26. Мај (13. Мај)
СТРАДАЊЕ НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ГЛИКЕРИЈА
Во првата година од владеењето на незнабожниот римски цар Антонин, кога со христијанскиот тракиски град Трајанопол управуваше намесникот Савин, христијаните од тој град секој ден се собираа во својот мал храм, и со голема усрдност се молеа на Бога, просејќи од Него мир и нивно умножување. Тогаш тие беа малубројни, и се наоѓаа во големи неволји поради гонењето што настапи откако царот Антонин, како незнабожец, додека им принесуваше жртви на поганите идоли, насекаде испрати наредба, сите кои што не им се поклонуваат на идолите да бидат убиени. Кога таа наредба стигна во Тракија, намесникот Савин отиде во градот Трајанопол, му ја објави на народот, и одреди ден во кој сите граѓани ќе мораат да земат учество во празнувањето на богот Зевс. Тој празник се нарекувал „Лампадофорија“, и требало да започне три дена по доаѓањето на намесникот во Трајанопол.
Во тоа време во градот живееше благородната христијанска девица по име Гликерија, ќерка на поранешниот градоначалник на Рим, Макариј. Таа со своите родители од Рим се беше преселила овде, па потоа остана сираче. Во градот Трајанопол поверува во Христа, им се приклучи на христијаните, секој ден одеше со нив во храмот Божји, и усрдно се молеше на Христа Бога и на Неговата Пречиста Дева Богородица, спрема која гаеше особена љубов како спрема мајка на Синот Божји. Таа се трудеше да го подражава Нејзиното вечно девство и Му се посвети на Господа Христа. Гликерија им зборуваше на христијаните:
„Браќа и сестри, отци, и сите останати што ја заменувате мојата мајка! Внимавајте добро на каков Цар Му служиме, на каков Цар лик носиме, и со каков знак се оградуваме себе си. Да се трудиме сесрдно да ги исполнуваме заповедите на нашиот вечен Цар, за да можеме да добиеме спасение од Него, кое ќе им биде дадено само на оние кои чесно и храбро ги исполнуваат сите обврски на христијанскиот повик“.
А христијаните ѝ одговараа:
„Ние сакаме душите да ги положиме за нашиот Господ“.
На тоа таа им одговараше:
„Затоа ве молам, помолете се на Господа за мене, за да ме крепи со вас на подвиг. Да ме удостои маченички да пострадам за Него, и да ме сврсти во редот на чесните невести Свои“.
И христијаните се молеа за неа.
Меѓутоа, три дена по доаѓањето на намесникот, во Трајанопол започна незнабожечкото празнување. Сите незнабошци со запалени факели итаа кон идолиштето на Зевс. Гогаш и блажената девица Гликерија, исполнета со ревност за Господа, се прекрсти и брзо отиде во истото идолиште, застана среде него, и му рече на намесникот:
- Намеснику, еве, јас прва ќе започнам со принесувањето на жртви на вистинскиот Бог, оти сум од знаменито потекло. Мојот татко беш градоначалник на славниот град Рим. Затоа треба прва да Му принесам жртва на Бога.
Намесникот ја праша:
- А каде е твојот факел со кој ќе ја запалиш својата жртва?
Света Гликерија му одговори:
- Мојот факел е испишан на моето чело. Тој е незгаслив, и ја осветлува нашата вистинска жртва на принесување на Бога.
Без да ги сфати нејзините зборови, намесникот и рече:
- Добро. Принеси жртва пред сите.
Светителката му одговори:
- Вечниот Бог не сака да му палиме факели. Затоа нареди сите да ги изгасат, за да исчезне чадот. Тогаш ќе ја видите мојата беспрекорна жртва, која што сакам да Му ја принесам на мојот Бог.
Намесникот нареди да се изгасат сите факели. Во меѓувреме Гликерија застана на повисоко место за да ја види народот, го откри своето чело, и на сите им го покажа нацртан крстот Христов, па ги праша присутните:
- Го гледате ли пресветлиот факел на моето чело?
Потоа ги крена рацете и очите кон небото и рече:
- Боже сесилен, Тебе Те слават слугите Твои, заради Крстот Твој. Ти си им се јавил во вавилонската печка на Трите Момчиња Свои, и си ги избавил од огнот. Ти си ја затворил устата на лавовите, и си го направил победник слугата Твој Даниил. Си го разорил идолот Вил, си ја умртвил змијата, и си го смачкал ликот демонски на полето Деир". Тебе, Исусе Христе, Пречисто Јагне Божјо, Те молам, дојди и помогни ми мене, смирената слугинка Твоја, уништи го овој идол, изработен од човечки раце, и уништи ги овие одвратни и бесмислени демонски жртви.
Додека света Гликерија така се молеше, ненадејно тресна силен гром и идолот Зевс падна на земјата и се искрши на парчиња. Намесникот и жреците побеснија и наредија Гликерија да ја претепаат со камења. Но, камењата не се допираа до неа, а незнабошците ја нарекуваа маѓепсничка. А таа им рече:
- Силата Христова, која дејствува во мене, ја изобличува вашата заблуда, а неговата помош ги отфрла маките што ми ги нанесувате.
Потоа намесникот нареди да ја врзат и да ја фрлат во темница. На стражарите им нареди будно да внимаваат на неа, велејќи им:
- Внимавајте, таа со помош на своите маѓии да не излезе од темницата, зашто после ќе каже дека ја избавил нејзиниот Бог. Така може да прелаже многумина.
На тоа света Гликерија му рече на намесникот:
- Безумен, слеп и безбожен човеку! Зар не сфаќаш дека јас сум врзана со заповедите на Мојот Господ Бог и прикована за Законот Негов, и не можам да се одврзам од тие мили узди, ниту да бегам од страдалничкиот подвиг, на кој доброволно тргнав за Спасителот Христос?
Откако го рече тоа, таа отиде во темницата.
Кај неа дојде јерејот Божји Филократ, да ја посети како затвореник Христов.
Светителката му рече:
- Осени ме со крсниот знак, украси ме со него како со помазување, и направи ме пријатна на Бога, за поткрепена со чесниот Крст да ја победам злобата на ѓаволот.
Осенувајќи ја со светиот Крст, презвитерот и рече:
- Нека ти помогне крстот Христов во твојата намера! Самиот Христос нека ти биде духовно миро, за да го добиеш тоа што го сакаш.
Поткрепувајќи ја така во Господа, и давајќи и мир, Филократ си замина.
Утредента намесникот Савин дојде во царскиот двор, со намера таму да ја мачи света Гликерија. Изведена пред него, тој ја праша:
- Гликерија, дали одлучи да му принесеш жртва на големиот бог Зевс, на кого му се поклонува и нашиот цар?
Светителката одговори:
- Како можам да му се поклонам или да му принесам жртва на оној кој падна и се разби, неспособен самиот да си помогне? Јас познавам само еден Бог. Он живее на небесата и ми помага да ја
уништувам вашата незнабожечка сила. Нему треба да Му се принесуваме на жртва, да Му се поклонуваме и да Му угодуваме.
Намесникот повторно и рече:
- Принеси жртва, инаку ќе те ставам на маки.
Маченицата одговори:
- Мене ќе ме мачи мојот Бог, ако те послушам.
На тоа намесникот возврати:
- Значи, ти сакаш да умреш?
