(прва)
Браќа, блажениот апостол Павле велегласно вика, говорејќи: Ноќта помина, а денот се приближи; Христољубивата вера засветли и целиот свет го просветли. Затоа, откако ќе ги отфрлите делата на темнината, облечете се во оружјето на светлината, за да одиме чесно како дење, без препнување. Да ги насочиме нашите нозе по патот на мирот, на правиот живот, од којшто отстапивме по совет на лукавата змија, и се лишивме од рајската храна. Поради тоа што нашиот прадедо Адам ја прекрши заповедта Божја, оттогаш влезе во нас смртта и станавме робови на страстите, бидејќи го заборавивме Единствениот Бог - Творецот на небото и на земјата. Созданието, кое беше створено за да ни служи, ние го нарековме богови - сонцето, месечината, земјата, и водата, и ѕверовите, и влекачите, и сѐ друго. И човечките имиња ги претворивме во богови, и на злите духови им поверувавме, така што некои и досега се обземени од тој мрак. Но не им прилега на оние што се чеда Божји да бидат робови на бесовите. Давајќи им го Законот на своите луѓе, Бог рече: Не правете на земјата идоли подобни на Мојот лик, зашто нема друг бог освен Мене, ниту на небото, ниту на земјата, ниту во водите. Јас ги утврдив небесата со Мојата рака; Јас го поставив сонцето, за да им свети на луѓето; Јас пуштив да течат реки и извори; Моја е земјата и нејзините краишта. Зар Јас јадам месо јунешко и пијам крв козја? Затоа, рече Бог, нема да примам телци од твојот дом, Туку принеси Ми жртва похвална, и испрати Му ги на Севишниот твоите молитви, и Јас ќе ги примам. Ако Ме повикаш, тогаш ќе те послушам, и ќе те избавам, и ќе ти ги исполнам прозбите на твоето срце. Зашто жртва пред Бога е смирениот дух, и срце покајничко и смирено Бог нема да презре. Бог не ја сака смртта на грешникот, туку го очекува нашето спасение. Од љубов кон родот човечки, не можејќи да го гледа паднат во измамата ѓаволска, Он ги преклони небесата и слезе при земните, неискажливо и бессемено се всели во утробата на Пречистата Богородица и Приснодева Марија, откако со Телото, како со завеса го скри Божеството, и стана истовремено Бог и човек. Немаше друга можност човекот да се спаси, освен ако не примеше обновување од Самиот Творец. Но Он заради нас стана човек во сѐ, освен во гревот, земајќи ги на Себе нашите прегрешенија, како што рече Светото писмо: „Он ги зеде врз Себе нашите болки“; земајќи удел во тварта преку Своето тело, Он ги разурна телесните страсти на Своето создание и го исцели со Своето Божество. Ако Он не се смиреше така и не го покриеше Божеството со Своето тело, тогаш кој ќе можеше да Го погледне и жив да остане? Кога нашите очи не можат да ги гледаат ни зраците на сонцето, кое е поставено да ни служи и да ни свети, тогаш кој би можел да ја гледа Божествената светлина и жив да остане? „Бог никој никогаш не Го видел", вели Светото писмо; „Единородниот Син Божји на Отецот, Кој се воплоти, ни го објави суштеството на Отецот, Неговата божествена сила и светлост“. Он, Кој е богат и ги збогатува сите, од преголема милост кон нас се облече во нашата снромаштија, и ние се збогативме со Неговата сиромаштија. Откако ги разурна делата ѓаволски, пак нѐ врати на правиот пат од рајскиот живот.
Затоа, браќа, да не се лажеме и да не мислиме дека сме бесмртни, ниту во мрзливост да ги минуваме своите денови; животот е краток, а маките се долги и крајот е близу. И да живееме педесет или сто години, а што потоа? Зар не е смртта? А по смртта - мака што нема крај, ниту никаков покој. Каков успех и да имаме, времето на овој живот е лажно, и минува како сенка! Затоа, да не се лажеме; додека душата е во нашите тела и владееме со својот ум, да просолзиме спомнувајќи ги гревовите свои, да даваме милостина, со постење да ги просветлиме своите срца; да ја отфрлиме празната надеж и безбожните имиња, да не Го гневиме Бога со лошо живеење, туку Неговиот гнев преку покајание да го претвориме во кроткост. Немојте да велите: „Му згрешивме Нему и Он нема да нѐ прими“, туку нашата смеа да ја замениме со плач и веднаш ќе примиме од Него милост и прошка на нашите гревови. Он не се радува на паѓањето на грешникот, туку се весели на нашето покајание, повикувајќи ги небесните сили и говорејќи им: „Радувајте се со мене, зашто ја најдов загубената овца“ односно човечкиот образ. Затоа, секој ден и час да ја бараме милоста Негова, додека не зајде сонцето, додека не се затворат вратите, односно додека не зајде душата. Зашто тогаш не ќе можеме да плачеме за своите гревови, ниту да постиме, ниту милостина да даваме, бидејќи тогаш Судијата ќе седне и секому ќе му даде според неговите дела и помисли, што сме згрешиле и не сме се покајале. Тука не може таткото да му помогне на синот, ниту мајката на ќерката, ни братот на братот, ни слугата на господарот; секој ќе прими награда според своите дела: праведниците ќе примат слава и чест, а грешниците ќе одат во вечна мака.
