Свети Јован Кронштадски

„Премудрост е здив на Божјата сила и чист одлив од славата на Седржителот минувајќи од поколение во поколение во светите души, таа ги подготвува Божјите пријатели и пророци“ [Мудр. 7, 24-27].

Вистината е темел и разбирање на се, на што и да е отворено, и нека во твоите дела [внатрешни и надворешни] вистината биде темел на се, а особено нека биде темел на молитвата. Нека на вистината како на темел се нанижат целиот твој живот и сите твои дела, сите твои мисли и желби.

--

Како да гледаме на даровите на умот, чувствата и слободата? Би требало со умот да го спознаеме Бога врз основа на Неговите дела, создавања, откривања, промисли, од човечките судбини. Со срцето треба да се чувствува љубовта Божја, Неговиот пренебесен мир, сладоста на Неговата љубов, треба да се љуби ближниот, да се сочувствува со него и во радост и во жалост, и во здравје и во болест, и во богатство и во сиромаштија, кога е на висока положба и кога е унижен. Слободата, пак, треба да ја употребуваме како средство, како орудие за тоа да направиме колку е можно повеќе добри дела, на усовршување на самите себеси во секој свој недостаток, за на Бога да му принесеме стократно умножен плод.

--

Нека сите сознанија кои се однесуваат на верата секогаш бидат како нови, т.е. нека секогаш имаат иста важност, светост и привлечност.

--

Што значи: да се бара било каква активност? Тоа значи да се посака да се исполни со било што внатрешната болна празнина на душата, создадена за дејствување, душа која не трпи да биле невработена. Запомни: умот е слуга на срцето, кое е нашиот живот. Доколку тој [умот] го води срцето кон вистина, мир, радост во животот, тој тогаш ги исполнува своите задачи, тој е вистина; доколку пак умот не води кон сомневање, неспокој, мачење, униние и темнина, тогаш тој се оддалечува од своето задолжение и несомнено е лажлив [лажно знаење, 1 Тим. 6, 20]. Ако, пак, срцето како резултат на верување во нешто чувствува спокој, леснотија и сладост, тогаш тоа е доволно, и од разумот не треба да се докаже вистинитоста на таа работа: таа несомнено е вистинита, срцето во тоа се убедува со својот живот, бидејќи целта на сите потраги е вистината и животот.

--

Не гледај на убавината на човечкото лице, туку гледај на човековата душа; не гледај на неговата облека (телото е привремена облека), туку гледај кој се облекува во таа облека; не гледај на уреденоста во домот, туку гледај на неговиот жител, кој живее во тој дом и каков е тој, бидејќи во спротивно ќе го натажиш ликот [образот] Божји во човекот, ќе го навредиш царот со тоа што ќе се поклониш на неговиот слуга, не покажувајќи му нему ни најмала чест која му доликува. Исто така не гледај на убавината на печатените букви во книгата, туку гледај на духот во книгата, бидејќи во спротивно ќе го понижиме духот, а ќе го возвишиме телото, бидејќи буквите се телото, а содржината на книгата нејзиниот дух. Не се залажувај со мелоличниот звук на инструментот или на гласот, туку спрема впечатокот кој го остава на душата или спрема нивните зборови процени какви се; ако тие звуци ти внесуваат во твојата душа тивки, целомудрени и свети чувства, тогаш слушај ги и со нив храни ја својата душа; ако пак со нивно посредување во твојата душа се влеваат страсти, тогаш престани со слушање и отфрли го и телото и духот на таквата музика.

--

При образованието е многу штетно до колку го развиваме само умот и разумот, не обрнувајќи внимание на срцето. На срцето треба да му се посвети поголемо внимание отколку на било што друго. Срцето е живот, но живот расипан со гревот. Мора да се исчисти тој извор на животот, во него мора да се запали пламенот на животот, така да гори и да не се гасне насочувајќи ги сите човечки мисли, желби и стремежи, целиот негов живот. Општеството е полно со грев токму поради недостаток на христијанско воспитување. Време е христијаните да го разберат Бога, да сфатат што Он од нас бара, бидејќи Он бара токму чисто срце: „Блажени се чистите по срце“ (Мт. 5, 8). Слушнете го Неговиот пресладок глас во Евангелието. Вистинскиот живот на нашето срце е Христос [живее во мене Христос, Гал. 2, 2]. Научете се на целата мудрост на апостолите, тоа е наша заедничка задача: со вера да го вселиме Христос во срцето. Необразованоста, неразвивањето, неомекнувањето и непоправањето на срцето е илјади пати подостојно за прекор отколку необразованоста на умот. Необразованиот е заостанат човек, достоен за попустливост и сожалување, додека оној образованиот - но пак, препуштен на страстите и пороците, на злобата, на гордоста, безобзирноста, зависта, стомакоугодувањето, прејадувањето, пијанството, користољубието, блудот и други страсти, и покрај своето големо знаење, како и познавање на Божјата волја е човек со бесчувствително срце, мртов за Бога, бидејќи правилата кои ги научил не ги применува на дело и не ја извршува Божјата волја, туку ја нарушува со уште поголема бестрашност и дрскост, од оној необразованиот. Кај необразованиот човек постои простота на срцето, кроткост, незлобивост, смирение, молчеливост и трпение, кое пред Бога е поскапоцено од сите наши сознанија, од целиот надворешен сјај, од сите научени изрази, од сите извештачени учтивости, од сите долготрајни молитви, од сите високопарно смислени зборови; дури и самите гревови, ако се гревови од незнаење, може да се простат. Како резултат на тоа почитувај ја простодушната необразованост и учи се од неа на тоа што не го поседува привидно образованиот, т.е учи се на простодушност, незлобивост, трпение и друго. Необразованите се деца во Христос, на кои Господ понекогаш им ги открива Своите тајни.

