ПСАЛМ 106

Благодарствена песна на избавените кои Го призиваат Господа во мака

1. Славете Го Господа, зашто е добар, зашто е вечна милоста Негова!
2. Така да велат избавените од Господа, оние што ги избавил од непријателска рака.
3. И ги собра од земјите, од исток и од запад, од север и од морето.
4. Тие скитаа по безводната пустиња и нигде пат ниту населен град не најдоа;
5. трпеа глад и жед, душата им ослабна во нив,
6. но во жалоста своја Го повикаа Господа, и Он ги избави од нивните неволји
7. и го поведе по правиот пат, за да одат кон населен град.
8. Нека Го слават Господа за милоста Негова и за чудесата Негови што им ги направи на синовите човечки:
9. зашто Он ја насити гладната душа, и душата гладна ја исполни со блага.
10. Тие седеа во темнина и смртна сенка, оковани со сиромаштија и железо;
11. бидејќи не се покорија на зборовите Божји и се притивеа на волјата на Севишниот.
12. Он го понизи нивното срце во мака, се сопнаа, и немаше кој да им помогне.
13. Тогаш во тагата своја повикаа кон Господа, и Он ги спаси од маките нивни;
14. ги изведе од темнината и смртната сенка и ги раскина оковите нивни,
15. Нека го слават Господа за милоста Негова и за Неговите чудесни дела кон синовите човечки,
16. зашто Он ги здроби бакарните порти и ги скриши железните резиња.
17. Неразумните страдаа поради своите лоши патишта и поради неправдите свои!
18. Од секоја храна им се одвраќаше душата, и се приближија до вратата на смртта.
19. Но во тагата своја повикаа кон Господа, и Он ги спаси од неволјите нивни;
20. го испрати Своето слово, ги излекува и ги спаси од пропаст.
21. Нека Го прославуват Господа за милоста Негова спрема синовите човечки!
22. Нека Му принесуваат похвална жртва и нека ги разгласуваат делата Негови со радост.
23. Оние што тргнуваат по море на кораби, што имаат работа по големите води –
24. тие ги гледаат делата на Господа и чудесата Негови во длабочините.
25. Он рече – и настана бурен ветер и високо ги издигна морските бранови;
26. се издигаа до небесата, слегуваа до бездната; нивната присебност се губи во неволјата;
27. тие се збунуваат, се нишаат како пијани, и сета нивна мудрост им исчезнува.
28. Тогаш во скрбта своја повикаа кон Господа, и Он ги изведе од маките нивни.
29. И ѝ заповеда на бурата и таа се претвори во тивок ветрец и брановите молкнаа.
30. Тие се развеселија, зашто стивнаа, а Он ги упати кон нивното сакано пристаниште.
31. Нека Го прославуваат Господа за милоста Негова и за Неговите чудесни дела спрема синовите човечки!
32. Нека Го возвеличуваат со собранието народно и нека Го слават во советите на старешините!
33. Он создава реки во пустиња, и водни извори – на суви места,
34. земја плодородна – во солница, поради злобата на оние што живеат во неа.
35. Он превори пустиња во езеро, а сува земја – во земја – со водни извори;
36. таму насели гладни, а тие изградија град за живеење;
37. засеаја ниви, насадија лози, и тие им даваат свои плодови.
38. Он ги благословуваше, и тие многу се размножуваа, и добитокот нивни Он не им го намалуваше.
39. Тие беа проредени и пострадаа од притисокот на злото и од неволјата.
40. Он изли бесчестие над кнезовите и ги остави да скитаат по пустињата, каде што нема патишта.
41. Но бедниот го извлекува од сиромаштија, го умножува родот негов како овчо стадо.
42. Праведните го гледаат тоа и се радуваат, а секоја нечесност си ја затвора устата своја.
43. Кој е мудар и го пази ова, ќе ја разбере милоста Господова.

ПСАЛМ 107

Благодарност за Божјата добрина и верност

1. Подготвено е срцето мое, Боже, подготвено е срцето мое; ќе пеам и ќе воспевам во славата своја.
2. Разбудете се, псалтиру и гусле! Ќе станам рано.
3. Ќе Те славам, Господи, меѓу народите; ќе Те воспевам меѓу племињата,
4. зашто повисока од небото е Твојата милост, и до облаците е Твојата вистина.
5. Издигни се над небесата Боже, и славата Твоја нека биде по целата земја,
6. за да се избават Твоите возљубени; спаси ме со Твојата десница и услиши ме.
7. Бог рече во своето светилиште: „Ќе се вознесам и ќе го разделам Сихем и ќе ја измерам долината Сокхот;
8. Мој е Галад, Мој е Манасија, Ефрем е застапник на главата Моја, Јуда е Мој цар;
9. Моав Ми е чаша на Мојата надеж, врз Едом ќе ја испружам обувката Своја, другоплемениците Ми се покорија.
10. Кој ќе ме воведе во укрепениот град? Кој ќе ме доведе до Едом?
11. Зар не си Ти, Боже, Кој нè отфрли и не излегуваш, Боже, со нашите војски?
12. Дај ни помош да се избавиме од маката, зашто човечката заштита е суетна.
13. Во Бога ќе имаме сила; Он ќе ги скрши непријателите наши.

ПСАЛМ 108

Молитва од гонет за да се казнат неговите непријатели и Бог да се смилува на него

1. Боже, похвало моја, не премолчувај,
2. зашто против мене се отворени грешни и лукави усти; зборуваат со лажлив јазик против мене;
3. отсекаде ме опкружуваат со злобни зборови, и без причина се собираат против мене;
4. место да ме сакаат, тие стануваат против мене, а јас се молев;
5. ми враќаат зло за добро, омраза – за љубов.
6. Постави над него грешник, и ѓаволот да застане десно од него.
7. Кога ќе му се суди, нека биде осуден, и молитвата негова да се прими за грев;
8. дните негови да бидат кратки, а неговото достоинство друг да го земе;
9. децата негови да останат сираци, а жената му – вдовица;
10. децата негови да скитаат и да стана просјаци, изгонети надвор од своите домови.
11. заемодавецот да му земе сè што има, и туѓинци да го разграбаат трудот негов;
12. нека нема кој да го заштити, да нема и кој да се смили над сираците негови;
13. потомството негово да загине, и да се избрише името негово во следниот род;
14. да биде спомнато пред Господа безаконието на татковците негови, и гревот на мајка му да не се очисти;
15. тие секогаш да бидат пред очите на Господа, и да се избрише споменот нивни на земјата.
16. Зашто не помислил да прави милостиња, туку ги гонеше бедните, сиромасите смирените по срце, за да ги уништи;
17. засакал клетва, – па таа нека го постигне: не посакал благослов, – тој нека се оддалечи од него;
18. нека се облече во клетва како во облека; и таа нека влезе во него како вода, и како елеј – во неговите коски;
19. та да му биде како облека, во која се облекува, и како појас, со кој секогаш се опашува.
20. Таква нека биде отплатата од Господа на оние што ме мразат и на оние што лошо зборуваат против душата моја.
21. А мене, Господи, Господи, заштити ме заради Твоето име, зашто е блага милоста Твоја; избави ме,
22. оти сум беден и сиромав, и срцето мое во мене е збунето.
23. Исчезнував како сенка што се оддалечува; ме гонат како скакулец.
24. Колената ми изнемоштија од пост, а телото мое поради недостиг од масло.
25. Им станав за потсмев; оние што ме гледаат, нишаат со главите свои.
26. Помогни ми, Господи, Боже мој, спаси ме поради Твојатао милост.
27. и да разберат дека е тоа Твојата рака и дека, Ти, Господи, си го направил тоа.
28. Тие проколнуваат, а Ти, пак, благослови; и оние што стануваат против мене нека бидат посрамени, а Твојот слуга да се зарадува.
29. Нека се облечат во бесчестие противниците мои и како со облека да се покријат со својот срам,
30. и јас со устата моја многу ќе го славам Господа и меѓу мнозина ќе Го прославувам,
31. зашто застана од мојата десна страна. За да ја спаси мојата душа од оние што ме гонат.

ПСАЛМ 109

Христос – вечен цар и провосвештеник

1. Му рече Господ на мојот Господ: „Седи од Мојата десна страна, додека ги ставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.
2. Жезалот на Твојата сила ќе ти го прати Господ од Сион: владеј меѓу непријателите Свои.
3. Со Тебе започнува Твојата сила; во светлината на светиите Твои; Те родив уште пред да постои ѕвездата Деница.
4. Се заколна Господ и нема да се покае: Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков.
5. Господ Кој е од Твојата десна страна, во денот на гневот Свој, Он ќе ги порази царевите;
6. ќе изврши суд над народите, ќе ја исполни земјата со трупови, ќе ги скрши главите на многумина на земјата.
7. Од потокот на патот ќе пие, и затоа високо ќе ја крене главата.

