Преку Покајание и Причест до Прегратките Божји

 

Св. Јован Кронштадски

Денес, драги браќа и сестри, ќе се исповедате. Би сакал како пастир да ве упатам во тоа што се бара од оној кој пристапува кон исповед, за неговата исповед да биде вистинска, богоугодна и спасоносна за душата. Имено, од оној кој се кае се бара да биде скрушен поради своите гревови, да настојува да го поправи својот живот, да има вера во Христа и надеж во Неговото милосрдие.

Значи, се бара да биде скрушен [покајнички расположен] поради своите гревови. Меѓутоа, ние духовниците, токму тоа многу ретко го гледаме кај своите духовни чеда.

Мнозина доаѓаат на исповед со потполна рамнодушност, а ако ништо не ги прашате, нема ништо ни да кажат, или ќе кажат само воопштено: па грешен сум, оче, во се сум грешен. И кога барем тоа би го кажале со искрено спознание на својата вина; не, а тоа и не е добро што е без спознание за своите гревови - туку само онака за што поскоро да ја завршат исповедта. Возљубени! Немојте милосрдието Божјо кон нас грешните да го свртувате во гнев Божји. Зошто сме ние такви толку бесчувствителни? Зарем немаме за што скрушено и смирено да мислиме на исповедта? Зарем имаме малку гревови: и кога целиот живот би плачеле поради своите гревови - и тогаш ништо одвишно не би сме направиле, туку само тоа што мора да го направиме. О, кога некој од нас би рекол дека нема гревови, тој би се измамувал самиот себеси и залудно некој во таквиот човек би барал вистина.

Ако не ги гледате своите гревови, молете Му се на Бога Он да ви даде да ги видите. Не повторувавте залудно во црквата по свештеникот: „Господи! Дај ми да ги видам своите прегрешенија!“

Да се потрудиме барем сега со заеднички напори да ги согледаме своите гревови, за подоцна на исповедта да ги признаеме. А нашиот прв и најголем грев е тоа што не чувствуваме дека сме големи грешници кои заслужуваат казна Божја наместо милост! Да се осудиме себеси најнапред поради таа бесчувствителност и да повикаме кон Господа од длабочината на душата: Господи и Владико на мојот живот, јас сум бесчувствителен, голем грешник, а своите гревови не ги чувствувам. Сигурно затоа што моите гревови се умножија повеќе од морскиот песок и што сум сиот - во гревови како што е болниот од сипаници сиот осипан. На Тебе, Господ и Бог мој, од сето срце ти ја признавам својата бесчувствителност и Ти се молам: Ти Самиот дарувај ми со сето свое срце да чувствувам колку сум го предизвикал и го предизвикувам Твојо гнев. Ох, колку таа лажна фарисејска праведност ги уништила и уште ги уништува луѓето! И како од инает, таа го победува нашето срце токму во време на постот, во време на самата Тајна на Покајание и пред Тајната на Светата Причест.

