Свети Јован Кроштадски (pdf)

 

Свети Јован Кронштадски

„Но и уште сега вели Господ: обратете се кон Мене од се срце со пост, плач и ридање. " [Јоил2,12]

„ Зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби својот живот заради Мене, ќе го најде " (Мт. 16, 25), т.е. кој ќе посака да го спаси својот стар, изветвен, телесен, грешен човек, тој ќе го загуби својот живот, бидејќи вистинскиот живот се состои во тоа да го распнеш и да го умртвиш својот стар човек и неговите дела и да се облечеш во нов, направен според образот на Својот Создател. „Не лажете се еден со друг, зашто веќе го соблековте стариот човек заедно со неговите дела, и се облековте во новиот, кој се обновува во познанието, според образот на својот Создател “ (Кол. 3, 9-10). Без умртвување на стариот, телесен човек, нема вистински живот, нема вечно блаженство. Колку посилно и помачно е умртвувањето, толку посовршена е обновата и преродбата, толку поголемо е очистувањето, толку посовршен е неговиот живот и неговото блаженство во идниот век. Умртвувај се себеси и ќе оживееш! Ах! Самиот чувствувам: кога сум потполно здрав и не работам, т.е. не се изморувам од физичка работа, тогаш умира мојот дух и Царството Божјо го нема во мене... со мене владее телото, а преку телото ѓаволот. Постот му е неопходен на христијанинот, бидејќи го избиструва умот и ја поттикнува волјата кон добри дела, ги буди и ги развива чувствата... Овие способности самите ние ги замаглуваме и ги потиснуваме најмногу со „прејадување, пијанство и грижа за овој свет“ (Лк. 21, 34). Така отпаѓаме од Изворот на животот Бога и пропаѓаме во гнилост и суета, го извртуваме и го осквернуваме Божјиот образ во себе.

Прејадувањето и сластољубието не држат приковани за земјата, т.е и ги сечат крилјата на душата. А гледате каков висок лет имале испосниците и воздржливите како орли летале на небото! Иако биле родени на земјата, со умот и со срцето живееле на небото: таму слушале неискажливи зборови и ја научиле божествената премудрост. Колку многу се понижува човекот кога јаде и пие прекумерно и кога се опива! Ја валка, ја изопачува својата природа создадена според Божјиот образ и станува како бесловесно животно (кое не знае да зборува), па дури и полошо од тоа. 0, тешко нам поради нашата пристрасност, поради нашите лоши навики!

Тие не спречуваат во намерата да го сакаме Бога и ближните и да ги исполнуваме Божјите заповеди, го вкоренуваат во нас човечкиот егоизам, а тој не води право кон вечната гибел. Пијаницата поради телесното задоволство, односно за да се напие не ги жали своите пари, а кога треба да му подаде на некој сиромашен човек се скржави и за еден денар; оној кој пуши цигари гори десетици и стотици денари, а не му е мило на бедните да им подаде ни неколку денари (кои би можеле да му ја спасат душата); оние кои обожаваат да се облекуваат во најнова облека или ја следат во секој чекор модата, за облека фрлаат многу пари, а сиромашните ги одминуваат со презир и со ладно срце; оние пак, што сакаат да се најадат добро, за добар оброк не жалат ни десетици ни стотици денари, а ако треба да дадат на сиромашните и денарот го жалат.

Христијанинот треба да пости, затоа што со отелотворувањето на Божјиот Син човечката природа е одуховена, обожена, а ние сме насочени кон Небесното Царство кое „не е јадење или пиење, туку правдедност и мир и радост во Светиот Дух“ (Рим. 14, 17) „Храната е за стомакот, а стомакот за храната; но Бог и него и неа ќе ги уништи“ (1 Кор. 6, 13). Јадењето и пиењето, односно пристрасноста кон похотата е карактеристично за паганството, кое поради тоа што не ги познава духовните, небесни наслади, целиот свој живот го вложува во тоа да му угоди на стомакот и да ужива во изобилие од храна и пиење. Затоа и во Евангелието Господ многу често ја разобличува оваа погубна страст. Дали е сепак разумно човекот постојано да живее во смрдеата и гасовите на стомакот, кои се создаваат внатре поради движењето на мускулите и преработувањето на храната? Зар не прилега на подвижна кујна или на подвижен оџак човекот кој постојано пуши? Какво задоволство има во тоа постојано да живееш во смрдеа и дим? На што ќе личат Нашите домови во тој случај? Зошто да го загадуваме воздухот со смрдеа и потоа да го вдишуваме, и пред се, зошто да ја фрламе нашата душа во мрак и да ја потискаме? Зошто да ги убиваме Нејзините духовни сили?

