Борба со гревовите - подвиг за чистота на душата

 

Архимандрит Рафаил Карелин

[одговори на прашања]

Кажете ми, ве молам, што е богобојазливост? Страв Божји или страв дека ќе се падне во грев? Како треба да го сфатиме овој збор? Кажете ми и дали покајанието треба да следи веднаш по направениот грев или е подобро тоа да биде кога ќе настани некоја рамнотежа на чувствата? На пример, во случај на кавга или воопшто, во било која друга гревовна постапка?

Стравот Божји има неколку духовни степени: нискиот степен страв од казна за гревовите; потоа страв од губиток на благодатта и наградата за добрите дела; и трет страв да не го навредиме Бога и да ја изгубиме Неговата љубов. Светите Отци велат дека по направениот грев треба без одложување да принесеме покајание: што побргу ја залечиме раната, таа побргу и ќе се излечи.

Старецот ни препорача да се исповедаме само пред причестување затоа што правиме гревови кои не се тешки, туку “обични", но знаеме дека секој грев ја оптеретува душата и, свесни за тоа, сакаме почесто да се очистуваме. Исто така е речено дека честата исповед [повеќе од еднаш неделно] води кон исповедување на помислите. Дали навистина честата исповед и исповедта на помислите се штетни? Не сум мислела да го прашам свештеникот подетално за тоа, затоа што очекував да слушнам друг одговор од поставеното прашање за исповедта.

Мислам дека свештеникот не може физички да прима често исповедување, затоа што е зафатен со други парохиски работи. Но, само по себе, честото исповедување е корисно како и секојдневно миење на своето лице. Што се однесува до исповедта на помислите, нив треба накратко да ги исповедаме со воопштени зборови. Треба подетално да се исповедаат само оние помисли, преку кои ѓаволот особено силно се бори со вас, освен блудните помисли, чиешто анализирање не е корисно, затоа што повлекува со себе нечисти слики и претстави.

Што да правиме кога исповедта станува навика?

Замолете за епитимија на исповедта.

Објаснете ми, ве молам: ги исповедав своите гревови кои сум ги направил во детството и во младоста [после тоа над мене е вршена Светата Тајна Елеосветување, за Господ да ми ги прости оние гревови на кои не можев да се сетам]. И сеедно, тие ми навираат во сеќавањето и тоа многу ме мачи. Што треба да правам во таков случај? Ми се чини дека Господ не ми ги простил, или тоа е искушение од лукавиот?

Гревовите се простуваат на исповедта, но нивната инерција сè уште продолжува да влијае на волјата, а сеќавањето на нив - го валкаат умот. За очистување на сеќавањата потребна е внатрешна умносрдечна молитва. Прочитајте го раководството за Исусовата Молитва и почнете да ја творите. Гревовите треба да ги исповедаме повторно доколку непотполно сме ги исповедале, односно сме ги премолчиле или сме ги заборавиле околностите и постапките кои го прават гревот тежок. Ако подробностите кои ги спомнувате во тој поглед не се битни, тогаш можете да не ја повторувате исповедта, туку да ја творите внатрешната молитва со покајни чувства. За сè е потребно време: Свети Серафим Саровски велел: “Добродетелта не е крушка да ја изедеш одеднаш".

Во последно време престанав да се исповедам и се плашам да пристапам кон Светата Причест затоа што ме напаѓаат блудни помисли. Ми се чини дека прво треба да ги совладам блудните и другите гревовни страсти кои во мене не се малку, и дури потоа искрено да пристапам кон Светата Причест. Исповедта е промена на начинот на живот, а каква е користа од формалното набројување на гревовите? Дали правилно размислувам и постапувам? Од друга страна, тука постои опаснот полека да отпаднам од Црквата...

Ви советувам чистосрдечно да се исповедате пред свештеникот и секој пат нему да му ја препуштате одлуката околу прашањето дали да се причестите или не. Болниот треба да ита кон лекарот, а не да го избегнува.

Како да се научам на искрена и потполна исповед? Сите свои гревови од раната младост [вклучувајќи ги и смртните] ги исповедав во Лаврата, а сега, кога се исповедам пред парохискиот свештеник, само набројувам дека грешам во осудување, лажење, раздразливост и слични на тие гревови и страсти. Немам семејство, мојот надворешен живот изгледа благообразно, во односите со другите луѓе се трудам да се воздржувам и сите ме сметаат за добра и чиста. Затоа при исповедта ги набројувам негативните црти на својот карактер, но не секој пад во грев посебно [на исповедта не можам да го разгледувам со свештеникот секој поединечен случај, затоа што тоа би одземало многу време и би личело на откривање на помислите]. Но, одејќи си од исповед, Јас не чувствувам олеснување и некое чувство на незадоволство ме тишти. Како да се научам да се исповедам со скрушено срцеи солзи?

