26. Февруари  (13. Февруари)

 

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ СИМЕОН МИРОТОЧИВ

Големиот владетел на Србија, Стефан Немања, бранителот на Православието и истребувач на ересите, беше крстен во Латинската црква, но подоцна се ослободи од неа и стана член на Православната Црква. Тој се откажа од земното царство и целиот свој живот го посвети на тоа, да стане подобен за неминливито царство на небото. Во својата земја изгради многу манастири, а на брегот на реката Студеница изгради великолепен храм на Пречистата Божја Мајка, и заповеда да биде покриен со мермер од темелот до куполата и да се украси со злато. Свети Симеон постојано се грижеше за сиромашните, им даваше сѐ што им е неопходно за на крајот да го раздаде целото свое неизброиво богатство. По примерот на својот син Сава, прими монашки чин во манастирот Студеница во 1195 година, добивајќи го името Симеон. Неговата сопруга Ана, исто така прими монашки чин, го доби името Анастасија и се повлече во женски манастир. По две години поминати во Студеница, Симеон отиде во Света Гора. Таму најпрвин се насели во манастирот „Ватопед“ заедно со Сава. Таткото и синот ги минуваа деновите и ноќите заедно во молитва. Тука изградија шест параклиси посветени на Спасителот, на Бессребрениците, на свети Георгиј, на свети Теодор, на свети Јован Крстител, и на свети Никола. Ја купија урнатината на Хилендар и изградија прекрасен манастир, во кој свети Симеон поживеа само осум месеци и се упокои. Кога лежеше на смртната постела, тој изрази желба, и свети Сава го положи на проста рогозина. Со очите вперени во Богомајката и Спасителот, блажениот Старец ги изусти зборовите: „Сѐ што дише да го фали Господа!“ И се пресели кај својот Господ Христос, на 13 февруари 1200-та година.

По неговата смрт, заради неговите големи добродетели Господ го удостои со дарот на чудотворството. Неговото тело започна да испушта миро и преку него со Божјата сила се случуваа многу чудеса. Потоа неговиот син свети Сава го пренесе неговото мироточиво тело во Србија и со почести го положил во црквата посветена на Пресвета Богородица, која што со голема љубов и со свои средства ја изгради самиот свети Симеон. И до денес благочестивите христијани земаат миро од кивотот, каде што почиваат моштите на преподобниот, се помазуваат со него при најразлични болести и добиваат исцеление.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЕВЛОГИЈ

Светиот Евлогиј беше Александриски архиепископ пред свети Јован Милостив, во времето на византиските цареви Маврикиј и Фока. Го бранеше Православието од еретиците монофизити. Направи многу чудеса. Меѓу останатите и ова: Епископот Римски, пресветиот Лав, пред Халкидонскиот Собор, на светиот Флавијан Цариградски му го беше напишал она познато послание за Православието. Тоа послание го прочита и свети Евлогиј, и не само што го усвои и пофали туку и на сите им го препорача. А Бог, сакајќи да ги прослави овие свои слуги, Лав и Евлогиј, испрати Ангел кај Евлогиј, во ликот на архиѓаконот на папата Лав. Ангелот му заблагодари на свети Евлогиј затоа што со љубов го прими споменатото послание на свети Лав. Евлогиј разговараше со Ангелот како да зборуваше со архиѓаконот на папата Лав. А кога Ангелот си отиде од него, тогаш тој дозна дека тоа беше Ангел Божји и му благодареше на Бога. Ја предаде својата света душа во рацете Негови во 607 година на 13 февруари.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАРТИНИЈАН

Во близината на градот Кесарија Палестинска се наоѓа планината викана Ковчежна. Во неа, од својата осумнаесетта година се подвизуваше и блажениот и славен монах, свети Мартинијан, полн со благодат Божја. Го засака Бога уште од раната младост и се оддаде на големи подвизи, војувајќи со човековиот непријател - ѓаволот. Беше убав и млад и во својата осумнаесетта година го напушти својот роден град Кесарија и вревата на овој свет, и отиде во планината Ковчежна за да води безмолвен пустински живот. И во таа планина помина дваесет и пет години, водејќи ангелски живот. Поради тоа се удостои да го добие од Бога дарот на исцелување. И по неговите свети молитви се исцелуваа многу болни од разни болести. А и бесомачните кои му ги доведуваа, тој ги ослободуваше од бесовите. И многу други чудеса чинеше Бог по молитвите на својот угодник.

Блажениот Мартинијан секој ден сѐ повеќе напредуваше во својот прекрасен подвиг. И на сите страни се пронесе добар глас за светиот живот на доблесниот маж и многумина доаѓаа кај него заради духовна корист. Но непријателот на човековиот род, ѓаволот, не можеше да го гледа младиот инок со така големи подвизи. Затоа започна да му приредува разни искушенија. Го плашеше со разни привиденија. Потоа го употреби и старото средство со кое го истера Адам од рајот, сакајќи и Мартинијан да го истера од неговиот рај од безмолвниот пустински живот и така да ја упропасти неговата добра намера.

