заколнуваме пред Бога дека нашето свештеничко служење секогаш ќе биде согласно со Словото Божјо, со Правилата востановени од Светите Отци и со препорака на црковните власти [епископи]; но ние, поради немоќта на нашата природа, не се држиме до заклетвата која сме му ја дале на Бога. А кога му даваме завет на Бога дека нешто ќе исполниме, и доколку Он ни помогне, па потоа, штом ќе замине неволјата, ние го заборавиме тоа и почнеме да го одложуваме исполнувањето на заветите, за нас исто така е голем грев. Подобро ништо не му ветувајте на Господа, а доколку веќе сте се заветувале, без колебање исполнете го сето она со што сте се заколнале. Без колебање, во првата пригода исполнете сè за што сте се заветувале и чувајте се за да не се заветувате повторно.

6. Испитајте ја својата совест дали сте се срамеле пред луѓето оддалечени од Црквата да се покажете побожни и воопшто да ја исповедате својата христијанска вера. Можеби, бивајќи малодушни, сте биле иронични кон благочестивите и побожни луѓе: „Види ти колку таа настојува да оди во Црква! Глуми некоја светица!“ Да не сте изговарале слични злобни зборови или сте имале слични нечисти помисли? Господи, прости ни нам грешните! Можеби на исповедта сте ги осудувале оние кои подолго се задржуваат во исповедалната, немајќи трпение да го дочекате својот ред и не знаејќи како треба да се исповедате. А кој вам ви забранува и што вам ви пречи внимателно да размислите за својот живот, темелно да се подготвите за исповед и да ги исповедате своите гревови пред свештеникот по ред и како што треба? Тоа воопшто не е наша работа, причестувањето е дело на совеста на секој човек и неговиот духовник или свештеник кој исповеда. Кои сме ние да знаеме кој достојно, а кој недостојно се причестува со Светите Христови Тајни?

7. Подобро е да не ги осудувате другите кои често се причестуваат и исповедаат, туку да ја испитате својата совест. Речиси сите сме грешни поради невнимателно подготвување за исповед и за Света Причест.

Животот на христијанинот е благодатен живот, живот во општење во непрекината заедница со Господ. Најинтимното и најделотворно општење со Христос е преку причестувањето со Светињите на Телото и Крвта на нашиот Господ Исус Христос. „Јас сум Лебот на Животот“, рече Господ, „кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв, во Мене живее и Јас во него“. Причестувањето со Светите Христови Тајни е благодатен источник на зачувувањето и јакнењето на нашиот духовен живот. Поради тоа, од самиот почеток, вистинските ревнители на благочестивиот живот како најголемо добро пред заедницата ги истакнувале Крвта и Телото Господови. Но, мораме да знаеме дека Господ е источник на животот, Кој ги оживува сите кои достојно се причестуваат, но исто така е и оган кој ги изгорува недостојните. Поради ова, не смееме да бидеме лекомислени и невнимателни. Кој достојно се причестува, има предвкусување на вечниот живот, а кој недостојно предвкусување на смртта. Иако таа смрт нема да настапи видливо, но невидливо ќе го зафати човековиот дух и срце.

Немојте да мислите дека не сме во состојба достојно да се подготвиме за Светата Причест. Должни сме од своја страна да ги вложиме сите свои напори во подготовката, а на Причеста да и пристапиме со “со смирено сознание за својата сегрешност". [Преподобен Серафим Саровски]. Во спротивно, нашата умислена достојност ќе ја истера Божјата благодат, како што димот ги истерува пчелите.

Во што, тогаш, се состои подготовката за Света Причест? Слушнете што велат за тоа црковните канони: „Ако некој сака да се причести со Светите Христови Тајни, должен е да се чува цела недела, почнувајќи од понеделник, да живее во пост и молитва, да биде во совршена трезвеност, и тогаш со страв Божји да биде удостоен за примањето на Пречистите Тајни“ [Tипик].

Многумина од нас, поради немоќ или оптеретување со животни грижи и различни околности, честопати не се во состојба цела недела да ја поминат во пост и молитва.

Но, во било кој случај, барем два-три дена пост мора да се одржат.

Наспроти денот кога треба да ја примиме Светата Причест, би било пожелно да отидеме во храмот на вечерна богослужба. Оној претходен ден кога се подготвуваме за Причест, после полноќ не смееме ништо да ставиме во уста, ништо да не пиеме или јадеме. Тоа се однесува и на лекови, па дури и на светата вода. Доколку некој го има порокот пушење, не би смеел пред причестувањето да jа обесчести својата уста со цигара.

Неопходно е и својата душа да ја подготвиме за Светата Тајна Покајание и Исповед и за Света Причест. Прочитајте го дома молитвеното правило пред Светата Причест. Кој нема молитвеник, нека се потруди да го набави или препише. А ако не може да чита или слабо гледа, или нема услови да прочита правилно, нека се погрижи со скрушено срце често да ја изговара Исусовата молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“. А во храмот внимателно да ги сослушаме молитвите кои се читаат пред причестувањето. Така, секој според својата сила и услови, ќе ја подготвиме својата душа за во неа да влезе Големиот Гостин. Пред Светата Причест се пристапува и кон Светата Тајна Покајание. Многу од нас сè уште не умеат да се кајат, и дури се оправдуваат велејќи: “Не знам како да се исповедам!" Па зарем не ги познаваш Божјите заповеди? Повеќето имаат слушнато за нив! Кој подобро од самиот човек ги познава своите дела, своите помисли и чувства? Потребно е само да се потрудите дома, да се концентрираме, да ја испитаме својата совест, да го согледаме својот живот -дали живееме онака како што заповедал Господ?

Дома, пред лицето на Господа, размислете за својот живот и за тоа колку и како сте ја нарушувале Божјата волја. Испитајте ја својата совест: „Како се однесувам со своите ближни во семејството, со соработниците на работа, на улица, во храмот, во продавницата, во возот, во автобус? Какви мисли ме обземаат, кои интересирања ме привлекуваат, каква е содржината на моите разговори со луѓето кои ме опкружуваат? Дали моето однесување е во хармонија со она што Господ го сака од мене како христијанин?“ Ако се навикнеш на такво самоиспитување, на таква самоанализа, ќе станеш свесен за таква гревовна бездна во својата душа, што нема да ти падне на памет да ги осудуваш оние кои се исповедаат долго и често се причестуваат. Нема воопшто да ти биде до тоа.

Господи, помогни ни да научиме да се каеме!

Четврта Божја Заповед

Памти го денот за одмор, за да го празнуваш. Шест дена работи и сврши ги во нив сите работи свои, а седмиот ден е одмор на Господа, твојот Бог“

И оваа заповед сме наклонети да не ја почитуваме, оглушувајќи се на неа без размислување и без свест за направениот грев, па затоа и без покајание.

Да се обидеме сега да продреме во смислата на оваа заповед, да зирнеме во својата душа, и ако најдеме гревови и прегрешенија против неа, да Му го принесеме на Господа своето срдечно и искрено покајание.

Прво, оваа заповед ни наложува чесно да работиме шест дена. Да, сите ние кои сме способни за работа работиме. Но како? На првиот работен ден во неделата во нас се јавува некаква намуртеност и зловолие. “Ах, утре повторно на работа!.."" Како што ќе дојдеме на работа, наместо во мислите свои да го повикаме Својот Господ и да испросиме од Него благослов за претстојната седмица, обично нè обзема банална мисла: “Кога повторно ќе дојде сабота... Кога веќе еднаш ќе одам на одмор.... во пензија..." Ако има доста работа, не сме расположени, намуртени сме, сè нешто воздивнуваме и се жалиме. На сите можни начини се трудиме што е можно повеќе од работното време, значи она време за кое примаме плата, да го одвоиме за своите приватни работи или за празни разговори со колегите. Не работиме онака како што ни наложува совеста, туку само толку колку да не предизвикаме незадоволство кај претпоставените, да не нè повикаат на одговорност, и да не ни е срам на денот кога се дели плата да земеме пари „заработени“ на овој начин! О, Господи, па ние се осмелуваме и да се гневиме што ни е мала платата, што не сме добиле унапредување на службата... А ако некој, дури и претпоставениот, нè укори дека не работиме како што треба, веднаш се навредуваме, тука се солзите, хистеријата, секакви грубости и дрски зборови кон оној кој се осмелил да ни приговори, а потоа наведуваме примери за другите кои, по наше мислење, работат уште полошо од нас.

Можеби на некого меѓу вас му се случило да оговара или да се потсмева на своите колеги кои ги завршуваат своите работи совесно и трудоњубиво, да им префрламе за нивниот божемен кариеризам, желбата да се додворуваат на началникот. А можеби некој и своите тешки, слабо платени работи им ги подметнувал на другите? Нека се покае секој кој ќе се препознае во овие постапки и овие зборови! Господи, прости ни нам грешните!

Срамно е и недостојно за себе да сметаме дека сме Христијани со таков однос кон работата за која добиваме пари за лебот наш насушен. И уште нешто: дали некој меѓу нас ги запоставува своите службени должности, под изговор дека мора да оди во црква? Дали некој има земано боледување за да оди на поклонички патувања? Ако било кој така постапил, нека се покае за измамување на началникот. Но, има и такви кои, кога доаѓаат да се поклонат на светите места, самоволно одлучуваат да останат подолго од што им е дозволено, просејќи благослов од свештеникот и така искушувајќи го и свештенослужителот и Бога. Нека се покајат сите кои на тој начин згрешиле пред Господа! Господи, помилуј не нас грешните!

Веројатно меѓу вас кои сте овде присутни има и такви Христијани, кои ги избегнуваат своите обврски, со изговор дека се наоѓаат во божемна болест, но пред Господа ништо не може да се сокрие. Со симулирање на болест, можете да ги измамите луѓето И лекарската комисија, но пред Господа ништо не може да се скрие!

Црквата никаде не го благословила неработењето. “Кој не сака да работи, не треба ни да јаде", тоа се зборовите на светиот апостол Павле, упатени кон првите христијани. Нека се покајат сите кои ги укорува совеста и без колебање нека го изменат својот живот од корен.

Има и такви Христијани, кои не само што самите не работат, туку ги осудуваат и оние кои заработуваат за својот живот и обезбедуваат пензија за старост преку работен однос. Ги осудуваат, а самите, без грижа на совест, се издржуваат од милостината и помошта на таквите вработени луѓе, луѓе зафатени со работи кои овие ги нарекуваат „ѓаволски“ во своето безумие:

Покајте се, доколку меѓу вас има такви грешници! А вие, монаси и искушеници, вие кои се подвизувате во манастирите, дали секое доверено послушание го вршите со радост, со најголема љубов и срдечност? Можеби роптате на своите старешини, кои ви доделиле такво послушание, можеби ги одбивате послушанијата поради гордост, желбата за одмор, или од инает? Можеби сметате дека послушанието кое ви е доверено на вас е понижувачко? Покајте се пред Лицето Господово, доколку во вашиот монашки живот има такви престапи и прегрешенија.

Господи, прости ни нам неразумните!