Треба да бараме од Бога тој да ни ги открие гревовите. Гледањето на гревовите е дар на благодатта, како светлост која го осветлува подрумот на нашата душа. Што се однесува до мислените гревови, можете да ги исповедате воопштено, но ако некоја помисла особено ве мачи, тогаш поподробно откријте ја на исповедта. Ако свештеникот нема доволно време, земете благослов накратко да ја напишете исповедта, па тој да ја прочита кога ќе има слободно време. Треба да настојувате постојано да се каете за гревовите не само на исповедта, туку и во својата душа, како и секоја вечер да испитувате како сте го поминале денот.

Простете што поставувам едно од најраспространетите прашања за исповедта. Кажете ми колку исповедта на гревовите [особено телесните] треба да биде детална? Работата е во тоа, што на исповедта секогаш се враќам на веќе изнесените гревови, сеќавајќи се на некои детали или околности. Мене постојано ме вознемируваат прашањата: дали сè сум рекол вистинито и потполно, дали нареков сè со мое име и дали свештеникот ме разбрал? Од една страна, знам дека предеталната исповед не е корисна, но од друга страна секогаш се прашувам дали доволно грижливо сум се исповедал?

Многумина минале низ оваа состојба, во која сте вие сега. Оттука, ако се сомневате, подобро е да се исповедате повторно, отколку гревот да остане неисповедан. Деталите може да ги исповедате тогаш, кога тие го отежнуваат направениот грев. Обично таквата состојба на внатрешен немир со време поминува.

Дали е неопходно за време на исповедта да зборуваме за она што се случило пред крштевањето? Како што јас сфаќам, кога човек го крштеваат во православната вера, сите негови гревови се опростуваат и после тоа тој треба да се кае за оние гревови кои ги направил по крштевањето.

Во Светата Тајна Крштевање на човекот му се простуваат сите гревови, како прародителските, така и личните. Затоа не е неопходно да се исповедаат гревовите направени пред крштевањето. Но, бидејќи остануваат наклоностите кон гревовите и нивната инерција, корисно е да му ги изложите тие гревови на духовниот отец за подобро да ја знае вашата душа, исто како што болниот му кажува на лекарот за болестите кои ги имал во минатото, кои престанале, но сепак оставиле одредени диспозиции во организмот.

Разрешете ја мојата недоумица: како што е познато, без покајание не е можно да му се приближиме на Бога, а покајанието започнува со увидување на својата бедна состојба и своите гревови. Но, што да правам во случај кога ќе ги увидам своите гревови само со разумот, ладнокрвно, а моето срце не се потресува. Односно, се случува „гледајќи, да не видам“. Сум читал кај свети Игнатиј Брјанчанинов за тоа, дека дарот да се увидуваат своите гревови се задобива со Божествената благодат. Јас одамна го молам Бога за тоа, но поради мојата недостојност, очигледно е дека молитвата останува неуслишана. Покрај молитвата, се обидувам да проникнам и во суштината на Божјите заповеди, читајќи ги Светите Отци и споредувајќи го својот живот со барањата од Божјиот закон. Но, за жал, никаков резултат нема досега: ако и видам некои грешки, поради студеното срце немам одлучност да го изменам својот живот кон било што. Старче, ве молам, помогнете ми, ова прашање одамна многу ме вознемирува.

Покајанието е, пред сè, чувство на незадоволство со себеси и желба да се почне нов живот. Тоа чувство е присутно во вашето писмо. Студенилото во срцето е во тоа што човек не ја гледа и не ја чувствува својата состојба, вклучувајќи го и самото студенило на срцето. Кога Господ би ви дал дар на солзи и пламено покајание, можеби вие длабоко во душата би се погордеале од тоа. А вака вие, можеби и несвесни за тоа, се каете за скаменетоста на своето срце, односно вршите суд над себеси. Кога ќе се смирите себеси, Господ ќе ви даде појасно и поживо да ги чувствувате покајничките чувства. Еден монах му се жалел на схиархимандритот Серафим [Романцов] поради тоа што кај него се намалил плачот од молитвата. А овој направил крсен знак и рекол: “Слава Му на Бога". Веројатно отецот Серафим чувствувал дека дарот на солзи, при недостаток на други добродетели или недоволно смирение, може да доведе до суета. Монахот на тоа додал: “После тоа јас немам солзи, како отец Серафим да ги исуши". Затоа заблагодарете Му на Бога за својата состојба. Тоа не е погибелно и дури е и помалку опасно од претерувањето во молитвата. Што се однесува до Божјиот закон, треба да се трудиме да се држиме до заповедите без тенки анализи, во простотата на срцето, во секоја згодна прилика. И покрај сите сомнежи, велете: “Господи, нека биде волјата Твоја. Слава Му на Бога за сè“.

