Господи! Некои меѓу нас ретко ѝ пристапуваат на исповедте и на Светата Причест, наоѓајќи изговор дека не можат да најдат доволно време... А колку би било корисно и спасоносно почесто да се исповедуваме и причестуваме! Колку пати ни се случило да и нанесеме тешка болка на својата душа, да почувствуваме дека треба да отидеме кај својот духовен исцелител, а потоа да помислиме дека сепак немаме време или дека тоа можеме подоцна да го направиме, и така останува сè по старо, а гревот се препушта на заборавот...

Господи, Ти бараш од нас сета нечистотија и сиот гревовен талог од својата душа да го симнеме на исповедта, да ги намразиме своите гревови, да ги собереме сите свои сили за да не грешиме повеќе. И ние го знаевме тоа, но не го исполнувавме....

Ти, Господи, го повикуваш секој од нас горко да ги исплаче своите гревови, да ги отстрада, со болка во срцето да ги открие, и со гнасење да се секава на нив како на свои непријатели: а ние, Господи, доаѓаме во храмот студени и излегуваме бесчувствителни... Страшно е и да се помисли: дали е можно секогаш од храмот да сме излегувале без прошка, без разрешување на своите гревови!

Секој од нас сега е должен, Господи, цврсто да Ти вети дека ќе се одрече од гревот, дека ќе го намрази гревот, дека ќе го исправи својот живот.... И таа решеност ние ја потврдуваме со заклетва - со целивање на Чесниот Крст и Евангелието. Господи, ние толку искрено би сакале тоа да го исполниме! И Ти се молиме, Себлаг Христе, помогни ни да ја одржиме таа заклетва! Особено им е тешко на оние, кои често гореле од желба да го исповедаат својот грев пред свештеникот, но заради нешто ги обземал срам, и така си заминувале без покајание! Помогни ни, Спасителу наш, да се ослободиме од гревот кој сме го криеле и таеле и за кој не сме се покајале! Да престанеме, без лажен срам, да го носиме гревовниот товар и веќе да не се теретиме со тоа што не пристапуваме кон покајание!