(јужноруска редакција)
Браќа, послушајте ме, откако ќе ги отворите вратите на умот и ќе го очистите духовниот слух. Разумно примете го светиот пост и Господ наш Исус Христос ќе нѐ воведе во бесконечното Царство, говорејќи: „Ако им ги простите на луѓето нивните прегрешенија, тогаш и вашиот Отец небесен ќе ви ги прости вашите гревови, зашто Он, во светото Евангелие говори: Со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери“. Апостолот Јован Богослов вели: „Ако некој рече дека Го љуби Бога, а го мрази својот брат, тој лаже пред Бога, бидејќи тој не го љуби својот брат што го гледа секој ден, а како ќе Го љуби Бога, Кого не Го видел никогаш? Зошто одите во светиот храм, а немате страв во своето срце, и велите: Отче наш, Кој си на небесата..., прости ни ги долговите наши, односно нашите гревови?“ И Светото писмо вели: Оние што влегуваат во црква, а немаат страв во своето срце, за нив се пишува: „Со мали гревови влегуваат луѓето во црква, а со многу гревови излегуваат од Црквата, бидејќи во своите срца држат лоши помисли“. За оние, пак, што сакаат да постат, Господ говори: „Јас не барам од вас таков пост. Ако сакате да постите и делото да го започнете со труд, најнапред исфрлете ги од срцето“: гневот, клеветата, зависта, омразата, злобата и, откако ќе ги оставите сите дела ѓаволски, да го чуеме Господа, Кој говори преку пророкот: „Во време благопријатно те послушав, во денот на спасението ти помогнав“.
Ете, се наближија деновите на Чесниот пост, во којшто сакаме да ги спасиме своите души. Само да ги оставиме лошите дела, лукавите помисли, и сѐ што сме згрешиле во текот на годината, или во блуд, или во лага, или во клевета, или во пијанство, или во кое било лошо дело, сите нив сега на ѓаволот да му ги префрлиме, да појдеме во светиот храм и со топли солзи да си спомнеме пред Бога за своите гревови, за кои ќе одговараме во страшниот ден, кога сите ќе застанеме пред Господа Бога. И затоа не треба да го презираме бедниот, да даваме милостина, зашто таа многу ни помага: вратите на Царството ги отвора, во светиот рај воведува, прошка на гревовите дава. Зашто и Христос прими образ на сиромав, за да нѐ збогати сега и нас со Својата сиромаштија, давајќи ни Самиот Он пример за светиот пост. Исто така ни даде пример и преку Мојсеј, преку Илија, а најпосле и преку многу праведници. Исто така и Самиот Он, откако постеше четириесет дена, иако немаше потреба од постење, преку постот ни даде нам победа над враговите, очистувајќи ги нашите души и тела.
Затоа, браќа, слушајќи да постиме и ние, за да бидеме победници со тој свет (пост). Зашто постот ја возведува душата на небото, ги отвора вратите на Царството и во светиот рај воведува. Заради тоа, да не бидеме лицемери, и да не враќаме зло за зло. Да Му се молиме на Бога со чисто срце, и гнев да не држиме против своите пријатели. И Светото писмо вели: Ако некој оди во светиот храм да Му се моли на Бога, а има гнев, тогаш не само што молитвата нема да му биде примена, туку ќе Го разгневи и Бога. За таквите и Самиот Господ рече: Овие луѓе Ме почитуваат само со устите, а нивното срце е далеку од Мене. Затоа е добро за нас, браќа, да се потрудиме во овој свет пост. Да се погрижиме со своите души за своите гревови, а не да бидеме скржави кон сиромасите, и да не се гневиме пртив своите браќа. Ако држиме гнев, тогаш целиот наш труд и поклоните ќе ги загубиме, и нашиот пост нема ништо да ни вреди пред Бога. Затоа евангелистот рекол: Не само што Го разгневи Бога, туку и без суд ќе одиш во вечна мака. Затоа, браќа, да слушнеме: Добро е за нас да се потрудиме во овие посни денови, да јадеме и да пиеме со мерка, а не да живееме скотски: да се воздржуваме од телесни похоти, љубов да имаме кон браќата свои, со чисто срце да Му се молиме на Бога, со сета вера призивајќи Го Христа - нашиот вистински Бог. И пак да се вратиме на зборовите што го запишал апостолот Павле, говорејќи: Чеда мои, се радува моето срце за вас, за да творите добро, откако го примивте текот на постот, преклонувајќи ги своите колена според Законот. Своите молитви извршувајте ги, трпејќи со благодарност, како што тој пишува: Оној што ќе претрпи до крајот, ќе биде спасен. Некои војници, откако ќе го примат чинот, тогаш стануваат поревносни. А други, кои ќе се облечат во црковна облека, стануваат уште помрзеливи, возгордеани, а за бедните и не се трудат. Така и ние, бедните, откако го примивме Чесниот пост, да го исполниме според законот во чистота, извршувајќи ги своите молитви и поклони, оти ако така не направиме, што ќе дадеме како одговор кога ќе слезе небесниот Цар - Христос Бог? Златоустиот (Јован) вели: „Оној што ја чува својата уста, ја пази и својата душа. Ако ги воздржуваме телата од прејадување, а душата од пијанство, ќе Го видиме Бога со добрите дела. Тогаш ќе Му биде пријатно на Бога нашето постење и нашите гревови ќе бидат простени, како што пишува во толкувањето: Отче наш, Кој си на небесата, прости ни ги долговите наши, како што и ние им проштаваме на нашите должници. Не воведи нѐ во искушение, но избави нѐ од лукавиот, односно од ѓаволот“.
