17. Февруари (4. Февруари)
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ИСИДОР ПЕЛУСИОТ
Преподобниот Исидор беше Египќанец по раѓање; син на угледни и богољубиви родители; сродник на александриските патријарси: Теофил и свети Кирил. Откако ги проучи сите светски науки и добро се научи во божествената премудрост, тој се откажа од славата, богатството и угледниот род на овој свет, и сметајќи го сето тоа за ништожно се повлече во Пелусиотската Гора. Таму се замонаши и добро се подвизуваше за време на царувањето на Теодосиј Младиот, станувајќи совршен маж во доблестите. Потоа стана презвитер и ава; по својот начин на живот и мудроста тој беше славен и почитуван од сите. За него црковниот историчар Евагриј, го вели следното: „За време на царувањето на Теодосиј, Исидор Пелусиот беше почитуван насекаде. Поради неговите дела и списи, неговата слава се пронесе надалеку. Со своите трудови тој толку го измачи своето тело, така што за сите беше очигледно дека води ангелски живот на земјата“. И насекаде на сите им беше посочувано да се огледаат на него, како на жив пример на монашкиот живот и богомислие. Пишувал многу корисни работи.
За неговиот доблесен живот сведочи историчарот Никифор, велејќи вака:
„Божествениот Исидор уште од својата младост проли толку многу пот во манастирските трудови, и толку го умртви своето тело, загревајќи ја душата со таинствени и возвишени науки, така што на сите им беше очигледно дека тој навистина води ангелски живот. И стана жив и одухотворен столб на монашките правила и на божественото соѕерцание, и главен образец за сесрдно подражавање на духовната наука. Напиша многу разновидни поуки, околу десет илјади, посебни писма до разни лица, кои се полни со божествена благодат и човечка мудрост. Во нив преподобниот Исидор го објаснува Светото Писмо и ги исправува навиките на сите луѓе.
Преподобниот беше голем бранител на светиот Јован Златоуст, кога тој неправедно беше прогонет од својот престол. По тој повод, тој многу му пишуваше на архиепископот Александриски Теофил и на царот Аркадиј, и ги советуваше да престанат со таквиот зол потфат. Иако не успеа да ги запре, сепак ја изобличи нивната не добрина. По претставувањето на свети Јован Златоуст, преподобниот преку своите писма успеа да го убеди свети Кирил Александриски, кој го наследи Теофил, во црковниот поменик да го внесе името на свети Јован Златоуст, како свет и беспрекорен исповедник кој за вистинита претрпе многу зла од лоши луѓе.
Му пишуваше и на царот Теодосиј, препорачувајќи му да се грижи за црковниот мир и го поттикна да го свика Третиот Вселенски Собор во Ефес, во 431 година, против злочестивите еретици на чело со еретикот Несториј. Преподобниот беше ревносен поборник на светата вера и силен противник на еретиците, готов и да пострада за вистинската вера, како што се гледа од неговите зборови. Зашто, пишувајќи му на некој богохулник Терасиј, тој вели: „Те прашувам тебе, кој спрема нас се покажуваш како зол и свиреп судија: Кога би те одредил царот да одиш за да го чуваш и браниш градот на градските бедеми, а ти гледаш дека непријателот се наближува и ги руши бедемите за да влезе во градот, зарем со своите војски не би го нападнал за да го спречиш? Сигурно ти би го сторил тоа за да се зачуваш и себе си и градот од непријателот и за да му ја покажеш на царот својата верност и сесрдна послушност. Така и ние, кои Бог нѐ поставува во својата Црква за учители, зарем не треба јуначки да му се спротивставиме на Ариј, кој не само што завојува против побожното Христово стадо, туку и многумина уби? Од таа причина јас не се плашам од никаква опасност, и го сакам само ова: да поднесам маки за правоверието“.
Од овие зборови јасно се гледа неговата ревност за верата. Но и останатите негови доблести можат јасно да се видат од неговите списи. Девственоста, чиј ревносен чувар бил, ја фали повеќе од сите други доблести, нарекувајќи ја царица која секој треба да ја почитува. Но, не го понижува чесниот брак. Во своето писмо до Антониј Схоластик, вели: „Оние кои ја чуваат девственоста се слични на сонцето; оние кои непорочно го поминуваат вдовството се слични на месечината; оние пак, коишто чесно живеат во бракот се слични на ѕвездите“. Ова го вели следејќи го свети Павле, кој вели: „Еден е блесокот на сонцето, друг е блесокот на месечината, инаков е пак на ѕвездите; па и ѕвезда од ѕвезда по блесокот се разликува“ ( 1 Кор. 15, 41).
Преподобниот ги поучуваше сите; на философите кои работат на световната мудрост им советуваше дека е подобро да се поучуваат во добродетелниот живот, отколку во красноречивото проповедање. Во писмото до некој монах, Патрим, преподобниот Исидор вели: „Слушам за тебе дека си украсен со доброумие и природен дар, и дека сесрдно ја изучуваш реториката, за подобро да зборуваш. Но, патот на духовниот живот поуспешно се гради со творење на добри дела, отколку со красноречивост. Затоа, ако сакаш да добиеш бесмртна награда, малку труди се околу красноречивоста, а погрижи се сесрдно да вршиш добри дела“, Слично му пишува и на епископот Аполониј: „Не доликува и не треба насилно да се привлекуваат луѓето кон верата ако тие се противат на тоа, зашто се суштества создадени со слободна волја. Затоа труди се оние што се во темнина да ги просветиш со добри совети, и со твојот добар живот и карактер“.