Колку повеќе човекот им угодува на своите чувства, дотолку станува телесен и го одалечува од себе Пресветиог Божји Дух, Кој не може да живее во луѓето кои водат телесен живот: „Што заедничко има меѓу светлината и темнината? " (2 Кор. 6, 14) Многумина се наоѓаат во таа состојба достојна за солзи и жалење: не разбираат дека го немаат Божјиот Дух во себе, исто како оние Што се раѓаат слепи: тие не ја чувствуваат големата загуба, бидејќи никогаш не ја виделе светлината. Таквите луѓе немаат вера и љубов во своето срце, нивната молитва е без дух и тие бегаат од општењето со Црквата. Боже мој! Колку многу опасности крие животот. Јас станувам најголемиот ѓавол на самиот себеси, кога го задоволувам своето тело со вишокот (со повеќе отколку што ми е потребно).

Ако лакомо јадеш и многу пиеш ќе бидеш тело, а ако постиш и се молиш ќе бидеш дух! „И не опивајте се со вино, во него има разврат, но исполнувајте се со Дух “ (Ефес. 5, 18). Пости и моли се и ќе направиш големи дела. Ситиот не е способен за големо дело. Имај проста вера и ќе извршиш големи дела: „ се е можно за оној што верува“ (Мк. 9, 23). Види грижлив и ревносен и ќе направиш големи дела.

Постот е добар учител, бидејќи: 1. дава можност веднаш да се согледа (од секој што пости) дека на човекот всушност му е потребно многу малку храна и пиење, и дека ние сме лакоми - јадеме и пиеме многу повеќе отколку што ни е потребно, т.е отколку што и е потребно на нашата природа; 2. постот ги разоткрива сите слабости на нашата душа, сите недостатоци, гревови и страсти, исто како кога матната вода се смирува: тогаш може да се видат сите гадинки и сета нечистотија во неа; 3. тој ни посочува колку е неопходно од се срце да се приклониме кон Бога и од Него да бараме милост, помош и спасение; 4. постот ги открива сите итрини, сето лукавство и целата злоба на телесните духови за кои цело време работиме, но не сме свесни. И сега, кога сме озарени од светлината на Божјата благодат, нивните лукавства јасно се гледаат и тие злобно ни се спротивставуваат, бидејќи сме ги оставиле нивните патишта.

Оној кој го отфрла постот заборава од што произлегло прогонувањето на првите луѓе (од невоздржливоста) и какво оружје против гревот и против непријателот ни дал Спасителот, кога бил искушуван во пустината (кога постел четириесет дена и четириесет ноќи). Оној кој го отфрла постот, не знае или не сака да знае дека човекот најчесто отпаѓа од Бога поради невоздржливоста, како што се случило со жителите на Содом и Гомор, па и со современиците на Ное, бидејќи од невоздржливоста произлегува секој грев во луѓето. Оној кој го отфрла постот, го отфрла од себеси оружјето за борба против наклонетото кон страст тело и против ѓаволот, кои со помош на нашата невоздржливост собираат сили против нас. Таквиот човек не е Христов војник, бидејќи го фрла оружјето и доброволно се предава во рацете на своето тело кое го љуби гревот. Тој човек на крајот останува слеп, па не е способен да ги види врските меѓу причините и последиците од неговите дела.