Сакам често да се причестувам, но не знам како да се исповедам: навистина да се стремам живеам на православен начин, да ги избегнувам големите и мали гревови. И еве, стојам пред свештеникот и не знам што да кажам. Ве молам, посоветувајте ме како да ја устројам својата исповед во тој случај?

Христијанинот барем неколку пати годишно треба да произнесе подетална исповед и заради тоа да го замоли свештеникот да прими исповед во небогослужбено време, а во другите околности да ги кажува главните, тешки гревови кои ги направил помеѓу две причестувања, или оние кои му ја оптеретуваат совеста. Можете да имате бележник во кој би ги запишувале своите гревови и врз основа на тоа да се подготвите за исповед. Одредена помош можат да ви дадат упатствата кои ги составиле протоерејот Григориј Дјаченко и архимандритот Јован Крестјанкин. Но, најважно е да умеете да го слушате гласот на сопствената совест.

Што да правам кога воопшто не чувствувам покајание за своите гревови? Доаѓам на исповед и лесно и слободно ги именувам сите свои гревови на кои се сеќавам [обично има многу]. Притоа, воопшто не се плашам и не се срамам да ги набројувам најскверните гревови, од кои луѓето обично се срамат [меѓу нив и блудните]. Ги набројувам сосем спокојно, без прикривања и без трошка покајание. Тоа ми се чини чудно. Треба да плачам поради гревовите, а во мене има весело расположение. Со умот разбирам колку се важни исповедта и причеста, доста сум читала за тоа. На исповед одам еднаш во две недели, затоа што така му е угодно на Бога, така рече старецот. За мене тоа секогаш е радост, но покајни чувства воопшто нема. На исповедта старецот зборува за тоа каква страшна грешница сум, а во мојата душа има таква радост, уште песна да запеам. Дали таквата состојба е нормална?

Исповедта е суд над себеси, но тешко дека би биле спокојни кога луѓето би ве обвиниле за некое злосторство. Покајанието доаѓа тогаш, кога човекот чувствува дистанца помеѓу она кое треба да биде и она кое што е присутно во реалноста. Радоста за која вие говорите не е духовна, тоа е психолошко празнење со посредство на зборови. Христијанинот ги оплакува своите гревови, не само заради идната плата, туку и кога доживува мачно чувство на губење на благодатта. Значи, вие се радувате на она што не сте го изгубиле, а не сте го изгубиле затоа што не сте го ни имале. Треба да се молите Господ да ви подари покајание.

Кога ги разгледувам моите постанки и гревови со цел да се покајам, ме напаѓа мачно униние. Отците советуваат да не се занимаваме со премногу копање по себеси. Сепак, каков е патот на покајанието?

Покајанието е нишка која се протега помеѓу две спротивности - жалоста поради гревот и надеж во Божјото милосрдие. Покајанието не е мазохизам, во кое човекот треба да има изопачено чувство на задоволство со посредство на самоизмачување, туку желба на видело да го изнесе својот грев, и осудувајќи се себеси и со црковна исповед да се ослободи од него. Но покајанието не е ниту пренагласен оптимизам, кога човекот како да го прескокнува гревот, не размислувајќи за него и утешувајќи се со мислата дека Бог се ќе прости. Во тој случај, неизобличениот грев продолжува да трулее во човековата душа. Треба да се молиме Бог да ни ги открие нашите гревови. Можеме да ги запишуваме, а потоа да ги прочитаме за време на Светата Тајна исповед. За време на унинието треба да ги повторуваме зборовите од молитвата на свети Јован Златоуст која се чита пред Света Причест: “Ти си навистина Христос, Син на живиот Бог, Кој си дошол во светот да ги спасиш грешниците, од кои првиот сум јас." Нека ви помогне Господ.