Затоа, браќа мои, уште сега да се разбудиме како од сон, од поганството на злото, и паганските обичаи да му ги оставиме на ѓаволот; со покајание да паднеме пред Бога и со солзи да ги измиеме нашите прегрешенија, та со радост да застанеме на Страшниот суд пред Христа, нашиот Бог, украсени со нераспадливи венци, славејќи Ја Света Троица - Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.
---
(втора)
Браќа, праведниот Судија - Господ говореше преку пророкот: „Кога праведникот ќе отстапи од својата правда и ќе направи зло, тогаш сите праведни дела што ги извршувал нема да бидат спомнати; тој ќе умре во своите гревови, и правдата нема да го избави праведниот во оној ден кога ќе згреши“. Поради тоа Бог не го поштеди ни ангелот што згреши, како што е напишано; и што да додадеме на ова ние, кои сме исполнети со мрак и со лоши дела, и кои не ги практикуваме добродетелите што водат од земјата кон небото, туку секој ден и час Го гневиме Бога со дела и со зборови? Никој од нас да не се фали со тоа што има некоја добродетел, па поради тоа живее безгрижно, туку секој од нас да се погрижи за своето спасение, не само за делата, туку и за зборовите и за секоја лоша помисла. Јас не гледам кај вас никаков напредок, туку сите се предавате на сласти и телесни похоти, на јадење и пиење и безживотно угодување, на омраза и завист и клевета, но кај вас нема никаква грижа за духовното, ниту страв од оние маки, ни од пеколот, ниту спомнување на онаа блажена слава, ниту за отфрлањето од Неговото лице, кога ќе ги слушнеме Неговите зборови: „Не ве познавам... бидејќи не го нахранивте гладниот и другото што следи“? Бидејќи е подобро овде да поднесеме-илјадници маки, отколку да го видиме она лице кое се одвраќа од нас. Зашто има некои што говорат: „Бог е милостив и нема да нѐ мачи, туку ќе ни прости; дури и ако останеме во зло, нема да нѐ воведе во мака. Ако тоа не биде, тогаш Он нема да ги награди ни оние што Му угодиле“. Така говореа и оние што беа потопени во времето на Ное, како и оние што беа изгорени при уништувањето на градот Содом. Затоа, браќа, и ние да ги оставиме таквите зборови и помисли, та и овој живот да го поминеме добро, и да ги примиме и идните блага.
Исто така, чеда, треба да отфрламе секаков грев и страсти, и врз основа на вистинската вера да правиме добри дела. Оти, како што верата без дела е мртва, така и делата без вера. И апостолот Павле вели: „Желбите на телото не исполнувајте ги“. А делата на телото се овие: прељуба и блуд, нечистота, идолослужење, гатање, непријателство, ревност кон зло, завист, гнев, јарост, ерес, омраза, убиство, среброљубие, клеветење, злопамтење, сластољубие, пијанство, играње, горделивост, величање, празнословие, и други. Оние што го прават тоа, нема да го наследат царството Божјо.
А духовниот плод е овој: љубов, радост, мир, долготрпение, добрина, доброчинство, вера, кроткост, воздржување, светост душевна и телесна, срдечно смирение и скрушеност, милостина, непомнење зло, човекољубие, бдеење, каење за порано направените зла, солзи на умиление, плачење за своите гревови, и за (гревовите на) ближните, и други слични на овие, кои како некакви скали, принесувајќи ги еден на друг и примајќи ги, ја вознесуваат душата на небото. По крштението секој човек треба да ги пази и да ги чува овие од секакво зло, а да се клони од претходно наброените лоши дела, та и нас да нѐ удостои Бог да ги примиме оние блага, што ги приготви за оние што Го љубат, и да нѐ избави од маките што ги приготви за ѓаволот и за неговите слуги, со благодатта и човекољубието на Единородниот Свој Син, Кому нека е слава во вековите. Амин.