А како го поминуваме седмиот ден, денот за одмор, неделата и празничните денови, кои сме должни да му ги посветиме на Господа? Одамна, Господи, сме заборавиле на тие денови, одамна сме се потопиле во бурата на секојдневниот живот, грижи и работи. Никако да се оддалечиме макар и малку од тие грижи и домашни работи, кои сето наше време го одземаат и сета наша сила ја претвораат во прав. Некако постојано брзаме, немаме време за ништо, а особено не за молитва и за добри дела.

Кој меѓу нас уредно и внимателно ги исполнува утрешното и вечерното молитвено правило? Господи, прости ни нам грешните, нам кои што никогаш не наоѓаме време за тоа!

А дали некогаш сте помислиле дека, доколку, да речеме, секое утро жртвувате по половина час за читање молитва, една глава од Евангелието и Посланието на Светите Апостоли, добивате духовна сила и бодрост која нема да ве напушти преку целиот ден? И вашите дела кои ќе ги започнете полесно ќе ги завршувате, и подобри идеи и решенија ќе ви паѓаат на ум, и ќе најдете луѓе со волја да ви помогнат само е потребно наутро да просите милост и благослов од Господа. Исто така, навечер и пред да отидете на спиење: 20-30 минути молитва ќе биде доволно за да ви прати Господ лесен сон, одмор кој ќе ви ја врати силата. Освен тоа, кој од вас може да биде сигурен дека, тргнувајќи на привремен одмор, нема да сони вечен сон? Свети Јован Дамаскин во една од молитвите од секојдневното вечерно правило извикува: „Човекоубив Господару, нема ли оваа постела да ми биде гроб или душата моја бедна уште ќе ја осветлуваш со ден?“

Господи, прости ни нам грешните!

Бура од работа и грижи нè дават, и нема сеќавање за смртта во нашите души. Обидете се барем еден ден во неделата својата душа да ја оттргнете од таа луда трка. Подарете му го „седмиот ден“ на Господа, по Неговата заповед! И набргу ќе се уверите колку животот ви станал посреќен. Господ ќе ги благослови сите дела и сите наши трудови, и Неговиот благослов ќе почива на вашето семејство, дом, на целокупното ваше земно делување.

А за сите оглушувања на Твојата заповед, Господи прости ни!

А доколку не работиме во недела и на празнични денови, грешиме така што нè мрзи да одиме во Господовиот храм на Света Литургија. А дали сте знаеле дека 80-то правило на Шестиот Вселенски Собор гласи: „Ако... мирјанинот, немајќи никаква неопходна потреба и не бивајќи во тоа спречен... во текот на три неделни дни... не дојде на црковно собрание - да се одлачи од заедницата", т.е. да биде одлачен од Црквата. О, Господи, прости ги нашите гревови!

Многу од нас сега се тешат мислејќи: “Ние редовно одиме во црква, не само во недела и во другите денови". И не дека не одиме, туку како се однесуваме во храмот?

Господи, прости ни нам сегрешните!

Без страв Божји и најголемо богопочитување влегуваме во храмот Господов. Се туркаме, се притискаме, негодуваме, се навредуваме едни со други, па дури и физички се допираме со некој во храмот. Луѓе, дојдете при себе, знаете ли што правите!

Секој храм има свој Ангел Чувар, свој небесен заштитник, кој на невидлива хартија го запишува однесувањето на сите присутни. Храмот е место каде што пребива Господ, небо на земјата! Со каков само страв Божји и душевен трепет сме должни да влегуваме во храмот, затоа што сме големи грешници, и како сме должни да пазиме на себе на светото место! А како ние се однесуваме на светото место? Еве некои примери кои сведочат за нашето поразително непочитување на храмот: Многу парохјани кои постојано доаѓаат во еден одреден храм, поради нешто сметаат дека во храмот им припаѓа некое посебно, само нивно, купено место. И замислете само како постапувате кога ќе дојдете во својот парохиски храм, а вашето место веќе го заземал некој друг, некој кој на служба дошол пред вас! Зарем е можно навистина да мислите дека, доколку му замерите или му приговорите на тој човек, доколку го истерате од божемски “вашето" место, а потоа и со косата на главата да го избришете храмовиот под правејќи метании, вашата молитва ќе стигне до престолот Господов? Знајте дека освен грев ништо нема да постигнете со тоа што ќе сметате на некое “свое" место во храмот. А, за жал, се случува луѓето да се караат заради земање место во Црква!

Убаво е Христијанинот во молитвата секогаш да стои на едно одредено место, но тогаш треба да се потрудиме да пораниме во храмот и мирно, со страв Божји, смирение и кротост, да застанеме на своето омилено место, а доколку некој од браќата веќе застанал на него, со смирение и љубов да му го отстапиме тоа место, а Господ многукратно ќе ве награди.

Имајте на ум дека тоа не се празни зборови, туку самата вистина: ако си го истерал или на кој било начин си се огрешил кон својот брат, ништо нема да добиеш од Господ, туку на твојата постапка ќе ѝ се радува само сатаната. Пристапи со љубов, па таквата молитва не само што ќе ја прими Господ, туку најверојатно ќе те удостои и со умиление на молитвено покајна трогнатост во срцето. По оваа исповед, почнете да го исправате својот живот. Сигурно во почетокот ќе ви биде тешко, но подоцна со благодарност ќе се сеќавате на оваа исповед.

Време е веќе, ние побелените да почнеме да обрнуваме внимание на духовните нешта. Наклонети сме да мислиме за себе дека сме големи молитвеници, да се гордееме со тоа што животот го поминуваме по црквите и манастирите, а можеби сите наши трудови ни биле залудни само поради таквото немарно однесување во храмот. На тој начин, ништо не можеме да добиеме од Господа, освен осуда.

Еве уште еден лош пример од нашата црковна пракса. Некои меѓу нас поради телесна немоќ и болест не се во состојба да отстојат цела служба и затоа се трудат да најдат место каде малку би се одмориле. Господ го гледа срцето човеково и Самиот знае за сета наша немоќ. А вие, кои се уште сте силни и здрави телесно, немојте да ги осудувате немоќните, па биле тие да се млади или стари. Никогаш немојте на оние кои седнале било што да им префрлувате или приговарате. Тоа е работа на совеста на секого од нас. И млад човек може да биде слаб, немоќен и може да му биде тешко. Со ужас еден човек ми раскажуваше како за време на Светата Литургија, па дури во најсвечениот и најсветиот нејзин момент, за време на Евхаристискиот канон, една постара жена се нафрлила на една девојка која седела на столот. А по смирените зборови на оваа девојка дека не е во состојба да стои, затоа што ја мачи чир на нозете, се зачуле страшните зборови на „праведницата“. „Дај Боже таа твоја нога да се иструли и отпадне!“ А потоа, како ништо да не се случило, таа жена се крстела, правела метании, пеела “Оче наш" и можеби потоа уште и се причестила со Светите Христови Тајни. Тешко ми е за ова да говорам и страшно да слушам за вакви и слични случувања. А колку пати во разни случаи ни се повторувале такви, не човечки, туку буквално сатански разговори во храмот! Често ќе ги навредиме или раниме со своите неумесни приговори братот или сестрата во храмот, а потоа, по отровот кој сме го излиле, изговараме со лицемерно смирение: „Прости ми мене грешната“. Тоа звучи како ироничен коментар на некој разбојник: „Уште добро и помина, а што сè требаше да ти сипам во лице“. Ете колку злобата завладеала со нашите срца! Господи, прости ни нам грешните! Дојдете при себе, луѓе! Зауздајте го својот злобен јазик во храмот, поставете стража кај своите усни, затоа што Господ не е само долготрпелив и многумилостив, туку е и праведен Судија, како што е напишано: „Страшно е да се падне во рацете на Живиот Бог“.

Треба да се напомне и уште еден грев во врска со нашиот немарен однос кон светите храмови. Сите знаеме дека на децата често им е многу тешко и напорно стоејќи да ја издржат повеќечасовната служба. Секако, децата истрчуваат од црквата и често се немирни. И не само што децата ќе ја нарушат тишината во обителта, туку ќе им попречуваат и на останатите во молитвата. Но, децата се сепак деца. За нив е природно да се палави и немирни. Затоа, нека си играат децата и нека трчкаат малку подалеку од храмот. Кај децата треба уште од најрана возраст да се развива стравопочит кон светите места. Ако вие, драги мајки, баби, тетки, веќе сте ги повеле децата со себе во црква, тогаш сте должни да внимавате на нивното однесување, уште од дома да им објасните дека храмот е свето место, дека манастирската обител не е место за разонода и палавост, и дури дека во манастирскиот двор христијанинот е должен да оди со посебно расположение на душата и смирение. Господи, не сметај ни ги гревовите на непочитувањето кон светињите! Сами не ги почитуваме светите места, а и децата исто така ги воспитуваме.

Против четвртата заповед на Божјиот Закон грешиме и доколку ги кршиме постите кои ги установила Светата Црква. Господи, прости ни нам грешните! Не сме кадарни да се држиме ни до телесниот пост, односно да се воздржиме од одреден вид на храна во одредено време. А доколку донекаде и држиме телесен пост, често се гордееме и фалиме со тоа, иако е напишано: „Вистинскиот пост е оддалечување од злото, воздржување на јазикот, задушување на гневот во себе, отстранување на похоттата, оговарањата, лагите“ [Од стихирите во првата недела на Великиот пост]. Кој од нас пости на овој начин, и со душа и со тело? Овде сите сме ние непокајани и тешки грешници. За таа основна суштина на постот речиси воопшто и не размислуваме. А телесниот пост, напротив, некои од нас сами си го наложуваме во време кое Црквата не го одредила и пак грешиме, нарушувајќи го црковниот поредок без благослов. Господи, прости ни нам грешните!

Во празнични денови Црковните правила допуштаат „утешение“ на трепезата, а на големите празници дури и „великоје утешеније“, односно пообилна и повкусна храна на трпезата. Не е грев и допуштено е за празник да се изеде нешто повкусно, нешто подолго да се поседи на масата, да се појде на гости или да се прими посета. Но, сето тоа треба да се прави во слава Божја.

А можеби некој од вас во празнични денови паднал во животинска состојба од прејадување и пијанство? Или преку секоја мера ја предавал својата душа на своите празни разоноди, игри на среќа, гледање на секакви недолични и за Христијанинот недостојни театарски претстави или филмови; можеби цел ден поминал гледајќи во телевизор или играл карти, или [ова особено се однесува на помладите] уживал во непристојни танци и ужасна музика? Покајте се пред Лицето Господово!

Ние Христијаните, должни сме особено да го цениме празничното време слободно од секојдневните работи и обврски. Тоа време ќе го исполниме ако прочитаме некоја светоотечка и душекорисна книга, ако посетиме некој болен, ако повикаме кај себе осамен човек кого ќе го огрееме со својата гостоњубивост и срдечност, ако му помогнеме на братот во неволја, макар со збор, а ако е можно и на дело, ако го утешиме и му го олесниме бремето на непријатноста, болеста или било какви материјални неприлики. Блажен е оној, кој така ги поминува христијанските празници! А кој е грешен, нека му ги принесе своите покајни молитви на својот Господ и повеќе нека не прави така! Господи, прости ни нам грешните!

Петта Божја заповед

„Почитувај ги таткото свој и мајката своја, за да ти биде добро и да поживееш подолго на земјата, што ти ја дава Господ, твојот Бог“.