ПСАЛМ 110

Благодарствена песна за духовните и телесните дарови Божји

1. Ќе Те славам, Господи, од сè срце во советот на праведните и во собранието.
2. Големи се делата на Господа, кои се создадени по Неговата волја.
3. Неговото дело е слава и великолепие, а правдата Негова вечно ќе постои.
4. Незаборавни ги направи чудесата Свои, милостив и штедар е Господ.
5. Им дава храна на оние, кои се бојат од Него; вечно го помни заветот Свој.
6. Силата на делата свои му ја покажа на Својот народ, за да му ги даде незнабожците во наследство.
7. Делата на рацете Негови се вистина и суд; и верни се сите заповеди Негови,
8. утврдени засекогаш, засновани врз вистина и правда.
9. Он му испрати избавување на Својот народ; засекогаш го установи Својот завет. Свето е и страшно името Негово.
10. Почеток на мудроста е стравот од Господа; здрав разум имаат сите, кои според неа постапуваат. Похвалата Негова пребива вечно.

ПСАЛМ 111

Блажени се оние кои се бојат од Бога и кои се милостиви

1. Блажен е оној човек, кој се бои од Господа и кому му се мили Неговите заповеди.
2. Неговото потомство ќе биде силно на земјата; родот на праведните ќе биде благословен.
3. Слава и богатство ќе има во неговиот дом; и правдата негова ќе преуспева вечно.
4. На праведните во темнина им изгрева светлина од Добриот и Милостивиот.
5. Добриот човек е дарежлив и на заем дава; во судот тој уверливо ќе ги потврди зборовите свои;
6. и никогаш нема да се разниша; праведниот останува во вечен спомен.
7. Од лоши гласови нема да се уплаши; срцето му е спремно, зашто се надева во Господа.
8. Срцето му е цврсто: тој нема да се уплаши, кога – годе ќе погледне во напријателите свои.
9. Тој растура, дава на сиромаси; правдата негова останува вечно; неговиот рог ќе се возвиши во слава.
10. Грешниот, кога ќе го види тоа, ќе се јадосува, ќе крцка со забите свои и ќе се топи. Желбата на грешникот пропаѓа.

ПСАЛМ 112

Бог е милостив спрема смирените

1. Фалете Го, слуги Господови, фалете го името на Господа.
2. Нека е благословено името Господово отсекогаш и засекогаш.
3. Од исток до запад нека се прославува името на Господа.
4. Возвишен е над сите народи Господ; Неговата слава е над небесата.
5. Кој е како Господ, нашиот Бог, Кој живее во висините,
6. и Кој со смиреност гледа на небото и на земјата;
7. Кој од прав го издига сиромавиот и од калта го вади бедниот,
8. за да го постави со кнезовите, со кнезовите на народот негов.
9. Кој неплодната ја вселува в куќи како мајка, што се радува меѓу многуте деца.

ПСАЛМ 113

Чудесата Божји кога го изведуваше Својот народ од Египет

1. Кога Израилот излезе од Египет, домот Јаковов – од туѓ народ,
2. Јудеја стана Божјо светилиште, Израилот област Негова.
3. Морето виде и избега; Јордан се врати назад.
4. Горите се разиграа како овни, и ритчињата – како јаганца.
5. Што ти стана тебе море, па бегаш, и тебе, Јордане, па назад се враќаш?
6. Зашто се разигравте, гори, како овни, и вие, ритчиња, како јаганца?
7. Трепери земјата пред лицето на Господа, пред лицето на Бога Јаковов,
8. Кој камен претвора во водно езеро и карпа – во воден извор.
9. Не нам, Господи, не нам, туку на Своето име дај му слава, заради Твојата милост, заради Твојата вистина,
10. да не речат незнабожците: „Па каде е нивниот Бог?”
11. Нашиот Бог е горе на небото; на небесата и на земјата врши сè, што сака.
12. А идолите на незнабожците се сребро и злато, дело на човечки раце:
13. уста имаат а не зборуваат, очи имаат но не гледаат;
14. имаат уши, но не слушаат; имаат ноздри, но не мирисаат;
15. раце имаат, но не пипаат; нозе имаат, но не одат; тие не пуштаат глас од грлото свое.
16. Слични на нив нека бидат оние што ги прават, такви и оние што се надеваат на нив.
17. Доме Израилев, надевај се на Господа; Он е наш помошник и заштитник.
18. Доме Аронов, надевај се на Господа; Он е наш помошник и заштитник.
19. Оние кои се бојат од Господа, се надеваат на Господа; он е нивни помошник и заштитник.
20. Господ се сеќава на нас и нè благословил, го благословил домот Израилев, го благословил домот Аронов,
21. ги благословил оние, кои се бојат од Господа, мали и големи.
22. Нека ви придаде Господ вам повеќе, вам и на вашите деца.
23. Благословени да сте од Господа, Кој го создаде небото и земјата.
24. Небото е Господово небо, а земјата Он им ја даде на синовите човечки.
25. Не мртвите ќе Те слават, Господи, ниту оние, што слегуваат во ад,
26. туку ние живите ќе го благословуваме Господа отсега и засекогаш.

ПСАЛМ 114

Благодарност и завет на Господа поради спасувањето од смртта

1. Се радувам, дека Господ ќе го услиши гласот на моето молење,
2. зашто го приклони кон мене Своето уво, и затоа ќе Го призивам преку сите мои дни.
3. Смртни болки ме обзедоа, пеколни маки ме стигнаа; се најдов во неволја и мака.
4. Тогаш го повикав името Господово: О, Господи, избави ја душата моја!
5. Милостив е Господ и праведен, и милосрден е нашиот Бог.
6. Господ ги пази слабите: бев во мака и Он ми помогна.
7. Врати се, душо моја, во својот мир, зашто Господ добро ти прави,
8. бидејќи душата моај ја истргна од смрт, очите мои – од солзи, и нозете мои – од сопнување.
9. Ќе одам со благодарност пред лицето на Господа во земјата на живите.

ПСАЛМ 115

Исполнување на заветот Господов

1. Поверував и затоа реков: во голема мака сум.
2. Во мојата необмисленост си реков: секој човек е лажливец.
3. Што да му дадам на Господа за сите негови добрини што ми ги направи мене?
4. Ќе земам чаша на спасение и името на Господа ќе го призовам.
5. Заветите ќе Му ги упатам на Господа пред целиот Негов народ.
6. Скапа е во очите на Господа смртта на Неговите светии.
7. О, Господи, јас сум слуга Твој, јас сум слуга Твој и син на Твојата слугинка. Ти ги скрши моите окови.
8. Тебе ќе ти принесам благодарствена жртва;
9. ќе ги исполнам заветите мои на Господа пред сиот Негов народ.
10. Во предворјето на домот Господов, посреде тебе, Ерусалиме!

ПСАЛМ 116

Похвала на Господа

1. Фалете Го Господа, сите народи, прославувајте Го, сите луѓе,
2. зашто се зацврсти Неговата голема милост на нас, и вистината Господова пребива вечно.

