Преку Покајание и Причест до Прегратките Божји

 

1. Во моментот на очајание знајте дека Господ не е Оној Кој што ве остава вас, туку дека Вие го оставате Господа. Еве како, во името на Бога, ви заповедам да го устројувате својот живот кога сте сами: макар тоа да ви биде и мачно, макар и да немате волја така да правите секогаш во мислите со срцето свое призивајте го со молитва Господ Исус Христос, Кој пребива во вашата душа, повикувајќи постојано: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот!“

2. Послушниците Христови секогаш пред своите очи треба да ја имаат не волјата своја, туку волјата Божја, која и на апостолите им забранила, како што и нам ни забранува, да го испитуваме она што ќе дојде, да ја истражуваме иднината која е во власта Божја.

3. Живеете ли заедно со други, служете им како на Самиот Бог, и не барајте за својата љубов да ви се врати со љубов; за смиреноста не очекувајте пофалба, ниту пак за служењето благодарност за себе. Не правете ништо, со што би можеле да ги соблазните или разжалостите ближните што живеат заедно со вас; ако се случи тие да ве навредат, немојте на тоа да гледате како на нанесување на зло, туку како на орудие коешто Бог ви го приготвил, за преку него, ако тоа го сакате, да искорените во себе секаква нечистотија на срцето.

4. Пред било што да искажете, расудете најпрво, нема ли можеби вашиот збор или дело да го разжалости Бога или вашиот ближен.

5. Не осудувајте го туѓиот слуга кога стои или паѓа: си има тој свој Бог, Кој е силен да го сопре за да не падне и да го подигне по падот.

6. Опоменувајте се, дека оној миг којшто мрзливоста ваша ви го одземала може да биде последен во вашиот живот, а по него доаѓа смртта и судот. Оттргнувајте се од секое уживање.

7. Во никого не предизвикувајте огорченост и не враќајте со лош збор за зборот кој вам ви бил упатен, со ново страдање за страдањето кое вам ви било нанесено, и вашето име ќе стои запишано во Книга на живите таму каде што се запишани имињата на Преподобните.

8. Ве молам, пријатели мои, не запоставувајте ниедно стредство со кое е можно да Му се угоди на Бога, а такви средства има многу: убавото однесување кон луѓето, утешувањето на нажалените, заземањето за навредените, давањето на оние што имаат потреба, одвраќањето на очите од лошите работи, спротивставувањето на лошите помисли, принудувањето себеси на молитва, трпението, милосрдието, праведноста и слично на тоа. Практикувањето на тие свештени добродетели ќе ја привлече кон вас сесилната помош Божја, а со неа ќе ги пребродите сите тешкотии, за кои порано ви се чинело дека со сопствени сили не сте кадарни да ги надминете.

9. На сите можни начини спротивставувајте се на избувливоста своја, па, со помош Божја, таа неизоставно ќе ослаби. „Ако некој пат ти се случи да се раздразниш или разгневиш, тогаш макар ништо не говори, или оддалечи се, или затвори ја устата своја, за да не избие од неа огнот на јароста и не ја опали твојата душа, та да не ги вознемириш залудно оние што живеат со тебе, но штом тој оган изгасне и во срцето твое завладее мир, тогаш говори го она што ќе му биде за поправање на твојот ближен“.

10. На секој начин пази се од истурањето на гневот на било што: ниедна непријатност не нè снаоѓа сама по себе, туку секоја е допуштена по промислата Божја заради истите оние спасоносни цели, заради кои и на светиот апостол Павле го стигнувале неволји и бил во опасност „од реки, во опасност од разбојници, во опасност од сонародници, во опасност од незнабошци, во опасност по градови, во опасност по пустини, во опасност по море, во опасност меѓу лажни браќа“, однадвор борби, одвнатре болки [2. Кор. 11, 26]

11. Знаејќи го тоа, не обрнувајте внимание на тоа кој ве навредил и поради што, туку само имајте во предвид, дека никој не би се осмелил да ви нанесе навреда ако Господ тоа не благоволил да Го допушти, и затоа подобро вознесувајте Му благодарност на Господа што преку неволјите кои ве снаоѓаат, јасно Ви покажува дека не сте му туѓи и Ве води во Царството Небесно. Светото Писмо вели: „Ако трпите казна, Бог со вас постапува како синови. Зашто кој е тој син кого таткото не го казнува?“ [Евр. 12, 7].

