Дојдете да се радуваме во Господа, да воскликнеме со силен глас и да запееме свештени песни за Господа, нашиот Спасител, та да нѐ услиши и да нѐ помилува. Пријдете да Му пристапиме и да се просветлиме, и лицата наши, озарени со вистинската Светлина, нема да се посрамат, зашто Господ Бог ни се откри нам, за да го познаеме Неговото просвештение и разумно да Го восфалиме.
Да се очистиме, браќа, самите себе од секаква скверност духовна и телесна, чистејќи се и очистувајќи се со страв Божји, та со очистен ум да се издигнеме во висините и така, чисти, да побеседиме со Чистиот. Зашто е речено: „Почеток на мудроста е стравот од Господа; здрав разум имаат сите кои постапуваат според неа“. Таму, пак, каде што има страв Божји, има и пазење на заповедите, а каде што има пазење на заповедите, има очистување на телото; а каде што има очистување на телото, има и просветлување на душата. Просвештението, пак, е исполнување на возвишената желба, или на стремежот кон Оној Кој стои и над највозвишеното, кон Бога, за Кого копнеат. Кога ја пазиме својата душа со целосна загриженост, кога патеките во срцето ни се насочени кон Бога, и кога ќе го просветлиме својот ум со светлината на богопознанието, тогаш ќе говориме за Божјата Премудрост, тајната скриена од векови, и самите држејќи ја, и на други проповедајќи ја и објавувајќи ја.
Бидејќи почетокот на овој чесен празник е споменот за Бога, откако ќе Го споменеме Бога, да празнуваме со богољубиви души. Бидејќи „гласот на оние што празнуваат е таму, каде што е живеалиштето на сите оние што се веселат“ сметаме дека не е ништо друго, освен ова: Бог е фален со песни и прославуван од оние што се удостоиле за овој живот. И навистина, какво друго задолжение имаат небесните ангели, освен да Го воспеваат Бога? Или каква друга должност имаат светите луѓе на земјата, освен да Го фалат, воспеваат и слават Бога? А јас мислам дека се свети оние што го очистиле својот ум и се осветиле, односно оние што Го знаат и созерцаваат Бога и сознателно Го слават, секој според своето очистување. Исто така, Царство небесно ја именуваме состојбата кога некој Го возљубил Бога многу, а темнина е онаа состојба кога луѓето го помрачиле својот разум и се оддалечиле од Бога.
Бог е вечна и бесконечна Светлина, неприкосновена, ниту за умот достижна, ниту со збор искажлива, неопфатна и недопирлива. Таа е просвештение за секое разумно создание. Таа е за духовниот свет она што е сонцето за видливиот свет. Таа го просветлува овој видлив свет и го прави забележлив за телесните очи. Доколку се осветуваме, таа Светлина е чувствувана од нас; доколку е почувствувана, таа буди љубов кон Себе; и, доколку е возљубена, дотолку е познавана од нашиот разум. Тука запира секоја желба. Над Неа не може никој да се издигне, ниту, пак, некој може да Ја опфати, оти ништо не е, не било и не ќе биде повисоко и поголемо од Неа. Само Таа се познава Себеси, таква каква што е; само Таа се созерцава и опфаќа Себе, покажувајќи им малку од својата суштина и на оние што се надвор од Неа. Никој не видел ниту слушнал, ниту некој може да Го види Бога во Неговата суштина. Само Он е единствен Творец на сѐ - видливото и невидливото. Ние говориме за таа светлина, која е во Отецот и Синот и Светиот Дух. Нивното Божество е во три Ипостаси, и во едното сјаење на светлоста. Ние имаме еден Бог Отец, од Кого е сѐ, и еден Господ Исус Христос, преку Кого е сѐ, и еден Дух Свет, во Кого е сѐ. Отецот е Отец без почеток, бидејќи не е ни од кого. Синот е Син и не е без почеток, бидејќи е од Отецот. Ако, пак, некој бара временски почеток, и Он е без почеток, зашто Творецот на часовите, времињата и годините не е под нив, ниту во нив, туку е над нив. И Светиот Духе навистина Дух, Кој исходи од Отецот, а не од Синот, како што велат некои. Он не се раѓа, туку исходи. Ете, и Отецот се јави на денешен ден, велејќи: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ И Крстителот рече: „Јас видов и посведочив, дека е Овој Синот Божји; Јас не Го познавав, но Оној што ме прати да крштавам во вода, ми рече: <Врз Кого ќе видиш да слегува Духот и останува над Него, Тој е Оној што ќе крштава со Духот Свет“. Истиот Јован Претеча говори за Светиот Дух, сведочејќи: „Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и останува на Него“. Над Него остана и почива на Него, но не исходи од Него, како што мислат некои расудувајќи неправилно, учејќи дека Светиот Дух исходи од две начела. Но не постојат две начела, туку само Едно, бидејќи само Отецот е начело, Извор на целото Божество, а Синот и Светиот Дух се како богонасадени фиданки или пресветли цветови, како што слушнавме од светите отци.