ПСАЛМ 117

Праведните се радуваат на победата

1. Славете го Господа, зашто Он е добар, зашто милоста Негова е вечна.
2. Нека каже сега домот Израилев дека е Он добар, дека милоста Негова е вечна.
3. Нека рече сега домот Аронов: дека е Он добар, дека милоста Негова е вечна.
4. Нека кажат сега сите, кои се бојат од Господа: дека е Он добар, дека милоста Негова е вечна.
5. Кога бев на мака, Го призвав Господа и ме услиши и на ширина ме изведе.
6. Господ е мој помошник, нема да се уплашам: што може да направи човек?
7. Господ ми е помошник: и јас слободно ќе гледам на непријателите мои.
8. Подобро е да се надевам на Господа, отколку да се надевам на човек.
9. Подобро е да се надеваме на Господа, отколку да се надеваме на кнезовите.
10. Сите народи ме опколија, но со името Господово јас ги разбив;
11. ме опседнаа, ме обиколија, но со името Господово јас ги победив.
12. Ме опкружија како пчели околу сотка, па се запалија како оган во трње: со името Господово јас им се противставив.
13. Ме турнаа силно, за да паднам, но Господ ме прифати.
14. Господ е крепост моја и песна; Он стана мое спасение.
15. Глас на радост и на спасение се слуша во домовите на праведните; десницата на Господа дава сила!
16. Десницата Господова ме возвишува, десницата Господова дава сила.
17. Нема да умрам, но ќе живеам и ќе ги разгласувам делата Господови.
18. Господ строго ме казни, но на смрт не ме предаде.
19. Отворете ми ја вратата на правдата: ќе влезам во неа, ќе го прославувам Господа.
20. Ете, тоа е вратата Господова, праведните влегуваат низ неа;
21. ќе Те славам, зашто ме услиши и стана спасение мое.
22. Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот.
23. тоа е од Господа, и е прекрасно во очите наши.
24. Овој ден е што го создаде Господ за да се зарадуваме и да се развеселиме во него.
25. О, Господи, спаси! О, Господ, побрзај!
26. Нека е благословен оној, кој оди во името на Господа! Ве благословуваме од домот Господов.
27. Бог е Господ и ни се јави; образувајте празнична придружба до роговите на жртвеникот.
28. Бог мој си Ти и Тебе ќе те славам; Бог мој си Ти и Тебе ќе те превознесувам. Ќе те прославувам, зашто Ти ме услиши и стана мое спасение.
29. Славете го Господа, зашто Он е добар, зашто милоста му е вечна.