1. Сакај ги своите родители и почитувај ги. Кога би ја исполнувале оваа заповед од Божјиот Закон, никогаш не би изустиле ниту еден навредлив збор или грубо да постапиме кон својот родител. Со сета сила би се труделе да ја исполниме нивната волја, да се држиме до нивните добри совети. Во староста би им помагале без жалење, трпеливо, со љубов, би ги негувале во болест, би се молеле на Господ за нивното здравје и особено би ги умножиле молитвите за нив по нивното заминување од привремениот во вечниот живот. Така се должни христијаните да постапуваат кон родителите. А како ние ја исполнуваме оваа заповед? Срам ни е да погледнеме на иконата - зарем ги почитуваме своите родители? Денес не е во мода да се почитуваат родителите. Младината дури и се срами во кругот на своите врсници да ги нарекува своите родители “татко"“ и “мајка" туку употребуваат навредливи изрази како „стариот“ и „старата“. Ако некој од вас младите кои денес се подготвувате за исповед говорел така за своите родители, не сакајќи да се издвои од своите врсници, нека го моли Господ за прошка. Господи, прости ни нам грешните! А оние меѓу вас кои пораснале и веќе имаат свое семејство, нека ја испитаат својата совест дали ги почитуваат своите родители во нивната старост или пак сметаат, што денес е најчест случај, дека родителите се должни да се грижат за нив се до својата смрт? Ние бараме -слушнете, не молиме, туку бараме родителите да ни го водат домаќинството, да ги воспитуваат нашите деца, да се грижат за нас, оправдувајќи се со тоа дека „ние работиме, а тие седат дома!“ А ако родителите случајно се спротивстават да бидат наши робови, или ако ни помагаат а ние со тоа не сме задоволни, подготвени сме без срам да ја излиеме на нив сета своја јарост и гнев. Господи, прости ни нам грешните!

А доколку старата мајка или татко случајно се разболат, веднаш паѓаме во очај, но не од сожалување кон родителите, туку затоа што се жалиме себеси. Толку сме го изгубиле разумот, што воопшто не ни прашуваме од која причина се осмелуваме сето тоа да го бараме од нашите родители. Тоа што тие сега седат дома е нешто, што тие навистина го заслужиле во текот на својот живот и работа. Тие нè воспитувале, во болестите нè негувале, цел живот напорно работеле, ги поднеле сите неволји и загуби. Доколку сега тие од родителска љубов на било кој начин ни помагаат, должни сме за таа жртва нозете да им ги целиваме. А ние се осмелуваме да ги навредуваме со дрски зборови, прекори и озборувања. Нè нервира нивната старечка немоќ, а доколку родителите било што ни дофрлат, кадарни сме така да им одговориме, што мајката дури и ќе заплаче од тага и јад.

Господи, безумни сме, дури и ако расудуваме по човечки мерила, а да не зборуваме за тоа дека потполно сме го изгубиле стравот пред Тебе и можеби дури и сме изумиле дека на Тебе ти е толку одвратен гревот на непочитување на родителите, што со Мојсеевиот Закон си заповедал такви безобразници, какви што сме ние, да се бијат со камења. „Нека е проклет секој кој го обесчести својот татко и својата мајка“ [Изл. 27, 16]. А потоа се чудиме зошто ништо не ни поаѓа од рака и зошто немаме среќа во животот. Господи, прости ни нам грешните!

Особено е страшно што ние Христијаните не ги почитуваме родителите. Се случува да се скараме со родителите, во гнев да им упатиме секакви дрски и бесрамни зборови, а потоа да отидеме во храмот, трескајќи ја пред тоа вратата пред заминување. Зошто сте пошле во храмот? Зарем мислите дека вашите молитви и жртви после тоа ќе му бидат угодни на Господа? Не, не лажете се! Од такви Бог нема да прими молитви, ниту жртви. Еве еден пример што се случил за време на животот на преподобниот Александар Свирски: На осветувањето на еден храм посветен на Света Троица, Преподобниот по службата собирал прилог од присутниот народ за храмот. Еден селанец, чиешто име беше Григориј, исто така сакал да даде свој прилог за храмот, но Преподобниот тоа не сакал да го прими. Два или три пати се обидувал Григориј да стави дар во епитархилот на Преподобниот, но прозорливиот Старец најпрвин молчаливо ја оддалечувал неговата рака од себе, за најпосле да му каже: „Злосмрадие се чувствува од твојата рака, затоа што си удирал по твојата мајка и така си го навлекол врз себе гневот Божји“. „Па што тогаш да правам?“ прашал Григориј. “Оди во својот дом, замоли ја својата мајка за прошка и никогаш повеќе не прави такво нешто“. Овој совет важи за сите деца, кои со грубо и бесрамно однесување ги навредиле своите родители. Слушнавте ли? Навредувањето на родителите е најголемата несреќа за нас! Господи, прости ни нам грешните!

Ако нашите родители починале, должни сме за нив да се молиме, да даваме милостина за покој на нивната душа, да ги спомнуваме во деновите на задушница, на годишнината на нивната смрт. Да ја испитаме својата совест дали им ги предаваме на свештениците нивните имиња за да ги спомнуваат во Црквата, дали доаѓаме на нивните гробови, дали ги одржуваме? Како изгледаат гробовите на нашите родители, има ли на нив знаци на Чесниот Крст? Нека се покајат пред Господа сите оние кои не постапуваат така заради заборавеност, немарност или божемна зафатеност. Не е тоа никаква зафатеност, туку едноставно отсуство на почит и подготвеност макар и малку да се потрудиме околу душата на нашите починати родители. Господи, прости ни нам грешните!

2. Против оваа заповед од Божјиот Закон грешиме и со ладниот и рамнодушен однос кон роднините. Многу често меѓу нас кои се нарекуваме Христијани може да се слушне: „Што ми е гајле за мојата сестра, брат, роднина. Тие се полоши и од туѓинци!“ Меѓутоа, после родителите, должни сме да се грижиме и за своите роднини. Честопати ќе речеме: „Но тие се неверници, со нив немам ништо заедничко“.Сите ние должни сме да се грижиме за нив и со својот пример на љубов, благонаклонет однос кон нив и со сета своја доброта, да ја пробудиме во нив христијанската вера. Но ние, напротив, бегаме од нив како да се лепрозни, се оддалечуваме од нив и се оградуваме. Господи, прости ни нам грешните!

Доколку во твојот дом твојот син доведе снаа или ќерката зет, и доколку сме Христијани, тогаш само со својот крајно добронамерен однос кон новите членови на семејството можеме да покажеме што е Христијанство и што е тоа вера во Бога. А некои од нас, поради безумната родителска јубомора, внесуваат раздор во новото семејство, што неретко ги доведува до распад [чувај го Боже, секое семејство од такво нешто!]. Нека се покајат сите кои имаат таква вина пред Господа! Господи, прости ни нам грешните!

3. Доколку сме родители, петтата заповед ја прекршуваме и со лошото воспитување на своите деца. До таа мера сме самољубиви, што дури и не сакаме да имаме деца, за да не се мачиме околу нивното воспитување. Многу мајки, дури и Христијанки, повеќе се определуваат да работат отколку да воспитуваат деца, заборавајќи ги зборовите на Апостолот дека жената се спасува преку породот, односно преку воспитувањето на децата.

На своите деца често не им служиме како пример на благочестив живот. Напротив, со својот лош пример ги наведуваме децата на лажење, мрзливост, непочитување на постарите, ги учиме на грди зборови, го нарушуваме нивниот душевен мир со неправеден однос кон сите кои нè опкружуваат, а децата немаат многу развиено чувство за правда и вистина. А подоцна се чудиме како е можно децата да ни станат такви, какви што не сме очекувале да бидат. Не мрзи да се молиме за своите деца, немаме доволно ревност често да ги причестуваме, избегнуваме да ги водиме децата во Божјиот Храм. Сите се жалиме дека во нашиот безбожен век е тешко да се воспитаат децата во православен христијански дух. Па зошто тогаш, ако сте веќе свесни за својата немоќ и тежината на таа задача, не прибегнувате кон најважното? Причестувајте ги своите деца што почесто и верувајте дека душата на таквото дете никогаш нема да ја заборави благодатта, задобиена од соединувањето со Самиот Господ! Но, внимавајте да не западнете во друга крајност и на децата да им нанесете штета наместо корист. Причестувајќи го детето, не смеете механички да го водите пред свештеникот, туку штом детето почне да добива претстава за Бога, треба полека да го поучувате на свесно причестување со страв Божји и духовна радост. Не смеете на детето да му кажувате богохулни зборови за Светата Причест како што се: „Ајде, сега попот ќе ти даде малку мед [или лепче и винце]“ и сл. Кажете му на детето: „Да појдеме да се причестиме со Светите Христови Тајни“. Погрижете се да ги облечете поубаво од обично, да им создадете свечена атмосфера. Ако е воопшто можно, детето пред причестувањето нека се воздржи од храна. Затоа, причестувајте ги децата на првата утринска Литургија.

Не сакајќи да ја скротиме својата неразумна и безгранична родителска љубов, наклонети сме така да им угодуваме на своите деца, што тие подоцна стануваат вистински егоисти, самозадоволни „потрошувачи“, кои не сакаат да работат за да заработуваат за леб, ниту да учат за да стекнат образование. Неразумно им жртвуваме се што имаме, а подоцна се жалиме дека во старите денови, родените деца нè бркаат од дома. Па самите сме воспитале егоисти! Затоа трпете и молете се на Господа за прошка, што со лошо воспитување сте ја уништиле душата на вашите деца. Господи, прости ни нам грешните!

Можеби некој од вас во моментите на гнев ги проколнал своите деца? Родителската клетва е нешто навистина страшно! Тешко на оние деца кои со своето однесување навлекле на себе родителска клетва. Но, тешко и на оние родители кои ги проколнале или ги колнат своите деца! Можеби некој во својот гнев, своите деца во клетвата ги предавал на нечистите сили? А вистина е дека не окружува реален свет на невидливи духови, како на зли, така и на добри. По Божјо допуштение, може да се случи самите душата на своето дете да му ја предадете на сатаната. Кајте се поради тоа, просете прошка од Господа, вашите клетви да бидат избришани со Божјо милосрдие!

4. Доколку сме се зафатиле да бидеме духовни родители, кумови при крштевање, должни сме исто така да ги исполнуваме своите обврски. Дали сме станале кумови само за да ги потврдиме и подобриме пријателските односи со родителите на детето? Им помагаме ли на родителите на децата кои сме ги крстиле да ги воспитаат во христијанска вера и во секое благочестие? На Светата Тајна Крштевање ние во име на тие деца сме се одрекле од сатаната и од сите негови дела. Тоа не смееме да го забораваме, дури и доколку околностите не ни допуштаат непосредно да учествуваме во воспитувањето на децата. Во тој случај сме обврзани да се молиме за нив како што е потребно. И доколу нашето кумашинче подоцна стане безбожник или хули на Бога, тогаш ние, немарните Христијани и лоши кумови, сме виновни за тоа нешто помалку од неговите родители. Господи, прости ни нам грешните! Се до смртта да имаме надеж за исправување на животот. Ако денес се покаеме и ако денес Господ ни ја прости нашата претходна немарност, тогаш да застанеме да се молиме, срдечно и со вера, за оние кои сме ги привеле на Крштевање и ќе бидеме достојни да се викаме нечии духовен отец или мајка.