Маченицата му одговори:
- Јас сакам со телесните маки да ги излечам своите душевни болести.
Тогаш намесникот нареди гола да ја обесат за косата, и со железни нокти да и го стругаат телото, се додека не умре. Така обесена и стругана, светителката не чувствуваше болки, и велеше:
- Безбожен и злобен слуго на ѓаволот! За мене овие маки не претставуваат ништо. Јас не ги чувствувам, зашто Господ Исус Христос ми помага. Туку ајде, подгответе за мене други маки, оти овие се ништовни.
Додека светителката така зборуваше, слугите кои ја мачеа малаксаа. А намесникот, гледајќи дека маченицата ги победува маките, нареди да ја симнат од мачилиштето и да ја тепаат по лицето. Тепана, таа говореше:
- Мојот Бог е светлина моја, и Христос е тврдина моја. Он со благодатта Своја го утврдува расположението на слугинката Своја.
Потоа погледна во небото и рече:
- Те молам, Господи, просвети го лицето мое, и направи јуначки да ги примам ударите. Ти, Господи, крепи ме во страдањето за Тебе, зашто Ти си Бог, Кој со богатствата на Светиот Дух ги збогатуваш оние што бестрашно го исповедаат пресветото име Твое пред мачителите. Ти, Господи, им помагаш на сите Твои светии, под чие раководство и јас Те познав Тебе, Богот мој, и Те засакав Тебе, Творецот мој. Услиши ме сега мене, слугинката Твоја, која се бори за името Твое, и помогни ми да се избавам од замките на ѓаволот.
Додека светителката така Му зборуваше на Бога, мачителите немилосрдно ја удираа по лицето. Но, одеднаш крај неа застана ангел Господов, кој толку ги уплаши мачителите, што паднаа како мртви. А намесникот, кој не го виде Ангелот, ја праша:
- Кажи ми, Гликерија, зошто не ѝ се покориш на царската наредба?
Светителката одговори:
- На кој цар наредбите треба да ги слушам?
Намесникот ѝ рече:
- На самодржецот римски, кој нареди да се почитува древниот закон за поклонување на боговите наши.
На тоа светителката му одговори:
- Јас Го слушам Богот Седржител, и се покорувам на Неговиот закон. Јас себе си се принесувам на жртва за Него, како што некогаш Авраам го принесе како жртва на Бога својот син Исак, поради што Му стана мил на вистинскиот Бог, и од Него доби благослов да биде татко на многу народи.
Намесникот рече:
- Изврши го тоа што ти се наредува, ако не сакаш да загинеш како соблазнета жена.
Но, маченицата му одговори:
- Христос, Началникот на нашиот подвиг нè крепи и нас жените, кои војуваме против твојот татко, ѓаволот, и нè наградува со светли венци.
Тогаш намесникот нареди да ја одведат во темницата и да ја мачат со глад и жед. Светителката со радост тргна и влезе во неа, благодарејќи Му на Бога. Кога ја затворија, таа започна да Го слави Бога, говорејќи:
- Благословен си Ти, Боже, познат на светите Твои, кои ги држат заповедите Твои. Ти си се јавил на светиот апостол Петар кога го напуштал Рим, и си го посрамил неговиот противник Симон маѓепсникот. Ти си му помогнал на Давид и си го покорил под неговите нозе Голијат. Ти, сепречесен и сепречист Боже, услиши ме и мене и избави ме од вражјите замки, и од прелеста на безбожниот намесник.
По три дена намесникот му рече на трибунот:
- Земи го мојот прстен, па појди во темницата и удри печат онаму каде што се наоѓа онаа маѓепсница.
Трибунот отиде, ја запечати вратата и издаде наредба стражарите да внимаваат будно, никој да не ѝ даде храна или вода, Но, Ангели Божји и носеа непозната храна и неискажлив пијалок, и ја крепеа невестата Христова.
По извесно време царскиот намесник намисли да оди во градот Ираклија, па отиде до темницата да ја види маченицата и да ја поведе со себе. Кога ја виде вратата запечатена, тој помисли дека Гликерија веќе умрела од глад и жед, но кога отвори ја здогледа жива, разрешена од оковите и пред неа садови со чист леб, млеко и чаша вода. Тоа многу го зачуди, зашто бедникот не можеше да сфати дека самиот Бог ја храни слугинката Своја. Тој нареди да ја изведат од темницата и ја поведе со себе во Ираклија. Додека патуваа, светителката Му благодареше на Бога и се молеше. А намесникот, кој пред нив стигна таму, веќе принесуваше жртва во зевсовиот храм. Во меѓувреме христијаните од Ираклија слушнаа дека кај нив доаѓа Христовата маченица Гликерија, која страдала за Христа во Трајанопол, и со својот епископ Дометиј излегоа надвор од градот, за да ја пречекаат. Кога ја здогледаа, тие го славеа нејзиното страдање заради Христа, а епископот се помоли за неа, говорејќи:
- Господи Исусе Христе, Светлино незгаслива, Просветителу на оние во темнина, Водачу на заблудените, Ти Мојсеј си го пренел по морето како по суво, а Фараонот си го потопил. Те молам, биди и водач и на оваа слугинка Твоја, во исповедањето на пресветото име Твое.
Светителката окована беше воведена во градот. Утредента намесникот намисли да ја спали, ако не им принесе жртва на боговите.
Тој ја изведе на суд, и ја праша:
- Се предомисли ли, Гликерија?
Таа му одговори:
- Во законот што ни е даден од нашиот Бог пишува: „Немој да Го искушуваш својот Господ Бог“ (1 Мојс. 6, 16), и „Вашиот збор да биде: да, да - не, не, а се што е повеќе од тоа, од лукавиот е“ (Матеј 5, 37). Јас веќе ти реков дека се присоединувам кон мојот Христос и се одреков од ѓаволот на кого ти му служиш. Соединета со Христос, како можам да се разделам од Него и наместо животот да ја одберам смртта? Прави што сакаш, а јас ги презирам сите суетни овоземни блага, за да добијам небесни.
Тогаш намесникот издаде наредба да ја фрлат во огнена печка. Таа се прекрсти и рече:
- Сесилен Боже, Те благословувам и Го прославувам светото име Твое, зашто ми го даруваше овој ден за вечна веселба и што моето исповедување си го напишал пред ангелите и луѓето. Те молам исполни ја желбата на душата моја. Покажи му на овој незнабожен и нечист намесник дека Ти навистина си мојот помошник.
Додека таа зборуваше, ја фрлија во печката. Но, веднаш падна роса од небото и го згасна огнот, а светителката стоеше во неа како чисто јагне, пеејќи:
- Свет си, Господи Боже, Кој ми испрати помош од небото, за сите да сфатат дека Тебе се ти се покорува, и дека по Твојата волја овој оган ја изгуби силата своја.
Откако го рече тоа, светата маченица излезе од печката потполно неповредена. А намесникот, препишувајќи го тоа на нејзините маѓии, нареди да и ја одерат кожата од главата. Додека слугите го правеа тоа, светата маченица го призиваше Бога, говорејќи:
- Господи Боже, Ти ствараш светлина, Ги укажуваш милост, та правдата цвета среде овие мачења, за со Твоето исповедување да добијам што посветол венец од Тебе. Те славам што ја симна кожата од мене, ја откри целата моја душа, та сега, осветлена со светлината Твоја, јас би можела да речам: „Отвори ги очите мои, за да ги видам чудесата на законот Твој“ (Псалми 118, 18).