Овој светител учи и дека доблесниот човек не треба да се гордее поради своите добри дела, туку смерно да мисли за себе. Тој вели: „Кој твори добродетели, има светол венец. Кој стекнал многу добродетели, но сепак мисли дека малку сторил, тој поради смирението ќе добие најсветол венец. Оној пак, кој творејќи нешто доблесно мисли дека малку направил, заслужува не помала пофалба од оние кои ги стекнале сите добродетели. Или поточно речено: Кој смерно мисли за себе, во него доблестите стануваат пресветли. А оној, кој не мисли смирено за себе, во него и светлите доблести се помрачуваат и намалуваат“.
Поучувајќи ги другите, преподобниот Исидор најпрвин самиот го правеше она на што ги учеше другите. Во тоа се огледал на Господа, Кој првин творел, па потоа учел. И поради своите добри дела не се гордеел туку смирено умувал. Тој сите нас нѐ поучува на целомудрен живот: не само да го чуваме своето тело од телесниот гревопад, туку и душата да ја сочуваме целосна од нечистите помисли. Така поучувајќи, преподобниот отец Исидор достигна длабока старост, и угодувајќи му на Бога до крај, се упокои во мир околу 436 година.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НИКОЛАЈ СТУДИТ
Преподобниот отец Николај се роди на островот Крит, во селото Кидонија, од побожни родители христијани. Уште како мало дете го дадоа да го изучува Светото Писмо, и во својата десетта година тој веќе беше навикнат на Светите Книги. Тогаш го испратија во Цариград, кај неговиот вујко, блажениот монах Теофан, кој монахуваше во Студискиот манастир. Вујкото го прими со љубов и го приведе кај игуменот на манастирот, преподобниот Теодор Студит. Провидувајќи со Духот дека оваа момче ќе биде прекрасен сад Божји, блажениот Теодор го благослови и му нареди да живее со другите деца во посебниот дом, кој се наоѓаше надвор од манастирската ограда и беше подигнат за школување на децата. Покасно, кога Николај потпорасна и игуменот виде дека е паметен, кроток, и смирен, го зеде во манастирот и го замонаши. По неколку години прими и свештенички чин поради својот доблесен живот.
Додека блажениот Николај водеше богоугоден живот во ова братство, кај него дојде неговиот роден брат Тит и со солзи му раскажа како безбожните сарацени го нападнале островот Крит, ги заробиле нивните родители и ги одвеле ва нивната земја. А тој, иако му беше многу тешко на душата за своите родители, го советуваше брата си да не тагува поради тоа, говорејќи му: „Така сакал Бог, зашто без Негова волја ни влакно од главата не паѓа. Тој знае што им е од корист на луѓето. Затоа Нему да Му ја повериме својата тага и промислувањето за нашите родители. Ние, пак, треба да се грижиме за себе: да не нѐ заробат нашите телесни желби и соблазните на овој свет, и раката на невидливите непријатели да не нѐ одведе во земјата на темнината и вечниот мрак“. Така советувајќи го својот брат, Николај го трогна неговото срце и Тит стана добар монах.
Во тоа време Црквата Христова ја управуваа добри пастири во мир и спокојство. Но, по допуштање Божјо, престолот на благочестивиот цар Михаил Ранкав го зазеде злобниот цар Лав Ерменин, на многу лукав и нечесен начин. Тој беше многу зол иконоборец. Лав најпрвин беше патрициј и вешто му го одзеде престолот на Михаил, на следниот начин:
Избувна војна меѓу Грците и Бугарите. Царот Михаил го постави Лав за војвода над источната војска, не знаејќи дека тој со лага сака да му го земе престолот. И кога ромејците стапија во борба со Бугарите, и Бугарите се подготвуваа за повлекување, Лав Ерменин со заверениците, кои претходно ги беше поткупил, ѝ даде знак на војската и таа ненадејно почна да бега, иако никој не ја гонеше. А Бугарите, гледајќи дека ромејците бегаат, првин не се осмелија да ги гонат, зашто се плашеа да не е тоа некаква стапица. Но кога видоа дека нивното бегање е безобѕирно, тие јурнаа по нив и испоубија многу ромеи. И така царот Михаил се врати победен... А ова ненадејно бегање на војската Лав го изведе така лукаво и вешто, за народот и војската да го намразат царот како страшливец и кукавица. Така и се случи. Кога царот Михаил се врати во Цариград, Лав со војската остана во Витинија да ја чува границата. И веднаш пушти глас насекаде дека божем од царевиот кукавичлак и незнаење ја изгубиле славата и јунаштвото и биле победени од Бугарите. На тој начин тој ја крена целата војска против царот, а и самиот јавно се крена против својот добротвор. И во Витинија беше прогласен за цар од целата војска. Гласот за тоа бргу стигна до царот Михаил. И многумина го наговараа благочестивиот цар да го нападне Лав и да не му дозволи да царува, но тој им одговори: „Подобро е да го изгубам не само престолот туку и животот, отколку да дозволам заради мене да се пролее и една капка христијанска крв во меѓусебна борба“. И веднаш, тајно, на Лав му ја испрати својата царска круна, и порфирот, и царските обувки, и му порача: Ете, ти го отстапувам престолот; дојди слободно во Цариград и заземи го. Откако го направи тоа, Михаил веднаш се замонаши, а заедно со него и неговата сопруга.
