Добро рекол ава Пимен, дека знаците за вистински монах се гледаат во искушенијата. Затоа, монахот кој вистински пристапил да Му служи на Бога, должен е да ја приготви својата душа за искушенијата (Мудр 2, 1), за никогаш да не се чуди или огорчува поради она што се случува, верувајќи дека ништо не доаѓа без промисла Божја. А, каде што е промислата Божја, таму сè е добро и сè што се случува е во корист на душата. Сè што Бог прави е заради наше добро, љубејќи нè и грижејќи се за нас. И, ние сме должни како што рекол апостолот, да Му благодариме за сè (1 Сол 5, 18), особено за Неговата добрина и никогаш да не паднеме во растројство или малодушност поради она што ни се случува. Она што ни се случува треба да го примаме без огорчување, но со смирение и надеж во Бога, и уверени, како што реков, дека Бог за нас сè добро прави по Својата добрина, љубејќи нè. Тоа не би било добро ако Бог така не би нè помилувал.

 Оној кој има пријател и е уверен дека пријателот го љуби, па дури и лошо да му направи, па дури и нешто болно, тој ќе мисли дека тоа го направил од љубов, и никогаш нема да поверува дека пријателот тоа го прави за да го повреди. Колку повеќе треба да сме уверени за Бог, Кој нас нè создал и нè привел од небитие во битие и Кој постанал човек заради нас и за нас умрел, и Кој заради нас сè прави по Својата добрина, љубејќи нè.

Човекот, во однос на пријателот, треба да мисли дека тој сè прави од љубов и од грижа кон мене, но нема секогаш доволно разум да направи сè да биде корисно за мене. Поради тоа може да се случи, не сакајќи, да ме повреди. Но, за Бога тоа не можеме да го речеме, бидејќи Тој е извор на мудроста и знае сè што е добро за мене. Тој, устројува сè што е добро и корисно, и сѐ што се однесува на мене, и ништо не се случува без Негова сила. Меѓутоа, ни тоа не можеме да го речеме за Бог, бидејќи за Него сè е возможно и ништо не е невозможно. Значи, знаеме дека Бог го сака и штеди Своето создание, дека е извор на мудроста, дека знае како да уреди она што се однесува на нас, дека ништо не е невозможно и дека сè Му служи на Неговата волја. Освен тоа, треба да знаеме дека Тој сè прави за наше добро. Затоа, сè треба да примаме со благодарност, како што претходно рековме, дека сè доаѓа од добриот и милостив Владика, па дури и да се работи за нешто болно, бидејќи сè се одвива според праведен суд. Како милостив, Бог не пропушта ни најмала наша неволја. Но, честопати човекот се сомнева, говорејќи во себе: „Што ако човекот во тешки околности греши поради неволјите кои го нашле? Како ќе знае тој дека неволјите му се случуваат заради негово добро?“

 Бог не допушта ниедна работа која е преку нашите сили, како што вели и апостолот: „Верен е Бог, Кој нема да допушти да бидете искушувани повеќе од силата ваша“ (1 Кор 10, 13). Но, ние немаме трпение и не сакаме малку да се потрудиме, и затоа не поднесуваме околностите да ги прифаќаме со смирение. Затоа сме притиснати (од незгодите). Колку што повеќе бегаме од искушенијата, сè повеќе од нив се преоптоваруваме. Ние негодуваме, но сепак, не можеме да се ослободиме од нив. Да претпоставиме дека некои луѓе се принудени да пливаат: ако ја познаваат умешноста за пливање, што прават кога им се приближува голем бран? Тие нуркаат сè додека не помине бранот и потоа продолжуваат со пливањето. Но, ако им се спротивстави, тој ќе ги врати назад и ќе ги однесе на големо растојание. И, кога повторно би почнале да пливаат, доаѓа друг бран, и ако почнат повторно да му се спротивстават, ги изморува и фрла уште подалеку. Доколку се нурнат под брановите, како што реков, ќе поминат без штета и може да продолжат да пливаат колку што сакаат. Така е и со искушенијата. Кој со трпение и смирение ги поднесува искушенијата ќе помине без штета, ако некој се огорчува, натажува и се лути, тогаш подлежи на маки. На таков начин, тој само ги засилува искушенијата, не наоѓајќи корист и штетејќи си себеси. А, кој, пак, искушенијата ги трпи, ќе има голема корист. Па дури и страста да ни пречи, не треба да се огорчуваме, бидејќи оној кој се огорчува нарушен од страстите, тоа е знак за незнаење и гордост. До тоа се доаѓа поради незнаење на нашата сопствена состојба и поради избегнување на трудот, како што рекле отците: „Ние не напредуваме поради тоа што не ја познаваме нашата мера, бидејќи немаме трпение во делото кое сме го започнале и сакаме да се здобиеме со добродетел без напор“. Поради што се чуди острастениот човек ако го напаѓаат страстите? Поради што се огорчува, кога нив ги извршува? Имаш страсти и се лутиш? Ги имаш нивните семиња. А, сепак, прашуваш, зошто ми сметаа? Подобро имај трпение, подвизувајќи се и молејќи Му се на Бога, зашто е невозможно страстите да не создаваат неволја на оној кој ги извршува. Причинителите на страстите, како што вели св. Сисој, се внатре во вас; плати им го влогот и ти ќе бидеш под нивна власт. Под причинители тој ги подразбира нивните поттикнувања. Бидејќи сме се прилепиле до нив и ги исполнуваме, не е можно да ги избегнеме, бидејќи сме заробени со зли помисли, кои, не по наша желба, нè принудуваат да ги извршиме, откако претходно своеволно сме се предале во нивните раце. Ова го говори пророкот за Ефрем, кој го „победил својот непријател“ – т.е. неговата совест – „и го погазил судот“ (Ос 5, 11, 13); односно отиде во потрага по Египет и на сила бил одведен од Асирците (Ос 7, 11). Со зборот „Египет“ се означува волјата на телото, која нè учи да ги поставиме нашите умови на сладострастие и кон телесен покој. А со „Асирците“ се означуваат страсните помисли, кои го поматуваат и раздразнуваат умот и го полнат со нечисти слики, и присилно и без негова волја го тераат на грешни дела.

 Затоа, оној кој своеволно се предава на телесните наслади, принудно и против својата волја го земаат Асирците за да му служат на Навуходоносор. Знаејќи го ова, пророкот со болка рекол: „Не слегувајте во Египет“(Ер 42, 19). Што правите, мизерни бедници? Смирете се, наведнете ги рамењата, работете за вавилонскиот цар и седете во земјата на вашите отци. И повторно, ги охрабрува, говорејќи: „Не плашете се од лицето негово, зашто со нас е Бог за да нè избави од неговата рака“(Ер 42,11). А потоа, ги претскажува опасностите што можат да дојдат на нив ако не Му се послушни на Бога. Зашто рекол: Ако влезете во Египет, ќе бидете во пустелија, во потчинетост и проклетство. Но, тие му одговориле: „Не сакаме да живееме во оваа земја, туку ќе отидеме во земјата египетска, каде што нема да видиме војна и нема да чуеме трубен глас, и нема да гладуваме“ (Ер 42, 13-14). И тие слегоа во Египет и своеволно постанаа робови на фараонот. А подоцна, биле насилно одведени во Асирија, каде принудно постанаа нивни робови.

 Внимавајте на она што беше кажано. Пред да направи нешто со страстите, па дури и со помислите, човекот е слободен во својот град и Го има Бога за свој сојузник. Ако се смири пред Бога и го носи јаремот на искушенијата, и жалостите со благодарност, и ако барем малку се потруди со борба, тогаш помошта од Бога ќе го спаси. Но, ако побегне од борбата и оди по телесните страсти, ќе биде насилно и принудно одведен во земјата на Египќаните и ќе им служи против својата волја. Пророкот вели: „Молете се за животот на Навуходоносор, бидејќи во неговиот живот е вашето спасение“ (Вар 1, 11). Навуходоносор го означува оној кој не се спротивставува на жалостите кои доаѓаат од искушенијата, ниту пак, се одвраќа од нив, туку ги носи со смирение и како некој кој заслужил да страда. Таквиот (човек) треба да се смета дека е недостоен да се спаси од тешкотиите. Многу повеќе треба да се смета за достоен да го поднесува продолженото искушение, кое трае и станува сè посилно. И било да ја забележува својата грешка, или пак, моментално да не ја гледа, тој треба да верува дека од Бога ништо не се случува без судење и правда. Таков бил оној брат кој жалел и плачел поради тоа што Бог му го одзел искушението, говорејќи: „Господи зарем сум недостоен да истрпам мало искушение?“ Напишано е дека ученикот на еден голем старец имал борба со блудни помисли. Старецот, гледајќи го тоа, му рекол: „Сакаш ли да Го помолам Бога за да ти ја ублажи борбата?“ Но, ученикот рекол: „Вистина е дека се напрегам многу, но го гледам плодот што доаѓа од трудот. Би сакал да Го помолиш Бога за да ми даде трпение!“

 Ете, гледате колку се ревносни оние кои сакаат да се спасат. Тоа значи со смирение да го поднесуваме јаремот и да се молиме за животот на Навуходоносор(Сп. Дан 4, 25). Истото се однесува на изреката: „Гледам голем плод што доаѓа од овој труд“ исто како што „во животот на Навуходоносор е нашето спасение“. Тоа го потврдува и старецот, кој му рекол: „Денес видов дека си напреднал и дека си ме надминал“. Кога некој страда против извршување на грев и започнува да се бори против помислите што го напаѓаат неговиот ум, тогаш се смирува и поднесува сè – на таков начин преку мал подвиг, малку по малку, се очистува и доаѓа до природната состојба(Добродетел = природна состојба ). Како што претходно рековме, човекот од неговата гордост и непознавање се разгневува кога ќе го нападне страста. Подобро е преку смирение да ја спознае својата мера и да истрае молејќи се, сè додека Бог не му укаже милост. Доколку човекот не е искушан и не ги гледа маките кои доаѓаат од неконтролираните страсти, тој не би се ни борел за да се очисти од нив. И псалмот говори: „Кога грешниците никнуваат како трева, и кренат глава оние што вршат беззаконие, тоа е за да бидат истребени засекогаш“ (Пс 91, 7). „Грешниците што никнуваат како трева“ се страсните помисли, бидејќи тревата е слаба и нема сила. Кога страсните помисли никнуваат во душата, тие излегуваат на виделина; ова значи дека беззакониците, односно страстите се појавуваат за да бидат истребени во вековите на вековите. Страстите се истребуваат кога ќе се појават кај оние кои се подвизуваат.

 Размислете за важноста од ова кажување. Прво се јавуваат страсните помисли, а потоа се појавуваат страстите и на крајот тие се уништуваат. Сето ова се однесува на оние кои се подвизуваат (за небесен венец). А ние, пак, кои го извршуваме гревот преку дело и ги задоволуваме страстите, не знаеме кога никнуваат, ниту пак, кога се покажуваат страстите за да се бориме против нив, туку остануваме под нивно влијание, во Египет, во жалната тулана на фараонот. И, кој ќе ни даде јасна претстава за нашето горчливо ропство, за навистина да се смириме и да се потрудиме да бидеме помилувани? Кога синовите израилеви беа во Египет и му робуваа на фараонот, изработуваа тули; и, тие што прават тули секогаш се потчинети и наведнати од тешката работа. Истото е и со душата, која греши ако е контролирана од ѓаволот; тогаш тој ги згазува добрите намери на душата, која не мисли на ништо духовно, и секогаш мисли и прави она што е земно. Синовите израилеви, во Египет, му служеле на фараонот правејќи тули. Тие изградиле три утврдени града: Питом, Рамзес и Он или Илиопол (градот на сонцето) (Сп. 2 Мојс 1, 11). Тие ги претставуваат: сластољубието, среброљубието и славољубието од кои произлегуваат сите гревови. Кога Бог го пратил Мојсеј да ги изведе од Египет и да ги спаси од ропството на фараонот, тој ги обременил со потешка работа и им говорел: „Бесполезни сте и мрзливи“ и затоа велите: „Да одиме да Му принесеме жртва на Господ“ (2 Мојс 5, 17). На тој начин постапува и тој (ѓаволот); кога гледа дека Бог има намера да ја помилува душата и да ја ослободи од товарот на нејзините зли страсти, дали преку Својот збор или преку еден од Своите слуги, ѓаволот уште повеќе ја оптоварува со страстите и уште посилно ја напаѓа.

 Знаејќи го тоа, отците, го окрепувале човекот со своите поуки и со тоа не му давале да се уплаши. Еден вели: „Падна, тогаш стани! И ако повторно си паднал, повторно стани“. Друг, пак, вели: „Силата на оние кои сакаат да се здобијат со добродетел е оваа: дури и да паднале не треба да стануваат обесхрабрени и да се откажуваат и, треба да продолжат, повторно“. Секој од отците, секој на свој начин, им подава рака на оние кои се подвизуваат и кои се нажалени од непријателот. Тие ги применуваат зборовите земени од Светото Писмо, кое говори: „Зарем паднатите не стануваат?“ или „Оние што скршнале од патот не се враќаат?“ (Ер 8, 4)  „Вратете се, синови одметници: Јас ќе го излекувам вашето непокорство“ (Ер 3, 22), вели Господ, и слично на тоа. Кога раката Божја отежнала на фараонот и на неговите слуги, и кога посакале да ги испратат синовите израелски, фараонот му рекол на Мојсеј: „Одете и извршете Му служба на Господ, вашиот Бог, само овците ваши и воловите ваши нека останат“(2 Мојс 10, 24). Тие ги означуваат помислите на разумот со кои фараонот сакал да завладее, надевајќи се преку нив да ги привлече синовите израелски. На ова Мојсеј му одговорил: „Не, зашто ти треба да нè снабдиш со приноси и жртви сепаленици, што ќе Му ги принесеме на Господ, нашиот Бог. Затоа и добитокот наш нека оди со нас, да не остане ниту едно грло“ (2 Мојс 10, 25-26). Мојсеј, кога ги извел синовите израелски од Египет, ги превел преку Црвеното Море. Тогаш Бог, на патот до седумдесетте палмови дрва и дванаесетте извори со вода, најпрво ги приведе во Мера. Тука народот се пожалил, немајќи што да пие, бидејќи водата била горчлива (2 Мојс 15, 24). И преку Мара, Тој ги привел до местото на седумдесетте палми и дванаесетте извори со вода. Така е и со душата кога ќе престане да греши и ќе премине преку духовното (црвено) море, прво треба да се труди и да се подвизува во многу неволји за да влезе во состојба на спокој. „Преку многу маки треба да влеземе во Царството Божјо“(Дела 14, 21). Маките ја придвижуваат милоста Божја кон душата, како што ветровите носат дожд. Дождот, кој долго паѓа ја скапува билката и го уништува плодот, а ветровите постепено ја сушат и ја засилуваат. Истото е и со душата. Удобноста, безгрижноста, спокојот ја раслабуваат и расејуваат, а искушенијата ја утврдуваат и соединуваат со Бога, како што говори пророкот: „Господи, во маките се сетивме на Тебе“ (Ис 26, 16). Така, како што рековме, не треба да се лутиме, ниту да бидеме мрзливи, но да застанеме цврсто и да се заблагодаруваме за искушенијата, и постојано со смирение да Му се молиме на Бога за да нè помилува поради слабоста и да нè заштити од сите искушенија, заради Своја слава.