Еден ден, кога блажениот Мартинијан го пееше псалтирот, се преобрази ѓаволот во голема змија, се провлече под ѕидот на неговата ќелија и сесрдно започна да ја копа земјата како да сака да ја сруши ќелијата. А блажениот без страв заврши со своето пеење, па погледна низ прозорчето на својата ќелија, и ѝ рече на змијата: „Тебе навистина ти доликува да се влечеш по земјата. Но, зошто залудно се трудиш кукавнику? Твоите привиденија нема да ме уплашат зашто го имам мојот Господ Христос, Кој ми помага и ги победува твоите страшила и ја сотрува твојата сила“. Кога го слушна тоа ѓаволот се претвори во мрачен виор и, бегајќи довикнуваше: „Чекај, ќе видиш! Знам како ќе те победам: сум измислил јас замка за тебе во која ќе те фатам. Тогаш ќе видам кој ќе ти помогне!“ Го рече тоа и се изгуби. А силниот маж Мартинијан беше толку смирен и спокоен како да не беше видел никакво страшило и се веселеше и го славеше Бога, занимавајќи се со богоразмислување и толкување на божествените зборови на Светите Книги.

Потоа се случи следното:

Некои луѓе, одејќи во Кесарија разговараа помеѓу себе за доблесниот живот на блажениот Мартинијан и многу се восхитуваа на неговото јунаштво и трпение. Тој нивен разговор го слушна една жена блудница. Таа, поттикната од ѓаволот им пријде, и им рече: „Кој е тој на кого толку му се восхитувате? Какви се неговите подвизи и каков е неговиот живот? Ако сакам, јас ќе го истресам како лист од дрво. Кој негов потфат е достоен за пофалба? Да ли тој, кој што како некој ѕвер побегнал во пустината, бидејќи не можел да им одолее на телесните нагони и соблазни во градот? Какво е тоа чудо што живее бестрасно! Та тој никогаш не гледа жена. Сите вие добро знаете дека кога нема оган сеното не гори. Но, кога ќе се стави сеното крај оган, како е можно да не се запали!? Е тоа би била голема работа и достојна за восхит. Истото тоа треба да му се каже нему: ако јас отидам кај него, и тој ме види и не се поколеба во својата намера, ниту пак се соблазни, нити мојата убавина му ја заплени мислата, тогаш тој ќе биде за восхит не само пред луѓето туку и пред самиот Бог и ангелите Негови“.

Го рече тоа блудницата и со тие луѓе направи опклада за таа работа и си отиде. Дома ги симна од себе заводничките накити, облече искинат фустан, ја преврза главата со некаква стара шамија, и се опаша со конец. Потоа зеде една торба, и ги стави во неа скапоцените накити, фустани обетки и сѐ што ги заведува очите и умот на момчињата. И преку ноќта излезе од градот и отиде во планината, во која што живееше преподобниот. Таа ноќ паѓаше силен дожд. Кога се доближи до ќелијата на Мартинијан, жената започна да цимоли и со умилен глас да го моли светителот, говорејќи: „Смилувај се на мене, слуго Божји! Не ме оставај мене, кутрата, ѕверовите да ме растргнат, оти јас го изгубив патот и залутав во оваа пустина и не знам на која страна да одам. Немој да ме презреш зашто сум во голема неволја! Не згадувај се од мене, зашто и јас сум Божјо створение! Чесен и свет оче, ја молам твојата светиња не отфрлај ме мене залутаната“.

Блажениот Мартинијан го отвори прозорчето, ја погледна, и виде дека е бедно облечена и целата накисната од дождот. И си рече во себе: „Тешко мене грешниот! Еве ме сега пред искушение: или да не ја исполнам заповедта Божја која ми наредува да бидам милосрден, или да го погазам мојот монашки завет. Ако не ја пуштам оваа жена која е во неволја и преку ноќта таа настрада, јас ќе ја осквернам својата душа зашто ќе се наречам нејзин убиец бидејќи, или ќе ја растргнат ѕверовите, или ќе умре од големиот студ. Ако пак ја пуштам внатре, се плашам дека ќе паднам во искушение, и така ќе се осквернам и со душата и со телото, и ќе станам нечист блудник пред мојот Господ. Едноставно не знам што да правам“. Па ги крена рацете кон небото, и рече:

- На Тебе се надевам Господи, нека никогаш не се посрамам! И нека не ми се потсмеат непријателите мои! Немој да допуштиш да ме искуша и да ме освои лукавиот и зол ѓавол! Благоволи, та со Својата крепка рака Твоја, сочувај ме во овој час, заштити ме од налетот на врагот, зашто Си благословен за навек.