ПСАЛМ 118

Слава на законот Божји

1. Блажени се непорочните во патот нивни, зашто одат според законот Господов.
2. Блажени се оние кои ги пазат сведоштвата Негови и од си срце Го бараат.
3. Оние кои не вршат беззаконие, тие одат по Неговите патишта.
4. Ти заповеда да се пазат Твоите заповеди.
5. О, да се беа управиле моите патишта за да ги чувам Твоите заповеди!
6. Тогаш немаше да се засрамам, гледајќи ги сите Твоие заповеди.
7. Ќе Те славам Господи со чисто срце, кога ќе ги научам Твоите праведни судови.
8. Ќе ги пазам Твоите заповеди; не оставај ме сосема.
9. Како младичот ќе го запази во чистота патот свој? – Ако ги пази зборовите Твои.
10. Со сето срце мое Те побарав, не отстранувај ме од Твоите заповеди.
11. Ги сокрив во срцето свое заповедите Твои, за да не грешам пред Тебе.
12. Благословен си Ти, Господи! Научи ме на Твоите наредби.
13. Со устата своја ги разгласив сите судови од устата Твоја.
14. По патот на Твоите сведоштва се насладувам како во секое богатство.
15. Ќе размислам за Твоите заповеди и ќе го разберам патот Твој.
16. Од наредбите Твои ќе се поучувам, нема да ги заборавам Твоите зброви.
17. Покажи милост кон Твојот слуга, и ќе живеам и ќе ги пазам Твоите зборови.
18. Отвори ги очите мои, и ќе ги разберам чудесата од Твојот закон.
19. Придојден сум на земјава, не сокривај ги од мене Твоите заповеди.
20. И копнее душата моја во секое време да ги сака Твоите судови.
21. Им се закани на горделивите; проклети да се оние, кои се отклонуваат од Твоите заповеди.
22. Отстрани го од мене прекорот и презирот, зашто ги засакав Твоите сведоштва.
23. Кнезовите седат и ме клеветаат, а Твојот слуга размислува за Твоите наредби.
24. Сведоштвата, пак, Твои се поука моја, а наредбите Твои – советници.
25. Душата моја лежи во прав: оживи ме според зборот Твој.
26. Патиштата мои ги кажав, и Ти ме чу; научи ме на Твоите наредби.
27. Вразуми ме да го разберам патот на Твоите наредби и јас ќе размислувам за Твоите чудеса.
28. Душата моја засолзи од тага, зацврсти ме со зборовите Твои.
29. Отстрани го од мене патот на неправдата и помилуј ме со законот Твој.
30. Го избрав патот на вистината, и не ги заборавив Твоите судови.
31. Се приврзав за сведоштвата Твои, Господи: не ме посрамувај.
32. Ќе побрзам по патот на Твоите заповеди, кога ќе го рашириш срцето мое.
33. Покажи ми го, Господи, патот на Твоите наредби и ќе се придржувам за нив до крај.
34. Вразуми ме, и ќе се држам за законот Твој и ќе го пазам со сето срце свое.
35. Постави ме на патеката на Твоите заповеди, зашто многу ја засакав.
36. Приклони го срцето мое кон Твоите сведоштва, а не кон лакомства.
37. Сврти ги очите мои за да не гледам суета: оживи ме на Својот пат.
38. Во слугата Свој внеси збор Свој за да се бои од Тебе.
39. Отстрани го од мене прекорот, од кој се плашам, зашто Твоите судови се благи.
40. Ете, ги засакав Твоите заповеди: Оживи ме според Својата правда.
41. И нека милоста Твоја, Господи, пријде на мене, и спасение од Тебе според зборовите Твои, –
42. и јас ќе им одговорам на оние што ме навредуваат, зашто се надевам на зборовите Твои.
43. Не одземај го сосема од устата моја словото на вистината, зашто јас се надевам на Твоите судови.
44. И ќе го чувам Твојот закон засекогаш и во веки веков.
45. Ќе одам слободно, зашто ги барам Твоите заповеди.
46. И ќе зборувам за сведоштвата Твои пред царевите, и нема да се посрамам;
47. и ќе се поучувам на Твоите заповеди, кои многу ги засакав;
48. ќе ги протегнам рацете свои кон Твоите заповеди, кои ги возљубив, и ќе размислувам за Твоите наредби.
49. Внуши слово кон Твојот слуга, со кое си му дал надеж.
50. Таа ме утешува во неволјата моја, оти Твоето слово ме оживува.
51. Горделивите го престапија законот многу, но јас не се остртранив од Твоите закони.
52. Се сетив за Твоите вечни судови, Господи, и се утешував.
53. Тага ме обзема од грешниците што го напуштаат Твојот закон.
54. Наредбите Твои ми беа песна кога патувам во некое место.
55. Ноќе го споменувам името Твое, Господи, и го пазам законот Твој.
56. Он стана мој, зашто ги пазам Твоите заповеди.
57. Дел мој си Ти, Господи, – си реков – ќе го пазам законот Твој.
58. Му се помолив на лицето Твое од сè срце: помилуј ме, според словото Твое.
59. Размислувам за Твоите патишта и ги свртувам нозете мои кон Твоите сведоштва.
60. Се подготвив и не се збунив да ги запазам Твоите заповеди.
61. Замки од грешници ме опкружија, но јас не го заборавив Твојот закон.
62. На полноќ станував да те величам поради Твоите праведни судови.
63. Јас сум меѓу оние, што се бојат од Тебе и кои ги пазат Твоте наредби.
64. Со Твојата милост, Господи, земјата е полна; научи ме на Твоите наредби.
65. Добрини си му направил, Господи, на Твојот слуга според Твоето слово.
66. Научи ме на добро и на разумно, зашто верувам на Твоите наредби.
67. Пред моето страдање јас прегрешив; а сега го пазам Твојот збор.
68. Ти си добар, Господи, и поради добрината Твоја научи ме на Твоите наредби.
69. Се зголеми неправдата од гордите врз мене, но јас од сè срце ќе ги пазам Твоите заповеди.
70. Се засири срцето мое како млеко; но јас се утешувам со Твојот закон.
71. Добро ми е што ме смири, за да се научам на Твоите наредби.
72. Законот на Твојата уста за мене е подобар отколку илјадници злато и сребро.
73. Твоите раце ме создадоа и изградија: вразуми ме, и ќе се научам на Твоите заповеди.
74. Оние, кои се бојат од Тебе, кога ќе ме видат ќе се зарадуваат, затоа што се надевав на Твоите зборови.
75. Знам, Господи, дека Твоите судиви се праведни, и според справедливоста Твоја Ти ме казни.
76. Па нека ми биде милоста Твоја утеха, според Твоето слово кон Твојот слуга.
77. Нека пријде на мене Твојата штедрост, и јас ќе живеам, зашто законот Твој е утеха моја.
78. Нека се посрамат горделивите, зашто неправедно и без вина ме обвинуваат.
79. Нека се обрнат кон мене, они што се плашат од Тебе и кои ги знаат Твоите сведоштва.
80. Нека биде срцето мое непорочно во Твоите наредби, та да не се посрамам.
81. Копнее душата моја за Твоето спасение; јас се надевав на Твоите зборови.
82. Очите мои попуштија од желба за Твоето слово велејќи: кога ќе ме утешиш?
83. Зашто станав како мев на мраз, но Твоите наредби не ги заборавив.
84. Колку се дните на Твојот слуга? Кога ќе извршиш суд над моите гонители?
85. Законопрестапниците се подигруваат со мене спротивно на Твојот закон.
86. Сите Твои заповеди се вистина. Неправедно ме гонат: помогни ми!
87. За малку ќе ме убиеја на земјата, но јас не ги оставив Твоите заповеди.
88. Споерд Твојата милост оживи ме, и јас ќе ги пазам сведоштвата од Твојата уста.
89. Твоето слово, Господи, е засекогаш утврдено на небото;
90. Твојата вистина е од род во род. Ти си ја поставил земјата, и таа стои.
91. Според Твоја волја постои денот. Сè што постои, Тебе ти служи.
92. Да не беше Твојот закон утеха за мене, јас ќе загинев во неволјата своја.
93. Никогаш нема да ги заборавам Твоите наредби, зашто преку нив ме оживуваш.
94. Твој сум јас, спаси ме, зашто ги барав Твоите наредби.
95. Грешниците настојуваа да ме убијат, но јас ги разбрав сведоштвата Твои.
96. Го видов крајот на секое совршенство, но Твоите заповеди се безгранични.
97. Колку го засакав, Господи, Твојот закон; секој ден се поучувам од него.
98. Со Својата заповед Ти ме направи помудар од непријателите мои, зашто таа е секогаш со мене.
99. Станав поразумен од сите учители мои, зашто сведоштвата Твои се моја поука.
100. Поумен станав од старците, зашто ги сакам Твоите заповеди.
101. Ги задржувам нозете свои од секаков лош пат, за да го пазам словото Твое.
102. Од твоите судови нема да се откажам, зашто Ти ме учиш.
103. Колку се слатки за грлото мое зборовите Твои, послатки се од мед во устата моја.
104. Преку твоите заповеди станав разумен; затоа го замразив секој пат на неправда.
105. Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја.
106. Се заколнав и реков да ги пазам Твоите праведни судови, и ќе ги исполнувам.
107. Многу сум нажален, оживи ме, Господи, поради Твоето слово.
108. Затоа, благослови, Господи, да примиш доброволна жртва од мојата уста, и научи ме на Твоите судови.
109. Душата ми е постјано во Твојата рака, но Твојот закон не го заборавив.
110. Грешниците ми поставија замка, но јас не се отстранив од Твоите заповеди.
111. Твоите сведоштва ги примив како вечно наследство, зашто тие се голема радост за срцето мое.
112. Го натерав срцето свое да ги извршува наредбите Твои како вечно оправдание.
113. Престапниците на законот ги замразив, но Твојот закон го сакам.
114. Ти си мој помошник и мој заштитник: на Твојата слава се надевам.
115. Иставете се од мене беззаконици, за да ги испитам заповедите на мојот Бог.
116. Застапи се според Твоето слово, и јас ќе живеам; не посрамувај ме во надежта моја;
117. помогни ми, и ќе се спасам: и во Твоите наредби постојано ќе се учам.
118. Ти ги презираш оние, кои отстапуваат од Твоите наредби, зашто нивните мисли се неправедни.
119. Сите грешници земни ги сметам како престапници, затоа засекогаш ги засакав Твоите сведоштва.
120. Од страв пред Тебе трепери телото мое, и од Твоите судови се плашам.
121. Јас вршев суд и правда; не предавај ме на оние што ми чинат неправда.
122. Прими го Твојот слуга за негово добро, та да не ме клеветат горделивите.
123. Очите ми копнеат, очекујќи го спасението од Тебе, и словото на Твојата правда.
124. Постапи со Твојот слуга според милоста Своја и научи ме на Твоите наредби.
125. Слуга Твој сум јас: вразуми ме и ќе ги познаам сведоштвата Твои.
126. Време е, Господи, да се дејствува: Твојот закон го разурнаа.
127. Затоа ги засакав заповедите Твои и од топаз и од злато повеќе.
128. Затоа се управував според сите Твои заповеди и патот на неправдата го замразив.
129. Прекрасни се Твоите сведоштва: затоа душата моја ги испитуваше.
130. Објавувањето на Твоите зборови ги просветува и вразумува младите.
131. Ја отвори устата моја и воздивнав, зашто жеден сум за Твоите заповеди.
132. Погледај кон мене и помилуј ме, како што се постапува со оние, кои го сакаат Твоето име.
133. Утврди ги стапките мои според Твоето слово и не допушти со мене да овладее никакво беззаконие.
134. Избави ме од човечко клеветење и ќе ги пазам Твоите заповеди,
135. озари го Твојот слуга со светлината на лицето Твое, и научи ме на Твоите заповеди.
136. Од очите мои потоци извори солзи, зашто не го запазив Твојот закон.
137. Праведен си Ти, Господи, и праведни се Твоите пресуди.
138. Твоите сведоштва, што си ги дал, се засновани на правда и вечна вистина.
139. Ревноста моја ме јаде, зашто непријателите мои ги заборавија Твоите слова.
140. Твоето слово е многу чисто, и Твојот слуга го сака.
141. Мал сум и презрен, но Твоите наредби не ги заборавив.
142. Твојата правда е вечна правда, и Твојот закон е вистина.
143. Скрб и мака ме обзедоа; Твоите заповеди се моја поука.
144. Правдата на Твоите сведоштва е вечна; вразуми ме, и ќе живеам.
145. Те призивам со сето срце мое, услиши ме, Господи, – и ќе ги пазам наредбите Твои.
146. Тебе Те повикувам: спаси ме, па ќе ги пазам Твоите слова.
147. Ја испреварувам зората и викам: на Твоето слово се надевам.
148. Очите мои се отворија пред утринската стража, за да се поучам на Твоите слова.
149. Чуј го мојот глас, според милоста Своја, Господи; според Твојот суд оживи ме.
150. Се приближија оние, што сакаат беззаконие; од законот Твој тие се оддалечија.
151. Близок си Ти, Господи, и сите Твои заповеди се вистина.
152. Одамна знам за твоите сведоштва, кои си ги утврдил засекогаш.
153. Погледај на мојата потиштеност и избави ме, зашто не го заборавив Твојот закон.
154. Пресуди според мојата правда и заштити ме; заради словото Твое оживи ме.
155. Далеку е спасението од грешниците, зашто тие не ги побараа Твоите наредби.
156. Голема е Твојата милост, Господи, според Твојот суд оживи ме.
157. Многумина ме гонеа и мачеа, но од Твоите сведоштва јас не отстапив.
158. Видов неразумни и тешко ми беше, зашто словата Твои не ги запазија.
159. Гледаш како ги засакав заповедите Твои, оживи ме, Господи, поради Твојата милост.
160. Вистината е основа на Твоите слова; и вечен е секој суд на Твојата праведност.
161. Кнезовите ме гонеа без вина, но срцето мое се уплаши само од Твоите зборови.
162. Се радувам на Твоето слово, како оној кој нашол големо благо.
163. Ја замразив неправдата и се гнасам од неа; а Твојот закон го засакав.
164. Седумпати на ден Те прославувам за судовите на Твојата правда.
165. Голем е мирот кај оние, кои го сакаат Твојот закон, и за нив нема соблазна.
166. Го чекав спасението од Тебе, Господи, и Твоите заповеди ги засакав.
167. Душата моја ги пази Твоите сведоштва, и јас многу ги засакав.
168. Ги пазам Твоите заповеди и Твоите сведоштва, зашто сите мои патишта се пред Тебе, Господи.
169. Нека се приближи пред Тебе молбата моја, Господи; вразуми ме според Твоите зборови.
170. Нека барањето мое дојде пред Тебе; избави ме според Твоето слово.
171. Од устата моја нека се произнесе похвала, кога ќе ме научиш на Твоите наредби.
172. Јазикот мој нека ги разгласи Твоите зборови, зашто сите Твои заповеди се праведни.
173. Нека ми биде Твојата рака на спасение, зашто Твоите заповеди ги избрав.
174. Копнеев, Господи, за спасение од Тебе и Твојот закон е мојата поука.
175. Ќе живее душата моја и ќе Те слави; и Твоите судови нека ми помогнат.
176. Се заблудив како загубена овца: побарај го Твојот слуга, зашто не ги заборавив Твоите заповеди.