5. Против петтата заповед од Законот Божји ќе згрешиме и доколку лошо се поставиме кон своите претпоставени. Во ова сите сме грешни.

Да се биде началник или старешина не е ни најмалку лесно. Не мислете дека началниците добиваат голема плата за неработење. На својот началник раководител на работа, манастирски свештеник, државен службеник, духовен управител лежи голема одговорност, не само за секоја работа која треба да се изврши, туку и за сите луѓе кои им се потчинети. Какво право ние имаме тогаш да им судиме, сами да ја оценуваме нивната дејност, иако ни не знаеме кои работи им се доверени и како тие ги извршуваат?

Послушанието кон постарите, игуменот, духовникот во манастирот претставува духовен закон. Монахот кој со задоволство го прифаќа послушанието, се удостојува со спасение. Послушанието е најдобар пат кон духовен раст. Но, денес тоа го имаат заборавено многу монаси. Меѓутоа, по истиот тој пат на послушание мора да оди и секој мирјанин, почитувајќи и потчинувајќи им се на они кои му се поставени како шефови, началници или просто речено постари. Доколку им се спротивставуваме на своите началници, доколку нешто им префрламе или со нив се караме, се оглушуваме од петтата Божја заповед. Господи, прости ни нам кои не сакаме никому и на ништо да се покоруваме поради неизмерна гордост, самоволие и зајадливост. Можеби некои од оние, кои денес ќе му го принесат покајанието на Господа, учествуваат во богослужби така што пеат или читаат на певница. Дали ви се случило да сте погрешиле така што не сте се потчиниле на волјата на старешината од храмот или свештеникот којшто служел? Можеби сте му упатувале непотребни и неумесни замерки и коментари за време на службата, нарушувајќи ја молитвената атмосфера во храмот, а можеби дури и богослужбениот поредок? Дали не сте се разгневувале слушајќи забелешки од храмовиот старешина или хороводецот? Дали не сте го нарушувале намерно читањето или пеењето? Или на светото послушание на певницата сте правеле нешто за инает, со злоба и гнев во срцето? Да речеме, можеби пеејќи некого намерно сте го замолчувале, ставајќи му до знаење дека не умее ништо да отпее, или сте го навредувале својот брат, иако на тоа немате никакво право. Или пак намерно не сте сакале да послушате забелешки и така сте го реметеле поредокот на пеењето и читањето. Сите овие се болести на нас кои служиме од певницата. Сите оние кои од послушание или од љубов [ова последното го кажувам за лица кои не се со свештенички чин] учествуваат во црковната богослужба, треба постојано да го имаат ова на ум: ако сакаш да не и наштетиш на својата душа, туку да стекнеш духовна корист, должен си пред сè да почитуваш строга дисциплина, беспрекорно да се покоруваш на старешината на храмот, игуменот или свештеникот што служи. Никако не нарушувајте го тоа богослужење, туку потрудете се своето бедно славословие со смирение и кроткост да го вознесувате заедно со невидливиот хор на Ангелите Божји. Во спротивно, подобро да не доаѓате на певница, подобро е да се молите во најтемниот и најскриениот агол во храмот. Господи, прости ни нам грешните!

6. Ако Господ некого од вас удостоил со должноста началник, тој не смее да си дозволи суров однос кон потчинетите, ниту лицемерност кон поголемите од себе. Можеби на своите раководителски позиции сте заборавиле дека вашите потчинети се живи луѓе, луѓе кои имаат душа, и дека никој не ве разрешил од обврската да бидете луѓе во односот кон своите службеници. Тоа е особено важно за нас Христијаните. Дали не сте навредиле некој од потчинетите со својот лош однос кон него, дали не сте ги издвојувале своите миленици на кои сè би им простиле, додека на другите би го излиле својот гнев? Дали не сте ги разгневувале своите потчинети со својата неправда и дрдорење? Господи, прости ни нам грешните!

7. Против петтата заповед грешиме и доколку немаме почит кон постарите по возраст. Кон луѓето постари од нас ние здравите и млади постапуваме како тоа да не се луѓе, а зборот “пензионер" речиси стана погрден. Особено во големите градови, луѓето кои цел живот напорно работеле, кои го поднеле сиот ужас на војната, разорувања, глад, кои издржале големи страдања, тешкотии и неволји, и кои сега конечно добиле право на заслужен одмор, одеднаш стануваат излишни и им пречат на помладите. „Ах, тие пензионери!“ „Подобро да седат дома, да не се меткаат по продавниците и здравствените домови, да не заземаат место во градскиот сообраќај што значи: Што ќе ви е животот, вие само ни пречите...“ Зарем е можно меѓу нас Христијаните, кои сме сè уште млади и здрави и кои сè уште работиме, да има такви кои би се осмелиле да изговараат такви нешта, такви зборови да им упатуваат на постарите луѓе? Ако сте виновни за такви постапки, ако на душата имате таков поразителен грев по суровоста и отсуството на елементарна човечност, размислете за тоа дека и вашата младост за миг ќе помине, дека и вашата зрелост ќе пролета, ќе настапи староста, та и вам некој ќе ви префрлува: „Не пречи ми да живеам!“ Затоа, кајте се поради своето безумие и суровост. Господи, прости ни нам грешните!

8. Од петтата заповед се оглушуваме и со неблагодарноста кон своите добротвори, што особено се однесува на нас кои живееме во манастирите, монасите и искушениците. Сите манастири живеат од доброволните прилози на своите добротвори поклоници, така што тие поклоници кои божем ни пречат, претставуваат наши хранители и добротвори. Колку сме само ние должни да бидеме благи кон нив и за нив да се молиме! Дотолку повеќе што ние живееме на место со посебна благодат Божја, па иако и ние имаме разни искушенија, нашата и нивната положба не можат да се споредат. Каква љубов ги привлекува тие луѓе да дојдат до нашиот манастир, колку е во нив силна желбата да побегнат од суетното секојдневие, од грубоста и суровоста во светот, да се помолат, да учествуваат во богослужбата по манастирскиот типик! Ако по наша вина некој од нашите хранители останал без саканата утеха, тешко нам кои „ги подјадуваме куќите на вдовиците и сирачињата!“ Господи, прости ни нам неблагодарните!

9. Од петтата заповед се оглушуваме и со непочитување кон пастирите на Црквата, своите духовни отци. Тука сме до таа мера разуздани и толку им допуштаме на своите зли јазици, што не сакаме да ги поштедиме ни епископските митри, ни седата брада на нашиот селски протоереј. Можеби некој од нас избегал да земе благослов или се гнасел да им пристапи на Светите Христови Тајни пред свештеникот кој ни се чини недостоен? Покајте се горко, затоа што сте похулиле на Светиот Дух, Кој дури и преку најнедостојниот свештеник ги осветува Тајните на Црква! Или пак не сте ги исполнувале советите и барањата на својот духовен отец, или сте го мачеле со својата завист и љубомора кон неговите други духовни чеда? Испитајте ја својата совест и во ова: дали ликот на вашиот сакан духовник во вашето срце не го засенил образот на Самиот Господ Христос? Нели ви се случило такво искушение? Не треба да си подигрувате со Господ! Покајте се и изменете го својот однос кон духовникот, за да не стасате во тешка духовна состојба прелест [духовна илузија]. Господи, прости ни нам грешните!

 

Шеста Божја Заповед

“Не убивај“

Што ќе кажеме во врска со оваа заповед ние, кои сме решиле да ги исправиме своите патишта и да го изнесеме своето покајание пред Лицето Господово? Убиство, убиец о, колку се тоа страшни зборови! Колку е страшно да се убие, односно да му се одземе на некого најголемиот дар дарот на животот! Ако меѓу вас има такви кои некогаш извршиле непосредно убиство, значи коишто некого волно или неволно му одземале некому живот со оружје, раце, автомобил, отров или нешто друго, тие мораат да се исповедаат и покаат пред свештеник. Повеќето од нас сега мислат: “Фала му на Бога, никого не сум убил; значи, не сум згрешил пред Господа нарушувајќи ја оваа заповед".

Но, има уште едно страшно непосредно убиство - тоа се абортусите, чедоморството, појава мајките да ги предаваат на смрт своите неродени деца, додека им се уште во утробата. Тоа убиство е двојно и страшно: мајката-убиец го убива не само телото, туку и духот на своето чедо! О, покајте се, горко покајте се сите вие безумни мајки, кои сте го направиле тоа злодело! Кој ви го дал тоа право да располагате со животот и смртта, како се осмелувате да одлучите кое од вашите деца ќе живее, а кое нема? Можеби сте го убиле следниот гениј, можеби сте му одземале живот на некого кој со своите молитви ќе го спасува светот, сте умртвиле добар човек, човек со големо срце и чудесен ум! Сте умртвиле некого којшто можеби би бил голем духовник, човек околу којшто би се спасувале илјадници луѓе, или некој народен водач, кој можеби животот би го посветил на добрината на својот род и татковина. потонуваме во крвта од убиените младенци, и тоа е крв којашто повикува кон небото! Не мислете во своето безумие дека тој грев ќе помине без казна. Тоа е премногу страшен грев! Затоа покајте се и плачете сите вие чијашто совест е извалкана со крвта на сопствените убиени деца! Господи, прости ни нам грешните!

И повторно, многу од нас не ги осудуваат во мислите мајките убијци и замислуваат дека во овој случај тие се потполно невини.

Вината лежи и во сите оние, кои на овој или на оној начин учествувале во гревот на чедоморството: грешни се пред Господа и лекарите и медицинскиот тим кои помагале да се спроведе тој чин, мајките и родителите, роднините, пријателите и сите оние кои ја поттикнувале или оправдувале намерата детето во утробата да се лиши од живот. Но, и доколку не сме учествувале во непосредни убиства и чедоморство, бескрајно сме виновни и за перфидното секојдневно убивање на нашите ближни со својот суров однос кон нив.

Сега накратко ќе наброиме само некои од гревовите од овој вид, гревови кои исто така повикуваат кон небото, Послушајте ги овие зборови и покајте се од сè срце со најголема скрушеност и солзи, оти сите тие се гревови против љубовта кон ближните, без којашто љубов целиот наш живот ќе биде осуден на страшен суд, пред лицето на Живиот Бог, независно од тоа колку подвизи сме направиле и колкаво било нашето воздржување.

1. Многу се блиску до вистинско убиство и оние кои во гнев и раздразнетост ги тепаат и удираат своите ближни. Можеби сте му нанеле повреда некому со удирање? Можеби премногу сте им се гневиле на своите деца и сте ги тепале, со секоја злоба и суровост на срцето? Господи, прости ни нам грешните!

2. Испитајте ја својата совест, дали некој од вашите ближни или било кој на светот умрел, затоа што не сте му помогнале навреме? Можеби некој умирал од глад, а вие не сте дошле на помош, можеби векој се давел во река, а вие не сте преземале потребни мерки за да го спасите, можеби некој умирал од болест, а вие доцна сте пристигнале или воопшто не сте дошле и човекот умрел. Можеби пред ваши очи тепале или се обиделе да убијат некого, а вие не сте се обиделе да го поштедите и не сте му помогнале? Можеби сте слушале крици и лелекање на унесреќен човек, а сте побегнале, или сте заклучиле врата, сте изгасиле светло, сте затнале уши. Господи! Па какви Христијани сме ние, ако било што такво сме допуштиле? Господи, прости ни нам грешните!