Втората светлина се ангелите, кои имаат утврдување во првата Светлина, доближувајќи се до Неа преку општење, примајќи светлина преку служењето и светејќи. Оти е речено: „Ангелите Свои ги правиш ветрови и служителите Свои - огнен пламен“.
Трета светлина е човекот, кој се приближува до Бога повеќе и се очистува и кој во светлината Господова ќе ја види светлината; тој ќе свети како сонце при онаа Светлина, кога Бог ќе застане среде боговите (по благодат м.б.), распределувајќи го и раздавајќи го заслужениот дел од блаженството.
Светлина во особена смисла се именува просвештението преку крштение, за коешто се однесува сегашново слово, преку кое ќе ја разберема силата на оваа (света) тајна - големата и чудесна тајна на нашето спасение.
Само Бог е безгрешен. Он е секогаш неизменет, бидејќи нема ништо повисоко од Неговата божествена суштина, во која Он не се менува. Бог е прост и не е сложен. Едноставноста е секогаш мирна и неизменлива. Ние ќе се осмелиме да кажеме дека природата на ангелите, која е најблиска до Бога, не е лесно променлива ниту од добро кон зло, ниту од зло кон добро. Човечката, пак, природа е променлива кон сѐ, зашто таа е сложена поради својата двојственост. А сложеноста е почеток на разложување: човек еднаш е склон кон едно нешто, а друг пат кон друго. Затоа човекот, поради зависта на отпаднатиот од небото сатана и поради горчливото гревовно вкусување, беше отпаднал од Бога, Којшто го создал, бидејќи завидливиот и човекомрзец ѓавол не можеше да трпи човечката природа да се издига угоре кон небото, од каде што самиот тој беше отпаднал. Поради Божјата милост, човекот не беше презрен, бидејќи Бог, како што можеше да го создаде човекот ни од што, така можеше и човечката природа, отпадната преку измама, пак да ја прероди преку второ, божествено раѓање, кое е подобро и повозвишено од првото обично раѓање, и е печат за почетниците, а за оние што го оствариле е исцеление и поголем дар, и обновување на оветвениот поради злобата човечки образ. Тој дар му се дава на човекот за да не падне во погибел и да не се стреми постојано кон злото, поради кое би бил надвор од доброто, би престанал да Му служи на Бога, би презрел сѐ, би паднал во очајание, не грижејќи се за ништо. Поради тоа Бог, најнапред преку патријарсите и преку пророците, навести повикување и обновување на човечкиот род, а на крајот од сите овие векови се прославува преку нашето смирение. Синот Божји прифаќа да стане и да се нарече Син човечки, без да се измени по суштина, бидејќи е Неизменлив; но Он прими човечка природа, каква што порано ја немаше, бидејќи е Човекољубец. Несместливиот се смести во човечко тело, но говореше со нас како од зад завеса, зашто родената и распадлива човечка природа не можеше да ја поднесе чистата и откриена природа на Божеството.
Бидејќи пронаоѓачот на злото се сметаше непобедлив по вештина, по Божја волја беше измамен преку прикривањето на телото, за да мисли дека му со доближува на Адама, а да Го сретне Бога. Така новиот Адам (Христос) го спаси древниот Адам, и осудата на телото беше уништена, откако смртта беше уништена преку смртта на телото.
