Свети Јован Кроштадски (pdf)

 

Свети Јован Кронштадски

Како секојдневно да го распоредиме времето

„ Управувај ги стапките мои според Твоето слово и не допуштај со мене да овладее никакво беззаконие” (Пс. 118, 133).

За да можеме цел ден да го поминеме совршено свето, мирно и безгрешно, единствено средство за тоа е најискрена, пламена молитва наутро, штом станеме од сон. Таа во срцето го воведува Христа со Отецот и Светиот Дух и на тој начин и дава на душата сила и крепост против нападите на злото, но неопходно е да го чуваме своето срце.

--

Добро е, многу е добро да се биде добродетелен човек. Добриот човек и самиот е спокоен, и на Бога Му е угоден и на луѓето им е пријатен. Добродетелниот човек, и против својата волја, ги привлекува на себе погледите на сите. Зошто? Затоа што миомирисот и против наша волја не привлекува да му обрнеме внимание и да го вдишеме. Погледнете го и самото лице на добродетелниот човек, погледнете го неговото лице. Какво е тоа лице? Тоа е ангелски лик. На него се истурени кроткост и смирение и тоа, и несакајќи, секого го плени со својата убавина. Обрнете внимание на неговиот збор: од него допира уште посилен миомирис: вие тогаш како да се наоѓате лице в лице со неговата душа и се топите од неговата слатка беседа.

--

Кога Бог ќе биде во сите човекови мисли, желби, намери, зборови и дела, тогаш, значи, кон него ќе пристапи Царството Божјо: тој тогаш во се ќе го види Бога во светот на своите мисли, во светот на делувањеш и во материјалниот свет. За него тогаш на најјасен начин ќе се открие Божјата сеприсутност и во негово срце ке се всели најчистиот страв Божји. Тој тогаш се обидува секој момент да му уподува па Господ и секој момент се плаши со нешто да не згреши против Господа, Кој е од неговата десна страна. Да дојде Царството Твое!

--

Труди се на сите начини со својот живот да го утешиш Отецот небесен, т.е. со својата кроткост, смирение, незлобивост, послушност, воздржување, разборитост, мирољубивост, трпение, милосрдие, искрено и долично пријателство кон луѓето, пријатност кон сите, радосно гостољубие, добронамерност кон секого, исправност во делата, простота на срцето и карактерот, чистота на сите мисли на твоето срце. Умудри не и утврди Боже да живееме по Твојата волја, бидејќи Ти си наш Отец и ние сме Твои чеда во Исус Христос, нашиот Господ. Што пронајде, човеку, во трњето на гревовите и страстите? Дали тоа ти беше пријатно? Дали се добри и угодни неговите последици? О, колку страшно тоа ранува! О, колку се горки неговите последици! А колку понекогаш на почетокот е пријатно!

--

Животот е голема искуствена наука. Ништо не е потешко од поминувањето низ таа наука, низ тесниот пат и низ тесната врата. Кој во мајчиното или во основното училиште не се навикнал на вера, на страв Божји или на благочестив живот, нему ќе му биде особено тешко да учи во училиштето на животот. Дури и ако во училиштето во кое се изучуваат науки биде умен и учен, и ако би уживал големо почитување поради своите способности, во училиштето на животот ќе се покаже како незнајко, и не само тоа, туку и како сосема бескорисен и за семеен живот поради својот природен карактер или поради своето несовладиво срце и за делување во заедница. Тој живее во немаштија и во животот често трпи бродоломи како претоварен брод, кој за време на бура е пуштен на море без кормилари, без јажиња и едра.

--

Прави се што е спротивно од она на што те наговара непријателот: тој не наговара да ги мразиме оние кои не навредиле, но ти сакај ги! Благословувај ги оние кои те клеветат, а оние кои земаат од твоето немој да ги тужиш, но самиот подај им. Кога сакаш да се смееш плачи, а кога те обзема мака, труди се да се развеселиш. Кога ќе те обземе завист, радувај се на туѓата благосостојба. Кога ќе те нападне желба за противречење и непокорност, ти без одложување покори се и согласи се со другиот. Кога ќе те нападнат блудни мисли, ревнувај за чистота на срцето и помисли на возвишеното достоинство на христијанинот, обожен во Исус Христос, помисли на тоа дека нашите членови се членови Христови. Кога ќе те нападне гордост, смирувај се, кога ќе те нападне злоба, биди посебно добар. Кога ќе те нападне раздразливост, сочувај го спокојството, а кога ќе те нападне скржавоста, биди великодушен. Кога пак ќе те нападне расеаност, без одложување затвори ги твоите сетила за се надворешно и размислувај за единственото што е потребно. Кога ќе те нападне сомнеж, маловерие и неверие, повикај во помош особено силна вера, сети се на примерите за силна вера или на верници од Стариот и Новиот Завет, сети се на чудата извршени со вера, или нешто слично. Така постапувај и не му се препуштај на непријателот, илузионистот, бидејќи овие страсти, пристрасности и апетити се негова фантазија.