А пак злобниот Лав, многу свечено влезе во Цариград и го зазеде престолот на ромејското царство. Својот добротвор Михаил веднаш го испрати во прогонство на некој остров, а неговите два сина Теофилакт и Игнатиј нареди да ги кастрираат. По извесно време овој злочестив цар се крена и против самиот Бог Христос и неговата света Црква: свика неправеден собир против светите икони и ги исфрли од храмовите Божји. Пресветиот патријарх Никифор Исповедник, благочестивите архиереи, архимандритите и сите боговдахновени отци му се спротивставија на царот и го советуваа да не ја огорчува и потресува Црквата Христова со таква ерес. Но тој, бедникот, срамно ги избрка сите од дворот и ги испрати на заточение во разни покраини. Тогаш и светиот Теодор Студит, кој јуначки му се противеше на царот заедно со својот ученик, блажениот Николај Студит, беше испратен на заточение во околината на Аполониадското Езеро, во градот Мезоп. Таму тие поминаа цела година, затворени во темница.
Кога царот дозна дека тие таму ги советуваат и ги поучуваат луѓето да им се поклонуваат на светите икони, тој ги протера од таму и ги испрати далеку на исток во местото Вонит, мало гратче во Мала Азија. И таму ги затвори во глува самица, да не им доаѓа никој и да не можат да зборуват со никого. Но добрите исповедници започнаа од темницата да им пишуваат посланија на верните, поучувајќи ги и изградувајќи ја разоруваната вистинска вера. Кога дозна за тоа, царот испрати кај нив еден бездушен војник по име Анастасиј, кој страшно ги мачеше и пак ги затвори во темницата и им ја соѕида вратата. Нареди да ги измачуваат со глад и жед, и си замина. А кој би можел да ги искаже маките, неволјите и гладот на овие блажени маченици, и сите нивни страдања, што ги поднеле во темницата цели три години. Понекогаш им носеа вода и храна дури по седум дена, и тоа им даваа сосем малку вода, пропратено со пцости и навреди.
Уште не беа сосема залечени раните по нивните тела кога повторно пристигна пратеник од царот за да ги измачува. Бидејќи некој од зловерните му достави на царот едно нивно послание на православните, напишано од блажениот Николај. Во тоа послание се изобличува безбожноста на царот, неговата заблуда и душепогубниот отров на иконоборната ерес и им упатува на верните прекрасна и корисна поука за верата. Кога го прочита ова послание, злочестивиот цар толку се разбесни, што почна да рика како ѕвер. Веднаш беше решил да испрати еден опок мачител заедно со тоа послание, па ако е нивно да ги тепа сѐ додека не издивнат. Мачителот, штом дојде, ги извади од темницата, им го покажа посланието и ги праша дали е нивно. А тие не сокрија ништо, туку изјавија дека преподобниот Теодор диктирал, а блажениот Николај пишувал. На тоа пратеникот се разгневи и започна страшно да ги измачува, прво Николај, а потоа Теодор. И ги остави полумртви, а нивните тела беа покриени со страшни и длабоки рани и кожата им висеше по телото како кошула. Потоа мачителот пак ги фрли во темницата, им го соѕида влезот, и се врати кај царот.
Кога ги видоа таквите нивни страдања, стражарите се сожалија на нив и им донесоа топла вода и масло и тие си ги премачкуваа раните еден на друг. А кожата која висеше и не можеше да зарасне, ја отсекоа со ножица. И така страдаа деведесет дена, и уште незаздравени, злочестивиот цар нареди да ги одведат во околината на Смирна. И таму повторно ги мачеа и ги фрлија во темница, во која поминаа дваесет месеци во тешки маки и неволји.
И ги услиша Господ Бог слугите Свои кои му се молеа и дење и ноќе, и би волјата Негова, та злочестивиот цар Лав го убија неговите војници во црквата. По него, престолот на ромејското царство го зазеде Михаил Травлос. Тој иако самиот беше зловерен, не ги гонеше правоверните, туку допушти секој да верува како сака. И нареди да бидат пуштени сите кои што беа во темниците и испратени на заточение. Тогаш беа пуштени од заточение и блажениот Николај со великиот Теодор. Откако беа ослободени, тие дојдоа во Халкидон и го посетија патријархот Никифор, кој беше тука во заточение. Преблажениот Никифор им се израдува многу, и кога ги виде страдалничките рани по нивните тела, ги почитуваше како свети маченици. Тие заедно со него дојдоа во Цариград и го советуваа царот да ја прими православната вера, и да им се поклони на светите икони. Поради својата грубост, тој не ги послуша и не сакаче да им се поклони на светите икони, но и не им бранеше на другите да го прават тоа. Потоа заминаа на островот Херонис и живееја некое време при црквата на светиот маченик Трифун, и тука великиот Теодор Студит му се претстави на Господа. Блажениот Николај не го напушти гробот на својот духовен отец туку остана крај него, поминувајќи го животот во многубројни монашки подвизи.
