Преку Покајание и Причест до Прегратките Божји

 

Свети Архиепископ Лука Војно-Јасенецки

Во молитвата пред Света Причест исповедате: „...Верувам дека е ова самото Твое пречисто Тело и дека е ова самата Твоја пречесна Крв“.

Бог нека ве благослови за ова добро исповедање, за тоа што вие, како деца, не расудувајќи премногу, верувате во големата Тајна на Евхаристијата.

Само оние кои се понижиле како деца, и без било какво расудување ги прифаќаат Христовите зборови за најголема и безусловна вистина, од причестувањето со Светите Тајни добиваат - вечен живот.

А оние кои се оттуѓиле, кои излегле надвор од Црквата и кои веруваат само во материјалното и негираат сè што е духовно, потполно се неспособни да веруваат во тоа дека под облик на леби вино ни се дава Телото Христово и Крвта Негова.

За нив апостолот Павле рекол: „Телесниот човек не го прима она, што е од Божјиот Дух: за него тоа е безумство; и не може да го разбере, оти треба духовно да се испита“ [1. Кор. 2, 14]

А Светата Тајна на Телото и Крвта Христови е најголема тајна на христијанската вера.

За таа Тајна Самиот Господ наш Исус Христос во Капернаумската синагога вака говореше: „Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно; а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за живот на светот... Вистина, вистина ви кажувам: ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе. Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него. Како што ме прати живиот Отец, и Јас живеам преку Отецот, така и тој што јаде од Мене, ќе живее преку Мене... кој Јаде од овој леб, ќе живее довека “ [Јн. 6, 51, 53, 56-58].

Овие Христови збовори биле толку необични, што дури многу и од Неговите ученици кои ги слушнаа, рекоа: „Тешки се овие зборови! Кој може да ги слуша? “ [Јн. 6, 60]

И оттогаш престанаа да одат со Него. Сакаме ли и ние да заминеме од нашиот Спасител?

Ке сакаме ли по секоја цена во потполност да ја сфатиме големата Христова Света Тајна?!

Никако! Ке бидеме смирени како деца и ќе се осмелиме само малку да го подигнеме крајот од завесата над оваа голема Света Тајна.

Доколку тоа ни појде од рака, ќе биде оправдана нашата длабока вера во претворањето на лебот и виното во Тело и Крв Христови.

Светата Тајна Евхаристија ја востановил Самиот Господ Исус Христос на Тајната Вечера. Он тогаш го благословил лебот, му вознесол на Својот Отец молитва на благодарност, го прекршил и го разделил на Своите Апостоли велејќи: „Земете, јадете, ова е Моето Тело кое се предава за вас“.

Слично ја благослови и чашата со вино, и пружајќи ја на Апостолите, им рече: „Пијте од неа сите, зашто ова е Крвта Моја на Новиот Завет, која се пролева за вас и за мнозина, за отпуштање на гревовите“.

Он, Вистинскиот Син Божји, се нарекува Себеси Жив Леби Леб на Животот.

Каков живот? Секако, не телесен, зашто за него е потребен само пченичен леб, туку леб на другиот живот вишен, духовен, вечен.

Лебот кој е потребен за тој живот е Телото и Крвта Негови.

На Тајната Вечера Господ не им го дал Своето вистинско Богочовечко Тело и Крв на Своите ученици да го јадат и пијат, туку им дал осветен леб и вино и им рекол дека е тоа Телото Негово и Крвта Негова. И овие длабоко таинствени Негови зборови, како и сите зборови Христови, ние ги прифаќаме како безусловна вистина.

Он Себеси се нарече Леб на Животот, кој слегол од небото, и лебот кој Он го прекршил на Тајната Вечера -Тело Свое, а виното дадено на учениците -Крвта Своја.

И доколку, причестувајќи се, би сакале во осветениот леби вино да видиме изглед на тело и вкус на крв, тоа би бил грев на неверување на Христовите зборови, кои се секогаш безусловно вистинити, и не само грев на неверие, туку и неразбирање, зашто нам ни е непозната вистинската суштина на Богочовечкото Тело, чии својства ни се нам несомнено несфатливи, а кои повеќе пати се манифестирале за време на Неговото јавување на Апостолите по Неговото Воскресение од мртвите.

Трудејќи се да проникнеме во тајната на претворање на евхаристискиот леб и вино во Тело и Крв Христови, не смееме да заборавиме дека Телото на Господ Исус Христос, и за Неговиот живот било не само вистинско човечко, туку и духовно.