Не можам да го сфатам тврдењето дека во Царството Божјо први ќе влезат разбојниците и блудниците [односно убијците и проститутките]. Зарем човекот кој убил и се покајал поради направениот грев е подобар од оној што воопшто не убил? А проститутките кои се покајале подобри ли се од верните жени? Зарем да грешиш и да се каеш е подобро од настојувањето да се живее по Божјите заповеди?

Вие ѝ го припишувате на Црквата она за што таа никогаш нè учела. Навистина, покајниот разбојник прв влегол во рајот, но тоа се случило промислено, за да ни биде покажано бесконечното Божјо милосрдие, и за да не ја загубиме надежта во спасението поради своите гревови и за да знаеме дека Господ не ги отфрла грешниците кои се кајат, па кои и да биле тие. А што се однесува до блудницата на која Господ и простил во куќата на Симон Фарисејот, нејзиното покајание Господ го спротивставил на лажната праведност на фарисеите, кои сметале дека веќе се спасени и дека немаат потреба за било какво покајание. А горделивците, мислејќи дека ќе бидат први пред Бога, ќе станат последни. Но никаде не се говори дека покајниот разбојник и блуднината стоеле над подвижниците и праведните жени. Ние треба да настојуваме да живееме по Божјите заповеди според своите можности, но во исто време да ги увидуваме своите гревови и да се каеме поради нив. И светителите го минувале животот во покајание, имајќи го на ум човековото несовршенство.

Имам проблеми со исповедта. Бог простува, јас не правам тешки смртни гревови, се трудам да станаи свесен за своите страсти, а тие [гревовите] се пројавуваат секојдневно и често во помислите, во непријателскиот однос кон луѓето и во многу слични на тоа. Но јас на исповедта не ја изнесувам секоја помисла, принудена сум да говорам и да се каам воопштено, искрената скрушеност ја снемува, исповедта станува формална. Јас често дома на молитва горко ја увидувам својата осквернетост, но тоа чувство не можам да го изнесам на исповедта. Покрај тоа, имам чувство дека, дури и ако ги набројувам сите мои помисли, не го говорам она најважното, она што треба да се извади од коренот, но ке знам што. Секој ден таа состојба се усложнува. Што да правам?

Грешните дела треба да се исповедаат детално, а помислите воопштено. Покајанието е лично доживување на гревовите, а исповедта Тајна, во која свештеникот во име на Црквата дава прошка на оној кој се исповеда. Затоа, исповедта како да го дополнува и заклучува покајанието. Најважниот грев е оној кој ни е најтежок да го оставиме.

Во книгата „Патот на христијанинот“ вие укажувате дека постојат осум главни гревови, потоа шест гревови кои повикуваат кон небото, четири гревови против Светиот Дух [овие гревови не се простуваат] и два сатански гревови. Осумте главни страсти-гревови, како што ми се чини ги знам, а дали би можеле да ми укажете на останатите?

Гревовите кои повикуваат кон Бога се: убиство со умисла, навреда на родителите, содомски гревови [и воопшто, сето она што денес се нарекува патосексологија, те хомосексуализмот, бисексуалноста, педофилијата итн.], угнетувањето на сиромашни, неисполнувањето на заклетви или завети, насилство, вклучувајќи и развратување на малолетници. Овие гревови се казнуваат не само во идниот, туку и во овој живот. Гревови против Светиот Дух се: демонска гордост, очајание кое води кон самоубиство, злоупотреба на Божјото милосрдие [односно лажна надеж дека е можно да се спасиш без покајание и борба со гревот], противење на очигледна вистина. Кога гревовите ќе постанат трајна состојба на душата, тогаш покајанието станува невозможно и затоа тие четири гревови не се простуваат не само во вечниот живот, туку и овде на земјата. Два сатански гревови се омраза кон Бога и луѓето.

Понекогаш не знам што да кажам на исповедта [особено кога зад мене во редот стојат луѓе]. Да ги исповедам помислите долго, не е секогаш можно. Како е подобро да постапам, ако од исповед до исповед гревовите ги гледам само во помислите?

Треба да се молиме Бог да ни ги открие нашите сопствени гревови: „Господи, подај ми мисла да ги исповедам своите гревови“ [од молитвата на св. Јован Златоуст]. Не е можно да ги исповедаме сите грешни помисли, туку треба само оние кои особено не измачуваат.

Еден современ свештеник во својата книга тврди дека по искрената исповед се простуваат сите гревови, дури и неисповеданите! Зарем е тоа навистина така? Но таму исто така се говори дека некои свештеници за време на разрешителната молитва ги спомнуваат само исповеданите гревови. Што мислите вие за тоа?