--

Во се и во секое време угодувај Му на Бога и размислувај за спасение на својата душа од гревот и од ѓаволот, размислувај како Бог да ја усвои твојата душа. Ако си станал од постела, прекрсти се и кажи: „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух" и „Господи, удостој ме овој ден да се запазам од секаков грев и научи ме да ја творам волјата Твоја“. Кога ќе се измиеш, во куќата или во купатилото, кажи: „ Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег” (Не 50, 7). Кога облекуваш чисти алишта, размислувај за чистата на срцето и барај чисто срце од Господа: „Создај чисто срце во мене, Боже“; ако си сошил нова облека и ако ја облекуваш, помисли на обновување на духот и кажи: „И нов и прав дух стави во мене, Господи “ ( По 50, 10); ако со омаловажување ја одложуваш старата облека, со уште поголемо омаловажување помисли на одложување на стариот човек, грешен, страсен и телесен; ако вкусиш леб или слатки, помисли на вистинскиот леб кој на душите им дава вечен живот на Телото и Крвта Христова, и биди гладен за тој леб, т.е. посакувај почесто со него да се причестуваш; ако пиеш вода или чај, со мед или слатки, или некое друго пиење, помисли на вистинското пиење кое ја гаси жедта на душата разгорена од страстите на пречистага и животворната Крв на Спасителот; до колку се одмараш во текот на денот, помисли на вечната почивка за оние кои тука се борат со гревот, со духовите на злобата на поднебесјето, со човечките неправди, со незнаењето и со човечката грубост; кога ноќе ќе појдеш да спиеш, помисли за смртниот сон, кој порано или подоцна, задолжително ќе ни пристапи на сите нас, и на онаа мрачна, ужасна, вечна ноќ во која ќе бидат фрлени сите непокајани грешници; кога го дочекуваш денот, помисли на незалезниот, вечен, пресветол ден, многу посветол од овој наш сончев ден на вечниот ден во Царството Небесно, во кое ќе се радуваат сите кои Му угодиле на Бога или од се срце се покајале пред Бога во овој привремен живот; ако некаде одиш, мисли за правината на духовното чекорење пред лицето Божјо и зборувај: „ Управувај ги стапките мои според Твоето слава и не допуштај со мене да овладее никакво беззаконие “ (Пс. 118,133). До колку нешто работиш, обиди се тоа дело да го извршуваш со мисла за Бога Творецот Кој се создал со бесконечна премудрост, со Својата добрина, Својата семоќ, Кој и тебе те створил по својот образ и подобие. Ако добиеш или поседуваш пари или некое богатство, помисли дека нашето неисцрпно богатство, од кое потекнуваат сите богатства на душата и телото, нашиот Извор од кој непрекинато истекуваат сите богатства е Бог, а тогаш заблагодари Му од се срце и не го заклучувај своето богатство кај себе, за да не си го заклучиш и влезот во твоето срце за непроценливото и живо богатство за Бога. Напротив, од своето богатство подели на оние на кои им е потребно, на своите сиромашни браќа, бидејќи тие и се оставени во овој живот, за ти, на нив, да би можел да ја докажеш својата љубов и својата благодарност на Бога и за тоа да се удостоиш во вечноста од Бога за добиеш награда. Погледнеш ли бел, сребрен сјај, т.е. сребро, не измамувај се со него, туку помисли дека и твојата душа треба да биде бела и да заблеска со делата Христови. Ако пак видиш златен сјај или злато, не измамувај се од него, туку помисли си дека твојата душа треба да стане како со оган исчистено злато и дека Господ сака и тебе самиот да те просветли како сонце во вечното, светло Царство на Својот Отец, помисли си дека ќе го видиш вечното, незалезно Сонце на правдата, Бог во Трите Ипостаси, Пресветата Владичица Богородица и сите небесни сили, и свети луѓе, исполнети со неискажлива светлина, како блескаат со излевање на светлина.