Најнапред ние го празнуваме зачнувањето и воплотувањето на Господа, откако слушнавме како ангелот ѝ го благовести тоа на Дева. Потоа сите ние се радуваме на Неговото раѓање: не само ние што сме на овој свет, туку и оние што се над овој свет. Засветливме со ѕвездата, се поклонивме заедно со мудреците, бевме озарени заедно со пастирите, принесовме славословие заедно со ангелите, Го зедовме на раце заедно со Симеон, и Го прославивме Господа заедно со Ана.
И сега - дванаесеттиот ден по денот на Неговото раѓање, и откако изминале триесет години, како што е речено: „Кога почна Исус да проповеда имаше околу триесет години“, кога Господ сакаше да се јави пред овој свет во полнотата на духовното совршенство и телесната возраст, и кога почна Он да се открива преку проповед и чудеса, дојде глас во пустината при Јован, синот на Захариј, како што е запишано: „Еве, Јас го испраќам Мојот ангел пред Твоето лице, којшто ќе го приготви Твојот пат пред Тебе“ „Гласот на оној што вика во пустината, говори: Пригответе пат за Господа, израмнете ги патеките Негови“. Тој Јован, уште додека беше носен во утробата на својата мајка, Го позна Исуса и предвести преку устата на својата мајка, дека Он е Бог и Господ на сѐ. А кога витлеемските деца беа убивани поради воплотениот Христос, и кога го бараа и Јован за да го убијат заедно со нив, мајка му се скри со него во планината, и рече: „Горо Божја, прими ја мајката заедно со детето!“ Тогаш планината се отвори и ги скри. Јован остана во пустината до денот кога тој му се јави на Израилот. И кога тој дојде, откако се јави пред лицето Господово за да го приготви Неговиот пат, почна да проповеда покајно крштение за прошка на гревовите. Кога Јован крштаваше во пустината, сите доаѓаа при него и се крштаваа од него во реката Јордан, исповедајќи ги своите гревови.
Тогаш од Галилеја дојде Исус на Јордан при Јован за да се крсти од него, вели евангелистот. А Јован, кога Го позна преку Духот, Го одвраќаше и велеше: „Јас треба од Тебе да се крстам, а Ти при мене ли доаѓаш?“ А Исус одговори и му рече: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да исполниме секоја правда, односно заради смирението, та на тој начин ниту богатиот да го презира сиромавиот, ниту силниот - немоќниот, ниту господарот - слугата. Поради тоа и примив образ на слуга“. Тогаш Јован Го остави со набожност, пристапи со страв и Му рече вака: „Господи, нема друго име во кое да Те крстам“. Како што мислиме, Јован не рекол друго нешто, освен: „Твое е Царството, и силата и славата, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков, амин“. Затоа и рече: „И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата“. Сите, пак, што ги исповедаа своите гревови стоеја во водата како да беа држани додека се исповедаа, а Овој, во Чијашто уста не се најде никаква лага, ниту, пак, направи грев, веднаш излезе од водата. „И, ете“, вели евангелистот, „Му се отворија небесата", што беше ги затворил Адам за себе и за оние што беа со него, како што го затвори за себе и рајот, пазен од огненото оружје. И Светиот Дух, јавувајќи се во телесна фома, сведочеше за Христа како Син Божји. Сличното доаѓа при сличното. А од небото се слушна глас, зашто оттаму е Оној за Кого се благовести. Светиот Дух слезе како гулаб, зашто имаше еден древен обичај гулаб да навестува избавување на оние што се потопени во гревови.
Затоа, браќа, овој празник го празнуваме радосно поради Крштението. Приближете се овде и да позборуваме за Крштението, да размислиме и да разбереме каква е силата на оваа голема тајна, каква е благодатта и каква е ползата од него.
Како што е речено, човек се раѓа трипати: телесно, преку Крштението и при Воскресението.