Откако така се помоли, тој ја отвори вратата и ја пушти жената внатре. Потоа запали оган и, од двете палми што растеа пред неговата ќелија ѝ донесе урми да јаде. Па, ѝ рече:

- Жено, јади, и греј се овде; а кога ќе осамне, оди си одовде со мир. И оставајќи ја во предната одаја, тој влезе во внатрешната и ја затвори вратата зад себе. Откако во девет часот ги отпеа псалмите и се помоли по својот обичај, блажениот легна на земјата да отпочине. И таа ноќ сатаната многу го вознемири со телесна похота. А жената стана околу полноќ, ги извади од торбата своите скапоцени фустани и накити, се уреди заводнички за да може да го соблазни светителот, и чекаше тој да излезе. Кога осамна, светителот излезе од својата внатрешна одаја, сакајќи да ѝ ја отвори вратата на жената, за таа да си замине во својот дом. Но, кога ја здогледа онака облечена и украсена, тој не ја препозна и, запрепастен, молчеше долго. Потоа ја праша:

- Која си ти? И од каде си дошла? И каков е тој демонски облик на тебе?

А таа му одговори:

- Јас сум, господине мој!

Светителот ја праша:

- Зошто си ја променила својата облека? Синоќа беше јадна, а сега си горда.

А таа одговори:

- Господине мој, јас сум од градот Кесарија Палестинска. Слушнав за младоста твоја, за убавината на твоето тело и лице, и моето срце се запали со силна желба за тебе, и еве, дојдов да се наситам на твојата убавина. Не поминав толкав пат залудно, туку единствено заради тебе. Што ќе ви е тоа ваше неумесно воспитание? И поради што, со прекумерен пост ги мачите своите тела? Кои се тие книги што пропишуваат да не се јаде, да не се пие, нити законски да се жени? Зарем апостол Павле не рече: „Бракот на сите треба да е чесен, и брачното легло - чисто?“ (Евр. 13, 4). Кој од пророците не се женел, па сепак, секој од нив се покажал наследник на Царството небесно? Великиот и дивен Енох, иако оженет, зарем не беше земен на небото, и не виде смрт сѐ до денешниот ден? Исто така и чудесниот Авраам, зарем немал три жени, и се нарече пријател Божји, и се удостои во својата сеница да го прими самиот Бог во три лица? Зарем не се ожени Исак, и стана праобраз на Христос? Па Јаков, иако имал две жени и две милосници, зарем јуначки не се борел со ангелот и го видел Бога лице во лице? А великиот Мојсеј, врховниот пророк и служител Божји, зарем немал жена, па сепак, разговарал со Бога, и родот Еврејски од ропството Египетско го ослободил, и на Царството небесно се удостоил? Исто така и Давид, и останатите пророци, и светите луѓе се женеле по законот, и деца раѓале, и се наоѓаат во Царството небесно.

Говорејќи така, таа го раслабуваше блажениот, и држејќи го за рацете, ја помати неговата добра мисла и започна да го влече во понорот на пропаста. И Мартинијан ѝ одговори:

- Ако те земам за жена, каде ќе те одведам, и со што ќе те хранам кога немам ништо? Оти како што го гледаш мојот сиромашен живот, сите денови од својот живот досега јас ги проживеав не стекнувајќи ништо.

Жената му рече:

- Господине мој, ти само согласи се и биди со мене, да се насладувам на убавината на твојата младост, а за нашите животни потреби не грижи се, зашто јас имам и куќа и имот, и злато и сребро, и робови и робинки. И над сето тоа ти ќе бидеш господар.

Додека го зборуваше тоа жената, или подобро речено самиот ѓавол, од искона човекоубиец, прелестувајќи го светителот тој започна да се распалува со телесна похота и да се согласува со неа. И започнаа да се договараат како да го извршат гревот. Потоа, тој ѝ рече:

- Жено, почекај малку, оти некои имаат обичај да доаѓаат кај мене по благослов. Ќе отидам кај патот да видам да не доаѓа некој, кој би можел да нѐ затекне на дело. Зашто, кога од Бога не можеме да го сокриме својот грев, тогаш барем да го сокриеме од луѓето за да не им бидеме на соблазна и потсмев.

Откако го рече тоа, тој излезе од ќелијата, се искачи на една висока карпа, и внимателно го набљудуваше патот. А човекољубивиот Бог, кој никому не посакува погибел, не ги заборави неговите поранешни трудови, не ги презре неговите молитви, туку му помогна и го приведе неговото срце од зла на добра помисла. И слегнувајќи од карпата, Мартинијан пронајде суви гранки, ги внесе во ќелијата, и запали оган среде собата. Кога се разгоре огнот, тој ги собу обувките, скокна во огнот, застана среде него, и кога не можеше повеќе да ја поднесе болката, тој излезе од огнот, и како да се препира со себе, си говореше:

- Што е Мартинијане? Ти годи ли овој привремен оган и ова луто мачење? Ако можеш да го трпиш тоа, тогаш пристапи ѝ на оваа жена, зашто таа, или подобро речено ѓаволот преку неа, ти припрема вечен оган. Но, таа не е виновна туку древниот враг кој ја устремил против тебе зашто сака да те победи. Помисли на вечните маки, несреќен Мартинијане! Сети се на вечниот оган! Бидејќи овој привремен оган се гаси со вода, а вечниот не можат да го згаснат сите реки и мориња што се наоѓаат под небото. Ако можеш да го трпиш тој неизгаслив оган, тогаш пристапи ѝ на жената.