--

Нека биде волјата Твоја. На пример, кога сакаш и со сите сили се трудиш да се ослободиш од болеста и да оздравиш, но и покрај тоа остануваш болен, кажи: Нека биде волјата Твоја; кога нешто преземаш, а твоето преземање никако не успева, кажи: Нека биде волјата Твоја; кога на другите им правиш добро, а на тебе ти плаќаат со лошо, кажи: Нека биде волјата Твоја. Нималку не се разбеснувај ако се случува нешто спротивно на твојата волја. Научи се во се да се покоруваш на волјата на Отецот небесен. Ти би сакал воопшто да немаш искушенија: меѓутоа, непријателот секојдневно те мачи со нив, те разгорува и на сите начини те измачува; не разбеснувај се, туку кажи: Нека биде волјата Твоја.

--

И духовните и телесните човечки сили се усовршуваат, се умножуваат и се засилуваат со нивното вежбање. Вежбај ја својата рака во пишување, шиење или плетење и тогаш, како што кажуваат, ќе ја извежбаш раката, па добро ќе пишуваш, шиеш или плетеш. Често практикувај ги овие дела, па ќе ги извршуваш лесно и добро. Вежбај се во правење на добри дела или во победување на страсти и искушенија, па со текот на времето ќе правиш со радост и со сладост највисоки дела, и лесно, со помош на седејствувачката Божја благодат, ќе ги победуваш страстите. Меѓутоа, ако не почнеш да пишуваш, шиеш или плетеш, или ако ретко пишуваш, шиеш или плетеш, ако ништо не работиш или ако работиш ретко, ако живееш само во материјалните животни грижи -тогаш, веројатно, ќе ти биде тешко да сврзеш и неколку збора, особено ако се работи за нешто духовно. Тогаш зададеното дело ќе ти биде египегска работа (т.е. ќе ти биде тешко да го извршиш толку, колку што на Израилците им била тешка присилната работа во текот на египетското ропство, заб. прев.); ако не се молиш или ако се молиш ретко, тогаш молитвата ќе ти биде туѓа и тешка како некое големо бреме; ако не војуваш против своите страсти или ако војуваш ретко и слабо, тогаш ќе ти биде тешко да се бориш со нив и тие често ќе те победуваат, тие ќе те обеспокојуваат и ќе го отрујат твојот живот, ако не научиш како да ги победуваш тие домашни, злобни, внатрешни непријатели кои секогаш седат во твоето срце. Според тоа, во се се потребни труд и дејствување. Живот без дејствување не е живот, туку нешто наказно и илузија на животот. Поради тоа непрекината и упорна борба со мрзливоста е должност на секој човек, и нека го чува Бог секој христијанин од угодувањето на мрзливоста „А оние, пак, кои се Христови. го распнаа телото свое со страстите свои и похотите“ (Г ал. 5, 24). „Зашто секому, што има, ќе му се даде и преумнож, а од оној, што нема, ќе му се одземе и она што го има “ (Мт. 25, 29).

--

Никој не би требало ни да праша дали сакаме славата Божја да ја шириме со рака која пишува, со зборови или добри дела. Ние сме должни тоа да го правиме, сразмерно со своите сили и можности. Талантите мора да се употребат за дело. Штом се замислиш над овој прост факт, ѓаволот веројатно ќе ти ја наметне мислата дека ти е потребно само духовно влијание.

--

Делото немој да го твориш само кога сакаш, туку твори го токму кога не сакаш. Примени го ова на било кое обично, житејско дело, но особено на делото на спасение на твојата душа, на молитва, на читање на Божји и душесласоносни книги, на одење на служба Божја, на добри дела, на какви и да се тие, на проповедање на словото Божјо. Не му се покорувај на мрзливото, лукавото и многугрешното тело, бидејќи тоа е подготвено постојано да мирува и преку привремено спокојсгво и насладување да не одведе до вечна пропаст. „Со пот на лицето свое, речено е, ќе јадеш леб " (1 Мојс. 3, 19). „Талантот кој ти е даден, трудољубиво умножувај го, грешна душо", пее Црквата (на Велики Вторник, кондак на утрена, 2 глас), „Царството небесно со напор се освојува и силните го грабаат“ (Мт. 11, 12) вели нашиот Господ и Спасител.