Ние можеме да бидеме искрени на исповедта само по мера на самопознанието, тоест да ги видиме гревовите на одредено ниво. Никаква исповед не може да ја опфати гревовната состојба на човечката душа [во целина]. Благодатта постепено ја открива нашата сопствена душа и ги осветлува нејзините мрачни длабочини, кадешто лазат змии и се влечат скорпии. Затоа ми е тешко да зборувам за простување на сите гревови. Сепак, искрената исповед ги менува векторите на душата. Таа сведочи дека човекот преку страстите и љубовта кон гревот не му припаѓа на сатаната, туку на Бога. Во тој поглед искрената исповед е спасоносна. Ако човекот умре после чистосрдечна исповед и причест, тогаш има надеж за спасение. Треба да сфатиме дека гревот не е статика, туку динамика. Гревот не е нешто надворешно што можеме да го исфрлиме од душата и готова работа. Гревот живее и делува во нас пред исповедта, за време на исповедта и по исповедта, час се скриваат во длабочината на душата, час се покажуваат надворешно. Тоа е трулежна рана на првородниот грев, соединета со нашите лични гревови, навики и наклоности. Затоа, борбата со гревот треба да трае цел живот; затоа е неопходно да настојуваме да ја стекнеме непрестајната Исусова молитва со покајание, наспроти оние кои мислат дека е доволно да му се молиме на Бога повремено. Што се однесува до неисповеданите гревови, тука прашањето е од која причина не се исповедани. Ако е тоа од заборав, тогаш можат да бидат простени, ако е намерно, тие не само што не се проштеваат, туку и проштевањето на другите гревови, изречени на исповедта, станува сомнителна. Нашето срце е нечисто и таа нечистотија особено јасно ја виделе подвижниците. Но, Господ ги прима желбите и стремежите, а и самата борба со гревот може да ја награди како победа.

Моето неверие се изразува во повторувањето на исповеданите гревови. Тоа се злоупотреба на алкохол, прекумерна употреба на храна, ситни лаги.... Свесен сум дека правам зло, тоа го преживувам и Го молам Бога за прошка [тоа доживување и желба се искрени], но продолжувам да правам се по старо. Зошто? Можеби немам сила да излезам на крај со тоа? Или сум во прелест, кога устата моли за прошка, а рацете се грешни? Инаку, можам да го оставам алкохолот заради некое важно световно дело. Можам и да започнам диета за да не изгледам стомачест ѝ за да и се допаднам на околината. Се можам да направам заради световното спокојство или човекоугодништвото. Но, зошто не го правам тоа и за Бога? Јас дури и не велам дека сум во заблуда: разбирам како треба, а како не треба. Но, правам како што не треба.

Да се падне во грев од немоќ - тоа е човечка слабост, а да се лежи во гревот - тоа е ѓаволско дело. Оттука, без разлика колку пати и да паднете - станете, итајте на исповед, исповедајте ги своите гревови, макар и во оној вид како што ми напишавте, надевајте се во Божјата помош, барајте епитимија од свештеникот и во свое време Господ ќе ве исправи. Само немојте да се помирите со гревот и не се оправдувајте. Господ нека ви помогне.

Може ли свештеникот да му допушти причест на човек кој живее во блуд, односно ниту во венчан брак, ни во брак склопен официјално [регистриран, граѓански]? Тој мисли дека не згрешил и затоа не се покајал, а со тоа не го оставил заедничкиот живот како вонбрачна врска.

Свештеникот во никој случај не треба да допушти Причест на човек кој живее во блуд и не се покајал поради истиот грев, односно не го оставил блудниот живот. Единствен исклучок е кога човекот умира, но тогаш е должен да даде збор дека веќе нема да го прави тој грев ако остане жив. Свештеникот кој ги причестува луѓето кои се наоѓаат во блудна врска прави грев против Светите Тајни, каноните на Црквата и самите грешници, затоа што со тоа ја успива нивната совест и како да го оззаконува престапот. Кога човекот ќе се покае за блудот, не го причестуваат веднаш, туку му даваат епитимија и некое време за очистување.

Што е тоа „епитимија“?

Епитимија е наложено правило дадено од страна на свештеникот, кое задолжително треба да се исполни; во спротивен случај, човекот се лишува од правото на Причест. Обично се дава после исповедта и притоа се има во предвид дека таа му е помош на грешникот во борбата со неговите гревови. По исполнувањето на епитимијата, свештеникот кој ја дал треба да каже дека таа е исполнета.