Си го зборуваше тоа сам на себе, замислувајќи ги вечните маки. Потоа повторно скокна во огнот и стоеше додека целото тело силно му гореше. А кога повеќе не можеше да ги поднесе болките, тој излезе од огнот и се струполи на земјата. И воздивнувајќи со целото срце, со солзи му рече на Бога:

- Господи, Боже мој, биди милостив спрема мене грешниот и прости ми го падот на мојот ум и согласноста на грев! Ти, кој ги испитуваш срцата и душите, го знаеш срцето мое. Јас Те засакав од младоста своја, и заради Тебе го предадов на оган ова мое тело. Прости ми, Господару мој Господи, зашто си единствен добар, милостив, и благословен.

Го зборуваше тоа лежејќи на земјата, бидејќи од силните рани и изгореници не можеше да стои. Потоа започна да пее:

- Колку е добар Бог кон оние што се со чисто срце! А нозете мои за малку не потклекнаа, за малку чекорите мои ќе станеа несигурни (Пс.72, 1-2).

А жената, кога виде како блажениот заради своето спасение му го предаде своето тело на огнот, се сети на своите зла, и како од сон се сепна од својата изгубеност: го симна од себе раскошниот фустан и целиот накит и сето тоа го фрли во огнот. И повторно го облече оној стар фустан, падна пред нозете на блажениот Мартинијан и со солзи започна да му зборува:

- Слуго Божји, прости ми мене бедната и грешната! Ти знаеш дека во ѓаволот се сите лукавства и измами. Тој ме прелага и ме насочи против тебе. Туку, сега ти помоли се за мене, па заради твоите молитви да биде спасена мојата многугрешна душа. Јас повеќе нема да се вратам во својот град, оче, нити ќе влезам во својот дом, ниту пак ќе видам некого од своите роднини, туку ќе се потрудам околу спасението на мојата кутра душа. А знај го и ова, оче: Како што ѓаволот ме наговори да војувам против тебе, така јас ќе се наоружам против него, во името на нашиот Господ Исус Христос, и ќе го посрамам. Зашто тој, лажливецот, кревајќи ме против тебе, ме крена против самиот себе; и сакајќи да те победи преку мене, самиот ќе биде победен од мене со помошта на нашиот Господ, кој и блудниците ги прима во покајание.

Додека го зборуваше тоа, таа постојано лееше солзи, а блажениот ѝ одговори:

- Господ нека ти го опрости гревот, жено! И оди си со мир и како што самата рече труди се околу своето спасение.

Таа му рече:

- Те молам, научи ме како да се спасам; кажи ми каде да одам?

А тој ѝ одговори:

- Оди во Витлеем и побарај ја светата девица Павлина, која подигна света црква. Кога ќе ја најдеш, нејзе да ѝ исповедаш сѐ и во неа можеш да се спасиш.

Жената стана, му се поклони, и му рече: „Моли се, оче, за мене грешната“. Светителот одвај стана од силните болки и ѝ даде малку урми за по пат. Ја изведе од ќелијата ѝ го покажа патот што води во Ерусалим и ѝ рече: „Оди си со мир и не свртувај се назад: „Зашто никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледнува назад, не е достоен за царството Божјо“ (Лк. 9, 62). Внимавај на себе, ѓаволот повторно да не те посрами и постојано биди во покајание, зашто Бог ги прима оние што се каат“.

Кога го слушна тоа, жената гласно заплака, и рече:

- Се надевам во Оној, во Кого се надеваа народите и не се посрамија. Се надевам дека отсега ѓаволот нема да најде место во мене.

А блажениот Мартинијан ја прекрсти, и ѝ рече:

- Господ Бог нека ја чува душата твоја и нека те сочува до крај!

Жената му се поклони на слугата Божји и отиде. А светителот се врати во својата ќелија и падна на земјата, липајќи и творејќи молитва. Жената одеше по патот, плачејќи и молејќи Му се на Бога да ја упати на спасение. Ноќта ја зафтаса по патот и таа преноќеваше во пустината. Кога се зазори го продолжи својот пат лелекајќи и молејќи се. Приквечер стигна во Витлеем. Влезе во манастирот на блажената девица Павлина ѝ се поклони, и сѐ ѝ раскажа подетално. А преподобната ја ислуша, го прослави човекољубивиот Бог, и ја прими со радост. И секој ден ја поучуваше, а таа толку се подвизуваше во постењето што блажена Павлина многу пати и зборуваше:

- Чедо, штеди го своето тело за да не ослабиш туку да можеш да издржиш во подвигот до крај.