Откако се упокои царот Михаил, на престолот дојде неговиот син Теофил. Тој повторно го покрена гонењето на православните, па од страна на иконоборците беа измачувани сите што ги почитуваа и им се поклонуваа на светите икони. Во тоа време луто пострадаа и двајцата браќа по тело и по дух: преподобните отци Теодор и Теофан Начертани. Тогаш, и блажениот Николај го напушти гробот на својот духовен отец и одеше од место до место, сѐ додека не умре царот Теофил иконоборецот. По неговата смрт на престолот дојде неговата жена, благочестивата царица Теодора со својот четиригодишен син Михаил. И повторно зацарува мирот во Црквата Христова, а во Цариград патријарх беше свети Методиј.
Во тоа време, во Студитското братство дојде и блажениот Николај. И по претставувањето на преподобниот Навкратиј Исповедник, беше поставен за игумен, за време на патријархот Игнатиј. Три години беше игумен на манастирот, и потоа игуменството му го предаде на блажениот Софрониј, а тој се повлече на безмолвно место, и го минуваше животот во молчание. Но по четири години почина блажениот Софрониј и браќата дојдоа да го молат да се врати и да им биде игумен.
Така преподобниот повторно неколку години беше игумен на манастирот. Откако потпорасна царот Михаил, тој многу се расипа, и ја избрка од царскиот дворец својата мајка, блажената Теодора, и по совет на нејзиниот брат, а негов вујко Варда, ја натера да се замонаши во еден женски манастир. Царот Михаил тогаш го зеде кај себе Варда за свој соцар. Тогаш настана бунт и соблазна меѓу народот поради тоа што царот се крена против својата мајка и ја избрка од дворот, и затоа што Варда ја избрка својата законска жена и ја оскверни постелата на својот син, бидејќи му ја презеде неговата жена. Пресветиот патријарх Игнатиј постојано ги советуваше царевите да го остават патот на развратот, но кога еден ден Варда сакаше да се причести, а патријархот го одби поради неговиот развратен живот, тој бесен од злоба го поттикна царот Михаил против него и го симна од престолот, а на негово место го постави свети Фотиј.
Гледајќи ги таквите нереди, блажениот Николај го остави својот манастир, го зеде со себе својот брат и отиде на еден манастирски имот каде остана да живее во безмолвие и молитвено молчание, не сакајќи ни да слушне за беззаконијата што ги вршат царевите. Но, не остана долго; беше протеран оттаму. Тоа се случи на следниот начин:
Во една прилика царевите патуваа со кораб и кога поминуваа покрај местото каде што живееше светиот, тие свратија кај него, знаејќи дека е добродетелен и од сите славен. А нивна желба беше со ласкање да го придобијат, за и тој да се согласи и да го потврди прогонството на патријархот и прељубниот брак на Варда. Но блажениот, не само што не сакаше ни да ги слуша што зборуваат, туку и им прорече дека ако не се покајат и не го променат својот развратен живот полн со зли дела, и двајцата ќе загинат со зла смрт, што покасно навистина и се случило. Кога го слушнаа тоа, злите цареви се разлутија и го протераа и оттаму. А во обителта на Студитскиот манастир наредија да се назначи друг игумен.
Блажениот Николај одеше од место до место, мачејќи се во својата старост. Потоа, по наредба на беззаконите цареви беше фатен, и донесен врзан, во својот манастир и ставен во темница. Две години помина светиот во темницата, сѐ до смртта на царевите Михаил и Варда, врз кои се исполни неговото пророштво. Зашто тие, одејќи со војската кон Крит против сарацените, по патот се скарале и несреќниот цар Варда бил расечен на половина од слугите на Михаил. А царот Михаил веднаш се вратил во Цариград, но и тој исто така бил заклан од своите домашни во дворецот.
По него на престолот дојде Василиј Македонец. Тој повторно го врати на престолот блажениот патријарх Игнатиј, и преподобниот Николај беше пуштен од темницата. Царот Василиј го повика кај себе преподобниот и го замоли повторно да управува со Студитскиот манастир. По упорните молби на царот, тој иако не сакаше поради својата старост, сепак се согласи. Царот посебно го почитуваше блажениот Николај и често го повикуваше кај себе на разговор и поуки.