Понекогаш се сеќавам на гревовите од моето минато и не се сеќавам дали сум ги исповедал или не. Што да правам во тие случаи?

Ако не се сеќавате дали сте ги исповедале своите гревови или не, тогаш треба задолжително да ги исповедате.

Од рана младост сум развивал во себе многу страсти и пороци. Исповедта и примањето на Светата Причест ми даваат за некое време духовна сила да се борам со нив, потоа желбата да се борам со гревот опаѓа, а воедно, со секој мој нов пад расне очајуванието поради повторно направениот грев. За да не се препуштам на очајание кое буквално ме разјадува одвнатре, сега преку моите моќи се исцрнувам од срам и униние кога не успевам да излезам на крај со гревот. Се срамам да го гледам Христовиот лик, не сакам да се молам - а како и можам, кога само што не сум посакал за Него воопшто и да не размислувам! Доаѓа и до смешни случувања: гледам на страна кога покрај мене проаѓа девојка, го извлекувам кабелот на ТВ антената за да не ги распалувам страстите, го поминувам времето на работа се до полноќ, за кога ќе дојдам дома веднаш да легнам да спијам и да се лишам од слободното време, и така натаму. Вразумете ме, отец Рафаил!

Вашето покајание е погрешно ако доведува до униние и некаков духовен безилез. Свеста за своите гревови треба да биде поврзана со надежта во милоста Божја и со верата дека сме искупени со крвта на Исус Христос. Бог го сака нашето спасение повеќе од што ние го сакаме тоа. “Сите крајности се од злите духови", говореле отците. Покрај се, јас не го сметам воздржувањето од страсните влијанија кои ги предизвикуваат призорите на секс и убиства, кои цело време се провлекуваат на малиот екран - крајност, туку нормално одвраќање на Христијанинот од морални провокации. Мислам дека ви е неопходно да имате духовен отец и да живеете по негов благослов. Тогаш ќе исчезнат многу проблеми како да се сосечени во корен. Го повикувам на вас Божјиот благослов.

Што да прави човек, ако прави еден ист грев против чистотата на телото веќе многу години?

Ако човекот правел еден ист грев со години, тогаш тој грев престанал да биде случаен и му станал навика. Навиката се искоренува со напор, како билка која пуштила корени. Но, тешкото не значи и невозможно. Потребно е да се исповедате со чисто срце во црквата и да го замолите свештеникот да ви даде епитимија. Треба да го имате до себе Евангелието во мал формат и да го носите со себе: а кога ќе се јави желба за правење на таков грев, тогаш да се отвори Евангелието и да се чита сè до тогаш додека човек не почувствува дека искушението заминало. Треба да настојуваме да не се предадеме на мрзливост, удобност и фантазии, туку да се трудиме во духовната борба. Треба да избегнуваме соблазнителни слики, кои ја ослабнуваат волјата и преку спомените поттикнуваат на грев. Нека ве чува Бог.

Јас сум млад човек, досега неоженет. Многу ме вознемирува проблемот на ракоблудот [самозадоволувањето, заб. прев.]. Оваа страст ме мачи веќе неколку години. Па како и да се обидувам да ја оставам, никако не ми успева. Сега општеството е наклонето да говори дека возраста е таква и дека не треба многу силно да се спротивставуваме, и дека е тоа, такаречено, безопасно дури и за физичкото здравје. Но, во душата чувствувам дека тоа не е така. Помогнете ми со опитен совет: како да ја совладам оваа страст? Дали вие сте имале познаници кои ги мачела оваа страст и што може да се случи доколку не го сопрам ова еднаш засекогаш?

Апостолот Павле пишува: „Не лажете се, ракоблудците... нема да го наследат царството Божјо “ [1. Кор. 6, 9], ставајќи ги во ист ред со крадците, убијците и блудниците. Во Стариот Завет е напишано е дека Онан, кој го направил тој грев, Бог го казнил со смрт. Што се однесува до либералниот дел на современото друштво, тоа го смета за корисно сè друго, освен воздржувањето и молитвата. Почесто исповедајте се [не е задолжително да ја соединувате исповедта со причестувањето], трудете се што повеќе физички да работите, изговарајте ја молитвата „Боже, биди милостив кон мене грешниот, Боже исчисти ме мене грешниот“, што почесто можете онака како што се твори Исусовата молитва. Читајте наутро и навечер по неколку глави од Евангелието. Нека ви помогне Господ.