Но таа, уште повеќе живееше во испоснички трудови. А при крајот на своите денови, блажената Зоја (тоа беше нејзиното име) молеше милост во Бога да ѝ биде откриено дали нејзиното покајание е примено. Човекољубивиот Бог ѝ го откри тоа така што ѝ даде дар на исцелување. Бидејќи еден ден во манастирот дојде една жена која боледувала од тешка болест на очите. А блажената Павлина, сакајќи да го испроба покајанието на Зоја, ѝ рече:

- Чедо, помоли се за оваа жена, па преку твоите молитви Господ да ѝ даде исцеление. И неколку дена Зоја се молеше за болната, и се исцелија нејзините очи. Тогаш излекуваната жена се потстрижа и стана добра монахиња во нивниот манастир. А блажена Зоја помина дваесет години во големо покајание и заспа во Господа. Преку целото тоа време таа ниту се напи вино, нити вкуси масло, нити пак јадеше овошје. Нејзината храна беше само леб и вода; и тоа сосема малку. Спиеше на гола земја и јадеше еднаш во два дена.

Но, да продолжиме со чудната повест за преподобниот Мартинијан. Поминаа седум месеци додека тој не се исцели од раните и изгорениците со кои се здоби стоејќи во огнот. И започна да си размислува во себе, говорејќи:

„Ако не се тргнам одовде и не отидам во некое непознато место, лукавиот враг нема да ме остави, и нема да ми даде мир. Затоа треба да отидам и да живеам во место каде што не може да пријде жена“. Откако подразмисли така, застана на молитва, говорејќи:

- Господи Исусе Христе, направи го она што ќе биде корисно за мене ништожниот. Не ме оставај и не допуштaj мојата душа целосно да пропадне, туку помогни ми, и биди ми пат, и живот, и стап, и торба и леб.

Откако го рече тоа и се огради со крстниот знак, тој ја напушти својата ќелија и се упати кон морето. А ѓаволот, штом го виде како си заминува, повика:

- Нека ликуваат моите сили, и нека блеска моето име, зашто успеав да те совладам, бидејќи те истерав од ќелијата, и твоето тело го изгорев со оган, и од тебе направив бегалец и заробеник! И продолжи: „Зошто бегаш одовде? Но каде и да отидеш, јас ќе те најдам и ќе војувам против тебе. Како што те истерав од овде, така ќе те истерам и од секое друго место каде ќе отидеш да живееш. И нема да те оставам сѐ додека не те победам и не те направам безвреден“.

А блажениот му одговори:

- Слабаку, беднику, си мислиш дека си ме истерал од моето живеалиште, и мислиш дека поради униние излегов? Не, никогаш, туку излегов за тебе потполно да те сотрам.

Го рече и тоа:

- Зарем не ти е доволно што ми приготви два напада на искушение? Тогаш ајде, тргни и по трет пат со своето лукавство против мене. Твојот зол потфат го уништив со помошта на мојот Бог, на Кого и Му го принесов моето страдање. Затоа, и самата жена што ја крена против мене, сега те смета за чад и кал. Таа ги згази твоите безбожни и злотворни сили, та повеќе не смееш да ѝ пријдеш ниту на нејзината сенка.

Додека светителот зборуваше така, ѓаволот побегна од кај него. А блажениот започна да го пее псалмот: „Нека се крене Бог, и да се распрснат непријателите негови“ (Пс.67,1).

Кога стигна во пристаништето, најде еден богобојажлив морнар и го праша:

- Брате, знаеш ли некој мал остров на средината на морето, на кој не живее никој?

Морнарот му одговори со прашање:

- Зошто прашуваш за тоа? Што ќе ти е тоа?

А блажениот му одговори:

- Сакам да побегнам од суетниот свет, и побожно да самувам, но не наоѓам место каде би можел да живеам во мир и би ги избегнал ѓаволските соблазни.

На тоа морнарот му рече:

- Има едно такво место, но е многу страшно. Тоа е една висока карпа среде морето, од која не се гледа копно.

Блажениот одговори:

- За такво место чезнеам и такво живеалиште сакам, до кое што не ќе може да дојде жена.

Морнарот го праша:

- А од каде ќе наоѓаш храна за себе?

Блажениот му одговори:

- Ќе се договориме: ти ќе ми донесуваш храна, а јас ќе се молам на Бога за тебе. И уште нешто: ти ќе ми носиш палмови гранки и јас ќе ги плетам, а ти ќе ги продаваш моите ракотворби и ќе ми купуваш леб. Исто така ќе ми носиш и вода во едно буре. Треба да доаѓаш два или три пати годишно за да ми донесуваш сув леб и вода.

Кога го слушна тоа, морнарот разбра дека тој е духовен човек и му вети дека ќе направи сѐ што ќе му нареди. Го одведе на тоа место и блажениот многу се израдува. Го благослови морнарот, се качи на карпата и запеа: „Блажен е оној, што се грижи за бедните! Во злочест ден Господ ќе го избави. Господ ќе го пази и ќе го одржи во живот и ќе му даде среќа на земјата“ (Пс. 40, 1-2). А кога заврши и се помоли, му рече на морнарот:

- Оди си со мир брате, и донеси ми леб и вода, и палмови гранки, да плетам кошници.