Велат: не е страшно да се блажи за време на постот и дека постот не е во храната; и дека не е страшно да се носи скапа, убава облека, да се оди на театар и на вечерно излегување, на маскенбал, да се собираат прекрасни, скапи садови, да се купуваат мебел и брзи коњи, (или автомобили, заб. прев.) да се ужива во отмено друштво, да се собираат и да се трупаат пари и сл. Па тогаш, поради што се одвраќа срцето од Бога Изворот на животот? Зошто го губиме вечниот живот? Зарем не поради угодувањето на стомакот, поради скапата облека (како богаташот од Евангелието), поради театрите, кафеаните и маскенбалите? Поради што се однесуваме бездушно кон сиромашните, па дури и кон своите роднини? Зарем не поради нашата пристрасност кон сластите, односно поради угодувањето на стомакот, поради купувањето скапа облека и мебел, поради елитното друштво и парите итн. Дали е можно „да им служите на Бога и на Мамон “ ( Мт. 6, 24), да му бидете пријатели и на светот и на Бога, да работите и за Христа и за ѓаволот? Не е можно! Поради што беа прогонети Адам и Ева од Рајот и паднаа во грев и смрт? Поради јадењето, нели? Размислете добро, зошто не се трудиме и не се залагаме за спасението на душата, која толку многу му значи на Божјиот син? Поради што се полниме со гревови, поради што Му се противиме на Бога и живееме во суета? Зарем не поради страста кон земните работи, а особено кон земните наслади? Поради што се огрубува нашето срце? Поради што стануваме тело, а не дух? И кога ја извртуваме нашата морална природа, не е ли тоа поради пристрасноста кон храната, кон пиењето и кон другите земни блага? И како потоа да кажеме дека не е страшно блажењето за време на постот? Дури и самото мислење, и самото изговарање на овие зборови е гордост и непослушание, лекомисленост и непокорност Кон Бога и оддалечување од Него.

Човекот многу му значи на Бога и затоа целиот свет му се Покорува. Самиот Син Божји слезе од небото на земјата за да го спаси од вечните маки и да го помири со Бога. Сите плодови и разновидното животинско месо му се дадени како храна, Дадени Му се и најразлични пијалоци за да се наспадува, но не за да биде пристрастен кон нив. Христијанинот ужива големи наслади, духовни, божествени; а телесните наслади треба секогаш да им бидат потчинети на духовните, да бидат умерени или пак сосема да се пресечат, особено кога им пречат на духовните. Значи, храната и пиењето му се забранети на човекот не за да се натажи, не за да му биде ограничена слободата, како што зборуваат во светот, туку за да му биде на тој начин доставена вистинската наслада, онаа сигурната и вечната. И затоа се забрануваат мрсната храна и виното (за време на постот), токму затоа што човекот толку многу му значи на Бога и за да не го приврзе срцето свое наместо кон Бога, кон телесното, пропадливото, кое е недостојно за него. А оној што е повреден од гревот, многу лесно се приклонува кон земните задоволства, заборавајќи притоа дека вистинската негова наслада, вистинскиот негов живот е вечниот Бог, а не пријатното уживање на телото.

Коренот на секое зло е во самољубивото срце, односно во самосожалувањето и самопоштедувањето. Од самољубието или од прекумерната љубов кон самиот себе произлегуваат сите страсти: рамнодушност, бесчувствителност и бездушнот кон Бога и кон ближните, зло, нетрпение и агресивност, силна омраза, љубомора, лакомство, очајание, гордост, сомнеж, неверство, алчност кон храната и пиењето, т.е. угодување на стомакот, љубов кон земните задоволства, суета, мрзливост, лицемерие. Не жали се себеси за ништо, туку напротив, распни се себеси, распни го својот стар човек, вгнезден во телото и ќе ги отсечеш сите страсти од себе. Трпи се што му е непријатно на телото и не жали го; оди против него И ќе станеш вистински Христов наследник. Во тоа се состои сета Животна мудрост на христијанинот: благоразумно да му пркоси на своето тело во се, бидејќи светиот апостол вели: „Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто. “ (Рим. 7, 18)