--

Какво и дело да творите, домашно или службено, не заборавајте дека вашата сила, ваша светлост и ваш успех е Христос и Неговиот Крст. Затоа не пропуштајте пред почетокот на денот да извикате кон Господа: Исусе, помогни ми! Исусе, просветли ме! На тој начин во вашето срце ќе се одржува и загрева живата вера и вашата надеж во Христа, бидејќи е Негова силата и славата во сите векови! Амин.

--

Биди умерен во сите религиозни дела, бидејќи добродетелта, која има своја мерка, зависно од твоите сили, од временските околности, од местото, од претходниот труд е дело на разборитост. Добро е, на пример, ако се молиме од чисто срце; меѓутоа штом не постои хармонија меѓу молитвата и силата (енергијата), на различни околности, места, време и претходен труд, тоа веќе нема да биде добродетел. Затоа апостол Петар вели: „Принесете кон добродетелта знаење“ (т.е. не дозволувајте да ве привлече исклучиво срцето), „а кон знаењето воздржување, кон воздржувањето трпение... “ (2 Птр. 1, 5-6).

--

Обрни внимание на самиот себе на своите страсти, особено во секојдневното однесување во домот, каде тие послободно се покажуваат, како кртови на безбедно место. Надвор од дома, нашите страсти обично се прикриваат со други страсти, бидејќи се обидуваме да им дадеме облик на пристојност, поради што немаме можност да ги протераме тие црни кртови кои ја поткопуваат целовитоста на нашата душа.

--

Кога на потчинетите им приговараш за нивните неправилности, внимателно воздржувај се од бес, раздразливост и конфузија и биди кроток, исполнет со љубов, биди сталожен и спокоен. Ако тој, кого го поправаш, се навредува, кротко опомени го дека ни најмалку немаш намера да го навредуваш и налутиш, туку дека искрено му сакаш добро и ред во неговата работа, дека не му се противиш нему, туку на нередот кој го создава. Не навредувај го неговото човечко достоинство, возвишувајќи се себеси во неговите очи, а понижувајќи го него. Ако ја имаш таа слабост (гордост), подобро е да се откажеш од поправање на други и да се поправиш самиот себе: „Извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе ја видиш како да ја извадиш раската од окото на твојот брат“ (Мт. 7, 5). Во спротивно, само ќе го налутиш ближниот и нема да му донесеш никаква морална корист. Кога ги забележуваш недостатоците кај другите, биди смирен и кроток кон нив, имајќи на ум дека и ти самиот имаш недостатоци и тоа големи. Да претпоставиме дека другиот го разобличуваш поради пијанство: меѓутоа, ако и ти пиеш или не пиеш, но затоа си лаком, му угодуваш на стомакот или се прејадуваш, ти грешиш исто како и тој. Исцели се самиот од стомакоугодување и тогаш силно ќе зборуваш против пијанчењето на другите. Другиот го обвинуваш дека е немарен во службата, а самиот си можеби, исто толку немарен. „Лекаре, излекувај се Сам! “ (Лк. 4, 23).

--

Зборувај и твори секаква правда без никаков сомнеж, смело, цврсто и одлучно. „Зашто Бог не ни даде дух на страв, туку дух на сила, љубов и разбраност“ (2 Тим. 1, 7). Нашиот Г оспод е Господ на силата.

--

Празните зборови, или какошто велат, „пресипувањето од шупливо во празно“ со гости, од срцето ја острануваат живата вера, стравот Божји и љубовта кон Бога. Гостите се рана за побожното срце. Под ова ги подразбирам токму оние гости кои можат само да преливаат „од шупливо во празно“. Друга работа е ако гостите се сериозни и религиозни.

--

Карактерот на луѓето кои живеат во втората половина на 19. век е самобендисаност, самозаконие (автономија), материјализам во животот и духовен скептицизам (безверие).

--

Господи, Ти Самиот си рекол со Својата пречиста уста: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Мт. 5, 48). Сакам да бидам совршен, и Ти биди за мене секое совршенство, бидејќи си рекол: „Без Мене не можете да направите ништо“ (Јн. 15. 5).

Свети Јован Кронштадски