Морнарот го праша:

- Ако сакаш ќе ти донесам и дрва, да направиме една куќичка за тебе. А блажениот не го сакаше тоа, туку остана да седи на карпата печен од дневната горештина и смрзнуван од ноќното студенило.

И морнарот секоја година два до три пати му донесуваше на блажениот леб и вода, а тој со радост го минуваше животот на карпата зашто го пронајде мирот побегнувајќи од светот. И во постојано богоразмислување го славеше Бога, и дење и ноќе. Но, лукавиот ѓавол не престана да војува против праведникот, па и тука започна да му пакости. Така, една ноќ тој крена силна бура по морето така што на преподобниот му се закануваше смртна опасност од огромните бранови кои на цели десетина метри прелетуваа над неговата глава. А ѓаволот викаше:

- Еве, сега ќе те потопам Мартинијане!

А тој, без да се вознемири, одговори:

- Слабаку! Беднику! Зошто залудно се мачиш? Твоите привиденија нема да ме исплашат, ниту ќе ме вознемират, зашто се крепам во мојот Бог и со Неговата помош целосно ќе те посрамам.

И блажениот остана неповреден. Тој проживеа шест години на таа карпа, поднесувајќи секакви непогоди заради своето спасение. Тогаш ѓаволот повторно започна да му приредува искушенија, многу пострашни од поранешните.

Еден ден ѓаволот виде како по морето плови брод; во него имаше и мажи и жени. Тој крена страшна бура и ветер, така што бродот се разби и сите се удавија. Само една девојка успеа да дофати една даска и да доплови до карпата на која што живееше блажениот Мартинијан. Држејќи се за карпата, девојката почна да повикува на помош, а блажениот виде дека е тоа замка на ѓаволот и си рече во себе: „Тешко мене грешниот! Пред мојата душа повторно стои искушение. Што да правам сега? Ако не ѝ подадам рака, и не ја извадам од водата, таа ќе се удави, и гревот ќе падне на мојата душа, зашто ќе станам нејзин убиец. Ако пак ја извадам, тогаш е невозможно да остане овде со мене. Навистина оваа е за мене пострашна опасност и напаст од онаа првата“.

Потоа ги крена рацете кон небото, и рече: „Господи, не ме оставај да пропаднам, туку направи го тоа што е корисно за мојата душа!“ - го рече тоа и ѝ ја подаде раката на девојката, ја извади на суво, и забележувајќи дека е убава, ѝ рече:

- Навистина сеното и огнот не можат да се сместат заедно, и затоа не е возможно ние да останеме заедно. Затоа ти остани овде и не плаши се; имаш леб и вода, и ќе ти биде доволно додека не дојде морнарот кој ми ги носи. Дотогаш има уште два месеца. А кога ќе дојде тој, ти раскажи му што се случило и тој ќе те одведе одовде.

Го рече тоа светителот, и го осени морето со крсниот знак говорејќи: „Господи Исусе Христе, смилувај се на мене грешниот и не ме оставај да пропаднам, зашто еве, во Твое име ќе се фрлам во морето, зашто е подобро за мене да умрам во водата, отколку со телесна страст да се прилепам за жена“. И, свртувајќи се кон девојката, ѝ рече: „Спасувај се девојко! Бог нека ја чува твојата душа од сите демонски напади!“

Го рече тоа, се фрли во морето, започна да плива, и веднаш по промисла Божја два делфина го примија на своите плеќи и го однесоа, а девојката гледаше како го носат по површината на водата сѐ додека не се изгуби од нејзините очи. Делфините го изнесоа блажениот на брегот. Стапнувајќи на земјата, тој му се помоли наГоспод, говорејќи:

- Ти благодарам, Господи Боже Мој, што мене, недостојниот, ми ја укажа милоста Твоја. Но немој да ме напуштиш, туку остани со мене докрај, Човекољупче!

Па започна да си зборува во себе: „Не знам што да правам, зашто во пустините и во планините не ме остава ѓаволското зло. Ете, ни среде морето не ме остави; едноставно не знам што да правам. Но ќе биде добро ако извлечам поука од евангелските зборови, и постапам според нив, оти Господ учи вака: „Ако ве падат од еден град, тогаш бегајте во друг“ (Мт. 10, 23)“.

Го рече тоа и започна да патува од место на место, од град во град, велејќи си во себе: „Бегај, Мартинијане, да не те достигне злото!“ И така, тој ги минуваше своите денови бегајќи и гонејќи се самиот себе. Притоа не носеше ниту стап, ниту торба, ниту леб... туку во секој град или село прашуваше кој е таму добар човек, па свратуваше кај него и ја добиваше потребната храна. Често преноќеваше во пустината или во полето, И така во текот на две години, бегајќи и гонејќи се себе си, пропатува сто шеесет и четири града. Најпосле дојде до Атина. А на епископот Атински му беше откриено од Бога сѐ за блажениот Мартинијан. А преподобниот, однапред дознавајќи го времето за својата смрт, болен влезе во црквата. Легна на земјата и на оние што беа таму им рече:

- Бргу повикајте го епископот.