Да видиме понатаму - во што најмногу сме згрешиле пред Бога? Ете, на пример, ако сме маловерни и живееме на земјата не заради небото, не заради Бога и спасението на својата душа - туку заради земјата и сето она што е пријатно на неа, со еден збор - живееме заради телото и неговите задоволства, а не заради својата бесмртна душа и идниот живот - зарем не е тоа голем грев? Зарем сме ги заборавиле страдањата кои заради нас ги поднесе Господ Исус Христос, Синот Божји, зарем сме ја заборавиле Неговата пречиста Крв која заради нас е пролиена на Крстот - Неговото славно Воскресение! Зарем не беше заради нас - односно за да нè вознесе на небото, нас кои со своите гревови сме се оддалечиле од небото Неговото доаѓање на земјата, Неговото божествено учење, Неговите чудеса, Неговите пророштва -како она за идниот Страшен Суд, за воскресението на мртвите во Судниот ден, за блаженствата на праведниците и за вечните маки на грешниците? И на крај, Неговото страдање, Неговото воскресение од мртвите и вознесувањето на небото? -А ако е вистина дека тука мораме да живееме заради животот во идниот век, зарем не е тогаш грев - да не живееме за тој живот, туку со сите мисли и со сето срце да живееме на земјата и заради земјата? А колку само правиме гревови поради тоа што ние сакаме да живееме добро само на земјата и не веруваме со сето срце во идниот блажен живот? -Колку само поради тоа има злоба, омраза, сребројљубие, завист, скржавост, лага? Оттаму потекнуваат сите пороци: сите телесни похоти, сите душевни страсти. Да се покаеме и поради тоа, односно да се покаеме што сме маловерни, ако не и неверни, и што не живееме или многу малку живееме за Бога и за спасението на својата душа; што во нашите срца има малку надеж, или пак воопшто ја нема - за идниот живот - Ние, големи грешници, токму затоа што сме Му неблагодарни на Бога и не чувствуваме љубов кон Него за Неговата бескрајна и неискажлива милост. Мислам дека многумина се повремено свесни за тоа. Ете, сите вие, што се движите благодарение на своите нозе, сте здрави со телото и душата, сите вие се почестени од Бог Творецот со разум и слободна волја, а што сте биле до неодамна ништо. А Господ сите ве привел до небитие во битие -и оттогаш се ви дарувал: ви ја подарил душата со сите нејзини способности, телото со неговото мудро и прекрасно устројство, ви дал и постојано ви дава храна за вашето тело, облека за облекување, ви дал катче на земјата Своја и кров за домот ваш. Ве храни со најскапата животворна храна на Телото и Крвта Свои. Ви дава со неа мир и радост. Ве весели со разбирање на Словото Негово, ви ги простува безбројните гревови, непрестајно бдее над нашиот живот - како мајка над животот на детето, ни го дарува Своето идно царство и што уште сè не прави од Својата љубов кон нас грешните и неблагодарните? Не може ни да се изброи. И што се случува? Како ние одговараме на Неговата љубов кон нас на њубов која не знае за граници и мерки? Само со беззаконие, само со зло и со неблагодарност. Затоа, да се покаеме со солзи пред Бога поради својата неблагодарност, поради својата нељубов кон Него, и повторно со солзи да измолиме од Него дар на љубовта: „Благословувај го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини“ [Пс.102,2].

Од оној кој се кае се очекува и желба да го поправи својот живот: и на ова обрнете внимание. Кога одите на исповед, говорете си на себе: по исповедта ќе се трудам со сите сили да се ослободам од гревовите поради кои сега ќе се каам. Нема веќе да се измамувам себеси. Нема веќе да Го лажам Бога. Нема веќе да ја навредувам Тајната на Покајание. Помогни ми, Господи, зајакни ја мојата душевна сила, Господи! Каква е користа од покајанието, после кое луѓето без грижа на совест повторно паѓаат во истиот грев поради кој се покајале? На таквите луѓе се однесува поговорката: „Песот се враќа на својата блувотина и искапената свиња -во калти“ [2. Петар 2, 22].

На крајот, оној кој се кае мора да има вера во Христа и надеж во Неговото милосрдие. Секој кој пристапува на исповед мора да верува дека, за време на Светата Тајна, Самиот Христос невидливо стои и ја прима неговата исповед. Да верува дека само Христос може да ги простува гревовите зашто Он со Своето страдање, со Својата чесна Крв и со Својата смрт си измоли за Себе право кај Отецот небесен да ни ги простува сите наши беззаконија, не нарушувајќи го божествениот закон, и дека Он, по Своето милосрдие, секогаш е подготвен да ни ги прости сите гревови, само ако ги признаеме со искрена скрушеност, само ако ги признаеме. „Верата твоја те спаси: оди си со мир“ [Мк. 5, 34]. Вака Он потајно му вели на секого откако свештеникот ќе го разреши, и ако се покајал како што треба. Затоа, да се покаеме сите со чисто срце. Да се потрудиме да го поправиме нашиот живот. Да Му принесеме на Бога плодови на  покајание. Амин!