На својот угодник, блажениот Николај, Бог му го подари дарот да исцелува разни болести кај луѓето. Така, жената на христољубивиот цар Василиј, Евдокија, тешко се разболе и лекарите не можеа да ѝ помогнат. Чекајќи ја својата смрт, таа во сон го виде стариот црноризец во голема слава, како ѝ вели: „Надевај се во Бога! Нема да умреш сега, бидејќи ќе добиеш исцеление и ќе бидеш здрава“. Штом се разбуди таа му го раскажа својот сон на царот и тој почна да ги повикува сите истакнати преподобни отци од сите цариградски манастири да ја посетат. Кога почнаа да доаѓаат преподобните отци кај царот, дојде и блажениот Николај, чие лице беше светло како лицето на Мојсеј. Штом го здогледа, царицата веднаш го препозна, стана, му се поклони, и во тој час потполно оздраве.
Потоа Елена, жената на патрицијот Мануил, се разболе од истата болест и беше пред умирање. Веќе ѝ подготвуваа погребна облека, но во тој час дојде преподобниот Николај, ѝ го прекрсти целото тело и ја исцели од болеста, и таа веднаш стана од постелата потполно здрава. Се случи и самиот патрициј да падне тешко болен. Откако лекарите не можеа да му помогнат го повикаа свети Николај. Патрицијот го замоли да го облече во ангелски образ, но светителот му одговори: „Чедо, тоа нема да ти биде од корист, зашто Бог наскоро ќе те исцели и ти ќе имаш многу високи функции. А после тоа ќе те замонашам за да појдеш во оној свет со добри дела“. И се исполни пророштвото на светителот: Мануил набргу оздраве, беше на разни високи функции и кога му се приближи крајот се разболе. Тогаш преподобниот Николај го замонаши и тој отиде кај Господа.
На друг патрициј, по име Теофил Мелисен, кој со својата сопруга беа во голема тага зашто им умираа децата наскоро по нивното раѓање, им рече дека девојчето што го донеле кај него нема да умре. Тогаш од радост тие го молеа тој да им биде кум на детенцето. Блажениот го одби тоа, но ја стави раката врз главата на детенцето, Му се помоли на Бога за него, и му рече на патрицијот: „Вашата ќерка ќе биде жива и вие ќе доживеете да видите синови од нејзините синови“. И навистина се исполни неговото пророштво: девојчето порасна, се омажи и роди многу деца.
Кога се приближи неговиот блажен крај, тој се разболе. Тогаш се насобраа сите браќа околу неговата постела, а блажениот ги праша: „Сега, браќа, кажете ми што ви недостига?“ А тие зачудени од таквото прашање одговорија: „Жито“. Им рече светителот: „Бог, кој Го исхрани Израилот во пустината, нема да ве остави: во третиот ден по моето заминување Он ќе ви испрати пченица во изобилие“. И се упокои во мир на 4 февруари 868 година во својата седумдест и петта година, и беше чесно погребан.
Во третиот ден, според неговото пророштво, под манастирот доплови брод полн со жито, испратено од царот Василиј. Браќата го примија со радост, а отец Климент рече: „Ете, браќа, нашиот отец, преподобниот Николај, го исполни своето ветување, испраќајќи ни пченица во изобилие“.
Во манастирот имаше еден монах по име Антониј, кој долги години боледуваше од крвавење. Лекарите не можеа да му помогнат и беше на умирање. Тогаш игуменот му нареди да влезе во колибата на преподобниот отец Николај, и во неа да се упокои. Кога заспа Антониј во колибата, му се јави на сон преподобниот Николај, и го праша: „Од што боледуваш, чедо Антониј?“ И тој му кажа за својата болест. Тогаш преподобниот му рече: „Не плаши се, од сега ќе бидеш здрав!“ Антониј се разбуди, и веќе буден го виде преподобниот како излегува од колибата, и почувствува прекрасен мирис. Тогаш почувствува дека е излекуван од болеста и стана потполно здрав. Од тогаш поживеа четириесет години и не се разболе од никаква болест, благодарејќи на молитвите на преподобниот Николај. Со негово посредство пред Господа Христа да се избавиме и ние од сите болести, и душевни и телесни. Амин.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЈОСИФ
Овој благословен човек Јосиф беше од градот Халепија во Сирија. Некој турчин од пакост го наклевети како божем тој рекол дека ќе се потурчи. А кога тој не сакаше да го направи тоа, турците во силен бес го фатија и го одвлекоа кај судијата. Таму лажно сведочеа против него. Судијата му рече: „Ајде човеку потурчи се, и на тој начин избави се себе си од лажната вера, и пристапи ѝ на вистинската. Ако го направиш тоа ќе те земам кај себе и ќе те поставам за голем властодржец“. На тоа блажениот бестрашно и смело му одговори: „О, бедници и ништожници! Како може вашата вера да биде вистинита? Та вие го немате ни честитиот пост, ниту знаете кога ви е постот, туку се раководите според месечината. И вашиот пост се состои во прејадување; за време на Рамазан вие цела ноќ од зајдисонце па до утрото јадете и се прејадувате; а преку целиот ден спиете како мртви. Само одвреме навреме ги отварате очите за да видите дали сонцето е веќе зајдено, за повторно да се нафрлите да јадете и да пиете. Таа ваша вера е полна со басни и измислици! Вашиот бог јаде и пие! Вашиот рај се состои од уживање во јадењето и пиењето, и во другите наслади!“
