Свети Јован Кроштадски (pdf)

 

Свети Јован Кронштадски

„Ако се љубиме еден со друг, Бог пребива во нас и љубовта Негова е совршена во нас.

Дека ние пребиваме во Него и Тој во нас, знаеме по тоа што ни дал од Својот Дух “

(1 Јн. 4, 12-13)

Колку е срцето почисто, толку е и пошироко, толку повеќе и во себе ги опфаќа љубените; колку пак срцето е погрешно, тое е и потесно, толку е и помалку способно во себе да ги опфати ближние, и тоа оди дотаму, што тоа се ограничува само на љубов кон самиот себе и тоа лажна: се сакаме себе во работите, недостојни за бесмртната душа, во сребро и злато, во прељуба, во пијанство и друго на тоа слично.

--

Љуби без размислување: љубовта е едноставна, љубовта никогаш не греши. Исто така, без размислување верувај и надевај се, бидејќи верата и надежта исто така се едноставни, или подобро кажано, Бог во кого веруваме и се надеваме, е исто така едноставно Битие, како што и Он е едноставна љубов. Амин!

--

Како да го љубиме Бога со цело срце, со цела душа, со цела сила и со секоја помисла? Со целото срце, односно неподелено, не делејќи се меѓу љубовта кон Бога и љубовта кон светот и воопшто кон созданијата. Ако, на пример, се молиш, моли се со неподелено срце, и нека не те развејуваат празни помисли, световни пристрасности, целиот биди во Бога, во Неговата љубов, со целата душа, т.е не само со некоја душевна сила, и не само со умот, без учество на срцето и волјата, туку со целата сила, а не со половина сила или површно; кога треба да се изврши некоја заповед, изврши ја со целата љубезност, до пот и крв, положувајќи го и животот во колку е тоа потребно, а не мрзливо, млако и неволно.

--

Нашиот живот е љубов да, љубов. А каде е љубовта, таму е и Бог, а каде е Бог, таму е и секое добро. „Но барајте го најнапред царството Божјо и Неговата правда, и се ова ќе ви се придодаде “ (Мт. 6, 33). Според тоа, секого со радост храни го и насладувај го, со радост на сите угодувај им, во се надевајќи се на Отецот небесен, на Отецот на милосрдието и Бог на секоја утеха. Принеси го на жртвеникот на љубовта кон ближниот она што ти е скапоцено. Принеси го на жртва на Бога својот Исак, своето многуострастено срце, заколи го со својата волја, распни го телото со страстите и похотите, се си добил од Бога и биди спремен се и да му дадеш, како би, бидејќи Господ ти доверил малку, а потоа си бил поставен над многу: „Во малку беше верен, над многу ќе те поставам “ (Мт. 25, 23). Сметај ги за фантазија сите страсти, како што илјада пати си се уверил. Амин!

--

„Љубовта... не мисли на зло“ (1 Кор. 13, 5). Да се мисли за било какво зло ѓаволско е дело: ѓаволот во човекот и со човекот мисли на зло. Затоа, во твоето срце да не се најде никакво зло против непријателот и не ни помислувај на злото, туку за да не се стопиш со ѓаволот „победи го секое зло со добро“ (Рим. 12, 21), секое зло кое ќе го видиш или кое ќе ти се покаже. Во тоа се состои духовната мудрост и подвигот на христијанската љубов.

--

Подобро е да не ги пренесуваме прекорувачките зборови кои ни се упатени од некого; наместо тоа, подобро е да ги премолчиме или, иако е лажно, да пренесеме зборови на љубов и благонаклоност, бидејќи во тој случај нашиот дух ќе биде спокоен. Многу е штетно да се пренесуваат зборови на непријателство и завист, бидејќи во нетрпеливите и самољубивите луѓе, на кои тие се однесуваат, тие честопати предизвикуваат душевна бура, го потикнуваат згасеното непријателство и создаваат раздор. Мора да имаме христијанско трпение и мудрост на змија.