Намесникот засрамен нареди да ја одведат во темницата да и ги врзат рацете и нозете, и гола да ја положат на остри камења. Преку ноќта Ангел Господов дојде во темницата, осветлувајќи ја. Тој ја ослободи светата маченица од оковите, ја исцели стварајќи ѝ кожа на главата, така што не остана ни трага од раните, ѝ лицето и беше светло.
Утредента намесникот повторно нареди да ја изведат на иследување. Кога стражарот ја виде здрава и без окови, не ја препозна, и сакаше да се убие мислејќи дека Гликерија побегнала, зашто многу се уплаши од страшните маки на кои би го ставил намесникот.
А светителката му рече:
- Не плаши се, јас сум Гликерија.
Преплашен, тој ја замоли:
- Смилувај се на мене да не умрам од страв, зашто верувам во Богот Кој ти помага.
Светителката му рече:
- Оди по Христос и ќе се спасиш.
На излегување од темницата стражарот ги стави на себе оковите од светителката, и тргна по неа кај намесникот. Кога го здогледа, намесникот го праша:
- Што си направил, Лаодикиј? Каде е затвореничката што ти ја доверив на чување?
Лаодикиј му одговори:
- Еве Ја, пред тебе. Изминатата ноќ таа беше осветлена со светлина Божја, и исцелена од раката на светиот Ангел, кој и беше испратен од Бога. Тој ја ослободи од оковите и и ја врати убавината. Гледајќи ги чудесата Божји, јас поверував во нејзиниот Бог, ги ставив на себе оковите нејзини, и сакам да умрам со неа.
Разгневен, намесникот рече:
- Овој бедник веднаш нека биде обезглавен, па ќе видиме дали Христос ќе дојде да му помогне.
Кога дојде време со секира да биде заклан, Лаодикиј ги крена очите кон небото и силно извика:
- Христијански Боже, прими ме во царството Твое, пред слугинката Гвоја Гликерија!
А света Гликерија се молеше за него, говорејќи:
- Господи Исусе Христе, Ти си исцелил смртни болести, и заробениот човек си го ослободил од оковите адски. Ти и слугата Твој Лаодикиј ослободи го од власта на ѓаволот, помогни му да го доврши подвигот на исповедањето Твое, и душата негова прими ја во мир!
Лаодикиј, кој ја слушаше молитвата на Гликерија, рече:
- Амин.
И главата му беше отсечена со секира, а христијаните тајно го зедоа неговото тело и чесно го погребаа.
Обраќајќи се кон света Гликерија, намесникот и рече:
- Ние знаеме дека твојот татко бил градоначалник на Рим. Знаеме и дека твојата мајка била од високо потекло, но, не знаеме кој ти помага. Ти самата кажи ни.
Светителката му одговори:
- Мене ми помага Христос, Спасителот на светот и Богот на секоја утеха. Он ми испраќаше храна во темницата, Он ме ослободи од оковите, Он ми ја обнови унаказаната убавина.
Тогаш намесникот нареди да ја фрлат на зверовите. Светителката со радост тргна, и кон неа пуштија огромна лавица, која страшно рикаше. Но, штом притрча, таа легна крај нејзините нозе, и и ги лижеше стапалата. А светителката ги крена очите кон небото и рече:
- Ти благодарам, Боже сесилен, Боже на отците, Боже на милосрдието, што го скроти овој звер, за да ја покажеш својата божествена сила, и што ми ги олесни страшните маки. Услиши ме, Боже, и на овој зол намесник возврати му според делата негови, а мене не лишувај ме од благодатта Твоја со светиите Твои.
Кога светителката така се помоли, слушна глас од небото, кој говореше:
- Ја услишав молитвата твоја. Дојди кај Мене со мир! Еве, тебе ти се отвораат вратите на Небесното Царство!
Наскоро кај светителката беше пуштена друга лавица, која ја касна, но тоа каснување не ја повреди. Тогаш таа ја предаде својата света душа во рацете Божји. ѕверовите се вратија во својот кафез, а царскиот намесник го зафати силна болка, та целиот отече, многу се наду, и умре на улицата, бидејќи немаа време да го однесат во неговиот дом. А пак епископот Дометиј дојде, го зеде многустрадалното тело на светата маченица Гликерија и чесно го погреба на едно прекрасно место во близина на градот Ираклија. Потоа од нејзините чесни мошти потече целебно миро, исцелувајќи ја секоја болест во слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, Кому и од нас слава и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови, амин.
Света Гликерија чесно пострада во 177 година.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АЛЕКСАНДАР
За време на владеењето на незнабожниот римски цар Максимијан, настана големото гонење против христијаните по целото Римско Царство. Еден стотник, многу ревносен идолопоклоник, на наредба од царот му изгради храм на нечистиот бог Јупитер, недалеку од Рим, и царот издаде заповед христијаните под присила да им принесуваат жртви на незнабожечките богови. Освен тоа нареди сите да се соберат во денот на обновувањето на Јупитеровиот храм. Царските гласници се растрчаа на сите страни по Рим, и со труби објавуваа:
- Чујте, пријатели на боговите! Утре претпладне треба да се соберете заедно со царот во храмот на нашиот бог Јупитер!
Незнабошците веднаш започнаа да се подготвуваат за утрешниот ден. Многу продавачи уште рано во мугри се упатија со својата стока кон новиот јупитеров храм, како за поклонение така и за продажба на својата стока. Во тоа време трибунот Тиверијан, кој командуваше со многу војници, кои што му беа предадени на управа од војводата Феликс, ги повика војниците и им рече:
- Чујте, браќа! Знаете ли за царската наредба дека денес треба да бидеме со царот во јупитеровиот храм? Затоа подгответе се.
Додека зборуваше, го известија дека царот веќе пристигнал кај храмот. Тогаш сите побрзаа да бидат во негово присуство. Но, еден од тие војници, по име Александар, богобојазлив и од детството одгледан во христијанската вера, му рече на трибунот:
- Добро ќе стореше ако нè повикаше да Му се поклониме на вистинскиот Бог, Кој живее на небото. Оние пак, што вие ги нарекувате богови, не се богови туку демони.
Тиверијан му рече:
- Денес ќе му принесеме жртви само на Јупитер, иако имаме многу богови.
На тоа блажениот Александар му одговори:
- Јупитер, кого ти го нарекуваш бог, е ист како останатите лукави демони, кои своите поклоници ги влечат во погибел, наведувајќи ги на незаконски и нечисти дела, со кои и самите ваши богови се осквернија, како што вие самите велите за нив. Всушност, некогаш тие ги силуваа жените, сквернавејќи ја не само земјата, туку и морето и воздухот. А кој некогаш видел или слушнал дека боговите се занимаваат со блуд? Но, нашиот Бог е невидлив за телесните очи и се препознава само со верата. Он не бара такви жртви, туку чисти и бескрвни.
Откако го сослуша, Тиверијан рече:
- Престани со тоа безумие! Немој да хулиш на нашите богови, на нашите добротвори, за да не слушне царот и да се налути што во мојот полк трпам таков богохулник.
Откако го рече тоа, Тиверијан побрза кон царот, а Александар си отиде дома.