А тие мислеа дека е луд. Но кога повторно ги замоли тие го послушаа, отидоа кај епископот, и му рекоа:

- Еден непознат човек лежи во црквата. Не знаеме кој е, но се чини како да е луд. Тој моли: „Повикајте го епископот“.

А епископот им одговори:

- Вие сте луди, бидејќи тој е подобар од мене.

Веднаш стана и со брзање отиде во црквата. Кога го здогледа епископот, блажениот сакаше да му појде во пресрет, но немаше сили и затоа само ги испружи рацете кон него, оддавајќи му го должното почитување на Божјиот архиереј. Епископот пак, му укажа голема чест, говорејќи: „Одамна Бог ми вети дека ќе ми го покаже својот слуга, и еве, Он, сега го исполни своето ветување. А ти, кога ќе се населиш во Царството небесно, те молам спомни ја и мојата душа“.

На тоа блажениот му одговори:

- Благослови, оче, и моли го Бога за мене, да стекнам слобода кога ќе застанам пред праведниот суд Негов.

Го рече тоа, ги крена очите кон небото и рече:

- Господи Исусе Христе, во твоите раце го предавам мојот Дух! Потоа се прекрсти и му рече на епископот:

- Оче, предај ме на Бога, погребај го моето тело! И се насмеа, а неговата света душа веселејќи се, се раздели од многустрадалното тело и отиде во рацете Божји. Преподобниот Мартинијан се упокои во Господа во 422 година, и отиде во Царството небесно да го прими приготвениот венец за него, за својот доблесен животен подвиг.

Кој не би се восхитувал на овој храбар подвижник и кој не би го величал неговото трпение, неговото непобедливо и бестрашно житие; како се подвизуваше до крај заради спасение на својата душа и приготви мачеништво за себе. Зашто тогаш немаше гонење на христијаните, а тој самиот си наметна мачеништво на себе; и самиот, лично се бореше со ѓаволот и ги одби сите негови напади. Тој самиот на себе, си беше и гонител, и судија, и мачител, зашто доброволно си причинуваше страдања. Навистина треба да го наречеме маченик и храбар страдалник; тој го победи огнот и со него го уништи вечниот оган; жената која што ѓаволот ја крена против него, тој со својата молитва ја направи слугинка Божја. Но, треба да раскажеме и за онаа девојка која што остана на карпата во морето. Како таа го помина својот живот и како го заврши, зашто молитвите на блажениот Мартинијан не останаа без успех.

Бидејќи остана на карпата, таа девојка се хранеше со леб и вода, како што ѝ рече блажениот Мартинијан. По два месеци, по својот обичај, се врати морнарот кој му носеше вода и леб на блажениот. Кога се приближи до карпата, наместо монахот здогледа девојка како седи и помисли дека тоа е привидение. Исплашен, тој побрза да се врати назад. А девојката повика по него:

- Не плаши се, брате, јас навистина сум жена, јас сум христијанка! Дојди господине да ти кажам во што е работата.

Но, тој немаше доверба и се плашеше. Тогаш девојката започна да се колне и да зборува:

- Во името на мојот Цар Христос - Јас сум христијанка! Немој да се плашиш, туку дојди овде за да ти раскажам што се случи.

Тогаш морнарот дојде кај неа, и ја праша:

- Каде е монахот кој беше овде? Како и каде отишол одовде? И кој те довезе тебе овде на оваа карпа!

Таа се прекрсти, и започна да му раскажува што се случило. А кога слушна сѝ, морнарот многу се восхити, и ѝ рече:

- Ајде да те одведам одовде во твојот град.

Но, таа му одговори:

- Не, брате, те молам, немој да ме водиш одовде, туку направи ми ја оваа услуга: оди во селото и донеси ми машка облека, леб и вода, како што си му носел на блажениот отец. За тоа ќе добиеш подеднаква награда од нашиот Господ Христос. Зашто тој не прави разлика меѓу машкиот и женскиот род. Како што вели апостолот: „сите вие сте едно во Христа Исуса“ (Гл. 3, 28). Немој да ме оставиш, зашто сакам да се спасам. Ако Бог не сакал да ме спаси, не би ме исфрлил на оваа карпа. Па немој ни ти да ме отфрлиш сега затоа што сум жена. Сети се дека Бог ги створи Адам и Ева, и дека самиот тој благоволил да се роди од Пресвета Дева Марија. Затоа биди добар спрема мене, како што си бил добар и спрема преподобниот отец: оди дома и донеси ми, како што веќе ти реков, машка облека, леб и вода. Со нив донеси ми и волна за да можам да се занимавам со ракоделие. Доведи ја и својата жена, за таа да ме облече во машка облека и да ми нареди што да правам. Мојот Господ нека биде со тебе во сите денови од твојот живот, та и во овој и во оној живот нека ти подари благодат, милост и простување на гревовите!

Морнарот ѝ одговори:

- Ќе направам сѐ како што велиш, само ти држи се добро, и Бог ќе ти ја исполни желбата.