Преку презаситувањето и пијанствого, бестелесниот непријател влегува во срцето на човекот (секој што е повнимагелен може да го почувствува). Токму тоа е причината поради која со зголемување на дозите и со зачестување на пиењето, расте и наклонетоста кон опивањето, т.е. се зголемува силата на ѓаволот над човекот, па кај пијаниците се забележува една сила, која против нивна волја ги влече кон задоволување на страста, тој нивни внатрешен порив за вино: ѓаволот е влезен во срцата на тие несреќници. Со што се прогонува демонот на пијанството? Се прогонува со молитва и пост. Ѓаволот влегува во луѓето поради тоа што тие се оддаваат на телесниот начин на живот и стомакоугодувањето, и што не се молат. Нормално е тогаш дека ѓаволот може да излезе од нив од спротивни причини: Од пост и молитва.

О, колку е страшно да се прејадуваме и да се опиваме, и јадењето и пиењето да се употребуваат за задоволство! Ситата утроба ја губи верата и стравот Божји, па станува бесчувствителна за молитва и благодарење и славословење на Бога. Сито срце се одвраќа од Бога, станува скаменето и бесчувствително. Еве зошто Спасителот грижливо не штити од прејадувањето и препивањето, за да „ не ве затекне оној ден ненадејно “ (Лк. 21, 34)поради гневот на Господ врз нас, бидејќи лекомислено и напразно го минуваме времето во јадење и пиење.

Совршеното угодување на Бога се состои во тоа, заради Него да бидеме совршено непристрасни и кон своето тело. На пример, ако за време на молитвата, и покрај мрзливоста и желбата за спиење, не се предаваме, тогаш сме непристрасни кон телото. Совршена непристрасност имале мачениците и подвижниците (Христови).

Кога ќе почувствуваш дека поради пристрасност кон нешто земно, световно, исчезнува мирот од срцето, а наместо него дишат агресивноста и злобата, веднаш застани на стража и не дозволувај срцето да ти се исполни со ѓаволски оган. Моли се со срдечна молитва и со Божјата сила закрепн го своето страсно и нетрпеливо срце. Биди цврсто уверен дека злобата во твоето срце е дело на ѓаволот; а преку ситиот стомак, ѓаволот лесно и силно го напаѓа срцето. Тоа го зборува искуството.

Не верувај му на телото кога за време на молитвата те заплашува дека нема да можеш да ја издржиш: знај дека те лаже! Ке застанеш да се молиш и ќе видиш дека тоа се претворило во твој покорен роб; Молитвата и него го оживува. Запомни засекогаш дека телото е лажливо.

Почни да ги исполнуваш заповедите, кои се однесуваат на малото, па ќе ги исполниш и заповедите кои се однесуваат на големото. Малото секогаш води кон големото! Почни да ја исполнуваш макар заповедта за постење во среда и петок, или пак, десеттата заповед која се однесува на лошите помисли и желби, и ќе ги исполниш сите заповеди, бидејќи „верниот во малку и во многу е верен“ (Лк. 16, 10).

Кога се храниш преобилно, стануваш телесен човек без дух, или со други зборови, стануваш бездушно тело; а кога постиш, го привлекуваш Светиот Дух кон себе и стануваш духовен. Земи едно памукче и набљудувај го: кога е суво, тоа е лесно, и ако парченцето е мало, лесно се крева во воздухот; а кога е мокро, тоа е тешко и веднаш паѓа на земјата. Така е и со душата. О, колку е потребно со пост да внимаваме на душата!

Вештеството (материјата) на овој свет е ништо, насекаде и во се е Божјиот Дух, животворен, поголем од се друго. Кога Му се молиш на Бога, замисли си дека материјалното не постои и суштествата ги нема; дека постои само Бог, Кој е насекаде, Единствен, и за Кого не постои место кое Он не Г о исполнува, бидејќи Он се гради и на се внимава. Ако станеш непристрастен кон материјалното и се вежбаш во постот и молитвата (а во тебе ти се чини, духот ќе го голтне телото), ќе станеш духовен и насекаде во природата ќе Го здогледуваш Бога Духот. И обратно оние кои се пристрасни кон земното, особено кон храната, кон пиењето и кон парите „ тие се телесни и немаат дух. “ (Јуда. 1, 19); тие во се го гледаат само телесното, не го гледаат духот и дури ја отфрлаат духовната страна на нештата.