3. Нели сме убрзале нечија смрт, така што сме го поттикнувале човекот на опасности, сме го истоштувале со работни обврски, не сме му верувале дека е болен и дека му е тешко, исмејувајќи го и префрлувајќи му дека измислува, можеби сме го приморувале да се напрега во болеста и со тоа сме го туркале кон смртта. Господи, прости ни нам грешните! Господи? Сме ги убивале своите ближни и кога во гневот сме ги опсипувале со грди зборови, пцовки, навредливи и сурови зборови! Секој од нас на своја душа искусил како душата ја убива злобниот, суров, жесток збор, па како тогаш можеме и самите со истиот меч да им нанесуваме тешки рани на другите луѓе? Господи, прости ни нам, грешните, кои сите до еден сме ги убивале ближните со пресилни и неодмерени зборови. Во Првото Послание светиот апостол Јован Богослов вели: „Секој, што го мрази братот свој, е човекоубиец“ [1. Јован. 3, 15]. На кого од вас му се случило во својот гнев и јарост да касне човек? О, па тоа е безумие! -ќе си помислите. Но, слушнете што вели Боговдахновениот свети Јован Златоуст: „Оние кои прават зло со своите зборови се многу полоши од оние кои касаат. Првите ја касаат душата со своите зборови, нанесувајќи рана на доброто име и душата на својот ближен, неизлечива и непреболена рана, додека другите со забите го гризаат само телото. Затоа таквите се подложуваат на уште поголема казна и мачење, и затоа е поголема грижата на совеста“. Господи! Кој од нас е виновен за ранувањето на нашите ближни? Принесете го своето покајание пред Господа. Господи, прости ни нам грешните!

Чувајте се да не извалкате нечија чест, па макар и да се работи за најголем непријател, за човек со кој сте си замериле или кој поради нешто не ви се допаѓа.

Пазете се да не извршите нечие духовно убиство, затоа што за него исто така ќе дадеме одговор пред Страшниот Христов Суд, и тоа не е ништо помалку отколку телесното убиство.

5. Значи, доколку по карактер сте мирни и воздржани, но знаете дека некој од вашите браќа лесно се гневи и се избезумува, не сте ли поттикнувале некого на гнев заради забава? Можеби со своето инатење или со своето молчење сте предизвикале некого на гнев, пцовки, тепачка? Господи! Помилуј не нас грешните!

6. Можеби со својата зајадливост и желба сакате вашиот збор да биде последен во секоја кавга, И со стремежот да инсистирате на своето мислење, без оглед на тоа дали сте во право или не, сте ги доведувале луѓето до бес? Тогаш не сме без грев, затоа што сме го навеле братот свој на грев. Господи, прости ни нам грешните!

7. Блажениот Августин пишува: „Не мисли дека не си убиец, ако својот ближен си го навел на грев. Ти ја изопачуваш душата на својот брат кого си го соблазнил и го одземаш од него тоа што припаѓа на вечноста“. Да речеме, сте викале некого на пиење, сте го поттикнувале да се одмазди и да одговори на навреда, сте го соблазнувале да појде на некоја бесрамна претстава за време на пост, сте го развратувале својот ближен со своите безобразни и невкусни шеги, со книги кои не му доликуваат на еден Христијанин, празни разговори итн. На тој список му нема крај. И сето тоа е убиство, туркање на душата на својот ближен во грев! Господи, прости ни нам грешните!

8. Уште нешто за љубовта која сме должни да ја негуваме меѓу себе како што ни заповедал Господ: По што се познаваат Христијаните? „По тоа ќе познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ [Јн. 13, 35]. А ние, Господи, колку сме ние далеку од тоа да бидеме вистински ученици Твои! Па ние се караме, имаме непријателства меѓу себе, негодуваме, се исполнуваме со омраза, не се поднесуваме еден со друг. Срам ни е пред неверниците да исповедаме дека сме Христијани, доколку така постапуваме. А често меѓу луѓето кои се далеку од Црквата може да се чуе: “Луѓето кои одат во црква се најлоши".

“Имаме ние една сосетка, таа оди секој ден во храмот, а колку е само подмолна и расипана". Тешко нам, доколку хулењето на Христовото име доаѓа преку нас поради омразата кон ближните! Испитајте го своето срце, својата совест, нели вашето однесување претставувало соблазна за другите луѓе? А ако сте грешни, покајте се!

Веројатно дека никој од нас не е прв пат на исповед, па сите сме чуле дека никакви напори и никакво покајание од нас нема да прими Господ, ако ние сме навредиле некого и ако некому не сме му ги простиле неговите грешки, сè додека не се покаеме и не се смириме. Но, сето тоа ние главно го знаеме теориски, а до срцето и до длабината на свеста таквото сознание слабо ни продира. Така, наклонети сме лицемерно да бараме прошка од било кого, дури и со голема леснотија, само не пристапуваме со молба за прошка на оние кон кои постојано грешиме. Тогаш се буди нашата гордост, па и ако воопшто замолиме за прошка, тоа некако го процедуваме низ заби, со тешко срце, што секако, малку ѝ користи на душата. А, освен тоа, често се раздразнуваме и ги распалуваме нашите страсти, секавајќи се на неправдите и навредите кои другите ни ги сториле, или сееме раздор и непријателство меѓу луѓето! Господи, прости ни нам грешните!

9. Зборовите Божји не упатуваат: “Блажен е оној кој ги љуби животните". Нели му се случило некому да убие животно без потреба? Можеби го изморил од глад или го тепал? Или го удирал со нога, фрлал камења по него? Можеби некој уште од детството намерно мачел животни? Сето тоа се гревови на убиство! Покајте се заради својата суровост и немилосрдие! Господи, прости ни нам грешните.

10. Понекогаш не сме свесни дека грешиме. Да речеме, се истоштуваме себеси со прекумерна работа, грижи, паѓаме во прекумерна тага, очајуваме и доаѓаме до помисли за самоубиство. Сето тоа се најголеми гревови против Господа! Животот е дар Божји, сите неповолни и тешки околности секогаш ни се случуваат по Божјо допуштение, затоа што во неволјите Господ ја испитува нашата душа и ја подготвува за вечноста, а ние со прекумерната жалост и очајание, со неверување и сомнеж во Божјата Промисла го скратуваме нашиот земен живот, го нарушуваме своето здравје и го затвораме за себе Небесното Царство. Господи, прости ни нам грешните!

11. И повторно, доколку Господ не сочувал од гревот на очајанието, можеби со своите постапки, дрдорење, со својата злоба некого доведуваме до очајание или сме, не дај Боже, виновни за нечие самоубиство?! Ако се случило такво нешто, да се покаеме, да плачеме, затоа што сме криви за погубување на душата на нашиот ближен.

12. Ако живееме без воздржување и трезвеност, ако неразумно се прејадуваме, ако се предаваме на пијанство, ако водиме развратен живот, пушиме, земаме дрога, уживаме во некои други нечесни и нечисти задоволства кои го нарушуваат здравјето, ние сме исто така самоубијци. Господи, прости ни нам грешните!

13. Има меѓу нас и такви Христијани, кои мислат дека е грев да се лекуваш. Секако, може човек да се надева на Бога и може со долготрпение да ја поднесува болеста и немоќта, но тука е и опасноста да западнеме во гревот на полагање надеж во себе и во гордост: „Нека одат лекарите да пијат лекови, нека пијат грешните и оние чија вера е слаба... А ние не сме такви!“ Подобро е да постапиме вака: Си се разболел -лечи се; ако ти пројде болеста од лековите и лечењето -заблагодари Му на Бога, а ако болеста не ти пројде трпи и благодари Му на Господа за искушението. Еве како треба да постапува вистинскиот христијанин. Господи, прости ни нам грешните!

14. На крај, нели ја убиваме својата душа со својата негрижа и немарност кон нејзиното вечно спасение? О, колку го храниме и грееме своето трулежно тело! А дали така постапуваме и со нашата бесмртна душа? Ние забораваме на својата душа, пропуштаме да ја измиеме со солзите на покајание, да ѝ дадеме небесна молитва, да ја укрепиме со Светите Тајни на Црквата, да ја украсиме со добри " дела и со секоја добрина, да ги исправаме нејзините патишта и да се подготвуваме за вечноста. До тоа ли ни е нам! Толку сме забрзани, толку безумни, мислиме само на својот земен живот! Живееме во лажна надеж дека спасението ќе биде природен и нормален исход на нашите животи, заборавајќи дека Царството Небесно се зема со напор и само подвижниците го задобиваат -и силните го грабаат! Господи, отпушти ни ги нашите гревови и дарувај нè пред нашиот крај со покајание и свест за потребата на стапнување по патеките на правдата и вистината Твоја!

Седма Божја Заповед

“Не прави прењуба".

Оваа заповед ги забранува следниве гревови:

1. Нецеломудреност [недевственост] во мислите, зборовите и делата.

2. Блуд, природен и неприроден.

3. Родосквернавење.

Гревовите против оваа заповед се многу страшни! Страшни се поради својата бесрамност, поради своите лоши последици и поради својата неверојатна раширеност меѓу нас. Таа гревовна болест владее со човекот уште од најраното детство и не го остава до смртта. Поради што демонот се бори против човекот со овој вид на соблазна која го тера да греши? Поради тоа што тој, бидејќи е непријател на нашето спасение, подобро од нас знае дека се вистинити зборовите на Апостолот: „Не лажете се, ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците... нема да го наследат Царството Божјо“ [1. Кор. 6, 9-10]. Гревовите против оваа заповед се толку гнасни и заразни, што светиот Апостол советува за нив христијаните дури и да не говорат. Но, неопходноста овде да се покаеме, не приморува да запреме и на овие престапи на нашата совест пред Господа. Бидејќи нашето тело е храм на Светиот Дух, губењето на целомудреноста во сопружничкиот живот или на девственоста [за оние кои тоа можат да го примат] го изгонува од нашето тело Божјиот Дух, подавајќи му место на сезлобниот ѓавол. На нас, кои се именуваме како Христијани, лежи голема одговорност: ние сме искупени со голема цена Светата Крв на Божјиот Син пролеана за нас, како би му служеле на својот Бог со душа и тело.

Каква навреда му нанесуваме на Господа доколку своето тело, коешто Он го откупи поради светоста на нашиот живот, го осквернуваме со најгнасни страсти и сладострастна похота! „Вие сте Храм Божји, и Духот Божји живее во вас“, - не предупредува свети апостол Павле, „Ако било кој го разори Храмот Божјиот, него ќе го разори Бог“. Ова го потврдува целата историја на човековиот род... Поради претераното ширење на овој грев, човековиот род бил истребен во големиот потоп. Два многу богати градови Содом и Гомор, за навек исчезнале од лицето на земјата, поради тоа што гревовите на сладострастие на жителите од тие градови ја преполниле чашата на Божјото долготрпение!

