Браќа, нашиот Господ Бог, Кој секогаш и силно го посакува нашето спасение, преку Своето Евангелие постојано и непрестајно нѐ повикува во вечното Царство небесно, велејќи ни да отфрлиме од себе секаква скверност и нечисто живеење, и со чисто срце да Му пристапиме, да го побараме и да го примиме царството од коешто отпаднавме, кога ја прекршивме Божјата заповед што во она време му беше дадена на Адама, нашиот прадедо, заради наше воздржување. Оти, ако тој беше ја запазил, тогаш неговиот живот вечно ќе беше без тага и без смрт, и немаше да познае старост, ни дела со солзи. Но поради зависта на ѓаволот, отпадна од славата Божја, поради невоздржување. Оттогаш човечкиот род го нападнаа неволи и страдања, и смртта која го надминува човечкиот живот. Копнеејќи за тоа место, светите и праведни луѓе крепко ги препашаа своите бедра и, откако во борбата против непријателот - врагот ја примија верата, го победија и пак влегоа во првиот рај, и досега влегуваат, украсени со добри дела. Тие го сметаат за смет овој лажен живот, кој минува непрестајно како сенка, со смената на времињата и на годините.
Затоа, браќа, да не се лажеме самите себе, ниту, пак, да мислиме дека сме бесмртни. Да не се предаваме на животните похоти, оти оној што му се предава на овој живот, станува непријател Божји и погубник на својата душа. Но да се разбудиме барем отсега, и да не се лишуваме самоволно од неискажливата слава Божја и од вечната радост, туку да се воздржуваме од примамливоста на овој свет, како што му ветивме на Бога пред многу сведоци, кога се раѓавме повторно преку светото крштение, велејќи: „Се одрекувам од сатаната и од сите негови дела“.
А делата на сатаната се овие: идоложртвување, братоомраза, клевети, гнев, лажење, завист, јарост омраза, кражби, разбојништва, пијанство, прејадување, навреди, бесовски песни, игри, хулења, срамно говорење, чедоморство, прекршување на клетва и колнење во Божјото име.
И така, ако се откажеме од овие дела и ги побараме спротивните ним добродетели, како што е напишано: „Клони се од зло и прави добро“, значи, ако се откажеме отсега од овие лоши дела, тогаш лесно ќе влеземе пак во истиот рај. Оти, што е поомразено од таквите дела? Зашто со нив го привлекуваме на себе гневот Божји. Но да ги исполниме нашите ветувања што сме Му ги дале на нашиот Господ Бог, љубејќи Го со сето свое срце, со сета мисла и со сета сила, и ближниот свој како самиот себе; просветлувајќи се со братољубие, и цветајќи со гостопримство кон туѓинците, за да влеземе во бесконечната радост, во бесмртниот живот, во неискажливата красота.
И овој блажен Христов апостол Марко, посакувајќи ја оваа неискажлива убавина, се потруди да ги уништи сластите во овој живот. Тој го замрази распадливото и времено паганство и, раздавајќи им го својот имот на сиромасите, се издигна во вечните живеалишта, и со радост го слушна Христовиот глас, Кој нѐ повикува кон Себе и вели: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а на душата не можат да ѝ направат никакво зло; но плашете се повеќе од оној што, по убивањето, има власт да фрли во пеколот (геената)“. Затоа, браќа, каква полза има човек ако го придобиеме целиот свет, а ја загубиме својата душа, или ја оштетиме? Или, со што ќе ја откупиме душата своја од маките, ако овде не се одречеме од злото и не се покаеме, или ако на сиромасите не им подадеме? Да побрзаме отсега да влеземе во вечниот живот низ тесните врати, односно преку воздржување и постење, не само од храна, туку и од пиење; бегај и од секаков грев што ја убива твојата душа, и своето тело да го храниме со страдања и маки заради Христа, како што пострадаа светите апостоли и поднесоа секакви маки и срамна смрт заради Христа, Синот Божји. Затоа и сега тие зрачат во славата Божја повеќе од сончевата светлина, и нашиот Господ Бог, во нивен спомен, прави прекрасни чудеса и исцеленија. Оние што со вера го почитуваат споменот на светите апостоли, се избавуваат од гревовите, и се спасуваат од секаква неволја.
Затоа, ревносно да го следиме нивниот пример, и ние да правиме такви добри дела, зашто, и тие беа луѓе како нас, но замразија секаква злоба и ја извршија волјата Божја. Да се потрудиме и ние да ја извршиме, за да бидеме синови на Светлината и учесници во Царството небесно.