Телесното раѓање е ропско и страсно, зашто родениот треба најнапред да добие живот (битие-постоење) и тогаш да делува како човек. А кога човек дејствува, прави добро или зло, зашто „роденото од тело, тело е“.
Раѓањето преку Крштение е светло и слободно. Тоа ги отсекува сите страсти телесни и ги води кон возвишен живот оние што го примаат, односно оние што веруваат во името на Господа, на коишто им е дадена можност да станат чеда Божји, кои се родени не од крв, ниту од телесна похот, туку од Бога, зашто „роденото од Дух, дух е“. Затоа е потребно човек најнапред да стане Божји преку новото раѓање - Крштението, и така да ги извршува Божјите заповеди во својот живот.
А раѓањето при Воскресението е пострашно и брзо, Тогаш, во еден миг, целиот човечки род ќе биде ставен пред Создателот и секој ќе даде одговор за служењето во овој живот: дали живеел според телесните похоти, или постапувал според желбите на духот пред благодатта на духовното раѓање. Зашто е речено: „Мртвите ќе воскреснат и оние што се во гробовите ќе се кренат“, и жителите на земјата ќе се развеселат, дознавајќи од тоа за извршеното осветување. Тогаш и ние ќе знаеме навистина што ќе биде со нас. И сега треба ние да го научиме тоа, откако ќе ги разјасниме овие нешта и ќе слушнеме за нив.
Сите овие раѓања ни ги покажа Самиот Христос со Неговото доаѓање на земјата: првото - преку воплотувањето, кога се роди во Витлеем од Дева; второто - преку крштението во Јордан од Јован, иако немаше потреба од очистување, бидејќи целиот е чист; Самиот Он ни даде пример, та и ние, подражавајќи Го Него, да станеме Негови заедничари; третото - преку Неговото воскресение од гробот. Христос е почетокот на воскресението и, како што беше прв меѓу многуте браќа, така да стане прв и меѓу мртвите.
Сега ќе ги оставиме двете раѓање, првото и последното, а ќе поговориме за средното - за Крштението заради кое денес сме се собрале. Тоа се именува Епифанија, бидејќи е тоа просвештение на душите, изведување од мрак во светлина, зашто е речено: „Господ е мој Просветител и мој Спасител“. Крштението е премин на овој живот од лага кон вистината. Господ вели: „Станете да си одиме одовде“ - светли и светло просветлени повеќе од снег. Крштението е желба за добра совест пред Бога, премин од ѓаволот кон Бога, ветување за нов, почист живот, помош во нашата немоќ, приопштување кон светлината, а отстапување од темнината, отфрлање на телото и соединување со Духот. Господ рече: „Оној што Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе си направиме“. Крштението е почеток и раководство кон заедничарење со Бога и наследување на Царството небесно, Затоа е речено: „Ако некој не се роди од вода и Дух, нема да влезе во царството Божјо“.
Ете, ова е благодатта и силата на Крштението, кое не се јавува како потоп на целиот свет, како во она време, туку тоа ги потопува гревовите на секој човек и измива секаква скверна, која се појавила од секоја злоба. Бидејќи ние луѓето имаме двојна природа - од тело и од душа, и едниот дел е видлив, а другиот невидлив, тогаш и очистувањето е двојно, имено - со вода и Дух. Едното се прима видливо и телесно за измивање на телесната нечистотија, а другото е невидливо за очистување на душите наши од гревови, преку Светиот Дух, преку кое внатрешниот човек се просветлува за поголемо звање и спасение и за извршување на Божјите зборови и нешта. Едното Крштение беше предизобразено порано, како што рекол апостолот: „Сите наши татковци се крстија при Мојсеј во облакот и во морето; и сите јадеа една и иста духовна храна; и сите пиеја исто духовно пиење“. Морето беше предобраз на водата (при Крштението), а облакот - предобраз на Светиот Дух; маната го предобразуваше Лебот на животот, а водата - Чашата на спасението. Сегашново, пак, Крштение, кое е вистинското, ги очистува длабочините (на душата). Укажувајќи му помош на првото битие, од изабени, не прави нови и богоподобни, очистувајќи нѐ без оган и обновувајќи нѐ без кршење.