Да се обидеме сега да погледнеме непристрасно во својата душа и да го процениме целиот наш досегашен живот и она што сега го извршуваме. Нели сме ја заслужиле и ние со својот порочен живот судбината на тие несреќни градови, и можеме ли уште долго да сметаме на Божјото долготрпение? Да се покаеме пред Господа со најголема скрушеност на срцето и со горчливи солзи, поради нарушувањето на чистотата на нашите души и тела.

Накратко ќе ги наброиме гревовите и престапите против оваа заповед. Ако нешто од оваа најдете во својата совест, покајте се и молете го Господ да ја исчисти обесчестеноста на вашето срце! Грешиме, Господи, со сладострастието во сите негови облици: прифаќајќи нечисти помисли, разговори со нив, насладување со  такви мисли и нивно прифаќање, нивно задржување во свеста, со што во својата душа предизвикуваме сладострасна распаленост. Иако на дело не го спроведуваме овој страшен грев, во срцето правиме прељуба. Покајте се пред Господа! Сите до еден сме грешни во ова! Господи, прости ни нам грешните!

Погрешивме, Господи, нарушувајќија својата целомудреност: со премногу слободното општење со лица од другиот пол, со нечисти допири, прегрнување, страсни бакнежи, загледување во убави лица со страсна желба, љубовни песни, бесрамни движења на телото [ова особено се однесува на младината во изведувањето на модерни диви танци], со кокетирање, женкарење, додворување, преголема приврзаност, прејадување, опивање, читање на книги кои будат гревовни помисли и нечисти фантазии, гледање на соблазнителни глетки, филмови и претстави [од тоа не се воздржуваме, дури и доколку знаеме дека ќе гледаме сцени полни со отров од тој грев], со претерано модирање и нескромно облекување, со неизмерна желба да им се допаѓаме на другите и да ги предизвикуваме, со неприродно обесчествање на Божјиот Образ во себе преку употреба на секаква козметика и преку вештачко “разубавување" на своето лице и тело. Господи, прости ни нам, грешните!

Постојат и гревови на јавен блуд: ако некој меѓу вас, кои се подготвувате за исповед, живее во брачен сојуз којшто не го благословила Црквата и кој не е осветен преку Светата Тајна Брак, покајте се со горчливи солзи, зашто минувате живот во блуд! Молете му се на Господ вашиот брачен сојуз да биде осветен преку Светата Тајна Брак, без оглед на вашите години. Оние кои живеат во брачен сојуз благословен од Црквата. должни се да ја испитаат својата совест дали можеби направиле претуба и погрешиле во сопружничката верност, не само со непосредна прељуба туку и со мислите во срцето и со нечистото гледање на лица од спротивниот пол. Нели сте погрешиле со неумереноста во телесните задоволства, затоа што во бракот секој христијанин е должен да се воздржува и да биде целомудрен? Дали сте се воздржувале од телесно општење за време на постите, неделните и празничните денови? Покајте се пред Господа! Господи, прости ни нам грешните! Дали со своето лошо однесување сте ја наведувале вашата жена или маж на блудно однесување? Можеби некој растура туѓо семејство, заведувајќи нечиј брачен другар? Какво право имате тогаш да се надевате на среќа во брачниот живот ако тоа сте го правеле? Брачен сојуз со разведен сопружник е прељубодејство! Господ рекол: „А јас ви велам дека секој што ќе ја отпушти својата жена, освен поради прељуба, ја наведува да чини прељуба; и кој ќе се ожени со отпуштеница, чини прељуба“ [Мт. 5, 32]. А вие се осмелувате да се правдате: „Но, тој е слободен [или таа е слободна], не е во брак“. Господи, прости ни нам грешните! Дали некој од вас обесчестил и соблазнил девојка, која му верувала на ветувањето за брак, па ја оставил? Или наговарал некоја девојка на блуд? Колку пустош внесува во душата на човекот таа привремена блискост до која доаѓа такареченото „во минување“! Зарем е можно заради задоволство, љубопитност, или заради сообразување со овој век, поведување по однесувањето на други лица, или заради моменталната експлозија на страста, момче или девојка да ја обесчестат својата душа и тело? А што се случува потоа? Горчливо разочарување, грижа на совеста, а набргу и потполно морално пропаѓање. Колку е убаво во било која возраст да се чува и сочува својата телесна чистота, својата целомудреност, девственост и да се постави таа добродетел како аголен камен на својата домашна Црква, на своето христијанско семејство! Покајте се пред Господа сите вие кои не сте ја сочувале и предвреме сте ја изгубиле својата девственост! Господи, прости ни нам, грешните!

Вие кои пребивате во безбрачност, и кои можеби во безумие и духовно незнаење ја омаловажувате чесната брачна заедница, вие кои мислите за себе дека сте девственици, погледајте во своето срце, прашајте ја својата совест дали не сте го изневериле своето девство со блудни помисли? Дали можеби не сте негувале во своите души грев на сладострастие во сите негови облици? Покајте се пред Господа! Господи, прости ни нам, грешните! А да не сте го нарушиле своето здравје и сте го обесчестиле својот живот со тајниот грев на ракоблуд [самозадоволување, заб.] или уште некој противприроден грев [на пр. содомија и сл.] Покајте се пред Господа! Господи, прости ни нам, грешните! Ако нешто од ова ја терети вашата совест, должни сте без колебање да го исчистите ова со исповед кај свештеникот. Таквиот нека не се осмелува да ѝ пристапи на Светата Чаша, оти непокајаниот смртен грев не само што душата ја фрла во пекол, туку и за неговиот живот делува разорно.

Авва Варсонуфиј Оптински имал обичај да говори: “Нечестивиот држи во своите раце капитал, дури уште собира од него и процент“.

Чистосрдечната исповед на гревот, без криење или оправдување, потполно ќе ги разруши сите демонски патишта и сите јазли со кои е врзан несреќниот грешник. Затоа, ако некој меѓу вас има на душата било кој од гревовите против седмата заповед, гревови и прегрешенија кои сè уште не ги исповедал, нека собере храброст и нека му го признае тоа на свештеникот кај Евангелието и Чесниот Крст! Само побрзајте, оти Господ рекол: “Во што ќе те затечам, во тоа ќе ти судам!"

Има уште еден тежок грев против седмата заповед, а тоа е родосквернавењето. Така ги нарекуваме појавите, кога блиските роднини се врзуваат во врска која потсетува на сопружничка. Еве што вели за тоа светиот апостол Павле: „Насекаде се слуша дека блудот е меѓу вас, и тоа таков блуд каков што ни меѓу незнабошците не се спомнува, некој да ја има жената на својот татко... Да се отфрли оној меѓу вас кој направил такво дело“ [1. Кор. 5, 1-2]. Таквиот грев делува погубно, не само на оние кои го престапиле Божјиот Закон, туку страшно се одразува и на потомството. Душевни болести, дебилитет, психичка слабост, секакви телесни недостатоци -сето тоа се жални последици на браковите склопени меѓу сродниците, противприродно.

Што значи да се живее целомудрено? Митрополит Филарет Московски вака го опишал целомудрениот живот: “Да се живее целомудрено, во вистинска смисла на зборот значи да се живее, управувајќи се од целовит, неповреден, здрав ум, да не си допуштаме ниту едно задоволство кое здравиот разум не ни го допушта, да го чуваме својот ум, не осквернувајќи го со нечисти помисли, да поставиме стража кај своето срце, не допуштајќи им на нечистите желби да го извалкаат, да го оградите своето тело од нечисти дела".

Можеби некој сега ќе помисли: “Па каков е тој живот без никаква радост, живот во кој се забранети сите задоволства?" Воопшто не е така! Ни здравиот разум, ни Христовата вера не ни забрануваат забава и веселба во кои нема нечистотија, тие радости се дури и неопходни како пријатен одмор од нашите

Големиот учител на верата и благочестието свети Јован Златоуст, вака пишуваше за земните радости и наслади: “Ако сакаш да доживееш задоволство, оди во природа, во убавите градини, појди до некоја река или езеро, насладувај се на убавината на цветовите, пеењето на птиците и звукот на скакулците. Посетувај свети места - тука ќе најдеш и здравје за своето тело и корист за својата душа, и никако нема да им наштетиш и нема да се покаеш после такво задоволство, како што би се покајал после бесрамни претстави. Ако имаш жена и ако те опкружува твојот пород, со што може да се спореди тоа задоволство? Ако имаш дом и пријатели, тие задоволства заедно со целомудрието ќе ти причинат голема корист. Кажи ми, што може да биде поубаво и попријатно од жената и децата, за оној кој сака да живее целомудрено?"

Осма Божја Заповед

„Не кради“

Крадењето, или на црковнословенски „татба“, е тежок грев, кој оние кон му робуваат ги лишува од Божјото Царство, од Небесното Царство. „Ни лакомците, ни крадците,... ниту грабачите нема да го наследат Божјото Царство“, сведочи свети Апостол Павле [1. Кор. 6. 10]. Очигледно, професионални криминалци, крадци и грабачи меѓу нас кон сме собрани на ова свето место нема. Но, да се земе дури и нешто најмало што не ти припаѓа, е кражба.

1. Потрудете се да се присетите, нели ве соблазнило некогаш нешто кое, како што се вели, е “ничие". Земање на такво нешто воопшто не го сметаме за грев, меѓутоа, тоа е вистинска кражба, па уште и јавно сторена. Дали не сте им носеле на своите деца нешто, што на некој начин сте го присвоиле, и дали не сте им покажувале уште од мали нозе дека од работното место може и да се земе за себе по нешто, сугерирајќи им дека во тој случај не се работи за кражба? Господи, прости ни нам грешните!

2. Дали не ве соблазнил некогаш некаков плод во нечиј овоштарник, градина, на нива, на приватен или државен имот?

И овде е во прашање кражба. Господи, прости ни нам грешните!

3. Има меѓу нас и вакви размислувања: “Ќе појдам да ѝ се помолам на Владичицата, Пресвета Богородица и ќе ми помогне да допатувам без карта!" Откажете се од такви размислувања и покајте се? И ова е некаков вид на кражба. Меѓу другото, каков е тој аџилак? Порано се пешачело со километри за да им се поклонат на светињите, а денес многумина не се плашат во такви пригоди да се возат без карта. Господи, прости ни нам грешните!

4. Дали не сте краделе од државата електрична енергија, прибегнувајќи кон незаконски приклучоци и секакви “мајстории" на електричното броило? За еден Христијанин тоа е голема срамота. Господи, прости ни нам, на ситните измамници!

Од денес веќе престанете да ја валкате својата совест со такви срамни ситници. Сепак, сите имаат доволно средства и можат да платат за најосновните комунални услуги.

5. Христијаните вработени во трговија или услужни дејности, вие кои го продавате вишокот од земните плодови од своите ниви, овоштарници и лозја на пазарите! Кој од вас задржувал од мерката, или продавал по повисока цена, или задржувал кусур, или продавал лоша роба како добра?

Покајте се пред лицето на Севишниот Бог! О, Господи, прости ги безаконијата наши!