--

Во нашето срце би требало неизбришливо да бидат врежани зборовите: „љуби го ближниот... како самиот себе“ (Мк. 12, 31), за секогаш да ни служат при средба со ближниот, па каде и да е, на кое и да е место: било тој да дојде кај нас или ние да одиме кај него, било да треба нешто да направиме за него или нешто да му дадеме, било да разговараме со него. Според тоа, носи ги во срцето зборовите: „како самиот себеси" и непрестајно води умна војна за зачувување на овие живи зборови на нашиот Господ. Приморувај се самиот себеси на заемна љубов, намерно мачи го, обеспокојувај го и вознемирувај го црвот на самољубието и злобата, кој се крие во нас, распни го и победувај го со „силата на моќта " (Ефес. 6, 10) на нашиот Господ Исус Христос.

Речено е: „љубовта... не се радува иа неправда, туку се радува на вистина" (| Кор. !3, 6). Често ни се случува да видиме неправедни, грешни човечки дела или да слушаме за нив, а ние самите да имаме една грешна навика: да се радуваме на такви дела и бесрамно, со безумна смеа да ја изразуваме оваа радост. Ние постапуваме лошо, нехристијански, без љубов и богопротивно. Тоа значи дека во срцето немаме христијанска љубов кон ближниот, бидејќи , љубовта не се радува на неправда, туку се радува на вистина“. Затоа во иднина да престанеме така да правиме, за да не бидеме осудени заедно со оние кои извршуваат неправда.

--

За да се испиташ себеси дали евангелски го љубиш ближниот, обрни внимание на себе тогаш, кога луѓето те навредуваат, кога те исмеваат или кога ти ја скратуваат почитта, каква што е прифатена од оние кои живеат во заедница или пак кога потчинетите грешат во својата служба и кога погрешно работат. Ако во такви моменти си мирен, ако не се исполнуваш со дух на непријателство, омраза, нерпеливост, ако и понатаму продолжуваш да ги сакаш тие луѓе исто како и порано, пред нивните навреди и грешки, ти тогаш евангелски го сакаш ближниот. Ако пак се гневиш, лутиш или смутуваш, тогаш не ги сакаш. „И ако ги љубите оние што вас ве љубат, каква ви е благодарноста? " (Лк. 6, 32).

Радувај се на секоја можност да му направиш добро на ближниот, како добар христијанин, настојувајќи да се здобиеш со што повеќе добри дела, а особено со богатство во љубовта. Не се радувај кога кон тебе ќе покажуваат благост и љубов, сметајќи дека по правда не си достоен за тоа; радувај се, меѓутоа, кога ќе ти се покаже можност да покажеш љубов, љубовта изразувај ја едноставно, без никакво застранување и лукаво помислување, без ситничарење, животни и користољубиви пресметки, имајќи на ум дека Самиот Бог е љубов. Сети се дека Он ги надгледува сите твои патишта, дека ги гледа помислите и движењата на твоето срце.

--

Бог е долготрпелив и милостив кон тебе: ти тоа секој ден го доживуваш повеќе пати. Види и ти долготрпелив и милостив кон твоите браќа, извршувајќи ги зборовите на апостолот, кој за љубовта вака зборува: „љубовта е великодушна, полна со добрина “ (1 Кор. 13, 4). Ти сакаш Господ да те насладува со Својата љубов; насладувај ги и ти срцата на другите со нежна љубов и пријатно однесување.

--

Кога братот во нешто ќе згреши проив тебе, на пример, кога те озборува или кога злонамерно ќе му ги пренесе на друг твоите зборови во искривен облик, кога те клевети, не лути се на него, туку побарај ги во него добрите страни, кои несомнено постојат во секој човек, а тогаш со љубов застани на нив, презирајќи го злото што тој го исплел против тебе, како валканица која не заслужува внимание, како демонски привид. Така ни златарите не му придаваат важност на мноштвото песок и кал во златниот песок, туку се задржуваат само на златните зрнца и, иако се тие многу малку, тие високо ги ценат и ги испираат од мноштвото непотребен песок. Така и Бог постапува со нас, долготрпеливо чистејќи не.