Тројното потопување во водата и издигањето е проповедање на Триипостасното Божество на оној што се подготвил целосно, односно на крштаваниот во светата купел, која е мајка на нашето синовство при Бога. Така направил некогаш и Илија, кога рекол: „Полејте и по трет пат!“ И тие го направија тоа и по третпат.
А крштаваниот, откако ги победил сите противни дејства и гревовни похоти и страсни нагони, на таинствен начин умира за гревот со Христа, преку оној што крштава. Крштаваниот е потопен цел и измиен во водата слично на смртта и тридневното и триноќно погребение на Исуса - нашиот Спасител и Животодавец, уподобувајќи се на Неговата смрт, како што прилега човек да се уподобува на својот Господ. Поради тоа, сите оние што се крштаваат во светата купел, се именуваат христијани. Оваа света тајна е спасоносна и од древни времиња е посведочена од многу сведоци, дека ќе биде таква. И навистина, не е мало името со кое Бог им заповедал на сите да се именуваат, не само во овој живот, туку и во идниот обновен живот, велејќи: „Секој што верува и се крсти, ќе биде спасен, а кој не поверува и не се крсти, ќе биде осуден“.
Послушајте, за да дознаете повеќе за ова (за Крштението), и да не бидете небрежни кон него како оние што го примаат, а се немарни кон него, Оти нема никаква полза да бидеме христијани само по име, како што мислат некои, туку треба да правиме и христијански дела со голема ревност и истрајност.
И, како што рековме, второто раѓање, односно Крштението, е за целиот свет, за да бидат потопени сите гревови, произлезени од нечистиот живот и од древните обичаи, како што се случи за време на потопот при Ное, кога беа потопени сите грешници. Тоа беше предобраз на Крштението. Кај нас, пак, само гревовите се потопуваат, а ние остануваме спасени. Па затоа треба ние уште повеќе да го пазиме Крштението и да го почитуваме, а не да се враќаме на своите гревови како куче на својата блујавица. Истиот предобраз беше даден и во Црвеното Море, кога беа потопени сите Египќани заедно со фараонот, а древниот Израил беше ослободен. Сега, пак, потопуваните во таа света купел, кои слично на Египќаните заедно со видливиот фараон беа помрачени од гревот, се избавуваат од него. А ослободениот нов Израил сме ние. Впрочем, Египет на еврејски значи темнина.
Псалмоцеецот, пак, рекол: „Бог го удри каменот во пустината и извади вода од карпата, и потекоа води како реки“ Каменот ја означува незнабожечката црква, што Бог ја покажа како во пустина, зашто незнабошците беа порано напуштени, запуштени поради своите нечисти дела. А водата ја означува крштелната купел, во која Христос покажа води како реки. Затоа Божјата река се весели, полна со Христовите води. Солените води, кои се претворија во слатки, и каменот што се претвори во водни извори, ги означуваат срцата на незнабошците, скаменети од заблудата, што Христос ги преобрати и ги наполни со спасителните води, зашто е речено: „Сите пиеја од духовниот камен што идеше по нив, а каменот беше Христос“.
Како што некогаш пепелот од јунците принесени на жртва, преку поросување ги очистуваше телата на осквернетите, така и сега светата вода, преку поросување служи за запазување и просвештение на телата и на душите.