Маченикот го изговори тоа и многу други работи, разголувајќи ја ништожноста на нивната вера, па замолчи. А агарјаните чкртаа со забите кон него. Судијата изрече пресуда: „Јосиф веднаш да биде погубен со меч“. Агарјаните веднаш го дофатија и со тепање го одведоа блажениот исповедник на губилиштето. Таму со меч му ја отсекоа светата глава. Така блажениот јунак Христов, Јосиф, во 1686 година се здоби со маченички венец од Господа Христа, на Кого нека Му е слава за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ БЛАГОВЕРЕН ВЕЛИКИ КНЕЗ ГЕОРГИЈ
Кнезот Георгиј е син на Всеволод Трети; се роди во 1189 и стапи на Владимирскиот великокнежевски престол, во 1212 година. Уште од својата младост се одликуваше со пламена љубов кон Бога и се трудеше да ги исполнува заповедите Божји, негувајќи во своето срце страв Божји. Секојдневно ги посетуваше богослужбите и како голем кнез многу работеше на утврдувањето на христијанската вера и просветата меѓу својот народ и иновериите соседни народи. Со таа цел го основа Нижни - новгород и во него подигна два велелепни храма, кои беа првобитни расадници на Православието во таа област. Од љубов и почит кон него, народот го нарекуваше татко и господар. Кога татарите со огромна сила влегоа во Русија, Георгиј со својата војска ги дочека на реката Сити. Но, надмоќните татари го зазедоа Владимир во 1238 година, го погубија семејството на Георгиј, убија многу народ и некои одведоа во ропство. Кога го известија за тоа, Георгиј се реши на одлучна битка. Во борбата на реката Сити, русите јуначки се бореа, но надмоќната воена сила татарска ја однесе победата и самиот велики кнез Георгиј загина среде своите војници на 4 март 1238 година.
Ростовскиот епископ Кирил, меѓу многубројните мртви тела на војниците го пронајде обезглавеното тело на Георгиј, препознавајќи го по кнезовската облека, го однесе во Ростов и го положи во храмот на Пресветата Богомајка. Во 1239 година неговиот брат Јарослав го пренесе неговото тело во Владимир и го положи во Успенската Соборна Црква. Чесните мошти на свети Георгиј беа откриени во 1645 година и положени во сребрен ковчег, изработен од патријархот Јосиф. Од неговите свети мошти се излеваат многубројни чудеса.
СПОМЕН НА ЕДЕН БОГОБОЈАЗЛИВ ПУСТИНИК
Во пустинската гора во околината на градот Антиноја во Египет се подвизуваше еден богобојазлив пустиник. Тој беше успешен во своите добродетели, и многумина добиваа духовна корист од неговите зборови и дела. Но, како и на сите доблесни луѓе, така и нему му позавиде непријателот на човечките души - ѓаволот, и во неговата душа стави помисла дека не треба другите да му служат, бидејќи е недостоен. И реши, не само тие да не му служат туку и тој никому да не служи. Ако пак не им служи на другите, тогаш заради себе си да стане, да отиде во градот, да ги продаде своите ракотворенија, да си купи што му е потребно и веднаш да ѝ се врати на својата осаменост, и така никому да не му биде на товар.
Тоа му го предложи соблазнителот, зашто му завидуваше на неговото безмолвие, молитвеното молчание, и доброто подвижништво кон Бога, и тоа што на многумина им беше од корист. Пустиникот ја послуша ова помисла како добра, не проникнувајќи ја во неа ѓаволската вешта замка. И овој познат и славен монах, на кого сите му се восхитуваа, започна да излегува од својата ќелија. И кога по долго време виде жена, тој, после долгиот разговор со неа, поради своето невнимание над себе, падна во грев со неа. Тогаш веднаш му стана јасно дека непријателот се израдува на неговиот пад.
Од тогаш почна да очајува затоа што го разжалости Светиот Дух, и Ангелите, и светите Отци, бидејќи многу свети Отци, живеејќи по градовите, го победиле непријателот. Силно дотолчен од својот пад и заборавајќи на исцелението од гревот, тој сакаше да се фрли во реката и да се удави. Но тогаш си дојде на себе, и почна да размислува дека ако си земе на себе најголем подвиг на покајание и самоизмачување ќе успее да ја измоли Божјата милост со солзи и ридање. Веднаш се врати во својата ќелија, и ја соѕида вратата, и започна да плаче над себе како над мртовец. И така плачеше, му се молеше на Бога и со пост и бдеење се измачуваше себеси, и многу го исуши своето тело. Но сепак, мислеше дека доволно не го покајал својот грев. Браќата кои често пати доаѓаа и тропаа на неговата врата заради поуки, тој ги враќаше и им одговараше дека не може да ги прими, бидејќи Му има дадено збор на Бога дека цела година така ќе се кае, и ги молеше и тие да се молат за него. Не знаеше старецот како да им одговори, а да не се расчуе за неговиот гревопад, за да не се соблазни некој, бидејќи тој беше многу ценет и почитуван. И помина цела година во постојано покајание, молитва и пост.