Слушајќи го ова, браќа, да одиме чисто со своите тела, а со душата - справедливо, љубејќи се еден со друг служејќи Му на Господа Бога правилно, пазејќи ги Неговите заповеди. За ова зборуваат мнозина. Ако некој ги слуша овие зборови, а не ги исполнува, тој ќе биде предаден на вечна мака и на незгаслив оган, како што е напишано: „Неговиот оган нема да изгасне и неговиот црв нема да се распадне“, А кога пишува за Христовиот суд, не нѐ лаже, кога вели: „Ќе се слушне од небото звукот на трубата“. Тогаш ќе се појават сите небесни сили, гробовите ќе се отворат, мртвите ќе воскреснат, и сите ќе се соберат на едно место во домот Давидов, каде што на праведните и на грешните ќе им суди вистинскиот Судија - Христос Бог. Точно ќе бидат испитани и праведните и грешните. Тогаш ќе застанат нашите тужители ѓаволите, ќе ги развијат свитоците од хартија, кажувајќи ги нашите ноќни и дневни гревови, и секој од нас ќе ги види пред себе своите дела. Тогаш Самиот Христос ќе ја донесе пресудата: праведните ќе ги испрати во рајот, а грешните во вечна мака. Затоа, браќа, со страв да си спомнеме за страшниот Судија, Христос Бог, со солзи да заплачеме за своите дела, често да ги слушаме читањата (од житијата) на светите, и да ги примаме разумно за време на својот (овоземен) живот. Затоа Бог ни вели да бидеме секогаш подготвени, бидејќи не го знаеме смртниот ден и час, кога ќе дојде смртта, а ние ќе бидеме неподготвени и неочистени. Затоа, откако го слушнавме ова, да се подготвиме со покајние пред Бога, за таму, на страшниот суд Христов, да застанеме непосрамени.
Па така, браќа, слушајќи го ова, да бидеме подготвени да го извршиме она што ни е заповедано од Бога. Оти не е тешко гладен да нахраниме, необлечен да облечеме, странец во својот дом да примиме, да го нахраниме, и да го напоиме и милостина да дадеме. Впрочем, зар не е напишано: Кој прима сиромав, тој Го прима Самиот Христос, Кој заради нас беше странец, и од Својата слава слезе од небото на земјата во образ на сиромав, сакајќи да нѐ врати во поранешното место, од кое бевме отпаднале по совет на ѓаволот. И Христос, како лек за исцеление на болестите ни го даде светото Крштение, за кое ни даде предобрази уште отпорано. Како пример за постот ни го дал пророкот Мојсеј, кој постел четириесет дена и се удостоил да зборува со Бога лице во лице, и неговото лице стана од славата Божја посветло од сонцето. И пророкот Илија постел четириесет дена и не вкусил смрт, туку беше вознесен од земјата на небото на огнена колесница. По нивниот пример почнале да постат и мнозина праведници. Затоа, браќа, да ги отфрлиме лошите дела и да се погрижиме содушите свои за нашите гревови, зашто Христос не ја сака смртта на грешниците, но им дава спасение на праведниците. И Он пак вели: „Не собирајте за себе богатство на земјата, каде што црвите го јадат, рѓата го нагризува, крадците го раскопуват и крадат, туку скривајте го во Царството небесно, каде што ќе остане за вечноста. И пак на друго место вели: „Давајте милостина на сиромасите - тоа ќе бидат вашите ризници на небото“. Ако им давате на сиромасите - ќе најдете на небесата.
Затоа ве молам, браќа, да бидеме ревносни во правдата и да правиме богоугодни дела, та и ние да примиме добро и да бидеме учесници во небесните блага, кое се именува Царство небесно, во Христа Исуса, нашиот Господ. Нему слава во вековите.
---
(првична редакција)
Послушајте, браќа: отворете ги вратите на вашиот ум и откријте ги ушите на вашите души, и со радост да го примиме светиот пост.