За крштението појасно сведочи и преминот на израилскиот народ преку реката Јордан како по суво: кога нозете на свештениците се потопија во струите на Јордан, водите, што слегуваа одозгора, се запреа и се згуснаа како карпа, а другиот дел истече целосно во морето. Поради тоа псалмопеецот се обраќа кон реката, како кон одушевена, велејќи: „Што ти стана тебе, јордане, па се врати назад?“ А Јордан, како во одговор, рече: „Земјата се затресе пред лицето на Бога Јаковов, кога виде што се случило“. Јас, пак, разделувајќи се на две, со едниот дел се вратив назад, а другиот дел побегна во морето при гласот на Господа, кога Он започна да ги разделува моите води со Своите стапки.“ Како да не се исплашам и да не побегнам во бездната, кога Го гледам Оној, пред кого треперат херувимите и серафимите? Ако јас се разделив кога пророк Илија удри со својот кожув по моите води, и повторно се расцепив кога пророк Елисеј се сети за својот учител и удри по моите води со истиот кожув, како нема да побегнам, обземен од страв, откако Го видов Создателот? Речено е: „Tе видоа, Боже, водите и се исплашија“. Ете, и друг пророк, откако прозре со духовното око, говореше: „Реката ќе се раздвои, земјата ќе Те види и луѓето ќе почувствуваат мака“, односно, тоа се оние што имаат вера во Него. „Он ги распрснува водите со Своите стапки“, односно нивните сладости. „Бездната го издига својот глас, високо издигнувајќи ги оние што ја примаат Неговата благодат“. „Бездните, рече, затреперија од шумот на многуте води“. И пак рече псалмопеецот: „Поради тоа Tе спомнав од земјата Јорданска и Ермонска, и од Малата Планина“, каде што требаше да се случи тоа. Оти, како што Илија живееше во Кармил, така и Јован Крстител, мислам, живееше во Ермон, каде што певецот пророчки рече, пеејќи: „Бездната ја повикува бездната со гласот на твоите водопади“. Бездна се именува Отецот, бидејќи Он нема ниту почеток ниту крај. Бездна се именува, исто така, и Неговиот единороден Син, Кого Отецот Го призива, велејќи: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја“. Поради Неговото име се израдуваа Ермон и Тавор: Ермон - при Крштавањето, кога Бог на славата загрме над многуте води, и Тавор - при Преображението, кога пак се слушна гласот на Неговиот гром во небесниот свод. Како што тогаш се слушна гласот над водите, така и сега се слушна во небесниот круг, односно во воздухот. Нели воздухот постојано се движи во круг променливо, вртејќи се како тркало?
Објаснувајќи го известувањето за доаѓањето и за воплотувањето на Христа, Крстителот кажува, велејќи: „Јас не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови“, односно во Кого не е лесно да се разбере ниту најнезначајното, а колку повеќе е тешко да се иследува и објасни бездната на Неговото Божество! А зборовите на Јован Крстител, иако се наизглед прости, тие се мошне разумни. Под лопата тој го подразбира одвојувањето на верниот од неверниот, кое ќе се изврши врз гумното на целиот свет, кога Господ ќе ја запази пченицата во Своите вечни житници, а плевата ќе ја изгори со вечниот оган. Огнот, пак, го означува уништувањето на сѐ што е бесполезно, Тој е духовната топлота. Секирата го означува отсекувањето на неисцелената душа, која ќе биде фрлена во огнот како дрво кое не дава плод. Мечот, пак - отсекувањето преку словото, кое го одделува лошото од доброто.
Бидејќи има многу видови Крштение и во Стариот и во Новиот завет, дојдете да ви ја покажам нивната сила.
Крштавал Мојсеј, но само во вода.
Крштавал и Јован, но не по еврејски, односно не само со вода, туку и преку покајание; но, сепак, тој не крштаваше духовно, зашто е речено: „Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени со Духот Свет“. Јован крштавал со покајно крштение, велејќи му на народот да верува во Оној што иде по него, односно во Исуса Христа. Затоа и апостол Павле ги крсти оние што беа крстени со Јовановото крштение. И кога тој ги положи рацете над нив, Светиот Дух слезе на нив, и тие веднаш, како што се вели, почнаа да зборуваат на разни јазици и да пророкуваат.
Крштаваше и Исус, но со Светиот Дух. Еве, тоа е совршенството, зашто е речено; „Исус живееше со своите ученици во земјата Јудејска и таму крштаваше“. Кога Јован слушна за Исусовото крштение, рече: „Он треба да расте, а јас да се смалувам“. Потоа, кога ги испраќаше Своите ученици во светот, Исус им рече: „Одете, и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“.
Има и четврто крштение - преку мачеништво и со своја крв, Со такво Крштение се крсти и Самиот Господ (Исус Христос). Тоа стои над другите и е почесно и посвето од нив, бидејќи повеќе не се осквернува од друга нечистотија.