--

Лажната современа просветеност не одалечува од вистинската Светлина, „која го осветлува секој човек, што доаѓа во светов“ [Јн. 1, 9] и не приближува кон Него. Без Христа, меѓутоа, празно е целото образование.

--

Многу световни списанија и весници, чиј што број се намножи до крајност, зрачат со световен, а често и богопротивен дух. Меѓутоа, христијанинот [според својата надеж] не е само граѓанин на земјата, туку и на небото, и би требало да мудрува за небесното. Се чини дека древната паганска литература [на пример Цицерон] била почиста и подобра, повозвишена по своето начело и своите побуди, отколку некоја литература на христијанскиот народ. Ипостасниот Збор Очев, на нашиот Господ Исус Христос, постој ано и упорно ги навредуваат христијанските народи кои првенствено би требало да бидат словесни, т.е. богоподобни суштества и во усмени и писмени зборови кои, многу често, се трошат залудно, па дури и за соблазнување на христијаните, бидејќи световната литература ќе ги одвлекува од читање на Словото Божјо и списите на Светите Отци. Уредниците и издавачите на весниците и списанијата со своето намножување на ласкави зборови го ловат и измамуваат Христовото словесно стадо. О, Слово Божјо! Каков одговор ќе дадеме на Твојот страшен суд?! Ако читаш световни весници и списанија, извлечи го од нив тоа што ти е од корист како граѓанин, христијанин и семеен човек, но првенствено читај го Евангелието и списите на Светите Отци, бидејќи е грешно, христијанин, читајќи световни дела, да пропушта да чита боговдаховени списи. Ти ги следиш случувањата во надворешниот свет, но немој да го губиш од вид ни својот внатрешен свет, својата душа: таа ти е поблиска и поскапоцена. Да се читаат само весници и списанија, значи да се живее само со една страна на душата, а не со целата душа или пак значи да се живее само по тело, но не и по дух. Се што е световно, со светот и ќе се сврши. „А светот е минлив и похотите негови, а оној што ја извршува волјата Божја, останува довека“ [1 Јн. 2, 17]. Еве што е световен кружок: зборуваат, зборуваат, и во најголем број на случаи пресипуваат „од шупло во празно“, а нема ни збор за Бога, заедничкиот Татко на сите, за Неговата љубов кон сите нас, за идниот живот, за плата. Зошто? Се срамат и да започнат збор за Бога. Меѓутоа, тоа што најмногу не чуди е дека дури и луѓето кои за себе мислат дека се побожни, дека се самите светила [на верата], ретко во круговите на своите семејства или во круговите на мирјаните зборуваат за Бога, за Христос Спасителот, за скапоценоста на времето што ни е дадено, за воздржувањето, за воскресението, за судот, за идните блаженства и вечните маки, така да и тие времето често го поминуваат во празни разговори, игри и професии. И пак, поради тоа што се срамат да поведат таков разговор, се плашат дека ќе бидат досадни или се плашат дека тие самите нема да издржат и дека нема искрено да го водат разговорот за духовните работи. Тешко на тебе во денот на Судот, пред заедничкиот за сите и непристрасен Судија. ,Дојде кај Своите, но Своите не Го примија “ [Јн. 1, 11]. Ние не Го примивме Господ и Творецот на сите! Не е примен во нашите домови, не е примен во нашите разговори. Или на пример, човек чита света книга или наглас чита молитви; зошто тогаш ги чита неволно, нерадосно, зошто му запира јазикот? Тоа не се случува заради изобилието на срцето, туку од стеснетоста, и устата едвај зборува. Од каде тоа потекнува? Од немарот кон духовното читање или кон молитвата, кој внатре го посеал ѓаволот, или од лажен срам. О јадни, јадни сме ние луѓето! Се срамиме од она, на што би требало да му укажуваме најголема чест. О, рѓави и зли суштества! Какви маки заслужуваме поради таквото однесување!

Свети Јован Кронштадски