Да се каеш, значи да ги чувствуваш во срцето лагата, безумието и вината на своите гревови; значи да станеш свесен дека си го натажил својот Творец, својот Господ Отец и Благодетел, Кој е бескрајно свет и Кој бескрајно се згнасил од гревот; значи да сакаш со целата душа да се поправиш и да ги избришеш гревовите.

Не брзај кон јадењето и пиењето, туку побрзај кон Божјото дело, и кога го извршуваш не мисли на нив. Постојано помни пред Кого си застанал, со Кого разговараш, Кого воспеваш. Целиот биди во Бога и на тој начин припаѓај Му целосно само Нему; моли се со радост во срцето; од се срце служи им на ближните како на себеси, и не дозволувај да има неслога во мислите и во срцето, Господи! помогни „ без тебе не можам да правам ништо. “ (Јн. 15, 5)

Зошто Господ ни додава ден по ден, година по година на нашиот живот? За да го отстраниме и постепено да го отфрлиме лукавството од нашите души (секој од својата) и да ја примиме блажената едноставност; да станеме како незлобиви јагненца, како простодушни новороденчиња; за да научиме да немаме пристрасност кон земните нешта, туку како простодушни деца кои искрено љубат да се припоиме кон единствениот Бог; да го возљубиме и ближниот како себеси: со сето срце, со сета душа и со сиот разум. Да побрзаме со срдечна молитва и со солзи да измолиме од Господа срдечна едноставност за себеси и плачејќи, на секој можен начин да се потрудиме да ги отфрлиме лукавствата од нашите души: злата сомнителност, радоста поради туѓата несреќа, злобата, гордоста, вообразеноста, самофалењето, презирот, нетрпението, унинието, омразата, очајот, преголема чувствителност, раздразливоста, плашливоста, малодушноста, љубомората, лакомството, презаситеност и стомакоугодувањето, блудот на мислите и на срцето и блуд на дело, среброљубието и страста за стекнување богатство, мрзливоста, непослушноста и целата листа на темните сили на гревот. „Господи! Без Тебе не можеме да направиме ништо! “ Ти Самиот благослови го ова дело и Самиот Ти дарувај ни победа над демоните и над страстите! Амин, нека биде!

Кога си гладен, не нафрлај се на храната, зашто ќе го оптовариш и срцето и телото. Јади бавно, полека, без лакомење, со размислување за Божјата слава. Помни го Бога Хранителот и пред се, Неговата бесмртна храна, Неговите Тело и Крв, и како Он Самиот Себеси, поради љубов, ни се дарува за храна и пиење; помни ги зборовите на Светото Евангелие.

Обрнете најголемо и најстрого внимание на тоа секојдневно дејство, т.е. на примањето храна и пиење, бидејќи од нив, од нивните квалитет и количина зависи и вашата духовна, семејна и општествена активност. „ Само пазете се: вашите срца да не бидат натежнати со прејадување и пијанство“(Лк. 21, 34), а и чајот и кафето исто така спаѓаат во пијанството, ако се употребуваат прекумерно и во несоодветно време. 0, тешко нам, кои се наситуваме сега и често небрежно гледаме на Божјите дарови! Господи! Како што Му е својствено на Првообразот да привлекува и да прима образи, да се вселува и да живее во нив, така и на оние кои се според Твојот образ создадени треба да им биде својствено со целата љубов, трудољубиво да се стремат кон Првообразот и да се прилепат кон Него. Но, ете, нашето лакомо и сладострасно тело, дебело и тромо, не одделува од Тебе. Потребен ни е пост и воздржување, а наклонети сме им на страстите. Зацврсти не во воздржувањето! Амин.

Свети Јован Кронштадски