На Воскресение, тој си подготви ново кандило, го налеа со масло, го покри и во ноќта на Воскресението Христово застана на молитва, говорејќи: „Жалостив и милостив Господи, Ти сакаш народите да се спасат и да дојдат до спознание на вистината. Кон Тебе прибегнав, Спасителу на нашите души: смилувај се на мене кој многу Те разгневив, и направив многу работи на радост на ѓаволот! Но Ти, Господи, Кој ги милуваш и безбожните и немилостивите, и учиш да бидеме милостиви спрема ближните, смилувај се и сожали се на мене бедниот! Зашто ништо не е невозможно за Тебе! Направи милост, зашто си благ и милостив спрема своите створенија. Ти ќе ги оживееш и мртвите тела во денот на воскресението. Услиши ме, Господи, зашто исчезна мојот дух, овена мојата бедна душа и изнемоште моето тело, кое го осквернив, и не можам да живеам, бидејќи сум недостоен. Се дрзнав да прибегнам кон покајание и Те молам: прости ми го гревот заради покајанието: имам двократен грев: пад и очајание; но Ти, оживеј ме, Господи, и нареди му на Својот оган да го запали ова кандило, за на тој начин да дознам дека по Твоето преголемо милосрдие Си ми го простил гревот. И останатото време од својот живот, кое ќе ми го подариш, ќе го поминам во стравот Твој, држејќи ги Твоите заповеди. И ќе Ти служам многу посесрдно отколку порано.
Откако така долго се молеше со солзи, тој стана да види дали кандилото се запалило. И откривајќи го, виде дека не е запалено. Тогаш повторно падна со своето лице на земја и го молеше Господа, говорејќи: „Знам, Господи, дека требаше до крај да издржам во подвигот, но не стражарев на своите патишта и повлечен од телесното сладострастие се стркалав во маката на безбожникот. Поштеди ме, Господи, бидејќи еве, повторно пред сите Ангели и Праведници ѝ го исповедам на благоста Твоја својот казнив грев. А кога луѓето не би се соблазниле, јас пред целиот свет би го исповедал својот грев. Смилувај се на мене, Господи, којшто Ти се исповедам, за и други да поучам! О, Господи, оживеј ме!“
Откако трипати така се помоли, беше услишан; и кога стана го виде кандилото како силно гори. Многу се израдува и се окрепи со надеж во Бога. Восхитувајќи ѝ се на толку големата благодат Божја, и Неговото милостиво човекољубие, тој се веселеше со духот што преку палењето на кандилото Бог го извести дека му е простен гревот. Затоа говореше: Господи, Ти милостиво им простуваш на душите кои си ги создал..
Додека така се молеше, осамна новиот ден. А тој, веселејќи се во Господа, од радост заборави на телесната храна. Огнот во кандилото го оддржуваше во текот на целиот свој живот, долевајќи во него масло да не се угасне. И повторно престојуваше во него Духот Божји и на сите им беше познат и од корист. Кога требаше да си замине од овој живот, неколку дена порано му беше откриен од Бога, часот на неговото заминување. Се упокои во мир, предавајќи ја душата своја во рацете Божји.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АВРАМИЈ
За време на петтото гонење на христијаните во Персија, за време на царот Сапор, беше фатен свети Аврамиј. Тој беше епископ ва градот Арвил во Персија, и фатен од царевиот врховен магепсник, викан Аделфор. Магепсникот го присилуваше да се одрече од Христа и да му се поклони на Сонцето. Блажениот Аврамиј му рече: „Беднику и кукавицо, како се осмелуваш и не се плашиш да ме присилуваш да го правам она што не треба? Зар можам да го напуштам Творецот на сонцето и на сите твари, па да му се поклонам на сонцето, кое е творение и дело Божјо?“
Овие зборови ни најмалку не го вознемирија врховниот магепсник, и тој, веднаш нареди да го соблечат светителот и да го тепаат немилосрдно со стапови. И кога виде дека маченикот со храбро срце го поднесува ова мачење и се моли за мачителите свои, говорејќи: „Господи, не им го земај ова за грев, зашто не знаат што прават“, овој ѕвер нареди да му ја отсечат главата. Така блажениот Аврамиј го заврши својот живот во местото викано Телман, и се удостои од Господа на маченички венец, околу 348 до 352 година.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ КИРИЛ
Новоезерски чудотворец
Преподобниот Кирил се роди од побожни и богати родители во градот Галич. Уште како дете почувствува неодолива желба да биде монах. Тајно го напушти родителскиот дом и отиде во манастирот на преподобниот Корнилиј, кој се наоѓаше крај реката Обнор, за кого слушаше од своите родители. По патот кон манастирот преподобниот сретна еден сед старец кој го праша каде оди. Кирил му одговори дека оди во манастирот на преподобниот Корнилиј, а тој кимна со главата и му предложи да продолжат да одат заедно. Утредента кога наближија до манастирот, старецот му даде некои совети, и долго се молеше на Бога за него. Потоа му покажа со раката кон манастирот, и му рече: „Оди, чедо, кај блажениот Корнилиј, а јас ќе го молам да те прими меѓу монасите“.
