Возљубени браќа и синови, послушајте да ви раскажам за силата и честа на овој ден, во којшто Господ, нашиот Бог, го порази ѓаволот и, откако ја разруши силата на смртта, воскресна од гробот како Бесмртен и сите умрени праведници ги воскресна со Себе. И сега Он нѐ повикува, говорејќи: „Дојдете да се радуваме во Господа, и да воскликнеме кон Господ Бог, нашиот Спасител; да побрзаме пред лицето Негово со славословие, и со псалми да Му воскликнеме“, зашто Он слезе од небото, за да го побара заблудениот и да го спаси погубениот човек. Зашто ние бевме како овци кои немаат пастир, разграбани од волците, односно, поробени од бесовите. Не можејќи да го трпи тоа, Господ наш Исус Христос, откако ги преклони небесата, слезе при нас и се облече во нашето тело, сакајќи да го исцели од распадливоста што ја прими првиот наш прадедо Адам, откако ја прекрши заповедта Божја во рајот, измамен од змијата. Оттогаш смртта влезе во нас и се бевме поробиле на гревот. Поради тоа дојде (Господ): при болните - како Лекар, при заробените - како Ослободител, при оние што седат во темнина - како незаодна Светлина, при мртвите - како бесмртен Живот, та умрените по Адама да оживеат во Христа. Зашто Он е нашиот мир, Кој нѐ измири со Својот Отец, преку Своето воплотување, и заради нас прими доброволно страдање по тело, иако е нестрадален по божество, бидејќи Он по Својата божествена природа беше нестрадален и бидејќи без страдање не можеше да го очисти ова тело кое се беше потчинило на страдањата и на распадливоста. Поради тоа Он се прикова на Крстот и вкуси жолчка и оцет, за да нѐ избави од горчливото вкусување, што некогаш прародителот Адам го направи во рајот. Бидејќи поради тоа вкусување испаднавме од рајот, затоа нестрадалниот Бог посака да се прикове на Крстот, та преку дрвото да ја исцели нашата древна клетва. Бесмртен според Божеството, Он вкуси смрт по тело заради нас, сакајќи да нѐ оживее и да нѐ ослободи од смртните окови. Сонцето потемне, кога Го виде распнуван; месечината стана црвена како крв, земјата се затресе, и камењата се распаднаа, и гробовите се отворија, и многу тела на свети упокоени во Господа воскреснаа и се јавија на мнозина. Откако (Христос) слезе во адот, ја разруши неговата сила и ги ослободи неговите заробеници, и со Себе ги воскресна сите праведници од првиот Адам.
Затоа, браќа, вистинско време е да го приведеме пророкот, и заедно со него да повикаме, велејќи: „Овој ден го создаде Господ, да се радуваме и да се веселиме во него!“ Убаво е да се радуваме на Неговата прекрасна милост, што денес ја изврши заради нас.
Денес (Господ) со Својата смрт го уништи непријателот и воскресна како од сон, и на човечкиот род му излеа нераспадливост и живот.
Денес адовите врати се скршија и држаните во него воскреснаа, озарени со неискажлива светлина и ликувајќи, со ангелите пеат: „Слава на Бога во висините, и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“
Денес радосно ликува нашиот прадедо Адам, го уништува првото проклетство и ги простира рацете заедно со Ева, воскреснувајќи во Господа.
Денес небото и земјата се исполнија со радост и, откако се соединија, ги собираат за радост бестелесните сили и човечкиот род.
Денес апостол Павле вика, говорејќи: „Христос, нашата Пасха, беше заклан за нас“.
Денес Црквата со возвишена проповед повикува, говорејќи: „Дојдете, чеда, послушајте ме, ќе ве научам на стравот Господов!"
Подготвена е бањата (крштелна), која го обновува оветвениот од грев човечки род.
Божјата трпеза е подготвена, предлагајќи Го Јагнето Божјо, Кое ги зема врз Себе гревовите на целиот свет - Христос нашиот Бог, Кој се закла заради нас и им се дава на сите верни за прошка на гревовите и за живот вечен.
Затоа, браќа, да не се лишуваме поради краткотрајна похот и поради злоба од оваа голема и неискажлива тајна, востановена заради наше спасение, туку со чиста душа и тело, со набожност и со мир да пристапиме, и така да се насладиме со пречистото тело и крв Христови. А откако ќе ги примиме, да останеме чисти, чистејќи се од секаков грев, и да не се враќаме на поранешните обичаи, како што куче се враќа на своите блујавици, или како свиња која, избањата, пак се враќа во калта. Не, браќа! Да не бидеме такви! Да останеме онакви какви што Христос нѐ искупи со Својата крв: чисти, непорочни, совршени во љубовта Божја, славејќи Го заедно Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите.