Ава Доротеј знаел да каже:
- Невозможно е за човекот, кој има сопствен разум и сопствени помисли, да се потчини на доброто на својот ближен.
- Сите ние, кои имаме страсти, воопшто не треба да му веруваме на сопственото срце, бидејќи крив линијар и она што е право го искривува.
- Не е ништо особено ако не судиш, и да бидеш со симпатии настроен кон некој кој е во маки, но голема работа е ако не судиш или удриш некого, кој според своите страсти, зборува против тебе и се согласува кога некој некаде е почестен повеќе од тебе.
- Ако човекот не ги презре сите материјални предмети, сета слава и телесен одмор, а сето тоа дури мисли дека е праведно, не може да ја отсече својата волја, да се спаси од гневот и тагата, ниту пак, да го успокои својот ближен.
- Не барај љубов од ближниот, бидејќи оној што ја очекува ќе се огорчи ако не ја добие. Најпрво, ти покажи љубов кон ближниот и ќе се успокоиш, а со тоа и ближниот ќе го привлечеш кон љубов.
- Ако човек прави нешто според Бога, секогаш доаѓа искушение. На секое добро секогаш му претходи или му следи искушение и испитување. Она што е според Бога, никогаш не е сигурно ако не се проба со искушение.
- Ништо така не соединува како заедничката радост и едномислие.
- Непрезирањето на услугата на ближниот е знак за смирение. Треба да ја прифатиме со благодарност, па дури и ако е мала и краткотрајна.
- Ако треба да направам што било, повеќе би сакал да биде по совет на ближниот, па дури и да не се согласувам со него, отколку да се водам според моето мислење, па макар и да сум во право.
- Добро е ако во секоја работа, малку се потрудиме за она што ни е потребно, бидејќи не е добро за нас да бидеме задоволни во сè.
- Ни во една работа, која се случува, никогаш не сум сакал да барам човечка мудрост, туку секогаш учев по своите сили и сè Му препуштав на Бога.
- Оној кој не се држи до својата волја, всушност секогаш ја исполнува. Бидејќи нема своја волја, па што и да биде, тој е спокоен и се покажува како оној кој секогаш прави според она што сака. Тој не сака работите да се случуваат по негова желба, туку сака да се случуваат онака како што се случуваат.
- Никој не треба да го укорува братот во моментот кога греши, зашто тоа истото може да му се случи и нему.
- Љубовта според Бога е многу посилна од природната љубов.
- Ни на шега не треба да правите зло. Се случува на почетокот тоа да изгледа смешно, но на крајот човекот се фаќа во него, спротивно на својата волја.
- Човекот треба да сака да се ослободи од страстите не затоа што сака да се спаси од нивните неволји, туку заради тоа што ги мрази, како што е запишано во Светото Писмо. (Со полна омраза ги замразив; тие ми станаа непријатели) (Пс 138, 22).
- Невозможно е за човекот да се разгневи на ближниот ако неговото срце не се подигнало над него, ако не го презрел и ако не се смета за поголем од него.
- Ако некој се лути затоа што е укорен, тоа е знак дека подлежи на страстите. А, ако некој не се лути додека го изобличуваат или укоруваат, тоа е знак дека не им се препушта на страстите поради слабост или незнаење.
- Не познавам некој монах кој не паднал поради тоа што имал доверба во себе и во своите чувства. Ништо не е толку жално, ништо не е покатастрофално отколку да си бидеш самиот на себе духовен водач.
- Како што сенките ги следат телата, така искушенијата го следат исполнувањето на заповедите.
- Оној кој мрази раздразливи луѓе, ја мрази кротоста. Оној, пак, кој бега од тажни луѓе, бега од спокојство во Христос.