Кога дојде време за жртвопринесување, царот започна да му принесува жртва на својот одвратен бог Јупитер во неговиот нов храм. Тогаш Тиверијан му рече дека еден од неговите војници, Александар, хули на боговите и не сака да им принесе жртва. Царот веднаш нареди окован да го доведат пред него. Беше пладне. Александар се одмораше во својата постела. Но, во сонот му се јави ангел Господов, и му рече:
- Држи се машки, Александар, и биди храбар, зашто ти претстојат многу страдања за името на Исуса Христа Распнатиот. Еве, царските војници веќе доаѓаат по тебе. Но, ти немој да се плашиш.
Јас ќе ти помагам. Сега стани и помоли Му се на Бога, а јас ќе бидам со тебе до крајот на твојот подвиг.
Александар стана и започна да пее од Давидовите псалми: „Кој живее во помош од Вишниот ќе се насели под кровот на Бога небесниот; ќе Му рече на Господа: Ти си заштитник мој и прибежиште мое, Бог мој, во Кого се надевам (и останатото до крај: Псалми 90, 1-16). Потоа излезе од дома и ги сретна војниците што доаѓаа по него. Сите беа негови другари од полкот. Кога го здогледаа, сите испопаѓаа од страв, зашто неговото лице блескаше како молња. А свети Александар им рече:
- Станете, браќа! Од што се исплашивте?
Војниците му одговорија:
- Те гледаме опкружен со силата Божја и паднавме од страв.
На тоа светителот им рече:
- Чујте браќа! Богот на небото и земјата го посети слугата Свој. Но, вие не плашете се, туку правете што ви е наредено, зашто сте испратени да ме фатите и окован да ме одведете кај царот.
Војниците му одговорија:
- Ние се договоривме ништо да не ти кажеме. А ти, од каде знаеш дека сме испратени по тебе?
Светителот им одговори:
- Не треба многу да разговарам со вас, бидејќи итам кон престојниот подвиг, што ми го подготви небесниот Цар, зашто од Рим ќе ме води дури во Византија.
Откако го рече тоа, блажениот Александар ги преклони колената и Му се помоли на Господа, говорејќи:
- Господи Исусе Христе, Боже на отците наши, фален и прославуван низ сите векови! Те молам, Господи, не отфрлај ме од ликот на праведниците Твои, оти ми го откри светото и страшно име Твое. Господи, Ти си мој помошник и заштитник. Испрати ми Ангел Твој да ми помага и да управува со јазикот мој, кога ќе одговарам пред мачителите.
Откако се помоли, војниците го оковаа и го поведоа. Неговата мајка Пименија не знаеше за тоа. Свети Александар беше со силно тело, висок, со убаво лице и имаше осумнаесет години. Изведен пред царот, тој го праша:
- Ти ли ја навредуваш мојата моќ, безумнику? Ти ли не му се покоруваш на својот старешина, и не си дошол со војниците да му се поклониш на големиот бог Јупитер?
На тоа светителот му одговори:
- Јас Му се поклонувам на мојот Бог, Кој е на небесата, на Неговиот Единороден Син, Господ Исус Христос, и на Светиот Дух. Друг бог не познавам, ниту пак признавам. Затоа повеќе не прашувај ме за друг бог. А од твојата власт воопшто не се плашам, ниту пак од твоите закани и маките на кои што ќе ме подложиш.
Максимијан многу се разгневи и праша:
- Што може да направи Богот, Кого ти Го исповедаш?
Светителот одговори:
- Мојот Бог е невидлив и семоќен, И не постои нешто невозможно за него.
Тогаш Максимијан го праша:
- Може ли да биде бог оној што беше распнат од луѓето и умре убиен?
Светителот одговори:
- Замолкни сатано! Ти не си достоен со твојата погана уста да го спомнуваш пречистото и пресвето име на мојот Господ Исус Христос, Кој за нас доброволно претрпе распнување и смрт. О, безумни! Кога велиш дека Он е распнат и умре, зошто тогаш не кажеш дека Он воскресна од мртвите и им даруваше живот на многу мртви?
На тоа Максимијан рече:
- Ја штедам твојата младост, оти гледам дека си многу млад.
Светителот одговори:
- Штеди се себе си, и излези од ѓаволските мрежи, а јас не се плашам од маките, зашто го имам Бог за помошник.
Максимијан возврати:
- Реков дека сакам да те поштедам. Затоа пристапи и принеси жртва, па постојано ќе бидеш во мојата царска палата, и ќе го заземеш првото место.
Светителот одговори:
- На кој бог ми наредуваш да се поклонам?
Максимијан објасни:
- Поклони се и принесу му жртва на големиот бог Јупитер.
Тогаш светителот ги крена рацете кон небото и започна да се моли:
- Господи Исусе Христе! Не оставај ме мене, смирениот слуга Твој, туку помогни ми мене грешниот.
Додека така се молеше, тој ги крена очите кон небото и ги виде небесата отворени и Синот Божји како седи од десната страна на Отецот, па се утеши и повторно го праша Максимијан:
- На кој бог сакаш да му принесам жртва?
Максимијан одговори:
- Принесу му жртва на големиот Јупитер.
Светителот го праша:
- Зар не знаеш дека оној што ти го нарекуваш бог некогаш бил човек, и тоа развратен и одвратен, зашто еднаш, од страст кон една жена и заљубен во неа, се претворил во вол и со своите маѓии ја завел несреќната жена и ја осквернил.
Кога го слушна тоа, Максимијан се насмеа и рече:
- Тоа ја докажува силата на нашите богови, зашто им се јавуваат на луѓето во онаков вид каков што ќе посакаат.
Светителот одговори:
- Беднику, ти ги фалиш одвратните и нечисти дела на вашите богови, зашто и самиот со своите нечисти дела си сличен на нив И не сакаш да го познаеш Богот, Кој ти ги дарувал честа и царството.
На тоа Максимијан рече:
- Царската власт ми ја дадоа моите богови.
Светителот одговори:
- Ти се чудам, дали ти, кој се сметаш за мудар, си се убил самиот себе, бидејќи веруваш во демоните и им служиш на бездушните и неми идоли и, оставајќи го живиот и бесмртен Бог одиш по сатаната. Ајде, обрати се кон светлината, за да не останеш во пеколот за навек. Тогаш Максимијан, преполн со гнев, го предаде Александар на трибунот Тиверијан да го мачи. Истовремено нареди да ги мачи и сите христијани воопшто. Со таа цел, тој го испрати истиот трибун во Тракија, наредувајќи му насекаде да ги гони и мачи христијаните. Му нареди и Александар да го поведе со себе во Византија.
Кога го слушна тоа, Александар рече:
- Ти благодарам, мачителе, што сакаш да ме прославиш. Господ нека ме удостои по сите краеви на земјата да претрпам секакви мачења и страдања за пресветото име Негово!
Максимијан нареди веднаш да му го тргнат Александар од пред очи. Трибунот Тиверијан го зеде под своја власт, а утредента нареди гол да го обесат на дрво за мачење и со железни нокти да му го стругаат телото. Така струган, маченикот не воздивна, туку со очите вперени кон небото Му благодареше на Бога. Потоа го симнаа од дрвото, па трибунот нареди да го оковаат и го предаде на војниците да го водат во Тракија.
Кога го водеа, на неговата мајка и се Јави Ангел Господов и и рече:
- Бргу стани, подготви ги слугите свои, И следи го својот син во Тракија. Го водат на мачење за сведоштвото Христово. Ти погреби го неговото тело.