Оче, јас сум хомосексуалец. Би сакал да ги прочитам православните материјали околу таа тема, но кај Светите Отци такви речиси и да нема. Современата наука ми вели дека не сум виновен за тој грев: Едипов комплекс, слаб татко, деспотска мајка и така натаму. Срдечно ве молам, помогнете ми: упатете ме што да правам и како да се борам со тој грев.

Добро е што веќе искрено сакате да се исправите и не ја сокривате својата болест. Современата наука е неутрална кон моралните прашања. За неа дури и не постои поимот грев. Во неа владее потполн либерализам со повикувањето на биологијата, честопати произволен и искривен. Со тој грев треба да се борите исто како со блудот, само уште поодлучно и поистрајно. Тој има темел во човековата психа, а не во физиологијата, ниту во хормонскиот систем. Затоа треба со помош на Божјата благодат да победите и да се промените себеси. За борбата со блудот можете да ги прочитате избраните делови во вториот том на Добротољубието и да се придржувате до упатствата во нив. Треба да ја оставите козметиката од било кој вид, да внимавате на скромноста во облекувањето, да избегнувате играње, а исто така и слики од разголени тела. Не треба да посетувате плажи и јавни купатила: би користело исто така да избегнувате и алкохолни пијалоци. Настојувајте да не се гледате со претходните пријатели, соучесници во истиот грев. Старците советуваат спиење на тврда постела и воопшто, држење на своето тело во состојба на извесно „самоизмачување“. Одлично помага физичката работа до состојба на замор, а најважна е: внатрешната молитва, внимавањето на своите помисли и честа исповед пред свештеникот. Ако имате искрена совест за погубноста на тој грев и желба да се ослободите од тоа, Божјата благодат може сè да исчисти, обнови и исправи. Читајте го Посланието на апостолот Павле до Римјаните. Тој го наведува гревот во којшто сте вие, како последен степен на деградација и незнабожечки начин на живот. Размислувајте за смртта и сеќавајте се на судбината на Содом, но во ниту еден случај не паѓајте во очајание. Нека ви помогне Господ.

Во претходнот живот, пред воцрковувањето, јас доста блудничев, а сега во внатрешната и вечерните молитви се присетувам на сите тие гревови. Во исто време, читам дека е подобро да не се сеќавате на такви гревови и на сè што е поврзано со нив. Додуша, сеќавањето се одвива брзо за да не би стигнало да ги опфати спомените во целина, но внатре, во себе, сепак се двоумам. Посоветувајте ме како правилно да постапувам во таква ситуација.

Треба еднаш да ги исповедате телесните падови, а потоа да не се сеќавате на нив во детали. Доволно е со внатрешна молитва и со вечерни молитви воопштено да се каете поради блудот. Старците исто така советуваат да не се молиме за соучесниците во тие гревови, затоа што таквите молитви можат да предизвикаат нечисти спомени, кога од дното на душата се подига тиња. Ако сакаме да им помогнеме на тие лица, кои можеби сме ги соблазниле, тогаш треба, ако се тие православни, да дадеме за нив прилог заради читањето на псалми и спомнување на Света Литургија. Го повикувам на вас Божјиот благослов.

Поради тоа што ја прочитав вашата книга „Како да се врати во семејството изгубената радост“, сакам да ве прашам: како да се покајам што сум користела контрацептивни средства, како да се молам?

Треба да се исповедате кај свештеникот и да не го повторувате тој грев. Старците во такви случаи благословувале некое време да се чита, наместо Исусовата молитва, со користење на бројаница: „Боже, биди милостив кон мене грешната, Боже исчисти ме грешната“. Нека ви помогне Господ.

Имам две крајности во срцето првата е нечистотата чувството на заљубеност, како да паразитирам во објектот на својата љубов, живеам со него. Кога одлучно се борам против првата, се појавува втората раздразливост, нервоза, злоба. Велат дека душата наоѓа мир само во Бога, но мојата душа се повеќе ја влечат страстите. Не сум мажена и не се стремам кон тоа. Дали со вакво расположение можам да размислувам за монаштво? Затоа што чувствувам дека ја губам патеката која води до Бога, засега не правам груби телесни гревови, но гледам како душата се повеќе ми ја помрачуваат суетата, вулгарноста итн. Паѓам во душевна депресија, немам точка на потпора и тешко ми е да живеам, иако немам реални нерешливи потешкотии.