ПСАЛМ 119

Молитва против озборување

1. Кон Господа повикав во маката своја, и Он ме услиши.
2. Господи, избави ја душата моја од неправедна уста и од јазик лукав.
3. Што ќе Ти даде Тебе и што ќе Ти придаде лукавиот јазик?
4. Изострени стрели на силник, разгорени со пустински јаглен.
5. Тешко мене, бидејќи привремениот престој ми се продолжи, се вселив во шаторите кидарски.
6. Долго живееше душата моја со оние што го мразат мирот.
7. Јас бев мирољубив: но кога им зборував, тие војуваа против мене без причина.

ПСАЛМ 120

Господ е верен чувар

1. Ги кренав очите кон горите; од каде помош ќе ми пристигне?
2. Мојата помош е од Господа, Кој ги создаде небото и земјата.
3. Он нема да дозволи да се помести ногата твоја; нема да задреме Оној, Кој те пази;
4. не дреме и не спие Оној, Кој го пази Израилот.
5. Господ е Твој чувар; Господ е твоја закрила од кај твојата десна рака.
6. Сонцето дење нема да те гори, ниту месечината ноќе ќе ти штети.
7. Гопсод ќе те запази од секакво зло и ќе ја чува душата твоја.
8. Господ ќе го пази излегувањето твое и влегувањето твое отсега и довека.

ПСАЛМ 121

Во слава на Ерусалим

1. Се зарадував кога ми рекоа: „Ќе одиме во домот Господов.”
2. Ете, нозете наши стоеја во твоите дворови, Ерусалиме, –
3. Ерусалим, кој е изграден како град, излиен во една целина,
4. Таму се искачуваа племињата, Господовите племиња, сведоштвото Израилево, за да се исповеда името Господово.
5. Зашто таму се поставија престолите судиски, престолите на домот Давидов.
6. Барајте мир за Ерусалим и нека им биде добро на оние, кои те сакаат!
7. Нека има мир околу ѕидовите твои и изобилие во кулите твои.
8. Поради браќата мои и блиските мои зборував за мир во тебе!
9. Заради домот на Господа, нашиот Бог, ти пожелувам добро.

ПСАЛМ 122

Надежта во Бога спасува

1. Ги кревам очите мои кон Тебе, Кој живееш на небесата.
2. Ете, како што се очите на слугите свртени кон рацете на господарите нивни, како очите на слугинката – кон раката на господарката нејзина, така и нашите очи гледаат кон Господа, нашиот Бог, сè додека не се смилува.
3. Смилуј се на нас, Господи, смилуј се, зашто многу сме понизени со презир;
4. зашто се преполни душата наша од навреди на силните и од понижување на горделивите.

ПСАЛМ 123

Бог е спасител на Својот народ

1. Да не беше Господ со нас, – нека каже Израилот, –
2. да не беше Господ со нас, кога луѓето се кренаа против нас, –
3. живи ќе нè проголтаа, кога пламна нивната јарост против нас;
4. вода ќе нè потопеше, поток ќе го однесеше животот наш;
5. бурна вода ќе ја однесеше нашата душа.
6. Нека е благословен Господ, Кој не нè прададе во плен на нивните заби.
7. Душата наша се избави како птица од примка на ловци: примката се скина, а ние се избавивме.
8. Помошта наша е во името на Господа, Кој ги создаде небото и земјата.

124. Господ го заштитува Својот народ

1. Кои се надеваат во Господа, тие се како гората Сион; кој живее во Ерусалим, нема да се поколеба, ќе живее вечно.
2. Околу Ерусалим има гори, а Господ е околу својот народ отсега и засекогаш.
3. Зашто Господ нема да го остави жезлото на грешниците врз земјата на праведните, за да не ги посегаат праведниците рацете свои кон беззаконие.
4. Гопсоди, направи им добро на добрите и на оние со чисто срце.
5. А оние што свртуваат кон крив пат, нив Господ ќе ги одведе со оние што вршат беззаконие. Мир на Израилот!

ПСАЛМ 125

Благодарност на Бога поради избавување

1. Кога Господ ги врати сионските заробеници, ние бевме како утешени;
2. тогаш устата ни се исполни со радост, и јазикот наш – со весела песна; тогаш меѓу незнабожците се говореше: „Големи дела изврши Господ над нив!”
3. Големи дела изврши Господ на нас: ние се развеселивме.
4. Врати ги, Господи нашите заробеници како потоците на Негев.
5. Оние што сеат со солзи, ќе жнеат со голема радост.
6. Одеа и плачеа оние што носеа свое семе; но со радост ќе се вратат, носејќи ги своите снопја.

ПСАЛМ 126

Сите усилби попусти се без Бога

1. Ако Господ не ја изѕида куќата, залудо ќе се трудат градителите нејзини; ако Господ не го запази градот, залудо ќе бдее стражата.
2. Залудно вие станувате рано, доцна легнувате вие што го јадете лебот уморни; на оние кои Он ги сака ним им дава сон.
3. Ете, наследството Господово се синовите, дар од Него е породот.
4. Она што се стрелите во раката на силниот, тоа се младите синови.
5. Блажен е оној човек, кому му е исполнет тегарчикот со нив! Тие нема да се засрамат, кога ќе зборуваат со непријателите свои пред портите.

ПСАЛМ 127

Благослов и блаженство за праведните 

1. Блажени се оние, кои се бојат од Господа, кои одат по Неговите патишта!
2. Ти ќе јадеш од плодовите на рацете свои: блазе тебе и добро ќе живееш.
3. Жената во домот твој ќе биде како лоза плодовита, синовите твои – како новонасадени маслини околу трпезата твоја.
4. Ете, така ќе биде благословен оној човек кој се бои од Господа.
5. Господ ќе ги благослови од Сион; и ти ќе ги гледаш добрата ерусалимски во сите дни на твојот живот;
6. и ќе ги видиш синовите на синовите твои. Мир нека е на Израилот!

ПСАЛМ 128

Молитва за помош против непријателите на Сион

1. Многумина се бореа против мене уште од младоста моја – нека каже Израилот;
2. многупати војуваа против мене од младоста моја, но не ме совладаа.
3. На плешките мои грешниците дејствуваа, продолжувајќи со своето беззаконие.
4. Но Господ праведен ги расече јажињата на грешниците.
5. Нека се засрамат и нека свртат назад сите, кои го мразат Сион!
6. Нека бидат како тревата на покрив, која се исушува пред да биде истргната,
7. со која жетварот нема да ја исполни раката своја, ни прегратката своја оној што ја врзува во снопови.
8. А минувачите не рекоа: „Благословение Господово на вас; ве благословуваме во името на Господа!”

ПСАЛМ 129

Молитва за простување на гревови

1. Од дното на душата повикав кон Тебе, Господи.
2. Господи, чуј го гласот мој. Ушите Твои нека го чујат гласот на молењето мое, –
3. Господи, ако гледаш на беззаконијата, – тогаш кој ќе се одржи, Господи?
4. Но во Тебе има простување.
5. Заради името Твое, Господи, чекав долго на Тебе, чекаше душата моја на Твојот збор;
6. душата моја се надеваше на Господа: Од утрената стража па до ноќта, од утрената стража нека се надева Израилот на Господа.
7. Зашто милоста е во Господа и голем е откупот во Него.
8. И Он ќе го избави Израилот од сите негови беззаконија.

ПСАЛМ 130

Смерност на срцето

1. Господи, срцето мое не се вознесуваше, ниту очите мои се креваа високо; не копнеев по големи работи ниту по она што е над моите сили.
2. Но се смирував во мислите свои и ја воздигав душата моја како дете кон мајката своја; така возврати ѝ на душата моја.
3. Нека се надева Израилот на Господа отсега и довека.