Потоа старецот го благослови младото момче и стана невидлив. Осврнувајќи се околу себе и не можејќи да го види старецот, Кирил сфати дека тоа беше Божја посета, и му заблагодари на Бога за тоа. Кога стапи во манастирот, Кирил имаше дваесет години. Преподобниот Корнилиј, гледајќи во него избран сад на Светиот Дух, со љубов го потстрижа во монашки чин. Младиот монах целосно му се предаде на Бога, и со пламена љубов почна да се подвизува во монашкиот живот.
Родителите долго го бараа и плачеа по својот син, и дури по неколку години дознаа каде се наоѓа. Во дванаесеттата години откако стапи во манастирот, кај него дојде и неговиот татко, и се замонаши со името Варсонуфиј. По некое време стигна и веста дека неговата мајка, откако поживеала доблесно и побожно, се упокоила како монахиња, со името Елена. Неговиот татко поживеа во манастирот три години во пост и молитва, и се пресели кај Господа.
По смртта на своите родители преподобниот Кирил, почна уште посрдечно да се подвизува, ставајќи труд врз труд, работејќи во кујната, во пекарата, вршејќи ги сите манастирски послушанија. Стремејќи се кон поголема совршеност, тој одлучи да води пустински живот со благослов на својот духовен отец, свети Корнилиј. Тргна по пустините и храна му беа разни треви и корења, кора од бор, и почесто гледаше ѕверови отколку луѓе. Оттаму одвреме навреме доаѓаше во Новгородските и Псковските краишта и таму се поклонуваше на светите места, и го молеше Господа да му покаже место за постојано живеење.
По небесно упатство, блажениот Кирил тргна оттаму кон Бјелоозеро, а потоа појде кај Тихвинскиот манастир „Пресвета Богородица“, каде три дена се молеше на Бога и на Пречистата мајка Негова. И во сон му се јави Пресвета Богородица и му нареди да оди кон Ново Езеро. Од Кобилината Гора на сред езерото преподобниот здогледа остров обраснат со шума. На тој остров Кирил здогледа огнен столб, на местото каде денес се наоѓа манастир. И така, тој заклучи дека тоа место му го укажуваат Бог и Пресвета Богородица.
Доаѓајќи таму, тој си направи колиба од гранките на една смрека. Тука во сон му се јави Ангел Господов и му рече дека тоа место му го подготвил Бог. Тогаш тој си направи ќелија и следната година изгради две мали цркви: едната во чест на Воскресението Христово, а другата во чест на Пречиста Богородица Одигитрија (Патеводителка).
Тука тој ревносно се подвизуваше во пост и молитва, поднесувајќи многу искушенија и неволји од бесовите и од зли луѓе. Со текот на времето околу преподобниот се насобраа многу браќа и на тој остров беше основан манастир, познат под името Новоезерски. Достигнувајќи длабока старост, преподобниот Кирил беше награден од Господа со дарот на чудотворството и претскажувањето. Тој ѝ ги претскажа на Руската земја идните тешки несреќи што ќе ја снајдат: „Меѓу нашиот народ, велеше тој, ќе настане метеж меѓу луѓето и големи неволји; ќе се излие силен гнев Божји; многумина ќе изгинат, а други ќе бидат одведени во ропство“. А кога неговиот ученик Дионисиј започна да го прашува: „Кажи ни, оче, што ќе се случи потоа?“, преподобниот одговори: “Веднаш потоа јас го видов Царот како седи на Престолот и пред Него две момчиња кои на своите глави имаа царски венци. И Господ им даде во рацете оружје против непријателите - и сите земни царства ќе му се поклонат на Оној што седи на Престолот и нашето царство ќе биде смирено и уредено од Бога. А вие, отци и браќа, - додаде преподобниот - со солзи молете Му се на Бога и на Неговата Пречиста Мајка за моќ на Руското царство“.
Откако се причести со Светите Тајни и се огради со крстниот знак, се упокои мирно во Господа на 4 февруари 1532 година, и беше погребан во својот манастир. Неговите свети мошти се пронајдени нетлени во 1649 година, кога беа положени темелите на нов храм, кој по завет го градеше болјаринот Морозов, бидејќи беше спасен од смртна опасност. Во 1652 година неговите свети мошти беа пренесени во нов храм, каде и денес почиваат, и точат безброј чуда.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБЕН НИКИТА
Се подвизувал преподобно во Цитија, во Витинија, и се упокоил во мир.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЈАСИМ
Бил чудотворец; се претставил во мир.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЈОВАН ИРИНОПОЛСКИ
Отец Јован беше епископ на градот Иринопол на истокот на Мала Азија. Тој е еден од триста и осумнаесетте свети Отци кои учествувале на Првиот Вселенски Собор во Никеја 325 година. Се упокоил во мир.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ АВРАМИЈ и КОПРИЈ
Се подвизуваа на реката Печенг, во Спаската пустина, во Вологодската губернија. Тука основаа манастир, кој подоцна беше претворен во парохиска црква. Нивните свети мошти почиваат во таа црква.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОКТИСТ
Овој маченик пострадал за Господа Христа, заклан од неверниците.