Христос Му се помолил на Отецот и ги благословил лебот и виното, и тие постанаа Тело и Крв Негови.

Свештеникот кој служи Литургија, по многу длабоки молитви го благословува лебот, говорејќи: „И направи го овој леб, чесно Тело на Твојот Христос“, а благословувајќи го виното, вели: „А што е во оваа чаша, чесна Крв на Твојот Христос“.

А потоа, ги благословува истовремено и лебот и виното, призивајќи ја на нив силата и дејството на Светиот Дух со зборовите: „Ги претвори со Твојот Свет Дух. Амин.“

И секој свештеник, исполнет со вера и стравопочит, ги изговара овие зборови со трепет и длабоки чувства, зашто верува дека во тој миг врз Светите Дарови слегува Светиот Дух и ги претвора со Својата божествена сила во вистински Тело и Крв Христови.

Во житието на големиот преподобен наш отец Сергиј Радоњежски, читаме како во една пригода неговиот најблизок ученик Симеон, во моментите кога Светиот ги изговарал овие големи зборови, видел како целиот Престол, а и самиот преподобен Сергиј, ги зафатил некој чуден пламен. Тој брзо се движел по Престолот и окружувајќи го преподобниот од сите страни, овој свет пламен се собрал и влегол во Чашата со Светата Крв.

Зарем ни ова не е доволно јасно?

Никој од вас нека не се посомнева во вистинитоста на претворањето на лебот и виното во Тело и Крв Христови!

Доколку со сето срце веруваме дека во Светата Тајна Евхаристија лебот и виното навистина се претвораат во Тело и Крв Христови, ќе се исполни и на нас скапоценото слово Христово: „Кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв, пребива во Мене и Јас во него“.

Со Своето Тело и Крв во нас влегува целиот Христос И постанува едно со нас, и ние пребиваме во Него, бидејќи најситните честички, молекулите на Телото и Крвта Негови, се соединуваат со нашата крв и доаѓаат до нашето срце, давајќи ни живот вечен.

Давајќи им го на Тајната Вечера Своето Тело и Крв на Апостолите, Господ Исус Христос им заповеда: „Правете го ова во Мој спомен“.

Нив, и исклучиво на нив Своите избраници, Он им дал власт да служат Божествена Евхаристија, онака како што и Он Самиот токму тоа го беше и направил. А апостолите оваа власт, како и власта на проповед на Евангелието и вршењето на Светите Тајни, ја предале на своите наследници - епископите и свештениците.

Сите многубројни протестантски правци и секти, на кои им припаѓаат баптистите, методистите, евангелистите, пентакосталците и адвентистите [саботарите], не веруваат во вистинското претворање на лебот и виното во Тело и Крв Христова, и своето таканаречено „прекршување на лебот“ тие го сметаат само за обред на сеќавање кој се извршува само за да се исполнат зборовите: Правете го ова во Мој спомен. Меѓутоа, кај нив Светата Тајна Евхаристија не е ни возможна, затоа што кај нив нема единствени законски служители на Светата Тајна Евхаристија епископи и свештеници, на кои им е дадена благодат на Светиот Дух во Светата Тајна Свештенство, која пак овие секташи, исто така ја отфрлаат.

Ете, се осмелив со страв и трепет да го подигнам само крајот од завесата над големата Света Тајна Евхаристија.

За мене ќе биде голема радост, ако моите зборови успеале да ви влеат длабока стравопочит кон оваа голема Света Тајна и вера во нејзината вистинитост.

Завршувајќи ја својата беседа со зборовите на светиот апостол Павле: „Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема телото и крвта на Господа. Но, човекот да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово “ [1. Кор. 11, 27-29].

Особено запамтете ги овие последни зборови на Апостолот: Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување.

Со страв слушајте ги и зборовите на свештеникот, кои тој ги изговара по осветувањето на лебот и виното призивајќи го Светиот Дух: „Светињата на светиите! “.

Затоа што овие зборови значат дека големата светиња на Телото и Крвта Христови е наменета само за светиите, на оние кои со длабоко покајание, во суштински важната Света Тајна Исповед, добиле разрешување и опростување на своите гревови. И секогаш со послушност прифатете ја забраната на вашиот духовник да се причестите со Светите Тајни додека не се покаете подлабоко, доколку тој смета дека е тоа потребно поради тежината на вашите гревови, зашто Господ наш Исус Христос им даде на Своите Апостоли, а преку нив на епископите и свештениците, власт не само да разрешуваат човечки гревови, туку и да ги врзуваат. Амин.