Штом се разбуди, блажената Пименија не започна да тагува за својот син, туку напротив, со радост стана, подготви се што е потребно за пат, и со брзање тргна и го достигна својот син во градот Картагена. Штом влезе во тој град, таа виде како Тиверијан му суди на Александар пред народот. А кога започнаа да го измачуваат, таа со голема радост, велегласно повика кон својот мил син, говорејќи:
- Чедо мое, вишниот Бог, добриот Пастир, нека ти помогне!
Кога го слушна нејзиниот глас, Гиверијан праша:
- Чиј е тој глас?
Но, никој не знаеше да му каже, бидејќи имаше многу народ. Потоа тој му рече на маченикот:
- Несреќнику, принеси им жртва на боговите!
Светиот маченик одговори:
- Јас ќе му принесам благодарствена жртва на мојот Бог!
На тоа мачителот рече:
- Зарем не рече дека вашиот бог не бара жртви?
Светителот одговори:
- Навистина, мојот Бог не бара жртви какви што вие им принесувате на вашите идоли, туку бара жртва на правда и светост, зашто Он е праведен и свет Бог.
Тогаш Тиверијан нареди со свеќи да го горат неговото тело, говорејќи:
- Ќе видиме дали неговиот бог ќе дојде да го избави од моите раце.
Горен, светиот маченик ги подигна очите кон Небото, говорејќи:
- Слава Тебе, Господи Исусе Христе, што Твојот Архангел Михаил си го испратил во Вавилон и Трите Момчиња од огнот си ги ибавил. Ти, Господи, сега избави ме и мене од овие маки, и посрами го мачителот со силата Твоја, за и јас со псалмопевецот Давид да можам да речам: „Преминавме низ оган и вода, и Ти не изведе на одмор“ (Псалми 65, 12).
Кога виде дека огнот не се допира до маченикот, Тиверијан се посрами, и им нареди на војниците да го врзат Александар и да го водат по него. Штом виде дека мачителите го водат нејзиниот син, мајката ги замоли да ѝ дозволат да се види со него. Војниците ѝ дозволија. Кога ја виде својата мајка, светиот маченик рече:
- Добро си сторила мајко моја, што ме следиш онаму каде што ќе го завршам подвигот, како што ми откри Господ.
А пак некои од војниците говореа:
- Александар, силна е верата твоја, зашто голем е Богот христијански. Ете, колку маки поднесе за Него, па сепак не ти е ништо.
Тие така зборуваа додека патуваа. По патот наидоа на еден извор, па седнаа да се одморат и започнаа да јадат. Војниците го молеа Александар да јаде со нив, зашто веќе беа изминале четириесет дена откако не беше вкусил ништо. Но, тој, имајќи ја молитвата како своја храна, ги преклони колената и започна да го пее псалмот: „Ги кренав очите кон горите, од каде ми доаѓа помош. Мојата помош е од Господа, Кој ги створил небото и земјата“ (Псалми 120, 1-2). Потоа продолжи да се моли вака:
- Господи Исусе Христе, сочувај ме мене, јагнето Твое беззалезно, за да не се зарадува мојот непријател, зашто го познав името Твое. Немој да ме посрамиш пред мачителот, Господи, туку испрати ми ангел Твој, и биди ми помошник и покровител.
Кога заврши со молитвата, Ангел Господов застана пред него и му рече:
- Не плаши се, Александар. Господ ја слушна молитвата твоја, и јас сум испратен од Бога да ти помагам.
Овие зборови ги слушнаа војниците, но никого не видоа и многу се исплашија. А блажениот Александар ги праша:
- Што видовте, браќа, та се преплашивте?
Тие му одговорија:
- Го слушнавме гласот на твојот Бог, и многу се исплашивме.
Додека војниците зборуваа, стигна Тиверијан заедно со градските велможи. Тиверијан ги праша големците:
- Како се вика ова место?
Тие му одговорија:
- Се вика Судско место.
На тоа Тиверијан рече:
- Ако е Судско место, тогаш овде треба да го извршиме судењето. Доведете ми го христијанинот Александар.
Кога го доведоа, Тиверијан му рече:
- Зар сè уште се држиш до своето безумие и не сакаш да им се поклониш на нашите богови? Како што гледам, твоето срце се скаменило, и јас вистински те сожалувам и сакам да те обратам кон боговите, господари на вселената.
На тоа маченикот му одговори:
- Безбожен, слеп со умот, сине на ѓаволот, ти си се предал на сатаната. Како можеш ти да ме сожалуваш и да бидеш милостив кон мене? Та твојот татко, сатаната, не е милостив спрема никој, туку сите сака да ги повлече со себе во пеколот.
Тиверијан рече:
- О,зла главо! Зар ти си рамен на мене, та така ми одговараш? Дали ме бесчестиш затоа што те штедам? Зарем не треба да ме почитуваш поради мојата добрина, а ти, дури дрско ме навредуваш?
Светителот му одговори:
- Навистина личиш на твојот татко, сатаната, зашто имаш срце тврдо како камен. Зарем не ти паѓа во очи што ова место се вика Судско место? Самиот назив јасно покажува дека наскоро овде ќе те стигне праведниот суд на Бога, Кој ќе им суди на живите и на мртвите, и на секого ќе му даде според делата негови. Тогаш ќе сфатиш дека сум ти ја зборувал вистината, зашто Бог ќе ти суди што го мачиш слугата Негов. Бог гледа дека ти неправедно ме мачиш. Но, знај, овие маки ќе ми донесат слава, а тебе ќе те подготват за вечни маки.
Тиверијан се разбесни и нареди да распостелат трње по земјата, и по нив да го влечат маченикот. Така мачен, светителот молчеше како да не чувствува болки. Штом го забележа тоа, Тиверијан уште повеќе се разбесни, па нареди да го тепаат со железни мотки. Така тепан, маченикот му довикна:
- Безбожнику, зарем само овие маки си ги подготвил за мене? Ајде дај ми уште потешки, оти со помошта на мојот Бог Христос јас не чувствувам никакви болки.
На тоа Тиверијан му рече:
- Ќе те исечам на парчиња и ќе те фрлам во оган, и во пепел ќе те развеам, ниту трага да не остане од тебе. Тогаш ќе видам дали Христос ќе дојде да те избави од моите раце.
Светителот одговори:
- Мојот Христос наскоро ќе те погуби. Телото твое и коските твои наскоро ќе бидат искинати на парчиња и расфрлани по земјата. Ти нема да се вратиш во Рим, ниту ќе го видиш лицето на твојот поган цар, зашто Господ ќе го уништи твојот спомен на земјата. Тоа ќе те снајде, беднику, затоа што не си го познал вИстинскиот Бог, ниту си Му оддал должно почитување што ти дарувал чест и власт. Но, кога би Го познал Бога, ти би можел да стекнеш вечен живот на небесата. А јас секогаш ќе Го прославувам Господа, Кој ќе ме избави од твоите раце и ќе ме удостои на благодатта Своја, во вечното царство Свое.