Од денешниот ден веќе никогаш не си ги валкајте своите раце и својата совест со украдена роба. Никаква корист, ни материјална, а особено не духовна, нема да ви нанесе богатството кое на таков начин сте го стекнале! Напротив, и она што чесно сте го заработиле ќе ви пропадне и ќе се претвори во прав, и душевното богатство ќе го изгубите за навек. Ке ве гризаат и разјадуваат непрестајни размислувања: ќе нè фатат ли на дело, ќе ја забележи ли некој измамата, ќе согледаат ли луѓето лека живеете подобро од што ви допушта платата, ќе ве посрамотат ли или ќе ве пријават. А каква срамота е пред луѓето и пред Бата, пред Светите Ангели Негови, еден Христијанин да биде фатен во кражба! Боже, сочувај и запази не! Денес сепак, по чесен пат и со чесна рабога можеме да заработиме за она најнеопхоцото во храна и облека...

Можеби некој од вас кој работи во градинка или во училиште им скратил на децата од исхраната за да има корист од тоа? О, па тоа е веќе злодело! Покајте се! Господи, прости ни нам грешните! Дали не сте поткраднувале обидувајќи се да платите со пари кои излегле од употреба? Или сте земале поголем кусур отколку што ви припаѓа, иако сте забележале дека продавачот погрешил? Господи, прости ни нам грешните!

6. Или сте затаиле и присвоиле некој најден предмет? А Христовите Светители, браќа и сестри, не земаат дури ни зрно грав кои би го нашле на прашливиот пат. Ако самиот не си го оставил предметот каде што е значи не е твој. Ако било што си нашол - потруди се да го најдеш и оној кој тоа го изгубил. Господи, смилувај се на нас, ненаситните и алчни кон туѓото добро!

7. Можеби сте купувале нешто кое очигледно е украдено или некој пијаница во бесценост ви продавал нешто што го украл од чесни луѓе. Приберете се, луѓе. Разберете, дека купувајќи украдено, и сами станувате соучесници во кражбата. Никогаш не внесувајте во својот дом нешта стекнати на тој начин! А кој така постапил, нека се покае! Господи, прости ни нам грешните!

8. Или сте потпишувале или користеле било каков лажен паричен документ? Господи, прости ни нам грешните!

9. Можеби не сте ги платиле своите долгови или сте го одложувале плаќањето, предавајќи ѝ се на привремена немаштија? А во реалноста најчесто се случувало да сте се поскржавеле кон плаќањето или да не сте можеле да го зауздате своето расипништво, па поради тоа не сте ни можеле да платите навреме. Без двоумење платете си ги сите свои долгови! Ако сте во можност, уште денес платете си ги своите сметки или ветете пред лицето Господово дека тоа ќе го сторите во најкраток рок.

Тогаш вашето покајание навистина ќе вроди со плод. И воопшто, еден Христијанин е должен да живее онака како што му допуштаат неговите приходи. А може да се живее и поскромно, но тогаш на душата ќе ви биде полесно и поспокојно, затоа што секој долг го оптеретува човекот, лежи како камен во срцето.

10. Против осмата Божја заповед грешиме и доколку немарно се однесуваме кон туѓиот и државен имот. Ако луѓето или државата ни доверат да користиме вакви или онакви нешта, Христијаните се должни да ги чуваат тие нешта и со нив да постапуваат дури и повнимателно отколку со сопствениот имот, како не би ги скршиле, изгубиле, расипале. Госпдои, прости ни нам поради нашата невнимателност!

11. Сме згрешиле против оваа заповед и доколку изнудуваме за себе подароци или мито. Можеби некој од вас прима свои роднини на преноќевање и на гости кога допатувале да ги посетат светите места, но се поставуваат така, што ги обврзуваат да им донесат подароци.

Како домаќини, можеби некогаш сте барале од луѓето кон вас посебно да се однесуваат? Покајте се пред Господа! Господи, помилуј нè нас грешните! Ако не сте во состојба да ги услужите, нахраните, напоите и примите гостите во својот дом, со простота на вашето срце, тогаш барем немојте од нив да изнудувате добра за себе без срам. Размислете за тоа дека и тие, вашите гости, немаат голем капитал, дека живеат од пензија како и вие, и дека морале за пат да заштедат. Затоа, не очекувајте од нив подароци и надокнада за себе и погрижете се христијански да ги примите и на гостите!

12. Дали можеби намерно не сте им нанесувале штета на своите ближни? Дали поради злоба или завист, чувај Боже, не сте запалиле нечии амбар или ливада, дали не сте ја пуштиле стоката во градината, уништувале овошки, отровиле пес, кокошки, животни на своите соседи? Или намерно сте посипувале на нивниот имот киселина, отров, штетни супстанци? Можеби и со некои други злодела сте ги унесреќиле другите луѓе? Покајте се пред Господа! И ако ве оптеретува некој од тие гревови, погрижете се да ја надокнадите штетата, да се помирите со оние на кои сте им нанеле зло, и како цариникот Закхеј, четворократно да им го вратите она што сте им го зеле на луѓето! Тогаш вашето покајание ќе биде вистинско и делотворно!

13. Наклонети сме да ги осудуваме оние коишто помалку работат, да вперуваме во нив прст, да спориме со нив, но не сме ли и ние исти, можеби и полоши безделници! Кој од нас совесно работи цело утврдено работно време до последната минута, или кој така се однесува на своето послушание? А има ли од нас такви кои ќе одбијат да ја примаат својата плата или кои ќе се одречат макар и од еден денар? Господи, прости ни нам грешните!

14. Во гревот против осмата заповед од Божјиот Закон се вбројува и гревот на светотатство, односно крадење или присвојување на Светињите од црковниот или манастирскиот имот. Од храмот не смееме да изнесуваме ништо, ни најмала ситница, ни остатоците од догорените свеќи. Знајте дека црковниот и манастирскиот имот е буквално оган кој го внесувате во својот дом, доколку се осмелите такво нешто да присвоите.

15. Постои уште еден вид грев против оваа заповед, а тоа е гревот на лихварење, каматарење и продавање на било какви нешта или храна по повисока цена. Тој грев се манифестира уште и во шпекулирањето, препродавање на дефицитарна роба по пониска цена во однос на онаа по која инаку се купува, со цел да се збогатиме. Ако некој од христијаните се занимава со тоа срамно дело, веднаш нека го прекине и со солзи нека припадне пред Господа, каејќи се поради својата лакомост и алчност! Господи, прости ни нам грешните!

16. Можеби ви се случило да измамувате простодушни луѓе собирајќи од нив пари, или нешта за своите измислени потреби [божем ви се случила некоја несреќа] или за потребите на измислени луѓе. храмови, манастирски семејства, а потоа така собраните средства сте ги искористувале за себе? Ако меѓу вас има такви, покајте се од сè срце, без двоумење престанете со измамувањето и потрудете се украденото да го надокнадите така што сè што ќе ви дојде во раце да им го дадете на бедните и несреќните.

17. Осмата заповед исто така ги забранува сите парични игри на срека. Страшен грев е секакво играње карти и сите врсти на коцкање, особено заради пари! Кој се занимава со играње карти, кој го поминува скапоценото време во сите други игри на срека [тука спаѓаат и Лото. Бинго, спортска прогноза, заб. прев.] нека се покае пред Господа! Господи, прости ни нам грешните!

Повеќе не се занимавате со такин дела. Тоа не е никаков особен подвиг, треба за бидете доследни и строги кон себе. А тоа ќе го постигнеме, ако разбереме дека за еден христијанин е недостојно залудно да го поминува времето, да влегува во паричен ризик, да ја мачи својата душа и да го наведува врз себе гневот Господов. Зарем е можно да немаме подостојни и повредни дела од играње карти и коцкање?

Господи, смилувај се на нас грешните!

18. Или некој од вас земал мито? Дали некој се осмелил при распределба да постапи неправедно: да речеме во своја корист да му додели некому награда, пари или подароци? Можеби некој му го одземал работното место на својот брат со својата власт или клеветење кај началникот? Нека се покајат сите кои на својата душата го имаат овој грев! Господи, прости ни нам грешните!

19. Или можеби сте биле сиромашни со добри дела да им помогнете на своите ближни? Или не сте придонесувале според своите можности за светите храмови и манастири? Господи, прости ни нам сиромашните во делата!

20. Против оваа заповед грешиме и доколку ги употребуваме, сопствените нешта, не заради насушна потреба, туку, расипувајќи и гордеејќи се пред другите! Да речеме, некој веќе има солиден капут, чевли или некоја облека која сосем добро може да му послужи, а потоа од суета на расипништво купува уште еден предмет за облекување, иако такво нешто воопшто не му е потребно. Господи, прости ни нам, грешните!

А некој друг пак, напротив, носи секакви партали, од сè се одрекува само за да не потроши некој денар. Тоа е веќе другата крајност, страст која исто произлегува од нарушувањето на осмата заповед - скржавост. А некој пак, ќе се фали дека во негови раце парите никогаш долго не се задржуваат, и тоа исто така е грев на расипништво. Господи, помилуј не нас, грешните!

21. Сме згрешиле против осмата заповед и доколку не сме ги заштитиле другите од штета, иако сме знаеле дека таа може да се случи. Можеби во секакви поединечни или општи неволји сме ја искористувате нечијата избезуменост или безизлезна положба? Можеби за да им помогнете на настраданите сте земале големи пари? Ако ви се случило такво нешто, молете го Господа за прошка! Господи, прости ни нам свирепите и немилосрдни!

22. Доколку сме дури и потполно чисти во сите или повеќето од набројаните престапи против осмата заповед на Божјиот Закон, сепак треба да имаме на ум дека, освен со материјален имот, од Господ сме надарени и со различни таленти и способности. А дали тие таленти сме ги умножувале и користеле за доброто на своите ближни? Дали сме им помагале со добри совети, дали сме ги свртувале заблудсните на патот кон вистината, или сме ги утешувале несреќните и нажалените, и воопшто, дали ние не живееме само за себе, заробени во егоизмот, или целиот свој живот му го предаваме на Господа и на ближните?

Запрашајте ја својата совест, и ако таа ве укори, покајте се пред Господа!

Господи, прости ни нам грешните!

Деветта Божја Заповед

„Не сведочи лажно“

Толку сме заразени со гревови против оваа заповед, што не проаѓа ниту еден ден, па дури ни еден час, а да не згрешиме. Тоа се гревовите на нашата порочна душа, нашето зло срце кое го разгласува нашиот нечист јазик. Да му го принесеме на Господа своето чистосрдечно покајание!

1. Оваа заповед нам Христијаните ни ја забранува секоја лага во сите нејзини облици. Таткото на лагата е ѓаволот, и затоа никогаш и никаква лага не може да биде оправдана. А сега да погледнеме во својот живот, колку во него има лаги! Никој не нè влече за јазик, а ние сме подготвени да изговориме безброј лаги. Господи, прости ни нам грешните!

2. А осудувањето на ближните? Повеќе ги осудуваме луѓето со помисли и со зборови во нивно присуство или отсуство, отколку што вдишуваме воздух. Осудата, за жал, е најомилена тема на нашите разговори. А нели Господ рекол: “Не судете, за да не ви се суди". Но ние за ова непрестајно се оглушуваме, тонејќи во осуда на ближните! Без осуда не можеме да живееме. Штом се соберат двајца или тројца, уште ни устата не ја отвориле, само неколку реченици изговориле - и еве веќе осуда, а во мислите осудата воопшто не ја ни изоставуваме. Господи, прости ни нам грешните!

