Покајанието и  исповедта - единствен пат кон спасението

 

Игумен Никон [Воробјов]

За Покајанието, исповедта и животот Во Христа

Премудроста Божја е толку голема, што Господ и злото го свртува во корист на човекот. Таа мисла ја откриле и многу Свети Отци. Еве во што е работата. Човекот може да се спаси преку верата и исполнувањето на сите заповеди Божји. Со нивното исполнување се менува човечката душа, човекот станува „нов“ по образот Божји, поточно, по образот на нашиот Спасител Исус Христос. Најосновна особина на новиот човек е смирението [„Научете се од Мене, зашто сум кроток и смирен по срце...“], без кое исполнувањето на сите заповеди не само што не го приближува човекот кон Бога, туку дури го прави и непријател Божји, зашто ако нема смирение, неизоставно има гордост. Токму на таа особина на душата, сметам, особено е применлива евангелската мисла дека сатаната, кога ќе го истераат, скита надвор, а потоа, кога ќе забележи дека домот [човечката душа] е изметен и украсен, но незафатен [со христолика смиреност], зема седум други духови полоши од себе, и се населува со нив во душата, и последното на тој човекот станува полошо од првото. Кај преподобен Макариј Египетски односот на смирението кон другите добродетели се изразува со приказната за раскошната трпеза, приготвена за царот и неговите големци. Но, бидејќи се било подготвено без сол [т.е. без смирение], царот наместо ла искаже благодарност, се разгневил. Така, без смирение, на човекот му се залудни сите добордетели [без него, во душата ќе влезе гордоста, а со неа и седумте демони, т.е. сите страсти]. Ако внимава на себеси, пребивајќи во непрестајна борба со гревот, на човекот ќе му стане јасно колку длабоко е расипан и колку човечкото битие е проткаено со гордост. Да се победи секое високо мислење за себеси, својата суета и гордост, е исто што и да се победи сиот грев. А еве, се покажува дека паѓањата во грев можат да му бидат од помош на човекот во стекнување на смирението [ако човекот за своите гревови не обвинува никого и ништо друго освен себеси, што е и сосема правилно]. За сè е виновен самиот човек, а околностите и ѓаволот само го потпомагаат гревот, соблазнуваат, но конечната одлука му припаѓа на човекот, и затоа тој во потполност е одговорен за себе. Тоа го потврдува и грижата на совеста по извршувањето на гревот.

Борејќи се со гревот кој живее во него, и постојано паѓајќи во разни согрешенија, човекот опитно [искуствено], а не теориски, ја спознава својата расипаност, својата немоќ, и постепено стекнува смирение. Секогаш и постојано победуван од гревот, тој најпосле, во длабока скрушеност на срцето, со солзи паѓа пред Бога. од длабочината на душата ја признава својата гревовност и немоќ за сам да го победи гревот и почнува да Го моли Господа: „Боже, ако сакаш, можеш да ме очистиш [како што зборуваше лепрозниот], а јас самиот ништо не можам да направам... Господи, научи ме да ја творам волјата Твоја! Господи, изведи ја од темнина душата моја!“ Тука се спознава и големата милост Божја кон паднатиот човек, затоа што - ако самиот човек искрено се кае Господ го заштитува, го соблекува гревот од него, ги исцелува раните на неговата душа нанесени со гревот и тој преку лично искуство го увидува постоењето Божјо, Неговата промислителна грижа за човекот, спознава дека „Господ е блиску до оние со скрушени срца“, дека Он е навистина Лекар на нашите души.

На тој начин, нашите падови, иако се зло, стануваат причина за огромно добро! Во тоа е и убавината на Премудроста Божја.

Затоа, чедо мое, не паѓај со духот кога ќе паднеш во некаков грев, туку обвини се себеси пред Бога, исповедај Му го своето согрешение, не обвинувајќи никој друг, смири се, познај ја севкупната своја немоќ за сè и моли Го Господа, Он во тебе да ги оствари Своите свети заповеди. Но, тоа не значи дека ти самиот не треба да се бориш со сите свои сили. Треба да се бориш со сите сили, треба да ги изучуваш начините на борба кои се опишани кај Светите Отци и да ги предвидуваш околностите кои ја помагаат победата или поразот, како и да ги избегнуваш последните а да ги бараш првите, но најважно е кога ќе се појават грешни помисли, да не престануваш од сето срце да повикуваш кон Господа за помош, свесен за својата неспособност самиот да го победиш гревот. Дури и ако паднеш во грев, па и за време на самото вршење на гревот, треба да повикуваш кон Господа, не срамејќи се во мислите да паднеш на колена пред Него, говорејќи: „Господи, еве гледаш што правам, помилувај ме, помогни ми да се ослободам од власта на ѓаволот“. И плачи во себе пред Господа, призивај го колку што можеш почесто, да ги помогне во сè, целиот живот, зашто тешко е во овој свет да се исполнуваат заповедите Божји. Древните црковни Отци затоа и плачеле за луѓето од нашево време, затоа што ќе има многумина кои ќе гинат поради своите гревови.

