Бидејќи наближува светиот пост, како некаква основа за него Господ ја предлага параболата за митарот и фарисејот, и преку неа нѐ поучува за смирението како основа за сите добродетели. Впрочем, еве што вели Господ:
Два човека влегоа во Храмот да се помолат: едниот фарисеј, а другиот цариник. И двајцата беа луѓе по природа, но имаа различни нарави. Фарисејот застана и се молеше вака: „Боже, Ти благодарам... Навистина, тој започна добро од почетокот, но на крајот ја збрка работата, бидејќи не рече: „Ти благодарам што ме отклони од лошите дела“, туку сам ги исправи (зборовите на псалмопеецот Давид)" и зборуваше само за своите добри дела. И, што е уште полошо, тој ги осудуваше сите, бидејќи рече: „Јас не направив никакво зло“. Потоа додаде дека прави добри дела: постам двапати во седмицата и давам десеток од целиот свој имот. Па ако си таков, зошто го укоруваш другиот?
Но ние, браќа, да се подготвиме да го примиме светиот пост. Како оној кој сака да го покани кнезот, па го чисти својот дом и подготвува сѐ во својот дом, така сме должни да правиме и ние, и да се подготвиме да го примиме светиот пост, а не со жалост и со очајание. За ова време да ги измиеме своите гревови и да се покажеме чисти во идниот век. Оти, ако некој не сака да се очисти со покајание и со пост, таму ќе биде истеран од свадбеното торжество, како оној што имал нечиста облека. Но никој од нас да не биде исфрлен од свадбената одаја со врзани раце и нозе, туку да го слушнеме оној сладок глас: „Добар и верен слуго, во малку ми беше верен, над мнозина ќе те поставам: влези во радоста на Својот Господар“ Тој глас да го чуеме и сите ние, кои во чистота го пазевме времето на светиот пост!