Првородниот грев и нечистотата, која е поврзана со него поврзано делуваат во сите нас. Ние боледуваме од страсти и нашиот духовен живот е во многу, процес на исцеление. Што се однесува до злобата и нервозата, тоа е минлива состојба на борбата, Сакате да ја извлечете змијата од дупката, па не е ни чудно што таа ја каснува раката. Не е лесно да се борите против гревовите. Постојат периоди кога болеста се засилува, има состојби на посебен притисок од темната сила, но тоа е борба во својата душа за сопствената душа, Кога се борите со страстите вие одите кон Бога, иако се сопнувате и паѓате, а понекогаш и лазите. А кога ќе се помирите со страста, вие веќе лежите, а ѓаволот веќе не ве удира толку силно, затоа што сте веќе заробеничка, а тој има други, поважни работи од вас. Што се однесува до вашиот страв дека ја губите патеката која води кон Бога, можам да кажам дека Господ на почетокот на духовниот живот дава посебна благодат. Он како да ја држи човековата душа во Свои раце, како новороденче, а подоцна, кога новороденчето малку ќе се зацврсне и зајакне, го спушта на земја и му вели: „Оди!“. На детето му е тешко да оди само, но тоа е неопходно, за да се научи да оди. Ви се чини дека Бог ве напуштил, но Он е со вас, само сака да ја воспита вашата волја. Постои уште една причина: порано не сте ги гледале своите гревови, тие се криеле во длабочината на срцето и тамо мирно живееле. А преку благодатта сте почнале да ги гледате појасно. Ви се чини дека тие се зголемиле, а во суштина тие само излегле од длабочината на душата на површина. А понатаму, ако му се противите на гревот, ќе видите какви сè чудовишта живеат во човековото срце.

Прашувате за монаштво. Тука прашањето се решава на друг начин: колку го посакувате монаштвото, колку вашето срце го плени убавината на монаштвото. Монаштвото и манастирот се услов за богоопштење, но тие не го избавуваат човекот од борбата со страстите и гревот, туку оваа борба само ги менува своите облици: таа станува сè понапната и потесна. Што се однесува до точката на духовна потпора, занимавајте се со Исусовата Молитва во неа ќе најдете извор на сила и утеха. Само, немојте веднаш да очекувате резултати. Тоа што бргу се стекнува не е постојано. Го повикувам Божјиот благослов на вас.

Дали лошата навика може да биде тежок грев?

Последователно на честото повторување на гревот настанува навиката, а потоа навиката на извесен начин преминува во втора природа. Затоа, самата гревовна навика е тежок симптом на душевна болест. Ќе го наведам следниов пример. Треба да се исплеви и исчисти градината, Случајниот поединечен грев е како билка која нема длабок корен и која човекот, ако вложи напор, може да ја искорне од земјата. Навиката е веќе билка, која во земјата пуштила длабоки корени, на која треба многу и долго да се работи. А гревот кој преминал во природа личи на дрво и тука тешко дека човекот може сам да се избори со него. Тука се потребни молитви на Црквата, духовно раководство, потчинување на својот живот на строги правила и честа исповед. Тука човекот како да ги повикува на помош сите свои пријатели и тие со заеднички напори го сечат и ископуваат дрвото. Нека ви помогне Господ да ја исчистите градината на својата душа.

Пристапувајќи кон исповед, понекогаш не гледам за што треба да се прекорувам, не сакам да правам слон од мува или да измислувам нешто, да повторувам едно те исто „гордост“, „расеаност“ итн. Што и како да исповедам во тој случај?

Исповедајте го тоа дека толку сте огрубеле духовно, што не ги гледате и не ги чувствувате своите гревови. По мислењето на Светите Отци, првиот дар на благодатта е видувањето и согледувањето на своите гревови, кои се безбројни како морскиот песок.

Што да правам ако ме мачат одамнешните срамни гревови, кои наводно ги исповедав, но со “општи зборови", не наоѓајќи сила гревот да го наречам по име. Се кајам, се плашам од последиците на гревот, но се срамам и не можам да го наведам нивното точно име поради својата малодушност.

Свештеникот на десетина пати ги чул сите човечки гревови; ќе му биде само мило што сте собрале сила за да го совладате лажниот срам. Човекот треба да се срами да прави грев, а не кога го исповеда. Што повеќе ве боли на исповед, тоа поголемо олеснување ќе почувствувате после неа. Нека ви помогне Господ.