Свети Јован Кроштадски (pdf)

 

Свети Јован Кронштадски

„ Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос, Кој, иако беше во Божји лик, не сметаше дека треба да го искористи тоа што е еднаков со Бога; но Сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга се изедначи со луѓето и по изглед се покажа како човек ".

( Фил. 2, 57)

Да се биде смирен значи себеси да се сметаш, поради своите гревови, достоен за секое понижување, ожалостување, гонење, удари; да се биде кроток значи во незлобивост на срцето да се поднесуваат неправдите кои ни се прават, исмејувањата и другото и да се молиме за своите непријатели.

--

Ако навистина сакаш да бидеш смирен, тогаш сметај се себеси за понизок од сите и достоен сите да те газат, бидејќи и ти секој ден, секој час, го газиш законот Господов, а тоа значи и Самиот Господ.

--

Ако некогаш некој, поради својата добрина, те пофали пред некои луѓе, и тие ги пренесат пофалбите од твојот близок не сметај дека праведно и заслужено си ги добил, туку припиши ги исклучиво на добрината на срцето на тој човек, и тогаш помоли се за него за Господ да го утврди во доброто срце и во секоја слабост, а себеси сметај се за најголем грешник, не само заради смиреноумието, туку поради самата суштина на работите, бидејќи добро си ги познаваш своите лоши дела.

--

Во овој живот, вистинскиот христијанин постапува така што овој живот му служи како подготовка за идниот, а не само за да живее за овој век. За време на своите постапки, тој не размислува што ќе речат за него овде, туку што ќе речат таму, на небесата. Тој смета дека секогаш е во присуство Божјо, во присуство на ангелите и сите светии и секогаш има на ум дека тие еднаш ќе бидат сведоци на неговите помисли, зборови и дела.

--

Во секоја искрена и смирена душа се наоѓа длабоко проживеано сиромаштво, плач поради постоењето на злото и копнеж за спасението.

--

Ти се грижиш за човечкото мислење, за човечката слава сериозно зафати се со исцелување на оваа душевна болест. Единствено на славата Божја помислувај и за неа ревнувај. Човечкото срамотење сметај го за ништожно. Ако е потребно пред истакнатите и образованите на овој век да покажеш почит на сиромашен, необразован или прост татко или таква мајка, роднина, пријател или познат или ако е потребно во кругот на тие што ја исмеваат вистината да застапуваш некоја вистина, имај го предвид само Бога и Неговите заповеди, или пак родителите, роднините, пријателите или познаниците и вистината Божја и цврсто покажи им почит, без малодушност и срам, не срамејќи се ни малку од сите присутни и собрани.

--

Кога те клеветат и кога ти поради тоа се збунуваш и чувствуваш болка во срцето, тоа значи дека во тебе има гордост и дека е потребно со надворешно срамотење таа гордост да биде ранета и изгонета од срцето. Значи, нека не те разоруваат исмевањата и немој да негуваш омраза кон оние што те мразат и клеветат, туку засакај ги како свои лекари, кои Бог ги пратил да те вразумат и научат на смирение, па помоли Му се на Бога за нив. „Благословувајте ги оние кои ве колнат “ (Мт. 5, 44). На самиот себе речи си: тие не ме прекоруваат мене, туку мојата страст, не ме удираат мене, туку онаа змија што се вгнездила во моето срце и која чувствува болка кога се изрекуваат прекорувања. Ме теши мислата дека можеби (таа змија) добрите луѓе ќе ја истераат од таму (од срцето) со своите остри зборови и тоа веќе нема да боледува. Заблагодари Му се на Бога за надворешното срамотење: оној кој ќе претрпи срамотење овде, нема да биде изложен на него во идниот век. „Зашто од раката Господова доби двојно за сите свои гревови “ (Ис. 40, 2) и „Господи! Ти ни даруваш мир, зашто и сите наши дела Ти ги уредуваш за нас " (Ис. 26, 12).

--

Будно прати го појавувањето на гордоста: таа се манифестира незабележително особено во огорченоста и раздразливоста кон другите, поради најнезначајни причини.