Мачителот се промени во лицето од јарост, но сепак нареди да престанат да го мачат. На стемнување Тиверијан изрази желба да преноќева во тоа место. Откако вечераше, тој легна да спие. Во сонот имаше две виденија: Му се јави Ангел Божји со страшен изглед и со меч во раката, и му рече:
- Безбожнику, еве јас дојдов против тебе, оти луто го мачиш слугата Божји Александар. Знај дека веднаш можам да те погубам со овој меч, но ќе те потрпам уште некое време. Кога ќе се разбудиш, веднаш појди преку Илирија во Византија, зашто се приближи крајот на слугата Божји Александар.
Тиверијан веднаш се разбуди од страв. Целиот растреперен, тој ги повика своите советници и им го раскажа својот страшен сон. А тие му рекоа:
- Ние одамна сакавме да ти кажеме да не го мачиш овој човек толку страшно и неправедно, но не се осмеливме. Слушнавме и дека христијанскиот Бог е голем, и ги фрла во оган оние што ги мачат слугите Негови.
Тој уште повеќе се уплаши од овие зборови, па им нареди на војниците веднаш да тргнат и да го водат маченикот напред, а тој одеше по нив. Минуваше Тиверијан покрај многу градови не свраќајќи во нив, зашто по наредба на Ангелот, иташе кон Византија. А тоа страшно видение со денови не му излегуваше од памет, и многу исплашен не се осмелуваше повеќе да го измачува Александар.
Кога минуваше низ Илирија, и се приближи до градот Сардикија, во пресрет му излегоа градоначалникот и градските велможи. Но, Тиверијан не сврати во градот, туку го одмина. Христијаните на тој град слушнаа дека трибунот води со себе некој маченик, и излегоа надвор од градот за да го видат. Кога го видоа, тие притрчаа и му паднаа пред нозете, говорејќи:
- Моли Го Бога за нас, страдалниче Христов!
А тој им рече:
- Молете Го и вие Господа за мене, браќа, да го завршам својот подвиг во Христа Исуса, и да се удостојам да го примам ветениот венец од Неговата десница.
Потоа го одведоа понатаму. Минувајќи го градот Клисура, тие се приближија до местото Вономасиски Полк, недалеку од Филипопол. Тука застанаа. Во тоа време Тиверијан го подзаборави она страшно сновидение, па го изведе Александар на иследување и го праша:
- Дали сè уште си непокорен пред боговите наши?
Светителот му одговори:
- Заслепен сине на сатаната, што уште сакаш да чуеш од мене? Јас веќе ти реков дека нема да им принесам жртва на демоните.
На тоа Тиверијан рече:
- Јас не те наговарам да им се поклониш на демоните, туку на големите богови Јупитер и Асклипиј.
Светителот му одговори:
- Безумниче, зарем не сфаќаш дека твоите Јупитер и Асклипиј се демони?
Тиверијан рече:
- Ќе направам твоето име да биде срам за целата земја, поради навредата што ни ја нанесуваш.
Светителот одговори:
- И јас го сакам тоа. Со мене да се прослави името на мојот Господ Исус Христос по целата земја.
Тогаш Тиверијан им рече на војниците:
- Тргнете ми го од пред очи, зашто не можам повеќе да ги поднесувам неговите навреди. Водете го во Филипопол и фрлете го во темница, додека не дојдам.
Војниците постапија според наредбата. А пак граѓаните излегоа да го пречекаат Тиверијан. Кога дојде во градот, се подготвија да им принесат жртви на Јупитер и Асклипиј. А кога граѓаните дознаа дека во градската темница се наоѓа светиот маченик Александар, се собраа таму и го молеа стражарот да им дозволи да го видат. Стражарот ги пушти оти и самиот се плашеше од Бога. Кога го видоа паднаа пред неговите нозе, ги целиваа неговите окови и говореа:
- Благослови нè, страдалнику Христов! Благослови ја и нашата татковина, зашто и ние сме христијани, И живееме во голем страв во овој град. Градскиот војвода секојдневно не бара за да не мачи и одврати од Христа. Но, нема да му успее. По благодатта Христова овде не има многу. Меѓу нас има и многу угледни граѓани. Ние се надеваме дека силата Христова ќе ја победи безбожната вера, и целиот град ќе Го слави Христа. А ти, страдалнику Христов, јуначки издржи до крај во твојот подвиг за Христа.
Меѓутоа Тиверијан, принесувајќи им погани жртви на идолите, се сети на окованиот Александар во темницата, па им рече на градските велможи:
- Вие треба да знаете дека царот ми предаде еден христијанин на иследување. По целиот пат со разни маки го присилував да им се поклони на нашите богови, но без успех. На моите прашања тој одговара многу грубо, и ме навредува и мене и боговите наши. Нека
го доведат ваму, па можеби ќе се засрами од вас оти сте многумина, и ќе им принесе жртви на боговите.
Александар веднаш беше доведен. Седејќи заедно со градскиот војвода, Тиверијан му се обрати на маченикот:
- Кажи ми, Александар, одлучи ли да им принесеш жртва на нашите богови? Ете, сите христијани од овој град веќе им се поклонија на Јупитер и Асклипиј, а само ти се противиш.
Светителот одговори:
- Лажеш, беднику, како што лаже твојот татко - сатаната. Ниту еден од овдешните христијани не ја извршил вашата безбожна наредба. Што сакаш да чуеш од мене, освен она што веќе многупати го слушна? Христијанин сум и нема да им принесам жртви на вашите нечисти демони. Еве, и сега изјавувам да чујат сите присутни: слуга сум на Богот небесен, и никогаш нема да се одречам од мојот Бог Исус Христос.
Посрамен, Тиверијан им рече на војниците:
- Окованиот водете го пред мене, а јас наскоро ќе тргнам по вас.
И го одведоа светиот маченик понатаму. Кога стигнаа до еден поток, наречен Сирмија, маченикот ги изми рацете и лицето, се сврте кон Исток, и започна да се моли, говорејќи:
- Ти благодарам, Христе Боже, што во Филипопол ме удостои да Го исповедам пресветото име Твое.
Но, војниците не му дозволија повеќе да се моли, туку го примораа да го продолжи патот. Кога дојдоа до местото Полковско, каде што се приредуваа незнабожечки свечености, ги стигна Тиверијан. Тој го повика Александар и му рече:
- Јас пред војводата благо ти реков да им принесеш жртва на боговите, а ти страшно ме навреди пред сите! Ајде барем сега изврши го тоа што ти се наредува, па веднаш ќе те пуштам на слобода.
Светителот одгвори:
- Тоа што ти го реков пред војводата, ќе ти го кажам на секое место, сине на сатаната и помрачен ѓаволу. Не се надевај дека слугата Христов ќе го одвратиш од вистинскиот Бог.
Тогаш Тиверијан нареди да забијат во земјата четири колци, да го растегнат маченикот меѓу нив, па да му зададат двесте удари. Додека го удираа тој молчеше, но во себе се молеше на Господа.
Во тој час дојде глас од небото, кој му рече:
- Немој да се плашиш од маките Александар. Тие се минливи, а јас секогаш сум со тебе.
Кога го слушна овој глас, Тиверијан многу се исплаши и веднаш нареди да престанат да го тепаат, па си го продолжија патот, Кога дојдоа до градот Карасура, помеѓу Филипопол и Верија, Тиверијан влезе во градот, а војниците останаа во ладовина под дрвјата близу градот. Беше пладне со силна горештина. Светиот маченик им рече на војниците:
- Браќа, Јас сум жеден.