Со тие зборови тој отплови со бротчето. По два дена, ја зеде својата жена и сѐ што му беше рекла девојката и дојде кај неа. И кога излегоа од бротчето жената на морнарот ѝ пристапи на девојката, се целиваа една со друга, и се поклонија до земја една на друга. Потоа ѝ ги предадоа работите што ѝ ги беа донеле, Тогаш девојката го замоли морнарот да се оддалечи за да се облече во машка облека. И таа, симнувајќи ја од себе женската облека ја симна и женската немоќ, па се облече во машка облека и мудрост, и се опаша со машка сила, молејќи се и говорејќи:

- Господи Боже! Ти од памтивека си ги услишал молитвите на сите светители Твои; чуј ме и мене грешната, и помогни ми на ова место и во оваа машка облека, достојно и непречено да го извршам својот подвиг. Сочувај ја мојата душа, утврди го моето срце, окрепи го моето тело, и упати ја мојата душа да Ти угодува Тебе Господи. А на оние кои ќе ми помогнат во тоа, дај им достојна награда зашто си благословен за навек, амин.

Потоа ѝ рече на жената на морнарот:

- Те молам госпоѓо, кога ќе ми носите леб и вода, донесете ми и волна за бадијала да не го јадам вашиот леб. А оваа моја облека земи ја со себе за спомен на мене грешната.

Го рече тоа девојката и ги отпушти со мир. По три месеци тие повторно дојдоа кај неа, и ѝ донесоа леб и вода.

А блажената дева се радуваше и го восфалуваше Бога за ваквиот свој живот. Секојдневно таа принесуваше дванаесет молитви кон Бога, а ноќе го удвојуваше своето благочестиво дело и дваесет и четири пати се молеше на Господа. И се хранеше само со леб и вода. И така крепена и чувана од Бога, таа стигна до крајот на својот подвиг. Кога се насели на карпата имаше дваесет и пет години, а се подвизуваше на карпата шест години, и со мир ја предаде својата душа во рацете Господови. Нејзиното име беше Фотинија.

Два месеци по смртта на светата девојка Фотинија, дојде морнарот со својата жена и ја затекна мртва. Лежеше чесно со рацете прекрстени на градите, со затворени очи и уста, со светло лице, и изгледаше како да спие. Тие се поклонија на нејзиното свето тело, и како прекрасен утрински цвет ја положија на своето бротче и отпловија кон градот Кесарија Палестинска. На морнарот во видение му беше откриено сѐ за оваа света девојка. И тој отиде кај епископот Кесариски и му соопшти за нејзиното доблесно житие. А епископот со целокупниот клир го погреба нејзиното тело со почести, со боговдахновени псалми, со свеќи и кадилници, оддавајќи чест и слава на Отецот, Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ЗОЈА И ФОТИНИЈА

Зоја првин беше развратница и искушувателка на свети Мартинијан, па кога го виде овој испосник како скокна во огнот за да го убие во себе секое сладострастие, таа горко се покаја, и отиде во еден манастир во Витлеем, каде што како испосничка и затвореничка, јуначки се подвизуваше. Кога се покаја за сите свои гревови и ги умртви страстите, таа доби од Бога дар на чудотворство.

Света Фотинија, беше исфрлена од морската бура на островот, на кој свети Мартинијан се подвизуваше во осаменост. Свети Мартинијан веднаш се оддалечи од островот, а света Фотинија тука го заврши својот живот, угодувајќи му на Бога во пост и молитва.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТАТКО И СИН

Овие свети маченици, татко и син, пострадале за Господ Христос, распнати на крст.

СПОМЕН НА ОБНОВУВАЊЕТО НА ХРАМОТ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА И СВЕТА ТЕКЛА

во Посали (или Пусти)

 

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ И МАЧЕНИЦИ АКИЛ И ПРИСКИЛ

Споменот на овие свети Апостоли, сотрудници на свети апостол Павле (Д. Ап. 18, 1 -3; Рм. 16, 3; 1 Кор. 16, 19; 2 Тим. 4, 19), се празнува на денешен ден, и на 4 јануари и 14 јули.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АКЕПСИМ

Преподобниот Акепсим живееше во времето на царот Теодосиј Велики недалеку од градот Кир во Сирија. Се затворил во мала ќелија под земјата и во неа поминал шеесет години. За тоа време нити видел некого, нити пак некој го видел него. Работејќи непрестајно на своето спасение, тој постојано се молеше на Бога и од Него ја добиваше секоја утеха. Неговата ќелија беше ископана во земјата и беше многу неудобна за живеење. Се хранеше со грашок расквасен во вода; и тоа го земаше еднаш неделно. Потребната вода за пиење тој ја земаше од блискиот поток еднаш неделно, но така што се трудеше да не го види никој. Најпосле пред крајот на својот живот после долгите и упорни молби, тој едноставно беше приморан да го прими свештеничкиот чин. Направи многу чудеса и ја провиде својата смрт педесет дена порано, и во мир го предаде својот дух во рацете на Господа Христа.