12. Отсекувајте ја од себе секоја суровост и бидете пред Господа во однесувањето со луѓето како деца незлобиви.

13. Пребивајте во љубовта Божја, од неа учете се, со неа дишете: Бог е љубов, и кој во љубовта пребива, тој во Бога живее и Бог во него. И во животот преполн со страдања слатко е да се живее со љубовта Божја.

14. Спасението не е во многуте зборови, туку во совршеното внимание врз себеси.

15. Одвикнувајте се од расправии и препирки, зашто тие, внесувајќи смут во срцето наше, не лишуваат од мирот во душата. На секоја помисла која наведува на кавга спротивставувајте ѝ ја молитвата Исусова: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот!“. Не им верувајте на предрасудите.

16. Сомничавоста никако не е христијанска особина, и затоа немојте да ја стекнувате. Мудрост, пак, претпазливост и непорочност бара од нас Самиот Бог преку Светото Писмо: „Бидете мудри како змии, и незлобиви како гулаби“.

17. Секогаш држете се до средината: крајностите никогаш и во ништо не се за пофалба. Опоменувајте се на зборовите на Старецот: „Кој може да понесе, се е кадар да подигне“.

18. Во секој миг бидете предадени на волјата Божја, која е за нас совршено спасоносна.

19. Кон ближните однесувајте се со веселост и со љубов. Љубете ги, служете им, зашто голема е цената нивна за нив е пролеана крвта на Спасителот, тие се членови Христови. Немојте да ги разжалостувате, дури ниту со едвај забележителен знак.

20. Спасувајте се благоугодување на Господа Бога, угодувајќи Му со сите видови на љубов. Грижете се само за тоа да се богатите во љубовта. Кој има љубов, го носи Бога во себеси.

21. Обрнете внимание на тоа дека сте задоволни со сè, само тогаш кога имате трпение, смиреноумие, послушност и љубов кон сите.

22. Немојте со прекорување да се сеќавате на она што заминало, зашто и Господ Бог ќе се сети и ќе побара од вас одговор за она, што веќе ви Го имал опростено.

23. Кога сте во униние, присилувајте го и срцето и јазикот да се молат вака: „Господи, спаси ме, гледај, пропаѓам!“

24. Молите ли некого за нешто, молете го со трпението на жената Хананејка.

25. Грев е да ги преиспитуваме туѓите пороци; затоа избегнувајте ја таквата грешна самоувереност.

26. Правете сè со расудување, без брзање, па вашите дела ќе бидат успешни.

27. Злото победувајте го со добро. Злото не може со зло да се поправи.

28. Без отсекувањето на својата волја, невозможно е да поставиме ни темел за своето спасение, а камоли да се спасиме. Молете Му се, чеда мои, на Господа, да ви дарува самоодрекување: тоа е неопходно за спасение.

29. Намислите ли да посетите некој од своите ближни, неизоставно обврзете се себеси, за време на посетата да ја сочувате кон него онаа иста љубов и истото онакво расположение со кои и сте дошле кај него, макар да се случи и да претрпите некаква навреда.

30. Кога во вашите односи со ближните ќе се појави некаква непријатност, свртете се најнапред кон себеси: по строгото преиспитување, секогаш наоѓаме дека самите сме биле причина за незадоволството.

31. Во моментите, кога малку ви треба за да избувнете, молчете и предајте се на молитвата Исусова.

32. Немојте да се оправдувате, не влегувајте во препирки, бидете снисходливи кон разните човечки карактери и кон секоја возраст. Се и секого утешувајте со што можете: никого не осудувајте, не враќајте на злото со зло; сè љубете, на сите простувајте им, на сите бидете им слуги.