Еве како нашиот Господ Бог по лесен пат нѐ води во Своето бесконечно Царство, велејќи: „Ако на луѓето им ги простите нивните грешки, тогаш и вашиот Отец небесен ќе ви ги прости вашите согрешенија. Со каква мера мерите, со таква и вам ќе ви се мери“. Оти апостолот вели: „Ако некој рече дека Го љуби Бога, а го мрази својот брат, тој е лажливец, бидејќи не го сака својот брат кого што го гледа по цели денови, а како ќе може да Го љуби Бога, Кого не Го видел никогаш“. Јасно е дека таквите не ги пазат ни зборовите Божји, влегуваат во храмот и напразно говорат: „Прости ни ги долговите наши, како што и ние им проштаваме на нашите должници“. Таквите, наместо милост, на своите глави го наведуват гневот Божји, и не постат богоугодно. А Господ и преку пророкот вели: „Ако постите во караници и во гнев, таквиот пост не го определив Јас. Но отфрлете секаква неправда и секаков навредлив збор. Повикај Ме со смирен дух, со понизно срце, и ќе те услишам, и ќе ги исполнам желбите на твоето срце, ако доаѓаат со вистинско покајание“. Не да се воздржуваме само од храна, туку и од клевети, од завист, од гнев, од јарост, од блуд, од горделивост, од злопамтење и од секакво зло. Па, ако се откажеме од нив, тогаш ќе Го слушнеме Христа, Кој вели: „Во време благопријатно те послушав, и во денот на спасението ти помогнав“ Еве, сега е времето благопријатно, ете, сега се дојдени деновите на спасението - овој свет пост. Влегувајќи во него, да ги очистиме својата душа и телото од нечисти помисли и дела. И сѐ што сме згрешиле преку целата година, или во кавги, или во блуд, или во клетви, или во лаги, или во пијанство, Или во какво било лошо дело, да се доближиме сега до Бога со чиста молитва и со солзи измивајќи ги своите прегрешенија. Не да го покажувате вашето постење на луѓе, туку на Господа, Кој ги знае нашите тајни дела и мислите на срцата, за кои ќе дадеме одговор на страшниот ден на Судот.
Затоа, браќа, да се погрижиме да го исполниме она што е заповедано од Бога. Оти не е тешко да го уништиме гневот, гладен да нахраниме, необлечен да облечеме и странец да примиме. Ако така правиме, Самиот Хростос Го примаме, Кој заради нас беше странец; дојде од небесата на земјата, од слава - во сиромаштија, сакајќи нас, кои бевме се оддалечиле од Него, да нѐ врати во поранешното место, од кое бевме отпаднале по совет на ѓаволот. Според болеста, Тој ни определи и лек - овој свет пост, за кој порано Самиот ни даде за пример. Првин постеше Мојсеј четириесет дена и разговараше со Бога лице во лице, и неговото лице засветли како сонце од славата Божја, така што никој не можеше да гледа кон него. Затоа Мојсеј го покриваше своето лице и така ги соопштуваше зборовите Божји. Така постеше и Илија четириесет дена и не вкуси смрт, и на колесница беше земен со виор кон небото. Постеше и пророк Даниил и ги скроти лавовите. Така постеа и други праведници и направија големи и бројни чуда, и оставија спомен и на другите луѓе. По нив и Самиот Господ Бог постеше четириесет дни, иако немаше потреба од постење, туку давајќи ни пример и победа над вразите и, преку него, очистување на душите и телата, осквернети од многу гревови.
Затоа, возлубени браќа, да постиме и ние, и да бидеме подобни на светите, бидејќи постот ја очистува душата и го просветлува телото, и возведува на небото, и нѐ прави рамни на ангелите, и кон Бога приближува, и во светиот рај воведува.
Затоа, браќа, да Го послушаме Самиот Господ, Кој нѐ учи и ни говори преку Евангелието: „А кога постите, не бидете жалосни како лицемерите, кои лицата си ги прават мрачни, за да се покажат пред луѓето“. Но вие бидете со светли лица и од срце правете добро, давајќи милостина на бедните. Господ нѐ поттикнува на тоа и кога вели: „Не скривајте го вашето богатство на земјата, каде што го јаде црвот и рѓата, и каде што крадците го поткопуваат и крадат, туку скривајте го на небесата, каде што останува непропадливо“ - односно Он вели да даваме милостина. Вистинско богатство е тоа што го скриваме на небесата. Го даваме во рацете на бедните, за да го најдеме таму умножено. Затоа, браќа, да го следиме примерот на праведните и да ги правиме истите дела. И тие беа луѓе како нас, но уништија секаков гнев и јарост, и ги умртвија телесните страсти, и го презреа овој лажен живот, а го возљубија вечниот. Преку нив ќе ни суди Бог, Кој рече: „Зошто тие живееја така и направија добри дела, а вие се одвративте од тоа?“
Но да не го слушнеме тоа, браќа, туку да се потрудиме во овие свети посни денови, и да го слушнеме оној свет глас: „Дојдете, благословени на Мојот Отец“; дојдете, синови на светлината, кои гладувавте и бевте жедни, примето го Царството за вас подготвено од создавањето на светот, во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому нека е слава со Отецот и со Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите. Амин.