131

Молитва за Давидовиот дом

1. Сети се, Господи, на Давида и на сета негова смиреност,
2. како што се заколна пред Господа, и Му вети на Јакововиот Бог:
3. „Нема да влезам под шаторот на домот свој, и нема да легнам на леглото мое;
4. нема да им дадам сон на очите мои, ни дремка на веѓите мои, ниту одмор на слепоочниците мои,
5. додека не најдам место за Господа, дом за Јакововиот Бог.”
6. Ете, ние чувме дека е во Ефрат, го најдовме во дубравите;
7. да влеземе во неговиот дом, да се поклониме пред местата каде што стојат нозете негови.
8. Стани, Господи, дојди во местото каде што е Твојата почивка, Ти и светиот ковчег Твој.
9. Твоите свештеници нека се облечат во правда; Твоите светии нека се зарадуваат.
10. Поради Давида, Твојот слуга, не одвраќај го лицето Свое од Твојот помазаник.
11. Му се заколна Господ на Давида во вистината, и од неа нема да се откаже: „Од плодот на твојата утроба ќе поставам на престолот твој.
12. Ако твоите синови го пазат Мојот завет и моите сведоштва, на кои ќе ги научам, тогаш и синовите нивни ќе седат на твојот престол.”
13. Затоа Господ го избра Сион, Му омиле да живее во него.
14. „Тоа е моето одмориште засекогаш: тука ќе се населам, бидејќи многу го засакав.
15. Ќе го благословувам и преблагословувам трудот негов сиромасите негови со леб ќе ги наситувам;
16. свештениците негови ќе ги облечам во спасение, и светиите негови радосно ќе воскликнуваат.
17. Таму ќе кренам рог за Давида, му подготвив светилник на Мојот помазаник.
18. Непријателите негови ќе ги облечам во срам, а на него ќе процути светоста Моја.”

ПСАЛМ 132

Благословена е братската љубов

1. Колку е убави и колку е мило кога браќата живеат заедно!
2. Тоа е како миро врз главата што се лее по брадата, брадата Аронова, што се лее по полите од одеждата негова;
3. како роса ермонска, која паѓа на горите Сионски, зашто Господ дал благослов и живот вечен.

ПСАЛМ 133

Благодарност при ноќно бдеење во домот Господов

1. Благословувајте Го сега Господа, сите слуги Господови, што стоите ноќе во домот Господов, во дворовите од домот на нашиот Бог.
2. Кренете ги рацете ваши ноќе кон светилиштето и благословувајте Го Господа!
3. Нека те благослови Господ од Сион, Создателот на небото и земјата.

ПСАЛМ 134

Похвална песна на Господ

1. Фалете го името Господово, фалете го, слуги Господови,
2. вие кои стоите во домот Господов, во дворовите од домот на нашиот Бог.
3. Фалете Го Господа, зашто Господ е добар; пејте му на името Негово, зашто тоа е мило;
4. зашто Господ го избра Јакова, Израилот, за свое наследство.
5. Бидејќи познав, дека Господ е велик, и дека нашиот Господ е над сите богови:
6. си што посака Господ, создаде на небото и на земјата, во морињата и во сите бездни.
7. доведувајќи облаци од краиштата на земјата, молњи при дожд создаде, Он, Кој ги изведува ветровите од скровиштата нивни,
8. Оној, Кој ги порази првородените во Египет од човек до добиток,
9. покажа знаци и чудеса среде тебе, Египте, на Фараонот и врз сите слуги негови,
10. порази многу народи и истреби силни цареви:
11. Сион, царот аморејски, и Ог, царот васански, и сите цареви ханански;
12. и му ја даде нивната земја во наследство на Својот народ, Израилот.
13. Господи, името Твое е вечно; Господи, споменот за Тебе е од род во род.
14. Зашто Господ ќе му суди на Својот народ и ќе биде милостив над слугите Свои.
15. Идолите на незнабожците се сребро и злато, дело на раце човечки;
16. имаат уста, но не говорат; имаат очи, но не гледаат;
17. имаат уши, но не слушаат, ниту, пак, во устата нивна има здив.
18. Слични на нив нека бидат и оние, кои ги прават, и секој кој на нив се надева.
19. Доме Израилев, благословувај Го Господа. Доме Аронов, благословувај Го Господа!
20. Доме Левиев, благословувај Го Господа! И вие, кои се боите од Господа, благословувајте Го Господа!
21. Нека е благословен Господ од Сион, Кој живее во Ерусалим!

ПСАЛМ 135

Благодарност на Бога за Неговата непрестајна милост

1. Славете Го Господа, зашто е добар, зашто е вечна милоста Негова.
2. Славете Го Бога на боговите, зашто е вечна милоста Негова.
3. Славете Го Господа над господарите, зашто е вечна милоста Негова,
4. Единиот Кој прави големи чудеса, зашто е вечна милоста Негова;
5. Кој премудро го создаде небото, зашто е вечна милоста Негова;
6. Кој ја утврди земјата врз водите, зашто е вечна милоста Негова;
7. Единиот Кој ги создаде големите светила, зашто е вечна милоста негова;
8. сонцето – да управува со денот, зашто е вечна милоста Негова;
9. месечината и ѕвездите – да управуваат со ноќта, зашто е вечна милоста Негова.
10. Кој го порази Египет и провородените негови, зашто е вечна милоста Негова;
11. Кој го изведе Израилот од средината нивна, зашто е вечна милоста Негова;
12. со цврста рака и подигната мишка, зашто е вечна милоста Негова;
13. Кој го раздвои Црвеното Море, зашто е вечна милоста Негова;
14. и го преведе Израилот среде него, зашто е вечна милоста Негова;
15. а Фараонот и војската негова ги фрли во Црвеното Море, зашто е вечна милоста Негова.
16. Кој го преведе својот народ преку пустињата, зашто е вечна милоста Негова; Кој пушти вода од шилчеста крапа, зашто е вечна милоста Негова;
17. Кој ги порази големите цареви, зашто е вечна милоста Негова;
18. и ги погуби силните цаерви, зашто е вечна милоста Негова;
19. Сион, царот аморејски, зашто е вечна милоста Негова;
20. и Ог, царот васански, зашто е вечна милоста Негова;
21. и му ја даде земјата во наследство, зашто е вечна милоста Негова.
22. во наследство на Својот слуга, Израилот, зашто е вечна милоста Негова;
23. Кој се сеќава на нас во нашата смиреност, зашто е вечна милоста Негова;
24. и нè избавува од непријателите наши, зашто е вечна милоста Негова;
25. и Кој дава храна на секое тело, зашто е вечна милоста Негова.
26. Славете Го небесниот Бог, зашто е вечна милоста Негова. Хвалете Го Господарот на господарите, зашто е вечна милоста Негова.

ПСАЛМ 136

Тагување на заробените во Вавилон

1. Крај реките вавилонски – таму седевме и плачевме, кога ќе се сетевме на Сион;
2. на врбите, среде Вавилон, ги закачивме нашите харфи.
3. Зашто таму, оние што нè заробија и кои нè одведоа, побараа од нас радосна песна, велејќи ни: „Пејте ни од песните сионски!”
4. Како да зепееме Господова песна на туѓа земја?
5. Ако Те заборавам тебе, Ерусалиме, – нека ме заборави мојата десница,
6. нека се залепи јазикот мој за непцето мое, ако не те помнам, ако не го поставам Ерусалим над секоја моја радост.
7. Сети се, Господи, на синовите Едомови, во денот на Ерусалим, кога тие говореа:„Разрушете, разрушете го до темелите негови!”
8. Ќерко вавилонска, опустошителко, блажен е оној, што ќе ти врати за делото што ни го направи!
9. Блажен е оној што ќе ги заграби и ќе ги разбие од камен децата твои.

ПСАЛМ 137

Благодарност поради помош Божја                       

1. Ќе Те славам Тебе, Господи, со сето срце свои и ќе Ти пеам пред ангелите Твои, затоа што ги услиша сите зборови на устата моја.
2. Се поклонувам пред светиот Твој храм и го славам името Твое за милоста Твоја и за вистината Твоја, зашто го возвеличи името Свое свето над сè.
3. Во оној ден кога ќе Те призивам, услиши ме брзо, внеси бодрост во душата моја.
4. Ќе Те прославуваат, Господи, сите земни цареви, штом ќе ги чујат зборовите од Твојата уста,
5. и ќе воспеваат за патиштата Господови, зашто е голема славата Господова.
6. Зашто возвишен е Господ: и смирениот го гледа, а горделивиот оддалеку го познава.
7. Кога ќе се најдам во тага – Ти живот ми даваш, ја пружаш раката врз јароста на моите непријатели и Твојата десница ме спасува.
8. Господ ќе направи што е добро за мене! Твојата милост, Господи, е вечна; делата на рацете Свои не презирај ги!