Нека се знае и за петто крштение - преку солзи, но тоа е мошне тешко, зашто колку многу солзи треба да пролееме, за да се израмнат тие со водата од крштелната купел, слично на оној што „секоја ноќ ја натопува својата постела со солзи“; кому „раните му смрдат поради злобата“, и коишто тој сака да ги изгори со оган; кој оди и плаче нажален; кој дава плодови на покајание; кој се уподобува на Манасииното покајание и на смирението и покајанието на Ниневјаните, боејќи се од сечењето со секирата; кој воздивнува со воздишката на митарот и кој, молитвено трогнат во црквата, ќе биде оправдан повеќе од фарисејот кој се фалеше многу.
Бидејќи мнозина ги извршуваат овие големи тајни кои се случиле на реката Јордан, затоа тамошните христијани, според својот обичај, не ја извршуваат само нивната надворешна форма, туку со голема почит ги повторуваат онака како што биле извршувани вистински, та оваа голема благодат да не биде заборавена со текот на времето и да не биде покриена од многуте години. Како што слушнавме од мнозина, христијаните одат секоја година таму на светата река Јордан во благословен ред и со похвални песни и големи славословија кон Бога извршуваат молитви над штички, на кои се поставени свеќи, и ги фрлаат во реката. Кога водата ќе се разбранува, штичките со свеќите веднаш почнуваат да пливаат назад по реката. Откако ќе разберат дека благодатта на Светиот Дух слегла над водата, мнозина почнуваат во исто време да влегуваат во реката со голема радост. Други, пак, зафаќаат од водата и се поросуваат за осветување на телата и душите, и на домовите, и за прогонување на секакво зло. Затоа и светата Црква Христова, среде сите народи, во секоја страна и земја, и на секое место го следи примерот на тие хрстијани, правејќи го истото секоја година и во исто време: откако ќе постават свештен сад во средината на храмот и го наполнат со чиста вода, и откако ќе ги запалат своите свеќи, пеат прекрасни песни и читаат четива, соодветни на тој празник. Штом свештениците ќе ја осветат водата, сите се радуваат телесно и духовно, како и оние тогаш на реката Јордан, и потоа се разотидуваат со голема радост. И Римската црква, откако го прими оттаму овој начин на осветување на вода и свеќите, а и сега го пази тоа, му го предала и на целиот тој Запад.
Од мнозина сме слушнале и тоа дека во Ерусалим, на празникот Воскресение (Велигден), во храмот, кога сите луѓе го изгаснале огнот (на свеќите), светилникот се запалува сам во определен час, преку благодатта на Светиот Дух. И сите луѓе си носат од таа светлина, и секоја година си палат оган.
А ние, пак, да се вратиме на она за што говоревме, зашто нашето учество во службата е симболичен образ на ангелската слава. Мислам дека тогаш со нас се радуваат и ангелите, а нашето пеење се уподобува на нивното пеење. Свеќата, пак, е образ на таинствената светлина на Воскресението.
Затоа, браќа, и ние сега да не бидеме мрзливи да се стремиме кон таква духовна храна и кон вечна радост, почитувајќи го празникот на Христовото крштение и празнувајќи го со ревност овој свет ден, како што нѐ поучува велегласниот Исаија, велејќи: „Вие, што жеднеете, дојдете при водите и со радост нацрпете вода од изворите на спасението“. Господ им говори на ридовите и на планините, односно на малите и на големите народи, да скокаат од радост како јагниња, и да постапуваат како овни при борба. Бог рекол: „Измијте се и бидете чисти. Отфрлете ги лукавствата од душите ваши! И ако бидете извалкани од гревови, ќе станете бели како снег. Ако, пак, сте поцрвенети и окрвавени на кој и да е начин, ќе бидете избелени како волна“. Затоа не бидете мрзливи, туку очистувајте се, зашто Бог не се радува на ништо друго така, како на човековото поправање и спасение. Впрочем, за човекот е целата Божја промисла и целата тајна на денешниов празник. А на Отецот и Синот и Светиот Дух е похвалата и славата, сега и секогаш и во веки веков.