--

Кога поради нешто не прекоруваат, тоа не би требало да не разлутува, ниту да не фрла во очајание, туку напротив, би требало да не смирува како морално ништожни, би требало да не обрати кон Бога со усрдна молитва, како Он би исцелил се што е слабо во нас, а со Својата благодат не дополни во се она во што оскудуваме. Се разлутуваме особено кога не прекоруваат поради нашите вистински слабости тоа значи дека додаваме болест на болест и страст на страст, дека доброволно страдаме поради слепилото на самољубието, кое не сака да ги види своите мрачни страни и доброволно се согласува на пропаст. Сосема е неразумно да очајуваме: доколку сака, христијанинот секогаш е во можност, со помош на Божјата благодат да се промени на подобро. Господ затоа и ни ги праќа изобличувачите, за да ни се отворат очите на срцата и за да можеме да ја видиме наказноста на своите дела, и за да се поправиме кога ќе ги видиме, а не за да паднеме во очајание. Очајанието е грев и ѓаволско дело. Разобличувањата мора во нас да предизвикуваат „жалост по Бога“ која предизвикува „каење за спасение за кое не се каеме “ (2 Кор. 7, 10), а не жалост на самољубието.

--

Понекогаш тие луѓе помлади од тебе, рамни на тебе или постари од тебе ти даваат поуки кои ти не ги поднесуваш, поради што ти негодуваш на своите учители. Би требало да истрпиш и со љубов да послушаш се што е корисно, па од кого и да доаѓа. Нашето самољубие ги крие од нас нашите недостатоци, додека другите ги гледаат, на и ни укажуваат на нив. Сети се дека „ние сме делови еден на друг “ (Ефес. 4, 25) и дека сме должни заемно да се поправаме едни со други. Ако не ги трпеш поуките и ако се гневиш поради нив на учителите, тоа значи дека си горд, тоа значи дека навистина ја имаш таа мана, за која ти наговестуваат да ја исправиш.

--

Секој човек што ќе ти дојде, а особено тој што ќе дојде со духовна цел, дочекај го со пријатно и радосно лице, дури и ако е сиромашен или сиромашна, внатрешно смирувајќи се пред секого, сметајќи се за понизок од него, бидејќи ти си од Самиот Христос одреден да им бидеш слуга на сите сите Негови членови, иако, слично на тебе, и тие носат на себе рани од прегрешенијата.

--

Навистина нема причина поради нешто да се гордее христијанинот кој врши праведни дела, бидејќи и тој е спасен и секогаш се спасува од секое зло само преку верата: „ Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас - туку дар Божји! Не е од дела, за да не се пофали некој“ (Ефес. 2, 8-9), за да никој поради ништо не се возгордее...

--

Духовната сиромаштија се состои во тоа, себеси да се сметаме за непостоечки, еднинствено Бог да го сметаме за постоечки, да ги почитуваме Неговите зборови повеќе од било што на светот; за нивно исполнување ништо немој да штедиш, дури ни самиот свој живот. Сметај дека Божјата волја е се и за тебе и за другите, а својата волја во потполност отфрли ја. Духовно сиромашниот со сето срце сака и говори: Да дојде Царството Твое, да биде волјата Твоја. Тој самиот (духовно сиромашен) како да исчезнува, секаде и во се, сака да го види Бога и во себе и во другите. Нека биде се Твое, а не мое; сака неговата светлина да ја созрева во себе и во сите; Царството Негово исто така, волјата Негова исто така. Него единствениот го гледа како во потполност ги исполнува човечките срца како и што доликува, бидејќи Он е единствен битен, себлаг и сесовршен, Кој се создал. Непријателите се ѓаволот и неговите соучесници, но и луѓето кои се противат на Бога, кои се сомневаат во Царството Божјо, кои се Божји противници. За духовно сиромашниот целиот свет е како ништо; тој секогаш го гледа само Бога, Кој се оживува и со се управува; за него не постои место без Бога, не постои ни момент без Бога секаде и во секоја минута тој е со Бога и како да е само со Него единиот. Духовно сиромашниот не се осмелува и не помислува да го разбере неразбирливото, да ги разоткрие Божјите тајни, да мудрува за возвишените работи. Тој верува само на словото Божјо Животодавецот, знаејќи дека секој негов збор е вистина, дух и вечен живот и верува на зборовите на неговата Црква, која Светиот Дух секогаш ја поучува во секоја вистина: и верува така, како што детето му верува на својот татко или мајка, не барајќи никаков доказ и целосно потпирајќи се на нив. Духовно сиромашниот себеси се смета за последен и најгрешен од сите, се смета себеси достоен за сите да го газат.