ПСАЛМ 138

Бог сè знае и сè гледа

1. Господи, Ти си ме испитал и ме знаеш.
2. Ти знаеш кога седнувам и кога станувам; Ти оддалку ги разбираш мислите мои.
3. Патеката моја и јажето мое – Ти си ги испитал; сите патишта мои си ги предвидел.
4. Уште зборови не ми дошле до јазикот мој, Ти, Господи, веќе ги знаеш:
5. Сè што ми било и сè што ќе биде. Зашто Ти си ме создал и си ја положил раката Своја врз мене.
6. Се восхитувам на Твоето знаење, – тоа е превисоко, не можам да му пријдам!
7. каде да одам од Твојот дух, и од лицето Твое каде да побегнам?
8. Ако излезам на небото – Ти си таму; ќе слезам ли во пеколот, Ти си и тука.
9. Ако ги земам крилјата рано в зори и се преселам на крајот од морето, –
10. и таму ќе ме води Твојата рака, Твојата десница ќе ме држи.
11. Па си реков: можеби темнина ќе ме покрие, но и ноќта е како светлина околу мене;
12. но и темнината нема да биде темнина за Тебе; и ноќта за Тебе е светла како ден и темнината како светлина.
13. Зашто Ти си ја создал мојата внатрешниот и ме прифати од мајчината ми утроба.
14. Те прославувам затоа што сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го сознава.
15. Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, што си ја создал тајно, и природата моја во длабините на земјата.
16. Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сè е запишано за мене, дури и деновите мои се забележани кога уште не постоеше ниеден.
17. Твоите пријатели во голема се чест, Боже, и нивните владенија добро се зацврстени.
18. Ќе ги пребројам – но тие се побројни и од песокта; се разбудив и сè уште сум со Тебе.
19. Кога би сакал да ги убиеш, Боже, грешниците; иставете се од мене, крвопијци!
20. Ревниви се во помислите свои, суетно се креваат Твоите непријатели.
21. Зар не ги замразив оние. Господи, кои Тебе те мразат, и зар не се изедов поради непријателите Твои?
22. Со полна омраза ги замразив; тие ми станаа непријатели.
23. Испитај ме, Боже, и познај го срцето мое; испитај ме и запознај ги патеките мои;
24. и види дали сум на пат на беззаконија, и упати ме на вечен пат.

ПСАЛМ 139

Молитва на верна душа

1. Спаси ме, Господи, од лукав човек и избави ме од неправеден човек;
2. тие смислија зло врз срцето свое, секој ден се подготвуваат за борба;
3. ги изострија јазиците свои како змија; под устите им е аспидин отров.
4. Запази, ме, Господи, од рацете на грешник. Избави ме од луѓе неправедни, кои смислија да ми подметнат нога.
5. Горделивите тајно поставија стапица, и распнаа примки од јажиња за мене; на патот ми поставија соблазна.
6. Јас Му реков на Господа: Ти си Бог мој: услиши го, Господи, гласот на моето молење.
7. Господи, Господи, сило на моето спасение! Ти, Кој во денот на битката ја засолни главата моја,
8. не предавај ме, Господи, на грешникот против мојата желба; не давај да постигнат, што намислија за да не се возгордеат.
9. Главата своја да не ја подигнат оние што ме опколија, нека падне врз нив злобата на нивната сопствена уста.
10. Нека паднат врз нив жарени јаглења; да бидат фрлени во оган, па од маките да не станат.
11. Човек иноверец нема да се одрже на земјава; злото ќе го одвлече неправедниот човек во погибел.
12. Разбрав дека Господ ќе покаже правда за угнетените и милост за сиромасите.
13. Да, праведниците ќе ги исповедаат името Твое, и непорочните ќе се населат пред лицето Твое.

ПСАЛМ 140

Молитва Бог да нè пази

1. Господи, кон Тебе повикав: услиши ме, чуј го гласот на молењето мое, кога повикувам кон Тебе!
2. Нека се исправи пред Тебе молитвата моја како темјан, а воздигањето на рацете мои – како жртва вечерна.
3. Постави, Господи, стража пред устата моја и врата на усните мои;
4. не давај да застрани срцето мое кон зборовите лукави, да врши грешни дела заедно со луѓето, кои вршат беззаконија; јас нема да се здружам со нивните избраници.
5. Преведникот нека ме казнува – тоа е милост; нека ме изобличува, не не давај елеј на грешник да ја помаже главата моја; зашто и молитвата моја се противи на нивната злоба.
6. Судиите нивни, кога ќе се распрснат по стрмни камења, ќе се чујат зборовите мои, зашто се пријатни.
7. Како кога грутка земја ќе падне се растура, така се растурија коските наши во пеколот.
8. Но кон Тебе, Господи, Господи, се управени очите мои; на Тебе се надевам, не одземај ја душата моја!
9. Запази ме од стапиците што ми ги поставија, и од соблазната на оние што вршат беззаконија.
10. Грешиците нека паднат во своите мрежи, само јас ќе поминам.

ПСАЛМ 141

Молитва Давидова во пештера

1. Со гласот свој повикав кон Господа, со гласот свој Му се помолив на Господа.
2. Ќе го излијам пред Него молењето мое: маката моја пред Него ќе ја кажам.
3. Кога изнемоштуваше духот мој, Ти ја знаеше мојата патека, на патот, по кој одев, тие скришно примки ми поставија.
4. Се обѕирав надесно и гледав, а таму никој кој ме познаваше: немаше каде да избегам; никој не се грижеше за душата моја.
5. Повикав кон тебе, Господи, и реков: „Ти си мојата надеж и мој дел во земјата на живите.
6. Прими ја молитвата моја, зашто се понизив многу; избави ме од моите гонители, оти тие се посилни од мене.
7. Изведи ја од темнина душата моја, за да го прославувам името Твое. Мене ќе ме чекаат праведните, додека не ме повратиш.”

ПСАЛМ 142

Смирена молитва на страдалник

1. Господи, услиши ја молитвата моја, чуј го молењето мое поради Твојата вистина; услиши ме поради Твојата правда
2. и не стапувај во суд со Твојот слуга, зашто пред Тебе нема да се оправда ниту еден од живите.
3. Непријателот ја прогонува душата моја, го понизил животот мој дури до земјата, ме остави во темнина како оние кои се одамна умрени;
4. опадна духот мој во мене, се вознемири во мене срцето мое.
5. Се сетив на дамнешните дни и размислував за сите Твои дела, расудував за делата на Твоите раце.
6. Ги протегнав кон Тебе рацете мои, душата моја е жедна за Тебе како сува земја.
7. Улиши ме, поскоро, Господи: духот мој малакса; не одвраќај го лицето Свое од мене, за да не заприлегам на оние, што слегуваат во гроб.
8. Соопшти ми ја утрената милост Твоја, зашто на Тебе се надевам, Господи. Покажи ми го, Господи, патот по кој да одам, зашто кон Тебе ја вознесувам душата своја.
9. Избави ме, Господи, од моите непријатели, зашто при Тебе прибегнав.
10. Научи ме да ја исполнувам волјата Твоја, зашто Ти си мојот Бог. Твојот благ дух нека ме води по прав пат.
11. Заради Твоето име, Господи, ќе ме оживиш; поради Твојата правда – ќе ја избавиш од неволја душата моја.
12. Според милоста Твоја истреби ги непријателите мои и погуби ги сите, кои ја измачуваат душата моја, зашто јас сум слуга Твој.

ПСАЛМ 143

Молитва за помош во борба и победа

1. Нека е благословен Господ, Бог мој, Кој ги учи рацете мои за борба и прстите мои за војна.
2. Он е милост моја и прибежиште мое, мој застапник и избавител мој – и јас на Него се надевам. Он ми го потчинува мојот народ мене.
3. Господи, што е човекот, па внимаваш на него, или син човечки – та да се сеќаваш на него.
4. Човекот е како здив; дните негови одминуваат како сенка.
5. Господи, приклони ги небесата Свои и слези; допри се до горите, и тие ќе се здимат;
6. болсни со молњи и ќе ги растераш, пушти ги стрелите Свои и ќе ги збуниш;
7. подај ја раката Твоја од височини, изведи ме и избави ме од многуте води, од рацете на туѓински синови,
8. чии усти кажуваат суета и чија десница е десница на неправдата.
9. Боже, нова песна ќе Ти испеам, ќе Ти свирам на харфа со десет жици.
10. Ти им даруваш спасение на царевите, Ти го избави Твојот слуга Давида од остар меч.
11. Избави ме и отми ме од рацете на туѓинските синови, чии усти лага говореа и чија десница е десница на неправдата.
12. синовите наши се како нови насади во младоста своја, нашите ќерки се накитени и украсени како столбови во храмот.
13. Полни се житниците наши, во изобилите со секаква храна; се плодат овците наши по пасиштата свои.
14. И воловите ни се угоени, па нема паѓање не оградите, ни премин, ниту офкање по улиците наши.
15. Блажен е оној народ, велат луѓето, кој го има тоа! Блажен е оној народ, на кого Господ му е Бог!