33. Сметајте се себеси за последен и од сите најгрешен.

34. Возњубете го Господа Бога и молете Му се како на Отец; смирувајте се пред сите христијани, и ќе ве возљуби вашиот Господ Бог, и ќе се зарадува поради вас пастирот ваш. Без роптање поднесувајте нетрпеливост, неразумност, незнаење или безпричински гнев.

35. Воочите ли во себеси, дури и без тоа да го сакате, макар и најмало чувство на непријателство, трудете се да го победите тоа грешно чувство. Принудувајте се себеси вака да се молите: „Спаси го Господи, слугата Твој [името] и по неговите свети молитви смири го срцето мое“. Присилете се себеси, на човекот кој не ви е мил да му укажувате секакво внимание и да правите секаква добра услуга, и Господ, гледајќи ја вашата добра намера, не само што ќе го искорени од срцето ваше грешното непријателство, туку ќе го исполни и со света љубов.

36. Целиот свој живот, пред секое дело, раководете се со вакво христијанско расудување: да не е ова што сум го намислил противно на волјата Божја, да не е можеби погубно за душата моја, да не му нанесува било какво зло на мојот ближен? Ако, по строгото преиспитување, совеста не ве прекори, тогаш исполнете ја својата намера, а ако почувствувате грижа на совест, тогаш воздржете се од тоа.

37. Не допирајте се со јазикот свој до честа на својот ближен, туку јазикот свој користете го само за да Му вознесувате славословие на Бога и за да им давате на другите поука и корист. А ако ви се појави желба да злословите против другите, сетете се на гревовите што сте ги направиле од младоста своја и осудувајте се себеси поради сето тоа.

38. Не го доживувајте својот живот како тешко бреме; тој им е неподнослив единствено на беззаконите луѓе, а кој верува во Господа Исуса Христа, кој својата надеж ја полага во Него, кој Го љуби тој се може да поднесе.

39. Овој живот ни е даден само заради тоа да го славиме Бога, да му правиме добро на својот ближен и да достигнеме во вечното Царство, одејќи по тесниот пат за кој се говори во Евангелието, а не заради тоа да се веселиме во него: „Блазе им на оние кои сега плачат“, а не оние кои се смеат.

40. Почетокот и темелот на смирението е во Господа Исуса Христа, Кој Самиот се беше смирил; тоа е круна и убавина на сите добродетели. Она што за жедната земја е животворниот дожд, тоа за човековата душа е смирението.

41. Смирението е добродетел на која Самиот Бог гледа со милостивост. „На кого ќе погледнам?“ - вели Господ. - „Само на кроткиот и смирениот, кој трепери од зборовите Мои“.

42. Но во што се состои смирението? По моето мислење, тоа се состои во тоа, човекот да се смета за најгрешен од сите, никого да не унижува и навредува, никого да не осудува, да внимава единствено на себе и да не бара ниту богатство, ниту слава, ниту пофалба, ниту чест, сметајќи дека е сосема недостоен за сето тоа; тој, стоејќи одважно, трпи и унижување, и карање, и прекорувања, држејќи во срцето свое дека сето тоа и го заслужил; со сите се однесува добронамерно, спремен е на секого со љубов да му послужи, своите добри дела не ги гледа и за нив не говори без потреба. За дар на такво смирение Му се молам на Господа Бога за вас, чеда мои, зашто тоа не само што ќе ве избави од гревот, туку ќе ве возведе и во љубов кон Господа, кон Господа, Кој се смири Себеси до смрт, до смрт на Крстот.

43. Љубовта покрива многу гревови. Ако им бидете на оние што се во жалост утеха, на оние во неволја олеснување, на бедните помош, на сиротите татко и мајка, на болните умирување, на потчинетите милостив, на заблудените раководител кон спасението, и на секој христијанин, колку што тоа вашите сили ви го допуштаат, му бидете слуга, за таква љубов кон вашите мали браќа и членови на Господа наш Исуса Христа, не само што ќе бидат избришани вашите гревови, туку ќе го погледнете и Господа лице в лице, и ќе се зарадувате во вечни векови.