--

Секојдневно високо почитувај ја и чувај ја христијанската кроткост и незлобивост, заемниот мир и љубов, потискувајќи ги, колку што е тоа можно, пороците, самољубието, злобата, раздразливоста, збунетоста. Не збунувај се и не лути се кога некој отворено те обвинува за неправда или покажува било каков неправеден стремеж, кога зборува навредливи зборови или одважно разобликува некоја твоја слабост или страст, а која ти, поради своето самољубие, не ја ни забележуваш. Секогаш најпрво трезвено размисли за она што ти го зборува противникот, како и за своите сопствени зборови и постапки. Ако и покрај целото непристрасно размислување за своите зборови и дела, пронајдеш дека тие се поправедни, твојата совест нека се смири и зборовите на својот противник сметај ги за ништо; тивко премини преку тоа или мирно, накратко и со незлобиво срце, укажи му на неговата неправда. Ако, пак, откриеш дека си виновен за она, за што противникот те обвинува, тогаш, отфрлајќи го самољубието и гордоста, побарај прошка за својата вина и потруди се во иднина да се поправиш. Честопати се лутиме на отворените и простодушни луѓе, затоа што тие отворено ја разобличуваат нашата неправда. Таквите луѓе би требало високо да ги цениме и треба да им простуваме, доколку тие со достојни зборови го разобличуваат нашето самољубие. Во морален поглед, тие се лекари кои со остри зборови го сечат трулежот на срцето и со будењето на нашето самољубие, создаваат во душата, умртвена од гревот, свест за гревот и жива реакција.

За да управуваме со другите, нај прво треба да научиме да управуваме со самите себе; за да ги научиме другите, мораме нај прво да се задобиеме ние со знаење. Кога не умеам да владеам со себеси, кога во мене нема дух на самосовладување, дух на кроткост, љубов и праведност, тогаш јас сум лош управиел. Кога со мене се поигруваат секакви страсти, подобро е да прифатам друг да управува со мене, отколку да направам голема штета на себеси и на нив.

--

Доколку повнимателно се загледам во другите сиромаси и доколку малку поразговарам со нив, тогаш гледам колку се пријатни, кротки, смирени, простодушни, искрени, добронамерни, телесно сиромашни, но духовно богати: тие ме засрамуваат мене грубиот, гордиот, злобниот, суетниот, гневливиот, лукавиот, ладниот, и кон Бога и кон луѓето, завидливиот и ништожниот. Тоа се вистински пријатели Божји! Но непријателот, на кого му е познато нивното духовно богатство, побудува кај своите слуги, гордите богаташи, презир и злоба кон нив, и подготвен е да ги избрише од лицето на земјата, како тие да немаат право да живеат и чекорат по неа! О, пријатели на мојот Бог, мои сиромашни браќа, вие сте навистина духовно богати, а јас сум навистина сиромашен, грешен и беден! Вие заслужувате вистинска почит од нас, кои изобилно ги поседуваме богатствата на овој свет, но сме сиромашни и мизерни по делата на добородетелите и воздржувањето, кроткоста, смирението, незлобивоста, искреноста и љубезноста кон Бога и ближниот. Господи! Научи ме да го презрам надворешното, во потполност окото на својот ум да го свртам кон внатрешноста и да ја ценам внатрешноста, презирајќи ја надворешноста. Дај ми да го сочувам тоа во однос на богатите и силните на овој век.

Свети Јован Кронштадски