Постои уште едно моќно средство во борбата со секој грев: штом ќе паднеш во некој поголем грев, оди и исповедај се пред духовникот. Ако тоа не е можно веднаш, тогаш направи го тоа штом ќе ти се укаже првата можност, никако не ја одложувај исповедта за утре или за подоцна! Кој често и веднаш ги исповедува гревовите, тој докажува дека го мрази гревот, го мрази робувањето на Ѓаволот и е подготвен да претрпи срам на исповедта, само за да се избави и исчисти од гревот, и затоа во иднина добива од Господа полна победа, не подлегнувајќи ниту во победата на високото мислење за себеси или на гордоста. Обрни внимание на тоа! [ѓаволските мрежи се насекаде].

Значи, постави добар почеток: бори се колку што ти дозволуваат силите! Кога ќе паднеш, не паѓај и со духот, туку смирувај се, повикувај кон Господа, однапред согледувај ги околностите и избегнувај го она што е штетно и опасно, исповедувај се без колебање пред духовникот, стекнувај смирение, сеќавајќи се на минатите и сегашни гревови и падови, и Господ ќе ти помогне да бидеш способен војник Христов, кој подоцна ќе може и на другите да им помогне.

Не предавај се на мрзливоста... Не го оставај своето мало правило. А стави си себеси за правило задолжително, макар и еднаш во текот на еден час, да се обратиш кон Господа и Мајката Божја со молитва за прошка и помош, а ако има можности и сили, тогаш и почесто.

†††

Оној кој правилно оди по духовниот пат, почнува кај себе да забележува сè повеќе и повеќе гревови, додека најпосле, со духовниот вид не се здогледа целиот заглибен во гревот, во душевната лепра, додека не почувствува со сето срце дека тој самиот е валкан и нечист, недостоен дури и да го призива името Божјо, како оној цариник [од Евангелието], кој не смеејќи да ги подигне очите нагоре, со болка во срцето повикуваше: „Боже, биди милостив кон мене грешниот!“. Пребивајќи долго време во такво душевно расположение, човекот излегува од него оправдан, како што излегол и цариникот.

Ако пак, се смета себеси за добар, а своите поединечни гревови, дури и оние потешките за случајни, држејќи до тоа дека за нив самиот и не сноси толку вина, туку дека тие повеќе се предизвикани од некои надворешни околности или дека се виновни други луѓе, или злите духови, а дека тој самиот е малку виновен, тоа расположение е лажно и се работи за состојба на очигледна или прикриена прелест, од која сите нека не избави Господ.

†††

Господ сака секој човек да се спаси. Но не секој човек сака спасение на дело. На зборови сите сакаат да се спасат, а на дело го отфрлаат спасението. Со што го отфрлаат? Не со гревовите, зашто постоеле големи грешници, како разбојникот на Крстот, Света Марија Египетска и други, кои се покајале за своите гревови и Господ им простил: на тој начин и добиле спасение. Загинува оној, кој греши а не се кае, но самиот себеси се оправдува во гревовите. Тоа е она најужасното, најпогубното... А ние од самојљубие ги сокриваме своите гревови, се оправдуваме, лукави сме, иако со една нога веќе стоиме во гробот... Погледни го сиот свој живот, покај се за сè, за што си свесен. Моли се со солзи како што се моли Светата Црква, со големи поклони [метании]: „Дај ми да ги согледам своите согрешенија “. Ако човекот и не ги гледа своите гревови, тоа не значи дека ги нема. Тоа само значи дека човекот, не само што е заглибен во гревови, туку е уште и во духовно слепило. А ако духовникот или воопшто некој човек отстрана не обвинуваат за грев, не треба да се оправдуваме, туку треба да Го молиме Господа Он да ни ги открие нашите гревови и да ни даде да се покаеме пред смртта, и тука, на земјата, да добиеме простување.

†††

Ниту еден духовник нема полошо да се однесува кон човекот кој искрено и длабоко се покајал за своите гревови, какви и да биле тие. Тоа е ѓаволска сплетка - за оној кој се кае да ги сокрие своите гревови и да не добие опростување. Напротив, ако духовникот е човек од вера, тој ќе почне кон него подобро да се однесува, тоа е Тајна -својство на исповедта.