44. Поставете стража крај усните свои, вежбајте го во молитвата Исусова срцето свое, ревнувајте за секој вид на воздржување, и ќе задобиете бесценет дар -дарот на љубовта Божја кон вас.

45. Дајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога. Управувајќи со надворешните работи, кои се однесуваат на светот, во срцето непрестајно принесувајте Му со молитвата жртва на Бога и така живејте во тој Вавилон, во овој свет, за постојано да си спомнувате за Небесниот Ерусалим и за своето вистинско предназначување.

46. Своето благородништво заменете го за служењето на Господа Исуса Христа. Противете им се на уживањата, избегнувајте ја секоја раскош и не се превознесувајте пред своите потчинети: во она највредното тие се рамни со Вас, зашто и нив нашиот Господ ги повикува на Својата Света Трпеза со истите зборови кои и Вам ви ги упатува: „Примете, јадете, ова е Моето Тело... Пијте од неа сите, ова е Мојата Крв на Новиот Завет, која се пролева за вас и за мнозина, за простување на гревовите“.

47. Рамниците што лежат во низините речиси секогаш се родни и плодоносни, а високите гори главно се суви и во нив нема плод. Исто така, исправениот клас жито секогаш е празен, а оној кој се привил кон земјата е полн со зрна. И вам срцето нека ви биде смирено, па ќе се збогатите со сè што е потребно за спасение.

48. Врз плодната долина дождот се излева и право од облаците, и од високите гори; такво е и смирението. Под дожд тука ја подразбирам благодатта Божја, која на смирените им се дава и непосредно од Бога, и преку луѓето кои Бог во овој живот духовно ги возвисил, како што се возвишени горите. Ако вашето битие биде смирено предадено на волјата Божја и затворено за влез на Неговите непријатели, Духот Утешител ќе дојде при вас и ќе се всели во вас.

49. Заборавете на широкиот пат: Господ, по Своето милосрдие, ве воведува во Царството Небесно низ тесната врата, а другиот пат ќе ве одведе во вечна погибел.

50. И на вам и на себеси во овој живот ви посакувам единствено очистување од гревовите, и Му се молам на Господа Бога со нас да направи сè што ќе Му биде угодно за да ги исчисти нашите гревови и да ги измие нашите беззаконија, па макар за тоа да бидат потребни и понижување и срамотење. И вие и јас, мораме да живееме според заповедите Божји, а не според она што луѓето го кажуваат.

51. Возљубете го осамувањето заради корист на душата своја, и совршено покорувајќи се на заповедите на Отецот Небесен, научете го своето срце на непрестајната молитва Исусова. Од внатрешното пребивање на Господа Бога во вас, во сè ќе постанете потрпеливи, поисполнети со љубов и посмирени.

52. Пазете се некако мрзливоста да не ги раслаби вашите сили за духовни подвизи: таа им е прв непријател на оние кои пребиваат далеку од Отецот Небесен; но немојте ниту да очајувате во поглед на вашето спасение, и немојте да тагувате преку мерка, ако некој пат и ви се случи да ослабнете во подвизите.

53. Нема да нè спасат делата наши, туку милоста Божја, само ако делата ги извршуваме во име на Господ Исус Христос, Кој нека не ве лиши од милоста Своја во сите денови на вашиот живот. И кога сте слаби, и кога сте лоши, секогаш прибегнувајте кон милостивиот Господ Исус Христос и на Него положувајте ја сета своја надеж: таа надеж нема да ве посрами низ целата вечност.

54. Немојте да ги презирате моите зборови и не мислете дека е тешко да ги исполните: заради Господа и со Господа, ништо што е тешко не претставува бреме, и ништо што е мачно не претставува страдање.

55. Зашто јаремот Негов е благ и бремето Негово е лесно.