А војниците му одговорија:
- И ние сме жедни, но од каде да донесеме вода?
На тоа светителот им рече:
- Причекајте малку. Моќен е мојот Бог и на ова место да ни даде вода.
Откако го рече тоа, тој ги преклони колената и се помоли на
Бога, говорејќи:
- Господи Исусе Христе, Ти некогаш во пустината од каменот си извел вода за жедниот Израил (2 Мојс. 17, 1-7), и сега погледни милостиво на слугата Твој, и дај ни вода на ова место, за да пијам јас и сите со мене, та да се прослави пресветото име Твое.
Кога светиот маченик така Му се помоли на Бога, веднаш се отвори земјата под дабот и потече поток чиста и студена вода. Кога го видоа тоа чудо, војниците рекоа:
- Навистина е голем Богот христијански, Кој брзо ги исполнува молбите на верните слуги Свои. И од таа вода пиеја сите и Го славеа Бога. По долго патување, војниците стигнаа до реката Арзон. Уморни од патот, тие седнаа да одморат. Со нив седна и светиот маченик. Ги стигна и Тиверијан, па штом го виде маченикот како седи со нив, налутено ги праша војниците:
- Несреќници, зошто сте дозволиле овој безбожник да седне. Тогаш станаа и се упатија кон градот Верија. Таму граѓаните сно го дочекаа Тиверијан, зашто во градот имаше многу христити, кои тајно ја исповедаа христијанската вера. Кога го здогледаа ченикот Христов, тие му се приближија и му рекоа:
- Радувај се, страдалнику Христов! Биди храбар и јуначки држи се, зашто безбожниот мачител никогаш нема да успее против силата на Христа Бога.
Тиверијан го повика маченикот и му рече:
- Александар, послушај ме како свој татко. Сега заедно со мене принеси им жртва на боговите наши. Ако го сториш тоа, ти ветувам пред сите дека веднаш ќе те ослободам, и ако сакаш веднаш можеш да бидеш старешина на мојот полк. Ако пак не сакаш, можеш да одиш каде што сакаш.
Насмевнувајќи се, светителот рече:
- О, колку е горка твојата утеха! Твоите зборови и нанесуваат лути маки на мојата душа. Но, да не даде Бог да го послушам твојот совет! Јас веќе многу пати ти реков, а и сега ќе ти кажам: христијанин сум и нема да им принесам жртви на твоите демони.
И Тиверијан си го продолжи патот. По него го водеа окованиот маченик, и кога стигнаа до едно место на реката Арзона, каде што имаше многу гостилници, Тиверијан преноќеваше тука, очекувајќи го маченикот, пратен од многу христијани од Верија. Кога пристигнаа, Александар го замоли Тиверијан да му дозволи да се помоли на својот Бог. Тиверијан му дозволи. Светителот отиде под едно ореово дрво во близина, ги преклони колената, и се молеше на Бога, говорејќи:
- Господи Исусе Христе, испрати го Ангелот Твој и земи ја душата моја. Повеќе не можам да поднесам ништо, оти изнемоште моето тело.
А пак Тиверијан, набљудувајќи го маченикот како се моли, им рече на своите:
- Многу ме чуди, од каде овој ги научил маѓиските молитви? Израсна пред моите очи, јас го направив војник, но никогаш не ни претпоставував дека знае маѓии.
И го повика Александар и му рече:
- Александар, принеси им жртви на боговите!
Светителот одговори:
- Навистина твојот ум е помрачен, зашто повторно сакаш од мене да го слушнеш она што веќе многу пати го слушна.
Тогаш Тиверијан им нареди на слугите да му истураат врело масло врз плеќите. Но, невидлив ангел Господов го изли врелото масло врз слугите и ги изгоре.
Тогаш мачителот многу се разјари и им нареди на војниците да го испружат маченикот на земјата под оревот, и немилосрдно да го тепаат со мотки. Слугите го тепаа са додека не малаксаа. Тогаш свети Александар стана и рече:
- Господи Боже, благослови го ова дрво и дај му целебна сила, оти под него страдав за пресветото име Твое. Од тогаш родот и листовите на тој орев исцелуваа од секоја болест.
Потоа војниците заедно со маченикот го продолжија патот, одејќи пред Тиверијан. Кога го одминаа Адрианопол, стигнаа во местото наречено Вуртодексион. Тука светиот маченик ја затекна својата блажена мајка Пименија, која му падна пред нозете, плачејќи. Потоа стана и го прегрна. А светиот маченик и рече:
- Не плачи, мајко моја, зашто се надевам дека мојот Господ ќе ми даде утре да го завршам својот подвиг.
Пристигна и Тиверијан, и остана да преноќева. Во два часот по полноќ тој стана, и тргнаа на пат. На изгрејсонце стигнаа до реката Зионкел каде што во една гостилница Тиверијан се одмори од патот. Потоа му рече на маченикот:
- Те ставав на многу маки, и сепак не успеав да те обратам кон моите богови. Знај, дека сега ќе те погубам ако не ме послушаш.
Откако го рече тоа, Тиверијан продолжи понатаму. Кога приближија до Византија, во градот Дризипер кој што лежи на реката Еригон застанаа покрај реката, и Тиверијан реши да му ја изрече конечната пресуда на маченикот, па му рече:
- Еве, сега твојата смрт е пред тебе, Александар. Што велиш: ќе им принесеш ли жртва на боговите или не? Еве, овде ќе те убијам и твоето тело ќе го фрлам во реката, да го изедат рибите, ако не ме послушаш.
Светителот му одговори:
-Ќе ти бидам благодарен ако навистина го сториш тоа, зашто бргу ќе се избавам од твоите раце. А на твоите богови никогаш нема да им принесам жртва, макар да си моќен да ме погубиш и со илјада смрти.
Тогаш мачителот му изрече смртна пресуда, и го предаде на војниците, наредувајќи им да му ја отсечат главата, а телото да го фрлат во реката. Тиверијан си го продолжи патот, а војниците останаа да ја извршат наредбата. Тука се слеа многу народ, кој сакаше да го види крајот на маченикот. Меѓу нив имаше и многу христијани. Светиот маченик го замоли џелатот да причека малку, за да се помоли на Бога, и побара малку вода. Еден човек од народот зеде сад и му донесе вода од реката. Светителот ги изми рацете и лицето, се сврте кон Исток, се прекрсти, и започна да се моли, говорејќи:
- Слава Тебе, Боже, на отците наши! Слава Тебе, Боже Авраамов Исаков и Јаковов! Од тебе трепери сета твар, и се Ти се поклонува како на Творец на небото и на земјата! Пред Тебе, Богот невидлив и вечен, со страв стојат Серафими, без да смеат да Те погледнат, и непрестајно воскликнуваат: Свет, свет, свет Господ Саваот, небото и земјата се полни со славата Твоја. Тебе Те благословува сонцето што по небото оди; Тебе Те благословува земјата и се што е во неа, и се живо Ге слави Тебе, зашто си единствен вечен Бог, Отец, Син и Свети Дух. Сети се, Господи, на оние кои Ти се бојат и Му принесуваат благодарност на пресветото име Твое. Не презирај ме, Господи, мене грешниот и недостоен слуга Твој.