ПСАЛМ 144

Прославување на небесниот Цар

1. Ќе Те превознесувам, Боже мој, Цару мој, и ќе го благословувам името Твое сега, секогаш и во сите векови.
2. Секој ден ќе Те благословувам и ќе го фалам името Твое сега, секогаш и во сите векови.
3. Велик е Господ и достоен за голема похвала и величието Негово нема крај.
4. Од род во род ќе се фалат делата Твои и за силата Твоја ќе се прикажува.
5. За велелепната слава на Твојата светост ќе зборуваат и за Твоите чудеса ќе известуваат.
6. Ќе говорат и за силата на Твоите страшни дела, и ќе прикажуваат и за Твоето величие.
7. Ќе ги помнат многуте добрини Твои, и ќе се радуваат на Твојата правда.
8. Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив.
9. Добар е Господ спрема сите, и Неговите штедрости се во сите Негови дела.
10. Нека Те прославуваат, Господи, сите Твои дела, и нека Те благословуваат светиите Твои,
11. и нека ја проповедаат славата на Твоето царство, а да прикажуваат и за силата Твоја.
12. За да им се кажува на синовите човечки, за Твојата сила и за велелепната слава на Твоето царство.
13. Твоето царство е царство на сите векови, а владеењето Твое над сите поколенија; верен е Господ во сите Свои зборови и свет во сите Свои дела.
14. Господ ги придржува сите што паѓаат и ги подига наведнатите.
15. Очите на сите се управени кон Тебе, и Ти им ја даваш нивната храна навреме;
16. Ти ја отвори ракта Твоја и исполнуваш сè што е живо со сите негови потреби.
17. Праведен е Господ во сите Свои патишта и свет во сите Свои дела.
18. Близу е Господ до сите, кои Го признаваат, до сите, кои вистински Го призиваат.
19. Он им ја исполнува желбата на оние, кои се бојат од Него, ги услишува молитвите нивни, и ги спасува.
20. Господ ги пази сите кои Го сакаат, а сите грешници ќе ги истреби.
21. Устата моја ќе искаже похвала на Господа; секое тело нека го благословува името свето, сега, секогаш и во сите векови.

ПСАЛМ 145

Милоста на Бога е вечна

1. Фали Го, душо моја, Господа!
2. Ќе Го фалам Господа додека сум жив; ќе Му пеам на мојот Бог додека постојам.
3. Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение.
4. Излегува духот негов, и тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли.
5. Блажен е ониј, кому му е помошник Јакововиот Бог и чија надеж е во Господа, неговиот Бог,
6. Кој го создаде небото и земјата, морето и сè што е во нив, Кој вечно ја пази вистината,
7. Кој врши суд на навредени, им дава леб на гладни; Господ крши окови на затворени.
8. Господ им ги отвора очите на слепите, Господ ги исправа подгрбавените, Господ ги сака праведните.
9. Господ ги пази придојдените, ги поддржува сираците и вдовиците, а патот на грешниците го разурнува.
10. Господ ќе царува вечно; твојот Бог, Сионе, е од род в род.

ПСАЛМ 146

Прославување на духовните и телесните Божји дарови

1. Хвалете Го Господа, зашто е добро да Му се пее на нашиот Бог, зашто на Добриот Му прилега похвала.
2. Господ го гради Ерусалим и ќе ги собере расеаните синови на Израилот.
3. Он ги изцелува скрушените по срце и ги преврзува раните нивни.
4. Го определува бројот на ѕвездите и не сите им дава име.
5. Велик е Господ наш и голема е силата Негова, а мудроста Негова – неизмерлива е.
6. Господ ги прифаќа смирените, а грешниците ги понижува до земја.
7. Пејте Му секогаш славословија на Господа: на гусле пејте Му на Нашиот Бог,
8. Кој го покрива небото со облаци, подготвува дожд за земјата, прави да расте трева по горите и растенијата за полза на човекот,
9. на добитокот му ја дава храната негова и на малите врани кога гракаат.
10. На коњската сила не гледа Он, ниту Му е мила брзината на човечките нозе.
11. Господ ги почитува оние, кои се бојат од Него и кои се надеваат на Неговата милост.

ПСАЛМ 147

Целата вселена нека Го слави Господа

1. Пофали Го, Ерусалиме, Господа; пофали Го, Сионе, твојот Бог.
2. Он ги зацврсти резињата на вратите твои, ги благословува твоите синови во Тебе;
3. го утврдува мирот во Твоите предели, со јадра пченица те заситува;
4. го испраќа на земјата Својот благослов; Неговиот збор брзо оди;
5. дава снег како волна; сипува магла како пепел;
6. фрла град Свој како залаци; пред Неговиот мраз кој може да устои?
7. Ќе го испрати благословот, и сè се растопува; ќе дувне со ветрот Свој, и води потекуваат.
8. Он му го кажа благословот Свој на Јакова, Своите наредби и Своите судови на – Израилот.
9. на никот друг народ Он не му го направил тоа, и Своите судови ним не им ги јавил.

ПСАЛМ 148

Сион нека Го фали Господа

1. Фалете Го Господа на небесата, фалете Го, на висините.
2. Фалете Го, сите ангели Негови, фалете Го, сите војски Негови.
3. Фалете Го, сонце и месечино, фалете Го сите ѕвезди и светила.
4. Фалете Го, небеса на небесата и води над небесата.
5. Нека го фалат името на Господа, зашто Он ече и тие се јавија, заповеда – и се создадоа;
6. ги постави за секогаш и за вечни времиња; даде наредби кои нема да се нарушат.
7. Фалете Го Господа од земјата, вие, сите али и бездни;
8. огнот и градот, снегот и мразот, и ти, бурен ветру, кој го исполнуваш словото Негово;
9. гори и сите возвишенија, плодородни дрвја и сите кедри,
10. ѕверови и сиот добиток, влекачи и птици крилати,
11. цареви земни и сите народи, кнезови и сите земни судии,
12. момчиња и девојки, старци со децата –
13. сите нека го фалат името на Господа; зашто е само Неговото име возвишено; Него Го фалат на небото и на земјата.
14. Он ќе ја подигне силата на Својот народ; Он ги прославува сите Свои светии, синовите Израилеви, на народот, кој Му е близок.

ПСАЛМ 149

Сион нека Го фали Господа

1. Запејте Му на Господа нова песна; похвала за Него да се чуе во храмот на светиите.
2. Нека се весели Израилот на Својот Создател; а синовите на Сион, нека се радуваат на својот Цар.
3. Нека го фалат името Негово во оро, со тимпани и со гусли нека Го слават,
4. зашто Господ го сака Својот народ и ќе ги возвиши кротките, спасувајќи ги.
5. Ќе се развеселат светиите во слава, ќе се зарадуваат врз леглата свои.
6. Славословија за Бога ќе има во устите нивни и двоостер меч – во рацете нивни,
7. за да извршат одмазда над народите, за казна над племињата,
8. да ги врзат во верига царевите нивни и нивните властелини – со железни окови на рацете;
9. да го извршат над нив напишаниот суд. Тоа ќе биде славата за сите Негови светии.

ПСАЛМ 150

Сè што дише нека Го фали Господа

1. Фалете Го Бог во Неговата светиња, фалете Го во цврстината на силата Негова;
2. Фалете Го поради Неговите сили, фалете Го поради многуте величија Негови.
3. Фалете Го со трубен звук, фалете Го со псалтир и гусли;
4. Фалете Го со тимпани и во оро, фалете го на струни и со свирка;
5. фалете Го со милозвучни кимвали, фалете Го со кимвали громогласни!
6. Сè што дише – нека Го фали Господа! Алилуја.

ПСАЛМ 151

За борбата на Давида со Голијата

1. Бев најмал од браќата свои и најмлад во домот на таткото мој; ги пасев овците на татко ми.
2. Рацете мои направија цитра, прстите мои го нагласуваа псалтирот.
3. И кој да го известил мојот Господ? Но самиот Господ, Самиот Он ме чу.
4. И испратил известител Свој, ме зеде од татковите овци и ме помаза со елеј на Своето помазание.
5. Браќата ми беа добри и големи, но Господ не благослови да одбере од нив.
6. Излегов јас спроти туѓинецот, и тој ме проколна со своите идоли.
7. Но јас го извадив мечот негов, го обезглавив и ги спасив од срам синовите Израилеви.