Слушнете како за овој грев расудуваат умните луѓе. Разобличувајќи ја страста на осудување на ближните поради некој нивни морален пад, еден голем христијански проповедник рекол: “Еден од нашите ближни падна! И така, ако навистина сте исполнети со Христовиот дух, дозволете ми да го изразам оној впечаток кој ќе го предизвика падот во вашата душа. Тој падна. Но вие, кои го осудувате, зарем вие никогаш не сте паднале? Дали ќе ви биде пријатно, кога вашиот непријател ќе почне да ги разгласува темните дамки од вашето минато, и дали нема да ве смири помислата дека вашите гревови засекогаш ги прекрил заборавот? Вашиот живот, ќе речете, не познавал големи падови и крупни гревови. Се согласувам. Но, дали за тоа сте вие заслужни? Ако веќе не сте имале директен повод за морален пад, дали вашето срце сепак не се стремело кон таков пад, не еднаш, туку илјада пати? Осудете се и обидете се да ни ги отворите портите на вашиот внатрешен живот! Обидете се искрено да ни ги исповедате сите оние потајни мисли кои никој не би ги ни претпоставил, за срамните желби, дивите страсти, недостојното самољубие кое сте го негувале во себе и сте го остварувале по однапред замислен план, на штета на смирението и несреќата на другите луѓе. Сето тоа не го видел ничиј поглед. Меѓутоа, додека бурата на гревовните страсти ја давела вашата душа, вашиот живот бил пофален однадвор, достоен за уважување од другите луѓе. Да претпоставиме сега дека во еден момент, додека страста го палела вашето срце, се појавило едно реално, живо искушение, полно со прелест и лажен занес. Што би направиле? Што би станало со вашиот непорочен живот и божемното чисто минато? Да претпоставиме дека вашиот прв пад би привлекол на себе внимание на некој човек, кој немајќи доволно трпение, би ве осудил и разобличил исто онака како што вие сте ги осудувале ближните. Што би било со вас? Бог ве поштедил со своето безмерно милосрдие. Илјадници поволни околности претставувале пречка за вашиот пад, но бидете уверени дека, кога би биле препуштени само на вашите мрачни инстинкти, и вие би пропаднале. Најголемата причина за вашето спасение не е во вас самите. Вашиот ближен паднал! Но, дали вие го знаете неговото минато? Дали знаете со какви заблуди бил окружен, во каква прелест паѓал, какви искушенија му го помрачувале и затворале патот? Знаете ли воопшто, дека во тој судбоносен час кога паднал, му недостасувала топла братска рака која можела да го прифати и спаси, а тоа можела да биде и вашата рака!

Паднал вашиот ближен! Но, дали тој го знаел сето она што вие го знаете? Дали неговото минато било исполнето со благослови и благодатни влијанија, кои можеле да го сочуваат? Дали тој имал можност уште од мал да ја запознае молитвата, солзите, советите на мајката Христијанка? Дали тој од почетокот имал можност да го слушне Христовото Евангелие? Дали на својот пат го видел крстот кој му дава надеж за спасение? Дали слушал многубројни духовни совети и упатства како и вие? Па тогаш, кој од вас е повиновен во Божјите очи, пред лицето на Праведниот Судија, Кој ги мери гревовите на сите? На кого Господ му подарил повеќе таланти? И од кого тогаш повеќе ќе бара?

Читајќи ги преубавите поглавја од Евангелието во кои се говори за Рождеството на Христа Спасителот, и особено за преубавата химна која ја пееја војските на Ангелите над Витлеемските рамнини, веројатно никогаш не сте размислиле колку е потресен фактот дека Ангелите Божји, чисти битија, први ја почувствувале радоста и го благословиле Бога поради спасенисто на паднатото човештво! Значи, колку сме поблиску до Бога и колку повеќе е почиста и поогнена нашата љубов кон Него, толку сме повеќе подготвени да сострадаме и да бидеме милосрдни кон своите браќа. И зошто воопшто да ги спомнуваме Ангелите, кога Оној на Кого Му се поклонуваат сите војски Небесни и Кого Светото Писмо го нарекува единствен свет и праведен, е бескрајно милосрден и исполнет со сострадание кон сите паднати битија! И ако оние кои остануваат чисти и Оној Кој бил потполно свет и безгрешен, тагуваат поради гревот и падовите на нашите ближни, што треба тогаш да чувствуваме ние, грешните и недостојни и ние кои имаме удел во нивните заблуди? Еве како треба да расудува вистинскиот Христијани!

Кога ќе почнеме да управуваме со својата душа на патот кон правдата и покајанието? Кога ќе го совладаче својот поган и многу нечист јазнк? Многумина од нас го имаат поживеано веќе половина од животот, а некои се приближуваат и до крајот! „Господи, постави стража крај мојот јазик и огради ја мојата уста со молчење“. Макар пред крајот на животот!

3. Депеттата запове ви забранува и клевета тоа е најтошата навреда за нашите ближни. Клеветата е рамна на убиство! Дурии боговдахновениот пророк Давид се молел на Господа да го избави од човечка клевета, како би се држел до Божјата заповед. Ако било кој го оклевети својот ближен, ги разгласил неговите слабости, го осрамотил, го озборувал пред претпоставените или роднините, нека се покае со солзи пред Господа! Молете му се срдечно на Госпола да ве поштеди како најлоши убијци, и од овој момент, на сите на кои можете да им кажете сè спротивно од она што сте говореле за тој човек, симнете ја клеветата од него, и дај Боже вашата клевета да не доведе до тешки последици и до непоправливо зло! Господи, прости ни нам грешните!

4. Можеби некој од вас сака да прислушкува, во тајност да наблудува, или да чита писма на своите ближни? Кајте се пред Господа сите кои имате вакви гревови. Господи, прости ни нам, грешните! Ќе се запреме ли во тие гнасни страсти, ќе престанеме ли да се занимаваме со тие срамни дела, зависи само од нас самите. Може ли воопшто Христијанинот, човекот кој се именува со името Христово, да се спушта на такво ниско ниво? Господи, помогни ни нам да се избавиме од овие недостатоци и исчисти ги гревовите од нашето минато!

5. Сите вие кои сте ги разгласувале туѓите слабости и гревови, кои сте му нанесувале штета на доброто име на својот ближен, покајте се пред Господа! Тоа е Хамов грев, грев на неразумното момче кое не ја прикрило голотијата на својот татко. Господи, прости ни нам грешните!

6. Можеби со задоволство сте ги слушале туѓите озборувања и на нивна основа сте донесувале осуда кон ближните, можеби сте измислувале некакви штетни гласини или сте разгласувале разни невистини? Или сакате да слушате оговарања и гласини, со кои би го хранеле својот празен ум и љубопитност, наместо да ги облагородите со молитва и Божјо слово! Покајте се пред Господа! Господи, прости ни нам грешните!

7. Блажени се миротворците ни говори словото Божјо. А ние ги заведуваме луѓето, пренесувајќи секакви грди зборови кои другите ги кажале во гнев, наместо да ги премолчиме заради мир меѓу браќата.

8. Се случувало да ја „кажувате вистината во очи“, иако гоа никој од вас не го барал, а таа ваша постапка имала за последица навреда, раздор, различни штети. Господи, прости ни нам, на неразумните „вистинољупци“!

9. И воопшто, Господи, нема во нас простодушност, искреност, едноставност, воздржаност, и поради тоа секој миг и секој час ги навредуваме своите блиски и Тебе, Господи, оглушувајќи се на деветтата заповед од Твојот Закон.

Десетта Божја Заповед

„Не посакувај ја жената на ближниот свој, не посакувај го домот на ближниот свој, ниту нивата негова, ни слугата негов, ни слугинката негова, ни волот негов, ни ослето негово, ни секаков добиток, ниту нешто друго, кое е на ближниот твој!“

1. Десеттата Божја заповед ни забранува порочни чувства, мисли и желби, ни забранува да се задржуваме на нив, да ги развиваме во себе и со нив да се насладуваме. Какви се тие мисли? Тоа се сладострасни, користоњубиви, самоубиви, горделиви желби и желби за угодување на своето тело, со кои сите сме исполнети. Господи, прости ни нам грешните!

2. Грешиме, Господи, против оваа Твоја заповед со тоа што сме незадоволни со својата судбина и паѓаме во гревот на зависта. Покајте се сите вие кои завидувате на богатството, среќата, здравјето, способностите, убавината, успесите на нашите ближни. Господи, прости ни нам грешните!

3. Дали некој од вас се радувал на туѓата несреќа? Испитајте ја својата совест, дали не сте се радувале кога на некого, особено ако е тоа ваш непријател, му се случила некаква несреќа? Господи, прости ни нам грешните!

4. Дали сте посакувале нечија болест или смрт, особено на оние кои ве навредиле? Господи, во тоа е нашиот грев, прости ни!

5. Можеби ве обзема злоба, можеби лудувате гледајќи ја туѓата среќа, поради тоа што според вашето мислење, тие луѓе одамна заслужиле пропаст? Господи, прости ни нам грешните!

Корен на сите гревовни мисли, желби и постапки, со нивните горчливи последици е самољубието, безумно стремење на нашиот дух да се одвои од бесконечното и да се приврзе за земното - оддалечувањето од Бога и затворањето во себе. Заради замена на приврзаноста кон трите главни сили на нашата душа умот, волјата и срцето, кои бараат задоволство во областа на сетилниот живот наместо во обраќањето кон Бога, нашето самољубие се остварува: а] во фантазијата, б] во превознесувањето на самите себеси или во гордоста, в] во користољубивоста и во угодувањето на телото. Оттаму произлегуваат сите гревовни цели, сите страстни желби, зборови и дела... Господи, прости ни! Сите сме толку самољубиви! Сите сме наклонети да се жалиме на својата судбина и да му се лутиме на Бога. Им завидуваме свесно или несвесно на луѓето на сè што ќе видиме и за сè што ќе дознаеме. Се посакуваме: и храната, и облеката, и куќата, и мебелот кај другите луѓе, сето она што ни служи за достигнување на комфор и удобност во животот, сето она што го гледаме во туѓите домови и семејства. Штом ќе видам нешто, веќе сакам да го стекнам за себе, и дури чувствувам одредена навреденост доколку не го поседувам истото. Подготвени сме да се жалиме на својот живот, да лелекаме над својата несреќа, како што ние тоа го нарекуваме. Заради тие свои безумни желби дури сме си го нарушувале и своето здравје. Тешко ни е и болно Господи, сега на тоа да се сеќаваме! Често се насладуваме со внатрешни мисли на прељуба, нечисто погледнувајќи на жената или мажот на својот ближен. Господи, прости ни нам грешните! На крај, сите овие гревовни мисли, желби и чувства, ние често не ги сметаме за грев, оправдувајќи се дека ништо не сме направиле, туку само сме помислиле или мечтаеле, или малку сме ја „задоволиле својата душа“, и заради тоа не се каеме, подготвувајќи ја со тоа својата душа за вечна погибел. Господи, прости ни нам грешните! Премногу сме лекомислени, грешиме без страв, бескрајно го искушуваме Долготрпението Твое, одложувајќи го исправањето на својот живот за утрешниот ден. О, Господи, прости ни нам грешните!