Потоа се обрати кон христијаните, и им рече:
- Браќа и отци! Сетете се на трудовите мои, зашто ревносно страдам за нашиот Господ, за Он да биде милостив спрема мене и спрема целиот христијански род. Знајте дека долгиот пат од Рим до тука јас го преминав окован и злоставуван, влечен и мачен, не со својата сила туку со помошта на нашиот Господ Исус Христос. Со таа помош јас јуначки претрпев се, а го победив и насилството на Тиверијан и неговиот помошник - ѓаволот. И еве, сега веќе заминувам да застанам пред мојот Господ. Вие пак помолете се за мене, за да најдам милост пред Господа.
Потоа го замоли џелатот да причека уште малку, па ги преклони колената и се молеше на Бога, говорејќи:
- Господи Исусе Христе! Услиши го слугата Твој, кој страда за светото име Твое! Дај му благодат на телото мое. Каде и да биде положено, таму нека се даваат чудесни исцеленија на болните, во слава на пресветото име Твое.
И се чу глас од небото, кој ветуваше дека молбата на маченикот ќе биде исполнета. Тогаш им рече на војниците: - Браќа, брзо извршете го тоа што ви е наредено. А џелатот, чие име беше Целестин, му рече: - Маченику Христов! Помоли Му се на твојот Бог, да не ми го зема ова за грев, оти ми е наредено да те убијам. Светителот му одговори:
- Ти го правиш тоа по наредба. Гревот е на оној што ти наредил, а ти изврши го, зашто брзам кон мојот Господ.
Тогаш Целестин му ги заврза очите и сакаше да го обезглави. Но, ги здогледа светите Ангели што беа дошле да ја земат душата на маченикот, се преплаши, и стоеше така, не знаејќи што да прави. А светителот, очекувајќи главата да му биде отсечена, му рече на џелатот:
- Брате, стори го тоа што ти е наредено! Џелатот одговори:
- Се плашам, слуго Божји, зашто гледам прекрасни луѓе крај тебе. Тогаш светителот повика кон Бога:
- Господи, Исусе Христе, дај ми овој час да се упокојам! И ангелите малку отстапија од него. Тогаш џелатот пристапи и му ја отсече главата на маченикот. И веднаш ангелите ја зедоа во рацете неговата света душа, и ја носеа на небото, славословувајќи Го Бога. Тоа ангелско пеење го слушнаа сите присутни христијани. Така светиот маченик Александар го заврши подвигот на своето страдање, а неговото чесно тело војниците го фрлија во реката, како што им нареди Тиверијан. Но, по промисла Божја, четири кучиња го извлекоа телото на брегот, и го лижеа седејќи крај него, и чувајќи го од зверовите. Кога стигна неговата блажена мајка Пименија, го зеде многустрадалното мило тело на својот син, го помаза со мириси, го завитка во чиста плаштаница, и чесно го погреба покрај реката Еригон. И од гробот на маченикот им се даваа исцеленија на многу болни. Наскоро потоа светиот маченик и се јави на својата мајка во видение, ја утеши, и ја извести дека наскоро и таа ќе се пресели кај Бога. Стоејќи сега со неа пред престолот на славата Божја, во соборот на светите Маченици, светиот маченик Александар Го моли за нас човекољубивиот Господ, и Го слави Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, Славениот од секоја твар, сега и секогаш и во сите векови, амин. Светиот маченик Александар пострада во 298 година.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ ЈОВАН, ЕВТИМИЈ, ГЕОРГИЈ и ГАВРИЛ
Овие преподобни отци се оснивачи на знаменитиот Иверски (Грузиски) манастир на Света Гора. Свети Јован најпрвин се подвизуваше во Атанасиевата Лавра, а потоа го основаше својот манастир Ивер. Се упокои во 998 година. Евтимиј и Григориј го преведоа Светото Писмо на грузиски јазик. Евтимиј се упокои во 1028 година, а Георгиј во 1066-та година. Гаврил се удостои да слушне глас Божји, и да Ја прифати чудотворната икона на Мајката Божја, која по морето дојде во манастирот (споменот за неа е на 12 февруари).
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАВСИКАКИЈ епископ Синадски
Блажениот Павсикакиј живееше во времето на царот Маврикиј. Негово родно место беше градот Апамеја на Црното Море. Неговите родители беа благородни, познати и израснати во христијанската вера. Павсикакиј уште како млад се предаде на строг пост, молитви и останатите сурови подвизи. Подоцна стана монах, и оттогаш се хранеше само со малку леб и вода, а се занимаваше и со лекување, та истовремено ги лечеше и телата и душите. Тој истеруваше демони од бесомачните, исцелуваше хроми, исправаше грбави, и правеше многу други слични чудеса.
Неговата слава се пронесе насекаде, та за него дозна и тогашниот цариградски патријарх, блажениот Киријак, кој го ракоположи за епископ Синадски. Кога отиде во градот Синад, тој ги избрка од својата епархија духовните волци, односно еретиците ги отсече со мечот на своето учење од здравото тело на христијаните, и како гнили делови ги исфрли од Црквата. На тој начин на својата паства ѝ осигура мир и спасение.
Патуваше во Цариград и го исцели царот Маврикиј од болеста. Поради тоа царот одреди секоја година на синадската епархија да и се дава по три литри злато. При враќањето од Цариград, во местото Солона, тој со молитва изведе вода од земјата и ја згасна жедта на своите сопатници.
Го помина животот во такви подвизи и на многумина им беше пример за спасението. Свети Павсикакиј го остави овоземниот живот и премина во небесниот во 606-та година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АЛЕКСАНДАР епископ Тиверијански
Пострада за Господа посечен со меч.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ НИКИФОР
Беше презвитер на Ефапсиската обител. Се престави во мир.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СЕРГИЈ ИСПОВЕДНИК
Светиот маченик и исповедник Сергиј се роди во Цариград. Заради поклонувањето и почитувањето на светите Икони тој беше фатен од иконоборците и изведен пред безбожниот цар Теофил. Царот започна со закани да го присилува да се одрече од поклонувањето на светите Икони, но светителот не се согласи. Поттикнат од одвратните и лажни зборови на мачителот, светителот му рече:
- Секој вистински христијанин треба да им се поклонува на чесните Икони и молитвено да ги почитува, затоа што почитувањето на светите Икони преминува на самиот лик.
За овие зборови му врзаа јаже околу вратот, и го влечеа низ градските улици како злосторник. Потоа го затворија во темница, и најпосле му го одзедоа и разграбаа целиот имот, па заедно со неговата жена Ирина и децата, го испратија во прогонство. Во прогонството свети Сергиј претрпе многу маки, па со радост отиде кај Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ , ГЕОРГИЈ ИСПОВЕДНИК
Беше родум од Цариград. За време на царот Теофил, поради почитувањето на светите икони му беше одземен имотот. По најразличните страдања беше испратен на заточение заедно со својата сопруга и децата. Се престави во заточението во деветтиот век.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ МОНАСИ ИВЕРСКИ
Го изобличиле царот Михаил Палеолог и патријархот Јован Век, кој бил согласник со унијата во Рим. Поради тоа биле фрлени во морето. Така пострадале за својот Господ Христос.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА ГЛИКЕРИЈА ДЕВИЦА
Беше ќерка на Новгородскиот старешина Пантелејмон. Се престави во 1522 година. Педесет години по нејзината смрт, нејзините мошти беа пронајдени нетлени и положени во црквата „Флора и Лавра“ во Новгород. Се прослави со многу чудеса.