--

Секој човек, кој извршува некое зло, задоволува некоја страст, доволно е казнет со самото зло кое го прави или со страста на која и служи, и што е најважно, со тоа што отстапува од Бога и Бог отстапува од него; затоа потхранувањето на злото во тој човек би било крајно безумно и во најголема мера нечовечно. Тоа значи - потопување на човекот кој веќе тоне, туркање во оган на оној кого веќе го проголтува пламенот. Кон таквиот човек, бидејќи пропаѓа, Треба да се покаже двојна љубов и треба ревносно да го молиме Бога за него, наместо да го осудуваме или злобно да уживаме во неговата несреќа.

--

Ако во средбата со странци наидеш на невнимание и на навредување, немој да се жалостиш, тоа нека не те навредува, туку самиот на себе кажи си: достоен сум за тоа, слава Ти Господи, бидејќи мене непотребниот си ме удостоил по делата свои да бидам посрамен од на мене слични луѓе. Ти пак самиот, секогаш покажувај љубов кон сите, а особено кон своите и тоа искрено, ревносно, срдечно, громогласно, а не студено и млако, мрзливо, лицемерно, неволно и со половина глас.

--

Не би требало за ништо да се огорчуваш и провоцираш, бидејќи низ зачестено огорчување и раздразливост ќе се создаде морално и физички многу штетна навика на раздразливост, додека преку рамнодушност кон противењето се создава добра и корисна навика да поднесуваме се мирно и трпеливо. Во овој живот имаме многу случки во кои се изразуваат нашите заемни несовршенства, и ако во секој таков случај би биле огорчени, тогаш не би живееле ни неколку месеци. Освен тоа, со огорченост и раздразливост нема ништо да се поправи, туку напротив, ќе бидеме уште повеќе растроени. Подобро е секогаш да бидеш спокоен и мирен, секогаш исполнет со љубов и почит кон морално болното човештво, или поточно зборувајќи, кон ближните, кон нашите роднини и кон оние кои ни се потчинети. Човекот имено не е ангел, а покрај тоа, нашиот живот е таков, што речиси секојдневно грешиме, дури и ако не сакаме. „Зашто не го правам доброто, што сакам да го правам, туку злото, што не сакам да го правам“ (Рим. 7, 19). Господ не научил со попустливост да гледаме на честите човечки падови и грешки, велејќи: „и прости ни ги долговите наши, како што и ние им ги проштеваме на нашите должници“ (Мт. 6, 12) и: „Значи, се она што сакате да ви го прават луѓето, правете им го и вие ” (Мт. 7, 12). А кој од нас не би сакал кон него да се Однесуваат попустливо и трпеливо во неговите потреби, сопнувања и паѓања, во грешките и пропустите? Заради тоа и не учи апостолот на долготрпеливост и попустливост. „Љубовта“, вели апостолот, „е великодушна, полна со добрина...не се радува на неправда, туку се радува на вистина, се покрива, во се верува, на се се надева, се поднесува, љубовта никогаш не пропаѓа“ (1Кор.13,4-8).

--

Не треба да се обрнува внимание на зборовите на горделивите, туку на нивната (на зборовите) сила. Често се случува зборот кој, како што се чини е груб, да не е изговорен поради грубоста на срцето, туку така, по навика. Што би се случувало кога сите луѓе на нашите зборови би обрнувале срого, критичко внимание, без христијанска љубов, без попустливост и љубов која се покрива, која е кротка и трпелива? Во тој случај би морале одамна да умреме.

--

Колку си Ти добар, Господи мој, и колку си ни близок - толку близок што секогаш можеме да беседиме со Тебе и со тебе да се утешуваме, со Тебе да дишеме и со Тебе да се просветуваме, во Тебе да имаме мир и во Тебе да ја задобиеме ширината на срцето. Господи, научи ме на искрена љубов кон Тебе и кон мојот ближен, за да бидам секогаш со Тебе и секогаш во тебе да го имам мирот! Господи, не дозволувај ми ни во еден момент да правам прељубодејствие, со намразениот и сезлобниот непријател ѓаволот, ниту со злобата, ниту со гордоста, ниту со зависта, ниту со скржавоста, ниту со користољубието, ниту со стомакоугодувањето, ниту со блудните помисли, ниту со хулење, ниту со здодевноста, ниту со лагите, ниту со било што грешно! Секогаш и целосно нека бидам само Твој!

Свети Јован Кронштадски