Не малаксувајте конечно. Не мислете дека духовникот чувствува одвратност од исповедта на гревовите. Ако постои искрена скрушеност, духовникот чувствува посебна милост и лубов кон оној кој се кае. Тоа е точно. Таквото расположение на духовникот е сведоштво дека Господ му простува на оној кој се кае и со љубов го прима во Своите прегратки, како што го примил блудниот син.

†††

Искреноста и длабочината на покајанието се докажуваат со тоа, што човекот во иднина се труди да не ги повторува [истите] гревови. Колку пати повторно и да згрешиме, не треба да очајуваме, туку, откако повторно ќе се покаеме, да ја продолжиме борбата. Тогаш и самите падови ќе ни бидат од корист.

Бори се со сите, и со најмалите гревови. Кој е неверен во малку, нема ниту во многу да му се укаже доверба. А ѓаволот во таа смисла мислено влијае врз нас: „Тоа е неважно, тоа е ситница“. А за поважните работи говори: „Како ние ќе се бориме со тоа: Тоа е за подвижниците!“ Читај го повеќе Евангелието, а особено Светите Отци, бидејќи без читање е тешко да се спасиме.

†††

Ти ги имаш сите услови за покајание и спасение и надворешни и внатрешни, какви што денес во нашево време ретко кој ги има. Ако не го искористиш тоа, туку го одложуваш делото на спасението, тогаш можеш страшно да се измамиш. Утрешниот ден не ни припаѓа со сигурност. Господ сите ги предупредува: бидете подготвени секој миг, зашто не го знаете ниту денот, ниту часот кога ќе дојдам по вашата душа.

Те советувам, не оправдувај се себеси во ниту еден грев, колку и да ти изгледа тој малечок. Секој грев е нарушување на волјата Божја, показател на немањето љубов кон Бога, како и обратно: „Мене ме љуби оној“, вели Господ, „кој ги исполнува Моите заповеди“. Затоа, секој направен грев треба да се исчисти со покајание.

†††

Трпи ги сите прекори и навреди и клевети, оправдани и неоправдани, зашто се корисни, ја исчистуваат душата од гревот и го потпомагаат растот на смирението, ако не приговараш. Говори како разбојникот: „Достојно по нашите дела ќе добиеме, спомни ме Господи, во Царството Свое“.

†††

Ако искрено сакате да го следите Господа Исуса Христа, тогаш и за вас нема друг пат, освен оној на кој Он ни укажал, а тоа е патот на надворешни неволји и телесни болести и постојана борба со сите страсти по ред, кои се пројавуваат на најразлични начини. Постојат и очигледни страсти: стомакоугодие, различни видови на блуд, среброљубие, тага, лажење, униние, гневливост, суета, гордост, неверие, завист, осудување на ближните итн. Со сите нив ученикот Христов мора доследно да се бори, мора да се совладува и нив да ги совладува, а тоа бара напрегање на сите човекоти сили и трпение. Честопати тоа е вистинско мачење, крст од кој никаде не може да се побегне. Постојат две можности: или човекот да им се пр†едаде без борба и да го предаде Христа, или да се бори и страда и преку таа борба и страдање духовно да расне.

†††

Тукашните земни неволји, болести и тегобите на староста ќе не радуваат во идниот живот. Ако Господ страдал за нас, како тогаш и ние, макар и во најмала мерка, да не бидеме соучесници во страдањата Христови? Нашата душа е образ Божји, кој живее во нас и сака да биде причесник во страдањата Христови, само што нашата малодушност и слабост се плашат од страдање, иако можеби и би имало сила за трпение.

И ете, Господ од љубов кон нас ни праќа, согласно со силата на секого од нас, принудни жалости и болести, но ни дава и трпение, за да нè направи причесници на Своите страдања. Кој тука не страдал заради Христа, него ќе го гризе совеста во Идниот век та својата љубов ков Христа човекот имал можност да ја покаже преку трпењето на неволјите, а тоа не го направил, настојувајќи да се оттргне и да ја избегне секоја жалост и неволја.

Совеста ќе не гризе, затоа што на Бога не сме Му ја возвратиле љубовта.

Ќе Му благодариме пак, од сето срце на Господа за сè што ќе му биде угодно да ни испрати. Господ не ни ги праќа неволјите и жалостите во гнев, не ни ги праќа заради казна, туку од љубов кон нас, иако луѓето, по правило, тоа не го сфаќаат секогаш. Затоа е и речено: „За се благодарете “. Треба со сета душа да се предадеме на благата волја Божја која нè спасува, нè њуби и сака преку не многу големите жалости на земниот живот, да нè приведе кон вечното блаженство, кон славата на чедата Божји.

Нека биде така со сите нас. Амин.