Преку Покајание и Причест до Прегратките Божји

 

За причестувањето со Светите Христови Тајни

Возњубено стадо Христово, во оваа света чаша која денес е пред вас е Божественото Тело и Божествената Крв на нашиот Господ Исус Христос а вие се потрудивте преку пост и исповед да се подготвите да ги примите овие свети, бесмртни и животворни Тајни.

За да ги примите достојно, од вас се бара: најпрво, детска простосрдечна вера дека во вид на леб и вино го примате Самото пречисто Тело и Самата пречиста Крв на Спасителот, дека со своите усти го примате во своето срце Самиот Спасител и дека со Него постанувате едно Тело и Крв, еден дух, како што е речено: „Бидејќи ние сме делови на Неговото Тело, од Неговото тело и коските Негови“ [Ефес. 5, 30]. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата Крв ќе биде во Мене и Јас во него [Јн. 6, 56]. Зашто во таа честица од Телото и Крвта на Христа Бога, која ја примате, е сиот Исус Христос како што е душата во телото. А кој се соедини со Господа, еден дух е со Него [. Кор. 6, 17].

Второ, од вас се бара потполна и непоколеблива надеж во Милосрдието на Спасителот, надеж дека Он како со божествен оган ќе ги спали и исчисти со Својата Крв сите ваши гревови. Секој, кој пристапува на исповед, мора да верува дека, за време на оваа света Тајна, Самиот Христос невидливо стои и ја прима неговата исповед. Да верува дека само Христос може да простува гревови, зашто Он со Своето страдање, со Својата чесна Крв и со Својата смрт измоли за Себе кај небесниот Отец право да ни ги простува сите наши беззаконија, не нарушувајќи го божествениот закон, и дека Он, по Своето милосрдие, секогаш е спремен да ни ги прости сите гревови, сако ако ти признаеме со искрена скрушеност; само ако ветиме дека од сега ќе живееме подобро и ако ја носиме верата во Него во нашите срца. „Верата твоја те спаси, оди си со мир“ [Мк. 5, 34]. Вака Он Самиот потајно му вели на секој, откако свештеникот ќе му ја прочита разрешителната молитва, и ако се покајал како што треба. Затоа, да се покаеме сите со чисто срце, да се потрудиме да го измениме нашиот живот. Секој, кој ќе спознае дека е недостоен да ги прими божествените Тајни, потполно нека се предаде на милосрдието на Господа, за Он Самиот со Својата благодат да го направи достоен да ги прими Неговите Свети Тајни. Никој нека не се колеба, нека не очајува и нека не биде малодушен кога ги изнесува своите гревови и својот срам на исповедта. Преку Чашата Господова сите ја добиваат милоста на Спасителот и големо опростување и очистување на гревовите. Само верувајте и имајте надеж.

Трето, кај оние кои се причестуваат потребно е да има голема, огнена и ангелска љубов кон Спасителот. На љубовта Господова секој треба да возврати со љубов: зашто, кажете ми, каква љубов Божја ни се открила нам грешните во тоа што Самиот Бог, откако се воплоти заради нас, пострада, умре и воскресна, ни го даде за храна и питие Своето божествено Тело и Крв и преку тоа со нас се соедини со најтесни врски, се спои, се помеша и така не направи учесници на Својата божествена природа! Која мајка, кој татко некогаш ги сакал толку своите деца колку што нас нè засака Господ? И заради што Господ се соединува со нас преку Светите Тајни? - Заради тоа, за да не исчисти од нечистотијата на гревот, од нечистотијата, од која нема поодвратна и поубиствена, за да ни ја јави Својата светост, Својот божествен живот, за да ни донесе мир, радост, утеха, леснотија, сладост, слобода, од кои нема ништо помило што би можело да се посака во светот, за да, откако ќе нè исчисти од гревот, не измени и обнови, да не земе при Себе на небесата, за вечен живот и вечно блаженство: зашто никој не може да биде во Рајот со гревови и страсти: „Кој го јаде Моето Тело и Ја пие Мојата крв, има живот вечен, ни вели Господ, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“ [Јн. 6, 54].

Значи вие, кои се причестувате со Божествените Тајни, загрејте ги своите срца со љубов кон Спасителот. Духу Свети, Утешителу, Ризницо на добрата, излеј ја во нашите срца љубовта Твоја!

Четврто, од вас се бара да се измените во срцето. Многумина од вас досега го сакаа гревот и му се предаваа свесно или несвесно. Сега потрудете се со сета сила да го замразите: зашто гревот е - пород на Ѓаволот, кој му се противи на Бога. Потрудете се да се измените во длабочината на душата. Вие треба да го вкусите Телото и Крвта на Божјото Јагне, на кроткиот и незлобивиот Господ Исус Христос: па бидете и вие јагниња кротки, незлобиви, трпеливи, покорни на волјата Божја, на волјата на Црквата, на волјата на родителите, на власта и на постарите. Вие ќе го примите Телото и Крвта на Спасителот, а Он е сиот љубов, и непознати Му се злобата и омразата. Да се потрудиме и ние да живееме во заемна љубов. Простувајте ги навредите, не возвраќајте на злото со зло, или на неправдата со неправда. Пристапете кон Господа, Царот небесен, Кој нè води на небесата. Погрижете се да мислите за небесното. Трудете се да ја достигнете небесната природа. Престанете да се врзувате за земни работи кои се минливи, кои ја поткопуваат и ја убиваат душата. Засакајте ја небесната татковина, небесниот град Ерусалим, во кој се Мајката Божја и сите светии, и кон кој сите треба да се стремиме.

Од оној кој се кае се очекува и желба да го поправи својот живот. Кога одите на исповед, говорете си себеси: по исповедта ќе се трудам со сите сили да се ослободам од гревовите за кои сега ќе се кајам. Нема повеќе да се измамувам себеси. Нема да го лажам Бога. Нема веќе да ја навредувам Тајната покајание. Помогни ми Господи, зајакни ја мојата душевна сила, Господи! Каква е користа од покајанието, по кое луѓето без грижа на совест повторно паѓаат во истиот грев за кој сега се покајале? Затоа, отфрлете ја сега сета духовна нечистотија и гревовните страсти. Изменете се на подобро, поправете се. Принесете му на Господа било каков плод на добри дела. Принесете плодови достојни за покајание.

И, на крај, за да го сочуваме овој небесен дар дарот на пречистото Тело и Крв Христова од нас се бара: да се контролираме себеси, своите мисли, своето срце, сите негови чувства и наклоности, да го зауздуваме во неговите грешни желби и стремежи, да се воздржуваме од храна, од празнословие, од непристојни разговори, заколнувања и од секоја лага; со еден збор -да се пазиме од сè она што му е противно на Христа, на Спасителот на душите наши. Помнете дека Господ преку Причеста ве обожува, ве прави божествени. Трудете се да живеете божествено во секоја чистота, правда и вистина. Вие сте Божји и Христови деца: а каков живот им доликува на децата Божји?

Нека Господ ве удостои достојно и во изобилство на добри плодови да ги примите божествените Свети Тајни. „Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува Телото Господово. Но, секој човек да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша“ вели светиот апостол Павле. Затоа, сите оние кои вака сте се подготвиле и кои имате благослов од својот духовен отец, пристапете сега со вера и љубов, за да задобиете вечен живот. Амин.